Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

America's Role in Macedonia's Troubled Journey to International Recognition (1991-2013), Second Edition

В. ДРАГОЦЕНИ СВЕДОШТВА НА ГЕНЕРАЛ ПАНДЕ ПЕТРОВСКИ

Par Ристо Никовски · Partie 13 sur 27 · Environ 18 minutes

Lire en English

В. ДРАГОЦЕНИ СВЕДОШТВА НА ГЕНЕРАЛ ПАНДЕ ПЕТРОВСКИ

24. За целосно да се сфати американската улога во војната во

2001-та, мора да се прочита книгата „Сведоштва” на покојниот генерал Панде Петровски (Битола, „Киро Дандаро”, 2006). Тој дава исклучително значајна димензија на американскиот однос кон Македонија, која не остава никакви дилеми. Петровски е учесник во војната од 2001 година. Цитатите од книгата разјаснуваат многу работи.

24. 1. „...Тогашната влада на Македонија потпиша договор со САД, односно со МПРИ, тим на инструктори, пензионирани воени ветерани од САД...”, пишува Петровски, на страница 7, и продолжува – „МПРИ предложи свој план за реорганизација на АРМ – кој од Генералштабот и Министерството за одбрана не беше прифатен. Според предлогот, Македонија требаше да има армија со една бригада – т.н. лесна пешадиска бригада – со два лесни баталјони и дел од специјалните единици (да нема артилерија, оклопни едници, воздухопловство итн.)” И без да се биде воен експерт, меродавно може да се заклучи дека генералот Петровски ни порачува дека предлогот на МПРИ значел Македонија, всушност – да нема сопствена армија! Тоа открива суштински елементи на американската стратегија кон земјата бидејќи зад МПРИ стои американското Министерство за одбрана. Така се затвора кругот: земјата ја подготвуваат за пораз во 2001-та.

24. 2. На истата страница (7), Петровски констатира: „Набргу по тоа, односно во јануари 2000, беа пензионирани околку 500 старешини меѓу кои и сите генерали, т.н. ‘кочничари’ на реформите”. ...„По нивното заминување во пензија, бил прифатен одбиениот план за реорганизација на АРМ, предложен од тимот на МПРИ, и во 2000 година отпочнала неговата реализација, под нивна контрола”.

Како и зошто тоа се правеше, генералот го објаснува на стр.

8, каде вели: „На почетокот од 2001-та, пред кризата, АРМ беше во завршна фаза на преформирање, односно ‘расформирање’ (3. АК, расформиран, 2. АК – битолски во фаза на расформирање, тенковските и артилерските единици расформирани, воздухопловството расформирано), граничната бригада во фаза на формирање...”. Со други зборови, МПРИ подготви сè за војната „успешно” да започне.

24. 3. Во групата пензиниорани генерали бил и Панде Петровски. Меѓутоа, кога започна војната со наши несфатливи грешки и порази, претседателот Борис Трајковски побарал тој да се реактивира. Изненаден од гестот, во погодна пригода, Панде го прашал Борис – „Зошто ме пензиониравте, претседателе, кога немав услови за тоа?” Очигледно искрено, Трајковски му одговорил (стр. 15) – „Генерале, кога станав претседател, не ве познавав вас генералите. Ричард Грифитс, генерал-мајор од САД (шеф на МПРИ, во Скопје) ми донесе список кој на која должност да биде, а кој да биден пензиониран. Јас го потпишав списокот”.

И не само што Грифитс пензионирал 500 (нај)искусни старешни туку и погрешни луѓе поставил на челните позиции во Генералштабот – за началник бил поставен инженерец, а за негов заменик – интендант! Сите овие потези на МПРИ и на Грифитс немаат друга квалификација, освен, директна саботажа! Однатре.

Во целина, невиден американски безобразлук! Сепак, грешката и вината се наши. Сме дозволиле таков однос.

25. Книгата „Сведоштва”, на генерал Петровски, дава драгоцени податоци околу војната во 2001 година и улогата на главните фактори. На стр. 160 пишува дека „на 21 јули 2001 год. хеликоптер на КФОР SH-47 во 16,45 до 17,05 часот во Шипковица слета и истовари опрема и луѓе, во исто време хеликоптер SH-47 слета и во с. Бродец...”; „на 25 јули 2001 во 13,53 до 14,30 ч. хеликоптери на КФОР SH-47 и SH-53 слетале во с. Бродец. Сите овие слетувања на КФОР не беа најавувани од нивна страна...”; „Во суштина тоа беа подготовки од КФОР за пребазирање на командното место на т.н. ОНА од Призрен во Шипковица...”; „Во разговорот, кога му посочив некои факти, дека сепак КФОР го префрла командното место на т. н. ОНА од Призрен во Шипковица (генерал Ланге од командата на НАТО во Македонија) само ми одговори: „Вие сте во право, но сфатeте ме дека јас сум професионалец и одвај чекам да заминам во пензија’”!

25. 1. Интересно е кажувањето на генерал Петровски и за однесување на Американецот Питер Фејт, кој фигурираше како личен претставник на генсекот на НАТО. На стр. 122, тој ни обелоденува – „Фејт директно контактираше пред сè со претседателот на РМ и настапуваше доста арогантно, па дури и дрско и ултимативно, што ми беше многу чудно. Во една прилика, пред целиот државен врв го прашав – господине Фејт, Вие да не сте командант на т.н. ОНА, што со толкава сигурност тврдите?” – а се работело за прекин на огнот. Можеби и несвесно, генералот ја погодил улогата на Фејт и неговите пајташи. Токму таква била нивната улога.

25. 2. Заслужува внимание и делот сврзан со операцијата во Арачиново. Откако безбедносните сили навлегле длабоко во селото и било само прашање на време кога ќе ги исчистат терористите, во близина на селото прво били пронајдени двајца ранети – Американци (стр. 107)!

Потоа, на 25 јуни, генералот бил кај претседателот Трајковски, кој го информирал дека НАТО ќе ги извлечел терористите од Арачиново. Генералот му одговорил – „Добро, но ние ќе продолжиме со нападот сè додека не се создадат услови за извлекување. Не, (реагирал претседателот) Робертсон (генсек на НАТО) ми кажа дека има нивни 30 лица таму во Арачиново!?! Го гледав претседателот (пишува Петровски) и не можев да го разберам. Кои се тие луѓе, го прашав? Од каде дошле во Арачиново? Не знам, му вратил Трајковски, но ми вети (Робертсон, нели) дека ќе ми даде список на тие луѓе!?!”

25. 2. 1. Каква непростива, катастрофална грешка! Во војна, врховниот командант на армијата на Македонија е информиран дека во место кое е опколено од неговите сили, меѓу агресорите има и „30 луѓе” на НАТО! Американци, се разбира. Тоа не му го соопштува никој друг, туку генсекот на алијансата!?! Тоа е доволно за претседателот на државата кој е, нели, и врховен командант, да преземе сè што е потребно за спасување на „заскитаните” наши „партнери”! Сигурно ја утнале страната!?! На сметка на фундаменталните интереси на сопствената земја, во воена операција која е клучна во војната која се води против агресорите, врховниот командант наредува нивна евакуација заедно со нивните американски сојузници! Според горното сведоштво, претседателот не прашал ни кои се тие, ни што бараат таму, туку само „обезбедува”, се договара да му пратат список! Нормално, по операцијата за спасување.

Што мислат читателите – дали, по евакуацијата на американските платеници, по завршената работа за нив, некој му доставил таков список на претседателот? Дури и ако му пратил – за што (ни) послужил тој? Можеби, намерата била да им се испрати некаква благодарница?...

Сè е јасно – сме испаднале неподносливо недоветни. Си играле со нас како со последни шушумиги.

25. 2. 2. За сè да биде појасно и неспорно, кога се подготвувало Арачиново, Трајковски го известил Петровски дека операцијата има ограничено време до два дена (стр.

101). Генералот не го сфатил претседателот – зошто само два дена, ние ќе одлучиме колку дена, му рекол. „Толку ни даде Робертсон”, му вратил Трајковски!

Кога ќе се стават во контекст ова и претходното („30 нивни лица”) – сè станува кристално јасно. Кој бил менаџерот и на Арачиново и на целата војна од 2001-та. Робертсон се вклучил во вториот дел, по петтото соопштение на ОНА, кога таа стана „хуманитарна” приказна (за деца). Претходно, тој беше надвор од супертајните операции.

Поширок коментар не е потребен. На едната страна имало слонови, на другата – мравки. Ситни, ситни, ситни...

25. 3. Во книгата „Сведоштва”, на стр. 77/78, има уште еден важен податок. Во средината на мај 2001, претседателот му наредил на генералот да прифати некојси Дејвид Фоли, кој бил со дипломатско возило со уште две лица, и да го пушти во село Слупчане, наводно да преговара за извлекување на цивилите. И, еве што вели Петровски: „Наредив Д. Фоли да се следи со мои луѓе тајно кога ќе влегува во Слупчане и таму кој ќе го пречека. Истиот ден го добив следниот извештај – на влезот во селото го дочекале три лица со бради во униформи од УЧК, со секого се поздравил, се прегрнал и избакнал...” Што да кажеме, освен – сигурно се знаеле од студии...

25. 4. Генералот Петровски дава и други исклучително важни сведоштва. На пример, на стр. 195, тој опишува како, при крајот на војната, НАТО инсистирал за повлекување на тешкото вооружување од кризните региони, особено на тенковскиот баталјон Т-22 кој беше набавен од Украина.

„Знаејќи ја борбената моќ на оваа единица”, пишува тој, „НАТО бараше по секоја цена баталјонот да биде дислоциран во Струмица. Со секојдневни притисоци од НАТО претседателот на РМ одлучи и нареди Тенковскиот баталјон со комплет стратешински и војнички состав да се дислоцира таму. За секое напуштање и на еден тенк од Струмица мораше да се бара одобрение од НАТО”!?!

25. 5. Иако било неспорно дека терористите воено релативно лесно можат да се уништат, претседателот Трајковски „уште на 14 јуни 2001 испратил писмо до генсекот на НАТО од кој побарал помош за разрешување на кризата” (стр. 98).

Началникот на ГШ за тоа дознал на 5 јули 2001-та.

И само овој податок е доволен за да се заклучи што сè, и како се случувало во Македонија во 2001-та.

Како во приказните – помош сме барале од егзекуторот!

25. 6. Сеќавањата од 2001-та зборуваат дека тогашниот премиер, Љубчо Георгиевски, се залагаше за прогласување на воена состојба. Од книгата „Сведоштва” станува јасно дека една таква одлука бргу ќе ја завршела работата. Ако било така, а така било, се наметнува прашањето – зошто до тоа и не дојде? Поточно – кои беа противниците? Не е спорно дека САД и нејзините сателити биле жестоко против таква мерка бидејќи така, релативно лесно, би се елиминирала ОНА. А тоа, во никој случај, не смеело да се дозволи.

25. 6. 1. Горното залагање на Георгиевски го потврдува и генерал Панде Петровски, но изнесува факти кои говорат за суштински разлики меѓу неговите зборови и дела (стр. 136):

„Откако ќе се отпочнеше со воената операција, премиерот, пред истата да биде прекината, ќе дојдеше на командно место, а после ќе се прекинеше операцијата – класичен пример воената операција во Кумановско и Арачиново.

Премиерот и некои околу него јавно се залагаа кризата да се решава со воени средства, а откако ќе се прекинеа операциите, не реагираа зошто се прекинале”!

Инаку, тој нема дилеми за ставот на претседателот Трајковски кој, според него (стр. 136) – „секогаш се залагаше кризата да се решава со политички средства и со поддршка на НАТО, ЕУ и ОБСЕ...”. Тоа, најверојатно, бил и нашиот најголем хендикеп во војната. Тој што треба да ја води, смета дека – не треба да се води!

Ова се драгоцени податоци за историчарите.

26. Не е спорно дека претседателот Борис Трајковски беше чесен човек и патриот за што постојат и лични сеќавања.

Ама, за голема жал, тој беше жртва на махинациите кои на Балканот ги правеше единствената велесила. Генералот Грифитс преку МПРИ, Роберт Фровик преку ОБСЕ, Пердју, Фејт и другите „олеснувачи” и „експерти”, најчесто од редовите на ЦИА и други слични служби, спроведуваа јасно дефинирана американска политика, која беше погубна за земјата. А нашите им веруваа и ги следеа. Посебно – претседателот.

26. 1. Со добра намера, несвесен за големата игра во која е вовлечен, Трајковски очигледно беспоговорно ги следеше американските инструкции. А Вашингтон, бескрупулозно го искористи. Точно како што илустрира и генералот Петровски, со пензионирањето на плејада врвни воени старешини и поставувањето лица со неадекватни профили на главните функции во Генералштабот. Штетите кои следеа се огромни и непоправливи.

Трајковски премногу знаеше. Дали еден ден можеше да биде сведок за нечии недела и политички злоупотреби?

Новинарката Лупевска, во ТВ емисијата КОД на Канал 5, на 26 февруари 2012 година, информираше дека – непосредно пред смртта, Трајковски рекол дека ќе ја кажел вистината за Косово! Дали самиот си пресудил?

26. 2. На стр. 175, генерал Панде Петровски заклучува – „Не сум сигурен кој ја планираше воената криза во РМ. Меѓутоа, кој и зошто ја контролираше и кој и зошто не дозволуваше истата да се разреши со воени средства беше повеќе од очигледно. Армијата сигурно не е...”. На стр. 204 тој вели –

„Бевме попречувани во секоја воена операција”!

27. Интересни видувања за војната дава и Г’зим Острени, началник на Генералштабот на ОНА, во неговата книга „Критично согледување на делото ‘Војната во Македонија во 2001 година’, на генерал Митре Арсовски, проф. д-р Стојан Кузев и генерал проф. д-р Ристо Дамјановски”, лично издание, Скопје 2006 (ISBN 9989-2650-1-1).

27. 1. На страница 25 Острени уверува дека – „... УНМИК и НАТО (КФОР) презедоа остри мерки за спречување на евентуално учество на припадници на Косовскиот заштитен корпус (КЗК) во структурите на ОНА”. Дали авторот, очигледно не сакајќи, ни открива дека сè се подготвувало и крчкало на Косово? Ако тоа навистина било „востание” во Македонија, како што ни тврди Острени – каква врска со тоа имаат УНМИК, НАТО (КФОР)...? Нели се тие на Косово, не во Македонија? Зошто ја поврзува ОНА со нив, ако била автохтона, создадена во Македонија? Тоа е сама одличен доказ дека врска, сепак – имало! И тоа каква! Народот убаво вели – кој си ја има мувата на капата... Инаку, како би било можно тој, од началник на ГШ на КЗК, платен од ООН, да премине во ОНА, на иста функција? Или, за него „острите мерки” – не важеле?

27. 2. Во книгата, Острени не само што не ја крие туку постојано ја повторува основната цел на ОНА – Македонија да стане двонационална држава. Нагласува дека на Албанците, во 1991 година, во новиот Устав – „не им се призна статусот на државотворен елемент во новата држава”

(стр. 34). Тука е значи мотивот на војната. Во прашање е истата болка која ја имаше и Косово во Југославија, кога со сите сили настојуваше да стане република. Да бидеш „република” во федерацијата и да станеш „државотворен” народ во денешна Македонија значи добивање право за отцепување. Други разлики – нема.

27. 3. На стр. 90, Острени додатно ја елаборира оваа суштинска причина за војната. Вели: „... Собранието, Владата и политичките партии, вклучувајќи ги и сите политички партии на Албанците, не наоѓајќи сила да го надминат создадениот проблем со политички мерки и активности, а тоа значи решавање на проблемите кои самите ги создадоа со Уставот на Македонија од 1991 година, исклучувајќи ги Албанците од правото на државотворност, а со тоа и дискриминација на сите нивни елементарни човекови слободи и права...”.

Неговата констатација дека недобивањето на правото на „државотворност” значело дискриминација е – бесмислена.

Тоа би било точно само ако авторот мисли на правото на отцепување. Навистина, тоа им беше ускратено. Ништо друго. Државотворноста, во случајот со Македонија, апсолутно нема никаква врска со човековите права и слободи, најмалку со елементарните. Сите граѓаните се еднакви пред законите. Тоа е чиста измислица на Острени преку која го открива и мотивот за војната, што ја потврдува веродостојноста и на првите пет соопштенија на ОНА, за поделба на земјата. Тој ги измешал човековите права со колективните, етничките. Намерата е јасна – разбивање на унитарниот карактер на земјата.

27. 4. Објаснувајќи зошто македонските безбедносни сили беа поразени, Острени (на стр. 94), повторно не сакајќи, ни потврдува и која беше ОНА, и зошто се случи 2001-та:

„Ваквата неспособност за уништување на волјата на албанскиот народ за слобода, изразена преку ОНА...”. Значи, сепак, се работело за слобода, а не за некакви права. Затоа така се викала и неговата војска – „Ослободителна...”.

27. 5. На крајот, тој и нè подучува, извлекувајќи наравоучение – „Македонците само во заедница со Албанците се Македонци, додека со кој било друг ќе бидат нешто друго”! Значи, според Острени, Македонците треба да им бидат благодарни на Албанците за третманот што го имаат од нив!

Доволно, нели?

28. Да спомнеме и дека за време на најжестокиот развој на војната во Македонија, кога единствено Украина ни излезе во пресрет и ни продаде оружје и ни испрати свои пилоти за хеликоптерите и авионите купени кај нив, Кондолиза Рајс, во својство на советник за национална безбедност на претседателот на САД, Џорџ Буш, инсистираше во Киев да престанат со испораките на оружје за Македонија!

29. Ни останува само да се запрашаме – зошто до денес

(2013) ништо не се истражува и документира околу овие критични настани за земјата? Зошто никој не се усудува да го испитува периодот кој ја деформира македонската држава? Дали е пречка стравот дека со тоа ќе се открие американската улога? Дали ќе се покаже дека нивната цел била државата да се распадне?

30. Според Петровски, Словенија не прифатила тим на МПРИ, а од Македонија беа протерани во мај 2001. Надвор од овој извор, познато е дека Хрватска, за време на тамошната војна, интензивно ги користеше услугите на МПРИ. Дошле есента 1994 година и преку нив се одвивала за Хрватска клучната воена соработка со САД. Се смета дека МПРИ имале значајна улога околу акцијата „Бура” (во оригинал – „Олуја”), во 1995 година, со која беа протерани Србите од Краина.

31. За улогата, која САД ја играше во војните во Југославија, по распадот на федерацијата, директна потврда даде и првиот нивни амбасадор во Загреб, Питер Галбрајт. Во интервју за српски „Неделник”, според „Дневник” од 23 ноември 2012 („Ја добиле ‘Бура’ поради Сребреница” и наднаслов – „Хрватската акција била со амин на САД”), Галбрајт изјавил: „Да паднеше Бихаќ, ќе беше многу полошо од Сребреница, па јас морав да избирам дали да дозволиме уште една Сребреница или да им дозволиме на Хрватите да ја нападнат Краина”! (Да потсетиме дека така дојде до хрватската акција „Бура”, со која од Краина беа протерани скоро 300 илјади Срби!). Галбрајт тврдел дека „Америка никогаш не би им дозволила на Хрватите да ја изведат ‘Бура’ ако Ратко Младиќ претходно не го наредел масакрот во Сребреница”. За да не остане ништо недоречено, Галбрајт објаснил дека и акцијата „Бура” ќе отидела многу подалеку доколку Хрватите не стореле гнасни злосторства во Краина.

Рекол: „Ако Хрватите во Краина не ги извршеа злосторствата, ако не убиваа цивили и не им ги палеа куќите, можеби ќе паднеше и Бања Лука. Веројатно ќе имаа премолчена согласност од нас да ја продолжат акцијата”! А ако паднеше Бања Лука, главниот град, најверојатно ќе ја снемаше и Република Српска! Галбрајт сега изворно ни потврдува дека режијата тоа не го дозволила!

31. 1. По ова исклучително значајно откритие на Галбрајт за улогата на САД во војната во БиХ, не треба да има никакви дилеми дека во грозоморните војни на тлото на поранешна Југославија – некој, сепак, ги влечел конците од страна: што треба, колку, до каде... Логично следи прашањето – какво замешателство имале Американците во претходните операции во Босна и на другите боишта низ поранешната федерација? Можно ли е дека пред тоа тие си седеле „мирно”, не се „мешале” и ги оставале работите да се одвиваат без нивна „режија”? Дали и колку, и во други пригоди, и на други места, тие директно „дозволувале” одредени акции, или само „премолчено” се согласувале?

31. 2. Ние ќе треба да почекаме некој од инволвираните Американци кај нас да ги отвори картите и за 2001-та и да ни каже зошто ја организираа? Во споредба со операцијата „Бура”, војната кај нас беше обична – мижитатара. Кратка, без многу жртви, со упади од Косово и целосно контролирана. Сепак, имајќи ја предвид заднината и основата на оваа војна, личните сеќавања во јавна форма – потешко ќе се случат. Кај нас беа главно инволвирани темни фигури на американски агенти на тајните служби и воени лица, кои имаат трајна забрана да откриваат детали за нивните акции, а не дипломати како Галбрајт. За сега, преку неспорните факти и аргументи, дел изнесени и во оваа анализа, со длабока увереност можеме да тврдиме дека Американците дадоа многу повеќе од дозвола и премолчена согласност за агресијата врз Македонија во 2001-та

(Арачиново...).

31. 3. За сите кои ги следат светските политички пригоди, воопшто не е спорна ниту јавната, ниту тајната улога која САД ја играат на меѓународната сцена, особено по Втората светска војна. ЦИА и другите слични американски служби се максимално активни. Тие имале свој (значаен!) дел во многу настани, кои ја смениле историјата на бројни земји. Тоа е општо познато. Ама, добро е кога, по 30, 40, 50... години, се отвораат архивите (не заборавајте – не сите!) и се открива заднината на разни настани, дотогаш можеби насетувани, претпоставувани и експлоатирани, но не и потврдени. Во поново време имаме повеќе такви случаи.

„Дневник”, од 21 август 2013 („ЦИА го призна учеството во воениот удар во Иран”), пишува дека ЦИА била организатор на воениот удар во Иран, кога во 1953 година беше соборен премиерот Мосадек и го донесе на власт шахот Реза Пахлави. Причината беше што Мосадек ја национализира иранската нафта. Енергијата беше, и останува повод за разни (чудни и неконзистентни) политики, толеранции, сојузништва... та сè до државни удари, бомбардирања...

Мосадек го срушиле со лансирање пропагандни кампањи против него, корумпирање парламентарци, политичари и воени личности, со организирање на разни протестни ми- тинзи...

Што мислите – дали ЦИА ги променила своите методи на работа и дали има причини нив да не ги користи, на пример – и во Македонија? Се разбира, тие што ги смета за сообразни за состојбите кај нас. Ако, нели, веќе не кријат дека, за нив, проблемот со името е исклучително важен, зошто би седеле мадро? Ако ја игнорираа Повелбата на ООН за да ни го оспорат името, ако не ја почитуваа(т) пресудата на Хашкиот суд... со што меѓународно се резилат, зар може да се претпостави дека ништо не прават „под жито”? Ако на тоа се додадат разни „мислења”, „залагања”, „ставови”, „политики”... кои одредени „аналитичари”, „колумнисти”, „новинари”, затворени и отворени општества, НВО... ги лансираат во земјава, сè со цел таа да се разнебити... дали сето тоа не нè потсетува на начините со кои бил елиминиран Мосадек, како и многу други?

31. 4. Мосадек секако не е единствен таков случај. Ги има многу. „Нова Македонија”, од 22 август 2013 („Диктатори и демократи на отстрел на ЦИА”), пишува дека се потврдени седум случаи на воени удари извршени со помош на ЦИА:

Иран (1953), Гватемала (1954), Доминиканска Република и Конго (1961), Виетнам (1963), Бразил (1964) и Чиле (1973)...

Во споредба со овие случаи, настаните кај нас се обична, почетничка – вежба.

31. 5. Своевремено, САД воено интервенираа во Гренада, во Панама, во Доминиканската Република... Интересен е случајот со последната. Како оправдување за фактичката агресија (1965/66) беше речено дека целта била враќање на демократијата во земјата. Веднаш реагираше недостижниот Хенри Кисинџер, кој изјави: во Доминикана, никогаш немало – демократија!