ГЛАВА 22 - Part 03
Имено бригадата доби наредба да влезе на албанска територија со цел западно од ридовите на селото Лабаница да се пробие до Смрдеш и да го затвори патот за повлекување на единиците на ДАГ во Албанија. Во јуриш ги зазеде албанските села Трстеник и Капештица. Единици на албанската армија и месното население, на кои им се придружија и единици на ДАГ, ги принудија единиците на владината војска со големи жртви во убиени и ранети да се повлече од албанската територија.
Владините сили беа принудени да се повлечат и се до пладнето вршеа средвање на редовите и пополнување. По извршеното прегрупирање и по силното авионско и артилериско бомбардирање на позициите на ДАГ, трите бригади на IX дивизија, во 21,00 часот на 12 август тргнаа во напад.
Западно од реката Белица, во текот на денот владините сили не забележаа никаков успех.
Напредувањето на IX-та дивизија е спречено. Со оставените на војното поле 350 убини војници и офицери, дивизијата беше онеспособена за натамошни дејства.
На12 август владината војска не забележува големо напредување.
Силите на ДАГ, исто така по цена на големи жртви, успеаја да ги задржат своите позиции со што ја зајакнаа внатрешната одбрана, спречувајќи го противникот да го заземе Смрдеш и да се пробие насока на планината Врба со што го задржаа отворен просторот за повлекување во Албанија.
* * * Во текот на денот, 13 август, од Чука и Лисец единици на III владина дивизија слегуваат и се префрлуваат на Превал и Врба без поголем отпор на спротивната страна. По заземањето на ридовите лево и десно од Превал без задржување тргна кон селото Оровник, но пред тоа воспостави контрола на џадето Брезница – Желево – Псодери, создавајќи услови за затворање на обрачот.
Истиот ден, во попладневните часови единиците на ДАГ, зазедоа борбени позиции на крајните западни ридови на Мали-Мади и издолжениот рид Мази, кота 1676, десно од Превалот, со цел да го обезбедат повлекувањето на големите единици на ДАГ.
* * * Утрото на 14 август почна општото повлекување на единиците на ДАГ. Насока - селото Смрдеш планината Врба, Превалот, Езерото Мала Преспа. Сите единици кои се ноаѓаа северно од Превалот, па се до Бела Вода се повлекуваа во насока на селата П’пли – Рудари – Штрково – Герман – Р’би. Цел – со трчање да го прегазат рамниот и гол простор меѓу двете препански езера за да преминат на Полуостровот. Единиците јужно од Превалот се повлекуваа во насока на селата В’мбел - Смрдеш – Албанија.
Обессилени, обезумени, озлобени и огорчени тие се под оганот на противничкото воено воздухопловство, артилеријата и тенковите.
Вечерта на 14 август, освен Полуостровот, целата преспанска котлина беше под контрола на владината војска.
ГЛАВА 24 Покрај неа зачекори непознат маж. Тој го помести шмајзерот обесен преку рамо, ја погледна косо и се обиде да се израмни со нејзиниот чекор. По патот – нерамница, покриен со искривени и испреплетени корење длабоко вжилени во сувата и правлива земја.
Две чекорења – едното тивко, нежно, ситно, битисано, тапливо, старечки несигурно и одвај чујно, со затрусан чекор го тера својот од. Другото – со десната нога разлабавено, колебливо, нерамно, развлечено, а со левата – достојно, рамно и тешко, обележано од големиот поткован војнички чевел. Крцка дрвената нога. Под коленицата до крв се врежани дебелите кожени ремени. Жената подзастана, се исправи, одврза црна шамија, подзамижа очи и со дланка избриша пот. Застана и тој. Поднамести шмајзер, со левата рака го измазни небриченото лице, со насолзени очи погледна на сонцето и рече:
-Само кураж… само кураж… - тој откинато го влече секој збор, небаре го џвака. Се сврте кон неа, а таа веќе беше тргнала пред себе. Ја измери со погледот и продолжи: - И ти ќе стигнеш кајшто ти е пишано… - прекина со зината уста, чиниш нешто заборави. Го откопча пагурчето од појасот, голтна две-три голтки, се исправи, пак погледна на старата, пушти долг чекор и кога се израмни со неа, врза збор: - Само кураж и макаршто патот е правлив, ти сестро, оди пред себе и не гледај зад грб… Само кураж… Ете, и сонцето уште еден остен и ќе го снема зад планината… А денес ноќта ќе биде мирна… цеди тој неврзано. – Само во нашите уши ќе одѕвонуваат вчерашните и завчерашните и претвчерашните рафали, грмежот на бомбите и тресокот на пукањето што доаѓа од сите ридишта и планински врвови… Кураж и само полека – мрмори човекот под нос – и макаршто ти тежи веленцето, ти продолжи си по правливиот пат се додека не згасне горештината и не падне првата роса. А ако ти се случи во ноќта тивко што ќе падне, да паднеш и ти, сама, меѓу несвои, тогаш сигурно туѓите ќе ти оддадат последна почит и ќе ти го украдат веленцето. Врз тебе ќе фрлат шепи испечена и испогазена земја или ќе те покријат со малку суварки и малку гранки зелени, скршени на брзина или камење ќе фрлат брз тебе… Ете, не си војник, ама ако паднеш на овој правлив пат што го испогазија војници, ќе имаш погреб војнички, погреб наш, партизански…
Студено намерниците ќе погледнуваат на тебе и ќе продолжат натаму кон непознатото по овој или по оној правлив пат што не враќа…
Тој подзастана, ама не го прекина одот. Го откопча пагурчето и ѝ даде на старата да голтне. Таа ги навлажни само усните и го накисна едниот раб од црната шамија. Одејќи, одвреме навреме со влажната шамија си ги омекнува испечените усни за да го тргне од нив оганот и да ја подгасни жедта; колку за да омекне сушато што ја пече. Човекот го префрли шмајзерот на другото рамо и небаре зборовите му тежат повеќе, длабоко воздивна и невоздржливо ја куражи сопатничката:
-Од овие планини и од овие ридишта нема да има пукотници.
Ех, мајче, стегни душа додржи… Кураж, уште малку и ќе го снема сонцето што така не пече, ќе се смрачи, а тогаш ноќта ќе биде мирна… Ајде, оди по мене. Горештината опаѓа и наскоро ќе зароси роса, а дотогаш не се свртувај и не ги слушај истрелите.
Тие таму носат само смрт. Гледаш, тука еднаква е земјата – каменеста и тврда и патот правлив, истапчен и чиниш никаде не му се гледа крајот… Само, ете и јас, будалиот, што така без престанувачка си дрдорам, не знам и јас, кутриот, дали некој и таму каде што си тргнала, ќе дознае зошто си го понела ова излитено веленце? – Прекина. Тишина и во неа само одвај чујното шиштење на нивните чекори. Пред нив како црн облак полека се движи бегалскиот бран. Оттаму допираат довикувања, плач на доенчиња, рикање на добиток.
-Ами, да те прашам, мајче. Како ли те викаат?
-Крстовица… - рече таа тивко и продолжи пред себе без да го прифати разговорот.
Едно време одеа еден до друг, така полека, што се чини дека само сенки се движат. И колку повеќе се издолжува патот, толку повеќе таа заостанува зад него, а нему му се присторува дека од некоја дална далнина допираат нејзините засркнато испрекинати зборови. Тој слуша и молчешкум, газејќи пред себе, ретко свртува поглед. Застана. Седна. Се навали на подгниената пенушка. Го одрами шмајзерот и го потпре на коленото. Таа довтаса, застана до него. Стои. Молчат.
-Така… - го прекина тој молкот. – Изодивме што изодивме и стигнавме дотука. Дотука, велам, зашто дотука е наше. Натаму само чекор или два, толку остана од тоа наше. И толку од големите и окрилени надежи… Гледај и нагледај се; радувај се и изнарадувај се, се додека сме во наше, во наше, се уште во наше и само не плачи. Ако го пречекориш овој појас, нема да имаш причина за радост, а ќе имаш време за плачење и тагување и колнење, та, затоа, сега, мајче, сега радувај се, радувај се додека сме во наше, се уште во наше. Отаде е туѓо. Сал со еден чекор го превали ли овој обраснат појас и влегуваш, мајче, во туѓо…
Седни, здивни… Седни, мајче, седни, да здивнеме заедно. Патот од под нозе не бега… И тој е судбина и клопче некое или како што е пишано… Седни, седнати да си поприкажеме… Збор да сновиме… Седни, де, здивни, патот под нозе не ти бега и судбина ти е да го доодиш… Така, велат, е пишано. Судбина, се вели…
Дојди, седни и дај го тоа клопче што го имаш втиснато во пазувите, заедно да го одмотаме; не го криј, дај ми го. Тој црвено-црн конец зад нас да го пуштиме, на овој камен-карпа или на тоа дрво-даб да го врзиме и по него, како што слепиот, удирајќи со стап наоѓа пат, така и ние, држејќи се за конецот да си се вратиме по патот што ќе не доведе до изворот од кој се откорнуваме…
Дојди, рамо ослободи од ортомата што те сече, спушти го тоа црно котле, одрами ја торбата и веленцето постели го ширум. Дојди, седни, збор да прозбориме. Каде сме? На крај пат, ама се уште во наше и, изгледа, на пат во туѓо, што не води туку оддалечува од дома. На, фати и држи го конецот на споменот, се додека некој од мртви раце не ти го земе, небаре ќе ти откине усвитена желба. Ах, мајче, гледам клопчето привршува и конецот – врвца е при крај.
Оддиплувај ги листовите на споменот и стегај душа, стегај срце, секогаш така велеа нашите стари, велеа, кутрите, и болката ја преточуваа во песна. Седни. Ти трепери брадичето и солза под око ти стежна. Ти треперат брчките на чело, ти потреперуваат усните и што ли сака устата да изусти и зошто ли опулот ти е немирен и лут? Сака ли некој место молитви и блазосувања – проколнувања да фрли? Нека гракаат гавраните и над нас нека летаат и кружат орлите-мршојадци и оттаму од висините нека одбираат мрша. Од родот наш ние не сме први и дај Боже, да сме последни. Каде сме?
На пат? На чиј пат? До дома не води или не оддалечува? Дај, ајде, дај го клопчето да пуштиме конец… Можеби утре по конецот ќе се вратиме во нашата дома? На, држи го конецот, држи го се дотогаш до кога некој од мртвите раце не ти го откине… Ти го одзеде ли, тогаш ни пат за дома нема да најдеш. Ќе ти остане само пустата желба и гајлето големо. Ах, мајче, клопчето е малечко и конецот-врвца златно-сребрено врз бело и црно се ниже како судбата наша вчера и денес. Отпуштај конец, оддиплувај ги пожолтените листови на споменот и место молитви и блазосувања
– проколнувај, зашто и во колнежот се чува вистината и споменот.
А што е споменот ако не е желба за опстанок, ако не е сенка што се влече од минатото…? Нека гракаат гаврани и со остар поглед орлите од висина нека одбираат мрша… - последните зборови ги изусти небаре се остаток од издишка. Секна неговиот глас, главата ја зафрли назад. Крстовица исплашено го погледна, му го допре челото. Од неговиот појас го откопчи пагурчето и врз неговото лице истури цел грст.
-Гори… има оган… - рече таа колку за себе. – Гори… треска го фати… - таа ја одврза и ја симна од глава црната шамија, ја навлажни со остатокот вода од пагурчето и ја посла врз неговото чело и лице. Под дланката чувствува топлина. - Гори, има оган – повтори и немоќно погледна наоколу. Освен правта што остана од луѓето кои скоро трчаница поминаа крај нив, не виде никого. Пак го допре неговото чело. Шамијата речиси сува.
Непознатиот се помрдна и како да не беше ништо, подигна глава, отфрли шамија од лице и со изморен, истоштен и поспан глас, праша:
-Јас, мајче, изгледа сум дремнал, нели? – Не чека одговор.
Погледна на синото небо, потоа наоколу, со поглед ја прибра вжарената земја и прашината над неа и, обидувајќи се да ја врзи прекината мисла, рече: - Конецот-врвца од клопчето го отпуштивме и со него обедежавме пат до тука. Малечко беше клопчето и конецот го довлековме до тука, а пред нас кој знае колку долг пат се влече, по какви долови и ридови, по какви шуми и трапишта… Отпарај, мајче, отпарај, конец од веленцето и со него да го бележиме патот за дома, трагите прашина ќе ги покрие;
патот воѓе ќе го излокаат, парај конец од веленцето за да знаеме по кој пат да се вратиме дома… - Грч му стегна грло и тој замолкна.
Изгубено гледа во небото. Длабоко вдишува и вели: - Отпарај, мајче, отпарај конец од веленцето за да го обележиме – не доврши мисла. Старичката го прекина со остар глас:
-Тргни ја таа валкана рака и не смеј да погледнеш на веленцето! Се најде кој да бележи пат… го обележавте вие и тие…
- Не кажа кој. Во грлото ѝ застана клетвата. Стана. Го нарами веленцето и без збор појде и не виде дека очекори отаде меѓата што пред неа ја беа испогазиле толпи искорнатици. Не гледа назад.
Оди по правливиот пат, а тој без збор се довлече и члапа покрај неа.
Чекорат полека. Еден до друг. Повремено старичката застанува да избрише пот и подлабоко да здивне и на грб да го донамести веленцето. Одат. Тој ненавикнат на бавен чекор, се обидува да ѝ додржи од, ја додржува кога се сопнува, а таа со засркнат глас, со испрекинати зборови почна дараскажува… Раскажува, оддиплува дипли од тоа што беше нејзино вчера. Тој слуша и молчешкум, газејќи пред себе, ретко погледнува на старичката. Сонцето скоро се симна за еден остен. Горештината попушта.. Тој застана и седна. Го одрами шмајзерот и го потпре на колено. Старичката, наведнувајќи се, го спушти на земја веленцето, избриша пот од лице и стои. Гледа на толпата луѓе собрани во шумата.. Тој извади тутунќесе, од весник скина парче хартија, свитка цигара и запали.
Вдишува длабоко и полека испушта смрдлив чад. Плука настрана.
И пак влече и пак плука. Задржа поглед на синото небо и со подзамижани очи тој праша:
-Велиш веленцето ти е даровно и на него си ги израснала и чедата и внуците? И дека и куќата си ја оставила отворена и жарот што тлееше во огништето си го покрила со пепел? Ќе тлеат жарчињата во спузата. Ќе тлеат и ќе чекаат. Пули, шумата се празни. Стануваат луѓето и фаќаат пат. Ајде, ајде да станеме и да го фатиме патот што не чека. Ете, така, де, префрли си го веленцето на другото рамо за да не ти отрпне раката со која го носиш тој црн ѓум. А кога ќе ти речам да застанеш, подзастани колку здив да прибереш. А сега, ајде, да појдеме и ние и не свртувај се, не гледај зад тебе. Таму, зад нас, се е во чад и пламен.
Оди и не гледај зад тебе. И пак, велам, ако паднеш, своите или туѓите ќе те предадат на земјата и ќе ти го украдат веленцето. И велиш ќе се вратиме дома, во старата куќа, ќе ги откриеме жарчињата и ќе го распалиме огништето? Велиш дека тогаш ќе го постелиш веленцето на кое ти израснале чедата и внуците… И велиш, мајче, дека најстариот лежи под некоја карпа на Иван Планина? А знаеш ли која е таа планина? Погледни десно. Ете, таа што високо се извишува е Иван Планината… Таму го распарчила италијанската граната? А за двата внуци ти рекле дека лани останале на Бел Камен и дека внуката ја виделе на Чарно легната врз автоматот? И велиш дека имала руса коса, големи сини очи, бело лице и блага насмевка? Ех, мајче, таму на Чарно многу црносаа и гламносаа во жив оган и вивнаа пламење… И на Трескавец и на Аљавица и каде не по ридиштата на Грамос…
Човекот како да сака да ѝ олесни на сопствената болка и на маката што ја влече со себе, ги повторува и ги преповторува зборовите на старичката и, тврдо газејќи напред, не свртува опул зад себе. Тој добро знае што станува таму. И ако пред него застане некој командир, кој како него сега талка по беспаќата на приграничната земја, ако застане пред него и му рече: - Назад, кучкин сине, назад! Назад на позиција! – тогаш нему нема да му затрепери око – на лево круг и пак ќе продолжи по правливиот пат назад се до местото каде ќе му биде наредено да загине. Осум години не одрами пушка и веќе навика му е да слуша и да извршува. На помлади години дури и не сакаше да размислува. Кој војник е војник ако размислува? Во која војска војниците ги учат да размислуваат? Војник – се знае: - Разбирам и смеам ли да прашам? Така, да слуша и да извршува, но не и да размислува, тоа му беше во крвта. Ама подоцна, кога созреа, најпрвин во партизанските одреди на ЕЛАС, потоа во Егејската бригада, па служејќи во Југословенската народна армија, а потоа и во народната милиција, размислуваше, а размислувањето понекогаш беше рамно и на неизвршување на наредба. Офицерски еполети на рамо немаше никогаш. Осум години обичен прост војник, никогаш ненајаден и секогаш хранител на вошки. Илјада деветстотини триесет и седмата му ја облекоа грчката војничка униформа; го вежбаа, значи го учеа да убива, како во сите војски, велејќи му дека тоа е чесно и го убедуваа, како во сите војски, дека неговиот живот е највредното што го има и треба да го даде за патридата.
Наредната година, триесет и осмата, нешто ѝ згрешил на патридата, та затоа му ја соблекоа војничката униформа, му облекоа затвореничка. А зошто? Затоа што во единицата во која служеше имаше неколку ендопји со кои си прикажуваше на мајчиниот јазик, на македонски, де. Водникот кој потекнуваше од неговите места, двапати му прости и го потсети дека тоа е забрането. Знаеше дека е забрането, ама кога налутен од нешто опцу на тој свој мајчин јазик и малку поднапиен запеа в кафеана “Слушам кај шумат буките”, додуша тивко, ама доволно гласно за да го слушнат некои, на шест месеци го пратија во казнена единица во еден од логорите на сувите острови во Егејското Море.
Тие шест месеци му значеа многу. Запозна многу постари мажи од себе, неписмени и учени. И секој од нив на свој начин му ги објаснуваше кривовштините што ги прави државата (некои тоа го нарекуваа ненародниот режим) и му објаснуваа зошто народот е сиромашен, ненајаден и лошо облечен и дека сите треба да бидат еднакви, сите да имаат работа и плата, а не така како што е сега – ти работи, а некој друг да се богати и богато да живее. Зборовите општество и пролетерска револуција тешко ги разбираше, ама се чини дека токму во тоа неразбирање и несфаќање се криеше некаква таинствена моќ од која извираше убедувањето. Во простата и се уште неизвалкана душа на овој обичен македонски селанец, токму тие непознати зборови влеваа сигурност и вера.
Најмногу му се бендисуваше тоа дека во тоа ново општество на секој денот и ноќта праведно ќе му бидат распоредени: осум часови работа, осум часови спиење и осум часови учење и забава.
А бидејќи не беше и толку мераклија за учење, последното го прифаќаше со мешани чувства. Освен ова се беше разбирливо, ама крајно и беспоговорно ја прифати вистината дека во тоа општество сите ќе бидат еднакви. – Што сакаш подобро од еднаквост? – си мислеше. Има ли подобро од тоа да си еднаков на пример со еден генерал? Алал му вера на тој што измислил такво општество. Баш убаво, мајката. По шест месеци, тие кои го казнија, убедени дека е превоспитан, го вратија во единицата во која се најдоа и други како него – со вперен поглед во иднината и со главите полни со правди што одвај ги разбираа, ама воодушевено и во доверба и проповедаа. Пролетта, илјада деветстотини и триесет и деветтата му одрамија пушка, му ја пресоблекоа униформата и во своите селски излитени алишта стаса в село, дома. Беше Велигден. По богослужбата, на средсело, на вигната, засвирија тапанџиите. Тој од паричникот извади илјадарка, плукна токму таму кајшто беше ликот на кралот, му ја залепи на чело на Дуро, стариот кларинетист и му рече:
-Бајрачето, свири го бајрачето!
Се фати прв на оро. Го поведе лесно, потскокливо, живо и колку што се разви ороводниот гердан, одеднаш пресекоа свирките. Астиномот застанат до тапанџиите, полека и одмерено удираше со камшикот на отворената лева дланка. А тој спушти нога подигната за следниот чекор во орото, се исправи, му затрепери десниот образ, веѓите му се смуртија. Развеаното шамивче го собра в дланка и со одмерен и сигурен чекор појде на кај тапанџиите. Со налутен ама тивок тон рече:
-Продолжете да свирите!
Стариот кларинетист, ѓуптинот Дуро, прашалнички покажа со глава на астиномот.
-Јас го платив орото, а не тој!
-Ако е до парите - тивко рече Дуро – ги враќам. – Довлижа уста до неговото уво и му шепна: - Оној пезевенк, астиномот, ќе ми ја земе дозволата да свирам. Зборувај со него.
Се сврте. Астиномот и натаму ритмички удираше со камшикот на левата дланка. Во неговите очи – одблесок на предизвик. Појде кон него, застана, го праша на грчки:
-Ти ли, господине, си наредил да престане орото?
Молк. Вигната замолкна. Исчекување. Издив на страв…
-Господине – сега веќе со посмирен глас - господине астиноме денес е Велигден. Ако сакате и ако можете, славете го заедно со нас Христовото воскреснување и делете ја заедно со нас таа радост.
-А ако не? Тогаш што? - потсмешливо праша астиномот и посилно удри со камшикот по дланката.
- Тогаш да си ги соберете пандурите и да ве нема од нашето село!
-Така ли? - праша астиномот. А знаеш ли ти дека ние е знаеме за тебе? Знаеме, на пример, дека си комунист и дека секој ден зборуваш на тој забранет јазик, а тоа значи непочитување на законите и понижување на ликот на великиот и единствено умен и мудар Јоанис Метаксас. А освен тоа пред малку го исплука ликот на кралот!
Тој сакаше уште нешто да рече, ама не успеа. Небаре како молскавица прелета пред неговите очи полицискиот камшик и на лицето почувствува пржење. Избезумен, со глава го удри в лице и во истиот миг му го откина од рака камшикот и му врза два нишана од уво до уво.
Селаните долго го колнеа затоа што тој ден на Велигден сите беа претепани. А него го однесоа во Костур и по кратка постапка му пресудија: за зборување на забранетиот јазик дома и на јавно место, за пцуење и напад на власта – заточеништво. Бродот наполнет со слични нему, исплови од Солун и по два дена пловење, под стап и камшик заточениците зачекорија на сувиот егејски остров Егина. Една година, заедно со стотици други како него, тука кршеше камен и градеше нови зандани. И сега, како и порано имаше такви кои постојано му ја полнеа главата со идеите на комунизмот. Слушаше и се воодушевуваше од таа светла иднина. Еден ден партискиот инструктор праша:
-На кој јазик зборуваш со некои другари?
-На македонски…
-Зарем има таков јазик?
-За нас има, за некои нема…
Па нели вие сте грчки државјани?
-Во нашето место другар, ние си имаме мајчин и државен јазик. Си имаме свое живеење и свое траење и си имаме две имиња и две презимиња. Едни за дома и за комшиите, за целото село, за другите села и за на пазар, а другото име и презиме ни е државно.
До нашиот корен државата додаде – ос, - ис, па – у… И така Поповски стана Пападопулос, Ристовски – Христидис, Петровски
– Петру… Петре – Петрос, Јане – Јанис… Со тоа име не вика даскалот, полицаецот, судијата, тука на островот затворскиот чувар и другарите грчки комунисти… кои ни дале уште едно име – Славомакедонци… Државното ни е во книгите државни и црковни, во воените, во полициските и во затворските тефтери, а нашето за дома, за на нива, за на пазар, за кај роднини и пријатели… Таму во нашето место, значи дома, ние сме си Поповци, Наковци, Петровци… Така си бевме и во турско. Со векови словото ни беше прадедовско. На тој јазик се разбиравме, се каравме, и се миревме, се радувавме и ги оплакувавме нашите мртовци… Така, другар. А грчкиот јазик го учиме под принуда, со ќотек и ренка и рицинус…
-Зарем таму кај вас нема грчки училишта?
-Има. Има и училишта, и градинки, и забавишта. Сите деца таму ги собираат за да можат родителите без грижа да си работат… А навечер сите возрасни одат во нихтерина схолија – (вечерни училишта) и со зорт учат грчки јазик, а други пак јазикот го учат во затворите и на сувите острови…
-Во комунизмот ова нема да го има…
-Ќе видиме… Да ти го кажам и ова - таму кај нас сите села и реките, и планините имаат две имиња, како и луѓето…
Беше октомври илјада деветстотини четириесеттата. Италија ѝ овјаси војна на Грција и партијата повика: сите комунисти на фронт. Се јави меѓу првите. Го ослободија.
-Ја тука да гние и државата да троши – рече командантот на логорот – ја таму да загине, од една страна е исто, а од друга нека докаже колку ја сака татковината.
А тој ја сакаше татковината, ама не можеше да се разбере со командантот на логорот чија и која татковина. Отиде да ја брани татковината. Распоред доби во 28 полк на петнаесеттата дивизија.
Се момчиња од костурските и леринските села. Лесно ранет на Иван Планина, стигна до Подградец. Ете и оттогаш тој не одрами пушка. Дотогаш на раменици никогаш не му натежнаа еполети.
Му тежеше само студеното железо, ременот и редениците му ги пресечуваа рамената и го подгрбавија. Во планина излезе со првите одреди и ги биеше Италијанците. И кога се појави првиот костурски партизански батаљон “Лазо Трповски” во кој борците и командантите беа Македонци и се командуваше на македонски, тој го напушти ЕЛАС и му се придружи на македонскиот партизански одред. И се лутеше, пцуеше, жолчно се расправаше со другарите кога слушаше дека таму – “горе” – како што се велеше, големците се караа меѓу себе, се обвинуваа и се клеветеа, се распоредуваа на оваа или онаа страна. Тој остана и се држеше за онаа страна која одлучи да се бори за слободна и обединета Македонија. Со солзи в очи ги прегрнуваше партизаните од Вардарска Македонија денот кога тие стигнаа во Костурско.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/golemata-izmama/27 on October 29, 2026