II - САД ВЕДНАШ ГИ ПРИЗНАА СИТЕ НОВИ ДРЖАВИ, ОСВЕН МАКЕДОНИЈА - Part 02
1992 година, без никаков проблем. За САД и другите, иако во БиХ веќе почнуваше војна, овие три држави не беа спорни. Македонија беше. Затоа доцнеше нејзиниот прием во ООН, а не поради некаква погрешна политика или дури и како намерно одложување, од страна на Глигоров, како сакаат случајот да го прикажат неговите противници во земјава.
6. Советот за безбедност (СБ) е врвен орган (Влада) на ООН кој, според процедурата, на Генералното собрание му ги предлага земјите кои треба да бидат примени. Составен е од 15 членки, од кои главни се петте постојани – САД, Велика Британија, Франција, Русија и Кина, кои имаат право на вето.
Другите десет се избираат со мандат од две години при што секоја година се менуваат по пет.
6. 1. Токму СБ го оспори името на Македонија и го суспендира неговото меѓународно користење. Велика Британија, Франција и Шпанија, како непостојана членка, во име на ЕЗ, предложија Македонија да се прими во ООН со референцијата. Формално, САД не беа директно инволвирани. Меѓутоа, дали некој смета дека ако Вашингтон имаше и минимални дилеми околу таквиот третман на Македонија, тоа ќе можеше да помине? Ако носителите на предлогот немаа американски благослов, дали земјата ќе влезеше безимена во ООН?
6. 2. Во работата на СБ недвосмислено доминираат САД, кои се и главни финансиери на светската организација. Таквата нивна позиција беше особено нагласена во периодот на приемот на Македонија. Во 1992-3 година, покрај Кина, која се држеше на страна и немоќната Русија, падната во хаос и пред банкрот, со апсолутна сигурност може да се тврди дека нашиот прием во светската организација беше менаџиран од САД. Се разбира, во договор со предлагачите од ЕЗ, чија
„заслуга” не смее да се минимизира. Грција немаше никаква (директна) улога во овој процес бидејќи не беше дел од СБ.
6. 3. Клучен аргумент дека САД беа инструментални во оспорувањето на името на Македонија е флагрантното кршење на нормалната процедура за прием. Иако со Повелбата (Уставот) на ООН е прецизно утврдено дека за членство е потребно исполнување на четири услови, кои Македонија целосно ги задоволуваше, на земјата и` беа додадени уште два нови!?! Таа беше класично уценета – во ООН може да влезе само без име! Токму врз таа нелегална манипулација и злоупотреба, беше оспорено името на земјата и со сила и` беше наметната обврска да бара решение за „разликата околу името на државата”.
6. 4. Никој во СБ не може да наметне непочитување на Повелбата и спроведување на нелегална процедура, освен САД. Нема друга таква членка. Ниту Велика Британија, Франција или Шпанија, ниту сите заедно, не можат да го сторат тоа ако орото не го водат САД. Грција е целосно надвор од тој мозаик.
6. 5. Слободно, без ризик да се згреши, може да се заклучи дека оспорувањето на името во ООН и наметнувањето на референцијата, беше менаџирано од САД преку нивни политички, организациски и координирачки ангажман. Сè друго беше техника и тактика. Нема никакви факти или аргументи за поинаква оценка. Впрочем, ако САД сметаа дека Македонија треба да биде примена со уставното име, референцијата немаше да постои. Или, доколку Вашингтон сметаше дека „замислата” на трите предлагачи не е добра, таа немаше да помине. Тоа потврдува дека сè беше претходно (макар!) договорено со САД.
6. 6. Начинот на кој Македонија е примена во ООН е историска црна дамка, срам за светската организација. За реализација на некакви политички интереси на одредени моќници, не се почитуваше Повелбата на ООН. Тоа, всушност, значеше грубо прекршување на меѓународниот правен поредок. Место ООН да бидат негови главни заштитници и промотори, тие го игнорираа. Обично, така се однесуваат – терористите. Тие се надвор од меѓународното право.
7. И уверувањето кое Бутрос Гали му го дал на Глигоров, при приемот во ООН, дека привремената референција е само за кратко, за неколку месеци, е силен доказ дека во прашање беше нешто друго, а не некаков грчки инает. Тоа е тежок блеф на Гали и, веројатно, не само негов, бидејќи тој работеше под туѓ диктат. Неспорно е дека во тоа има и наша (голема) наивност. Сепак, и многу други, и многу поголеми и поискусни – би поверувале. Секој би се прашал – зар е можно врвот на меѓународните политички структури да паѓа толку ниско? Бескрупулозно да лаже?
7. 1. Гледано од денешен аспект, може да се размислува дека горните ветувања и не биле целосна махинација. Решение, секако, не беше реално да се очекува за неколку месеци, но останува прашањето дали некои веруваа дека излезот сам ќе дојде за година, најмногу две? Значи, за исклучително кусо време. Дали само екстремистот Самарас беше убеден, како што отворено зборуваше, дека Македонија нема многу да издржи? Сега можеме одговорно да тврдиме дека – далеку од неговите оценки не беа и многу други политичари, аналитичари..., држави...
Дали во тој факт треба да се бара и нелогичното и неоправдано одолжување на САД со признавањето на Македонија? Веројатноста е голема. Зошто, инаку, скоро две години се толерираше нелегална блокада на нејзината јужна граница, кога веќе северната беше затворена со санкциите на ООН врз Србија? Сè беше подготвено Македонија да се задуши бидејќи нема развиени комуникации исток-запад.
8. Иако мнозина сигурно не веруваа, реалноста ги демантира ваквите очекувања, проценки, планови. Македонија опстои и релативно успешно се развиваше и покрај сите огромни надворешни пречки на кои наидуваше. Ги пребродуваше и длабоките домашни поделби, во добар дел стимулирани, диригирани и платени од странство, како и сопствените грешки.
Се потврди вековната приказна за неуништливоста на Македонецот.
9. Ова е можност да се одговори и на честите обвинувања во земјава, партиски мотивирани, дека премолченото прифаќање на референцијата, како услов за прием во ООН, во 1993-та, било предавство или некаква неодговорност на тогашното раководство. Во тоа нема никаква вистина, но е убав повод за продлабочување на, и без тоа, непремостливата поделеност меѓу Македонците.
Можностите за ново конфронтирање ние не ги пропуштаме!
9. 1. Уште пред распадот на Југославија, самата најава на целосно независна македонска современа држава веќе предизвика сериозни поместувања во регионот. Уште во август 1988 година Грција ги презеде првите мерки. Со декрет на тогашниот премиер, таканаречените „Северни Територии” беа прекрстени во „Македонија и Тракија” а три региони во новата административна поделба на земјата, од вкупно 13 добија нови имиња: „Западна Македонија”, „Централна Македонија” и „Источна Македонија и Тракија”.
Тоа е прв пат во Грција официјално да се користи името Македонија. Таму, тоа беше практично забрането бидејќи асоцираше на Македонците, кои, како малцинство, до денес не уживаат никакви права, а беа изложени и на вистински геноцид. На Грците им беше јасно дека независната држава, која се наѕираше, неизбежно ќе ги афирмира Македонците како посебен народ, нивниот јазик, култура, традиција... А тоа, според вековната грчка политика на нивно игнорирање, мораше да се спречи. За таа цел, со новите имиња, Грција стави до знаење дека ќе бара ексклузивност на името
„Македонија”.
9. 2. Значи, од самиот почеток, проблем беше македонскиот народ. Тој не можеше отворено да се оспори и затоа беше проблематизирано името на државата. Подоцна се покажа, а сега воопшто не е спорно, дека тоа не беше само грчки интерес и политика. Зад неа, како што се гледа и од овој материјал, со целата своја тежина застанаа прво САД, а веднаш потоа и Франција, Германија, Велика Британија...
Следува координирано непризнавање на новата држава која ги исполни сите услови за тоа.
9. 3. Оставена сама, во окружување на војни кои беснеат на подрачјето на поранешна Југославија, Македонија немаше никаков маневарски простор. Од Вашингтон, Париз, Берлин, Лондон... стигнуваа кристално јасни пораки од (нај)високо ниво – ако сакате во ООН, чие членство ќе ви отвори одредени перспективи (прием во ММФ, Светска банка...), не можете со името Македонија (со други зборови – не можете како Македонци). Ако не сакате под тој услов, одговорноста за иднината на земјата – ја сносите сами. Поголема закана и уцена од тоа – тешко може да се замисли. А земјата беше крајно осиромашена преку огромната инфлација која беше генерирана од Белград; пазарот на поранешната федерација беше загубен; девизните резерви не беа доволни за увоз на енергенти за месец, два, а без нафта државата ќе престанеше да функционира; границите на земјата беа блокирани – на север, поради санкциите на ООН врз Србија, на југ, нелегално од страна на Грција...
9. 4. Избор немаше. Одлучноста на главните меѓународни фактори, да не дозволат интегрирање на Македонија на меѓународната сцена, таква каква што е – беше неспорна. А, тогаш, прашањето не беше дали, туку колку ќе се издржи. Се броеше во недели, максимално во месеци, а не во години. Во исто време, соседите разговараа за поделба на државата... Во такви услови, секој нормален ќе бараше каков било излез бидејќи другата алтернатива беше – целосен колапс. Некаква кнедла мораше да се проголта за гол опстанок на државата.
9. 5. Приемот во ООН се реализира со оспорено име и со наметната референција која Македонија не ја прифати, туку само, премолчено, ја толерираше. Така, таа не ја обврзува Македонија. Толкав беше маневарскиот простор. Овој факт мора постојано да се нагласува. Ние никогаш не сме ја користеле ниту сме потпишале каков било документ со неа.
За нас, таа како да не постои. На другите не можеме да им забраниме да ја користат, бидејќи произлегува од документ на ООН. Меѓутоа, наше право, а уште повеќе обврска е да интервенираме при секое нејзино користење и да објаснуваме дека е таа нелегална, дека е наметната... и дека нашето историско и уставно име е, и за секогаш ќе остане – Македонија. Секое наше премолчување кога се користи референцијата значи и одредена согласност со неа.
Толерирањето, пак, на бесмислената и навредлива кратена (бјРМ) покажува дека сме неуки и без достоинство. Не смееме да дозволиме нејзино користење, каде било. Тоа е обврска на сите.
9. 5. 1. Непростива грешка направија нашите дипломати во Њујорк и Брисел (НАТО и ЕУ), по приемот во ООН, што дозволија место референцијата, набргу, масовно да се користи бесмислената и навредлива кратенка. Тие крајно сериозно ја девалвираа позицијата на земјата во спорот.
Преку ова подметнување, додека нашите спиеле, Грција (и не само таа) го постигнаа максимумот: да не се спомнува нашето име – Македонија.
Нашите дипломати во овие центри не само што покажаа краен дипломатски и политички аматеризам туку и недостаток на домашно воспитување. За да се спречи користењето на кратенката, не беше потребна никаква инструкција.
Тоа мора да му биде секому јасно. Не само на дипломатите.
9. 6. Поради целосно разбирање зошто беше проголтана референцијата, ќе направиме и одредена паралела на тогашните со денешните состојби.
9. 6. 1. Од надворешна гледна точка, големи промени нема.
Македонија и денес е изложена на жесток притисок, блокади и уцени да се прекрсти и Македонците да се откажат од самите себе. Сето тоа се постигнува со блокада на членството во НАТО и ЕУ и уцена со ултиматум – прво името, потоа членство. Се повторува истото што ни се случи и при приемот во ООН. Но, таква каква што е денес, Македонија може да издржи и успешно да се развива уште 100 години и без овие две интеграции, иако посакуваме и интензивно работиме што поскоро да станеме дел од нив. Во 1993 беше неспоредливо поинаку.
9. 6. 2. Од внатрешна гледна точка, работите се дијаметрално различни. Со високи девизни резерви, со релативно ниска задолженост, со имплементирање на динамични развојни политики кои се доволно успешни и покрај тешките кризи кои го тресат светот... Македонија оди напред и никој не може да ја запре. Денес имаме доволен маневарски простор и на сите кои сакаат да нè прекрстат, понижат и навредат, можеме одлучно да им кажеме – не! Така не можеше да се постапи на почетокот на 1990-те. Немаше ниту минимални услови за таква опција. Опстанокот на државата беше сериозно доведен во прашање. Денес можеме да бираме, тогаш не можевме. Во тоа време мнозина, вклучувајќи ги најважните светски фактори, не очекуваа државата да опстои. Сега, на сите им е јасно дека не можат да не урнисаат, иако на тоа сè уште упорно се работи.
9. 7. Секако дека никој не може да биде горд што во Њујорк бевме присилени да проголтаме оспорување на името и наметнување на некаква референција. Тоа, секако, беше тежок пораз за Македонија, но не само за неа. Многу повеќе беа поразени светската правда и демократија, а преку нив и САД, Франција, Велика Британија, Германија... Се работеше за нелегален чин, реализиран од нив со флагрантно кршење на Повелбата (Уставот) на ООН. Македонија немаше, ниту можеше да има, улога во тој процес и беше беспомошна. Се работеше за тајна и агресивна политика на најсилните. Затоа нема никаква основа за меѓусебно обвинување и нови македонски поделби бидејќи во 1993-та година, едноставно, немаше друг избор за спас на земјата. Таа беше жртва на бескрупулозни манипулации на главните светски фактори и ставена пред свршен чин, поради нивните нелегитимни и нечесни интереси. Прифаќањето на реалполитиката, веројатно, беше единствениот потег што овозможуваше каков-таков опстанок на државата. Сè друго ќе беше неприфатливо рискантно. Ова што е денес Македонија е најдобар доказ дека потегот беше правилен. Земјата успеа некако да го „амортизира” проблемот и, и покрај него, да продолжи да се стабилизира и развива. Да ги надминува и сите, од надвор, наметнати пречки, на кои продолжува да наидува.
Одлуката, по секоја цена да се остане надвор од ООН, во 1993 година, ќе беше опасна, според сите тогашни показатели. Тоа, секако, не значи дека ако се покажеше упорност (и инает!) – дека не можеше и повеќе да се добие?
Ама, Македонија не знаеше и не можеше да претпостави до каде се спремни да одат главните фактори со неа. А бевме апсолутно сами, без никаква позначајна подршка, од која било страна. Еден ден, кога ќе се отворат тајните архиви, ќе се види дали беше постигнат максимумот, иако сите неспорни индикатори (блокади, поделби...) не нудеа никаков маневарски простор. Од денешен аспект, не треба да има никакви дилеми и не треба да биде спорно: во 1993 се постапи – крајно разумно и одговорно.
9. 8. И денес, впрочем, се случува истото. Истите сили – а) не есапат ниту копенхагенски критериуми, кои самите ги донеле; б) ја игнорираат Привремената спогодба; в) не ја признаваат пресудата на Хашкиот суд; г) користат блокада, уцена и ултиматум, спротивно на сите демократски правила и принципи, само да се спречи приемот на Македонија во НАТО и ЕУ; д) повторно и повторно се ставаат надвор од меѓународниот правен поредок... сè со цел да се прекрсти Македонија... Сето тоа зборува за неверојатна концентрираност, пред сè на САД, за постигнување на сопствените регионални аспирации – на сметка на Македонија. Ништо не ги поколебува за да го постигнат невозможното. Ако пред 20 години, објективно – не можевме да им се спротивставиме, денес можеме. Секако, тоа не е лесно ниту од надворешни, ниту од домашни причини. Да се конфронтираш со единствената светска суперсила не е играчка. Наш силен хендикеп е фактот дека главната домашна опозиција е спремна да витка ‘рбет. Друга силна пречка се сè поотворените големоалбански аспирации на дел од албанските лидери. Тоа се и автохтони движења, но и активности директно диригирани од – Вашингтон.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/ulogata-na-sad-2/5 le 29 octobre 2026