Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

America's Role in Macedonia's Troubled Journey to International Recognition (1991-2013), Second Edition

II - САД ВЕДНАШ ГИ ПРИЗНАА СИТЕ НОВИ ДРЖАВИ, ОСВЕН МАКЕДОНИЈА - Part 01

Par Ристо Никовски · Partie 4 sur 27 · Environ 19 minutes

Lire en English

II - САД ВЕДНАШ ГИ ПРИЗНАА СИТЕ НОВИ ДРЖАВИ, ОСВЕН МАКЕДОНИЈА

1. На почетокот на 1990-те години се распаднаа три федерации – СССР, Чехословачка и Југославија. За кратко време, на меѓународната политичка сцена се етаблираа 22 нови, целосно независни држави. Од нив, 20 бараа меѓународна верификација и сите беа веднаш признати од главните светски фактори, освен Македонија. Никој не беше спорен, само Македонците.

1. 1. На денот на официјалниот распад, 25 декември 1991, САД ги признаа 14-те нови држави кои произлегоа од Советскиот Сојуз. По неполни три месеци, во март 1992, во сите главни градови отворија свои амбасади. Руската Федерација, преку договор, си обезбеди статус на наследник на СССР и не и` требаше признавање. Москва, на пример, ги презеде сите долгови на Сојузот.

1. 2. На денот на распаѓањето на Чехословачка – 1 јануари

1993, Вашингтон ги призна и Чешката и Словачката Република. Веднаш отвори амбасада и во Братислава.

2. Поради длабоката политичка криза низ која минуваше федерацијата, и конфронтираноста на републиките околу иднината на земјата, распадот на Југославија беше многу покомплициран. За разлика од Москва и Прага, каде се беше спогодбено реализирано, во Белград не беше можен договор за ништо. Следеа војни со многу жртви, милиони бегалци, огромни материјални разрушувања... Главен виновник, секако, е Милошевиќ, но национализмот во Хрватска (Туѓман) и себичноста на Словенија (Кучан), секако имаа своја улога. Главни жртви беа Македонија и БиХ, која, сепак, носи дел од вината за војната која таму ќе следи. Црна Гора целосно ја поддржуваше политиката на Србија и остана со неа, во Сојузна Република Југославија, која не бараше меѓународно признавање поради континуитетот на Федерацијата.

3. Во процесот на распаѓање на Југославија, кон крајот на

1991 година, тогашната Европска заедница (ЕЗ), денешна ЕУ, формира т.н. „Бадентеровата комисија”, од пет врвни правници, претседатели (или судии) на уставни судови во своите земји. Задачата беше да утврдат и да и предложат на Заедницата кои членки на федерацијата ги исполнуваат условите за признавање. Ја предводеше Роберт Бадентер, од Франција, а член беше и Роман Херцог, кој подоцна стана и претседател на Германија (1994-99). Комисијата поднесе извештај со предлог дека треба да се признаат само Македонија и Словенија.

4. За да ја стави Заедницата пред свршен чин, Германија ги призна Словенија и Хрватска уште во декември 1991 година.

Тоа беше спротивно на предлогот на Комисијата на Бадентер, кој Берлин го знаеше, и чие објавување требаше да биде на почетокот на јануари 1992. Во Брисел беше постигнат договор, признавањето на постјугословенските држави да биде на 15 јануари. На одржаниот состанок, повторно под силен притисок, може да се каже дури и диктат на Германија (преку министерот за надворешни работи, Франц Дитрих Геншер), и ЕЗ ги призна Словенија и Хрватска и веднаш воспостави дипломатски односи со нив.

Брисел го игнорираше Извештајот на сопствената (Бадентерова) комисија. Македонија остана со празни раце.

5. Набргу, на 7 април 1992 година, САД ги признаа Сло- венија, Хрватска и Босна и Херцеговина и, за неколку месеци, веќе во август, воспоставија дипломатски односи со нив и веднаш испратија и амбасадори. Поради војната, амбасадата за БиХ прво беше сместена во Виена, а подоцна се пресели во Сараево. Македонија не беше на нивната листа.

Во април, под притисок на САД, ЕЗ ја призна и БиХ.

6. За нас е важна споредбата на односот на САД кон БиХ и кон Македонија.

6. 1. Во БиХ, сите беа на свој начин екстремни. И Бошњаците

(муслиманите) и Хрватите, иако е неспорно дека Србите први почнаа и ја носат најголемата вина за војната која ќе следи. Факт е дека сите политички фактори беа длабоко меѓу себе конфронтирани (и на етничка, и на верска основа) што војната ја правеше неизбежна. И покрај сето тоа – САД ја признаа државата и испратија амбасадор.

6. 2. Сосема спротивно: САД ги игнорираа сите мирољубиви чекори, компромиси, покажана флексибилност и кооперативност на нашата власт, која даваше непроценлив придонес за спречување на ескалацијата на судирите во регионот – и долго ја оставија државата во одредена изолација. Така почнаа и така продолжија. Еве, веќе две децении како Вашингтон ни поставува пречки, ултиматуми и уцени, што максимално го отежнува нормалното функционирање на државата. Паралелно, САД направија сè Милошевиќ да биде поразен во Хрватска и во БиХ.

Максимално се ангажираа(т) босанската држава да опстои.

Додека сè што прават за Македонија, сите овие години, води кон нејзино разбивање. Две сосема различни политики, за две постјугословенски републики. Зошто?

7. Американското рано признавање, меѓутоа, не и` помогна на БиХ. Напротив. Има елементи да се тврди дека тоа дури ги заостри состојбите таму, а ја забрза и војната. Сосема е можно дел од спротивставените политички сили, во Сараево, тој чин да го сфатија како некаква провокација бидејќи немаше согласност околу иднината на земјата, а Србите беа апсолутно против прогласувањето на независност. Нивните нерегуларни трупи, поддржани од ЈНА, за кратко време освојуваат преку 2/3 од територијата на Босна, спроведувајќи и етничко чистење. Преку два милиони луѓе беа присилени да ги напуштат своите домови, а преку 200 илјади ги загубија животите во војната која следеше.

7. 1. Со брзото признавање, САД веројатно сакаа да ја заштитат БиХ од Милошевиќ, иако, според Бадентер, земјата не исполнуваше ниту минимум услови. Обидот не успеа. Тие не ги нарушија плановите на Милошевиќ, а дали со признавањето влијаеја на понатамошниот развој на настаните, што е многу веројатно, некој друг треба да одговори.

8. Главните меѓународни фактори, предводени од САД, единствено Македонија ја оставија непризната како независна држава. Ја оставија незаштитена. Србија и Црна Гора останаа во т.н. Сојузна Република Југославија, како наследнички на старата федерација и, освен повторен прием во ООН, до кој дојде во 2000-та година, меѓународно признавање не им требаше.

9. Токму спротивно на Босна, раното признавањето на Македонија, од страна на САД, ќе беше директна инјекција за стабилизирање на состојбите и во земјата и во опкружувањето. Ако беше земјата призната, Мицотакис, Самарас и Милошевиќ немаше да можат да разговараат за нејзина поделба; Бугарија ќе мораше да сфати дека приказната за бугарска Македонија нема иднина;

аспирациите на Албанците ќе беа поткастрени... Поинаквото нивно однесување ќе значеше директно спротивставување на официјалната американска политика, нагласена со признавање на земјата. Но, САД оставија празен простор во и околу Македонија. Не преземаа ништо за да и` помогнат.

Причината може да биде само една: поинакви интереси.

10. Периодот од 1991 до 1993 беше исклучително тежок за Македонија. Финансиски опљачкана (пред распадот на федерацијата, Србија и Словенија влегоа во финансискиот систем и ограбија огромни средства); економски исцедена (со огромната инфлација, главно генерирана од Белград);

безбедносно оставена во вакуум (ЈНА се повлече со целокупното наоружување стационирано во Македонија);

загрозена од соседите (се договараше нејзина поделба)...

Место максимално да се поддржи и помогне Македонија, која единствено од наследничките на СФРЈ се однесуваше мирољубиво, Вашингтон, потпомогнат од Париз, Лондон, Берлин и Брисел, ја остави на цедило.

11. Во меѓувреме, одредени држави започнаа да ја признаваат Македонија. На 15 јануари 1992 година, прва тоа го стори Бугарија. Софија, меѓутоа, веднаш се поколеба и не воспостави и дипломатски односи, промашувајќи ја можноста да поентира. Во прашање беа, веројатно, некакви калкулации околу иднината на Македонија и надежите дека поинаку повеќе ќе можат да профитираат. Што ако државата не преживее? Кај ќе одат „овците” што уште не се освестиле дека се „Бугари”? Впрочем, според логиката на нештата, признавањето тие ни го доделија како на втора „бугарска” држава.

Во ситуација кога САД, следени од ЕЗ, отворено се воз-држуваат од прифаќање на независната македонска држава, тоа е доволен сигнал и другите да бидат внимателни.

12. Првиот амбасадор во целосно независната современа македонска држава дојде од Турција. Според протоколот, пред приемот кај шефот на државата, копиите од акредитивните писма се предаваат во министерствата за надворешни работи. Кај нас, секако, ќе ги примеше министерот, иако практиката во светот е различна, но тој беше на пат. Заменик немаше и таа чест ми припадна како на потсекретар, трета личност во Министерството. Без соодветно искуство дека утредента, кај Глигоров, е главниот настан, сите надворешнополитички новинари, сниматели и фотографи се појавија во МНР во закажаното време.

Катастрофа беше на повидок. Копиите ќе ја фрлат во сенка утрешната манифестација. Тогаш, а не сега, првиот амбасадор, акредитиран во современата македонска држава, ќе стапи на должност. Едвај ги убедивме да си одат бидејќи копиите заслужуваат само мала вест дека се предадени. За среќа, така и се случи. Мала невнимателност можеше да нанесе голема штета.

13. На првата група од шест членки на ЕЗ, предводени од Велика Британија (Германија, Франција, Италија, Холандија и Данска), им беа потребни неполни две години, по Словенија, Хрватска и БиХ, да ја признаат и Македонија. Тоа се случи на 16 декември 1993 година, осум месеци по приемот во ООН. Признавањето беше со референцијата, а не со уставното име на државата. Тие веднаш воспоставија и дипломатски односи. Следеа другите членки на Заедницата.

14. САД ја признаа Македонија како независна држава дури на 9 февруари 1994 година. Речиси две години по признавањето на Словенија, Хрватска и БиХ. Се чекаше уште година и пол додека Вашингтон реши да воспостави и дипломатски односи. Тоа го сторија на 13 септември 1995 година, веднаш по потпишувањето на Привремената спогодба со Грција, оркестрирана токму од САД.

Дипломатски односи со другите три поранешни југорепублики, САД воспоставија повеќе од три години претходно! Зошто?

Амбасадата во Скопје ја отворија дури во февруари 1996, а амбасадор испратија на крајот на јули. Четири години по Загреб, Љубљана и Сараево. Иако пламтеа војни во околината, иако две години главните комуникациски коридори, север-југ, беа блокирани, што ја уништуваше економијата на Македонија... – САД молчеа. Го толерираа уништувањето на македонската држава. Не им се брзаше.

Очигледно, така диктираше нивната политика.

14. 1. Процесот на признавање на државата, воспоставувањето дипломатски односи, отворањето Амбасада и испраќањето амбасадор е – најмеродавен, класичен показател за реалната политика која САД ја спроведуваа и продолжуваат да ја практикуваат во однос на Македонија сите овие години. Истото тоа важи за сите земји, во слични ситуации. Со тој чин, отворено и конкретно ни покажаа дека Македонија не се вклопува во нивните регионални планови. Дали некој може да поверува дека Вашингтон долго не ја признаваше Македонија само затоа што тоа не и` беше по волја на Атина? Преголема наивност е потребна така да се сфати американскиот однос кон македонската држава.

Тоа не треба да го забораваме и да се правиме недоветни, туку мора со отворени очи да се согледуваат реалните факти.

Аргументирано може да се оцени дека, по распадот на Југославија, политиката на САД се сведува на перманентно држење на Македонија на раб од длабок понор. Затоа, САД беа и остануваат главното извориште на проблемите со кои се соочува Македонија сите овие 20 и неколку години. Ако САД и` мислеа добро на земјата, прво што ќе направеа, мораше да ја признаат заедно со другите три ексјугословенски републики. Тоа сигурно и ќе го стореа ако немаа нетранспарентни планови и за земјата, и за регионот.

Тоа не се случи бидејќи, како што ќе се види подолу, Македонија стана пречка за реализација на долгорочните американски интереси на Балканот.

15. Атина нема некаква улога во американската политика која се спроведува сите овие години спрема Македонија. Не постојат факти или аргументи, врз основа на кои би можело да се тврди дека САД го одолжуваа признавањето на Македонија поради Грција. Или, дека приемот во ООН и наметнувањето на референцијата беше резултат на некакво бранење, штитење или, макар, поддршка на грчките аспирации. Истото важи и за Букурешт 2008-та. Ваквата оцена нагласено ја потврдува и фактот дека, во декември 1993 година, Македонија ја признаа првите шест држави од ЕЗ, предводени од Велика Британија, Франција и Германија, кои веднаш воспоставија и дипломатски односи. Како европски земји, членки и на НАТО и на ЕУ, тие имаа повеќе од двојна обврска за солидарност со Атина, за разлика од САД (само преку НАТО). И покрај тоа, тие го презедоа тој чекор. САД – не. На Вашингтон му требаа уште преку две и пол години за да испрати амбасадор во Скопје. Зошто?

16. Американската политика кон Македонија имаше одреден исчекор во декември 1992. Тогаш, во рамките на УНПРОФОР, воена мисија на ООН во поранешна Југославија, во Македонија, во превентивна функција, беа испратени околу 600 војници од кои триста беа американски.

Подоцна, од 31 март 1995 година, мисијата се осамостои и беше прекрстена во УНПРЕДЕП.

На почетокот, овој потег најавуваше нов американскиот однос кон независна Македонија и, начелно, можеше да се толкува како некаква безбедносна гаранција за непризнатата држава. Набргу, меѓутоа, се виде дека целта на операцијата не беше безбедносно стабилизирање на земјата, туку само таа да не падне во рацете на Србија. Излезе дека САД имале доверливи сознанија за конкретни агресивни намери на Милошевиќ и, за да го спречат тоа, во Македонија беше испратена првата превентивна мисија во историјата на ООН.

Подоцна ќе се види дека овој чекор е логичен дел од американската политика кон Албанците, Македонија и регионот.

Упатувањето на УНПРЕДЕП имаше позитивен резултат бидејќи непризнавањето од САД и ЕЗ ги стимулираше апетитите на Милошевиќ. Меѓутоа, и покрај тој потег, Македонија остана крајно ранлива. САД, секако, беа свесни за тоа, а, според бројни факти, и врз основа на настаните кои следеа, може да се оцени дека точно тоа беше и нивната цел:

освен попречувањето на Србите, сите други опции да останат отворени. УНПРЕДЕП може да се смета како некаков меѓупотег, со кој се одлагаат вистинските решенија.

17. Историјата ќе покаже зошто до српска интервенција и не дојде? Најверојатно, Милошевиќ а) немаше доволно воени капацитети бидејќи војната веќе беснееше во Хрватска, а во Босна се подготвуваше; б) сметаше дека Македонија не може без Србија и сама ќе се врати во прегратки... Пречка сигурно не беше УНПРЕДЕП, иако американските војници на границата тераа на двојно размислување. Доколку Белград навистина одлучеше да тргне на југ, УНПРЕДЕП ќе беше тотално игнориран, а неговите војници, вклучувајќи ги и американските, чија бројност беше симболична, ќе се повлечеа под итно, како никогаш и да не биле тука. Нивните планови за бегање, доколку загусти, беа познати. Тие немаа мандат да ја штитат Македонија, тука беа само за мониторинг, известување и рано предупредување. И добро си ја завршија работата.

18. Има многу факти кои потврдуваат дека Милошевиќ бил убеден дека Македонија сама ќе му падне во скут.

Влијанието на Србија беше долго време исклучително силно во земјата. Се сметаше дека и овде ќе претежне чувството дека против иредентизмот на Албанците не можеме сами.

Најголем дел од трговијата беше со српски фирми, личните и фамилијарните врски беа бројни и длабоки...

Според некои аналитичари, ваквата погрешна уверност на Милошевиќ била меѓу неговите најголеми заблуди и грешки.

19. Со УНПРЕДЕП, САД му испратија директна порака на Милошевиќ дека нема што да бара во Македонија. Дека приказната за Вардарска Бановина, прекината на 2 август 1944, нема да продолжи. Но, освен тој сегмент, и до ден-денес (2013), плановите на САД кон Македонија не се до крај јасни. Единствено е видно дека стабилна и просперитетна Македонија не се вклопува во нивните планови. Додека на север одлучно му беше порачано да ги држи рацете настрана, другите, кои (сè уште) имаат (нескриени) аспирации кон Македонија таква порака – не добија. Ниту Бугарија, ниту Грција, а најмалку Албанците, кои уживаат најширока американска поддршка и третирани се како врвни сојузници. Токму врз таа основа, како да се диригирани со далечински управувач – нивните политички лидери не демонстрираат ни минимална лојалност кон земјата.

Без такво предупредување од Вашингтон, аспирациите на соседите кон Македонија, остануваат некако „легитимни”.

20. Сите што тврдеа, во тие критични години, или што и денес вреват дека САД се ангажираат околу опстанокот на Македонија, дека се наш партнер... би требало барем да објаснат – зошто тогаш Вашингтон ја призна Македонија две години по Словенија, Хрватска и БиХ, а амбасадор во Скопје испрати по четири години? Поради финансиски тешкотии?

Поради Грција? Или, поради „стратегиско партнерство” со Македонија?...

21. Неодржливи се ставовите дека ако САД (и другите)

сакале да ги снема Македонците и македонската држава, тоа можеле многу лесно да го постигнат на почетокот на 1990-те години. Не е така бидејќи таков обид само ќе ги проширеше и засилеше војните што тогаш беснееја во регионот кои, во таков случај, можеа многу лесно да излезат од контрола. Ќе се инволвираа и соседите, чии традиционални претензии кон Македонија ќе дојдеа до израз и ќе го запалеа Балканот, со несогледливи последици. Исто како во 1913 година. Ризикот беше преголем, дури и за САД. Стравот го чуваше лозјето.

Гледано од тој аспект, мирољубивото однесување на Македонија беше од огромна важност за регионот бидејќи не дозволи тој да се запали. За возврат, не само што таа ништо не доби туку, еве, веќе 20 години, главните ја држат како монета за евентуално поткусурување, во финалниот постјугословенски расплет на Балканот.

22. Секаде и секогаш, САД водат американска политика.

Влијанијата од надвор имаат улога само кога кореспондираат со, и ги комплементираат, нивните интереси. Грција не е сила која може да има некаква позначајна улога во градењето на американската политика, без оглед на моќта на тамошното грчко лоби. Односот на САД кон Македонија недвосмислено ги открива нивните вистински интереси кон земјата и регионот, кои немаат подлабока врска со грчките. Напротив, политиката на САД кон Балканот, гладано долгорочно, е крајно опасна и за Грција.

Првостепена задача на нашата дипломатија, политика и наука е да се открива, анализира и прецизира американската политика во регионот. Без тоа, ќе се вртиме во круг.

23. Измислициите, од почетокот на 1990-те, фабрикувани главно во Грција, дека целосно независна Македонија претставува некаква опасност за мирот и стабилноста на регионот, беа лансирани за да може државата да се држи со недефиниран статус. Безбедносната димензија има силно влијание и изгледа уверливо. Тврдењата дека земјата носи иредентизам дури и во своето име, ги демантираше и самата „Бадентерова комисија”. Сепак, и денес, по 20 години, горе-долу, важи истата реторика кон Македонија. Ако на почетокот и можеше да се зборува за некакви безбедносни опасности, сега веќе секому му е јасно дека никого не загрозуваме. Изминатите 20 и неколку години тоа најдобро го потврдуваат. Четирите хеликоптери со кои земјата располага не беа и нема да бидат искористени за напад на Грција и за „ослободување на цела Македонија”...

24. Се покажа дека неодржливите почетни квалификации и

„аргументи”, користени против Македонија (во ООН...), беа чиста манипулација со единствена цел да овозможат реализација на одредени политики. Затоа, како носител на лиценцата за спорот, денес повеќе од кога било, Грција треба да ги реафирмира причините зошто Македонија треба да го менува своето име? Заедно со неа, истото објаснување треба да се бара и од главниот менаџер – САД. На тоа мора да се инсистира за да се види апсурдноста на целиот спор. Да се бара да ги стават на маса сите аргументи за да се види дали има каква било основа Македонија и понатаму да се малтретира, како досега. Меѓутоа, доколку навистина имаат издржани и разбирливи причини – зошто земјата и народот треба да се прекрстат, тогаш треба да се направи сè за да им се излезе во пресрет. Ако некој нè соочи со уверливи факти, не смееме да бидеме тврдоглави.

Меѓутоа, ако нема причини за наше прекрстување и разнебитување, а нема, тогаш треба веднаш да се прекине оваа срамна политичка трагикомедија.

25. Во контекст на признавањето на постјугословенските републики, интересни се и оценките на канадскиот политички аналитичар, Џонатан Пакин (Jonathan Paquin:

„Managing controversy – U. S. stability seeking and the birth of the Macedonian state”).

Американското одлагање на признавањето на Македонија, Пакин се обидува да го прикаже како резултат на принципиелна политика спрема „сецесионистички држави кои не демонстрираат јасна способност да ја одржат внатрешната и надворешната стабилност”! Тоа го аргументира дури и со тврдење дека постоела опасност од македонско-грчки воен судир! Во истиот текст, авторот го оправдува признавањето на БиХ, уште во 1992 година, но без да го применува истиот критериум, како и во случајот со Македонија за – „одржливост на стабилноста”. Не спомнува дека кога САД ја признаваа БиХ, земјата беше веќе длабоко поделена и конфронтирана и целосно нефункционална.

Војната беше на врата. Таа набргу започна и траеше околу три години. И на Пакин, како и на Вашингтон и на Брисел, двојните стандарди не им служат на чест. Обидувајќи се неаргументирано да ја оправда политиката на Вашингтон кон Македонија, тој паѓа во сопствената стапица.

III - САД НИ ГО ОСПОРИЈА ИМЕТО ВО ООН И НИ ЈА НАМЕТНАА РЕФЕРЕНЦИЈАТА, А НЕ ГРЦИЈА. ТИЕ ГО МЕНАЏИРААТ И ПОСРЕДУВАЊЕТО НА НИМИЦ А. ПРИЕМОТ ВО ООН

1. На 23 јули 1992 година, Владата на Македонија му достави на Собранието предлог за зачленување на земјата во ООН.

На 29 јули, Собранието донесе одлука согласно со која претседателот Глигоров, на 30 јули 1992 година, со писмо до генералниот секретар, Бутрос Бутрос Гали, официјално побара прием во светската организација.

2. Факт е дека Македонија доцнеше со апликацијата за прием, но тоа не беше по сопствен избор, туку според инструкциите на САД и на ЕЗ (од Вашингтон, Лондон, Париз, Берлин...). Овие земји не ја признаваа Македонија и со тоа не отвораа простор за нејзин прием во ООН, за кој истите тие и решаваа. Тоа беше маѓепсан круг. До крајот на 1992, „македонското прашање” беше во рацете на ЕЗ.

Откако, на нејзиниот декемвриски самит во Единбург, не успеаја да најдат решение, проблемот го префрлија во ООН, директно во рацете на САД. Не треба да се сомневаме дека и до тогаш, влијанието на Вашингтон беше силно, иако прикриено.

3. Американскиот нагласен интерес за Балканот, манифестиран преку поддршка на Албанците, за јавноста се откри нешто подоцна. Тоа, во никој случај, не значи дека Вашингтон не работел на случајот од самиот почеток. Тој нивни ангажман, во кој неизбежно е вклучена и Македонија, едноставно не дозволувал, во тие критични моменти, САД да се држат настрана од проблемите со кои беше соочена нашата земја. Со голема сигурност може да се тврди дека нивните регионални комбинаторики, што директно ја засегаат и Македонија, беа актуелни при распадот на Југославија. Тоа, впрочем, постојано се потврдува. Затоа, незамисливо е какво било дистанцирање на Вашингтон од процедурите кои ја одредувале иднината на Македонија.

Долгото непризнавање на државата, од нивна страна, докажува дека тие биле (нај)активен играч во процесот.

4. И задоцнето поднесената апликација за прием во ООН не беше во согласност со советите на главните фактори. Беше преуранета. И, така ја третираа. Повеќе од пет месеци генералниот секретар на ООН, Бутрос Гали, ја држеше во фиока и ја активира дури откако најдоа модус како да се оспори името на Македонија. Процедурата за прием ја отворија дури во јануари 1993 година. По најголема „случајност”, неколку години подоцна, Бутрос Гали доби некаква грчка награда која, ако сеќавањето не лаже, изнесуваше цел милион долари. Толку ја оценила Атина неговата помош околу забавувањето и условувањето на приемот на Македонија во светската организација. А тоа беше клучно за да созреат условите за да се осакати државата, со некаква референција.

Дали можел Гали сам да ја држи нашата пријава за членство, со месеци во фиока, без амин на САД, нека процени секој сам.

5. БиХ, Словенија и Хрватска беа примени во ООН на 22 мај