Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

The Great Lie

ГЛАВА 2 Два дена пред Митровден, на Вичо и Мали-Мади падна првиот снег. Ѓорѓи, - Part 03

By Петре Наковски · Part 4 of 29 · About 20 minutes

Read in English

-На сите по малку – изусти Ѓорѓи.

Одат од гроб до гроб и до крстовите без име и презиме палат свеќи. Лабровица става грст пченица, парче леб , а Ѓорѓи ги полива со вино.

-Туа е Јанетому гроб… -покажа Лабровица. Ѓорѓи тури вино. – Гл‘нгоса гробо на Јане и се нап’лна со жел’нди … рече Лабровица и се прекрсти.

Од кај Мали-Мади поддувна ветер. Ја развеа сивата коса на Ѓорѓи. Дабјето полека ронат желади. Ветерот во тивки бранови им ги откинува лисјата на тополите и ги растура по стрништето над кое кружат јата гаврани.

Стигнаа до гробот на Митре, таткото на Ѓорѓи. Израмнет е до земјата и покриен со треба. До него гроб во кој лежи земја што Ѓорѓи на донесол од местото каде загинал неговиот втор син Ване.

Последните капки од виното ги истресе над двата гроба, шлемот го стави на подгниениот крст за да го потсетува намерникот дека човекот живее се дотогаш додека за него не угасне споменот. Се прекрсти, клекна, сокри лице во дланките и се предаде на долга молитва…

Догорува денот. Од кај селото не допира ни глас ни шум.

Тишина и молк. Сал чемерот гребе и копа, та вика – зар сево ова ќе го покрие молк и овој крај ќе остане крај на молчење? Нагла, остра и нескротлива болка го фаќа за грло, го стега одвнатре, распарува гради, врти, гребе, цеди и копа под ребра, стегнува срце, искривува образ, вковува канџи в село. Неумоливо и како никогаш досега навираат солзи… Сиви облаци надвиснаа и ги покрија Стените. Откај Мали-Мади поддувна и кратко потоа во тишината се слушна тивко шумолење на потсушеното есенско лисје. Врз него паѓаат малендави нежни снегулки. Зад сушлекот се затскрија ридовите, а на усните на Ѓорѓи се залепи и засуши прашањето:

-Кој и зошто сево ова ни го стори?

ГЛАВА 3 На полуостровот, наспроти Нивици, во разретчената шумичка и на самоти врв на ритчето – стара погранична караула. Ѕидовите, некогаш бели, сега поцрнати, распукнати во криви запчести фаши, разјадени и нагризени од времото и негрижата. При силни ветришта со дожд, се рони и раздробува. Врз разголените тули – големи зеленкаво-кафеави лишаи од мов. Само покривот е обновен и врз црвените француски ќерамиди во два-три слоја нафрлени гранки и покриени со одвај видлива рибарска мрежа.

Гледано од Дреничено или уште од подалеку, од Бела Вода или од Лисец, остава привид на запустеност и се чини дека врвот на ридот е покриен со шума. Внатре се е варосано. Чисто, бело и послано со дебели разнобојни волнени рачно ткаени килими. Од Нивици до караулата се стигнува за нецели триесетина минути и се оди по тесна, каменеста патека која почнува на крајот од калдрмисаниот пат под селото. Поминува покрај матниот валкан езерски залив во кој селската стока, пиејќи вода, со копитата го разматува брегот и се до караулата пругоре веќе води магарешка патека. Само грижливото и будно око на случајниот намерник, најчесто селски овчар или говедар, одвај би успеало во карпите да види два црни отвора. Едниот под око го држи Нивици и просторот над селото, а другиот малку по најуг, без престан, деноноќно бдее над патчето што до караулата доаѓа од кај Орово.

Малку пред нив, во два реда, дури и за бистро око невидливи ровови за кружна одбрана. На западната страна, се до езерската вода, навален, се спушта брегот. Во него со чекан и длето изделкани скали. Од обете страни, од горе до долу, оптегната дебела ортома. На брегот рибарски чун, со синџир врзан за дебел кол вбиен во пукнатината на карпата. Во случај на нешто, не дај Боже, за кратко време и брзи веслања – се стапнува во Албанија.

Се сработено, стокмено и подготвено додека траеја големите и крвави битки на Грамос.

А наоколу – тишина.

Над голите и камени врвови на Ѕвезда и вдолж Галичица небосклонот гори во пурпур. Сонцето – црвено и големо – виси над процепот што ја дели Галичица на две. Последната изеденка разлева пурпур и во него пламтат водите на Преспанското Езеро.

Сал мигови го бележат прозрачниот и кадифен заод. Отаде планините невидливо се спушта црвениот диск на сонцето и над езерото Галичица постила сенка. Под неа треперат и се препелкаат питомите езерски бранови. Лесно ли поддувна верте, се разбудува водата, затреперува. Благи бранови во црвенопурпурни појаси од брег до брег ги расечуваат и варакосуваат езерските води и со галежлив плисок умилно бакнуваат крајезерски камен. Со последната издишка на зракот, згаснува денот и полека битисува во предвечерното сивило во кое се уште топлина диши, а горе, наспроти Галичица, во последниот издив на сонцето пламтат врвовите на Пелистер и Бела Вода. Крик на осамена птица расечува воздух. Пловка, заборавена и отцепена од своето јато, удира со крилјата по водата и ја снемува во густежот на трските.

Се спушта мракот и се згустува над сивкаво-розевото огледало на езерото. Нивичките рибари, мажи во одминати години, ги извлекуваат чуновите од водата. Молкома, во големи кошови ги истресуваат рибите. Мрежите ги обесуваат за сушење. Во куќите на Нивици затреперува бледа светлина на газиени ламби. Зад малите прозорци паѓаат завесите. Селото потонува во мрак.

Светлина да нема. Таква е наредбата. Тие кои ја извршуваат велат дека светлината го привлекува туѓото и непожелно око. Далеку и високо над Преспанското Езеро, над врвовите на Пелистер изгрева големиот пешник на полната месечина. Домаќинките ги поставуваат софрите. По селските тесни улички погусто затропаа цокулите на ноќните патроли.

Свежината на ведрата ноќ носи мирис на медовина, на топол леб и печена риба.

Далеку е бурата и бучи отаде Бела Вода. Татнежот на топовите и долгите рафали до тука не допираат.

*** Во доцните вечерни часови пред една од селските куќи, со висока авлија и дебела дрвена порта опкована со клинци, со потулени светла застана валкан џип. Го опкружија луѓе вооружени со автомати. Од џипот слезе човек загрнат во долг англиски шинел. Еден од придружбата со рака покажа на куќата и веднаш потоа сите тргнаа кон портата. Се слушна спуштање на лостот.

Само човекот со англискиот шинел, небаре сенка, се оддели од групата. Зад него се затвори портата пред која на стража останаа тројца вооружени мажи. Во дворот, осветлен од полната месечина, од дрвената клупа, поставена под скалите, станаа двајца мажи и со брз чекор се упатија кон дојденецот. Кој беше човекот и луѓето кои станаа од клупата? Знаеја само петмината стражари од водот за обезбедување. Се поздравија. Нешто прозборија и еден од нив појде кон шталата. Оттаму доведе два оседлани коња. Дојденецот го јавна црниот и го потера кон отворената порта. Во мракот, по селската калдрма затропаа коњските потковици. Слегуваа прудолу кон езерото и по некое време се изгубија отаде заливот. Пред коњите и зад нив поттрчуваа луѓето од обезбедувањето. Пред да стигнат до караулата, во Нивици се распеаја првите петли.

*** Голема, просторна одаја, осветлена со две газиени ламби. Од распаленото огниште се шири пријатна топлина. Присобраните фитили на газиените ламби растураат бледо-белузлава трепетлива и топла светлина. На трите прозорци, обесени ќебиња. Во левиот агол – широка дрвена маса, искована од рендани штици. На неа послано црвено платно, стаклена чаша, полна со разнобојни моливи. Скраја – клупа. До неа масичка, радио на батерии и куп весници – грчки, руски, англиски, германски. Десно – два црни телефонски полски апарата. Под западниот ѕид – широк железен кревет послан со дебело црвено веленце. Голема, бела перница со извезани цветови и птици во лет. На ѕидот, над масата, под големиот портрет на Сталин – географска карта на Грција и лево и десно од неа, две топографски воени карти на реоните Вичо и Пинд со нанесени црвени и сини иззабени криви стрелки и знаменца. Дојденецот право од вратата се упати кон ѕидот со картите. Полека, одрамувајќи го ранецот, внимателно се загледа во нив.

-Другар Захаријадис – му се обрати едниот од придружниците.

– На двете топографски карти е нанесена денешната состојба на фронтовите и…

-Гледам - рече одолговлечено и со тивок глас.

Долго трае тишината. Погледот шета од карта до карта, шари по нив. Захаријадис премести нога, ранецот го спушти на подот и, свртувајќи се, рече:

-Јавете во Главниот штаб за утревечер да подготват поголема топографска карта со сите детали од реонот на Вичо – тој лесно подигна десна рака што беше знак придружниците да го остават сам. Погледна на часовникот. Со двете дланки го покри лицето и длабоко се проѕевна.

*** Захаријадис ја помести белата завеса исплукана од мувите и погледна на Бела Вода. Излезе. Застана на дрвеното балконче, почувствува остар студен ветер. Подигна јака, стави раце во џебовите од старата излитена виндјакна и со поглед закован пред себе, бавно зачекори по удолнинката. Кога стигна до валканиот и матен залив, сврте лево. За миг застана покрај брегот, се наведна и, полнејќи ја шепата со вода, потајно погледна зад себе. Што знаеш? И залутан куршум погодува и убива. На одредена оддалеченост се движеа сенките на неговото обезбедување. Се исправи. Го симна качкетот, погали коса и долго се загледа во езерската шир. Отаде езерото – тишина. Погледна десно. Врвовите Цуце, Балтан, Ветерница, Голема Чука, дремат во утринската изамаглина. Спушти поглед надолу, го пронајде џадето и во себе ги изговори имињата на селата отале границата: Долно Дупени, Љубојно, Асамати. Да. Љубојно и Асамати. Особено Асамати длабоко му е врежано во споменот. Од футролата го извади двогледот. Во кругот на видикот – Висока Чука. Спушта поглед надолу, полека, уште подолу и ете го Претор. Широк, песочен појас. Оди лево, долж брегот и да, ова е Асамати. Малку го подигна двогледот, одвај видливо движење десно, оп, тука е…

Да… ова е вилата што пред две години, пролетта 1947-та, му ја подари Лазо. Тој ден, доцна попладне, шетајќи покрај овоштарникот, Колишевски му рече:

-Другар Захаријадис, покрај севкупната помош што Југославија ја дава и натаму ќе му ја дава на грчкото демократско движење и на вашата оружена борба, во составот на таа помош ја приложуваме и оваа вила која целосно ќе биде на ваше располагање. До денес таа му припаѓаше на нашето политбиро, а од денес ќе биде на ваше располагање…

-А порано на кој му припаѓаше? – праша Захаријадис.

-На еден руски белогардеец, полковник, кој се стави на располагање на југословенската кралска војска. Гриценко се викаше. Бидејќи човекот се разбирал од воени бродови, бил поставен за командант на езерската воена погранична морнарица, значи, за Охрид и Преспа. Тука тој купил голем имот. Насадил овоштарници и лозја и ја изградил оваа вила…

-Многу е убава…

-Поубава нема во цела Преспа… - потврди Колишевски и продолжи: - По ослободувањето народната власт му ја конфискува…

-А тој, белагардеецот, што стана со него? – со нетрпение праша Захаријадис.

-Тоа е друга приказна…

Захаријадис повеќе не прашуваше, бидејќи добро знаеше што им се правеше на таквите во Русија и во земјите кои тргнаа по нејзиниот пат…

-Асамати… еве ја вилата… ја гледам – разнежено мрмори тој и полека почна да му се одмотува клопчето на споменот. Од денот кога Колишевски му ја предаде вилата, Захаријадис влегуваше во Југославија како што човек влегува во сопствениот двор. На располагање имаше џип, со кој се возеше од Маркова Нога од вилата во Асамати и обратно. Возачот и телохранителите од УДБ-а – Македонци, чистачката, двете готвачки и девојките – на смени за разонода – Македонки… Многу, многу дарежлив и внимателен народ… Незаборавни му се вечерите кога Лазо му доаѓаше на гости. Посебно пролетта на таа четириесет и седмата година. Во дворот – поставена маса и на неа најчесто печено јагне или преспански крап, стари кавадаречки бели и црвени вина и неретко вина од кралската – сега народна – винарска визба крај Демир Капија. Мирис на расцутените овоцчарници и на свежо покосена трева… и оној, ах, ноќен пој на косот…

Асамати… Се до април 48-та, додека не беа изградени и опремени каливите над селото Винени, тој и неретко Маркос и нивните најблиски соработници, тука ги поминуваа ноќите, небаре тесно им беше во Герман, Граждено, Орово или Нивици. Тука, шетајќи по овоштарникот и долж тесната патека што води до езерото, тој наоѓаше мир.

Време на будење му беше пет часот наутро. Почнуваше со утринска гимнастика што му беше катадневна навика стекната во ќелиите на затворите во Акронавплија и Керкира и од логорот во Дахау. Во тоа никој не смееше да му пречи, па дури и да имаше неодложни потреби. Половина час вежбање, потоа бричење и миење со студена вода. Се бричеше сам и секогаш пред истото малечко огледалце што пред стрелање му го беше оставил за спомен другарот од истата ќелија во Акронавплија. Големите огледала не ги поднесуваше. Честопати се потсетуваше на случајот кога во затворот во Керкира, двајца другари се заклаа со парчиња од големото огледало во заедничката бања. Тој нив тогаш ги нарече плашливци и недостојни да бидат комунисти и револуционери, бидејќи подлегнаа на измачувањата и на таков низок начин си го одзедоа животот. Ама… тфу… тфу… далеку да е лошото… Кој знае која рака од големо огледало може да скрши малечко парче и… Се бричеше секој ден и секогаш сам. Пред тоа проверуваше дали е добро затворена вратата, го повлекуваше резето и ја залостуваше. Бричот го влечеше полека и кога завршуваше, го сместуваше на дното од ранецот. И ноктите сам си ги сечеше. И најчесто сам се переше. Не поднесуваше нечистотија.

Откако се облекуваше, секогаш во чиста долна и горна облека и ја дотеруваше густата кадрава и црна коса, се зафаќаше за појадокот што сам го подготвуваше. Лакомџија и одбирлив не беше. Една месна или рибна конзерва, јајце, парче сирење, леб. И не значи дека се заедно. Честопати само конзерва, само парче сирење, ама и многупати само леб густо наросен со шеќер. Обожаваше планински чај. Кога беше во Преспа, му го носеа од Мали-Мади, а на Грамос, најчесто од Одрето. Неговите телохранители, а посебно личниот курир, секогаш во ранците носеа планински чај. Кафе пиеше неброени чаши. Незасладено. Тоа го држеше бодар и буден, ама понекогаш, по повеќе испиени чаши, чувствуваше мачнина.

Никогаш ништо не оставаше на случајот. Се проверуваше, за се прашуваше и не поднесуваше заборавеност, неред, непослушност, навреме неизвршена работа. Поначесто велеше и подучуваше:

-Знаењето, паметењето, редот и самодисциплината – се мајка на успехот.

Токму тоа: самодисциплината. Се придржуваше на неа како римскиот папа на утринската молитва. И неа неодложно ја изискуваше од своите соработници. Во неговата природа, и пак од времето на затворските денови и долгите престои во Русија, беше вгнездено силното чувство на претпазливост, болничавата недоверба и сомнежот. Не му веруваше никому, иако секому му велеше дека спрема него има најголема и неограничена доверба.

Во неговите полузатворени очи кои кај секого оставаа силен впечаток на итрина и умност, секогаш се криеше недовербата и неброени прашања. Самотијата му беше негово второ јас. Од дете навикнат на неа, продолжи во младешките години, се зацврсти во затворските ќелии и во логорот во Дахау. Никогаш не поднесуваше околу себе поголем број луѓе и не трпеше затворен простор. Не трпеше никого зад себе и никого кој не го гледаше в очи.

Сакаше и поеднинецот и толпата да ја има пред себе, да им гледа в очи, да ги гледа нивните лица, раце и реакции. Не ги трпеше тие, кои стоејќи пред него, држеа раце в џеб. Што знаеш што имаат таму? Буден секогаш. Способноста да разговара со секого и во разговорот да се прилагоди кон соговорникот, кого не само што сакаше да го ислуша, ама и да го поддржи, да му признае дека тој и само тој е во право и да вети дека лично ќе се заложи неправдите да ги нема, беше добро изучен занает во партиските школи во Советскиот Сојуз и долгите разговори со својот учител и воспитувач – Сталин. Оттаму го изнесе убедувањето дека само тие кои можат да постигнат неограничена власт, неограничено се способни да владеат со маките и жалбите, со болките и страданијата, со желбите и мечтите на незаштитените и онеправданите поединци, па и цели народи, дека секогаш треба да знаат да се спуштат ниско до секого и да се дигнат високо над секого, до секој поединец одделно и до секоја толпа во целина; да знаат да владеат со чувствата на паединците и на толпите дури и тогаш, кога кај нив ќе ја стекнат довербата и највисокото почитување, и откако во нив ќе ја всадат и ќе ја наметнат својата мисла и волја, тогаш ќе бидат нивно овоплотување, душа, срце и желба. Тој до совршенство ја имаше развиено дарбата со збор и ветување длабоко да проникнува во душите и чувствата на понижените и настраданите. Но таа негова дарба беше создавана, поддржувана и поткрепувана и од тие кои беа најблизу до него, и најмногу од тие кои беа малку поблиску до него. Тие, фалејќи го и величејќи го, придодавајќи му натприродна дарба и моќ, одлично се чувствуваа под неговата сенка и под неа самите добиваа на величина и значење и секогаш беа сити, собирајќи трошки од богатата маса. Беа негова издолжена рака, која знае најстрого да казни; негова уста која фали, ветува и повикува сите да земат оружје и се да дадат за победата и негова мисла-водителка на која слепо ѝ веруваа. И тој, Захаријадис, знаеше да им врати со пофалби…

Асамите… Мрежата што со големи ветувања се заплете во далечните големи, широки и топли кабинети, тука продолжи да се плете. Асамати… Тука, во раскошот на лозјата во кои веќе имаше почнато грозјето да добива боја и се чувствуваше мирисот на јаболката, кон крајот на септември 1947 година тој го свика Третиот пленум што траеше два дена и толку му треба за да се посомнева во Маркос. Сега си спомна дека тогаш го праша дали во 1948 година може да биде ослободена Егејска Македонија? Не му се допадна краткиот одговор на Маркос кој му рече – да, но под услов партијата да ги раздвижи партиските организации во градовите за да се мобилизираат 60-70 илјади борци. Но идејата на Захаријадис за ослободување на Егејска Македонија и Тракија со центар Солун, беше прифатена и за таа цел набргу беше изготвен планот “Лимнес” (Езера). А Маркос не отстапуваше од својата мисла, дека во градовите е најголемата резерва, таму е работничката класа и огромен број прекалени борци од времето на отпорот против Италјанците и Германците. Се додека тие не излезат в планина –велеше Маркос – ќе водиме партизанска војна.

А Захаријадис малку се разбираше од партизанско движење и од водење војна, но прифати да се мобилизира се што може отворено првпат прозбори дека се што му е потребно на ДАГ – храна, облека, лекови, оружје, пред се ќе биде дадено од југословенските, а потоа и од другите источни пријатели. Рече дека така му е ветено и почна да реди илјадници пушки, автомати, митралези, топови, па дури и тенкови и авиони. Сите беа восхитени, а најмногу Маркос кој веднаш предложи Захаријадис да биде поставен за главен командант на ДАГ. Захаријадис одби, велејќи дека партијата, значи тој, треба да е надвор од сево ова за да може да врши контрола.

Асамати… Тука, по долги расправии ноќта, на 23 декември 1947 година ја формира Привремената демократска влада на Грција. И се уште не може да си прости што по негов предлог за нејзин претседател беше поставен Маркос… Тука тие сновеа и се договараа како натаму да ја водат оружената борба и ретко наоѓаа заеднички став. Тука, додека се уште лабави, ама сносливи им беа односите и разговорите, тој за првпат на Маркос му ја изнесе идејата за формирање регуларна револуционерна армија. Маркос не прифати. Партизанската тактика во земјата нижеше успеси и во странство добиваше симпатии; од тогаш разговорите им стануваа се помачни и се разделуваа оптоварени и обременети со црвот на сомнежот и недовербата еден спрема друг…

Сврте и полека, со ситен чекор, се придвижи долж брегот.

Застана. Пак впери поглед кон Асамати. И оттука, од свиокот, се гледа покривот на вилата на Гриценко. Долго не откинува поглед.

И со мислата почна да го проодува патот што на зајдисонце или длабоко во ноќта го поминуваше со стариот ислужен џип, личен подарок од Тито. Од Љубојно, а најчесто од Асамати, тој со црна лимузина, придружуван од вооружена стража, патуваше до Скопје. Тука го чекаше топла хотелска соба, чисти пешкири, миризливи сапуни и када наполнета со топла вода. Никогаш немаше време за уживање. Во неговата нарав беше брзањето и принудната потреба да се прилагодува кон времето и друштвото.

Секогаш сакаше да се потврдува како таков кој има манири на добро воспитан човек, кој знае да се најде и снајде во секоја прилика и друштво. По бањањето – иако доцна, во добро чуваните апартмани, пред чии врати стоеја намуртени персони со автомати скриени под кожните палта – вечера. Добрите црвени и бели стари македонски вина му ја враќаа насмевката и ја бришеа од неговите очи длабоко скриената тага. На спиење – во бели мугри. Рано наутро – бидење, набрзина бричење (сам се бричеше зашто немаше доверба своето грло да го стави во нечии раце), црно јако кафе и со истата лимузина, секогаш добро чувана и од очите и од ушите – на аеродром. Насока – Белград. Драг и мил град. Го засакал, гледајќи го од Дедиње навечер и во пресни зори. И сега, стоејќи крај езерскиот брег, гледа во замаглената далнина и знае дека онаму зад сињакот е Асамати, каде во белата двокатна куќа наоѓаше мир, се предаваше на своите размисли замаен од топлината што зрачеше од распалениот камин и од благодатот на црвените вина во кои макаше големи парчиња топла селска погача. И над се тие блажени и благословени мигови и ноќи во топли прегратки и занесни бакнежи… Колкупати ли го има поминато тоа старо, раскопано и калливо џаде? Ги знае тие села и во секое по некој мал, ама драг спомен од разговор, од насмевка, од стисок на рака, од подигната тупаница во знак на победа од мирнотијата на луѓето…

Маркова Нога. Таа небаре му беше врата кон светот и патот најчесто почнуваше во Нивици, Винени, Граждено или Орово. И секогаш под рака му беше џипот. Оттука почнуваше патот кој задолжително преку Скопје водеше во Белград. Го сака овој град со неговите две реки во кои ноќе се огледуваше Дедиње; ги сака неговите светла и тивките широки улици кога во наедно време се возеше со својот пријател, кого го запозна во Москва, а потоа, да, тие долги разговори, во колата што ја возеше тој, маршалот. За што и што ли зборуваа, знаат само тие двајцата. Понекогаш, во осама, се прашуваше зошто маршалот некои од разговорите ги водеше во црниот мерцедес сам возејќи по празниот и полуосветлен белградски Булевар на револуцијата, близу до очите на голем број луѓе од безбедноста, а далеку од своите соработници? Добро памти што му беше ветено. Многу повеќе од другите… А од Белград во Москва. Најчесто со воз преку Прага.

Три градови искрено најмногу ги сака – Москва, заради тоа што тука ја запозна жената која единствено ја засака за цел живот и заради тоа што тука научи да го сака комунизмот и можеби и затоа што тука го запозна и го засака Сталина, човекот кому бескрајно му верува и со стравопочитување го обожава; Прага – ја засака не само заради жената што ја засака во Москва кога заедно учеа на Марксовиот комунистички универзитет. Од сите градови во светот единствено највистински, до болка и со тага, со обожавање и восхит ја засака Прага, нејзината река В’лтава со Карловиот мост, музеите, кафеаните, пивниците и барокните згради, и прашката калдрма, и тивкиот напевлив говор на пражани… Скромно облечен, рака под рака шеташе со саканата жена по Вацлавски намјести, потоа по Карловиот мост се до горе до Кралската палата;

болка и тага му ги раскинуваат градите кога си спомнува за Прага, градот што најмногу го сака од сите градови во светот. Секојпат кога ја посетуваше се повеќе се вљубуваше и во жената и во Прага… Москва, Белград – градови во кои учеше и Атина во која практично ги проверуваше стекнатите знаења за пролетерската и светската револуција. Ја мрази Атина, а го сака Белград. Белград – тука ги имаше првите, а можеби и најважните разговори дали да тргне во оружена борба, за чија оправданост потврда наоѓаше во Москва. И обратно, патот на Винени и Нивици водеше преку Прага и Белград и оттаму до Грамос, најчесто преку Албанија. Се враќаше во Нивици и легнат на железниот кревет што дедо Митре го имал донесено од Солун, а го имал купено со првите печелбарски пари заработени и заштедени во Америка, од џебот на англиската воена блуза ја ваѓаше сликата на жената и синчето, кои сега живеат во Прага и со натажени и желни очи, ја гледа.