Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

The Great Lie

ГЛАВА 2 Два дена пред Митровден, на Вичо и Мали-Мади падна првиот снег. Ѓорѓи, - Part 06

By Петре Наковски · Part 7 of 29 · About 10 minutes

Read in English

-Никос е во право. Точно е тоа што го вели. Јас ги запознав тие луѓе… Кротки, мирни, стрпливи, издржливи во најтешките маршеви, во жега и студ, глад и жед и послушни и верни. Одлични борци. Способни за се. Ако имаат некакви далечни корени со старите Македонци, за што многу се сомневам, тогаш не е чудно што се такви… Да беа под оружје многу, да речеме едно стотина илјади во нашите редови, би можело да се тргне во освојување на Атина…

-Ајде, де … - Вландас наместо да му одговори на Барѕотас, му упати на Захаријадис.

-Ако е така, тогаш понатаму што ќе го мобилизира славомакедонскиот народ?

-Како што? Ветувањето дека ќе има слобода, национална слобода, рамноправност… Кога сме при ова, сакам да подвлечам дека тоа малцинство се уште целосно не е вклучено во оружената борба и народната револуција. Голем број во рамничарските села на Леринско и Воденско се наоѓаат надвор од редовите на ДАГ. За да ги привлечеме, а уште повеќе да го ангажираме НОФ-АФЖ во нивната мобилизација, е потребно да ја фрлиме оваа нова парола со која ќе го прогласиме патот за нивното национално возобновување. Што значи ова? Со ова Славомакедонците ќе ги мотивираме понастојчиво да се борат, да престанат дезертерствата, а на националистичките и шовинистичките отцепници и дезертери кои се сокрија во Скопје и ја имаат поддршката на тамошните органи, ќе им затвориме усти…

-Дали тие таму, во Скопје ќе престанат да ни се мешаат во нашите работи и да го поддржуваат НОФ за кој сте се согласиле да се формира?... –дофрли Гусјас.

Захаријадис одвај видливо се насмевна и тивко рече:

-Фактите зборуваат поинаку. Јас не се согласив да се формира НОФ, туку го признав и за тоа имаше многу причини. НОФ беше формиран додека траеше окупацијата. Тие се бореа во редовите на ЕЛАС, но имаа и свои организации, па дури и свои единици.

Тогаш каде беше партијата за да ги спречи? Другари, ќе дојди време кога пошироко ќе го објаснам и ставот за НОФ, а посебно моето мислење за раководството на НОФ. Тоа е една од најголемите грешки на нашата партија, грешки кои врз решавањето на националното прашање фрлија или наметнаа подруга сенка. Состојбите, вчерашните и денешните, не натераа да прифатиме еден таков приод каков што прифативме. Лично сум убеден дека без НОФ и АФЖ, без нивнатa работа меѓу македонсите маси, без нивното целосно ангажирање во мобилизацијата на македонската младина во редовите на ДАГ и македонското население, кое претставува голема логистичка сила, не би можеле да продолжиме со нашето движење. Благодарение на НОФ успеавме да ја подигнеме целата младина и целокупното цивилно население. Дадоа од себе се, макаршто ние, како партија, цениме дека НОФ е грешка. Што можевме? Фронтот, слободната територија се наоѓа на територија населена со славомакедонско население и токму таа претставува стратешка точка заедно со Грамос што делумно е изгубен.

Славомакедонците се трудољубиви, кротки, љубезни, идолопоклонички ропски… Не знаев па дури и не претпоставував дека можат да бидат достоинствени и храбри до лудило. Не се жалат на наметнатата судбина. И види, бога ти, овој народ даде се, голем број борци од неговите редови покажаа беспримерен хероизам. Си мислев, овие прости, кротки, тивки, сиромашни, истоштени од работа и од терор мали луѓе, се создадени само за да бидат робови. Се излажав. И можеби величината на нашата партија е во тоа што ги открива таквите народи и ги поттикнува за да го најдат патот кон својата слобода и достоинство. Ама што зборувам јас. Па тие кои сега се во редовите на ДАГ, тие се внуци на се уште живите илинденци. Замислете каква иронија! Нивните родители, кога избувна илинденското востание биле деца. Да.

Деца. Некои помали, некои поголеми, а некои родени во пламенот и чадот на востанието. Исти како децата што ги испративме во земјите со народна демократија. Убеден сум дека тие длабоко се задоени и од своите дедовци и од своите родители од кои некои живо го памтат Илинденското востание, а други го знаат од своите дедовци и баби директни учесници. Би можел да речам дека среќни се тие деца кои растат во пазувите на бабите и дедовците.

Јас немав среќа да растам со дедо и баба. Татко ми трговец, немал постојано место на живење. Јас растев во џагорот на градовите, на дуќаните и ќепенците, во трговските комори и во постојано движење по светот. Видов и слушнав многу и многу избирав во мојата определба. И за овој народ мислев дека е скроен да биде роб…

Се излажав, мислев дека луѓето се прости, неписмени, лековерни, а еден дел од нив ме изненади со неговата преданост кон партијата и нашето дело. И да не го заборавиме и најважното – ние сме во нивните куќи, го јадеме нивниот леб и дури не знаеме тие женички да ги тешиме, да им кажеме еден топол збор за загинатите мажи и чеда освен ветувањата што им ги даваме и паролите за некаква нивна национална слобода. И уште нешто.

Моравме да им ветиме и на тие во Белград, ама и на тие во Скопје.

Што си мислите дека Лазо нема ум? Тој најдобро знае што сака.

Тој ја сака цела Македонија, ама не на начин како што тоа го посака Ченто, кого Тито и него и генералот, како ли му е името, аха, Апостолски ли? Ете, замисли си, ако Тито не би ги натерал да одат на Сремскиот фронт, тогаш што би било?

Паролата на Солун беше веќе фрлена и со неа не живееле само тие таму во Вардарска Македонија, ами и тука, во нашата Македонија и не требаше некоја кој знае колку голема сила, колку голема војска. Во таа состојба во која Грција беше зафатена со сопствените проблеми, а најмногу со британската интервенција, тие сигурно ќе стигнеле до Солун. Кој тогаш го бранеше? Маркос?

Ама немојте да се шегувате. Обичен поручник и тоа уште тутуноберач! Тие ќе го дигнеа целиот славомакедонски народ и тоа многу побрзо отколку што ние го сторивме со нашите ветувања. За обеди-нување на Македонија и за Солун никој немаше потреба да ги убедува и да им ветува. Тоа е нивна надеж оставена во аманет од постарите генерации… Солун можеби немаше да го заземат, ама Лерин, Воден, Костур, Кукуш можеби би ги зазеле, а ако не, тогаш околните планини. Каква морална поддршка, каква историска порака за идните генерации!... А вас би сакал тогаш да ве видам како би размислувале. Тие би ја натерале Грција на преговори. А од преговори секогаш нешто се добива…

-Да, ама тоа за Тито би значело војна на два фронта, а покрај тоа тој ѝ бил послушен на Москва. Тоа не би било по ќефот на Сталин – дофрли Јоанидис.

-Војната и без Тито беше при крај. На Тито му требаше Трст.

Словенците притискаа, имаа умни луѓе, јак кадар одреди команданти… -убедуваше Захаријадис.

-Среќа – се вмеша Владас – среќа за Грција што Словенците го побараа Трст. Тито се фати на јадицата на Кардељ, та затоа Лазо остана со празни раце и бос. Скопјаните да беа малку поумни, понастојчиви и побрзи, Солун ќе ни беше под прашање…

-И ќе ја натераа Атина на преговори… - Захаријадис прекина само за миг, колку за да испие чаша вода и продолжи: - Јас, се разбира, се согласив НОФ и АФЖ да дејствуваат, па дури и со нивни одреди и нивни команданти. Само така можевме од нив да направиме сојузници и целосно да ги мобилизираме. Тоа беше и е нужно зло. Тоа е тактика од делот на нашата стратегија. Мислите дека јас сакам нивната скопска република да е силна? Тоа е спротивно на грчката логика. А која е грчката логика? Тоа што е завладеано да се задржи по секоја цена… Силна македонска република или држава значи слаб грчки север. Јас сум убеден дека Атина и Солун никогаш нема да најдат заеднички збор. Затоа што Атина живее на сметка на Солун. Тоа одамна го разбрав. Ако ние сега би имале сили да го заземеме Солун, Атина веднаш би не молела на колена. Македонското прашање мора еднаш да биде решено, ама така што Грција да ја има најголемата корист. Само така…

Прекина. Стана. Ја отвори вратата од балконот. Излезе. Студен ветер му ја развеа кадравата коса. Се сврте и, покажувајќи на север рече:

-Оттаму најдобро не ни се мисли. И токму затоа јас барам текстот што го имате пред вас да го претвориме во резолуција на петиот пленум за македонското прашање…

Од рацете на Барѕотас тој го зеде испишаниот лист, го дигна над нивните глави и со театрално движење на раката, извика:

-Ова ќе ги натера да размислат тие таму во Скопје. Ете, што им даваме ние на нашите славомакедонци! Зарем тие, Скопјаните тоа не го сакаат? Ние, нашата партија, другари, сега ја почнува реализацијата на единствено правилната парола – рамноправност на малцинствата со право на отцепување. Никоја друга партија ова не го има направено. Ние ќе бидеме први. Тоа ни личи… И со ова, другари, на Тито ќе му ја спуштам зашто на овој начин ќе ги натерам Скопјаните да мислат и да се замислат дали за нив не е подобро да бидат самостојни, да имаат своја независна држава?

Тоа што тие го имаат во Југославија, за нив е малку. Треба да имаат повеќе и тоа треба да им се каже… јаболко ќе фрлам меѓу Скопје и Белград… Сега кога се заострени односите меѓу Тито и Сталин, кога илјадинци гнијат во затворите на УДБА, зарем нема да се најдат такви кои ќе ја прифатат нашата идеја? Ќе се најдат, сигурно ќе се најдат. Знаете ли зошто го затворија Ченто и многу други? Затоа што сакаа обединета Македонија, па макар и во составот на Југославија, ама со многу поголеми права Тие поголеми права, заклучно со правото на самоопределување, па дури и до отцепување, така ќе објавиме, денес со оваа резолуција ние им ги даваме, им ги гарантираме на нашите Славомакедонци. Затоа, велам, дека тие таму во Скопје ќе почнат да размислуваат. Така да знаете…

-Умно, море не, остроумно – рече Вландас.

-Убаво смислено , ама…

-Зарем во нашата идеја за самоопределување – ги прекина Захаријадис – тие од Скопје нема да гледаат начин за обединување и самостојност? Па утре можеби и ним ќе им речеме: - Сакате самостојна Македонија? Придружете ни се. А тоа значи ние да ја разбиеме Југославија. А таа тоа го заслужува, бидејќи е вештачка дружава и мора да ја снема. Тоа мене ми го рече Молотов. И да знаете. Тоа што Грција досега не ја изгуби Македонија се должи на фактот што Грција беше сојузник против фашизмот. Ако би се борела на страната на Германија, како што тоа си го присакувале некои мегало-идеалисти, тогаш ќе мораше да плати. А цената ќе беше губење на нашата Македонија.

Не забележаа кога се свечери. Захаријадис погледна на џебниот часовник.

-Другари, за денес е доста. Утре уште еднаш ќе го проанализираме текстот и потоа ќе го закажеме петтиот пленум на нашата партија. Тоа ќе биде важен, би рекол, историски, судбински пленум…

Вландас дофрли:

-Содржината на рефератот е одлична, а текстот на резолуцијата за македонското прашање – фантастичен…, а петтиот пленум ќе биле најдобриот воен собир од кој веќе зрачи огромната надеж и ентузијазмот.

На излегување, Вландас пред себе го препушти Јоанидис и од полузатворената врата тивко праша:

-Никос, ти навистина сакаш овој текст да го претвориш во резолуција за решавање на славомакедонското прашање? Си размислил ли за евентуалните ризици и последици?

Захаријадис долго го погледна в очи и со сигурен тон во гласот рече:

-Јас сум сигурен дека поради оваа парола многу наши другари кои денес се затворени во логорите и затворите – ќе настрадаат.

Таму нив ќе ги прашуваат дали се согласни со резолуцијата и тие кои ќе потврдат, сигурно ќе бидат мачени, можеби и стрелани. Во име на идеалот тие ќе ја прифатат својата жртва и со тоа ќе ја потврдат својата верност кон партијата. А тие кои ќе потклекнат, кои ќе признаат, кои ќе се откажат, по победата на нашето движење, нема да мораат да се оправдуваат. И ние за тоа нема да губиме време. Нив ќе ги стигне судот на партијата. А ти немој да се грижиш… За се сум размислил. Ниту еден ден оваа резолуција ќе нема никакво практично значење. Таа е само тактички чекор во борбата против титоизмот… Ќе видиш дека животот ќе ги потврди овие мои зборови…