Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

The Great Lie

ГЛАВА 2 Два дена пред Митровден, на Вичо и Мали-Мади падна првиот снег. Ѓорѓи, - Part 01

By Петре Наковски · Part 2 of 29 · About 22 minutes

Read in English

ГЛАВА 2 Два дена пред Митровден, на Вичо и Мали-Мади падна првиот снег. Ѓорѓи, стуткан под стариот англиски шинел, влезе во земјанката на командантот на баталјонот и без војнички поздрав замоли:

-Команданте, пушти ме да одам до селото. Не е далеку и многу нема да се забавам. Другиден е Митровден.

-Славиш?

-Да славам не славам, туку да одам. Митре се викаше татко, Бог да го прости. По адет, како што вели обичајот, де, да го посетам гробот и свеќа да запалам… а и да видам…

Командантот ја стави настрана чашата со чај и продорно се загледа во Ѓорѓи.

-Оди – рече тој, триејќи очи поцрвенати од несоница. - Оди и ако сакаш, не враќај се. Стар си ти, Ѓорѓи за сето ова. Зимата ќе стегне студот и… и воопшто, ова не е за тебе. Остани си в село и греј се покрај огништето.

-Сполај ти мајоре, и остани ми со здравје.

-Сполај ти и тебе и добар пат.

Излезе од земјанката. Се поздрави со курирот кој штотуку се искачи по падинката. Појде прудолу. Го пречекори ровот и кога поминуваше покрај бункерот, некој му довикна.

-Ѓорѓи, со здравје и кога ќе се враќаш не заборавај да донесеш јастие! - му довикна некој.

-И ракија дофрли друг.

Знаеја дека тој си оди дома, а дома за секој е мечта. А тој, пак, знае дека дома никој жив од неговите не го чека. Ама, сепак, се радува што по скоро една година, камоли да не беше изгорена неговата куќа, тогаш би го распалил огништето, би постелил веленциња и би се оптегнал пред распалениот оган, би го запалил чибукот и загледан во таванот, би нашол блажена почивка под сопствената стреа. Барем еднаш би се изнаспал, а утрото в зори, како што тоа секогаш го правел, би излегол на чардакот, би ги измерил боите на небото и по нив би рекол какво ќе биде времето, а потоа домаќински би разгледал се наоколу, би наместил што не е наместено во оборот и во тремот. Знае дека таму сега нема ништо од неговиот дом и добиток. – Само здравје – си вели – пак ќе прибереме. Додека човек е жив, печали, ќе ја… Само здравје…

-Немој направо да одиш! Минирано е. Слушна ли? Еј, врати се!

Минирано е, реков!

Застана. Не ја забележа редицата бодликава жица. Знае дека отаде неа има мини. Вчера, кога доаѓаше нагоре со магарето товарено со вода и муниција, му рекоа по каде да помине. Сега појде на кај гласот. Од бункерот, со две пушкарници и покриен со четири редови дебели трупци и големи камења, излезе младо момче и го праша:

-Право на мините, а? А кој ѓавол те пушти да одиш оттука?

Ајде, по мене, кај командантот. Тргнувај! -му подвикна и во него го впери шмајзерот.

-Па јас од кај него само што излегов. Дома си одам…

-Ама немој! Види го ти него. Тој дома си пошол, на гости!

Како тоа така?

-Така. Позборував со него и тој ме пушти.

-Ајде де! Не знаев дека е толку добар и дека ти е пријател.

Оди кај него, па ќе видиш.

-Еј, Никола! – се слушна викање. – Зошто го држиш човекот?

Остави го да си оди по патот.

-Да не си го поучил ти, бре, по каде да помини?

-Реков, остани го човекот. Има дозвола.

-Имаш дозвола? – праша момчето и го помести автоматот.

-Имам, ама не на писмено.

-Ама си шегаџија нели? Си тргнал баш по ова место, а дозвола немаш. Врати се кај добриот командант и нека ти најде друго место за да поминеш. Кажи му дека тука има минско поле. Оди, ама не оттука.

Ѓорѓи сврте. Тргна покрај ровот. Тој не е некој инаетчија па да оди кај командантот и да му каже дека еден од борците му нареди да му пренесе каде има мини. И немаше зошто да му се лути на момчето. Ете, од брзина, фати друг пат. Зад себе слушна чекори.

-Еј, еј! –го слушна гласот на момчето со кое пред малку зборуваше. – Застани, почекај. Па ти, гледам, навистина се налути и право кај командантот, а? Ќе ти кажам од каде да поминеш за да не налеташ на мини. А имаш ли една да свиткаме? Еве, јас имам хартија. –Извади од џебот цел весник, откина парче, му го подаде, откина и за себе. Ѓорѓи го извади ќесето и му рече:

-Отвори ја шепата. Ајде, ајде, отвори ја.

-Доста, доста. Гледај ми ја наполни, нека остане и за тебе.

-Дадј им и на другарите.

-Како да не, ќе им дадам дело. А ти сега оди до онаа карпа, па сврти десно и право удолу. Дома велиш, а? Ех, мајката!...

-Што?

-И јас би сакал …Откако излегов од дома, еве две години ме нема…

-А од каде си?

-Од островските села…

Се поздравија. Ѓорѓи појде како што му беше речено и брзо почна да се спушта прудолу по падината. Одеше направо. Не се држеше за патеката. По неколку часа забрзано пешачење стигна во атарот на селото. Високите дрвја му го спречуваа видикот. Појде неколку чекори и кога најде поудобно место од каде се гледаше Синадев Рид, застана. Воздивна, избриша пот. Постоја малку, мислејќи дали да оди по патот или да тргне направо. Тргна по стрништето. Брзаше, мислејќи дека ќе го фати мрак. Го заболе тоа што стрништето не беше изорано и дека никаде наоколу немаше ниту една изорана нива. Одеше напред. Под неговите нозе се кршеа суви стебленца од пченица и исплашени јата птици одлетуваа од стрништето. Секаде зрна. Набабрени, изртени. Се гледаше дека нивата беше истапчена – цели класје лежеа на земја.

А околу стрништето – земјата црна. Се потсети на црните облаци чад што изникнуваа од земјата. Да, тогаш, во јули, кога под жешкото сонце зрееше зрното за леб, гореа недозреаните пченичја… Сврте и за да го скрати патот – пресече преку коријата.

Кога се доближи до ритчето, се отвори видикот на селото. Во горното маало немаше ниту една куќа. Стрчеа црни и полуурнати ѕидови. - Значи го гореа селото – помисли и исплука горчина.

Никакво движење. Појде задишан. Стигна до првите куќи, за миг застана, погледна наоколу, наслушкуваше. Тишина. Под неговите нозе крцкаше нешто скршено. Единствениот знак дека во селото се уште има живот беше тивкото плачливо и жално мјаукање на мачка.

-Нема никого… - гласно рече. - Дури и кучиња нема. - Тој застана на местото каде што беше портата од неговата куќа.

Авлијата – урната. Во дворот се уште стои крушата, ама подгорена. Оголено ѝ е стеблото.

-Да… - изусти одолговлечено и пред него, како да излегуваше од мракот, се појави сето тоа што го доживеа под покривот на оваа куќа, во овој двор; тука се роди, заоди, замомчи и оттука, по востанието на Младотурците, заедно со Киро заминаа во Америка.

Дома остави млада невеста, а кога се врати – најде мајка со машко.

Оттука Ѓорѓи пак замина за Америка, ама за кратко. Не можеше без плачот на синовите. Тие – неговата Ѓорѓевица и синовите:

Наум, Ване и Васил. Заедно со Киро засекогаш се вратијa во 1929 година. Со парите донесени од Америка си изградија нови куќи. И, ете, ги нема. - Само да ми е жив Васил и жив и здрав да ми се врати, та ќе изградиме поголепа… - го окрили мислата. Дворот – широк и полн со урнатини. Тука се собираа роднините и селаните, а најмногу на Митровден – беше празник и слава на куќата на родот… Се береа и на Петровден и на Водици. Тука, тогаш, на тие празници, а и за други радости, виното и ракијата не се точеа од шишиња, ами бочвите стоеја среде двор и никогаш не се случило во келарите на оваа куќа да пресушило виното, да прекапела ракијата. Се пееше и играше до бели мугри. А сега, сега се е мртво и пусто – запустено… Нема ништо од тоа што беше живот.

Мртвило легна над селото и осамата царува во овој ден спроти Митровден што личи на ден мртовден…

Јато врапци прелета над неговата глава. Со погледот ги испрати до отаде брестјата. Птичјото цврцорење што го слушаше до пред малку, го снема со доаѓањето на мракот. Свирепо налегна тишината и во ушите му брмчи нешто несфатливо, некаква бучава што доаѓа од далеку, која одвај допира, се губи и одново се враќа и удира како силен бран од ветар. Мјаукањето на мачката како да го врати од пределите на спомените. Се наведна и галејќи ја, умилно почна да ѝ зборува:

-И ти остана сама… И гладна си, нели? – И подигајќи ја, дофрли: - И ти си урнатина…

Седна под старото стебло на крушата и, држејќи ја мачката во скутот, го отвори ранецот. Извади црн војнички леб и конзерва. На полата од шинелот стави парчe. Мачката го надушка, се повлече и го погледна в очи.

-Одвикна, а? Или војничкиот леб не ти е сладок?

Ја отвори конзервата и со парче месо го намачка лебот.

Мачката лакомо јадеше од неговата дланка. Ѓорѓи скрши уште едно парче леб, со него ја избриша кутијата и ја дохрани мачката.

Малку потоа таа ја стави главата меѓу шепите и запреди во неговиот скут. Мекото и топло клопче во овој миг е единственото суштество што дава знак на живот под неговите рапави дланки. Во бледото светло на полната месечина, ги гледа четирите голи ѕидови.

Се навали на стеблото и неподвижен продолжи да седи. Нема сили да размислува и не е способен да ги оддиплува спомените.

Тоа што го виде свирепо го потресе и толку беше неочекувано, што му ја одзеде и способноста за секакво расудување. Времето во ноќта одминува полека, небаре се тегне во недоглед, бавно развлечено. Од кај Мали-Мади поддувна студен ветер и ја разниша ламарината што виси на изгорениот ѕид. Стана. Во мракот почна да го крши остатокот од плетот што ја одделува шталата од дворот. Газејќи по купиштата камења, застана на местото каде се наоѓаше огништето. Во полуурнатиот оџак вие и стенка ветерот, а тоа завивање во него прераснува во липтеж, молење и очајување. Ветерот поддувна посилно и од ѕидовите изрони земја. Ламарината се посилно удира на ѕидот, а нејзиниот одзвук ветерот го пренесува, префрлува, одново го удира од ѕидовите и ехото го растура од ѕид до ѕид, од урнатина до урнатина и го губи некаде на другиот крај од селото.

Запали оган. Од горе, од кај Синадев Рид, ветерот донесе кучешко лаење. Откај гробиштата повремено се слуша морничаво клоу- клоу, тоа е ноќната птица – чуварот на гробиштата.

Утрото осамна магливо и тивко. Ѓорѓи излезе од урнатините и погледна надолу. Куќите зјаат без покрив. Камбаниријата – растурена. Стените – сповиени во сива густа магла. Отаде – Горуша и уште натака, десно, Аљавица, се уште чиниш дремат во утринската тишина. Почувствува студенило. Посака да се врати и пак да седне покрај оганот во кој се уште тлее жарта, но надолу неговиот поглед го повлече тенкиот сивкав чад што се издига во долниот дел на селото. Му дојде да викне, да се развика на сет глас, барем така да го разбуди местото од дремежот… Ранецот го префрли на рамо и тргна. Лево и десно од сокачето – урнатини.

Излезе на крстопатот. Застана. Полека сврте глава и гледа ту на едниот пат кој води на кај чешмите и бавчите, ту на другиот, кој води кон лозјата. Оттука тие се шират и се губат зад ридот.

А на ридот, гол и испран од дождовите, со само три подигнати и испокасапени гранки и со стеблото изрешетано од шрапнели, стои, тој – Д’МБОТ - нем сведок на времињата… На највисоката гранка, на самоти врв – само еден лист. Се чини злато трепери таму високо, а позлата изнатурија врз него ведрите мугри, топлите пладниња и вечерните сињаци. Есен е. Во лесните повеви на ветерот, трепери тој како шамивче во срамежлива невестинска рака. Наеднаш ваму-таму се наведнува и се исправува небаре е шамија развиорена во раката на старец кога го игра “Бајрачето”.

Во големата шуплина завива ветерот и се чини дека таму се одгласува осамата и болката, тајните скриени во вековите, нешто мачно и откинато дише и во тие навеви се слушаат тивки мрморења – и се присторува дека завиваат спомените и одминливоста на времето… Завива ветерот во шуплината и во неа се мешаат некакви одгласи, а најмногу се чини дека оттаму надоаѓа плач, липтеж, дури цвилеж, часкум се смирува и додека завива, таму нешто липа та липа… Трепери големата пајажина и од внатре забрзено члапа врз неа црн пајак, подзастанува, исчекува, дебне жртва…

Некогаш големата, китнеста и густа круна – сега ја нема. И заедно со неа ја снема и широката, дебела сенка под која се нижеа и почивка наоѓаа вековите. Сув е сега Д’мбот; оголен од лисјата и гранките; осакатен и замолчан стои на ридот. Само за миг кацнува гавран и дури прибере крилја, одлетува отаде рид, таму, меѓу карпите и во шумата, каде белеат веќе изглодани коски…

Ѓорѓи долго стои пред оголеното и осакатено стебло. Немо гледа во неговите гранки и во земјата над која се извишува и опстојува. До пред неколку месеци – Д’мбот – китнест и строен, а сега… Едно стебло и три гранки… Со закован поглед гледа ту во стеблото, ту во трите гранки и чувствува остра болка зададена со нож што пробудува мачен спомен кој го потсетува на нешто стрвнички распарчено. Едно стебло и три гранки свиткани во болка и бескраен грч. Нем стои Ѓорѓи пред Д’мбот. Стојат тие двајцата – осаменици и така онемени и секој со своите натежнати години и со бремето на времето врз нив и со чемерот на небитието во нив. Ја брише Ѓорѓи солзата истисната од чемер и поместува нозе… И гребе, копа, длаби споменот… Не откинува поглед од оголеното стебло и се му се присторува дека со споменот ќе му ја врати убавината во која до пред неколку месеци беше собран гласот на дамнешните човечки грижи, радоста и тагите, очаите и чемерите. А сега го придружува само осамата, болката и безнадежта. А до неодамна во него беше радоста на илјади птичји грла, под него смеата и воздишките на младите вљубеници. Од лозје ли се враќале, од бавчи ли, од нивје, од косење, од жнеење, од пазар, од свадби и – тука, под сенката на Д’мбот навраќаа. Под него мирисаше и на покосена ливада и на мента и на младо сирење и топла погача и на топла моминска воздишка… А пред зајдисонце птици долетуваа и починка имаа во неговите гранки кои во зорите низ столетијата беа едно пеење, небаре беше вечно славење на љубовта и радоста. А сега остана во пустошот оголен од својата величина и убавина и само ветерот кој удира и фучи врз неговото стебло, и сал тој му е придружник. Трите дебели и потсвиткани гранки одолеваат на силните ветришта и бури.

Дождови го мијат и го плакнат од прашината што ја навева ту северецот, ту јужњакот. Ама ништо не може да ја исплакне од него само немата болка, крикот на ранетата грлица, блесокот на сонцето, здивот на заодот, жалосното крцкање на потскршената гранка и дамнешните и сегашните чемери. Врз него како лишај е залепен молкот и болката на времињата. И знае Ѓорѓи и памти Ѓорѓи уште од своите детски и младешки дни за многуте доживувања случени под сенката на Д’мбот, за воздишките и радостите кои под неговата круна се испреплетуваа со шумолењето на ветерот и разиграноста на листот. Со првото топење на снегот, неговите набабрени пупки вестеа топла пролет и тогаш кога разлистуваше со темнозелена боја и јадар се развиваше листот, кукавица-непрокопсаница кукнеше крај село и првите ластовици пресечуваа небо, Д’мбот за орачите, косачите, градинарите, лозарите – постелуваше сенка.

Никој не му ја знае староста. И никој од најстарите не слушнал од своите најстари колку лета брои. Чиниш како птици прелетуваа годините и растеа во столетија. Дебел колку дванаесет раце во круг; кората наместа напукната како корка на пешник тукушто изваден од селската фурна. Секој што врви покрај него, заковува поглед во него, мрда со глава вчудовиден од неговото величие и убавина. А роден е на ридот каде од сите страни го вее ветер и од каде се гледа целото Костурско Поле и синилото на езерото. А ветерот, пак, ветерот кога и најлудо ќе дувнеше, се губеше во неговиот збитолист. И тогаш тој, Д’мбот, го враќаше како тивко шумолење слично на трепет на пчелино крилце и, се чинеше, дека од неговите гранки се истураше олеснувачка воздишка и вечно пеење за небото и за земјата што го роди, го порасна и крепи. А околу него и до него, се до таму, каде се постелуваше неговата сенка и подалеку од неа, земјата не еднаш беше поганета од туѓи стапала. До него и тука до црквичето, не останаа во мир и најстарите гробишта. Лошото ги изора; умрените ја споделија судбината на живите… И тие се испадени од своите вечни почивалишта… А за нив, за гробиштата, секогаш се зборуваше тивко, како во молитва што се изустува само потајно, дека тука Самоилови воини вечно почиваат и само еднаш во годината за нив долго и испрекинато биеше селската камбана се до доаѓањето на новите господари и се до урниувањето на камбанаријата од нив, зашто се што не беше изградено под нивниот опул, беше паганско и грдо. И тогаш кога со закани и потслушнување под прозорец и пред порта, со собирање во толпа сред село за да се внесе молк и во секој миг да има чувство на загрозеност; секој да го чувствува ужасот на денот, несигурноста на зората, ноќната мора да се претвори во денско јаве од страв и се заедно во молк, кога молкот мораше да зацари кај секого одделно и кај сите заедно, а дневна и ноќна молитва на старите да биде – молчете, да стане катадневна навика за младите; молчете да се слуша само низ шепот како предупредување и тоа да биде единствениот збор или мисла.

Молк. Стравот да ја помрачи свеста, а молкот да ја создаде и зацврсти покорноста; тогаш кога за еден збор изговорен не на јазикот на новите господари, се одземаше честа, скришум од туѓото око и уво, потајно, во доцнина или пред бели мугри, на задушница, сенки поминуваа и на старите надгробни камења без нишан, оставаа варена пченица, пита, млечник, погача, вино и бокалче ракија…

Ѓорѓи занемено гледа и му се чини дека под Д'мбот останаа и викаат болката и клетвите на испадените, мајчиниот болежлив и непрестаен плач и тивкиот детски липтеж и сал му се присторува ли дека допира отаде ридиштата и отаде незнајните земји!? Со погледот го гушна целото негово стебло и полека, одејќи назадечки, почна да се оддалечува. Тргна надолу. А тука, на ридот, остана Д’мбот, улуглав старец – и кој знае уште колку време тој и неговите три подигнати чолак-гранки ќе ги облеваат првичните зраци на сонцето, во пресните зори ќе поприма боја на злато, а квечерум – боја на бронза?

И колку ли пати над земјата ќе се преврти полна месечина која во сите ведри ноќи ќе го варакосува голото стебло на Д’МБОТ?

Појде надолу. Пред него куќата на Зисовци. Застана. Растурена е. Нема трага од покривот, ѕидовите урнати до темел. – Изгледа со топ ја погодиле? – помисли, зашто не виде црнина врз камењата.

Ја подаде главата низ скршената порта. Во дворот испокршена лулка. Си спомна дека откако ги одведоа децата по државите, скоро сите жени од селото, во квечерините се собираа во дворот и, седејќи на долгата греда, гладно и жедно го слушаа гугањето и смеењето на едногодишното момченце-прваче во оваа куќа.

Слушаа, гледаа и плачеа повеќе загледани некаде далеку и само тие знаеја по кои ридишта и патеки, по кои трапишта и планини им скиташе мислата. Секоја сакаше да го допре, да го погали, да го земе во прегратка, да го гушне, да го почувствува врз своите гради, да вдише малку од неговиот топол здив. Само толку им требаше за да ја потсмират мислата, болката, тагата и чемерот што одвнатре им ги раскинуваше градите и потоа излегуваа на ритчето и оттаму гледаа на кај Лабаница, гледаа во врвицата која меѓу нивјето, шумите и карпите ги однесе нивните деца… Гледаа во далечината, бришеа солзи со крајчето од црните шамии, во липтежот им трепереа рамената. Таму на ридот, до Д’мбот, ги исплакуваа своите живи рожби и дури потоа се враќаа дома; ги отвораа долапите, сандаците и долго ги оддиплуваа и диплеа алиштата на своите рожби, и галејќи ги, ги оросуваа со солзи…

Ѓорѓи влезе во дворот. Остатокот од лулката го однесе до фурната и ја стави внатре. – Што ли стана со детето? – му се залепи прашањето. Постоја уште малку и се сврте. Дури сега забележа дека под неговите нозе лежат извалкани партали од невестинска носија. Понатака извиткани и испокршени пафти. – Митра рече гласно – беше последната невеста во селото. Оттогаш, а тоа беше пред две години, во селото немаше свадби. И таа го донесе на свет последното дете што се роди тука. А сега е празно, запустено и кој знае дали на овие пепелишта некој ќе подигне куќа, ќе завали огниште и крај него ќе заплаче дете? – Малку понастрана, до темелите, виде голема дупка. Се доближи. Тоа е јамата на Зисовци, во која го имале скриено целиот имот.

Сандаците отворени. На дното – искинати и испотапчени пљачки, испокршени чаши, чинии, стомни… Сега дури му текна да ја провери својата јама. Се сврте и дојде на кај својата куќа. И горната авлија урната. Стојат наполу урнати црните ѕидови од куќата што ја проголта пожар. Помина низ дворот, газејќи по камења и крш, влезе во шталата. Јамата – отворена и празна.

Тивко, полека и одмерено ја исплука најгнасната пцовка што ја знае и излезе. Од местото каде беше портата – долу, во една од крајните куќи на долното маало – виде синкав чад. Го префрли ранецот преку рамо. Појде. Под тешките војнички цокули крцкаат парчиња од искршени чаши и чинии, меѓу нозете се вплетуваат испокинати пљачки расфрлени по селското сокаче, наоколу гледа остатоци од самари, вили и српови…

Застана пред куќата на Митревци. Се потсети на Лина и Крсто Митревци. – Јабана го изедоа човекот – рече. Споменот се уште е свеж и кај сите во селото остави горчина и долго време се пренесуваше во околината. Крсто, еден од најсиромашните луѓе во селото, во споменот не остана по тоа што покрај сиромаштијата, беше молчалив и болежлив. Во февруари, по кратката борба што се водеше на Стените, во селото дојдоа владини војници. Едно одделение преноќи во куќата на Крсто. Утредента војниците си отидоа, а вечерта стигна чета на ДАГ и се распореди по куќите.

Пред полноќ, кај Крсто дојде четниот комесар и го одведе кај командантот кој конакуваше кај Кузе.

- Вистина ли е дека ти, сношти, си ги гостел кралските војници? – му се оџвари командантот.

-Крсто помести нозе, закрпената капа ја згмечи со коскестите прсти, погледна на комесарот и рече:

- Војниците само преспаа кај мене, а јадеа своја храна…

Јас те прашувам дали си ги гоштевал или не?

-Да ги гостам? Ами со што?

-Така ти велиш, ама другарот Кузе вели дека си ги гоштевал.

Така ли е, другар Кузе или не е така?

Кузе се помести, наполу се искашла, и гледајќи во ќошот, промрмори:

- Јаска не виду дали ги гостеше, ама слушна дека аскерите се смеее, та си реку, мајката, е штом се толку весели, сигурно Крсто ги гости…

Кузе не можеше пред командантот, а уште повеќе пред комесарот да го издржи погледот на Крсто, та стана и извика:

- Штом аскерите беа весели, сигурно си ги гостел!

- Одведете го! –нареди командантот.

Крсто го одведоа во црквата и таму го тепаа до зора. Пред да изгрее сонцето, отаде трапот одекна истрел. Попладнето селаните го погребаа кутриот Крсто. И не помина многу време кога пак плач ја наполни оваа куќа. Лина не даде нејзините сирачиња да ги одведат во државите. Неа ја разјадуваше омразата кон се што беше партизанштина. Лошото сакаше во првите денови на април децата да си играат со најдена минофрлачка граната. Пукна, пустата, и ги распарчи сирачињата!

Тој спомен го мачи и сега, го мачеше и лани таму во планините на Грамос, каде копаше ровови и градеше бункери. Се прекрсти и тргна пред себе. Еве ја и куќата на Султана. Султа ја викаа селаните. При жив маж – вдовица, со две деца. Велеа дека ѝ се мрднал човекот и дома не се прибирал. Остана Султа без домаќин и толку беше богата колку што можеше да заработи како надничарка. Кога војската го претвори селското училиште во касарна, за едно котленце манџа. Султа им ги переше валканите здолништа. Војската си отиде, дојдоа партизаните. Ја одведоа Султа во Брезница и таму, под мостот, ја стрелаа. Некој во селото му потшепна на комесарот дека била шпионка…

Воздивна и појде. По неколку изодени чекори застана. Се загледа во урнатините на куќата од која ланската година, домаќинот и двајцата синови на прагот од воденицата со ками беа заклани. Брадести мажи на поминување им одзедоа глави за да не зборуваат на јазик подруг од нивниот… Вангелија, вдови-цата, пролетта пови посмртче и со него на раце ја испратија со децата.

Лево, на ритчето – старите гробишта. До нив широка зелена полјанка. Застана. Гробиштата – изорани со кривите линии на рововите. Забележа и неколку бункери. – Значи и тука нашите се бранеле… - помисли. Горе не отиде. Нови спомени го совладаа. Се доближи до полјанката. Прекрсти раце на гради и наведна глава.

Тука, на оваа зелена полјанка, на сите празници се собираа селаните и гостите од околните села. И на Велигден и на Петровден, на Голема Богородица, на Митровден. Невестите со првичињата стоеја настрана, до нив свекрвите и мајките од спротива постарите мажи со неотстапните чибуци, до нив младоженци, а малку понастрана, во одделни групи, беќарите и чупите.

Ја гледа полјанката покриена со младо мајско зелено руно и орото што го водат чупите. Лесно, кротко, бесчујно газат и од многу усти слуша еден глас:

Мори чупи костурчанки, Раширете го орото, Раширете го орото, Да ви виме фустаните, Да ви виме фустаните, Чиј е фустан дамкалија, Чиј е фустан дамкалија, Да се стору севдалија, По фустанот на чупчето…