Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

The Great Lie

ГЛАВА 13

By Петре Наковски · Part 16 of 29 · About 16 minutes

Read in English

ГЛАВА 13

-Јас жени денес дојдов тука, кај вас, да речам на првата борбена линија, за да ви ги пренесам поздравите од вашите дечки кои се таму по државите. Јас на чело на една делегација, се разбира по барање на другарот Захаријадис, кој многу се грижи, ги посетивме децата. Сите се добри. Како нема да бидат добри кога за нив како мајка и татко се грижи нашата партија и другарот Захаријадис? Весели – превесели. Радосни – прерадосни.

Облечени и обуени само во ново. Нахранети – пренахранети.

Образчињата црвени како преспанско јаболко и воденска калинка.

Секое си спие во свое креветче. Оро, песна и игра по цели денови.

И јадење колку што душа им сака. Што да ви кажам…

-Кажувај, кажувај, Веро… - замоли Ставровица. – Кажи, Веро, дали мојот Кирче го виде? Го виде ли? Височко и лепо момче… -не доврши. Очите ѝ се навлажнија, липтеж и го скрши гласот.

Молчи Вера. Жените со жедни и насолзени очи вгледани се во неа и чекаат таа да им раскажува за децата кои се таму во далечните држави.

- Кажи, Веро, го виде ли Кирче мој? Височко, малку русокосо и лепо момче… - пак праша Ставровица.

Не, Вера не го виде височкото, русокосото и лепото момче на Ставровица. Таа не само што не го виде Кирче, не виде и многу други височки, русокоси, калеши, црнооки и синооки, гиздави и лепи момчиња.Нив, височките, на кои годините не им се гледаа, но на лицата и под носевите им беше созреан момчешкиот мов, пред три или некој месец порано, ги собраа, им облекоа воени униформи, им дадоа ранци и цокули, невидливи за непожелни очи ги постоија на испразнети железнички перони, ги товарија во товарни вагони и една ноќ ги растоварија во Битола. Во мракот, набрзина ги товарија во камиони и пред да пукне зора, ги растоварија во врбјакот, скраја од брегот на Преспанското Езеро, отаде Маркова Нога. Тука им дадоа пушки и тие станаа војници.

Борбените песни и пароли што им ги научија таму во домовите во далечните земји, ги бодреа во марширањето до вежбалиштата во Штрково и Рудари. Оние повисочките, позбиените, поширокоплеќите и поцврстите во нозете и рамената, по десетина дена вежбање, ги испратија на позиција како пополнување на разретчените единици на Мали-Мади и околните планини. И нив Вера не ги виде. И додека жените молежливо ја гледаа со очи впиени во нејзината уста, неа, како секавица, ја пронижа споменот за тоа што го доживеа во Полска. По враќањето му раскажуваше на Захаријадис и само нему:

-Нашите деца, другар Захаријадис, најдобро се згрижени во Полска. Сместени во еден од најубавите делови на земјата.

Наоколу шуми, ливади, а целото гратче тоне во цвеќе и украсни дрвја и е едно големо летувалиште, всушност тоа се бањи со топли води. За нашите деца се грижат голем број Полјаци, а има и доста голем број, околу стотина и нешто наши млади девојки кои беа испратени како раководителки на групи деца, а некои како учителки и учители. А има и околу триста и нешто веќе пораснати деца, на 15-16-годишна возраст. Тие се здрави и способни за борба. Самоиницијативно јас ги повикав на состанок, им раскажав за успесите на нашата борба и за херојските подвизи на нашите борци и боркинки кои храбро се борат под вашето мудро раководство. Со еден збор го подигнав нивниот борбен и револуционерен дух, а тие изразија готовност да стапат во редовите на нашата армија. Почнаа подготовките. Меѓутоа, за ова дознаа Полјаците. Ме повикаа. Еден висок, та ќелав Полјак, му го заборавив името, белешки не водев, со смирен, но сигурен глас ми рече:

-Моите претпоставени ме овластија да ве замолам да го известите вашето високо раководство дека Полска нема да дозволи мобилизација на деца на возраст од 15 и 16 години. Ние примивме деца, ги згриживме со сета наша љубов. Правиме се тие да ги заборават ужасите на војната, правиме се да им ја вратиме детската насмевка, од нивните лица да ја избришеме големата тага и болка, ние сакаме тие да се радуваат, да играат, да учат.

Пренесете им на нивните родители дека ќе им ги вратиме живи и здрави, но не како војници, туку како лекари, инженери, архитекти, професори, како луѓе кадарни да ја подигнат својата татковина од урнатините на војната. А македонските воспитувачки, кои сега децата ги викаат мајки, македонските учителки и учители исто така нема да дозволиме да ги мобилизирате. Тие ќе останат со децата за да ги воспитуваат во духот на македонската традиција, да им ги пренесат адетите и обичаите, да ги учат да пеат македонски песни и да играат македонски ора, да не го заборават јазикот на своите мајки и татковци… Таква е нашата, полска, желба и таква да им ја пренесете на нивните родители… - Така ми рече оној високиот и ќелав Полјак, поради што бев многу вџашена и луда од лутина.

Сакав да му речам дека ние сега водиме лута борба против англоамериканскиот империјализам и нивните грчки лакеи и дека таквото зборување и однесување е реакционерно, но се воздржав…

Вера ова го сметаше за свој личен и голем неуспех. Какви ли пофалби и зборови на признание би добила лично од водачот, а нејзиното име со денови би се вртело од пештерата на Главниот штаб на ДАГ до пештерата на Политбирото ако би успеала тие воспитувачки, учители и учителки и тие голобради момчиња да ги донесе во Преспа? Цел баталјон! Ноќе, легната на рагозина или душек наполнет со слама или во печалбарски кревет во некоја од куќите на некое преспанско село, доколку би успеала да заспие тврдо, што ретко и се случуваше, неминовно на сон и идеше оној висок и ќелав Полјак и тогаш чувствуваше како ужасна, страшна, зловешта и заглушлива мора и гнетеше гради, ја стегаше за грло, ја измачуваше, ја гушеше и ја преследуваше до првото разбудување.

Целата испотена и растресена од лутина, таа до зори со највалкани пцости го валкаше и колнеше оној висок и ќелав, страшен и ужасен Полјак…

-Раскажувај, Веро…

-Што да ви кажам… Само радост. Кога дечките слушнаа дека ние стигнавме, се собраа во еден голем двор и кога не видоа радосно почнаа да викаат: - Ле-ле дојде тетка Вера! – Се радуваа многу. А јас одев од дете до дете, ги галев по главичките, а тие се радуваа и беа многу среќни. Така јаска сите ги погалив, а најмалите, ете, вака, ги фаќав под мишки, ги кревав високо – Вера ја подигна својата офицерска чанта – а некои, пак, ги гушкав, други малку ги држев во скутот и сите беа радосни и среќни… А тие, поголемките само ме прашуваа за борбата. И јас им кажував и беа среќни и ме молеа и ми велеа: - Тетка Вера кога ќе се вратиш да му кажиш на наште мајки и татковци, на наште братја и сестри посмело и похрабро да ги бијат англоамериканцките имберијалисти и нимните грцки слуги и за тоа да не ја жалеат животта свој и крвта и да не го остават непријателот да помине на Вичо. Така ми велеа и тоа што ми рекоа јас вам ви го велам. Аха, да не заборавам. Ми пријде едно дете. Ми семни, Доне го викаа.

Вака ми рече: - Другарко Веро, мојот татко лани загина на Грамос… и ету така тој Доне ја крена тупаницата за поздрав. А јаска му реку: - Ти, Донче да си многу стреќен и помногу горд и само да се радуваш затоа што твојот татко загина на Грамос. Да си стреќен и многу треба да се радуваш, мило – му реков и ете така јаска топло го погалив по глава - покажа Вера галејќи си го коленото. – И уште му реков: - Донче, а и сите вие мили деца, да учите, многу да учите. Секоја буква што ќе ја научите е голем куршум во срцата на нашите душмани – врагови и од вашата ука да прајте големи куршуми за главите на нашите непријатели, душмани и врагови… Потоа ги викнав на брание жените одговорни, тие де што ги испративме со децата за да ги чуват. А знаете зошто нив ги викнав и зошто многу ги искарав? Сега ќе ви кажам. Видов дека многу момчиња на левата јака имаа сошиено црно, а многу девојчиња носеа црни шамии. Многу се налутив, та им се изнавикав на тие жени. Што направите бре, му викнав јаска на тие одговорните жени. Па вие, мори, дечките ги облековте во црно?! Срам да ви е! – му викав јаска со силен глас. А тие мене: -Па другарке Веро не оти ние тоа го сторивме… Од писмата на своите мајки децата дознаваат кој им погина… Децата си ги жалат своите, така е по обичаите… Жени, сега вам ви се лутам -подвикна Вера. – Да не им пишувате на вашите деца за загинатите.

Значи вие ги облековте во црно, а? Добро, од сега па натаму нема да им пишувате, нели? Да им пишувате за нашата херојска борба, за јунаштвото на нивните татковци, браќа и сестри, за тоа дека на сите фронтови го биеме клетиот непријател и секаде победуваме.

Да им пишувате и за тоа дека треба да учат и дека кога ќе пораснат со гордост за застанат во првите борбени редови. Сега таму децата нека си играат, нека се радуваат, нека учат, а вие тука, заедно со целиот наш народ така да сториме за да не помине непријателот на Вичо. И знаете што уште забележав кај нашите деца? Забележав дека скоро ништо не знаат за другарот Захаријадис. Знаат за Сталин, за Тито, Енвер, Димитров, Ракочи, Деж, Готвалд, за оној Полјакот, како ли му беше Бајрам ли, Биро ли? Не. Како ли му беше? На врв јазик ми е буквата “Б”, ама другите букви? Добро, не е важно. Важно е да знаат за нашиот најголем син и водач, другарот Захаријадис. Затоа ги искарав и учителите и учителките.

И кога се вратив од тие земји-држави, отидов во АГИТПРОПОТ каде го најдов оној нашиот поет – Паскалевски се вика. Го викнав настрана и му велам: - Што бре ти, му велам јас, сал за врапци де за тревки та за ѕвезди и месечини ми пишуваш стихотворенија? Во цел свет, бре, му велам јас, поетите пишуваат стихотворенија за Сталин, а во Југославија људјето грла си искинаа од пеење песни за Тито, а нашите дечки таму во државите и нашиот народ тука во планините и ридовите и на слободната територија не знаат ниту едно стихотворение за нашиот мил и најголем сид и водач, другарот Захаријадис? Како, бре, не ти е срам, го карам јас, та го прашувам – зошто бре досега ништо не си напишал за милиот ни Захаријадис. Тој, кутриот од срам наведна глава и молчи. Ајде му реков јас, немој да бериш гајле, сега оди и пишувај. И тој ме послуша. Значи јас му дадов јас револуционерна задача – да напише стихотворение за Захаријадис, ама такво за да се кажува на четири гласови. Првиот да прашува кој е Захаријадис, а другите да одговараат. А тие четири гласови да стојат на четири места, мислам на четири страни. На пример едниот глас на овој рид, вториот на тој, третиот на оној понатаму и четвртиот отаде. И така гласовите ќе одекнуваат на четири ридови и на четири ветрови. И таму во АГИТПРОПОТ им реков кога стихотворението ќе биде готово, тогаш на шапирограф да го отпечатат и да го пратат по сите држави, по селата на слободната и поробената територија, на единиците на првата борбена линија и вам кои работите тука за да не помини непријателот на Вичо.

Прекина. Се загледа во жените и чекаше ракоплескање.

Разочарано рече:

-А сега малку да позборуваме за помошта.

Од кожната офицерска торба Вера го извади тефтерот и, ставајќи го на колена, долго се загледа во жените кои седеа пред неа. Се искашла, го отвори тефтерот и со свечен глас почна да чита:

-Жените од село Желево со готовност и радост дадоа за народната болница 10 веленциња, 45 зглавја, 17 кошули, 17 крпи за лице, 7 рала чорапи, 9 парчиња алишта, 2 бели прегачи, 56 чинии, 85 виљушки, 49 лажици, 17 чаши.

Габрешнарките, значи жените од селото Габреш дадоа 20 бели зглавја, 9 волнени зглавја, 1 кревет, 2 веленциња, 1 килим, 8 чаши, 2 бокали за вода, 11 виљушки, 7 столови.

Поздивишчарките, мислам на жените од село Поздивишта дадоа 1 кревет, 4 чаршафи, 17 крпи за лице, 2 пара чорапи, 29 чинии, 19 чаши, 2 кошули, 11 лажици, 2 бокали за вода, 1 тиган, 3 ламби…

Прекина. Откако неколкупати се искашла, таа плукна на прстот и го преврти листот.

-Во село Ошчима се собрани 62 виљушки, 35 лажици, 39 чинии, 5 прегачи, 8 зглавја, 10 кошули, 3 фанели, 3 гашчи, 10 крпи за лице, 2 метри платно, 1 пиџама, 4 веленциња, 2 вреќи.

Во село Дреновени се собрани 3 крпи за лице, 2 кошули, 5 пуловери, 1 пар папучи, 2 тигани, 4 столови, 1 бокал за вода. А во село Црновишта - 18 чинии, 6 пара чорапи, 4 крпи за лице, 2 фанели, 13 зглавја, 9 чаши, кревети, 1 фустан, 1 стол…

За нашата храбра војска во селото Д’мбени се собраа 12.5 оки кори, 17 оки тарана, 22 оки боб, 38 оки кромид, 72 оки компири, 164 оки леб, 1.5 ока сало и 12 пуловери и 30 пара чорапи. Во селото Лабаница доброволен прилог за ДАГ се дадени 65 оки жито, 45 оки компири, 23 оки боб и 10 лешча. Жените од селото Лаген, 70 на број, го исчистија патот се до селото Бапчор за да можам нашите борци полесно да поминуваат и дадоа 700 оки жито и 6000 оки компири. Селаните од селото Рудари на народната болница и подарија 47 јајца, 1 ока сало, 10 оки брашно, 43 оки сирење, 1 ока тутун, 4 оки кромид и 1 јагне…

Прекина со читањето, велејќи:

-Помошта не е толку голема како ланската година, нели?

Тукуречи е половина од лани, нели?

-Ами лани – се огласи Сотирица – повеќе имавме, повеќе дадовме…

-Така е – потврди Вера и одеднаш живна. – А, ете го и фотографот. Адје, ајде, дојди ваму. А ти, ти бре, дај ми го ливорверо и капата – и откако го опаша пиштолот и на криво ја намести капата, рече – а вие жени, одете малку понастрана, таму, малку потаму за да се гледа планината. Јас сега со мојата пријателка Марика да напрајме едно кадро… Вака? - Таа се насмевнаа ѝ сите и го видоа златниот заб што неодамна ѝ го наместија во Битола. Не, не, од оваа страна. Таа сврте образ и намести насмевка, се загледа далеку во планините, ги опфати од долу до горе, потоа сврте поглед на Вичо, па на Мали-Мади. Во широката насмевка болснува златниот заб.

-Внимание - викна фотографот – внимание врапчето ќе летне!

-Ете така, така кадрото да остане за историјата… А вие, жени, трајте, трајте уште малку. Слободата е на пат. Уште малку и таа е тука, пред прагот…

Тишина. Молк.

-Ами што ќе ми е слободата кога се ми е уништето? Син ми загина, ќерка ми саката, куќаута изгорена, не остана ништо од добитокот, сите овци и кози и коњот ги собравте за борбата, нивите не се орани, земјата посна и јалова, се, како што ни велеше ти, Веро, се дадовме де за болните, де за болницата, де за борбата.

Јас, ете, останав сама како прстот и рамо не можам да приберам од носење трупци… Што ќе ми е таква слобода – настојуваше жената

– кога се е запустено?... Знаеш ли ти…

-Ами со кого – се слушна глас од другата страна – со кого ќе си ја имаме слободата тука каде се е запустено. Се е празно, а во празно каква ќе биде таа слобода?

-Мажот ми е на некој остров… - се пожали друга жена.

-Што па ти толку се секираш? – подвикна Вера. –На остров не е само тој! Полни се островите со наши. И нив ќе ги ослободиме – вели Вера. Ќе ги ослободиме штом победиме тука на Вичо, па непријателите ќе ги подбереме и се до таму, до Атина ќе ги гониме. А јас, тогаш прва ќе ти го ослободам мажот и ете тука на скут ќе ти го седнам… Јас тоа ти го ветувам… Само немој да подзастануваш кога носиш трупци зашто така ја спречуваш брзината… ме разбра?

-Јас – рече Тина – имам две чупи под пушка. А ти, те гледам, дури и пиштолче не носиш…

Ставровица навали лице до увото на Тина и ѝ шепна:

-Не вели така, носи пиштолче, ама за украс, за кабардисување…

-Едната - продолжи Тина – ми има 19, а другата 17 години…

-Како тоа тебе, Веро – се одгласи Ставровица – не те собраа, како што ги собраа нашите чупи?

-Јас сум од високото раководство, а таквите се борат на друг фронт. А и вистината е ваква. Лани кога се изврши мобилизација на кадрите на НОФ и АФЖ, мене лично ми рече Јоанидис дека нема закон – ми рече тој – за мобилизација на жените…

-Велиш немале закон? Така ти рекол?

-Да, токму така.

-И затоа ти не си под пушка?

-Токму затоа.

-А со кој и по кој закон ми ги собравте двете чупи? Едната 19, а другата 17 години. По кој закон? - ѝ се вдаде в лице Тина.

-Реков дека нема закон за жените, а не за девојките… -налутено рече Вера и сврте збор: - Сакам да знаете дека сета помош што ја дава нашиот народ, ја дава за победата. А победата, жени, не е далеку…

Во тој миг се слушна ‘ржење на коњ. Вера се подигна на прсти и извика:

-Станете! Пулите, пулите таму! Пулите коњ? Ми семни дека е црвен, да, црвен е… Трча, трча накај нас! Пулите? Трча… Тој, коњот ја носи победата! Доаѓа, жени победата, доаѓа качена на тој црвен и долгогривнест коњ… Пулите? На кај нас трча коњот за да ни навести дека непријателот на Вичо нема да помине!

Од бункерот, извишен на спротивното ритче, излезе маж и на сет глас почна да вика:

-Еј, вие таму долу! Коњот на командантот трча накај вас!

Вратете го, бре, е-е-е-ј! Вратете го зашто трча право во минското поле!

Грмеж, земја и чад излетаа нагоре. Вера пребледе и прибра глава во рамениците.

Командантот на четата нареди да ги соберат остатоците од коњот и да ги однесат во кујната.

* * * Вера не остана да вечера. Заедно со својот курир таа замина и на спиење се задржа во Желево. Сркајќи разводнета леќа во која имаше надробено ‘ржен леб без сол, пишуваше:

“Јаска се о Желево. Стоп. Преди малку близу фронтовата и борбената линија одржав голем говор на народниот митинг. Стоп.

Беа жените кои работат на укрепљењата. Стоп. Со силни борбено-револуционерни зборои го подигнав нимнио борбен и револуционерен дух. Стоп. Сега малко ќе почина и потоа ќе дојда о седиштето Стоп. Со борбени поздрави ве поздраввам. Стоп.

Смрт на фашизмо – слобода на народо. Стоп. Сите на оружје – е за победата. Стоп. Вера. Стоп.” Запишаниот лист го свитка на четири и, подавајќи му го на курирот, отсечно рече:

-Утре рано-рано да го однесеш во седиштето.Разбра?!