ГЛАВА 6 - Part 01
ГЛАВА 6
-Успесите на бојното поле – продолжи Захаријадис откако од тавата зеде големо парче печен преспански крап – посебно битката за Мали-Мади и заземањето на гратчиња во централна Грција, го потврдија нашиот правилен став за создавање регуларна армија.
Меѓутоа, и во самиот ЦК на нашата партија се уште постојат сили кои се противат…
Гусјас, со ножот лесно удри на чашата и, откако виде дека сите свртија глави кон него, рече:
-Никос, јас се извинувам што те прекинувам, но, мислам дека твојот став и грижа, кои се став и грижа на нашата партија, се правилни и треба да ги спроведеме до крај. Нам ни треба монолитен ЦК. Ако го сакаме таков, тогаш е време да го прочистиме од сите кои се противат…
-На што? - праша Захаријадис.
- На идејата за создавање регуларна армија и … и отворање фронт…
-Да, токму тоа! – со одобрување подвикна Захаријадис. – Оттука се налага итноста за свикување пленум на ЦК. Јас размислував за тоа и во општи црти ги поставив тезите. Прва теза треба да биде тоа дека основниот непријател и опасност во редовите на КПГ е опортунизмот. Еве, како пример да ги земеме размислувањата на Маркос што тој ги изнесе во неговото писмо.
Тој, меѓу другото, пишува дека ако и натаму ќе се придржуваме на идејата за создавање регуларна армија, тогаш ќе бидеме принудени да се браниме и да се залепиме за одредени непријателски позиции, а тоа ќе не натера да се откажеме од енергичната партизанска активност…
Но, другари, нашето досегашно политичко, а пред се борбено искуство, како што истакнав погоре, го докажува спротивното.
Маркос не е способен да ја сфати новата улога на ДАГ и со своите размислувања, би рекол, антипартиски ставови, води кон назадување на нашата оружена борба…
Захаријадис прекина и во долгата пауза во која завладеа штама, на сите редум им гледаше в очи. Подигна рака и, покажувајќи со показалецот на неодредена точка, праша:
-Што значи ова?
Полека стана и со одмерени чекори оди околу масата. Тој чекори и молчи. Тоа му е начин соговорниците да ги натера да внимаваат, да слушаат и да одобруваат.
-Другари тоа значи непризнавање на тоа што сме го постигнале на Грамос. Секако, се разбира дека борбите беа тешки и, за жал, го скршија духот на Маркос. Јас го посетив во Тирана. И што видов?
Скелет…Од него остана само скелет. Тотално е скршен. И духовно и физички. Тој е болен. И отворено морам да ви кажам дека тој со своето писмо сака да ни докаже дека од политичка гледна точка драматичните настани поврзани со борбите на Грамос не се резултат на надмоќноста на непријателот и на големите тешкотии, туку се должат на некоја си политичка криза со длабоки корени. Ваквиот став, другари, го задолжува Политичкото биро да изврши анализа на поранешниот борбен пат на Маркос со цел да ги открие корените што го доведоа до ваквиот став. Морам да признаам дека Маркос секогаш беше оптоварен со болното чувство дека партијата го омаловажува и го прогонува.
Мислам дека голема и основна грешка на партијата е што го истакна Маркос за главен командант на ДАГ. Оттука неопходно е да расчистиме со наследството од ЕЛАС, со тоа лошо наследство со кое е оптоварен и Маркос.
Тој човек покрај многуте грешки кои сега излегуваат на јаве и кои треба да бидат осудени, во себе постојано ја носеше партизанштината и со тоа целосно ја расипа партиската линија. На нашето движење Маркос му нанесе голема штета… За овие работи треба отворено да се прозбори, бидејќи само така ќе можеме да ги исчистиме нашите редови од носителите на опортунизмот каков што е Парцалидис и најостро да се поставиме против предавниците и агентите каков што е Маркос и Караѓоргис…
Прекина. Не чекаше некој да побара збор, туку само сакаше да види како изгледаат нивните лица, да им погледне в очи, да слушне како дишат. Беше свесен дека зборува за многу важно прашање – го осудува ЕЛАС во чии борби тој не учествуваше. Не е најсигурен дека ваквата негова пресуда тие ќе ја прифатат без приговор, но со тонот на својот глас и изборот на речникот, тој целеше кон тоа неговата пресуда тие да ја прифатат без приговор.
И за да не им даде време за размислување, тој продолжи:
-Втора теза треба да биде ова: ослободувањето на Грција и покрај целосната и голема надворешна помош што ја добива режимот во Атина, исклучиво треба да биде дело на ДАГ. Ваквата задача ДАГ ќе може да ја изврши само тогаш, кога ќе биде организиран како силна, регуларна, народна и револуционерна армија. Ова е основна задача и дело на КПГ. Тоа се општите црти.
На претстојниот пленум треба да му одредиме конкретна рамка, што значи дека треба да настапиме со реферат во кој содржински мора да бидат опфатени следниви проблеми: прво – состојбата во монархофашистичка Грција, второ – народно-демократскиот лагер и ДАГ, трето – денешната ситуција и нашите задачи, а потоа евентуално како четврто, актуелните политички обврски. Сето заедно со еден општ наслов: Грција на патот кон победата и решителниот бој. Мислам дека на сите ни е јасно што треба да се каже, нели. Меѓутоа, во делот кој би се однесувал на политичките обврски јас имам една идеја што се уште не ми е разработена, но по некој ден и таа ќе биде ставена на хартија. Јас си земам обврска во текот на наредните десетина дена да го напишам рефератот.
Ваша обврска е да го прочитате внимателно и да ги изнесете вашите забелешки и евентуални дополнувања, што значи дека ќе биде прифатен од сите членови на Политбирото, значи од сите нас петмината. Јас си земам обврска да го напишам рефератот. На идната средба рефератот ќе го поделиме меѓу нас. И да не заборавиме. На претстојниот пленум треба да сме единствени и тогаш кога ќе се изнесат различни или спротивни мислења што треба да се очекува од некои членови на Централниот комитет.
Само ако ние, мислам на нас петтемина членови на Политичкото биро, бидеме единствени, тогаш ќе имаме монолитен ЦК. И размислете како на најдобар начин да ги исчистиме нашите редови од опортунистите, кои се разбира треба да ги кажеме по име.
Вечерата што почна некаде околу дваесет часот, приврши во доцните мугри.
ГЛАВА 7 Во полумрачната, студена и влажна земјанка, покриена со три редици дабови трупци и камења, исполегнати на мувлосан папрат, одмораат две одделенија од 103 бригада. Формирани се на вчерашен ден, веднаш по враќањето од изгубената битка.
-Да не се тргнеше маглата немаше да останат обесени на бодликавите жици Јана, Сократис и Панајотис – плачливо и шепоти Циљка на Мита. –Видов како ги фрлија крстовите со динамитот, ама митралески рафал ги врза за жиците, а нас не закова за земја. Јана викаше, молеше за помош, —ама кој да дигне глава? Дожд и лапавица од куршуми…
-А Кире столчен на шинел го носевме и во него остави душа…Уф, што ми е жал… Тука – таа се удри по градите – тука, како грутка ми легна болката… - залипа Мита. –Ете, таму каде што седиш сега ти, вчера седеше тој. Тивок, скоро невидлив, повеќе му се гледаше сенката залепена на ѕидот. Стуткан, со прибрана, речиси стегната брада врз колената, загледан во огнот, си ги грееше вкочанетите прсти. Никој не го забележуваше. Во стројот беше број што го изговараше со потушен глас. Офтика или кој знае каква друга болест, се чинеше, му го имаше испиено гласот. Ете, како што сега спласнува пламенот, во мракот се смалуваше неговата сенка.. Човек седеше наспроти и не гледаш човек, ами сенка. Пламенот го снемува, се нафрла мрак и само жарче болска во него. И го снeма. Под земја. Барем длабоко да го снeмаше во неа. Студено се слушна кога некој од стројот викна – убиен! Онаму лежи… Командантот ја откопча чантата, извади тефтер, плукна на врвот од моливот и нешто запиша. Не. Повеќе ми се чинеше дека од едниот до другиот крај повлече со моливот.
Човекот го немаше во стројот, го снема и во тефтерот на командантот, кој враќајќи го тефтерот во чантата, како да не беше ништо, ладнокрвно рече – закопајте го.
Копавме не по мерка. Копавме за да го закопаме што побргу.
Набрзина, двајца за нозе и еден под мишки го подигнавме и го спуштивме. Само лицето му го покривме со парче од полуизгорениот шинел што беше фрлен во трњето и го покривме со земја. Белег не ставивме. И тој како и многу други ќе биде незнаен… Ако останеме живи, некогаш, белки, ќе посакаме да дојдеме на овие места, онака како што се оди на гробишта, да дојдеме за да се потсетиме на другарите од земјанката, од ровот, од болничката постела, да си поприкажеме, како што сега ние си прикажуваме… -Мита прекина.
Циљка тивко замоли:
-Зборувај… Зборувај, вели нешто… Зборувај… помалку мрак ќе има во земјанката и во нашите души и мисли. Зборувај нешто.
-Ако комесарот - продолжи Мита – одржа говор. Убаво зборуваше, а јас додека го слушав, се прашував – зошто на човекот не му се кажува каков е, што е и колку вреди додека е жив? Зарем треба да погинеш за да те откријат другарите, старешините, да ги откријат сите добри особености. Никој не зборува за слабости, кога некој си оди… Фрливме врз него две-три педи земја и таа ги покри сите негови слабости, сите негови кривовштини. Човекот треба да го снема за да биде очистен од сите зла и пороци. Само тогаш е чист. И си мислам – зарем треба и е потребно да се застане крај гробот за да се слушне и дознае кој и каков е тој, кој лежи во него? Зарем е толку тешко, додека е жив, да му се рече – ти си тој и тој, таков и ваков… Зарем ова не докажува дека додека сме живи не се почитуваме, одбегнуваме од нас да зрачи топлина? И сега, ете, седејќи покрај огнот во оваа влажна земјанка, се ми се чини дека тој седи таму во ќошот и дека, иако секогаш му студеше и прв седнуваше за да се стопли, од него зрачеше топлина. Еднаш, кога му реков дека неговите дланки се најтопли, тој тажно се насмевна и небаре засрамен, ми рече – мене секогаш, мене секогаш ми студи… Неговите дланки ги прибрав во моите и колку што можев, долго ги топлев, дувајќи во нив. Во еден миг ми се пристори дека спие… Навалив усни до неговото уво и тивко го прашав – спиеш? – Не – рече – гледам во огнот… -И што гледаш?
– Гледам леб, многу, многу леб гледам…
-Смири се – моли Циљка. Таа со половината од својот шинел го покри голото рамено нa Мита и, дувајќи во нејзините замрзнати дланки, рече: - Од нашиот вод останавме седум… Извлековме само двајца ранети. Другите сигурно таму ги скамени студот…
Мита и Циљка веќе десетина дена пак се заедно. Од болницата во Елбасан Циљка се врати во стројот пред две недили, а Мита осмиот ден по враќањето од болницата во Корча, влезе во бој.
Циљка се превиткува од болки во плеќите и десниот колк. Ја болат и потсечените прсти. Во болницата и рекоа дека ќе има болки кога ќе надоаѓа лошо време. Сега таа ги трпи и болките и лошото време. Од левата веѓа долж образот па се до брадата Мита има вдлабната посекотина покриена со кафеав струп. Од двете страни
– зацрвенети дамки. Тоа се белези од конците. Тие и другите во земјанката лежат стуткани тело до тело. До Мита, навалена е Маре. Се тресе, заб удира на заб. Во единицата е веќе два месеца.
Од ланската до оваа есен таа со стотици постари мажи и жени и недораснати девојки и момчиња (оние до дваесет и нешто години веќе беа на прва линија), во смени пренесуваше оружје и храна.
Наутро, во Преспа ги преземаа товарените коњи и мазги и во долга колона наредното утро стигнуваа отаде Аљавица. Кога таму завршија борбите, Маре наполни шеснаесет години и некој месец.
Полна и височка. Тие од НОФ-от и од АФЖ-ето рекоа дека не и личи да се држи за коњски опаш, туку време и е да прави нешто подруго. Ја собраа и ја пратија во партизанската болница во Граждено. Таму три месеци негуваше ранети, научи да запира крв, да преврзува и да пренесува ранети. Со нарамена торба со знакот на црвениот крст ја распоредија во борбена единица. Сега Маре навалена до рамото на Мита, трие натечени нозе и излижани петици од тешките војнички цокули. До неа Трајанка и натаму Илија, Митре, Крсте, Кољо и уште седум момчиња и три девојки од костурските, леринските, епирските и тесалските села. Меѓу нив и Јанакис, триесетгодишен зборлест и весел маж, кој за себе вели и повторува дека во цивил бил пристанишен и бродски работник-пролетер и убеден морнар-комунист. Сака да раскажува и покрај тоа што неговото зборување честопати го расечува избувлива, долга, сува и задушувачка кашлица. Заедно со неговите зборови од споевите на дебелите дабови трупци рамномерно капат големи капки матна вода и на дното на земјанката создаваат мали вирчиња.
Тој е последниот од оние триесетина пристанишни и бродски работници кои ги донесоа во бригадата по завршувањето на големите борби за Грамос. Специјално обучени емисари ги ловеа во евтините француски и италијански пристанишни кафеани и хотели, на пристаништата во Одеса и Гдањск, во Констанца и во Варна, во Риека и Сплит, ветувајќи им дека ќе бидат пратени во Советскиот Сојуз и во земјите со народна демократија каде ќе завршат воено-морнарички академии и дека во нова демократска и социјалистичка Грција – им велеа – нема да има место за капиталистичките капетани и адмирали, за децата на богаташите;
дека нивните места ќе ги заземат тие – децата на доковите и на сиромашите и валкани предградија. По канали, што тие не ги знаеја, ги носеа во Преспа и по двонеделна воена обука ги распоредуваа по единиците во македоските планини. Тука, во Македонија ги донесоа и им рекоа да се борат против империјализмот и домашните слуги, чиниш таму во Румели, Пелопонез и Крит и други делови на Грција, слав бил противникот, та срамота било такви јунаци таму да се бијат. Ги донесоа во Македонија за да бидат пример за тукашните непрокопсани селски момчиња и вресливите – чупрес – така ги викаа македонските моми под оружје и на прва линија, посебно тие, кои беа дојдени од Булкес, тие поранешните водници, потпоручници и поручници на кралската војска, тие наречените капетањос на ЕЛАС. Сега тие, со мали исклучоци, се команданти и комесари на ДАГ и нема нешто што не знаат. Нив, бродските и пристанишни работници, ги влечеа од единица до единица, однапред најавувајќи:
-Аврио сто тмима сас та ертун и нафтергатес. (Утре во вашата единица ќе дојдат пристанишни и бродски работници).
Им создадоа големо име, уште невлезени во бој, ги направија херои и така одејќи од единица до единица, од команда до команда, тие со себе носеа големо име, та затоа со големо нетрпение ги чекаа тие, прекалените борци, да ги видат и да им се изначудат на тие јунаци и херои на работничката класа кои толкав истоштувачки пат поминаа за да стигнат во планините на Македонија.
Оние триесетмина кои ги распоредија во 103 бригада, оставаа впечаток дека се уште мирисаат на морска сол и далечни краишта;
мирисаа на море, на бакалар сапун и женсковина од евтин бордел.
Беа се, освен – борци. Брзо губеа здив и при најкраток марш остануваа на половина пат, се плашеа од шумите и од мракот во нив, за време на кратките одмори си ги триеја отечените нозе, дуваа на петиците излижани до коска и пцуеја на многу јазици.
Први беа во раскажување и фалење. Морињата кафеаните, таверните и борделите беа само нивни. Рововите, бункерите, минските полиња – на селските деца од Костурско, Леринско, Воденско, Кожанско, Гревенско, Тесалиско, Епирско… Устите полни ласкави зборови со што ги придобиваа погледите и насмевките на девојките наспроти грубите и непрокопсани селанчиња, на кои одлика им е јунаштината и храброста во бојот, издржливоста во маршот, студенилото, дождот и гладот. А беа најфалени од високата команда, високите комесари и тоа по примерот на водачот кој ги нарекол: протопори стон агона, протопори тис ергатикис таксис ќе тис пролетаријакис епена-стасис – првенци во борбата и првенци на работничката класа и на пролетерската револуција, која допрва треба да ја почне откако овие селски чеда ќе го совладаат англоамериканскиот импиријализам и монархофашизмот. Така проповедаа тие, комесарите, извршувајќи ја наредбата на водачот. Во име на водачот им донесоа мандолини, бузуки и гитари и секогаш на кратките починки – свиреа. По наредба се играше и пееше до умор. Задолжително сите на оро за да им биде весело и да не им останува време за да мислат. А тие, работничките првенци, убаво свиреа и тоа во времето додека беа во единиците им беше борбена задача. Со најголемо задоволство свиреа ребетико, сиртаки, а најмногу тажни песни за мачната морнарска судбина разнебитена по морињата и белиот свет. Свиреа и, тивко потпевнувајќи, скоро плачеа од мака. Тоа лошо влијаеше на борбеното расположение, та некој од горе дојде, им се изнавика на помалите комесари и забрани да свират песни кафеански и меански, туку само борбени и револуционерни.
-Ма ден та ксеруме! – се жалеа. (Не ги знаеме)
Комесарот на водот, дваесетгодишно момче од Преспа, кое одвај го знаеше грчкиот јазик, со преспански изговор и акцент им викаше со заканувачки тон:
-Кератадес – викаше – та та матете. (Рогоносци –ќе ги научите). За него не беше важно каде паѓа акцентот во грчкиот збор. Тој тераше по свое, на преспански.
Се чувствуваа навредени. Кога слушаа македонски говор, меѓу себе се прашуваа:
-Ма едо ден ине Елада (Зарем тука не е Грција?)
А кога ги слушаа македонските песни, лесно удирајќи на струните, велеа:
-Оморфа поли оморфа трагудја. (Убави, многу убави песни).
Четниот комесар-воспитаник на Булкес, а пред тоа коњоводен на некој капетањос, подбивно загледан во Преспанецот, прашуваше:
-Од каде се донесени струните? Од Битола или од Скопје?
Комесарот – Преспанец намуртено, под нос:
-Од на мајка ти руното… - И по кратка пауза рапортираше: -Се разбира, другар четни комесар, од Русија…
И свиреа “Елоно моме”, “Млада партизанка”, “На Вичо планина”, ,,Во борба, во борба”. И одново навраќаа на оние таговни морнарски песни. Тие, пловејќи по морињата и сретнувајќи се со илјадит народ, научија да не прават разлика меѓу луѓето. Брзо ги засакаа овие момчиња и девојки, се зближија со нив и не им беше тешко да научат и по некој збор од нивниот јазик. Не правеа разлика се додека комесарите не почнаа да ги подучуваат дека треба да се зачленат во партијата. Ги обработуваа со денови и ним им се чинеше дека некој сака да им ја помрачи ведрината што во себе ја носеа од морињата и од туѓите поднебја, да им ја помати смеата, мирисот на морето и топлината на жените од секаде. Се чувствуваа како орли во кафез. Органичувањата, на кои не беа навикнати, им личеа на затвор, на кафез во брод. Знаеја да готват, да перат, да крпат, часовник да поправат, шеги по цели денови да раскажуваат, да пеат и да пцујат на многу јазици, казаните до усвитеност да ги измијат, ама кога се одеше во борба, стануваа тажни, овенуваше нивната насмевка, личеа на изнаводенети и осамени мачори; во нив се губеше целата морнарска храброст, се губеше човекот. Не ја сакаа војната. Го сакаа и го ценеа трудот, искреноста, смеата, песната, ведрината.
Правеа се, работеа се што ги научи бродот, пристаништето, морето, светот. Го засакаа планинскиот воздух и росата врз тревата планинското цвеќе, планинските изгреви и заоди на сонцето, ама се чувствуваа како во кафез, бидејќи планините им го стеснуваа светот, се плашеа од шумите и од мракот во нив, тагуваа по морската шир, по велеградскиот џагор, по кафеаните и таверните, по жените кои ги чекаа во светските пристаништа. Во студените ноќи и утра им недостасуваше румот и вискито и ударот на солениот морски ветер. Зборуваа за банани, ананаси, урми, портокали, авокадо, за животот на бродовите и по морињата – животот горчлив, мачен, чемерен и осаменички. Сакаа се да земат од животот и го сакаа таков, каков што го знаеја по морињата и пристаништата освен да одат во бој. Беа навикнати на обврски, одговорност, трудољубивост, на слобода, но не и подготвени да гинат во планина. Знаеја колку и за колку да работат. И сакаа да имаат време за себе, да го поминат онака белосветски, без наредби и органичувања. А тука се е поинаку. Стани, строј се, легни, напред, јуриш, чисти, пеј, играј, извршувај, слушај и не мисли.
Како што другите сонуваа леб, топли алишта и мирен сон, така тие го сонуваа морето, пристаништата, доковите, бродовите, кафеаните, борделите. Од големата тага кон тоа што за нив беше живот, а сега веќе остана само мечтаење, се роди и болката за дома. На бродот – велеа – многу се тагува, ама тука во планините, уште повеќе и тоа е што најмногу боли. Најмногу тагуваа ноќе.
Ноќе се жалеа - студено и несито – и еден по еден ги снемуваше во позадината. Се снаоѓаа така, како што ги беше научило морето, пристанишниот град, кафеаната, таверната и животот на копно со сите негови пороци. На почеток пуштаа рака и по девојките, ама откако некои поради тоа беа изведени пред воен суд и стрелани, дури тогаш и високото началство виде колку е часот. Срамотата побрза да ја сокрие во позадината, ѓомити таму беа потребни образовани, искусни кадри. Зборлестите, дрдорковците и пробисветите – брзо успеаја да се испикаат во интендантурите, печатниците, кујните, магацините. И таму, во топлите земјанки, чисти и сити, некои други комесари, кои повеќе мирисаа на колонска вода, отколку на барут, ги воведуваа во тајните на пролетерската диктатура. Далеку од влажните земјанки и ровови беа весели и бучни до ниедно време во ноќта. Се смируваа заедно со штурците кои заспиваа во потсушената и подгорената трева и на разден се будеа заедно со славеите распеани во збитолистот. Од болка беа скршени кога на носилки ги гледаа ранетите момчиња, а најмногу ги болеше кога гледаа ранети моми. Скришум липаа и гласно пцуеја. Во кругот во кој се движеа во пцуење им немаше рамни.
Во четата остана само Јанакис. Тивок, прибран, замислен, честопати повлечен. На неговото лице секогаш има разиграна, ведра, блага, питома и добродушна насмевка, која одвај видливо цути и топло се разлева и легнува врз неговите образи и крајчињата од устата; растреперена надвиснува на усните и кај секого предизвикува доверба. Во неговите очи неретко тоне безбрежна, безутешна, неизмерливо голема тага која навејува болка и уште повеќе расте кога тивко, колку за себе, потпевнува за мајката и љубената мома.
Во овој грд и валкан свет само неа, мајката, тој само неа ја има и му се чини дека само со песната може да ја преболи својата безутешна тага. И овие, кои сега во земјанката лежат покрај него и тие, во другите земјанки, го засакаа. Не еднаш му додаваа од своето парче леб, го ставаа поблиску до огнот, го преземаа неговиот ред при чување стража, му го носеа ранецот наполнет со муниција. Неговите раскажувања за далечните земји и луѓето во нив, беа полнење на празнините во нивните скудни знаења за светот.
-А виде ли некој од вас море? – Јанакис продолжи да раскажува. – Ах, море, море… Беспределно е, сеопфатно и во него, се чини, човекот е ништожен, ама и покрај тоа тој владее со него. Кога небото го покриваат облаци тогаш е црно, кога небото е ведро, тоа е лазурно, сино, има боја на челик, на сафир. Облаче ли ќе се појави, во водата се огледува, со неа се движи. А кога ветришта поддувнуваат, тогаш е гневно, грозно, незауздано, разјарено, разбечето… Баш тогаш е да си на море. Токму тогаш се потврдуваш себе, се бориш со него, му пркосиш, му се смееш в лице, го држиш во стегите на својата волја. Ех море, море, знае да е диво, да рика како ранет ѕвер, да бучи и кога полека се смирува, тоа се спитомува и мислиш нешто ти шепоти. А ветришта нови штом поддувнат, знае да дигне бран бистар и модар, сребрен, бел како волна, зарикнат и грмежлив, долг и висок… Ех, море, море…
Кога се смируваат ветриштата, тогаш се смирува и бранот, се напластува еден врз друг, са развлекува, едниот гори друг и лесно се разбива од брегот… Распенет се враќа во пазувите на бранот што надоаѓа и смирено се тркала кон брегот, раскажува нешто недораскажано, шепоти, шумоли тивко…
Јанакис прекина за миг. Држејќи се за градите, тој долго и непрекинато кашла. Брише пот од челото. Некој излезе од земјанката и не го спушти ќебето. Низ тесниот отвор се гледа замаглениот рог на месечината. Далеку, за миг, на небото се обеси црвена ракета и, гаснејќи, го врати мракот. Во очите на вслушаните светка и одблеснува пламенчето од огништето и на ѕидовите разнишува сенки. Јанакис се навали на влажниот ѕид, длабоко воздивна и продолжи:
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/golemata-izmama/8 on October 29, 2026