Г. ХАШКАТА ПРЕСУДА - Part 01
Г. ХАШКАТА ПРЕСУДА
18. По сериозното прекршување на ПС, на самитот во Букурешт, и нелегалното попречување на нејзиниот прием, Македонија отвори апликација пред судот во Хаг. Доколку така не постапеше, земјата ќе манифестираше не само крајна неодговорност туку и аполитичност, накадарност и недоветност. Судот, пак, на големо изненадување, и сосема неочекувано, едногласно донесе пресуда која е апсолутно во корист на Македонија. Во пресудата, меѓу другото, е јасно прецизирано дека со попречувањето на приемот на Македонија во НАТО, Грција ја прекрши ПС.
18. 1. Пресудата, формално, не промени ништо. Прво, Вашингтон, следен од Брисел, жестоко се спротивстави на иницирањето на постапката пред Судот. Потоа – целосно ја игнорираат пресудата. Тоа, сепак, не го намалува нејзиното значење. Таа е најсилното оружје на Македонија во спорот.
Од друга страна, и покрај одбивањето да ја прифатат, пресудата крајно сериозно им тежи и на Вашингтон и на Брисел. Со неа, по втор пат, тие се најдоа на тенок мраз. По аранжирањето на нелегалниот прием на Македонија во ООН, тие повторно грубо го прекршуваат меѓународниот правен поредок.
18. 2. „Дневник”, од 10 април 2013 („Српското да се биде или не”), пишува: „Груевски зборуваше за крупни несогласувања и конфликт со еден значаен амбасадор кој бил лут што премиерот не ја прифатил неговата препорака да не ја поднесе тужбата во Хаг”. Апсолутно е сигурно дека тоа бил Американецот Филип Рикер. Не треба да има ниту сомнеж дека се работело и за нешто повеќе од „препорака”.
Нејзиното одбивање, пак, знаејќи како се однесуваше Рикер во земјава, сигурно предизвикало – неконтролиран бес.
18. 3. Со односот кон нашите намери да одиме на суд во Хаг и, особено, со третманот на пресудата, Вашингтон до крај ги отвори картите. Дефинитивно се потврди дека противникот од другата страна не ни е Грција, туку се интересите на САД.
Се виде дека Вашингтон – а) има скриени намери кон Македонија, б) не прифаќа ништо што не се вклопува во нив и в) не само што го менаџира туку и целосно го контролира проблемот со името. Јасно се виде нивната цврста одлучност да ја постигнат целта, да ги разнебитат Македонците, бидејќи не се колебаат пред никакви пречки. Било да е во прашање кршење на Повелбата (Уставот) на ООН, игнорирање на пресудата од Хаг, на највисоката светска правна институција или нешто трето. Како што е непочитување на членот 11 од ПС. Зошто, инаку, САД би биле против Хаг и би ја игнорирале неговата пресуда во наша корист?
18. 4. Погледнато од друг агол, зар некој може да поверува дека САД толку силно се експонираа во одвраќањето да се оди во Хаг и потоа, откако Македонија блескаво победи, да ја игнорираат пресудата – само поради Грција? Зошто, на пример, тие упорно ни објаснуваа, а не Атина, дека не е нивна практика проблемите да се решаваат на суд, туку требало преку дијалог? Всушност, каков дијалог е можен со некој што не почитува ниту преземени договорни обврски, ниту пресуди на Хашкиот трибунал? Или, каков муабет може да се прави со некој што не прифаќа дека вековно постоиш како соседен, посебен народ?
19. И оваа епизода потврди дека американските политики во и околу Македонија не кореспондираат со правото и принципите, бидејќи се работи за нивни сериозни регионални консидерации, кои се дијаметрално спротивни на македонските интереси. Ако намерите на САД не беа калкулантски и непријателски кон Македонија, не би имало никаква логика тие да се противат на одењето во Хаг, а уште помалку да ја негираат пресудата. А ако проблемот беа некакви обврски кон Грција, што нема никаква основа, Хаг беше можност елегантно да се извлечат и да кажат – простете, но Судот и правдата мораат да се почитуваат.
20. Впрочем, зошто САД (и не само тие) проблемот го квалификуваат како „политички”? Точно за да можат да користат сила во неговото решавање. А проблемите добиваат „политичка” димензија само во случаите кога главните – не се во право! Политичките проблеми, нели, се решаваат со сила – било воена, било со револуции, било преку диктатура, со државен удар, со бомбардирање... Така е бидејќи во светот, да не се залажуваме, сè уште владее и доминира аргументот на силата. Случајот со името на Македонија е извонредна потврда за тоа. Демократијата, дипломатијата и сличните марифети се само за наивните и важат сè додека се во служба на големите и силните. Во моментот кога ним не им користат, тие веќе немаат улога. Ако одлучуваат правото и правдата, сите ќе бевме еднакви, но не сме. Тоа е неспорен факт. Посилните или побогатите се „поеднакви” од другите.
Така било и пред 100 години, така е и сега, така ќе биде уште долго. Нема никаква разлика дали е во прашање ортодоксниот социјализам, едноумието, капитализмот или...
Клучните општествени постулати се идентични кај сите. Кај едните доминира – власта, кај другите – капиталот... За обичниот граѓанин, резултатот е во добра мера ист:
нерамноправност.
21. Експресното игнорирање на хашката пресуда од страна на НАТО даде уште еден силен доказ дека зад политиката на Алијансата кон Македонија цврсто стои Вашингтон, а не Брисел или Атина. Потврдата дојде од генералниот секретар, Расмусен кој, само неколку саати по нејзиното објавување, веќе ја отфрли. Изјави дека таа не се однесува на – и не го обврзува – НАТО.
Генсекот нема мандат сам да одлучува за тоа. Таквата негова реакција е можна само со инструкција, која може да ја даде единствено Вашингтон! Било пред, било веднаш по нејзиното донесување. Инаку, за да се формулира став на Алијансата за едно вакво прашање, потребно е време за консултации со сите членки. Или, барем, да се свикаат амбасадорите, кои исто така не можат веднаш да одлучат без да се договорат со своите централи. Бидејќи се работи за пресуда на Хашкиот суд, не треба да се отфрлат можностите дека некои членки би се колебале околу ставот, други би биле резервирани, а трети дури и против нејзиното отфрлање. Тоа би можело да го блокира консензусот. За да се избегнат сите тие опасности, на сцена стапува – Расмунсен. Така и најбргу се реагира и најмалку се ризикува.
Ем работата е завршена, ем членките нема за што да размислуваат. За поголема демократија ќе мора да почекаме некои подобри времиња.
22. За да нема никакво недоразбирање, мора да се објасни дека, формалноправно, Судот во Хаг нема никакви ингеренции врз Алијансата. Неа, директно, неговите пресуди не ја обврзуваат. Како меѓународна организација, надвор од системот на ООН, таа не е под негова јурисдикција. Сепак, така е само начелно и формално. НАТО дејствува, и има своја улога, во рамките на меѓународниот правен поредок и затоа мора да ги почитува меѓународните институции, документи и договори, правила и узанси, принципи и процедури... На еден или друг начин, тие важат и за НАТО бидејќи Алијансата не е екстериторијална.
22. 1. Клучно во случајот е што сите членки на Алијансата се дел од ООН и обврзани се да ги почитуваат регулативите кои произлегуваат од нејзината Повелба (Устав). При приемот, сите се обврзале на тоа. Пресудите на Меѓународниот суд за правда, во Хаг, се обврзувачки за сите членки на ООН, како и за сите органи на Светската организација, освен за Советот за безбедност. Грција е дури и меѓу 60 и неколкуте држави кои дополнително писмено се обврзале дека ќе ги почитуваат пресудите.
22. 2. НАТО го сочинуваат неговите членки. Без нив нема алијанса. А тие, во неа, го носат и својот багаж, а тоа е и членството во ООН и сè што од тоа произлегува. Ако нема двојни стандарди и манипулации, тоа значи дека, ipso facto, НАТО ниту може, а уште помалку смее да игнорира обврски кои неговите членки ги имаат кон кого било, било во Алијансата, било надвор од неа, а особено тие што се генерирани од системот на ООН. Во однос на хашките пресуди, не може да има никакви дискусии: тие безусловно мора да се имплементираат и од страна на НАТО, кога се во прашање негови членки. Поинакво однесување едноставно значи непочитување на меѓународниот правен поредок, што е практика на терористичките организации.
22. 3. Значи, не постојат пречки јасно и недвосмислено да се заклучи дека нема никаква правна или каква било друга основа, а нема ниту логика, НАТО да не ги почитува и имплементира сите релевантни договорни обврски на своите членки и, посебно, пресудите на Хаг кои се однесуваат на нив. Без таков однос, Алијансата ја негира својата доктрина и ја обезвреднува улогата која објективно ја игра на меѓународен план.
22. 4. Поинаку ќе беше доколку Судот пресудеше дека процедурата околу приемот на Македонија, на самитот во Букурешт, била нерегуларна. Тогаш и Вашингтон и Брисел ќе беа во право. Хаг навистина не може да суди за постапките на НАТО. Нема таква надлежност. Меѓутоа, ниту Македонија бараше такво нешто, уште помалку судот направи таква грешка. Судот ја осуди Грција, а НАТО, во чии форуми се случил престапот, мораше тоа да го прифати, почитува и – спроведе. Атина пресудата ја заработи поради своето однесување на самитот на НАТО во Букурешт 2008-та, а не на Олимпијадата во Пекинг.
22. 5. Обврската на НАТО (и Вашингтон) да се почитува пресудата е неспорна, иако таа доаѓа преку земја членка, а не директно. Впрочем, ако не е така, зашто тогаш, толку жестоко, и Вашингтон, и Брисел, ја одвраќаа Македонија да не ја поведе постапката во Хаг? Ако пресудата не ги обврзува алијансата и Унијата, зошто толку се ангажираа и експонираа?
Само преку почитување на меѓународните обврски на земјите членки, НАТО може да ја гради својата политика. Во спротивно, Алијансата би се однесувала нелегално
.
22. 6. Дека НАТО е должен да ја спроведува обврската на Грција од ПС, да не ја попречува Македонија, а да не зборуваме за пресудата од Хаг, пластично покажува следниот пример. Фудбалер на тимот „Пењарол” од Уругвај е казнет од тамошната Фудбалска федерација, поради некаков инцидент, на година дена неиграње. Истиот играч доаѓа во Атина и станува член на тамошниот „Олимпијакос”.
Може ли тој веднаш да настапува за новиот клуб, иако казната не му е истечена?
Фудбалската федерација на Уругвај или нa која било друга земја, нема никаква ингеренција врз грчката. Сепак, фудбалерот Педро Родригез, така да го именуваме – ќе мора да паузира. Ќе чека да помине забраната пред да заигра.
Фудбалската федерација на Грција мора тоа да го почитува.
Така налага меѓународниот правен кодекс на однесување.
Инаку, во светот би владеел хаос.
22. 6. 1. Уште еден пример. Ако некој Грк, кој е во брак во својата земја, се пресели во Германија, Русија, Кина, Зимбабве... може ли таму да се прежени без да се разведе дома?
Оваа проблематика е посебно регулирана во секоја земја и ниту една држава нема влијание врз законодавството во друга. Точно, но Василакис, така да го наречеме нашиот јужен сосед, само со измама може да ја игнорира својата прва, неразведена љубов и повторно да стапи во брак. А тоа е казниво дело.
Ако веќе поединецот, каде и да е, е обврзан да ги почитува своите договорени обврски, каква што е и бракот, како може една држава, и една сериозна меѓународна организација, каква што е НАТО, каде што е таа земја членка, да не бидат?
22. 6. 2. И двата примери покажуваат и докажуваат дека некаде преземените обврски ниту можат, уште помалку смеат, да се игнорираат на кое било друго место. Нивната важност е општа, освен ако некаде, нешто не е поинаку регулирано. Негирањето на официјално преземените обврски не е само неприфатливо, недозволиво туку и казниво однесување. Тоа мора да важи за сите, значи и за Грција, и за НАТО.... Токму затоа беше Грција и осудена во Хаг. И, да не забораваме, примерите илустрираат како кон ПС мораше да се однесуваат и Атина, и Брисел, и Вашингтон и пред да се донесе Хашката пресуда. Таа му доаѓа како капак, уште повеќе, и поточно, како шлаканица на нивното нелегално однесување кое тие, без да трепнат, продолжуваат да го манифестираат.
23. Консензусот во однос на Македонија, кој членките на НАТО премолчено го реафирмираа на самитот во Чикаго, во 2012, откако беа запознати со осудата на Грција од страна на Хашкиот суд, зборува за арогантно и насилничко однесување и на Алијансата и на сите нејзини членки. Тоа беше нова потврда дека силата никого и ништо не ферма, што никому не му служи на чест. Во Чикаго се потврди дека САД водат сметка само за своите тесни интереси.
24. На крајот, мора да се нагласи дека навистина радува фактот дека Македонија не подлегна на обидите да ја одвратат од поднесување апликација во Хаг, кои неспорно беа жестоки. И од страна на Вашингтон и од страна на Брисел. Интересно е што и „нашите” ‘рбетовиткачи, меѓу другите и тогашниот претседател на државата, Црвенковски, дури поодлучно од странците, беа против постапката во Хаг.
Потоа, тие барабар ја игнорираа и пресудата, а некои, исто како и САД, дури така и не ја ни нарекуваат (Андов – одлука, или нешто слично). Не е реално, ниту логично да се претпоставува дека тоа го правеа самоволно, без (директно)
странско влијание. Без оглед дали тоа било политички или лукративно мотивирано. Може ли некој да објасни зошто сите тие биле против барање правда кога земјата е изложена на класична неправда? За кого навивале?
Д. ШТО ПОНАТАМУ СО ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА И МЕДИЈАЦИЈАТА НА НИМИЦ?
25. Атина стана жртва на Привремената спогодба (ПС). За нејзино прекршување, таа е осудена од Меѓународниот суд на правдата, во Хаг. Ако се потсетиме дека САД ја осмислија и наметнаа Спогодбата, станува јасно дека тие се „виновни” и за јавната осуда на Грција. Се поставуваат бројни прашања.
Зошто, на пример, американските планери не согледаа дека ПС може да биде тесно грло кое ќе и` донесе тежок меѓународен резил на Грција, но ќе биде и удар за САД? Во која мера тие „превиди” се поврзани со погрешните очекувања и калкулации околу брзото затворање на „македонското прашање”?... Ако тоа (на време!) се постигнеше, ПС ќе станеше дел од историјата и брзо ќе се заборавеше. Без последици за Атина. За среќа, сите преземени мерки Македонија да капитулира (блокади...), се покажаа недоволни и неуспешни. Цехот за тоа мораше да го плати Атина.
26. САД, обично, не ги оставаат своите сојузници на цедило.
За пресудата со која ќе се соочи, Грција доби предвремена, целосна сатисфакција и компензација уште на самитот на НАТО во Букурешт, со финализирање на целосниот пресврт во политиката кон Македонија. Таму, САД – а) го блокираа членството на Македонија и ја уценија дека, за таа цел, прво мора да го смени името и б) со тоа овозможија попречувањето на патот на Македонија кон НАТО (и ЕУ) да го преземе – Брисел, ослободувајќи ја Грција од обврската да не ја попречува.
Иако, на тој начин, Атина веќе не е директно изложена кон Македонија, нејзината обврска од ПС, сепак – остана на сила.
27. Со новата политика кон Македонија, искомпонирана во Букурешт, Вашингтон веројатно имаше намера богато да и врати на Атина и за „траумите”, предизвикани со прифаќањето на уставното име на земјата, во ноември 2004 година. Иако, за Грција, тоа не донесе никаква конкретна штета, освен куса медиумска повреденост. За компензација, пресвртот во Букурешт е блескава грчка победа.
28. Не треба да се очекува дека Грција ќе се откаже од ПС.
Најавите за таква постапка не беа реални. Со таков потег, Атина негативнo би се експонирала, би се конфронтирала и со Вашингтон, и со Брисел и, што е најважно, би покажала дека проблемот е кај нив. Впрочем, веќе е сосема јасно дека колку клаузулата од ПС, за непопречување на Македонија, е проблем за Атина, таа уште повеќе му пречи на Вашингтон.
Токму на таа линија, Атина им „препушта” на САД да го решаваат проблемот. За таа цел, Нимиц веќе беше изложен да дава несоодветни изјави, а што ќе следува, ќе треба да почекаме.
29. Треба да се потенцира дека промената на политиката на НАТО и ЕУ не ја ослободи целосно Атина од обврската да не нè попречува. Формално, сега орото го води Брисел, и Грција не мора директно да се експонира. Меѓутоа, со само грчко партиципирање во каков било консензус, во НАТО или ЕУ, против членството на Македонија – тие повторно ја прекршуваат Спогодбата. Пак нè попречуваат. А, ако, пак, Грција се дистанцира од донесувањето на таква одлука, на што се има обврзано со ПС, тогаш нема консензус.
Македонија може да стане членка. Блокада не е можна.
30. Контрапродуктивни се и залагањата Македонија да се повлече било од процесот на медијација, воден од Нимиц, било од ПС. Такви, унилатерални чекори би нанеле сериозна штета на интересите на земјата. Македонија апсолутно ништо не би постигнала со тоа, а многу би загубила.
Непотребно би се конфронтирале прво со САД, а потоа и со НАТО и ЕУ, на големо задоволство на Грција. Би покажале, со други зборови, дека не знаеме што сакаме.
За земјата е исклучително важно членот 11 од ПС и понатаму да важи бидејќи по секој консензус, во НАТО или во ЕУ, на наша штета, тој се крши и со тоа Македонија добива поени, а Грција повторно може да се даде на Судот во Хаг. Тоа е наш силен аргумент од кој не смееме (непотребно)
да се откажеме. Доколку Македонија не добие датум за преговори за членство во ЕУ, на крајот од 2013, што е многу веројатно, треба веднаш, без какво било колебање, да се отвори нова постапка во Хаг. Правдата мора да се брка... Ние мораме постојано да го оспоруваме и маргинализираме „политичкиот карактер” на спорот и да го вртиме кон правните води. Таму лежи нашата шанса. На тој начин, ќе имаме пресуда покрај за НАТО, и за попречувањето во ЕУ.
Нашата аргументација, а со тоа и позиција, сериозно ќе зајакне.
И новата пресуда, многу веројатно, ќе биде игнорирана од главните, но товарот, кој го носат за непочитување на меѓународниот правен поредок, макар ќе им се – триплицира. За таа цел веќе имаме испробан тим, а парите не смеат да се штедат. Во прашање е судбината и на народот и на државата.
30. 1. И медијацијата и ПС треба да опстојат сè додека не кренеме раце од сегашните процедури и механизми за решавање на проблемот со името. Можеме да ги откажеме само откако ќе развиеме нова стратегија за барање правда, за да започнеме крајно нерамноправна борба за одбрана на нашите права, кои се универзално признати. Главен противник, како и сега, ќе ни бидат САД, поддржани од најважните меѓународни фактори.
30. 2. Излегувањето од медијацијата и од ПС не е посакуван развој. Ќе се најдеме на бришан простор. Сепак, ако уште некое време нема да има чаре за проблемот и, посебно, ако се обидат да нè изолираат, односно ако продолжат неограничено со сегашната блокада и уцена, и на таа карта ќе мора да се игра.
30. 3. Само во таков случај треба да се оди на откажување на медијацијата и на ПС, што би бил првиот чекор во спроведувањето на новата стратегија. Не треба да се заборава дека, со член 21, став 2 од Спогодбата, Македонија се обврза да не поведува апликација пред Судот во Хаг против нерегуларните резолуции на СБ, со кои беше примена во ООН и и` беше оспорено името. Ако се напушти сегашната постапка, како непродуктивна, ќе треба да се чека година дена по повлекувањето од ПС (толку е отказниот рок), за да се започнат нови процедури, вклучувајќи и преиспитување на нелегалниот прием во ООН.
30. 4. Ако се фати тој пат, ќе се соочиме со крајно тежок и неизвесен судир со најсилните. Во таков случај, претходно ќе мора да се изградат – а) домашна слога и консензус околу проблемот со името, макар на минимално ниво. Денес (јануари 2013), такво нешто изгледа – недостижно, а, без тоа, изгледите за успех се минимални и б) што посилна и поконкретна поддршка за таквата стратегија од што повеќе важни земји. Клучно би било зад нас да застанат Русија, Кина, Турција... Ако тоа не се постигне...
31. Неколку збора и за најавениот референдум од наша страна, кој беше поддржан и од опозицијата.
Начелно, референдумот е неприфатлив бидејќи се работи за суштински, фундаментални прашања, сврзани со универзално гарантирани права, какви што се идентитетот на народот и името на државата и за нив нема потреба додатно да се одлучува. Апсолутно држи и аргументот дека никој не ги овластил сегашните генерации Македонци да го ставаат на тест сопствениот идентитет, во име на вековните предци и на сите генерации кои ќе следат. Во право се и тие што потсетуваат дека секој референдум носи и одреден ризик.
Особено кај нас и, нагласено, во дадените услови на блокади и уцени, на узурпации... кои траат веќе 20 години и кои генерираа и голема сиромаштија. Тоа се неспорни работи.
31. 1. Меѓутоа, секој проблем треба и мора да се гледа во дадените услови во кои е и наметнат, и во кои се бара и решението. Не од теоретска гледна точка или некаква историска дистанција. Денес, како и последниве 20-ина години, Македонија е конфронтирана со главните меѓународни фактори кои арогантно, со користење на сила сакаат да ги прекрстат и државата и народот. Не бираат средства за да ја постигнат целта и, бескрупулозно, игнорираат сè што им стои на патот. Од друга страна, поддршката која ја добива Македонија е мала, нецелосна, повремена, условена на некој начин и, сè заедно – недоволна.
Така е веќе преку 20 години и нема изгледи на повидок таквата позиција на земјата да се промени во блиска иднина.
Напротив. Место некакво олеснување на состојбите, имаме нивно усложнување со појава на нови фактори кои се експонираат против земјата. Во декември 2012-та, и Бугарија цврсто застана на фронтот против Македонија. Полека, но сигурно и Албанците итаат во иста насока, диригирани од Вашингтон. Маневарскиот простор на земјата, место да се шири – се стеснува...
Се редат непристојни предлози. Притисокот се зголемува со геометриска прогресија. Сè е поочигледно дека досегашната наша стратегија не даде соодветни резултати и дека ќе мора да се менува. Така, во дадените услови, како последен бедем на отпорот против разнебитувањето на Македонците може да биде токму – референдумот. Лесно може да се покаже дека тој е последната алатка која може да нè спаси. И покрај сите ризици. Потврда за тоа е и жестокото противење на Вашингтон, Брисел, Атина... да се оди на референдумско изјаснување околу името на државата. Точно, и со право, тие знаат зошто се против. Ако на референдум народот одлучи нешто, никој нема право тоа да го менува. Затоа, ние мораме да бидеме многу внимателни во однос на можниот референдум и лесно да не го отфрламе самите. Не смееме да бидеме на иста линија со душманите.
31. 1. 1. Од друга страна, најавите на Грција дека и тие ќе организираат референдум околу нашето име се празна закана. Тие не можат да се изјаснуваат за нешто што не е нивно. Може ли Македонија да организира референдум – дали Британија треба да остане монархија или да биде република?
Меѓутоа, ако се оди на билатерален договор со Грција, на што инсистираат САД, тогаш и Атина може да го стави на референдум предложениот договор. Не нашето име. Тоа е уште еден силен аргумент зошто, по секоја цена, мораме да ја избегнеме билатералната разврска на случајот.
31. 2. Авторот на овие редови се залагаше уште во 1992/93 да се оди на референдум, со едноставно прашање – дали сте согласни да се менува името на државата? Ако веќе тогаш не беше тоа направено, може истото орудие да се искористи и сега, кога ќе (ако) бидеме ставени пред свршен чин, со непристоен предлог. Не треба да има дилеми дека огромен процент од Македонците, исто како и на референдумот од 8 септември 1991 година, со индигнација ќе го одбијат понуденото понижување. Не треба да стравуваме од сопствениот народ. Со адекватна промоција и дел од Албанците во земјата ќе ги поддржат универзалните аспирации на своите сограѓани, Македонците.
31. 3. Ставот, сепак, треба да биде јасен: референдум – да! – но само како последно средство за отпор против пресилниот противник, кој не бира методи за да ја постигне целта. Да се искористи во моменти на крајна нужда, кога би биле ставени покрај ѕид со уцена – земи или остави или следи казнување и изолација на земјата. Таква ситуација е тешко замислива, но не треба да се отфрли. Ние мораме да бидеме спремни за секаква можност.
Исклучително е важно што и опозицијата застана зад ваквиот став и не треба да се дозволи тоа да се промени.
Интересите на државата и на народот го диктираат тоа.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/ulogata-na-sad-2/20 le 29 octobre 2026