X - ИЗЈАВИ - Part 01
X - ИЗЈАВИ
1. Јан де Хоп Шефер, генерален секретар на НАТО
(„Утрински весник”, 16 јули 2008):
„Мора да сфатиме дека нашите пријатели во Скопје сакаат да се вклучат во НАТО, а не обратно. Знаете, Грција е внатре, а Скопје не е. Со други зборови, флексибилноста е потребна од сите, но не треба да се заборави дека една земја бара да се вклучи во НАТО. Во тоа е прашањето”.
На времето, истото правило важело и за црнците.
Прашањето, според Шефер, било само што тие биле – црни.
Ништо друго. Изјавата е чист расизам.
2. Дин Питман, помошник на државниот секретар Џон Кери
(„Република”, 27 септември 2013):
„Прашањето за името спаѓа во категоријата замрзнати конфликти, исто како и територијалниот спор меѓу Ерменија и Азербејџан”. „... знам дека ова не е мало прашање бидејќи да беше мало, досега ќе беше решено”.
Изјавата е дадена на брифинг, пред Генералното собрание на ООН. Питман, всушност, (ни) порача дека брзо решение на проблемот – нема! Тој, како изгледа, ни ги пренесе вистинските процени на Вашингтон. Ни останува да се прашаме – а, зошто, Рикер, Волерс... постојано афирмираат очекување спорот брзо да се реши?
3. Андрес Фог Расмусен, генерален секретар на НАТО
(„Дневник”, 17 февруари 2012):
„Прво решение за името, потоа членство”.
Пораката е испратена од Атина. Човекот ем се додворувал, ем ја прецизирал политиката на Алијансата.
4. Набргу потоа („Нова Македонија”, 1 март 2012), амбасадорот Волерс и спомнатиот Расмусен, истовремено ни јавија, секако координирано, дека не треба да очекуваме ништо од самитот на НАТО, во Чикаго, во мај 2012.
Претекстот е ист – прво името, потоа членство. Според Расмусен – „Тоа го решивме во Букурешт во 2008 и таа одлука сè уште важи”!
Овие изјави кристално јасно потврдуваат дека блокадите во Брисел не се грчки, туку на НАТО и ЕУ.
5. Ангела Меркел, канцеларка (премиер) на Германија
(„Нова Македонија”, 15 февруари 2012):
„Прашањето за името мора да се реши... бидејќи без решение тешко може да се постигне консензус за влегување на земјата во НАТО и почнување на преговори со ЕУ”. Меркел рекла и дека – „Пресудата од Хаг е неспорна и претставува успех на македонската Влада”. Додала дека „пресудата треба да биде признаена, но дека од неа произлегуваат обврски за Грција”!?
Изјавата е дадена по разговорите со Груевски и е прилично – конфузна. Меркел, ем се повикува на консензусот, ем вели дека пресудата треба да биде признаена од страна на Грција.
Ама, ако се случи тоа – нема веќе консензус! Не кажа зошто Германија толерира Грција да не спроведува пресуда од Хаг?
Одговорноста, за тоа, е и – нејзина. Меркел само илустрира колку на сите им тежи пресудата. Кога таа ќе се спомне – не знаат кај да гледаат и што да кажат.
6. Жозе Мануел Баросо, претседател на Европската комисија
(Влада) („Дневник”, 29 октомври 2010):
„Дојде време земјата да не ја испушти оваа историска шанса.
Идентитетските прашања се секако важни, но уште поважно е минатото да не ја држи иднината во заложништво”.
И кој, сега, вели дека е во прашање „само” името на државата? Баросо зборува во име на Унијата и, всушност, апелира народот да го мени сопствениот идентитет. Во име на иднината, нели?
7. Викторија Нуланд, помошник-државна секретарка на САД, надлежна за Европа и поранешен амбасадор во НАТО („Нова Македонија”, 15 ноември, 2013):
„Во врска со Македонија, и јас самата во минатото, особено во 2008 година, на самитот на НАТО во Букурешт, лично ги засукав ракавите. Се сеќавам и како се среќавав со премиерот Груевски и со грчките водачи во мојата дневна соба, кога се обидувавме да го решиме спорот. Верувам дека има две или повеќе формулации што би требало да можат да бидат прифатливи за двете страни. Се работи за дијалог, лидерство и избор меѓу двете страни, да одберат”.
Е, сега, кому да му веруваме? Додека Рикер, Волерс и други постојано нè уверуваат дека САД не се мешаат во решавањето на спорот, дека е тоа работа на двете земји, Вики нè уверува во спротивното – лично ги засукала ракавите!? А „двете или повеќе формулации” кои би биле „прифатливи за двете страни”, бидете сигурни, не се грчки, туку американски решенија за проблемот. Впрочем, факт е дека меѓу нив постојат „разлики” кои не се стратегиски, туку само – термински. Грција, на пример, сака веднаш да нè докрајчи, преку ерга омнес додека САД се залагаат за постепено разнебитување на Македонците. Во етапи. За година, две. Преку замена на референцијата со трајно име за меѓународна употреба! Инсистираат процесот да биде што „побезболен”! За полесно да нè преведат жедни преку вода.
8. Иво Далдер, амбасадор на САД во НАТО („Нова Македонија”, 19 јуни 2013):
„САД имаа голема задача, а тоа е вложување силни дипломатски напори, вклучувајќи лица на највисоко ниво, за наоѓање решение со грчката и македонската влада. Може само да се нагаѓа зошто тоа не се случи”.
Нова потврда кој го води случајот: американскиот булдожер роварел и на „највисоко ниво”, ама не успеал да ја збрише Македонија.
9. Џејмс Стајнберг, заменик-државен секретар на САД
(„Нова Македонија”, 10 јуни 2010): „Разбираме дека на премиерот Груевски му претстои тешка одлука – секогаш е тешко во ситуации како оваа. Но мислам дека е важно македонското раководство да се фокусира на наградата, а тоа е солидна иднина во рамките на НАТО и ЕУ, што е примамливо”!?
Нема никакви нејаснотии во американската позиција – отворено се бара наша капитулација. Нема тука ниту билатерален договор со Грција, ниту медијација...
Македонија треба сама да ги проголта кнедлите и сè друго е техника.
10. Хилари Клинтон („Дневник”, 20 јули 2011): „Владата во Скопје треба да знае дека нема да може да напредува во евроинтеграциите сè додека не го реши ова прашање за името, а, од друга страна, очигледно е дека Грција мора да биде подготвена да прифати решение”!
Појасно не може да биде: а) во име на САД, Клинтонка ни кажува дека нема за нас НАТО и ЕУ – како Македонија!
Паралелно, пораката за Грција е дека – мора да прифати решение! Значи, тоа и неа ќе и биде сервирано! Се разбира – кога ќе дојде времето. Ако дојде? И, сега, зошто ние би разговарале со Атина? Менаџерот си ги кажа условите!
11. Викиликс: „САД се за едно меѓународно име со географска одредница” („Дневник”, 30 март 2011). Според телеграма на американскиот амбасадор во Атина, Даниел Спекхард, администрацијата на Обама смета дека главните елементи на решението за прашањето за името се „име со географска одредница за севкупна употреба во меѓународни рамки, без да се чепка во идентитетот (а прашањето за идентитетот да не се спомнува до одредена фаза на евроинтегративниот процес)”!
Благодарност до Викиликс што ја откри американската игра и замка. Значи, се работи на разнебитување на Македонците
– чекор, по чекор. Прво, име за меѓународна употреба.
Потоа, јабана ќе оди и идентитетот. Се разбира, во „одредена фаза”! Никаде не брзаме.
12. Лоренс Иглбергер, поранешен државен секретар на САД, за МРТВ: „Ако Македонија одлучи да го задржи уставното име, нема сила која може да ја присили на промена. До вас е да одлучите дали сакате да го промените името или не”!
Тоа е најсилната карта на Македонија – без наша согласност, не можат да нè прекрстат ни како држава, ни како народ. А тој што би прифатил прекрстување...
13. Хилари Клинтон, како државна секретарка, за 20- годишнината од независноста, на 8 септември 2011 година, не им го честиташе празникот на нашите лидери. Тоа е вообичаена практика, а пораките ги пренесуваат амбасадите на земјите. Игнорирајќи го раководството, таа испрати честитка до сите граѓани и тоа преку интернетската страница на Стејт департментот! Тоа е невиден преседан и тешка навреда, кои го илустрираат незадоволството на САД од неспремноста на Македонија да капитулира.
Тоа е периодот кога Вашингтон, нагласено и нескриено, го бојкотираше Груевски. Така, на пример, при посетата на САД и средбите во Стејт департментот, во февруари 2011, премиерот беше принуден на улица да организира прес со новинарите...
13. 1. Врвот на американската нетрпеливост кон нашата власт беше кога Рикер („Груевски се оглушил на пораките од Вашингтон”, „Дневник”, 4 март 2011) изјави: „Ситуацијата во Македонија не е сменета по пораките за загриженост што ги доби премиерот Груевски на средбите во Вашингтон.
Напротив, по 16 февруари загриженоста на САД е засилена”!
14. Томас Кантримен, помошник-државен секретар на САД за европски прашања, при посета на Скопје („Дневник”, 27 октомври 2010): „Вашингтон сè уште е заинтересиран за членство на Македонија во НАТО. Со чекањето губи Македонија, а не Грција. За Атина нема долгорочна штета од нерешавањето на спорот”.
Што сакаме повеќе? Можна ли е „посилна поддршка” од нашиот „стратегиски партнер”?
15. Филип Гордон, помошник-државен секретар за европски прашања, во обраќање пред Поткомитет на Комисијата за надворешни работи на Сенатот: зборувајќи за перспективите на балканските земји за членство во НАТО („Нова Македонија”, 20 мај 2011) – „а Македонија ќе се придружи откако ќе биде решен спорот со името”.
Ако не беше во прашање чиста американска политика (прво името, потоа членство), нормално ќе беше Гордон да објасни во Сенатот дека се работи за туѓо попречување, блокада или недостаток од консензус... и да се дистанцира на некој начин од оваа политика. Вака...
16. Даниел Фрид, помошник-државен секретар на САД
(„Дневник”, 28 октомври 2008): „Зграпчете го последниот предлог на Нимиц и направете ја светла иднината на вашите деца. Тие ќе ви бидат благодарни за тоа. По македонското прифаќање, ЕУ ќе ја притисне Грција и таа да одговори позитивно”!
Во врска со инсистирањето на Македонија за зачувување на идентитетот, Фрид рекол дека „успехот на земјата е најдобра потврда за идентитетот”!?! И, додал – „јас повеќе би сакал да бидам херој по 100 години отколку сега”!?!
Убава анатомија на американската политика: а) прифатете вие, а после ќе прифати и Грција! А, што ако Грција не послуша, што е најверојатно? Нормално, ќе следи нова рунда во која тоа што ние веќе сме го прифатиле ќе биде појдовна основа за наши нови отстапки. Многу логично, нели? б) како може САД да тврди дека, по нашето прифаќање, „ЕУ ќе ја притисне Грција...”? Од каде го знаат тоа? Нели е ова одлична потврда дека токму Вашингтон го менаџира спорот?
в) нема, ниту ќе се роди некој што повеќе би сакал да биде херој по 100 години, а не веднаш.
17. Шон Макомарк, портпарол на Стејт департментот
(„Утрински”, 11 септември 2008): „Македонија кажа дека сака да се нарекува Македонија и ние тоа име го признавме.
Ако Македонија и каже на меѓународната заедница дека сака да ја нарекуваат под друго име, кое ќе биде целосно поддржано од македонскиот народ и Владата, тогаш не верувам дека САД би се спротивставиле”.
Рекол дека САД не предлагале решенија, но учествувале во неговото решавање. На кој начин? Чекале другите за излезат со предлози?
Ова е уште една потврда дека без наша согласност никој не може да нè прекрсти. Портпаролот како да не разбрал дека Македонија не сака друго име. Ако не беше така, одамна ќе беше прекрстена.
18. Филип Гордон, помошник-државен секретар („Нова Македонија”, 11 јули 2012):
„Во случајот со Македонија, НАТО-членките јасно ставиле до знаење дека поканата ќе се ефектуира откако прашањето со името ќе биде решено”.
Што треба повеќе да ни кажат? НАТО-членките решиле, не Грција. Тие ја носат одговорноста пред Македонија. А кој нив ги постројува, познато е.
19. Според „Нова Македонија” („Желбите едно, искреноста друго”, 24 февруари 2012), Џејмс Стајнберг, од самите врвови на Стејт департментот, во 2009 рекол: „Да ја поедноставиме работата, договорете се и тоа што ќе одлучите ќе биде прифатено со резолуција во ООН, а ќе биде задолжително за сите во меѓународната заедница”.
Со кого да се договориме? Со Грција? Тука е проблемот. Сè друго е полесно. Та затоа и нè упатуваат кај неа.
20. Аиво Орав, шеф (амбасадор) на Мисијата на ЕУ во Македонија, зборувајќи за Охридскиот договор во Европскиот парламент („Дневник”, 17 ноември 2012): „Овој договор е многу важен за владината коалиција меѓу етнички Албанци и Славомакедонци, иако етничките заедници различно го разбираат”.
Изразот „Славомакедонци” тој го употребил неколку пати.
Што мислите, ова прекрстување е негова замисла или налог од Брисел? Тука, гарантирано, нема негов избор! И, ај сега, некој нека ни рече дека само името било во прашање. За идентитетот, јазикот... нели, не се разговарало. А, бе, Славомакедонци, кога, бе, ќе го разберете тоа?
21. Следат изјави на Филип Рикер, прво како амбасадор во Македонија (2008-2011), а потоа и како помошник-заменик државен секретар за европски прашања во Вашингтон.
(Пред тоа, од 1997 до 1999, Рикер беше дипломат во Скопје и портпарол на амбасадорот Хил, кој, пак, беше специјален претставник на претседателот Клинтон за Косово. Преку него, Рикер беше директно инволвиран и во тамошната војна. Заедно со Хил беа и на конференцијата во Рамбуе, чиј портпарол беше токму Рикер. Таму беше направено сè Србија да го одбие предложениот – неприфатлив и навредлив – договор, за да се отвори простор за бомбардирање на земјата, вклучувајќи го и Белград. Значи, Рикер е директен актер во големоалбанскиот проект уште од крајот на 1990-те).
21. 1. „Ова е млада земја, стана независна првпат пред 18 години. Ова е потврдено во ООН и земјите во светот. Она што треба да се разреши е тоа што се нарекува прашање за името. Земјата треба да најде име за да почне да се движи кон натамошна целосна интеграција. Идентитетот е ваш, на секој поединец и на секоја група. Тоа е нешто за што не може да се преговара”.
„Ќе мора да се најде нешто што ќе го зацврсти ЕВРОПСКИОТ ИДЕНТИТЕТ на Македонија, да се најде решение за името и земјата да се приклучи кон институциите, да стане вистински член на евроатлантската заедница”.
„За нас, Американците, да се биде двојазичен или повеќејазичен е предност, нешто од што луѓето од оваа земја можат да имаат корист. Треба да се има предвид таа корист и на различноста која овде ја имате и можете во многу да се обезбедите доколку ги прифатите другите јазици и култури што егзистираат во Македонија”.
Цитатите се од интервју на Рикер: „За идентитетот не се преговара”, „Дневник”, 8 јуни 2009.
Рикер скоро сè ни кажа: и дека сме држава само 18 години (не ни го признава „стажот” во Федерацијата); и дека треба да се прекрстиме; и дека за идентитетот не (може да) се преговара, што е апсолутно точно, ама премолчил дека со промена на името тој автоматски се менува или брише; и дека треба да градиме ЕВРОПСКИ ИДЕНТИТЕТ (да не спомна нешто слично и Волерс деновиве, во декември 2013, во Тетово?!); и дека Македонците треба да учат албански (заради лична корист!) а никако Албанците – македонски!
Албанците немаат потреба да се „обезбедуваат”, како што им советува Рикер на Македонците. Нив, нели, ги чуваат – Американците...
Интервјуто е своевиден сублимат на американската политика, која се спроведува кон Македонија и Македонците, по 2008 година.
21. 2. „Верувам дека е можно да има решение релативно брзо... фокусирајте се на она што треба да се направи, А ТОА Е НАОЃАЊЕ ИМЕ ЗА МЕЃУНАРОДНА УПОТРЕБА, со кое двете страни би се сложиле”. („Нова Македонија”, 18 јануари
2010).
Тоа е најголемата измама, замка и јадица за Македонија.
Дома, или ерга омнес, не можат никогаш да нè прекрстат.
Ако, со наша согласност, се прекрстиме за по надвор, по многу кусо време, таа ќе стане – ерга омнес! Можеме да заклучиме дека Рикер (САД) бара од нас да одбереме име за меѓународна употреба, ама со кое ќе се сложи Грција!?! Има ли некаде кум што има повеќе права од Грција во случајов со Македонија?
21. 3. „Ова е многу значајна пролет за Македонија, прашањето за името треба да се реши во наредните неколку месеци”. („Нова Македонија”, 4 март 2010)
Ова не е никаков притисок.
21. 4. Според „Дневник” („Јавноста да и` помага на Владата за името”, од 30 август 2010), Рикер рекол: „Мислам дека јавноста треба да застане и да преземе одговорност, да се интересира за прашањата, да слуша што луѓето велат.” Веројатно, ова е зародишот на идејата за јавна дебата околу името која е актуелна во текот на летото 2013 и која, нели, треба да отвори простор за капитулација на земјата. На Рикер му требале преку три години да ја претвори во проект.
21. 5. „Се надевам дека нема да потрошите уште две и пол години за да се дојде до решение за спорот за името кое е услов за добивање на поканата за членство во НАТО.
Македонија ги исполни критериумите и на земјата ќе и` биде дадена покана за членство штом го реши прашањето за името со Грција. Разочарани сме што сè уште тоа не е постигнато. Како и да е, одговорноста е на лидерите и на народот на Македонија да се најде конечно решение”. („Нова Македонија”, 23 ноември 2010)
Нема дилеми – сè зависи од нас! Рикер ги откри картите – нема тука никаква грчка улога! Ниту во одговорноста што нема решение. Менаџерот знае кој треба да капитулира.
21. 6. Интервју во „Нова Македонија” („Да беше САД, проблемот со името ќе беше решен”, 26 март 2011):
„Не е важно да мислите само на сегашноста или на минатото туку и како да оформите стратегија за во иднина”.
„Уште не сме виделе вистинска дискусија за тоа што е прифатливо за вас, повеќе сме слушале за тоа што не е”.
Првиот цитат е дел од постојаното залажување и нудење магла за иднината, за конкретни драгоцени жртви во сегашноста. Вториот цитат е веродостоен, ама целта на Рикер не е Македонија да се доближи до решение, туку да почне да лицитира. Кога ќе кажеме што е за нас прифатливо, тоа веднаш ќе стане почетна точка за барање нови концесии од нас. Повторно, Рикер, инсистира на „дискусија” за името!
21. 7. „За Меѓународниот суд на правдата не би сакал да прејудицирам за одлуката. Но, основната ситуација е иста:
НАТО мошне јасно наведе и во многубројни пригоди повтори дека Македонија ќе добие покана да се приклучи по решавањето на прашањето за името”! („Дневник”, 3 декември 2011).
А некои „експерти” постојано ни тврдат дека Грција нè блокира, уценува и ни дава ултиматум за членство во НАТО?
21. 8. „Мислењето на Меѓународниот суд на правдата се однесува на спорот меѓу Грција и Македонија. Се надеваме дека двете страни ќе го искористат ова мислење за решавање на проблемот меѓу двете земји. Тоа е и ставот на НАТО, што значи дека кога ќе се реши спорот со името, без разлика на тоа како земјите ќе одлучат да го решат, Македонија ќе напредува кон НАТО”!
„Ние можеме да помогнеме, но ние не можеме да ги донесеме тешките одлуки во ваше име. Тоа се работи што самите треба да ги направите”! („Нова Македонија”, 10 јануари 2012)
Нашите новинари (политичарите уште помалку) Рикер никогаш не го прашаа – од кога судовите донесуваат мислења, а не пресуди? Второ, јасно ни кажува дека блокадата е од Алијансата! Трето, квалификацијата дека ние треба да донесеме тешки одлуки – ги открива нивните намери. Тешки се одлуките кога се жртвува нешто значајно и свето.
21. 9. „Имаме понудено идеи, ООН водат процес и би сакале да дојде до решение. АКО НАВИСТИНА САКАТЕ ДА СЕ ВРАТИТЕ ВО ИСТОРИЈАТА, МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ ГИ МАЧЕШЕ НЕ САМО ЛУЃЕТО ВО РЕГИОНОТ ТУКУ И ПОШИРОКО ВО ЕВРОПА. Веруваме дека имаме одговор на тоа прашање, со актуелната структура и постојните граници – тоа е одговорот”. („Дневник”, 29 март 2012)
Ова е исклучително важна изјава. Клучно е што Рикер, можеби за прв пат, името го поврзува со „македонското прашање”. Ако тоа, навистина, ги мачело и луѓето од регионот, ама и од Европа, американската решеност да го затворат мора да е оправдана, зар не? Дали ни ја открива Рикер заднината на спорот? Што значи формулацијата – „имаме одговор на тоа прашање”? Фрлање на Македонците на ѓубриштето од историјата? Та, нели, постојано ни трубат дека договор треба да бараме со Грција, а тие „имаат одговор”? Значи, кај нив бил клучот? Зар ова не е кристална потврда дека Грција е – статист?
21. 10. „Помирувањето никогаш не е лесно”. („Дневник”, 23 август 2012)
Така Рикер го поздрави поклонувањето на министерот за одбрана, Фатмир Бесими, пред споменикот на ОНА во Слупчане, направено тајно и надвор од процедурите на МО.
22. Пол Волерс, сегашниот американски амбасадор во Скопје
(2011-), за разлика од претходникот, Рикер, не е толку агресивен, а изгледа и поискрен?! Многу е повоздржан.
22. 1. „Ова е прашање што го надминува името, се работи за идентитетот” („Нова Македонија”, 20 јули 2011).
Оценил Волерс на распитот во Конгресот, при потврдувањето на неговата кандидатура за амбасадор во Македонија. И бил во право. Арно ама, што да правиме со Рикер и другите кои цело време нè уверуваат во спротивното?
22. 2. „Грција поминува низ големи политички и економски промени и сè додека е во тој процес тоа ќе го комплицира напредокот на секој друг процес, а не само прашањето за името”. („Дневник”, 9 ноември 2011)
Ако е така, а така е, зошто САД инсистира на брзо решавање? Нели е тоа чиста манипулација и измама?
22. 3. „Не може таму некоја институција да му кажува на НАТО кого ќе прими, а кого не во членство”, изјавил Волерс лут и изнервиран, според „Нова Македонија” од 19 март
2012.
Значи НАТО нè блокира, нели?
22. 4. „Вие како жители на Македонија треба да решите како ќе се дефинирате себе и врз основа на кои вредности. Не можете да се дефинирате според својата националност, која е различна, ниту според верата, која исто така се разликува, или според културата, која е слична, но не е иста”. И продолжил: „Некои се обидуваат тоа да го направат преку формирање на идентитетот враќајќи се далеку назад во историјата, но како што реков во моето излагање, тоа е опасен начин за идентитетот, бидејќи некои можеби ќе бидат изоставени. Сметам дека многу луѓе во оваа држава се чувствуваат оставени настрана со таков пристап. Затоа барањето заеднички вредности е многу подобро и важно за иднината и сите треба да учествуваат во таа дебата”!?!
(„Дневник”, 27 ноември 2013).
На предавање, каде ако не во Тетово, на тамошниот „Штулов” универзитет, Волерс целосно ги отвори картите на американската политика во однос на Македонија.
Македонците ги третираат како маса која треба да се прекрсти. Со дебата и со целосно бришење на сè што има македонски предзнак. Подиректен апел за разнебитување на македонскиот народ тешко може да се замисли. Тоа е политиката, која преку 20 години САД ја водат кон Македонија.
23. Анализирајќи ги изјавите на Рикер, и споредувајќи ги со тие на неговите претходници во Скопје, амбасадорите Ајник, Батлер и Миловановиќ, паѓа во очи дека тие пред него никогаш во јавните настапи не го спомнуваа проблемот со името. Не се случи да побараат Македонија да се прекрсти, не „апелираа” на потреба од наши „тешки одлуки” и/или „храброст” на лидерите, со цел да прифатат капитулација. Во ниту една пригода не ни го менуваат јазикот во „државен”...
Врз основа на овој неспорен аргумент, целосно се потврдува претходно елаборираната оценка дека пресвртот на политиката кон Македонија, реализиран на самитот на НАТО, во Букурешт, во 2008 година, е чисто – американски.
Тогаш, преку блокада, ни беа затворени вратите за НАТО (и ЕУ) со паралелно поставување на уцена и ултиматум – прво името, потоа членство.
Токму во 2008 година и Рикер доаѓа за амбасадор во Скопје и упорно почнува да ја спроведува новата американска политика. Со нагласена агресивност, не оставајќи простор за какво било друго решение, инсистира – Македонците да се разнебитат...
По Букурешт 2008, и сите други американски претставници ни ја пеат истата песна...
Ако навистина Грција била заслужна за пресвртот во политиката на НАТО (и ЕУ), во 2008-та, кон Македонија, зошто американските претставници, сите погоре цитирани, толку запнале да се прекрстиме, бараат „тешки” одлуки, да бидеме „храбри”, да го решиме проблемот за неколку месеци...?
За да ја задоволат Грција? Ајде, да не бидеме наивни...
23. 1. Почнувајќи од Букурешт, свесен за поразите кои за ова прашање ги доживува скоро 15 години, Вашингтон ги зема сите конци во свои раце и тргна во незадржлива офанзива за затворање на „македонското прашање”. Еднаш засекогаш.
24. За крај и неколку релевантни показатели на мешањето на странските дипломати (најчесто – амбасадори), во нашите внатрешни работи:
24. 1. Жерновски, лидер на Либерално-демократската партија
(„Публика”, прилог на „Дневник”, 24 март 2012):
„Можеби ќе кажам посмело отколку што треба, но првпат идејата за заеднички поширок фронт против оваа влада јас ја слушнав од меѓународните претставници”.
24. 2. „Нова Македонија” од 3 јуни 2010, тврди:
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/ulogata-na-sad-2/24 le 29 octobre 2026