Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

America's Role in Macedonia's Troubled Journey to International Recognition (1991-2013), Second Edition

V - 2001-та – КЛУЧЕН КАМЕН ВО МОЗАИКОТ НА АМЕРИКАНСКАТА ПОЛИТИКА КОН МАКЕДОНИЈ

Par Ристо Никовски · Partie 11 sur 27 · Environ 16 minutes

Lire en English

V - 2001-та – КЛУЧЕН КАМЕН ВО МОЗАИКОТ НА АМЕРИКАНСКАТА ПОЛИТИКА КОН МАКЕДОНИЈА

– или - И ЗА КОСОВО, И ЗА МАКЕДОНИЈА –

„ХУМАНИТАРНИ” ВОЈНИ!

1. Македонија направи сè за да ги избегне војните кои го следеа распадот на Југославија. & дозволи на ЈНА (Србија)

да однесе огромно наоружување, технички, транспортни и други средства... заеднички имот вреден милијарди долари, само за да се избегне конфронтација. И, место награда за мирољубивото и цивилизирано однесување, земјата беше и сè уште е жртва на туѓи интереси. Најстрашна беше 2001-та, кога се инсценира кратка војна, со катастрофални последици за Македонија.

2. Голем дел од тоа што со најголеми маки и откажувања и во незамисливи услови беше создавано во скоро 10 години самостојност, во 2001-та беше – фрлено во вода. Македонија беше вратена макар 10 години назад. Се разбира, не случајно. Терористите, подготвени и наоружани на Косово, ја нападнаа земјата и и` нанесоа непроценливи штети. Сè беше во режија на САД, кои ја реализираа својата политика на Балканот.

3. Армијата (АРМ) и полицијата на Македонија, доживеаја невиден срам во војната. Шака терористи, како што на почетокот ги нарекуваше генсекот на НАТО, Робертсон, ги изрезили и нив и сите политички структури на земјата – од врховниот командант на Армијата, истовремено и претседател на државата, целата Влада, Генералштабот, МВР... Мала банда платеници, од тетовското Кале, долго ја држеше заложник целата земја. Сите, за наши услови огромни дотогашни вложувања во безбедносните сили, се покажаа залудни. Се виде дека не сме имале безбедносен систем, туку сè било импровизација. Севкупното однесување на политичарите, во тие драматични и критични моменти, повеќе личеше на смислена саботажа отколку на организирана одбрана од агресорот.

Никакво оправдување не е фактот дека зад терористите стоеше единствената светска суперсила, САД. Впрочем, тогаш, како и денес, малкумина беа/се свесни или, барем, јавно признаваат дека беше така. Повеќето или не сакаат да мислат што ни се случи во 2001-та, или не се спремни да и` погледаат на вистината во очи.

4. Финале на невидената државна и национална бламажа беше начинот на кој беше подготвен и потпишан Охридскиот договор и, особено – неговата содржина. Од наша страна, него го договараа крајно неискусни, но максимално амбициозни персони. За разлика, Албанците користеа странски експерти.

А. САД И ВОЈНАТА ОД 2001 – АЛБАНЦИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА, НАДВОР ОД ПРОЕКТОТ

5. Војната во 2001 година е клучен сегмент и најдобар ориентир за вистинската политика на САД кон Македонија.

Таа е главниот камен во мозаикот. Со оваа војна, на Македонија и` беа нанесени историски штети пред сè на политички план кои, многу веројатно, никогаш нема да се надминат. Дадени се стратегиски и непринципиелни отстапки кои се – неповратни. Останува отворено и прашањето дали, можеби, тогаш беше скроена и судбината на земјата? Сепак, мора да се признае и дека првичната цел на војната – „ослободување на албанските територии”, а со тоа и разбивање на државата – не беше постигната. Тоа се случи, и покрај невидените слабости демонстрирани од македонска страна.

6. Во генезата на 2001-та, најинтересен и, по многу нешта, клучен е фактот дека Албанците од Македонија беа оставени надвор од проектот и целосно затечени со настаните кои набргу прераснаа во војна. Лидерите на нивните партии, ДПА и ПДП, на крајот, мораа да го потпишат рамковниот договор, иако, на почетокот, немаа поим што се случува. Тоа е и главниот доказ дека а) војната не беше за правата на Албанците во земјата и б) организатор на војната не беа Албанците, туку – Американците. Кој друг можеше Џафери, Тачи и другите албански лидери во Македонија да ги исклучи од таков, судбоносен настан од албанската историја, директно поврзан со нивната иднина?

6. 1. Без никакви дилеми може да се констатира дека ако Албанците, макар од Косово, беа вистинските иницијатори и водачи во 2001-та, а не некој друг, немаше никаква логика тоа да не го прават на паналбанска основа. Зошто тие би преземале таква акција без целосна координација со лидерите на сите Албанци од регионот, пред сè на македонските? Тогаш, тоа ќе беше сеалбански проект, каков што беше, на пример, и случајот со Косово и УЧК, кога тајните кампови беа во Албанија, а борците се регрутираа насекаде, дури и во САД. Доколку носители на агресијата врз Македонија беа Албанците, немаше основа некои да бидат вклучени во македонската експедиција, други не.

Своја улога ќе имаа и Тирана и Скопје (Тетово), а не само Приштина. Значи, планот да се удри на Македонија не можеше да биде албански, иако на Албанците потполно им одговараше и тие го реализираа.

7. За никого не е, ниту може да биде спорно дека планирањето, тренингот и сите други подготовки, поточно – целокупната логистика на ОНА доаѓаше од Косово. Силна потврда на горното е и фактот дека првите три месеци сите воени операции во Македонија се водени од Косово, со катадневно преминување на границата и враќање назад. Тоа покажува дека сè беше таму организирано и координирано, вклучувајќи го и транспортот.

7. 1. Да потсетиме дека сето тоа доаѓаше од протекторатот каде што, под команда на НАТО, на чело со американски генерали, имаше повеќе десетици илјади странски војници, меѓу кои грото – американски. Не треба одвоено да се нагласува дека на Косово, во сите сегменти, длабоко беа инфилтрирани и ЦИА и сите други релевантни американски разузнавачки, тајни и полутајни безбедносни служби. Ако е така, а така е, дали може да се замисли дека во целосно контролираниот протекторат некој можел војно да се подготвува, да се организира, да се наоружува и секојдневно, повеќекратно да ја преминува границата и да се инфилтрира во Македонија за водење вооружени воени дејства, и да се враќа назад – без знаење на САД? Возможно ли е раководството на ОНА, од Призрен, Косово, да води војна – во Македонија, без НАТО и САД да знаат за тоа?

Тоа е незамисливо.

7. 2. Работите сосема се разјаснуваат со првите пет соопштенија на ОНА, во кои се информира дека се води борба за „ослободување на територии”. Новинарот Дејвид Бајндер, во „Њузвик”, од 22 март 2001, го цитира Ахмети кој вели: „Нашата единствена цел е да ги отстраниме словенските сили од територијата што е историски албанска” (колумна на Џејсон Мико – „Враќање на колесек”, „Дневник”, 7 март 2013).

Во истата колумна, се цитира и статија на Патрик Бишоп, „Телеграф”, од 12 март 2001 („Македонија почна со напади”)

во која тој пишува дека „албанските бунтовници во Македонија бараат поделба по етнички линии и велат дека се подготвени да го втурнат Балканот во уште еден конфликт ако не се исполнат нивните барања”. Во продолжение, Питер Бомонт и Ник Вуд („Обсервер”, 11 март 2001) ја пренесуваат изјавата на Шкељзен Малиќи, истакнат новинар од Приштина: „Познати ми се идеологијата, менталитетот и мотивацијата на силите што го предизвикаа вооружениот конфликт во Македонија. Се запозна со нив, особено со емигрантите од Европа. Тие се обидуваат да ме уверат дека Македонија е вештачка творба, оформена за да и` се наштети на албанската нација. Тие тврдат дека принудната поделба на албанската нација е историска неправда. Таа неправда треба да биде исправена, велат тие, со поделба на Македонија на словенски и албански дел. На албанскиот дел треба да му се дозволи да се обедини со Косово или, уште подобро, да стане дел од една обединета албанска држава”

7. 2. 1. Во такви услови навистина немаше место во војната за Џафери и Тачи, па и за Имери, за ДПА и ПДП. Колку и да се тие, на свој начин, екстремни во однос на „албанското национално прашање”, сепак, тие се обидуваа преку институциите на системот, во кој беа вклучени, иако недоволно, да ги решаваат своите проблеми. Фактот дека не беа многу успешни на тој план, зборува за сериозни грешки на тогашното раководство на државата. Во земјата, по распадот на федерацијата, не се согледуваше доволно несоодветната позиција на Албанците во општеството и потребата од преземање итни мерки за надминување на состојбите. Тоа беше злоупотребено за да и` се овозможи некаков легитимитет на војната од 2001-та, иако тоа воопшто не беше поводот за неа. Нејзината основа е целосно големоалбанска и интерес на САД.

7. 2. 2. Преквалификацијата на „ослободителната војна” во

„хуманитарна”, божем за правата на Албанците во Македонија, е обична, провидна фарса бидејќи операциите од самиот почеток ги водеше и продолжи да ги води ОНА – Ослободителна национална армија! Ако првичната цел им беа некакви и нечии права, немаше да прават „ослободителна армија”, туку нешто друго. Името кажува сè: целта била да се – „ослободува”! Терористите на Робертсон, водени од менторот, ја променија декларираната цел на војната, но немаа услови да го сменат и името на армијата дадено според првичните намери!

7. 3. Не треба да биде спорно дека само Вашингтон можеше да ја започне војната без да ги вклучи и Албанците од Македонија и да го „смени” нејзиниот карактер. Тоа е и извонреден доказ дека првичната, вистинска намера беше – ослободителна. Ако тоа успееше, неучеството на локалните Албанци, немаше да биде никаков проблем, ниту ќе дојдеше до израз. Тие ќе ги „уживаа” плодовите на „ослободувањето”, без сопствени жртви. Како „заборавени”, ќе беа незадоволни, но целата операција немаше да излезе нелогична и бесмислена.

7. 4. Планираното разбивање на Македонија најлесно можеше да се организира, а така и се постапи, со пререгрутирање на дел од силите на УЧК (тие по потекло од Македонија имаа предност!), сега веќе префрлени во Косовскиот заштитен корпус (КЗК), всушност косовската армија. Тие ем беа добро истренирани, ем искусни од војувањето на Косово, ем навикнати да го користат најсовременото американско оружје со кое располагаа, според странски експерти (на пример, пушки со ноќна опрема), ем некои од поранешните борци веќе немаа работа... Така се создаде – ОНА. Подоцна, таа се ширеше и со Албанци од Македонија.

8. Според сите индикатори, согласно со направените планови, очигледно се очекувало брзо постигнување на целта. Веројатно се сметало дека, со војната, политичката поделеност кај Македонците уште повеќе ќе се продлабочи, ќе го оневозможи функционирањето на системот и така (лесно!) ќе ги „ослободат” саканите територии. Иако предвидувањата беа во голема мера точни, намерите на агресорот не се реализираа. За некои, во Вашингтон (и не само таму), крајно неочекувано, Македонија не се распадна.

9. Потврда за американската длабока инволвираност во војната од 2001-та е и фактот дека САД веќе ја имаа „освоено” АРМ со своите наемници од МПРИ и сметаа дека можат да прават што сакаат. МПРИ (Military Professional Resources Inc.) е, формално, независна организација на американски воени ветерани која, меѓутоа, во еден (добар!)

дел работи под диктат. Таквите приватни компании добиваат лиценции за работа од Стејт департмент и Пентагон, а потоа, за пари, работат каде тие ќе им кажат. Тоа е водење војна со посредник. По препорака на Стејт департментот, одат секаде каде има кризи и проблеми. Во колумна, полковникот Дејвид Хекворт (David Hackworth) за МПРИ напишал дека „... во поранешна Југославија оперира под сенката на Пентагон и ангажирана од Стејт департментот” (на интернет – Wanted:

guns for hire. Или на http://hackworthe.com/09jul01.html).

Така дојдоа и кај нас. Во 1998, Владата потпиша договор со МПРИ, нели, за да ја реформираат АРМ според стандардите на НАТО. Ветераните дојдоа во Македонија во 1999 година, со специјални и многу поамбициозни задачи. Тие, како ќе согледаме со големо задоцнување, всушност играа улога на – тројански коњ. На голема врата влегоа во АРМ и Генералштабот и, со сè што правеа, всушност, ја спремаа војната од 2001-та. Ја подготвуваа Македонија – што побргу да биде поразена.

9. 1. За да се разбере тоа, треба да се знае дека МПРИ, претходно, веќе долго беа во Косово. Прво беа ангажирани во создавањето на УЧК и тренингот на нејзините припадници, во тајните камповите во Албанија, потоа во војната и, на крајот, и во КЗК. Во 2001-та тие „хармонично” го координираат „ослободувањето на албанските територии” во Македонија, и од Скопје и од Приштина. При евакуацијата на неколкуте стотини терористи од Арачиново, реализирана по налог на НАТО (САД), за таму да не бидат заробени, во нивните редови имаше 17 американски

„инструктори”!

9. 2. По доаѓањето во Скопје, МПРИ направиле сè да ја неутрализираат моќта на нашата армија и на Министерството за одбрана. Подолу, во текстот, изворно и детално, тоа ќе ни го раскаже генералот Панде Петровски.

9. 3. За сега, само да констатираме дека екипата на МПРИ во Скопје била во постојана, непрекината врска со своите колеги (МПРИ) на Косово кои, пак, ја создале ОНА и заедно со неа ги воделе операциите во Македонија. Така, организаторите на војната располагале со најдоверливи податоци за движењето на едниците на АРМ, за нивниот распоред и заземени позиции... сè до степенот на морална, политичка, безбедносна и воена подготвеност за одбрана на земјата. Слични информации праќале на Косово, и во ОНА, и за состојбите во државните структури. Тоа било од непроценливо значење за агресорите. Со МПРИ во своите редови, македонските безбедноси сили со отворени карти се бореа против терористите! Но, на теренот и тоа не се покажа доволно. Калкулаците им излегоа нереални. Македонецот, пак, испаднал пожилав отколку што го сметале!

9. 4. Во секој случај, кога МПРИ и нивните наредбодавци од Пентагон согледале дека главната цел е недостижна, агресијата ја трансформираа во „хуманитарна” операција.

Волкот се преслече во овца.

10. Тоа е уште еден, врвен доказ дека зад целата операција стоеја САД, а не Албанците. Доколку војната ја менаџираа самите Албанци, тие во никој случај немаше така лесно да се откажат од првичните намери. Во најмала рака – не така рано. Тие ќе направеа сè за да го завршат големоалбанскиот проект, да отцепат дел од Македонија, рескирајќи и поширока конфронтација. За разлика од нив, како вистински кормилари на војната, САД не беа спремни да преземаат преголеми ризици. Тие се врвни прагматичари кои бргу се приспособуваат на условите и затоа преминаа на планот „Б”.

Според него, целта треба да се реализира преку рамковниот договор. Првичната задача не се исполни и со него го трасираа патот таа да се оствари во не толку далечна иднина.

Постепено.

11. Со промена на целта на војната, на виделина излегоа сите скриени намери и лаги. Како може да се зборува за нејзин „хуманитарен карактер” ако во неа не се вклучени Албанците од Македонија, кои би морале да бидат и водачи на бунтот или војната? Кој може од странство, и со каков легитимитет, да се бори за нивните човекови права – без нив? За какви тоа права се работи ако најзаинтересираните не се инволвирани и не знаат ниту што се случува? Така, со промена на целта на терористите, како ги нарекуваше Робертсон, проектот остана без темел. Не е ли тоа извонреден доказ дека некој друг стоел зад планот наречен „ОНА”, или зад 2001-та, а не Албанците?

12. Албанците во Македонија беа дел од политичкиот систем. Беа пратеници, министри, директори на јавни претпријатија... и немаше никаква основа, ниту логика, без конкретен и издржан повод, одеднаш да земат оружје во рака и да почнат да пукаат во колегите со кои до вчера седеа во Собранието, Владата... (Иако такви се појавија во редовите на ОНА). Второ, немаше критична маса на незадоволство бидејќи, невообичаено, во тој период меѓуетничките односи во Македонија беа на ниво на завидна меѓусебна толеранција, иако имаше многу нерешени прашања, витални за Албанците во земјата, кои бараа посветеност. И трето, меѓу Џафери и Тачи, од една и Ахмети и Велиу, од друга страна, немаше никаква шанса да се најде заеднички јазик за отпочнување на војна. Тоа беше исклучено како можност.

Додека тоа не го наметнаа САД (Фровик), Џафери немаше никаква потреба да разговара со Ахмети.

Овие елементи од 2001-та ниту денес не се доволно познати, а камоли тогаш. Тие го разоткриваат сценариото кое беше реализирано во војната која сè уште никој не ја истражува и анализира. Во 2001-та, никој немаше поим за сите овие детали кои длабински го скенираат настанот.

13. Народот убаво рекол – волкот го менува влакното, но не и табиетот. Така и САД, нашите „партнери”, го сменија карактерот на војната, но не и целта. Неа само ја приспособија на новите услови. Задачата се преформулира:

ако веќе не можат териториите веднаш да се „ослободат”, треба сè да се подготви тоа да се случи подоцна. И, така се постапи.

13. 1. Ако не порано, тогаш сигурно во тие мигови на формална промена на мотивот на војната, САД започнале со подготовка на текст кој на крајот ќе се нарекува „Охридски договор”. Преку целосно рекомпонирање на државата, најден е софистициран начин да се отворат реални можности, во одреден период на време, да се освојат и териториите.

Отворени се процеси на албанизација кои, со текот на времето, ќе ја федерализираат земјата и директно ќе создадат простор за „легално” прекројување на границите.

Дали некој се сомнева дека токму тоа ни се случува, сите овие години, по 2001-та?

14. Шестото соопштение на ОНА, кое војната ја трансформира од „ослободителна” во „хуманитарна”, отвори простор за вештачки легитимитет на агресијата. Така,

„хуманитарците” веднаш добија отворена поддршка од САД и НАТО. Доаѓаат нивните експерти, како Питер Фејт и други слични типови, сите разузнавачи, кои целосно ги поддржуваат и работаат за довчерашните терористи. Со голема сигурност може да се тврди дека тие и претходно, иако тајно, блиску соработувале со нив. Сега прават сè за да им помогнат да ја постигнат новата цел – Охридскиот договор. Сè е веќе јавно. Без скрупули, користејќи ги и НАТО и ОБСЕ... САД ги реализираат своите (до вчера прикриени) планови. Државата е во војна, блокирана, и тие прават сè што сакаат вклучувајќи и (недокажано!) исфрлање на опасен отпад од нивните хеликоптери, во македонските езера.

15. Доказите за американската инволвираност во војната од

2001-та се бројни и доаѓаат од разни страни. На пример, според тајни документи кои протекле во Холандија, Кристофер Делисо (Christopher Deliso) напиша дека „...постојани телефонски контакти биле регистрирани меѓу водачите на ОНА и високи американски претставници. Дел од нив биле снимени од европски тајни служби. Кога Американците дознале за тоа, ги прекинале врските. Веднаш, меѓутоа, ОНА ја снабдиле со компјутери со вградена телефонска технологија и комуникацијата продолжила”.

(Делисо е американски новинар кој живее во Скопје и има напишано повеќе книги за земјата).

Втор случај е холандскиот новинар истражувач, Хуб Јасперс.

Тој, според „Нова Македонија”, од 10 декември 2012 („Хаг се исплаши од мојата приказна за УЧК во Македонија”), направил интервју со командантот на КФОР, германскиот генерал Клаус Рајнхарт, кој служел на Косово. Тој му рекол дека „знаел дека некои борци од УЧК заминале да се борат за ОНА во Македонија”. Кажал дека – „често кога КФОР ќе уапсел некој од борците на УЧК што заминале да се борат во Македонија, наредниот ден Американците му наредувале да ги ослободи”. „Наредбите за тоа стигнуваа од највисоко рангираниот американски офицер за Европа”, му рекол!