ГЛАВА 2 Два дена пред Митровден, на Вичо и Мали-Мади падна првиот снег. Ѓорѓи, - Part 05
-Е, токму во ова е клучот! – извика задоволно. – Ако тие ова така го сфатат, тогаш отиде по ѓаволите таа нивна Народна Република Македонија. На овие простори нема место за македонска држава. Не може да има држава со име Македонија зашто ова име е историско наследство само на Грците.
Допиша и гласно прочита:
-Македонските комунисти секогаш стојат на чело на борбата на својот народ. Ова за сега не е добро. И можеби воопшто не е добро. Па македонските комунисти дејствуваат од редовите и во име на Комунистичката партија на Грција. Значи КПГ е на чело на нивната борба. Ако имаат НОФ и АФЖ, а знаеме каде се формирани и кои им се туторите, тогаш треба да имаат своја комунистичка организација. НОФ во тој случај не можеме сосема да го бришеме, нека вегетира и во тоа вегетирање нивните раководители меѓу себе ќе се изедат. Македонските комунисти ќе му ги спротивставиме, а тие од Комунистичката партија на Македонија во Скопје да престанат да мислат дека токму тие стојат на чело на македонскиот народ. Да, ама се разбира – тој скоро викна од задоволство – ќе формираме партиска организација. Комунистичка, нивна комунистичка организација која, се разбира, директно ќе биде раководена од КПГ. Тие отаде езерото имаат КПМ, а овие, да овие, да имаат своја, но не слична на КПМ. Ако заговараме нивна возобнова во Грција, тогаш нека имаат и политичка авангарда, своја комунистичка организација.
Еве го и вториот клуч со кој ќе се отвора иста врата: КОЕМ-Комунистичка организација на Егејска Македонија. Нека се јадат КПМ и КОЕМ. За КОЕМ ќе најдеме неколку прости, полуписмени, ама лакоми за функции и слава селано-работници – претпладне рудари во рудниците на леринско и кајларско, а попладне орачи, овчари, говедари, кои ќе се нафатат да бидат кароѓоз , да ја водат КОЕМ, а конците ќе се наоѓаат во овие раце – тој рашири шепи, размрда прсти. И рече: - Тие нека си имаат свој македонски народ и ние ќе си имаме наш славомакедонски народ… меѓусебно скарани да не се трпат, да се гризат, да се глодаат… Еднаш поделениот мора да остане поделен. Барем на овие простори. И да биде жртва. Тие, Македонците, немаат дарба да бидат обединети. Нека си останат такви какви што се –кротки и меѓу себе скарани, баш скроени да бидат робови. На такви фрли им коска и остави ги, прај сеир, гледај како се глодат. Затоа владеењето со нив е лесно.
Захаријадис се почувствува уморен. Непреспиената ноќ и вложениот напор да го напише рефератот и да ја среди мислата во врска со новиот став за македонското прашање што треба да биде една од најважните одлуки на претстојниот петти пленум на Централниот комитет, на неговото лице оставија траги на исцрпеност. Испишаните листови средени според броевите на страниците ги стави во голем кафеав плик, го залепи и на горниот десен агол напиша со црвениот молив: “Строго доверливо! Да се пречука на машина во два примерока!” Го викна дежурниот офицер од обезбедувањето и , подавајќи му го пликот, со тон на наредба му рече:
-Носи го веднаш во седиштето на Централниот комитет! Лично на рака на Вландас!
Надвор се слушнаа тивки довикувања и кратко потоа пригушено тропање на коњски копита. Триејќи го вратот и челото, Захаријадис со бавен чекор пријде до масата, неколкупати ја заврте рачката на полскиот телефон и ја подигна слушалката. Му се чини дека долго чека. Ја спушти слушалката и одново ја врти рачката на апаратот. Чека загледан во огништето во кое малендаво пламенче трепери, се превиткува и гасне. Најпосле. Во слушалката
– прво нешто како шлапање во блато, потоа поспан, кркорлив и засипнат глас:
-Напред!
-Димитри! – Вландас го позна гласот на Захаријадис и небаре облеан со студена вода, одеднаш се рассони, брзо стана и, стоејќи бос и но гаќи молежливо се огласи:
-Да, другар Никос, да, лично јас…
-Димитри – сега со тон на прекор шушка слушалката. – Ме слушаш ли?
-Да, другар Никос, одлично слушам… Повели…
-Пред малку по курирот ти го испратив ракописот.
-Кој? Кого испрати?
-Ракописот, велам. Проучи го и денес во петнаесет часот да се видиме кај мене. Да! Јас сум тука. Горе… Со тебе да дојде и Барѕотас!
-Аха… Разбрав… - Слушалката замолкна.
Вландас почека уште малку, полека ја спушти слушалката и откако провери дали добро лежи на вилушките, погледна на часовникот и, гласно пцуејќи ги Богородица и Христос, рече:
-Четири по полноќ!
Захаријадис ја залости вратата и откако провери дали капаците и прозорците добро се затворени, ги собра хартиите што беа растурени на подот. Накрши суварки и го распали пампурот. Во чајникот врие водата. Во цинкуваната чаша со дршки отстрана, фрли три лажички грузиски чај и го попари со зовриена вода. Пие големи голтки и чувствува топлина во градите и мевот. Пие полека, се насладува и занесно ги оддиплува мислите што од вчерашното попладне и до пред малку ги нанесе на хартија.
Топлината од пампурот и јакиот грузиски чај го тераат на дремка.
Фитилите од газиените ламби полека ги прибра и без да се соблече легна, покривајќи се со својата неразделна вреќа за спиење.
ГЛАВА 5 Една недела подоцна, попладнето, во договореното време, Вландас, Гусјас и Барѕотас јавнати на коњи и во придружба на еден вод кој пред нив го газеше снегот, стигнаа во седиштето на Централниот комитет. Квечерината им се придружи и Јоанидис.
Во топлата одаја која мирисаше на изгорена забовина, погача, печено јаре и греено вино, тие го внесоа планинското студенило и езерската свежина. Вообичаен стисок на рацете, клепање по рамо, неколку прашања за здравјето и времето. Со широк замав на раката Захаријадис покажа на поставената маса и прв седна на челното место.
Јадеа молкома. Повремено паѓаше по некој збор посветен на студеното време, високите снежни намети и тешко проодните патеки што ги поврзуваа седиштата на Централниот комитет и Главниот штаб. Богатата вечера заврши со пиење чај, омиленото питие на генералниот.
-Грузиски е чајот - потврди Захаријадис по привата испиена голтка. – Од татковината на великиот Сталин.
Гусјас, горејќи си ги дебелите бузи и јазикот, пропелтечи низ солзи:
-Ако е така, другар Никос, јас би замолил уште една чаша.
Голема е честа за нас, другари, тука во овие диви македонски планини да пиеме и да се насладуваме со чај од татковината на великиот Сталин … - тој ја подигна чашата кон светилката чија светлина трепереше од нерамномерното работење на стариот агрегат и гледајќи на жешката течност со боја на килибар, чекаше да се олади.
По втората испиена чаша грузиски чај, на десетарите кои послужуваа, Захаријадис им даде знак да излезат и рече:
-Другари, да почнеме со работа. Текстот на рефератот за претстојниот петти пленум ви е поделен и денес ни преостанува да го поделиме на соодветни тематски делови. Се разбира дека секој од нас ќе си добие дел што ќе го изнесе на пленумот. Јас, како што ви најавив, дополнително напишав уште еден дел, што според моето мислење, во сегашнава актуелна воено-политичка ситуација на нашата партија и нашето ревелуционерно движење е од голема важност. Предлагам да биде составен дел на рефератот, но како посебна резолуција. Тој дел гласи:
Во Северна Грција македонскиот (славомакедонскиот) народ даде се за борбата и се бори со сеопшт хероизам и самопожртвуваност, со што предизвикува восхит. Не треба да постои никакво сомнение дека како резултат на победата на Демократската армија на Грција и на народната револуција, македонскиот народ целосно ќе се здобие со национално возобновување така, како што самиот тоа го сака и за да го добие, денес ја жртвува својата крв…
Захаријадис прекина да чита во мигот кога го слушна тивкото кашлање на Барѕотас. Со подзамижани очи и згасната насмевка на усните тој ги мерка присутните. Барѕотас со навелена глава на стегнатите тупаници и со закован поглед во ќошот, се ниша лево- десно. Вландас се помести назад и со лактите се потпре на масата, Гусјас потпре брада на левата рака и со десната го трие испотеното чело. Јоанидис има стегнати усни и пишува. Тој прв го прекина молкот.
-Другар Никос, ова што го слушнавме пред малку, морам да кажам, дека за мене е нешто невообичаено ново и изненадувачки неочекувано. Се разбира тоа ме натера веднаш да си поставам многу пршања и мислам дека, барем мене, ми е потребно повеќе време за да го дадам моето конечно мислење…
-Кој друг сака да се произнесе? - Захаријадис го пресече размислувањето на Јоанидис.
-Ќе дозволиш да продолжам? – смирено праша Јоанидис. – Искрено речено, јас би замолил да направиме еден мал прекин. Во меѓувреме текстот да ни се подели. Според мене има разлика меѓу слушнат и прочитан текст…
-Нема потреба да направиме прекин – остро прозвучи гласот на Захаријадис. - Сакате текстот да ви е на хартија, еве го. – Од жолтиот плик што лежеше пред него, тој извади неколку хартии и ги фрли на масата. – Повелете! – подвикна. – Читајте! Еве, сега текстот ви е поделен.
Секој зеде по еден лист и покрај тоа што пред малку го слушнаа од Захаријадис, во продолжение читаа:
Македонските комунисти секогаш се на чело на борбата на својот народ. Истовремено македонските комунисти треба да внимаваат на разбивачките и разединувачките активности што ги правам туѓоземни шовинистички и реакционерни елементи за да го разбијам единството меѓу македонскиот (славомакедонскиот) и грчкиот народ што е само од корист на заедничкиот непријател, на монархофашизмот и на англоамериканскиот империјализам.
Истовремено КПГ од своите редови треба од корен да ги отстрани сите пречки, да ги осуди сите големогрчки шовинистички пројави и постапки кои предизвикуваат незадоволство и вознемиреност кај македонскиот народ и на овој начин им помагаат на разбивачите во нивната предавничка активност, го поддржуваат делото на реакцијата. Славомакедонскиот и грчкиот народ само обединети можат да победат. Затоа единството меѓу двата народа треба да се чува како зеницата во окото и постојано и секојдневно да се поддржува и зајакнува.
Јоанидис, кратковид, го доближи листот до дебелите стакла на очилата и, читајќи, истовремено бележеше. Кога на другите им се пристори дека заврши со читањето, тој само за миг го стави листот настрана, погледна кон прозорецот и низ него, се чини, му полета погледот некаде далеку. Нешто запиша, со моливот удри на стаклената чаша и откако виде дека го привлече вниманието на останатите рече:
-Другари јас внимателно го прочитав целиот текст, но не доволно внимателно, се разбира поради краткоста на времето, за да можам да се произнесам за секој дел одделно. Да, се разбира, според мене понудениот текст, може да се подели на неколку делови. Еден дел од текстот мене најмногу ми го привлече вниманието.
Како прво да го земеме делот од текстот што ни го прочита другарот Никос. Го делам на две реченици. Несомнено во првата реченица е содржана, кажана и потврдена целата вистина. Убеден сум дека ниту еден од нас не би можел да даде поумна и помудра оценка од таа што ја даде другарот Никос за придонесот на Македонците или Славо-македонците. Но тоа што кај мене предизвика одредено изненадување и, признавам, тешко недоумение, е втората реченица од која ги изделувам зборовите – “Не треба да постои никакво сомнение дека како резултат на победата на Демократската армија на Грција и на народната револуција, македонскиот народ целосно ќе се здобие со национално возобновување така, како што самиот тоа го сака”.
Така, како што е формулирана оваа мисла, предизвикува многу прашања, а едно е најважно. Имено, кај мене недоумение, па дури и сомнеж предизвикуваат зборовите – ќе се здобие со национално возобновување така, како што самиот тоа го сака… Другари, ова е сериозен проблем. Затоа го поставувам прашањето: - дали оваа реченица треба да значи нивно отцепување од Грција? Ако е така, тогаш за да не должам, сакам да ве потсетам на дел од заклетвата на борците на ДАГ која гласи:
“Εγω πаιδι του Λаου της Ελλаδаς κаι µаχητης του ∆ΣΕ ορκιζοµε να πολεµησω µε το οπλο στο χερι να χυσω το αιµα µου και να δωσω και την ιδια µου τη ζωη … για να εξασφαλισω και να υπερασπισω την εθνικη ανεξαρτισια και εδαφικη ακεραιοτητα της Πατριδας µου…” (,,Јас син на народот на Грција и борец на ДАГ се колнам дека ќе се борам со пушката в рака, да ја пролеам можата крв и да го дадам и можот живот… за да ја обезбедам и да ја бранам националната слобода и територијалната целовитост на мојата татковина…”)
Јоанидис ги прибра белешките и откако на сите им погледна в очи, праша:
-Дали нашиот борец, нашите воени и политички кадри ќе прифатат еден ваков став? Не е случајно што сум прочитал дел од заклетвата на борецот на ДАГ. Да потсетам – нашите борци и воени кадри се заколнаа дека ќе ја бранат територијалната целовитост на Грција. Другари, кога ова го имаме пред очи – тој со дланката удри на листот – на ум треба да ги имаме и секој вид последници што ќе произлезат во иднина. Другари, јас со најдобри намери само се обидов да поттикнам едно размислување, па оттука би предложил да најдеме некоја поблага формулација што би била поприфатлива. Останатото е одлечно напишано и треба без никакво сомневање да го прифатиме. Се разбира јас воопшто не се сомневам дека другарот Захаријадис предлагајќи еден ваков текст што би бил прогласен на претстојниот пленум и како посебна резолуција за решавање на македонското прашање, не ги согледал сиве овие прашања. Сигурно ги согледал и добро е да веруваме во неговите не погрешни намери. Од мене толку за конкретното прашање…
Захаријадис не предложи друг да се јави за збор. Веднаш почна со излагањето:
-Прашањето е од стратешка, политичка и тактичка цел. За нас најбитно е да ги постигнеме првите две цели. Тоа е најважно.
Политичката цел е само парола. Кога ќе ја постигнеме стратешката и тактичката цел, тогаш политичката цел лесно ќе ја замениме со друга парола. Јас за тоа размислував и резултат на тоа мое размислување е текстот што го имате пред вас.
Захаријадис прекина за миг, испи половина чаша вода и продолжи:
-Велам ова е потреба на времето и претставува само парола која утре, несомнено, ќе ја замениме со друга парола. Имено зборот возобновување, во поширока смисла би требало нофитите да го сфатат како право за национално ослободување. А што, пак, треба да значи ова? Дали право на автономија? Но, ако подолу велиме “така, како што самиот тоа го сака”, значи и право на самоопределување… на отцепување… Да, ова е суштината на целото размислување. Голем предизвик за нашата партија и уште поголем удар за титоизмот и за македонските националисти и предавници. И во зависност од ситуацијата, пред се политичката ситуација, зборовите што вам не ви се допаѓаат, ќе ги замениме со зборот рамноправност… Лесно, нели? Во таа смисла ќе ги инструираме македонските активисти, пред се партиските, значи членовите на нашата партија, а потоа и нофитските активисти, да не зборуваат за отцепување, туку за создавање своја македонска држава во составот на една балканска федерација, а грчките активисти ќе ги инструираме премолчено да се однесуваат. Така, другари, во моментот кога ќе ја промениме паролата, целата одговорност ќе ја префрлиме врз грбот на Тито и Колишевски и на тие кои пребегнаа во Скопје… А НОФ, за него ќе проговориме подоцна…
Захаријадис за миг прекина, испи половина чаша вода и продолжи:
-Да не заборавиме дека цели сто и триесет години грчкиот народ е воспитуван во духот на национализмот што најмногу го предизвика, го разви и од него направија национална и државна политика протагонистите на мегали-идеата. Оттука и малоазиската катастрофа.
-Да, но… - се огласи Јоанидис - мегали-идејата баш во тоа време водеше кон ослободување на Тесалија, на Крит и на Епир…
Со отфрлањето на вековното ропство кај Грците се ослободија сите сили кои водеа кон ослободување и присоединување на сите територии кои биле населени со Грци. Сега, се разбира, кога ние грчките комунисти го признаваме правото за самоопределување на народите и за рамноправност на малцинствата, таквата ориентација е погрешна и ја отфрламе. Но, тогаш…
Захаријадис со дланката удри на масата и со остар тон рече:
-Имам впечаток дека тука некој сака да ни потврди дека се уште не е ослободен од мрачното наследство на минатото…
-Можеби, другар Захаријадис, е така - промрмори Јоанидис – но како ќе му објасниш на обичниот Грк, кој дома, во црква, во школо и во војска постојано слуша за големото минато на Грција и…
-Што би била Грција без Македонија? – праша Вландас и додаде: - Еден камењар од три страни облеан со море…
-Ако смеам да прашам – прозборе Барѕотас – како треба во поширока смисла да се објасни зборот апокастаси? Разбирам дека може да значи возобновување и обнова. Но што ќе обноват Македонците во грчка Македонија? Тоа за мене значи да … - тој прекина, размислува, се плаши случајно да не употреби погрешен збор и откако ја избриша потта од челото, продолжи: - … ако смеам да прашам дали тоа треба да значи отцепување на Македонија од Грција? Ако тоа е така, јас мислам дека тогаш нашите борци, а најмногу кадрите ќе бидат против… Тоа можеби нема да го изразат отворено, но молчеливо – сигурно…
-Отворено и сигурно и со ангажирање на целиот државен и црковен апарат тоа ќе го изразат нашите непријатели – го прекина Захаријадис. – Речено е – така како што сакаат самите. Јас ќе ви кажам што сакаат. Ќе сакаат така, како што ние ќе им кажеме.
Кадрите на НОФ-АФЖ, кои ќе ги здружиме во една за нив нова организација – Комунистичката организација на Егејска Македонија, која ќе биде раководена исклучиво од нашата партија, не само што ќе ги инструираме, туку и ќе ги задолжиме, во името на партиската дисциплина, да се однесуваат и да размислуваат така како што ќе се однесуваме и ќе размислуваме ние… Ќе го сакаат тоа што ние ќе им го понудиме, тоа што ние ќе им го дадеме. А тој кој нуди, не значи дека и ќе даде, а тој кој дава, не значи дека и нема да одземе… Ако би го зеле предвид - продолжи Захаријадис – сегашното ниво на развојот на националното чувство на секој Грк, независно на која политичка партија, па и идеологија припаѓа, дали е лево или десно ориентиран, мислите ли дека би се согласил барем еден мал дел од сегашната грчка територија да биде одземен? Ние Грците, во основа меѓу себе сме многу кавгаџиски народ. Но, кога се работи за Грција, тогаш ние сме една тупаница. Знаеме меѓу себе многу да се караме, но исто така знаеме брзо да ги заборавиме сите навреди кога се работи за судбината на Грција. Не познавам друг таков народ… Ете, тебе да те прашам, Гусјас, би се согласил ли нашата Македонија да биде отцепена од Грција?
-Па… јас Никос, целосно го поддржувам твојот став. Значи ја поддржувам логиката на твоето размислување…
-А ти, Барѕотас?
-Јас, Никос, што и да речам, тоа ќе биде само цитирање на твоите зборови…
-Се наоѓаме во идеолошка битка, повеќе би рекол во конфронтација. Биеме на два фронта: тука пред нас со оган, а зад нас со идеологијата. Која е пожестока? Таа што ќе остави подлабоки траги и подалекусежни последици. Втората е беспоштедна, бие со сите средства, не жали, жртвува се и не брои.
Не лекува рани, ами ги проширува, крвават сега и ќе крвават утре и без престан ќе водат во пораз. Никогаш не дава ниту можност ниту време за мир, за договор, за дијалог, ами беспоштедно уништува се пред себе. Мислата со мислата се бие и никој крајот не им го знае. Тој кој ќе победи веднаш ќе создаде диктатура и тогаш тешко на поразениот… Во свеста на секој кој и најмалку се бави со политика, преовладува убедувањето: - ако сакаш да владееш – тогаш скарај! Вие готови сте да ме обвините дека премногу права им се дадени? Да. Тоа е точно. Меѓутоа, вие воопшто не ги гледате резултатите. Прво – со тоа доведов до тоа, што таканареченото НОФ-итско раководство го разбив. А знаете како? Многу лесно. Би рекол ништо полесно. Ми дојде еден од нив и ми вели:
-Другар Захаријадис, знаете тој и тој така и така прави. А јас го слушам внимателно, се правам дека сум многу загрижен, му признавам дека е во право, го пофалувам и на крај му велам:
-Знаеш, другар, со тоа што ги изнесуваш овие многу важни прашања, ти си покажал голема партиска и револуционерна свест и храброст и потврдуваш дека целосно си предаден на идеалите на нашата борба. - Човекот просто се топи. И довршувам со овие зборови: - Добро би било тоа што ми го кажа да го напишеш. Еве ти хартија, седни и напиши го тоа што ми го кажа. Потоа јас го повикувам набелениот и му велам: - Знаеш, другар, тој и тој за тебе рече така и така. А тој ми вели: - Другар Захаријадис тоа е лага. А јас му го подавам листот и му велам – читај. А тој: -Ама ова е лага, ова е клевета, не е вистина, другар Захаријадис. – А јас му велам: - Ако држиш до тоа дека не е вистина, демантирај. Еве ти хартија и напиши. И така, другари, еден со друг се клеветат, се плукаат… Така се прават тие работи. Учете. Ќе знаете. Сега тие не се трпат ниту со тие кои останаа внатре, значи во Југославија.
Гоче-Керамиџиев, заминаа и не се вратија и од тоа не правам трагедија. А знаете зошто? Прво, затоа што јас се согласив да одат, а се согласив затоа што тие тука не ми требаа. Многу се мешаа во војската. Второ, затоа што тие како политички и воени активисти јас сакам да се скарани со овие што ги имаме тука. Практично од нив сега нашата борба нема никаква корист. Тие за нашето движење се мртви. Само штета ни носеа и пред тоа и сега, се разбира. Од нивното присуство тука можеме да имаме само штета.
Вие знаете дека тие со своите активности направија голема штета.
Некој ќе праша зошто не ги апсевме, не им судевме. Не го направивме тоа затоа што тукашното население, ендопјите, ним тогаш им веруваа. А тие, Гоче и Керамитчиев тоа добро го знаеја и го користеа. Значи ние би направиле уште поголема штета. Така, нека си седат таму во Скопје и знаемно нека се јадат и клеветат.
Утре уште повеќе ќе се клеветат. Целиот славомакедонски народ е во планина.
Му ги собраме децата и ги испративме таму каде што ги испративме. Сега овој народ се бори само за гол живот – просто да остане жив. Малку е жалосно, ама тоа е вистината и стварноста. И знае што го чека, ако не се бори. Оттука и големите дезертерства.
Знае дека ако ја изгубиме борбата, тогаш се ќе изгуби. Буквално се. Затоа се свесни и затоа така жилаво се борат. Морам да признаам дека со правата што им ги дадовме, им помогнавме да ја разбијат својата национална свест и чувството кон слободата. За жал, колку повеќе национално се освестуваат, толку повеќе се шири јазот меѓу нив и Грција. А Грција е и овој дел кој тие го нарекуваат Егејска Македонија. Сакаат да го одделат? Да го приклучат кон Тито? Ке изгубат. Грција никогаш не се предава, никогаш не умира! А цената е нивниот живот, нивните деца, нивните имоти. И најпосле тие веќе и немаат што да бранат.
Погледнете: наоколу се е уништено. Илјадници испогинаа, ги собравме и ги сместивме во логори во Албанија, децата им ги одлачивме и кој знае кога и во какви услови ќе се сретнат. Можеби така ќе ги воспитаме да се срамат од своите родители, од својот род. И треба да ви кажам дека и покрај се, треба да им се признае дека покажаа нечуени примери на хероизам, им се восхитувам и на старите и на младите. И ако некој е голема жртва на оваа војна и на оваа борба, тоа навистина и единствено се тие. Погледнете со какви пароли оди непријателот во напад: напред против славокомунизмот! Досега не слушнав да се тргнало со парола – напред против гркокомунизмот. Зарем тоа не ви зборува нешто?
Од чисто човечка гледна точка, другари, тоа што сега им се случува и не само сега, тоа навистина е нивна голема човечка и национална трагедија и треба длабоко, искрено и човечки да жалиме сите ние што се најдовме лице в лице со нив во еден ров, во една земјанка, во една болница…Тоа е поединечна и колективна трагедија. Без нив нашето движење не би можело не само да се развие, ами и не би можело ниту еден ден да опстане.
Нашата партија во оваа смисла одлично работеше и секој партиски активист чесно си ја изврши својата задача. Сите материјални и живи сили и теренот и што ли уште не, овој народ ги стави во олтарот на нашата борба. Ете, другари, зошто се согласив да постои НОФ и најодговорно велам дека НОФ и сите други беа нужно зло. Кој тоа не го разбира, тој не ја разбира и нашата борба и иднината на Грција…
Прекина. Барѕотас со целата шепа покри уста и почна да му шепоти на Вландас:
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/golemata-izmama/6 on October 29, 2026