ГЛАВА 15 Апаратот за праќање и примање шифрирани телеграми одеднаш се вклучи и - Part 02
6 противтенковски топови. Вкупно 1060. Јужниот фронт Мали-Мади 3 пешадиски баталјони, 6 ридски, 3 полски и 6 противтенковски топови. Вкупно 1250. Резерва 105 бригада (1000 борци) во реонот на селото Смрдеш и офицерскаста школа (500 борци) во реонот на селата Брезница – Трнаа. Во помошните сили имаат околу 1500 лица. Од изнесеното се гледа дека непријателската одбранбена линија на север е поставена на Бела Вода и Вичо (во средината со многу силното упориште Бигла – Лунѕер), па оттука во продолжение, на исток – Кула-Плати-Главата-Рото и на југ се потпира на Мали-Мади со посебно утврдени позиции на ридовите над селата Косинец и Лабаница од каде се брани влезот во селото Смрдеш. Во длабочина се организирани две одбранбени линии. Првата влече од Бигла-Лунѕер и со ровови, бункери и мински полиња ги поврзува ридовите Јоргова Глава – Голината - Чука – Лисец - Баро – Јамата.
Зад оваа одбранбена линија се наоѓа џадето што ги поврзува Смрдеш - Брезница - Желево –Псодери. Втората одбранебна линија на север се потпира на Бела Вода, се спушта јужно и ги покрива Превалот и Врба и завршува во котлината на Смрдеш.
Крајното одбранбено упориште е во Преспа, а тоа се ридовите меѓу селата Штрково и Раби и отаде – полуостровот со селата Нивици, Винени, Орово и Граждено. Нашите истражувања и анализи потврдија дека моралот на непријателот е висок. Ова е постигнато со неговите лански борбени успеси на Грамос и Вичо (битката за Мали-Мади), некои успешни битки за помали градови и пролетното заземање на Грамос. Во текот на зимата и пролетта непријателот изврши реорганизација на своите единици, го подобри снабдувањето со облека и храна. Ваквата состојба му даде за право на повисокото раководство да мисли дека 1949 година ќе биде година на нивната победата, па оттука моралот кај нашите противници е на доста високо ниво.
Која е нивната цел? Нивна цел е да го сочуваат тој последен “слободен простор”, цврсто бранејќи ги планините Бела Вода -Вичо - Мали-Мади. За време на офанзивата со активна одбрана да го заковаат непријателот на одбранбените позиции и кога ќе се создадат соодветни услови за промена на состојбата, да тргнат во противофанзива со цел да ги уништат нашите национални сили.
Прекина. Се загледа во полната сала, која во штама го слушаше неговото излагање. Од кристалниот бокал ја наполни чашата со сок од портокал. Пие полека. При секое голтање, силно му потскокнува Адамовото јаболко. Ја стави чашата настрана и отвори нов плик.
-Со кои сили ќе непаднеме ние? Во борбена состојба се ставени II, IX, X и XI пешадиска дивизија со вкупно единаесет бригади; III дивизија за гонење со две пешадиски бригади, еден лесен пешадиски полк, шест баталјони на националната гарда.
Артилерија: 4 полкови полски топови, 3 одделенија средни топови, 5 одделенија ридски топови, скоро половината од расположивите тенкови и борни коли со кои располагаме и 90 авиони. Како резерва на врховниот командант останува XV дивизија во Рупишта и 32-та бригада во Дервен. Основна и главна борбена задача на Вториот корпус е: совладување на непријателските позиции и уништување на противничките сили.
Офанзивата во реонот на Вичо ќе се одвива во четири фази. Прва фаза – 10 август 1949 година. Дента, по авионското бомбардирање и артилериската подготовка, во 10,00 часот во насока Дервен – Кулкутурија – Полената – ридот 1685 тргнува 22-та пешадиска бригада со цел да ги совлада позициите на Полената – кота 1685 што се наоѓаат зад првата одбранбена линија и да содадат благонаклонети услови и бази за напад и да навлезе во одбранбената линија над селото Статица, да го изненади непријателот и да ги совлада ридовите Чука-Лисец. Втора фаза:
ноќта меѓу 10-11 август синхронизирани напади. Од Буковик тргнува X дивизија со цел да ги совлада непријателските позиции на линијата Јамата – Баро – кота 1709. Од Дервен - Кулкутурија XI дивизија продолжува со нападот на линијатаЧука – Лисец.
Истовремено третата бригада за гонење врши напад на Кота 1695 – Бигла - Лунѕер - Гогова Глава, а на југ, во напад на Мали-Мади, тргнува 36-та бригада. На крајниот север, од селото Долно Клештени преку Буф во насока на Герман тргнува 21-та бригада со цел да го затвори евентуалното бегство кон Југославија и по заземањето на преспанското село Раби да го затвори патот кон преминот наречен Кула што се наоѓа меѓу двете преспански езера.
Време на започнување на нападот 20,00 часот на 10 август. Трета фаза (12-13 август 1949): префрлување на нашите сили на линијата Врба – Превал – Корбеч, навлегување во котлината на Преспа и спречување бегство на непријателот кон Албанија и Југославија.
Четврта фаза (14-16 август 1949): чистење на полуостровот отаде езерата и на целиот реон на Вичо. За поддршка на пешадијата предвидени се две моќни артилериски групи. Северната група – Лерин и јужната – Костур со сите видови топови. Од истите насоки поддршка ќе даваат и механизираните единици, пред се тенковите. Почетокот на офанзивата ќе му припадне на нашето славно воено воздухопловство чија цел е во утринските часови да ги нападне и уништи утврдените точки на непријателот, во продолжение да ги уништува неговите артилериски и минофрлачки гнезда, да врши извидувачки летови со цел од воздух да информира за движењата на противникот и да ја фотографија актуелната состојба на фронтот. Вкупно ќе учествуваат деведесет борбени авиони.
За миг прекина, се загледа во салата и, покажувајќи со прст на картата, рече:
-По секоја цена, на почетокот од офанзивата да се сочува содејството на воздухопловството, артилеријата, пешадијата и механизираните единици. Ова пред се важи при нападот на Полената и ридот 1685 каде првенствено ќе напаѓа III дивизија за ридско гонење, додека задача на X, XI и IX дивизии е да го спречат бегството на непријателските сили кон Албанија.
Деталите за секоја фаза ќе ги најдете во пликовите што ќе ги добиете по завршувањето на состанокот. Во штабовите на дивизиите, бригадите, полковите и баталјоните па до чета и вод добро да се проучат борбените дејствија, да се запаметат до ситница и спроведат на војното поле.
Господо! Грчката армија никогаш досега не располагала со олкава борбена сила во луѓе и борбени средства и техника.
Благодарение на нашите пријатели и сојузници, Соединетите Американски Држави, со чиј офицерски и стручен тим командува драгиот и почитуван генерал, господинот Ван Флит, ние сме сестрано подготвени да го сотреме непријателот. Нас не интересира едно: победа! Нема да има никакви преговори. Ќе говори само оружјето. Нема капитулација. Ќе има само пораз од кој тие никогаш нема да се подигнат! Господо чест ми е да објавам дека офанзивата ќе почне на10 август во 5 часот наутро.
Во салата грмнаа ракоплескањата.
Генералот Ван Флит не чекаше Козмас да седне на своето место. Стана и со чекор на победник кој парадира пред построените војски, застана пред картата и откако сите ги измери со долг и пронижувачки поглед, со двете шепи го покри реонот на Вичо. Рече:
-Ете, господо генерали, само толкав простор треба да совладате. Две шепи. Две шепи простор и ништо повеќе. Војската ви ја облековме и добро ви ја нахранивме и ви ја снабдивме со најдоброто оружје што го имаме. Сега имате се! Авиони – од најновите. Топови и минофрлачи – нови. Базуки и напалм бомби!
– тој подвикна и долго се загледа во присутните. – Имајќи такво оружје треба да приберете храброст и за само пет денови, господо, за само пет денови морате да ставите крај на војната. Тука – тој на картата удираше со левата шепа – тука ќе бијат 90 авиони и покрај бомбите ќе фрлаат и напалм, ќе грмат стотина артилериски цевки и уште толкав број минофрлачи, ќе јуришаат скоро 80 илјади војници потпомогнати со над двесте блиндирани коли и тенкови!
Не повеќе, туку само пет денови! Комунистите да не ги извадите од рововите и од бункерите. Тие да останат таму, ама мртви…
Реков пет денови и во овие пет денови ако не го уништите непријателот, adios amigo, ние си одиме… Американскиот даночник за вас и за оваа војна потроши голема пара.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/golemata-izmama/20 on October 29, 2026