Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

The Great Lie

ГЛАВА 17 Седиште на Главниот штаб на Демокраската армија на Грција - Part 01

By Петре Наковски · Part 21 of 29 · About 21 minutes

Read in English

ГЛАВА 17 Седиште на Главниот штаб на Демокраската армија на Грција.

Пред влезот во пештерата и во целата безбедносна зона, па се до приодите до неа – засилена стража. Време – два часот по полноќ.

Воено советување со присуство на членовите на Воениот совет, Главниот штаб и командантите на големите воени единици распоредени на Вичо. На челниот ѕид – голема оперативна воена карта. Претседава Захаријадис. Со глас на сигурен победник тој го почна воведното излагање.

-На Вичо се приближуваат големите битки. Штом монархофашизмот не сака да го признае својот пораз, тогаш е принуден да изврши голема офанзива на Вичо зашто инаку ги губи и “јајцата и кошниците” – ова е омилена изрека на Захаријадис и ја искажува секогаш кога сака некого да потцени и да го претстави како неспособен. Прекина за миг, погледна на присутните на чии лица забележа сенки на потсмев и со засилен тон, продолжи: - Ја губи војната, го губи и мирот. Таму каде сакаше да се покаже семоќен и победник, мораше да признае дека не е способен да се пресмета со Демократската армија. Токму поради тоа тој е принуден да дојде на Вичо. Кон тоа го притиска и потребата, политичка и воена, како и моралот. И затоа сакајќи или не, ќе ја проба горчливата чаша што се вика Вичо. Ние од таква позиција треба да тргнеме и до крај да бидеме убедени за следното:

уништувањето на монархофашизмот на Вичо може да биде почетокот на неговиот крај. Годинава монархофашизмот не е способен да направи толкав напрегнат и продолжителен воен напор како лани – четири месеци непрекинато на Грамос и Вичо.

Ова дотолку повеќе што годинава, зимата и пролетта, не го оставивме да здивне. Сите овие факти укажуваат дека моралот кај монархофашистите е разлабавен до крајна граница… Повеќе од кога и да било, сега е загрижувачка состојбата на моралот кај војската… Тука лежи и една од најважните причини поради кои годинава тој и не се осудува да ја води битката на Грамос каде го принудивме пак значително да крвави, бидејќи војникот кога ќе слушне за Грамос, тогаш го фаќа уплав и му се кинат силите.

Тргнувајќи од горенаведените констатации, доаѓам до следните заклучоци: и покрај лошата состојба на моралот, монархофашизмот е принуден да води голема битка на Вичо. Ако не преземе таква воена операција, тогаш ќе испадне дека го признава поразот. За нас задачата е една – да го уништиме на Вичо. И ќе го уништиме. За да го постигнеме тоа, потребно е со постојани и непрекинливи мали битки уште повеќе да го уништуваме неговиот морал. Во таа насока Грамос секојдневно ни дава фантастични примери, но треба да кажеме дека сепак поголеми се успесите на Вичо. Натаму. Со силна одбрана, кога ќе затреба, да го натераме да искрвави до исцрпување. Цврстата одбрана да го содржи и елементот на тактичен противнапад за пресврт. Со засилена просветна, организациона и политичка работа меѓу монархофашистичката војска, таму каде ќе се одвиваат настаните, да се придобиваат војниците зашто токму таму се наоѓа една од најрешителните наши резерви. Секој кој, главно, денес не го разбира ова, прави голема, извонредно голема грешка. Може ли некој да си претстави што ќе биде кога во еден критичен момент би се разбунтувал макар и еден непријателски баталјон? А бунтувањата во баталјоните денес не се апстрактен стремеж, туку секојдневна можност. Имаме многу примери.

Одбивањето војниците да одат во напад е секојдневна појава од проста причина што војникот веќе е заситен од крвопролевања.

Тој не сака друга војна. Својот поглед не го насочува кон ковчегот, туку кон куќата. Знаеме ли што помислиле војниците кога ставиле темпирана бомба во багажот на Коцалу и тој беше ликвидиран заедно со авионот во кој патуваше? Тие сметале вака: додека пратат негов заменик ќе имаме барем 15-20 дена спокојство. И тоа е добивка. Така мислеле тие, војниците. А зошто, пак, да не се најдат стотици и илјадници војници на Вичо, кои би се обиделе на некаков соодветен начин да спечалат не 15-20 дена, туку да го спечалат мирот, животот, да се вратат во својот дом? Ќе се најдат.

Доволно е ние решително да им помогнете. Со стратешки противнапад од сите страни, а имаме такви можности, доволно е да помислиме на фактот дека цврсто го држиме Грамос и во погоден момент да извршиме порешителен пресврт кај монархофашизмот. Непријателот ќе дојде на Вичо, главно со единици за гонење – ЛОК и со голема сила од авијација и артилерија. За разлика од лани, сега прашање е дали и ќе може да издржи повеќе од еден месец. Значи големата битка ќе ја решат оние 20-30 дена. Затоа ние треба да бидеме сестрано подготвени, воено, борбено, технички, политички, морално и материјално. И впрочем, главно сме готови. И го чекаме непријателот. Потребна е напрегната усилба од сите нас. Треба да земеме сите учество во големата битка. Сите треба да се активираме. Сите треба да се одзваат на оваа голема чест, да го заштитат Вичо. Соодветно сите, без никаква разлика. На Вичо непријателот ќе го скршиме и нема да помине…

Последните зборови на генералниот присутните ги потврдија со бурно ракоплескање. Гусјас застана покрај воената карта, со стапчето неколкупати удри на ратката од картата и веднаш настана тишина.

-Другари, Главниот штаб во тесна соработка со Воениот совет, изготвувајќи го планот за одбрана на Вичо, ги постави следниве цели што треба да ги постигнете во две фази. Прво: да обезбеди одбрана на слободната територија во духот на паролата – непријателот на Вичо нема да помине. Во оваа смисла Главниот штаб на ДАГ уште во март оваа година издаде наредба да се изградат силни утврдувања на Мали-Мади, поточно на линијата Буци-Орлово-Свети Атанас (кота 1186) и во продолжение ридовите меѓу селата Косинец и Лабаница се до границата со Албанија. Западно од Орлово продолжува утврдувањето на Рабатина и Буци се до карпите над селото Смрдеш. Овој дел од фронтот има за цел по секоја цена да го спречи пробивот на непријателот кон селото Смрдеш од каде – ова може да биде само неумна претпоставка – со борни коли и тенкови би се обидел да го заземе џадето Смрдеш – Желево – Псодери. Тоа би значело пресечување на слободната територија на два дела со катастрофални последици за нас. Северно од Мали-Мади силно ги утврдивме ридовите Полената-Кула-Плати и во продолжение, западно од нив Рото-Баро и Јамата. Ова е нашиот централен фронт зад кој исто така се изградени силни утврдувања на Лисец и неговите јужни приоди и на Моро, Чука и Јоргова Глава, северно од Лисец. Ова е втората одбранбена линија која треба да го обезбеди слободното одвивање на комуникациите и снабдувањето на фронтот долж патот Смрдеш – Желево – Псодери. На крајниот север, од границата со Југославија, како што ви е познато таа е веќе затворена, е венецот ридови наречен Бела Вода. И тука се завршени утврдувањата кои се поврзуваат со Бигла и Лунѕер, па се до Кулкутурија кота 1694 северозападно од селото Нерет. Тоа е нашиот северен фронт чија цел е да го одбие противникот кој ќе напаѓа од кај Лерин. Не е без значење и реонот западно од патот Смрдеш – Желево – Псодери. Тоа е нашата трета одбранбена линија чија цел е да ги штити приодите кон котлината на Преспа.

Но, другари, изнесените факти не се нашата главна сила. Нашата главна сила е одлично утврдениот терен, а што е многу важно, а можеби и поважно е нашиот борбен дух и силната верба во победата. Зад нас е големото борбено искуство што го имаме од ланските борби на Грамос и неговото повторно заземање во април годинава, успешните борби за Мали-Мади во септември минатата година и уништувањето на 22-та непријателска бригада, длабокото навлегување во заднината на противникот и заземањето на силно бранетите градови Кардица-Карпениси-Негуш, реорганизацијата на нашите единици и нивното добро снабдување со облека, храна и оружје, сето тоа се фактори кои ни ја гарантираат победата. Во случајот на битката за Вичо нам ни требаат дваесетина дена за да го издржиме ударот на непријателот. Да го заковиме за неговите појдовни позиции и да го натераме да води позициона војна во која со нашата одбранбено-офанзивна тактика треба да му нанесеме огромни загуби во жива и материјално-техничка сила, да го скршиме неговиот морал и во моментот што нам најмногу ќе ни одговара, да тргнеме во напад.

Ги посетив сите позиции. Бев и разговарав со сите команди на поголемите единици, па дури и на помалите. Утврдив дека целиот сектор одлично е утврден. Сакам со признание да подвлечам дека нема точка која не е под нишанот а нашите цевки. Се што се гледа од пушкарницата на бункерот е во центарот на нашиот нишан.

Кога гледав на теренот и на се што се наоѓа таму, сериозно си мислев – зарем е можно да помине некој жив? Зарем е можно да се пробие таква одбрана, каква што е нашата? Зарем е можно да дури и птица да прелета? Искуството од Грамос не поучи и не научи како да се утврдуваме, како секое ритче, секој камен и карпа, секој свиок, ама буквално се, да го направиме непристапна точка… Секторот Вичо, другари, е една голема тврдина. На командите на сите единици, од најголемата до најмалата, останува оваа тврдина да ја направат несовладлива. Ги имаме сите можности тука да го скршиме непријателот и во соодветиот момент да тргнеме во противофанзива – самоуверено заврши Гусјас и откако испи чаша вода, им се обрати на присутните: - Има ли прашања?

-Другари –тоа е гласот на Барѕотас, политичкиот комесар на Главниот штаб – излагањето на другарот Захаријадис е доволна гаранција за нашата победа. Секое поставено прашање само би одземало време …

За збор се јави Гусјас, кој се уште стоеше покрај оперативната карта.

-Јас пред малку ја изнесов актуелната состојба на нашата одбрана. Но имам впечаток, другари, дека доволно не сме ја анализирале можноста од каде ќе не нападне непријателот. Според мои согледувања и оценка најверојатно противникот ќе нападне прво на Бела Вода, кота 2156, од насоката на Лерин со цел, се разбира доколку успее да ја скрши нашата одбрана, да се спушти во Преспа. Ова е најкраткиот пат за Преспа. Ете – тој удри со тупаницата на картата – спуштајќи се оттука, противникот би ни го затворил патот за наше евентуално отстапување…

-Зарем е предвидено отстапување? – праша командантот на XIV-та бригада под чија команда е одбранбената линија Лунѕер – Бигла - Бела Вода.

-Се разбира не, но… - сите забележаа дека му трепери брадата.

-Продолжи - дофрли Захаријадис.

-Да. Другари, противникот ќе размисли дали да нападне тука или главниот напад да го насочи на друг сектор. Размислувајќи, дојдов до заклучок дека поради тоа што секторот Мали-Мади е многу тврд орев за противникот, а од Бела Вода направивме непробоен одбранбен ѕид, што не се сомневам дека на противникот тоа му е понато, се поставува прашањето – каде ќе удри? Погледнете – со дланката покри дел од картата – тука е Бигла и Лунѕер. Не е тешко да се забележи тоа ова е средишниот дел. Средината меѓу Мали-Мади и Бела Вода. Тука – подвикна, со дланката удирајќи на картата – токму тука ќе удри! Зошто баш тука?! Затоа што ако ја пробие одбраната на Бигла, каде имаме поставено еден позиционен баталјон, мислам на баталјонот составен од наши искусни и прекалени борци, за жал сите се инвалиди, тогаш во дејство ќе воведе тенкови и со нив ќе дејствува по патот Лерин – Псодери – Желево… Кога изговори Лерин, присутните забележаа дека му се засркна гласот. Лерин за него беше ноќен кошмар и доволно беше некој да му го спомени тоа име, за да му се олади крвта во жилите. Беше еден од тие кои ја замислија и спроведоа битката во која ДАГ го доживеа ужасниот самоубиствен колеж на приодите на градот. Бигла – Лунѕер, кота 1922, потребно е да стане нова, силна тврдина. Тука противникот да искрвави. Повторувам, ако противникот се пробие на Бигла и Лунѕер, тогаш ќе се скрши целата наша одбрана. Затоа тука треба да посветиме најмногу внимание…

-А Лисец? Што со ридот Лисец? – праша командантот на X-та дивизија.

-Лисец? Па погледнете на картата – рече Гусјас. –Гледате ли колку е далеку од првата одбранбена линија? Пред Лисец се одлично утврдените ридови Плати – Кулата – Рото – Полената – Баро – Јамата и на југ целиот Мали-Мади…

Објаснувањето на Гусјас го прекина Захаријадис. Тој полека стана, се сврти кон картата и, удирајќи со прстот, почна да избројува:

-Тука, тука, тука и тука треба да го скршиме непријателот. А ти што си запнал Лисец, па Лисец?

-Јас другари – се исправи комадантот на X-та дивизија. Сите ридови што пред малку ни ги покажа другарот Захаријадис, не ги знам од картата, туку секој рид и трап, камен и карпа ги имам поминато пеш. За нашата одбрана е многу битно, би рекол најважно, да знаеме каде ќе удри противникот и зошто токму таму…

-Тука и тука и тука – Захаријадис пак отчука со прстот.

-Не се сомневам дека таму, но зошто? Моето размислување е вакво - ќе удри во центарот, но главната цел ќе му биде Лисец. Се ќе направи за да го заземе Лисец. Ако успее да го заземе, тогаш не има во шепа. Од врвот на Лисец се гледа целата околина. Тој кој го држи Лисец, под контрола држи се што е наоколу…

-Твоето размислување – се јави Гусјас - не држи дотолку повеќе што во него си го вметнал малечкото зборче – ако – со што си го условил своето размислување. Па, другари, токму затоа е многу цврста нашата одбрана за да не може противникот да го заземе тој проклет Лисец. Така ли е?

-Можеби е така, но Лисец е клучот. Падна Лисец, падна целата наша цврста одбрана, другари и…

Не се доискажа. Захаријадис дофрли:

-Другари, во овие судбоносни денови најмалку ни е потребна малодушноста. Има ли други размислувања и прашања?

Повеќе прашања немаше. Никој не се јави за збор.

ГЛАВА 18 Во подножјето на ридот Лисец, наспроти селото Кономлади, во густежот од стари дабје, ланската година, цела есен, ноќе и скришум, стотина доверливи селани од околните села, во смени и под водство на Ристо, ископаа голема земјанка со мрежа разгранети тунели. И пак ноќе, со месеци, карвани коњи и мазги, терани од жени и мажи во одминати години, од магацините во Руља, Трнаа и Ошчима, ги полнеа тунелите со оружје, муниција, облека и храна. Приодите строго чувани од сакати борци донесени од болиците во Албанија и Југославија. Сакат е и командантот.

Отаде патот, меѓу Долна Статица и Кономлади, под сенката на разгранет орев – чешма. Маж, клекнат на едното колено, дланката ја полни со вода и разладува лице. Ристо се доближи и пред да одрами ранец, се поздрави.

-Добар ден – рече.

Мажот подигна глава и се загледа во Ристо.

-Дал Бог добро – одговори и не откинува поглед. Во неговите очи се повеќе одраз на изненадување. - Ми се писторува дека се познаваме или грешам? – изусти полека без да откови очи од лицето на Ристо. – Ти како да си ми познат… Чекај, па да…

Мустаќот… Познавав еден со мустаќ како раката… како твојот…

А, бре, ти, ти да не си Ристо?!

-Тој…

Се прегрнаа. Во долгата и силна прегратка се разлистија спомените…

-А паметиш ли, Ристо, како ме извлече кога ме ранија на Иван Планина. Должник сум ти. Си ме спасил.

Во иста чета, 1940 година, се бореа против Италијанците.

-А ти, Стојане, паметиш ли како ме негуваше таму во логорот кога ме претепаа џандарите?

Една година по завршувањето на војната, благодарната татковина хероите од албанскиот фронт ги прати во логорот на островот Аи Стратис. Доаѓањето на свет на грчкиот кралски престолонаследник, Констандинос, ги амнестира болните и малолетните затвореници и логораши. Меѓу нив беа и Ристо и Стојан.

Седнаа. Ристо забележа дека левиот ракав на Стојан е празен.

Покажувајќи со очи, праша:

-А тоа?

-Тоа ми е спомен од лани.

-Каде?

-На Грамос… поточно на Горуша… Да… - Стојан испушти долга воздишка. – Кога не пуштија од логорот, јас пријател, не се вратив дома. Откако во полицијата во Костур ме испрашаа и ми наредија задолжително да се пријавувам секој трет ден, ноќе го напуштив градот и го фатив патот за в планина. Во партизани. И таму долго ме испрашуваа, ме држеа под око. Не ми веруваа, а мислев дека ќе ме примат со широко отворени раце. Нејсе, најпосле видоа дека не сум тој за кого ме мислеа и мене, нишанџијата на тежок митралез, ме унапредија во коњоводец. Го водев коњот натоварен де со муниција, де со храна, де со казаните и тенџерињата, а понекогаш силно го држев за узда за да може да го јавне командантот на четата. Една ноќ вториот вод се врати од борба и донесе запленет тежок митралез. И така четата си имаше тежок митралез, ама без митралезец. Командантот го гледаше, го галеше со двете раце и воздивнувајќи се жалеше:

-Ех, мајката, сега да имав еден митралезец!

Му се доближив и го замолив:

-Другар командант, ќе ми дозволите? – Тој ме погледна строго и со укор ми рече:

-Ми го расипа ли, веднаш ќе те стрелам! – ми подвикна и го извлече пиштолот.

-Без грижа… - му вратив тивко, клекнав, го послав шинелот и тоа чудо со брзи движења го расклопив на делови. Ја соблеков кошулата и со неа ги исчистив деловите и со истата брзина ги вратив на своето место. И од тој ден командирот ми го зеде огламникот, ме унапреди во митралезец и побрза да и јави на повисоката команда дека има тежок митралез и умен митралезец.

Оттаму стигна наредба за моја прекоманда. На Грамос.

Митралезот го товаривме на коњ и цела десетина вечерта појдовме. Не пратија на борбена позиција на Копанче. А таму лево и десно секаде бункери со по пет-шест и повеќе редици дебели трупци. Добро маскирани. Добро наместена одбранбена линија на Свети Илија, на Горуша и Круша и натаму на сите ридје се до албанската граница. На шеснаесетти јуни, лани, уште зората не пукната, не нападнаа авионите. Не толчеа едно дваесет минути и пред да им секне бучавата, не грабнаа топовите. Ми се чинеше дека пукаа со брзина на тежок митралез. Триесет и пет минути траеше артилериската подготовка и со последниот грмеж, тргна во напад пешадијата. Во текот на денот одбивме четири напади. Пред зајдисонце – тишина. Падна команда – да се поправат бункерите и рововите. Ноќта – со прекини не биеја топовите. Утредента, токму во пет утрото, долетаа авиони и истото како и вчера. Попладнето моравме да се повлечеме на втората одбранбена линија - на Свети Илија и Круша. Се до 22 јуни оттука не можеа да не извадат. Тој ден авионите долетаа пред пладне. Не фрлаа бомби, ниту митралираа. Прво летаа ниско, потоа повисоко и видовме како од нив се одлепија буриња и не многу високо над нашите позиции, можеби сто или педесет метри, пукнаа. Врз нас паѓаше оган, пламен. Се почна да гори. Се запали се, гореше земјата, дрвјата, каменот, планината, горевме и ние… Некои од нашите кои ги зафати таа досега невидена распалена течност, гореа и изгореа како ламбади. Врисоци и гласови на ужас се наднесуваа над рововите и до самоти небо се воздигнуваа молења за помош.

Гледаш – пламен трча пред тебе и вика и вришти и моли тој, пламенот, а ти со голи раце ќе изгасиш пламен?! И така цел ден се боревме со пламенот, а ноќта, под полна месечина во заедничка гробница ги закопавме пеплосаните. Уште неколку пати не биеја со тој проклет оган, ама ние брзо откривме дека од пламенот што паѓаше од небото можеме да се спасиме само ако се покриеме со земја или да се скриеме в земја. Странично, во бункерите и рововите, ископавме тунели и пред да пукнат бурињата над нашите позиции, како кртови се криевме в земја. Едно е да видиш како паѓа потсеченото стебло, друго е да видиш како гори. А како паѓа погодениот човек и како гори? Тоа ти е да не помислиш, а никогаш да не видиш… И додека ние горевме, противникот чекор в чекор многу ни се доближи. Двесте или сто метри. Се окопа.

Можеби тоа беше причината што авионите повеќе не фрлаа буриња, а топовите ѓулињата ги местеа зад нашите позиции. И одеднаш – тишина. Ниту ѓуле, ниту крушум да просвири. И никакво движење. Ниту од наша, ниту од нивна страна. Траеме со окото на нишанот. Чекаме. Чекањето го прекина бучава на авиони.

Беа шест и летаа во тројки. Првата тројка над нас направи круг, но не фрли ниту оган ниту пламен, не истрела ниту еден куршум.

Истото го направија и останатите. Кружеа над нашите позиции, а ние не отворавме оган за да не се откриеме. Не знам по кој круг небото се покри со разнобојни хартии. Немаше ветер. Облаци од хартии паѓаа над нашите позиции. Сонцето се засени и земјата се покри со хартии. Зедов неколку и што!? Читам:

“Комунисти-бандити предајте се! Тито помина на наша страна!

Славомакедонци за вас нема спас! Предајте се! Тито ве предаде!

Сталин и Тито се скараа! Тито помина на страната на Американците и Англичаните! Тито ја затвори границата! Тито е наш сојузник! Останавте сами! Готово е со Грамос! Од Тито не чекајте веќе помош! Ќе умрете од глад!” Целиот фронт, сите борбени позиции беа послани со тие хартии – летоци… Беше 29 јуни. Фрлаа и наредниот ден и деновите потоа… Тие хартии – летоци тоа беа големи и страшни бомби… Тие биеја по духот, по верата и по надежта… Неа ја правеа весплодна и празна, ја одземаа, ја растураа и убиваа… Така мене ми се чинеше и така им се чинеше на многу Македонци… А нив најмногу ги имаше на северо-источниот фронт… Политичките комесари ни велеа дека хартиите-летоци се само дел од непријателската пропаганда. Три денови мируваше фронтот и три денови оние од спротивната страна ни се гавреа и најпогрдно не пцуеја. Еден ден ги викнаа политичките комесари во повисоката команда. Се вратија доцна ноќе и ни објаснија дека некое информативно биро на комунистичките партии кои се на власт на чело со Советскиот Сојуз нашле дека Тито не прави така како што прават тие и затоа му пратија абер-писмо со кое бараат тој, Тито де, да си го прибере умот и да не бега од работите што најдобро ги знае другарот Сталин и да не се прави поумен од него. На ова, ни велеше комесарот, Тито им одговорил дека ќе прави само така, како што тој сака. Значи тој, Тито де, стана непослушен и поради тоа напредните и прогресивните комунистички и работнички партии, велеа комесарите, го исклучија Тито и ја повикаа Комунистичката партија на Југославија да се бори против него и неговите соработници. Натаму комесарот ни рече дека Комунистичката партија на Грција поради тоа што денес води беспоштедна борба против англоамериканскиот империјализам, премолчано се согласува со Сталин, а отворено ќе го изнесе својот став кога за тоа ќе има подобри услови. Затоа, рече тој, пратијата ги повикува сите борци и боркинки похрабро да се борат за да го скршат непријателот на Грамос. Тогаш дознавме дека XV непријателска дивизија која ја сметаа за елитна, по шест денови и ноќи непрекинати жестоки борби, и покрај големата авионска и артилериска поддршка, не успеа да го скрши северниот дел од фронтот со цел да ја затвори границата со Албанија. Се врати на појдовните позиции и дури на 2 август, по четириесет и еден ден лежење во ровови во одбранбена позиција, стапи во дејство откако падна ридот Клефтис во јужниот дела на фронтот. Нашиот дел, источниот, четириесет и пет денови и ноќи жилаво се држеше на Свети Илија, Горуша, Круша, Бел Камен и на Кулата над селото Котелце.

Во текот на тешките борби за секоја педа земја, ретко кој од борците мислеше за тоа зошто се скараа Тито и Сталин. Но црвецот на сомнежот јадеше, грицкаше, длабеше. А авионите заедно со бомбите, фрлаа и купишта хартии-летоци со кои не повикуваа да се предадеме и постојано не потсетуваа на тоа што не чека поради тоа што го направи Тито. Едно утро, на самоти врв на ридот, нашите отворија бело платно на кое со големи црвени букви беше напишано:

“Вашите летоци се печатени на дебела и тврда хартија.

Печатете ги на тенка и мека за да ни е полесно да си го бришеме газот!” Стојан прекина. Се вовлече во себе небаре му секна гласот.

Молкот што се распосла го прекина Ристо.

-И што понатаму?

-Долетаа авионите и со бомби и ракети ни ги распрашија бункерите и рововите и… - Стојан размрда рамо и затресе празен ракав. – И парче од бомбата како со нож… - со очи тој покажа на празниот ракав. Во молкот што настана се вкрстија нивните погледи – неподвижни и замаглени – прашалнички го врзаа нивниот горчлив од и развлечено се отвора далнината во која и тие двајцата имаат оставено дел од себе. Стојан повлече од цигарата и од остриот и сертиот дебело дробен тутун свиткан во весникарска хартија, зајде во долга и растегната кашлица.

-Не ти вреди тутунот – удирајќи го по плеќи, жалосливо го смируваше Ристо.

Стојан ја исплука кашлицата и дофрли:

-Таму во тунелите – тој со глава покажа на подножјето од планината – во вреќи од хартија имам јас цели товари, ама мене ми се слаби. Тоа не оти е тутун! Свиткан во убава тенка хартија и без никакви ознаки. Пушиш и ништо. Само дим. Заедно со другата стока и цигарите ноќе ги праќам горе, на позициите.

-Во вреќи од хартија, велиш? – вчудовидено праша Ристо. – А празни вреќи ти остануваат?