Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

The Great Lie

ГЛАВА 14 Најавеното писмо од Михаил Керамитчиев и Илија Димаковски –Гоце, со д - Part 01

By Петре Наковски · Part 17 of 29 · About 20 minutes

Read in English

ГЛАВА 14 Најавеното писмо од Михаил Керамитчиев и Илија Димаковски –Гоце, со датум од 2 јуни 1949 година, во седиштето на ЦК на КПГ во Мала Преспа на Захаријадис му беше врачено со десетдневно задоцнување.

Захаријадис го очекуваше писмото, но не и содржината.

Откако го прочита веднаш ги повика најблиските од неговиот круг. Им го прочита гласно и секоја точка одделно ја коментираше, подвлекувајќи при тоа дека се е лага и клевета, дека целата содржина на писмото директно е вперена против партијата и поради тоа треба најостро да се осуди. Кога заврши со читањето и коментарите, тој праша:

-Другари – им се обрати на присутните – што мислите вие?

-Јас, другари – се одгласи Вландас – целосно го поддржувам другарот Захаријадис. Писмото не е само вперено против нашата партија туку е и голема клевета против демократското движење и борбата што ја водиме.

-Да го собереме Централниот комитет на итна седница – предложи Порфирогенис – и со одлука…

-Веднаш да се одржи седница на ЦК – побара и Парцалидис. – Една толку гнасна клевета не може да остани без најостар одговор.

-Другари нема потреба за ова да расправа Централниот комитет - пресече Захаријадис. – На лагата што ја истурија предавниците-дезертери Керамитчиев-Гоце нема потреба да ѝ се дава таква важност, значење и тежина за која треба да расправа нашиот Централен комитет. Јас предлагам со содржината на писмото да ги запознаеме македонските, славомакедонските кадри од НОФ, АФЖ, некои команданти на единици на ДАГ и оние седум-осум од КОЕМ. Скоро сите се познаваат со Керамитчиев и Гоце. Заедно со нив тие го создаваа НОФ и АФЖ. Да ги повикаме на состанок и да ги запознаеме со содржината на писмото и тие нека ги осудат предавниците-дезертери кои ја напишаа оваа клевета. Ние во тоа ќе им помогнеме, давајќи им морална и интелектуална помош. За да им биде полесно да ги осудат, ние ќе им напишеме и резолуција која ќе ја потпишат, а потоа ќе ја објавиме преку нашата радиостаница и во печатот…

Пештерата што се наоѓа во карпите меѓу селата Орово и Нивици е претесна за да ги собере сите 45 активисти на КОЕМ (Комунистичка организација на Егејска Македонија), политички работници и команданти на единици на ДАГ. Знаат дека ќе имаат средба со Захаријадис. Едни поради тоа се чувствуваат задоволни, благодарни и горди затоа што ја имаат ретката прилика да се сретнат со легендата што сами ја создаваа. Силниот стисок на дланките при поздравување и веселата насмевка се одраз на таквото расположение. Другите, пак, веста и поканата за средбата ја примија со сомнеж. Скоро сите меѓу себе се познаваат или, пак, слушнаа еден за друг.

Во шумичката забрмчи агрегатот и внатрешноста на пештерата бледо ја осветлија две светилки. Поканетите влегуваат. Двајца од обезбедувањето вршат проверка. Мирис на слаба мувла. На челниот ѕид голем портрет на Сталин. Маса покриена со црвено платно и четири столови. Клупи од грубо делкани штици. Со брз чекор влегуваат и се упатуваат кон масата Захаријадис, Парцалидис, Вландас и Барѕотас. Сите стојат. Тишина. Се гледаат в очи. Брмчење на мува. И одеднаш, од средината на пештерата, глас:

-Да живее другарот Захаријадис! – Тоа е гласот на Вера.

Захаријадис стана и веднаш подигна рака, фрли остар поглед врз сите. Разбраа – не е митинг. Тишина. Молк. Штама.

Исчекување. Згасна насмевката на лицата и црвот на сомнежот почна да гребе. Вера, смрзната, стои со ококорени очи и зината уста. Чекањето го прекина гласот на Захаријадис. Најпрвин тивок и со текот – тонот набира сила.

-По иницијатива на Политбирото на ЦК на КПГ е свикан овој актив на КОЕМ. Поводот за ова е писмото што ни го доставија предавниците-дезертери Гоце Димаковски и Керамитчиев. Ние ќе ве запознаеме со неговата содржина, а истовремено ќе треба да им одговориме. ЦК на КПГ ви предлага и резолуција за предавниците Гоце-Ќерамитчиев, за да се изјасните и да ја одобрите.

Меѓу присутните нема некој кој не ги познаваа Гоце и Михали.

Така го викаа Ќерамитчиев. Михали од Габреш и Гоце од Статица.

И двајцата од Костурско. Сега во Скопје. Захаријадис, оттука, од челното место, со својот поглед ги има совладано сите. Небаре врз нив има фрлено пајакова мрежа и ги дебне. Никој не мрднува, дишење не се слуша и само онаа проклета мува врз нив лета во кругори и брмчи, брмчи, брмчи, проклетата та брмчи… Им се чини дека, тој, исправен пред нив, со погледот ги пронижува и се чудат што во тие мирни, секогаш поднасмеани очи, сега го нема тој таинствено насмеан поглед што им е познат од сите негови слики. И се чудат, се вчудовидени, затоа што не им се обрати со – другари…

-Вашата денешна конференција – одекна гласот на Захаријадис

– го дополнува кругот на стремежите на македонскиот народ за борба и за негово ослободување… - прекина само за миг, колку за да објави дека тие кои сакаат, можат да фаќаат белешки. Коле на брзина ја отвора офицерската чанта, од неа извади тетратка, навали глава на кај оној што седеше до него и тивко праша:

-Кој ден сме денес?

-Дваесетти јуни… - исплашено прошепоти тој.

-Создавањето на Комунистичката организација на Егејска Македонија - продолжи Захаријадис – е еден сериозен, решавачки и одреден чекор во неговата борба. КОЕМ се формира во момент полн со надежи, но истовремено и полн со тешкотии. КОЕМ е плод на овие денови и тешкотии. Со предавството на Тито народот на Егејска Македонија доживеа силен потрес, потежок отколку за грчкиот народ. Со ова предавство пропаднаа извесни надежи и соништа, а КОЕМ сега оди по овие урнатини за да утврди и соѕида една нова зграда која ќе даде плодотворни надежи.

Непостоењето на КОЕМ ги зголеми тешкотиите во нашата борба, но и во извесен поглед можеме да кажеме дека овие тешкотии го забрзаа формирањето на КОЕМ. Тука треба да спомнеме дека создавајќи го КОЕМ расчистивме некои поранешни сметки. Македонскиот народ е создаден, се разви и оствари своја национална револуционерна мисија, поминувајќи тежок пат и поставувајќи такви граници како што е Илинден, чија годишнина и денес ја славиме.

Сите овие борби во оваа историска нужност имаат за цел создавање на слободна Македонија во една народна република која ќе мргне по патот на социјализмот и комунизмот.

Во еден историски пресврт на оваа историја македонскиот народ се најде без кормилар. За тоа нешто се виновни до извесна степен и посериозните тешкотии што ги преживеа нашето дбижење уште пред окупацијата. И сега се поставува прашањето зошто ова раководство да нема кормилар?

Во процесот на развитокот на народот на Егејска Македонија и народно-демократското движење ние имаме надворешно опортунистичко-шовинистичко мешање на Титовата клика, а тоа и го објаснува отсуството на кормилар.

Македонскиот народ на патот кон својот револуционерен развиток одеше заедно со грчкиот работен народ, на чело со КПГ и успеа и покај сите грешки и слабости што ги имаше во минатото, со својот развиток да оформи една правилна политика која пушти корен и кај македонскиот народ. Нашиот сојуз со македонскиот народ е нужен и заради успешното изведување на револуцијата и заради победата и создавањето на народна република во нашата земја.

Вака нашето движење ги освојуваше мисиите на патот кон победата. Но, движењето на нашата земја заради економско- политичките, гиографските и воените причини наиде, особено во условите на втората светска војна и по неа, на извесни специфични тешкотии, кои требаше да се оценат и совладаат.

Црвената армија ја ослободи Југоисточна Европа и Балканот, а во нашата земја влегоа Англичаните. Тоа за нас беше основната тешкотија. Разните услови што особено се истакнуваат во односите на силите, кои беа во втората светска војна и по неа, ги зголемија нашите специфични тешкотии за чие совладување се укажа потреба за создавање на друг отпор.

Овие тешкотии ги искористи империјализмот. Покрај ваквите потешкотии се појавија и други за чие совладување на македонскиот сектор КОЕМ ќе одигра голема улога.

Што се случи? Треба јасно да одговориме. Таму каде се бореа два народи се појави. Тито со неговата националистичко-шовинистичка програма која го поткопа и разби нашето единство.

Тој ја искористи партиската ќелија на раководството на македонскиот народ, од нив создаде свој орган и дефинитивно го разби народно- демократското движење во Грција. Тоа што го направија Англоамериканците, тоа денес го прави и го извршува Тито. Тој се труди да им осигури база во Југоисточна Европа.

Овој заклучок зборува дека Титовата работа беше јасна од 1943 година. Но тој дури сега јасно се открива како англоамерикански орган и како носител на нивните цели во Југоисточна Европа, а против Советскиот Сојуз. Тито под маската на комунист се претставуваше како пријател. Ова имаше решавачко влијание врз раководството на борбата на македонскиот народ. Тито успеа да ја постави својата шовинистичка политика во НОФ, да го претвори во свој орган и да го доведе до расцеп…

Вистина е дека за отцепувањето во 1944 година не сте само вие виновни туку и КПГ. Навистина беше грешка, но Гоце немаше право заради некои наши грешки да ја земе војската и да побегне во Југославија. И вие требаше да мислите како комунисти и да се борите во редовите на КПМ. Раководството на НОФ во изминатиот период не успеало да одговори на поставените и преземените задачи, не вложило никаков напор да ја организира својата работа и посистематски да се зафати за реализацијата на задачите, за сестрана помош на ДАГ, посебно во регрутирањето мажи и жени за ДАГ, храна и друга помош, пренесување на оружје и ранети. НОФ не само што не забележа никаков напредок во својата масовна политичка и идеолошка работа, туку се зафати пред се со фракционерство, со борба за повисоко места во раководството што најмногу се гледа во ривалството меѓу Керамитчиев и Митровски што доведе до организационо раслојување. Фракционерската борба што изби и се разви меѓу раководните кадри на НОФ – Михаило Керамитчиев и Паскал Митровски доведе до расцеп во раководството на НОФ, до негова поделба на две противнички групи што најмногу се одрази на борбата што ја води славо-македонскиот народ, на неговиот карактер и свест, како и на авторитетот на КПГ. И наместо НОФ да застане на првата линија, се зафати со внатрешни караници и заемни клевети и со цел да ги среди своите редови побара помош и совети од надвор, со што стана агентурна организација која го попречуваше спроведувањето на линијата на КПГ, а резултат на тоа беше што му се нанесе штета и непријатности на општото демократско движење во земјата. Но и по единството, кога НОФ помина под раководството на КПГ, продолжуваа врските со Комунистичката партија на Југославија. Вие не бевте искрени кон КПГ и не ѝ помогнавте. Во Егејска Македонија работеа, а и уште постојат корени на трите агентури – едната на ОЗНА, втората на известителната служба и третата на Колишевски, која ги контролираше останатите агентури. Денес се откриени империјалистичките и шовинистичките стремежи на КПЈ. За тоа денес ние имаме документи во своите раце. Убиецот на Зевгос беше агент на ОЗНА и помина низ Скопје. Сите агенти даваа писмени обврски. Кога минатата година уапсивме двајца агенти во Преспа и ја прашавме КПЈ дали се тоа нејзини луѓе за да ги ослободиме, КПЈ откажа, а ние потоа ги стрелавме. Тоа е крајот на агентите. КПЈ вас ве искористува и на крајот ве жртвува.

Партијата сака да ви помогне и сака да ве спаси. Прекинете секаква врска со КПЈ и расчистете веќе идеолошки со неа. Таа се поврза со империјалистите, а против Советскиот Сојуз и народните републики. Денеска сите комунисти кои се изразија за Резолуцијата на ИБ се фрлени во затвори каде ги мачат и ги уништуваат. Ако некој од затворените потпише изјава против ИБ и се откаже од своите убедувања, а се согласи со линијата на Титовците, веднаш се ослободува. Такви начини употребуваат како фашистите и Метаксас кои ги принудуваат политичките затвореници да потпишуваат декларација против комунизмот. Тие сакаат да го искористат случајот со Маркос, така што Пијаде напиша статија во која го фалеше Маркос, но Маркос добро им одговори со писмото што им го прати.

Националното прашање е резервна сила на борбата. Спрема условите напредува и поставува на дневен ред или пак се остава назад… Нашиот став за самоопределување што го зазедовме беше преран, пред создавање на условите. Ние тој став го зазедовме под притисок на Титовците, со агитација на агентите меѓу македонските маси во предизвикувањето на тие маси и со дезертирањето на Гоце-Керамитчиев. Тој став ни нанесе големи штети. Реакцијата врз основа на мој став го зацврсти својот идеолошки фронт. По разните логори каде беа интернирани разни борци и патриоти, доаѓаа монархофашистите и им зборуваа дека ние сме ја продале Македонија, дека се бориме за туѓи интереси и така тие тогаш под притисок почнаа да потпишуваат изјави против КПГ и ДАГ. КПГ секогаш, а и сега се бори за слободата на македонскиот народ. Предавниците на ова писмо кои немаа смелост да го потпишат, не обвинуваат дека божем сме направиле некој писмен договор. Таков договор со НОФ не постои…

Тито направи се против победата на народната република во Грција и затоа сега со бес се бори против КПГ. Негова цел беше да ја реализира агресивната политика на Англоамериканците. Фактот на постоењето на една здрава политичка линија меѓу егејските Македонци му овозможи и му помогна на неговото дело…

Захаријадис прекина. Потпре дланки на масата и сите ги засука со долг, прониклив и недоверлив поглед. И рече:

-Како што истакнав на почетокот од моето излагање, ЦК на КПГ изготви Резолуција која вие треба да ја одобрите и потврдите со ваш потпис. На овој начин вие ќе ја осудите предавничката улога и активност на дезертерите, национал-шовинистите, разбивачите на нашето борбено единство и агентите на Тито. На масата е текстот на Резолуцијата и списокот со вашите презимиња и имиња…

Безмилосно, грабливо, владетелски и заповеднички одѕвони неговиот глас. И на сите им се чини дека гласот на водачот и натаму одекнува и виси над нив и како усвитен остар нож се забива во нивните глави, им го помрачува сознанието, им ја поматува свеста и им ги вкочанува мислите.

Коле низ целото тело почувствува морници. Му се чини дека цел мравјалник го поплати. Ниско наведна глава и со одвај забележливо движење ја избриша потта од челото. Во ноќната омарнина исполнета со мирис на пот и мувла, молчаливо, со спуштен, намуртен, матен поглед и со наведнати глави, стегнати во неподвижните раменици, сите тие, четириесет и петте кадри на НОФ, АФЖ и ДАГ од пред неколку месеци врзани во КОЕМ, сега пред лицето на водачот се чувствуваат како соголени кабаетчии.

Беспомошни се нивните движења. Кон масата влечат вкочанети нозе. На лицата залепена горчина, тревога, вознемиреност и бескрајна вчудовиденост… Докрај го ислушаа излагањето на Захаријадис и никој збор не изусти. Слушаа и не можеа да поверуваат во тоа што го слушаа. До нив како грмежи среде бура стигнуваа и паѓаа тешки и гневни, заканувачки и навредливи, сурови и тревожни слова – едните поопасни од другите – и се нижеа како митралески рафали. Им се чини дека тој, водачот, со обете раце им удира неброени шлаканици. Стоејќи во редица, послушно приоѓаат до масата и во списокот го бараат своето презиме и име…

Тој ден, 2 јуни 1949 година, однапред подготвената резолуција, застанати еден зад друг ја потпишуваа сите четириесет и пет поканети раководители и активисти на НОФ, АФЖ и КОЕМ.

Молк. Под цокулите и војничките чизми крцкаат догниените штици. Никој никому не погледнува в очи. Од пештерата излегуваат испотени, молчаливи, исплашени и со наведнати глави.

Вдишуваат пресна свежина, исплукуваат загорчена плунка. Висок и строен маж, во воена униформа без офицерски ознаки, доближи уста до увото на оној кој беше најблиску и му рече во шепот;

-Каква срамота. Кога го слушав него, се ми се чинеше дека ми чита смртна пресуда, а кога потпишував си мислев дека ја потпишувам таа смртна пресуда… Каква срамота, какво понижување…

Се разделуваат без збор. При зборување ја нема насмевката и бодриот стисок на дланките. Се чини дека не се истите луѓе, кои беа до вчера. Само неколку од нив, застанати настрана, расправаат, ама до тука, каде се Коле и Крсте, не се слушаат нивните гласови. А овие двајцата не им се придружија. Притегнаа појаси, фрлија ранци на рамо и појдоа. Луѓето од обезбедувањето им ги проверија пропусниците и потоа им го покажаа патот за Винени. Во муграта одат еден зад друг и ниту збор не разменуваат.

Прудолу слегуваат по истата тесна и стрмна каменлива патека која вчера, одејќи пругоре, дали од умора од долгото целодневно патување или од возбуда поради средбата со водачот, им се виде многу стрмна. Во бледата светлина на полната месечина одблеснуваат поспаните води на малото Преспанско Езеро. Од кај островот Свети Аихил допре мукање на крава. Во крајбрежните трски заграка пловка. Небото над Бела Вода и отаде, над Лисец, поприма бледо-розова боја. Кога сонцето изгреа над Преспа, тие беа во Пероо. Тука уште една проверка на пропусниците.

Пладнето го фатија патот за Превалот. Лево од патот, дабова шума. Се слуша удирање на секири паѓање на стебла. Пругоре, два ѕевгари волови влечат долг дабов трупец. Погоре, на голиот рид се гледа основата на бункер. Од него, лево и десно свежо ископани ровови.

-Секаде се копа… - рече Коле и по долга воздишка дополни: -Ги изоравме планините… Им го променивме ликот. Не им личат на нашите планини ниту ровови, ниту бункери… Многу ги огрдевме…

-За да не помине непријателот на Вичо – се одгласи Крсте и продолжи да оди.

До тука само толку им се слушнаа гласовите. Стигнаа до крстопатот. Тука патот се дели – лево за Желево, десно за Руља.

Застана.

-Па? – се одгласи Крсте.

-Да седнеме онаму под крушата.

Го прегазија патот, очекорија во ливадата. Неколку чекори понатаму од сенката на страна круша – поточе. Одрамија ранци, собуја цокули и чизми. Во студената планинска вода ги ладат заморените и запарени нозе. Високо над шумите и ридовите се појави сокол. Лета во кругови. Тие, матејќи ја вистрата вода со кој знае од кога немиените нозе, поспано го следат соколовиот лет.

-Изгледа го обравме лозјето… - развлечено се одгласи Коле.

-Што?

-Па тоа што ни отпеа водачот…

-Да… Не искара… - враќа Крсте.

-Ами чини ли така? Жими мајка го слушав и се уште не ми се верува во тоа што слушав. Мислам дека забележав се што рече. Не знам дали ќе ми веруваш, ама цело време додека тој зборуваше, ми се чинеше дека ни суди и додека потпишував мислев дека си потпишувам смртна пресуда… Зарем не е срамота нас, не нас, туку нашиот народ, кој стана сепаленица и посветеност, така ниско да го обвинува? Виде ли како не гледаше? Виде ли колку презир имаше во неговите очи? Виде ли како мавташе со прстот?

НОФ - рече е агентурна организација, значи сите тие кои го распалија и распалуваат огнот, кои го челичеа духот, кои ја фрлија искрата на големиот оган, кои го распалија пламенот и развалија се, сите се агенти? Зарем не бевме ние тие кои од село в село, од куќа в куќа го носеа факелот на големите надежи? Што и кој би бил тој и тие околу него, ако не би биле ние?! Ние, а не некој друг, меѓу нашиот прост народ и признавам и меѓу себе го протуривме неговото име, го величавме и славевме, од него создадовме штит, бог! Зарем не сме ние тие кои кај нашиот човек ја всадивме верата кон него и во негово име го убедувавме… Голема храброст беше седумдесет деноноќија да се бранат Горуша и Круша, Николер и Амуда, Алевица и Чарно, голема храброст беше два месеца од Преспа до Грамос жени и мажи во години ноќе да тераат пред себе стотици коњи и мазги товарени со муниција, голема храброст беше долгиот марш од Корештата и преку леринското поле до Воден и Негуш, голема храброст беше да се влезе во битка за Лерин… Храброст или лудост! А што беше тоа што денес го потпишавме? Зарем со тоа не ја фативме големата удолница?

Зарем не позеде таа и каде ли ќе не однесе? Ти не беше на конгесот во Нивици. Храброст ли беше кога една проста селанка од говорницата му распали рафали прашања на Захаријадис? Кој дотогаш, па и досега, најде храброст него да го праша?

-И што рече тој, Захаријадис?

-Што рече тој? Чекај, имам запишао… Ете, најдов. “Јас оттука, од оваа говорница – извика – тој – ветувам, им ветувам на сите мајки славомакедонски, кои ги изгубија своите најсакани чеда, најсвечено им ветувам дека борбата ќе ја добиеме зашто со такви борци и боркинки какви што роди овој славомакедонски народ е невозможно да не се добие таа борба, а сигурно ќе ја добиеме, јас тоа ви го ветубам. Ветувам – продолжи тој – ама моите ветувања нема ништо да значат ако вие и натаму така самопожртвувано нема да продолжите да се борите и да бидете пример на борбеност, храброст, самопожртвување и преданост. Токму заради ова пред месец и половина нашата партија на својот петти пленум донесе одлука според која вие славомакедонците како резултат на победата наДАГ и на народната револуција ќе се здобиете со право на самопределување што значи да имате своја држава во која ќе се обединат сите Македонци…” Ете, така ѝ одговори нејзе и така ни рече нам кои скинавме грла од извикување пароли и ни потекоа дланките од ракоплескање во негова чест и величање… И знаеш, кога вака си размислувам за овие работи, постојано се прашувам како ли тој човек успеа од нас да направи еден глас, една тупаница, која ќе удира само таму и така, како што ќе посака неговата волја? Како ли тој успеа кај нас да посее толку огромна, неограничена, безусловна, безмерна и толку огромна, длабока, непоколеблива, нескршлива и слепа доверба и верба пред се прво во него, што само кога се спомнува неговото име се раѓа надеж и чувство на сигурност и спас? Како? Знаеш ли?

-Не знам, ама сакам да те прашам. Каде бевте и каде сте вие активистите на НОФ и АФЖ? И уште да те прашам донесовте ли некогаш некаква одлука без негово знаење и без неговото одобрување? Јавно дали рековте ли нешто без негово знаење? И на првиот и на вториот конгрес на НОФ не сум бил, ама да те прашам дали вашите реферати, говори, одлуки, ставови, па дури и списоците на присутните делегати, гласачките листи со имињата на луѓето за органите на НОФ не беа проверени и одобрени од него? Дали некогаш ставивте забелешка на нешто што рекол тој?

Можеби само паролите во негова чест и негово величање беа ваши… Молчиш? Па молчи… и чувај ја тетратката… Бележи во неа… запишувај… можеби таа некогаш ќе прозбори…

Молк. Во поточето разиграно шумоли бистрата планинска вода. Високо над ридовите лета нешто што не личи ниту на орел ниту на сокол. Коле, плукајќи на прстите, ја прелистува маслосаната тетратка. Прекина и праша:

-Така мислиш? Можеби си во право. Ние работевме по партиска директива. Знаеш ли што значи партиска дисциплина?

Тоа ти е нешто повеќе од наредба. Утре не него, туку нас ќе не колнат за напразно загинатите чеда, за опожарените куќи, искорнат живот… Го раздомивме нашиот народ… Виде ли како едни од нас се одделија и расправаа за тоа дека тој, водачот, дека тој е во право?... Го нападна Керамитчиев, го премолчи Митровски. Го наклевети Керамитчиев, го сочува Митровски.

Зошто? Што да им кажам утре на мајките, на жените, на свршениците? Како да им објаснам зошто им загинаа најмилите, зошто им се опожарени куќите, зошто им го нема имотот, стоката… да… Застанавме на раскрсница, се развражавме, разделница меѓу нас… Се фатил човекот за Тито и тој му е крив.

Да, денес тој утре ние ќе му бидеме криви. Целата наша саможртва и посветеност веќе е фрлена во калта, погазена и исплукана.

Раздор, разлавачка и разљуба тој посеа меѓу нас и голема разделница тој ископа меѓу нас. Разлошени, размеѓени и разнебитени разоспавме во омраза. А и тие таму во Скопје, далеку од пеколот, размислија ли во кое време и кому му пишуваат?