ГЛАВА 15 Апаратот за праќање и примање шифрирани телеграми одеднаш се вклучи и - Part 01
ГЛАВА 15 Апаратот за праќање и примање шифрирани телеграми одеднаш се вклучи и брзо почна да отчукува отворен текст.
Шифрантот, кој во тој миг прелистуваше весник, погледна на каледарот залепен на ѕидот. 5.07.1949. Испишаната лента ја рашири и со изненадување, во себе почна да чита:
<<Μοναρχοφασιστικ‘α στρατ‘ευµατα περν‘οντας απο γιυκοσλαυικ‘ο ‘εδαφος, καβ’αλησαν τις θ’εσεις µας και κατ’ελαβαν την εκλης’ια.>> (Монархофашистички единици поминувајќи низ југословенска територија ги нападнаа нашите позиции и ја зазедоа црквата.” На лентата што ја исфрлуваше апаратот, со отворен код се редеа зборовите:
“Монархофашистички единици во договор со југословенската погранична единица, влегоа на територијата на Југослвија и од зад грб жестоко ги нападнаа единиците на XXIV бригада на ДАГ на кои им се нанесени големи загуби во убиени и ранети.” Апаратот по краток прекин продолжи да ги отчукува истите зборови. Дежурниот офицер скина подолго парче од запишаната лента и без задржување трчаница отиде во Главниот штаб.
Вландас по телефон му ја пренесе веста на Захаријадис кој без одложување свика седница на Воениот совет. Како прва противмерка беше донесена одлука Радио Слободна Грција истиот ден да ја објави содржината на радиотелеграмата. Во попладневните часови веста за настанот ја пренесуваа радиостаниците во Европа. Шок во Белград и во Скопје. Радост во Атина. Воздржаност во Москва…
Во седиштото на Главниот штаб на ДАГ со нетрпение се чекаше реагирањето на Белград.
Три денови по објавувањето на оваа вест, шифрантот на Главниот штаб во претпладневните часови му пренесе на дежурниот офицер дека денес, 10 јули 1949 година, радио Белград во 10,00 часот вршеше директен пренос од собирот во Пула на кој говореше маршалот Тито и дека радио Скопје најави негово емитување во 14,00 часот.
-Тито – рече шифрантот - многу остро го нападна нашето движење и нареди да се затвори границата.
Во Централниот комитет и во Главниот штаб на ДАГ во првите мигови – изненадување, молк и исчекување. Единствено Захаријадис информацијата ја прими ладнокрвно што видливо смирено влијаеше на другите. Генералниот нареди во големата земјанка да се пренеси радиото и во тринаесет часот и педесет и пет минути сите да се на куп за да го слушнат преносот со говорот на Тито.
Техничарите ги сменија батериите и радиото од пештерата го пренесоа во големата земјанка. Тука неколку минути пред 14,00 часот се собраа членовите на Врховниот воен совет и на Главниот штаб. Захаријадис седнат во првиот ред, листа некои хартии, не одговара на прашањата на Вландас и на Барѕотас. Тишина. Во ќошот масичка. Средовечна жена со џебно ноженце – наострува моливи. До неа – маж со слушалки на ушите. Операторот го вклучи радиото. Радио Скопје емитуваше македонски народни песни. Одеднаш прекин и гласот на спикерот:
-Тука радио Скопје. Тука радио Скопје. Драги слушатели ви го пренесуваме говорот на маршалот на Југославија, другарот Тито, што денес го одржа на големиот народен собир во Пула.
Тишината што завладеа ја прекина гласот на Тито и веднаш потоа – во земјанката прозвучи гласот на преведувачот кој преведува од српски на грчки јазик.
Вландас навали глава на кај Захаријадис и со тон на потсмев рече:
-Па тој зборува за внатрешните работи…
-Седи и слушај - врати Захаријадис.
Преведувачот е смирен, владее со јазикот, точно го пренесува говорот. Мала пауза. Се слушна тивко тропање.
- Тито пие вода – дофрли Барѕотас.
-Другари и другарки – сега посилно загрме кутијата – јас сега би сакал да се осврнам со неколку зборови на прашањето за нашите односи со Грција. Вие речиси секојдневно читате во весниците дека често доаѓа до судири на грчката граница на тој начин што монархофашистите таму го нарушуваат редот или преминуваат преку границата. Вие си спомнувате дека неодамна настрадаа 18 наши војници кои случајно беа залутале и преминале на грчка територија каде беа ранети или истепани. Вие исто така си спомнувате дека неодамна беше извршен напад на нашето село Скочвир, при што исто така загинаа неколку наши луѓе. За овие случаи ние протестиравме, но уште не знаеме како ќе одекне тој наш протест во Обединетите нации и дали ќе дојде некој позитивен одговор или не. Пред извесно време се случи и преминување на грчки војници на нашата територија, при што загина еден грчки војник. Секојдневно се случуваат пукања од кои на нашата територија паѓаат стотици и стотици гранати и куршуми како да се води некоја мала војна.
Ние презедовме чекори и баравме Обединетите нации да му стават крај на тоа. Никаков апел до грчката влада не може да има успех. Ние не можеме да апелираме на Цалдарис, зашто мошне добро знаеме што се монархофашистите. Нашите протести таму не користеа воопшто. Тие се однесуваат мошне дрско, а тоа, се разбира, може да има мошне лоши натамошни последици за што ние не би можеле да ја носиме одговорноста.
А пред неколку дена, сега да ви го покажам другото лице на таа работа и опачината на тоа, радиостаницата Слободна Грција јави дека ние на нашата територија сме се договориле со грчките монархофашисти да ја пуштиме нивната војска преку нашата територија да ги напаѓа демократските сили. Поголема подлост, поголема инфамија – што сигурно не е измислена кај овие грчки другари, туку некаде на друго место, а тие само ја пренесоа – јас сум уверен дека никој до денеска нема видено. Во исто време кога тече крвта на нашите луѓе, пролеана од монархофашистите, се најдоа луѓе кои не обвинуваат дека пактираме со грчките монархофашисти. Значи, луѓето во демократска Грција дале да се наведат на една работа што може да има и веројатно ќе има фатални последици за грчкото ослободително движење. Тие си играат со крвта што таму секојдневно ја леат херојските борци против своите потисници, ја валкаат таа крв заради своите нечесни цели, а и нас – за да ја покажат оправданоста на својата резолуција, за да ја префрлат на наш грб вината за поразот на грчката демократска армија ако дојде до него, иако ние не носиме никаква одговорност за тоа. Но, тие нема да успеат тоа да го сторат. До што доведе сето тоа? Провокациите на монархофашистите ги загрозуваат животите на нашите граѓани, а од друга страна не клеветат. Дојде до таму што ние таа граница мораме наполно да ја затвориме и да ги обезбедиме животите на работните луѓе во нашата земја во тој крај. Јас мислам дека тоа е и мислењето на нашите граѓани, зашто секој наш човек го поставува прашањето до кога тоа ќе оди вака и каде води сето тоа. Еден ден мора да се реши. Се разбира, ние тука не смееме да покажуваме никакво колебање, никаква славост, туку цврстина, зашто ние ја браниме својата земја, зашто да страдаат нашите граѓани. Толку за прашањето на Грција. Мораме да ја браниме мирната изградба на социјализмот во нашата земја. И ние ќе ја браниме против секој!
Од ова место јас само би апелирал кон западните земји, во прв ред на Америка и Англија, сериозно да ги сфатат овие провокации и да му стават крај на тоа. Ние истовремено велиме дека нема да дозволиме да страдаат нашите луѓе, да страдаат нашите граѓани.
Толку за прашањето на Грција.
-Исклучи го! – со рака пресече Захаријадис и, свртувајќи се кон стенографката и нареди: - Пречукај го текстот во повеќе примероци и донеси ми го. – Тој се загледа во своите другари и без збор ги напушти.
На свечерување ги повика Вландас, Гусјас, Барѕотас, Стрингос и Порфирогенис.
-Другари! Ситуацијата е јасна. Тито отворено се откри! Сега ние можеме да го објавиме нашиот став, ставот на Централниот комитет на КП на Грција. Значи целосно го поддржуваме ставот на Информативното биро, значи ставот на Москва однос на Комунистичката партија на Југославија, значи ставот во однос на Тито. Во врска со ова веднаш да се испрати инструкција до нашата јавка во Белград. Радио Слободна Грција да објави делови од говорот на Тито, посебно да го акцентира оној дел од говорот во кој Тито вели дека нам ни ја затвора границата и тој дел да го повторува секој час. Да објави најостар коментар во кој Тито треба да биде претставен како уништувач на нашето движење, како агент и соработник на империјалистите. Во коментарот да најдат место сите негативни зборови со кои тој може да биде окарактеризиран, да се употребат сите најпогрдни зборови што досега ги има објавено Информбирото и комунистичкиот печат.
Со еден збор на тој империјалистички агент и лакеј, ние, грчките комунисти во овој миг му објавуваме целосно отворена идеолошка војна. Под контрола да се стави целото старо раководство на НОФ.
Секој, кој ќе биде фатен при обид за бегство во Југославија, да се стрела, а осомничените да се изолираат. Разузнавачките служби, политичките комесари и партиските секретари на штрек. Од денес за нашето движење почнува тежок период. Можеби најтежок.
Одете, размислете за нашите натамошни чекори и во 21,00 часот ќе видиме кај мене.
Излегоа.
Захаријадис уште еднаш го прочита говорот. За миг размислуваше и, удирајќи на хартијата со отворениот дел на дланката, гласно просаска:
-Те имам, дебелко, те имам… Во случај на неуспех на моето движење, ти ќе ми бидеш најголемото оправдување… Да, го имам виновникот! – рече со гласен шепот и со двете шепи го згмечи листот со говорот наТито. Тој се посилно ги стегаше тупаниците и ги олабави кога почувствува болка во зглобовите.
Истиот ден, вечерта, пругоре, по тесната и кривулеста патека што води кон ливадите под врвот на Кајмакчалан, развлечено се движеше долга колона од ранети борци на ДАГ.
-Стој! – остар и заповеднички глас. Челото на колоната застана. – Кој иде? - се огласи истиот глас.
-Партизани, борци на ДАГ… - одговори предводникот и тргна на кај југословенската погранична патрола. – Носиме ранети, друже.
-Чекајте – во мракот тивко прозвучи гласот на југословенскиот војник.
Колоната легна, се разофкаа ранетите. Болките, истоштеноста и жедта не го трпат чекањето. Предводникот и пријде на патролата и побара да се сретне со командантот на југословенската погранична караула.
-Чекајте…
-Другари, не можам да чекам. Таму – тој покажа со главата – имам педесетина лесно и тешко ранети. Викнете го вашиот командант…
-Речено е да чекате! - остро одговори војникот. Отстапете! Вие сте на југословенска територија. Назад!
-Викнете го вашиот командант, ве молам. Сакам со него да разговорам. Знам дека вие имате наредба така да постапувате…
Кажете му дека имам многу ранети. Викнете го командантот.
-Јавено му е. Имајте трпение…
Доцна по полноќ предводникот го одведоа кај командантот на караулата.
-Поручник Михајловски – се претстави офицерот и испружи рака за поздрав.
-Мавридис – врати предводникот и, стегајќи ја подадената рака, рече на лош српски јазик: - Отаде имам триесет лесно и тешко ранети борци. Барам од вас веднаш да дозволите да преминат на ваша територија и да бидат одведени во болница.
Поручникот Михајловски ја стави цигарата во пепелникот и отсечно рече:
-Ранетите ќе ги прифатиме и ќе ги ипратиме на лекување, но не затоа што вие тоа го барате од нас!... – остриот тон на поручникот ја исполни малата просторија. Мавридис сакаше нешто да каже, но беше прекинат. – Вчера прифативме 80 ранети борци и сите се веќе сместени во болница. Моите војници веќе ги пренесуваат ранетите на наша територија. Веројатно ќе мораат да почекаат се додека не стигнат камионите. А дотогаш тие ќе добијат лекарска помош и ќе бидат нахранети…
По кратко молчење, сега со помирлив тон, Михајловски праша:
-Каде научивте српски?
-Во Србија, во Булкес. Таму бев две години.
-Вие сте Грк?
-Да, чистокрвен…
Михајловски се загледа во него и со дланката ја сокри насмевката.
-А зошто прашувате?
-Испупчени очи, орлов нос, црна коса…
-Да, моите родители потекнуваат од кавкаските предели, ама јас сум роден во Грција…
-И затоа сте чистокрвен Грк? Туку ајде да го оставиме тоа…
Колку што сфатив, битката за Кајмакчалан ја изгубивте…
-За жал, така е. Но…
-Што?
-Политичкиот комесар на бригадата ни рече дека вие Југословените им дозволивте на владините единици да влезат на ваша територија и тие не удрија од зад грб.
-И вие поверувавте?
-Јас лично не, но тоа што го рече политичкиот на бригадата пушти корен. Ние претрпевме пораз поради грешките или неспособноста на нашата команда и затоа одговорноста е префрлена на други…
Разговорот го прекина чукање на вратата. Дежурниот јави дека стигнаа камионите и праша дали можат да ги товарат ранетите.
-Камионите вратете ги под дрвјата и покријте ги со гранки – нареди поручникот. – Од таа страна не смеат да видат дека пренесуваме луѓе.
Ноќта ранетите заедно со нивниот предводник, Мавридис, беа пренесени во болницата во Есеново која Југословенската народна армија специјално ја имаше изградено за лекување на борците на Демократската армија на Грција. И тука десетина дена по поразот на Кајмакчалан, грчката управа на болницата по наредба на претставник на Централниот комитет на Комунистичката партија на Грција, кој од седиштето во Преспа беше испратен да ги посети болниците во Есеново и Катланово, на ранетите им ја пренесе веста за ударот зад грб и за тоа, дека Југославија ја затвори границата. Немаше собири, но зборот се пренесуваше потајно и потајно ранетите беа подготвувани за отпор. Прво почнаа да им префрлуваат на југословенските лекари и сестри и не ги пуштаа да влезат во болничките соби, потоа одбиваа да им ги менуваат преврските, па не примаа лекови и по некој ден прогласија општ штрајк, барајќи да бидат префрлени на лекување во Чехословачка.
Веста за ваквото однесување прво стигна во Скопје и оттука веднаш беше пренесена во Белград. Таму, по долги разговори, одлучија сите ранети, освен тие кои писмено ќе побараат да останат во Југославија, со воз да се испратат во Чехословачка. И така би. Но, некаде северно од Куманово се случи нешто што никој не го очекуваше. На паралелни колосеци застанаа два воза.
Во едниот беа ранетите кои патуваа за Чехословачка, а во другиот весели и распеани југословенски младинци и младинки кои патуваа на работна акција. Се слушаа песни за Тито и пароли против Сталин. Тоа ги збуни ранетите, та почнаа и тие да пеат песни за Сталин и Захаријадис и да извикуваат погрдни пароли за Тито. И токму за време на тоа натпејување, југословенски младинец слезе од вагонот, носејќи канта. Ја отвори и со голема четка по целата должина на вагонот напиша: “Живео друг Тито – смрт Сталину!” Мавридис скокна од товарниот вагон, на младинецот му ја грабна кантата и четката и по целата должина на вагонот во кој беа побунетите ранети, напиша: “Ζ’ητω ο Στ’αλιν – κ’ατω ο Τ’ιτο” (Да живее Сталин - долу Тито). Дебелиот крај го извлече Мавридис. Некој го перна со лопата и наместо да стигне во Чехословачка, со скршена глава и во безсознание беше пренесен во една белградска болница.
ГЛАВА 16 Во првата половина на мај, во месноста Дрепано, во околината на градот Кожани, од разни заробенички логори, беа донесени неколку стотици мажи. Под засилена стража, во смени, деноноќно тие градеа бункери, по големина, издржливост и моќ исти како оние што лани беа изградени на Грамос и сега се градени на Мали-Мади, Бела Вода, Бигла, Лунѕер, Јамата, Баро, Рото, Лисец, Полената и на други ридови во секторот Вичо. По едномесечна ропска работа, заробениците ги вратија во логорите. Во штотуку изградениот полигон, без одлагање, почна засилена обука и вежби во кои учествуваа единиците на II, IX, XI, и XV дивизија како и офицерите на I, X и VIII владини дивизии. Тука војниците и офицерите, во траење од еден месец, ги совладуваа воените вештини и новите оружја – базуки и топови од 75 мм што пред извесно време од Америка пристигнаа во Грција. Учеа како во активни ноќни и денски борбени услови да ги совладуваат силно утврдените упоришта на противникот во содејство со тенковите, артилеријата и воздухопловството. Предност му се даваше на военото воздухопловство, кое снабдено со нови бомби и ракети, вежбаше биење и уништување на непријателските утврдени позиции – бункерите, командните и набљудвачките пунктови…
Потоа настапуваше артилеријата. Цел – бункерите, рововите и приодите пред нив, минските полиња и пречките од бодликава жица. Пешадијата вежбаше координирани ноќни напади, а дење во содејство со тенковите тргнуваше во јуриш. Обуката и вежбите, исто така, имаа за цел кај војниците и офицерите да го зајакнат агресивниот дух и да го подигнат степенот на борбената подготвеност и вербата во тоа дека со претстојната летна офанзива конечно ќе го уништат противникот.
Сите вежби, поврзани со обуката за совладување на новите оружја, а пред се пилотажата со усовршените воени авиони од типот Дакота, Харвард и Спитфаер, се одвиваа под будното око на американските и британските воени специјалисти и инструктори, со кои директно командуваше американскиот генерал Ван Флит.
* * * Два дена по завршувањето на обуката и вежбите, во големата сала на градскиот совет, претворена во воен оперативен штаб, на состанок беа повикани командантите на баталјоните, полковите, вригадите и дивизиите, како и високи офицери од военото воздухопловство. Зад долгата маса поставена пред челниот ѕид, покриен со бело платно, седат – главниот командант, маршалот Александрос Папагос, началникот на Генералниот штаб Козмас, командантите на I, II и III корпус – Цакалотос, Манидакис и Григоропулос. Во првиот ред - генералот Ван Флит со своите соработници. Началникот на генералштабот, Козмас, со моливот лесно удри на кристалниот бокал и стана. Во салата зграснаа тивките разговори и настана тишина.
-Господине маршале, господине генерал Ван Флит – безропотно со низок поклон се сврте и кон едниот и кон другиот и продолжи: - Господа генерали офицери… - прекина за миг, чиниш наслушкуваше како одекнува неговиот глас во строго заштитената сала. – Наближува денот кога со здружени сили и масовен оган на Вичо конечно ќе го здробиме непријателот… - Тој пак прекина. Во тој миг полковникот Зафиропулос го повлече белото платно. Така ја откри големата оперативна карта обесена на челниот ѕид.
Генералот Козмас назадечки се повлече од масата и застана до картата. Со растреперен глас, почна да најавува: - Господо, чест ми е да му изразам голема благодарност на мошне почитуваниот генерал Ван Флит и неговите соработници кои со своето огромно воено знаење ни помогнаа да го изготвиме оперативниот план што го носи криптонимот <<ΠΥΡΣΟΣ>>).
Изрази на благодарност и на нашиот главен командант, маршалот Александрос Папагос кој не штедеше знаење и сили за да ни помогне во изготвувањето на планот… - Козмас се поклони, од челото со бело шамивче ја избриша потта и продолжи:
-Господо, чувствувам потреба да забележам дека состанокот е строго доверлив и сите материјали, како и излагањата носат ознака на највисока строго доверлива воена тајна. Господо, чест и задоволство ми е во главни црти да ве запознам со основите на оперативниот план. Деталите за борбениот распоред на секоја дивизија, бригада, полк и баталјон, резервите, како и за борбените активности на артилеријата, тенковите, военото воздухопловство, центрите за снабдување и помошните служби ќе ги најдете во запечатените плика што ќе ги добиете по завршувањето на состанокот. Во текот на наредните неколку недели ваша обврска е највнимателно, во детали, да ги проучите плановите и истовремено да ги подготвите единиците за борбени дејствија согласно борбените задачи што се одредени за вашата единица… -Козмас се сврте кон оперативната карта.
-Господо, преминувам на планот. Наша главна цел е реонот Вичо. Меѓутоа со намера да се достигне стратешко изненадување, се определивме за два второстепени чекори. Првиот е, со силите на XI дивизија да се исчисти реонот на Кајмакчалан, каде според наши информации дејствуваат околу 800 комунистички бандити.
Со овој чекор на противникот му ја одземаме можноста од Вичо да се префрли на Кајмакчалан. Борбените дејствија во овој реон, според оперативниот план, ќе почнат на 4 и треба да завршат на 8 јули. Веднаш потоа главните сили на XI дивизија ќе се стават на располагање на Вториот корпус со цел да учествуваат во борбите во реонот на Вичо. Вториот чекор има поголемо значење. Имено треба да го натераме противникот да помисли дека нашиот главен удар е насочен на Грамос.
Оттука, предвидовме силите на Првиот корпус, поточно Првата и Осмата дивизија со 73-та бригада и 8-от, 15-от и 24-от пешадиски полк, во содејство со артилеријата и воздухопловството да извршат силни удари на утврдените упоришта на противникот со цел да го заковаат за неговите позиции и на овој начин да го спречат да префрли единици на Вичо, кога таму ќе почне главната офанзивата. Според информациите северен Грамос противникот го брани со 4.900 мажи и жени и располага со16 топови, два минофрлачи од 120 мм и со поголем број противтенковски и противавионски цевки за кои нема доволно гранати. Оваа операција, господо, според планот, ќе почне ноќта меѓу 2-ри и 3-ти и мора да заврши на 9-ти август…
Преминувам на главното. Вичо. Овој предел е ридско-планински и на многу места е покриен со шуми. Во споредба со Грамос, тука ги нема високите камени чуки, длабоките клисури и бројните козји патеки. Главни планини се Бела Вода на север, Вичо на исток, Мали-Мади на југ и Чука и Лисец на запад. Реката Белица која извира под селото Псодери, течејќи на југ, го дели овој предел од планината Врба и натаму од Преспа и Преспанското Езеро. Во близина на селото Брезница свртува на југоисток, правејќи разделница меѓу Мали-Мади и Јамата, Баро, Рото и погоре Полената. За овој предел карактеристично е и тоа што го пресечуваат две многу важни сообраќајници. Едната од Костур преку селото Апоскеп се влече покрај брегот на Белица и северно од селото Брезница се вкрстува со сообраќајницата што води од Костур преку Мањак, Тиквени, Четирок, Света Недела, Косинец, Смрдеш, Брезница, Желево, Псодери од каде се слушта по планината Бигла и завршува во Лерин. Од картата се гледа дека пред Желево се дели и продолжува за Преспа. Оваа сообраќајница во делот меѓу Смрдеш (грчко-албанска граница) Псодери-Бигла и Желево-Преспа за нашиот противник има непроценливо значење.
По оваа сообраќајница се врши целокупното снабдување со оружје и храна кое со камиони е пренесувано од Албанија и од Југославија до магацините вкопани лево и десно од патот. Се разбира и за нас овие сообраќајници имаат огромно стратешко значење. Брзиот пробив на нашите тенкови по овие сообраќајници
– Козмас прекина, се загледа во присутните и со широк кружен замав на раката, ја доврши мислата – значи на противникот да му се затвори патот за бегство во Албанија и Југославија, значи затворање на обрачот. Да, господо, токму тоа, затворање на обрачот… А сега да видиме со што и како ќе ни се спротивстави непријателот. Благодарение на извидничките авиони на нашето храбро и херојско воено воздухопловство и нашите бестрашни разузнавачи, имаме точна слика на теренот. Точно знаеме колкав е бројот на бункерите и нивната издржливост. На полигонот Дрепано токму такви бункери беа изградени и на такви бункери нишаневме и со голем и завиден успех ги уништувавме со сите наши оружја. Познати ни се сите точки на неговите упоришта, целата одбранбена линија со се мински полиња и пречките од бодликава жица. Реонот на Вичо непријателот ќе го брани со следниве сили: X дивизија со 14 и 102 бригада и XI дивизија со 18 и 103 бригада. Поконкретно нивните сили се распоредени како што следи. На северниот дел од фронтот Бела Вода - Бигла – Лунѕер – Кулкутрија 4 пешадиски баталјони, 8 ридски, 5 полски и 5 противтенковски топови. Вкупно 1450 борци од кои триесет отсто се жени. Централниот фронт Полената – Плати – Кула и Рото, 3 пешадиски баталјони, 12 ридски, 4 полски и 10 противтенковски топови. Вкупно 1250 борци. Втората линија Баро
– Јамата – Лисец – Моро - Чука 3 пешадиски баталјони, 6 ридски,
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/golemata-izmama/19 on October 29, 2026