БОРБА ПОБЕДА НАЦИОНАЛНО ОСЛОБОДУВАЊЕ - Part 03
… кој се бори против империјализмот, оттука од оваа света борбена говорница ни ја кажа вистината, горката вистина, која не оти не ја знае нашата партија. Ја знае. Туку е важно да ја знае и народот. И таа другарка, излезена од народот, ни ја кажа, да речам горката и големата вистина, која ние сите, а посебно нашата партија ја знае, ја чувствува болката и затоа сите нас тоа не боли.
Туку, другарки и другари, таква е борбата што ја водиме. Јас сум, целосно на твоја страна и ти, другарке, ти си во право и јас ниско се поклонувам, ниско наведнувам глава пред твојата болка и ги бакнувам твоите испукани дланки. Но, борбата е сурова и сурови се нашите страдања и сурова ќе биде нашата одмазда за претпрените неправди и страдања. Ние денес водиме борба на два фронта - против англоамериканскиот империјализам и нивните грчки слуги ш против, но за тоа подоцна… И јас оттука, од оваа говорница ветувам, им ветувам на сите мајки Славомакедонски, кои ги изгубија своите најсакани чеда, најсвечено им ветувам дека борбата ќе ја добиеме зашто со такви борци и боркинки какви што роди овој славомакедонски народ е невозможно да не се добие таа борба, а сигурно ќе се добие, јас тоа ви го ветувам. Ветувам, ама моите ветувања нема ништо да значат ако вие и натаму така самопожртвувано нема да продолжите да се борите и да бидете пример на борбеност, храброст, самопожртвување и преданост.
Токму заради ова, пред месец и половина нашата партија на својот петти пленум донесе одлука според која вие Славомакедонците како резултат на победата на ДАГ и народната револуција ќе се здобиете со право на самоопределување што значи да имате своја држава во која ќе се обединат сите Македонци. Со таков народ каков што сте вие, народ кој роди такви храбри и вестрашни борци, не може да не се добие победата. Ете другарот Вландас, вчера, поздравувајќи го конгресот, рече дека Славомакедонците се најдобрите борци на Демократската армија на Грција. И тој е во право. И јас велам отворено и најискрено: Славомакедонците се најдобрите борци на ДАГ. Зарем ова не е големо признание за вас?
И затоа ќе победиме. Ќе победиме. Напред кон победата. Сите на оружје, се за победата!
- Захаријадис! Захаријадис! Захаријадис!
Се чини дека покривот на црквата ќе полета нагоре од громките извици. Пароли и одново пароли! Покривот на црквата се тресе. Вландас навали дебел образ до образот на Јоанидис и му шепоти на уво:
-Китаксе посо поли и Славомакедонес агапан тон архиго мас.
Апо сингиниси му ерхете на клапцо. (Види колку многу Славомакедонците го сакаат нашиот водач. Од возбуда ми доаѓа да плачам).
Јоанидис климна со глава, брзо го извади шамивчето и си го избриша увото.
Захаријадис со подзамижани очи, со одвај видлива насмевка, подигна рака за да ги смири учесниците на конгресот. А тие викаат, ракоплескаат, одново некој од средината, друг од крајот извикува пароли. Нови извци и изблици на радост и на одушевеност, чиниш во својот занес го заборавија сето тоа низ што поминаа, што претпреа и за се што остана зад нив. Во неговите очи зрачи задоволство. Тој успеа да ја распали масата, да направи од неа еден глас, моќен како гром, една силна и како железо тврда тупаница, која ќе удира таму и така, како што ќе посака неговата волја.
Попладнето заврши конгресот.
Тој ден и претходните два дена, над Бела Вода, Бигла, Лунѕер, Јоргова Глава, Голината, Чука и Лисец, немаше бучава на авиони…
Вечерта, кога Евгенија заедно со жените се враќаше во Желево, на Превалот, патот им го заградија тројца мажи. Прашаа:
-Која од вас се вика Евгенија?
-Јас…
-Појди со нас!
-Каде? - праша Евгенија.
-На нова задача…
* * * Еден ден по завршувањето на конгресот на НОФ, на 27 март во Нивици, од 700 делегати беа избрани 163 македонски комунисти кои под диктат и под будното око на Захаријадис ја формираа Комунистичката организација на Егејска Македонија и кратко ја нарекоа КОЕМ.
Во големата одаја во куќата на Трендафиловци, новоизбраниот Централен совет на НОФ и членовите на новоформираната КОЕМ приредија закуска во чест на водачот, за успешно завршениот конгрес и за формирањето на новата авангарда. На масата покриена со црвено платно (некој во шега рече дека е истото што беше послано на конгресната маса) во две сапетки големи парчиња погача – наликуваа на мали нафори. Во чинии, полни до горе, пржени белвици и скобус. Во средината -два големи печени крапови. За оние триесетина луѓе, колку што ги имаше во одајата од цело Нивици беа собрани чашите во кои две жени облечени во воени униформи, налеваа црвено вино.
Четирите газиени ламби, обесени во ќошевите на одајата, фрлаа бледа светлина на масата и луѓето кои стоеја во мали групи.
Чекаат и скришум фрлаат поглед на масата, лакомо вдишувајќи го мирисот на топлата погача и пржените риби. Чекаат, го чекаат водачот. Одеднаш тишина, штама. Во одајата влезе тој, Захаријадис. Сите се свртија кон него и прават пат за да дојде до масата. Вера се подигна на прсти и извика на сет глас:
-Да живее другарот Захаријадис!
Се развика одајата, се разлеаја гласовите отаде горното маало придружени од песната која небаре беше партиска химна:
Захаријадис архигос…(Захаријадис водач…)
Се чини дека некои во пеењето немаа трпение да доврши строфата и веднаш преминуваат на другата:
То будруми ден тон лига Ќе и скепци трехи горга Стус синдрофус пу полемун Апта катерга ја на вгун…
(Него затвор не го крши И брзо мислата му лета Кај другарите кои се борат Од робија да излезат)
И уште недовршен последниот збор, врз него се нафрлува друг и напластува уште посвечено, погромовитоо и поборбено, повдахновено и погромогласно пеење:
Орко перни о вулевтис Сто онома ту о махитис Ќе хтипај тин маври склавја Ја на ври о лаос лефтерија.
(Клетва дава работникот Во негово име се колни борецот И го бие црното ропство Слобода за да има народот.)
Ракоплескањата ги прекина Захаријадис.
-Другари, дозволете ми со оваа чаша првата здравица да ја им ја упатам…
Захаријадис кога наздравуваше, сакаше да му биде сличен на Сталин. Неговата здравица мораше да има вовед во кој е содржана основната мисла – а во неа одлучност во извршувањето на задачата и име на тој на кој му се наздравува. Редоследот е ваков – најпрвин со општи зборови пофали го народот, значи масата – потоа големи пофалби за средните кадри – политичките и воените, кои обично и по некое непишано правило и ред се неписмени или полуписмени подлизурници, опашкари и подопашници, кои постојано се меѓу масите и работат со нив само по директива, значи го дигаат нивниот борбен дух и го популаризираат и вознесуваат името на водачот. Тие први се колнат во него, први го величаат, први го слават со нај, нај зборови, први го устоличуваат
– за нив на здравје! И задолжително – некој порано наговорен – ќе повтори и ќе додаде – за средните кадри и за оној кој ги инспирира, а тоа, се разбира, е тој, Захаријадис – на здравје! И задолжително Захаријадис на тоа свое величење вака се противеше:
-Јас, другари, многу го ценам тој и тој, ние сме стари пријатели, ама не се согласувам со него.
Со ова тој ја покажуваше својата надмоќност, да го органичи неговото значење, заслуги и важност. На крај, пак некој однапред наговорен, ќе дофрли:
-Каква среќа што имаме мудар водач и одлични средни кадри.
И сите во еден глас:
-За здравје на водачот и средните кадри!
Се преправаше дека пофалбите не му доликуваат, бидејќи тој е само еден од нив. Зборовите, секогаш збогатени со ветувања, за него немаа никакво значење. Најважно беше да воспостави врска со масата, додека за поединците имаше друг речник. Масата, која понекогаш ја нарекуваше – булук, беше способен да ја дигне на нозе, во неа да го посее духот на вербата и надежта и до лудост да поверува, дека токму тој е нејзиниот спасител… И масата му веруваше беспоговорно. А тој знаеше да застане пред неа и да разговара со неа, знаеше да се извиши високо и да се симне ниско, да разговара со селаните иако не знаеше што е нива, рало, лопата и мотика, со работникот да разговара како работник иако никогаш не влегол во фабрика, да седне на разговор или да се фати во оро со борците иако никогаш в раце не зел пушка… Токму со неограничената и подлизурничка помош на средните кадри, тој беше и селанец и работник и војник. Таков го сакаше масата и поединците – едни од почит, а други од страв. И знаеше тој со збор да награди и со збор да укори, со поглед да пофали и со поглед да казни и поради најмал сомнеж – да уништи…
Таква реткост беше тој, Захаријадис, за кого се пееја песни и се раскажуваа чуда и легенди. И во тие чуда и во таа легенда најмногу поверуваа селаните од Костурско, Леринско и Воденско, кои и по заслуга на своите средни, ниски и пониски кадри, своето верување го претворија во сепаленица и во херојско самоубиство…
ГЛАВА 12 Во бегалскиот логор Прењес, во Албанија, весниците со материјалите од Петтиот пленум на ЦК и од вториот Конгрес на НОФ, стигнаа кон на април. Лазо, кој не препушташе прилика, а да не оди во управата на логорот, тој ден беше снеможен, та затоа по жена си му прати абер на Кузе да оди во управата и да донесе весници.
-Зарем по ваков дожд… - промрмори Кузе и, чешајќи го вратот, погледна низ тесното прозорче. Потоа праша: - А како е тој? Му помина ли бутурот ал уште го држи?
-Ништо не му е, само малку му застуде кога вчера беше на собрание со големците. И од грлото малку се жали и од носот троа му тече…
-Изгледа многу говореше – ја прекина Кузе.
-Ами така ќе да беше. Па ти го знаеш Лазо мој, нели? Кога ќе почне да говори – Лазовица брзаше со фалењето – тогаш само неговиот глас се слуша и ниту даскал ниту поп не му се рамни, а камо ли оној бесрамникот, чолакот де, од управата, кој нема ни срам ни перде.
-Така е, така е и не може да биде поинаку, Лазовице – полугласно рече Кузе.
-Па, Кузе, јас да си одам, а ти трчај таму и донеси му на Лазо весници. Рече да донесе и грчки и македонски. Така рече…
Откако Лазовица си отиде, Кузе пречекори праг и кога виде дека надвор истура, се врати, легна на својата рогозина, и покривајќи се, од себе ја исфрли лутината:
-Туф, парталкото, му се присакало весници да чита! Не си ја гледа крастата, туку…
-Кој, бре? – се слушна гласот на жена му.
-Лазо де, ами кој друг?!
-Ами штом те замоли, тогаш оди – го посоветува таа. – На, за да не накиснеш, стави ја вреќата на глава.
-Што?
-Вреќата, реков, да ја ставиш на глава за да не накиснеш.
-Токму ли си ти денес? Јас со вреќа на глава?
-Омбрела немаме.
-Нека накиснам, ама вреќа на глава не ставам. Секој што ќе ме види, ќе ми се смее. Разбра ли?
Кузе ја прибра главата во рамената, вратот го покри со јаката и прескокнувајќи ги матните вирчиња, дотрча во управата. Оттаму отиде право кај Лазо, носејќи ги под мишка грчкиот весник “Προς τη Νικη” и македонскиот “ΗΕΠΟΚΟΡΕΗ”.
-Е, бре, Лазо – му се пожали откако се поздрави – зарем сега по дожд најде да ме пратиш по весници? Погледни ме, целиот сум вода.
-Де, де – го смируваше Лазо. – Не оти си од шеќер, та ќе се истопиш. Комшијата ми рече дека во весниците има многу важни равботи за нас Македонците, та си реков зарем можно е тој полуписмен комшија за тие важни равботи да знае порано од нас?
Дај, дај ми го грчкиот весник да видам што пишуваат. Греј, бре Кузе, а бре знаеш дека чудо се случи?
-Каде? - праша Кузе.
-Таму, на слободната територија…
- Де, бре Лазо, лажи ама поумно… - го прекина Кузе. – Каква бре слободна територија? Тоа што низ нашето село поминуваа и заминуваа го сметаш за слободна територија? Ако има слободна територија, тогаш зошто сме ние тука во Прењес, а не таму на таа слободна територија, туку тука на албанска земја, а?
-Таму – продолжи Лазо небаре не слушна што рече Кузе – нашиот мил Централен комиет донесе многу важна работа за нас.
Најпосле. Ти велев јас, дека еден ден ќе се најди умен човек и ќе ни го најди решението. Слушај да видиш … - Лазо длавоко повлече воздух и со свечен глас му ја прочита на Кузе Резолуцијата на Петтиот пленум на Централниот комиет на Комунистичката партија на Грција во врска со македонското прашање.
Со вчудовиден поглед Кузе се загледа во развеселените очи на Лазо и полека изусти:
-Ништо, ама ништо, жими очи, од ова не разбирам.
-Па, Кузе, ти и не мораш да разбереш. Што има тука, што не може да се разбере? Се е јасно. А така јасно може да напише само другарот Захаријадис. Сигурно од него е. Друг така не знае да пишува - одврати Лазо. – А за нас тоа што го вели и што го пишува Захаријадис е како “Оче наш”. Најсетне од сетнините Господ ни даде умен човек кој ни вели – слушајте, ете по тука оди вашиот пат! Тој ни го покажа патот, а ние треба само да го следиме. Да… Та нели, бре Кузе, и јас ти велев, дека ние еден ден ќе си направиме наша Македонија? Ете, сега ни е отворен патот.
Тоа јасно ни го вели Захаријадис – ќе си прајте таква Македонија, каква што ви е по ќефот… Браво, бре Захаријадис, алал ти вера! - подвикна Лазо.
-Не знам, Лазо, дали така треба… Мене до таму не ми оди умот… Од каде можеш да знаеш што лисичини клетви се тие?...
Лазо одново го прочита делот од Резолуцијата, и со прстот удирајќи на весникот, восхитено рече:
-Нема што, умно е напишано и поумно и Соломон не би сторил. Реков јас, Кузе, еден ден ќе ни дојде умен човек и ни дојде умен и голем човек и водач… да, водач!
-Нека е така, бре Лазо, ама… Ама мене ми се чини дека некој од нас прави будалштилаци. Па што се фалиш и се радуваш, бре Лазо? Радост и фалење е тоа што се делиме? Та нели сме една крв и една вера со тие таму во вардарското? А бре Лазо, најди ми еден умен човек, пописмен од нас двајцата заедно земено, та нека ни кажи, нека ни го просветли умот…
-Нема што да ни свети – се нафрли Лазо. Партијата рече така и така ќе биде!..
-Ами ќе биде така штом ние си немаме ум, туку главите ни ги полнат други и од нас прават будали. Кој, бре Лазо, во оро влегува со будали? Не ти се чини дека некој со нас си игра како што ти во плевната скришум си играше со алатот?
Лазо налутено го фрли весникот под нозе и стана како попарен.
-Сега ако ти ја пернам една! – му викна на Кузе. - Така ли се зборува? Знаеш ли ти денес кој зборува така? Контрашите! Така да знаеш. Контрашите! И немој да ме тераш да ти ја пернам една преку очи за да прогледаш почисто, а ако ти ја пернам една по лапачката, тогаш ќе прозбориш поумно… Ме разбра?!
-Те разбрав, Лазо, како нема да те разберам? Се разбрав… Греј го ти него, не сум го разбрал! – Во гласот на Кузе прозвучи навреда.
-Ајде, немој да се јадосуваш – му се обрати Лазо. – Ние само пријателски си разговараме…
Кузе не прозбори. Си ја зеде капата и со наведната глава си отиде. Се сретнаа дури вечерта. Еден до друг тие стоеја во редицата, чекајќи готвачот да почне да ја дели манџата од заедничкиот казан. Прв прозбори Лазо.
-Што велиш, Кузе, по вечерата да дојдам кај тебе та да свиткаме по еден тутун?
Подавајќи го котленцето кон казанот, Кузе прошепоти:
-Вратата ќе ти биде отворена.
Доцна вечерта, Лазо и Кузе седеа наспроти себе и влечејќи од сертиот тутун, го продолжија прекинатиот разговор.
-Јас велам – зборуваше Лазо – дека ова е напишано од Захаријадис. Гледаш ли како тој го фали нашиот народ? Тој народ, вели, за борбата даде се што имаше и се бори со невидена храброст и пожртвуваност, та затоа ќе си го има правото по победата да си живее како што сака… па дури и да си направи своја македонска држава… Ете, гледај и во “ΗΕΠΟΚΟΡΕΗ” пишува… Чекај да го најдам. Ете што пишува: “На Конгресот треба да се изјасни националното прашање на македонскиот народ, кој со своето учество во денешната борба, врви кон создавање на независна македонска држава…” И во Резолуцијата на Вториот конгрес на НОФ така пишува. Читаше, нели? Не?
Треба да ја прочиташ…
Кузе молчеше.
-Зошто молчиш? - праша Лазо.
-Што да кажам сега? Денес ти кажав и испадна дека сум контраш. Ме прашуваш дали сум читал. Се сум прочитал и пак малку разбрав. На пример, за Костурско вака пишува. Кузе го зеде весникот од Лазо, префрли една страница и почна да чита: “Треба особено окружните одбори во најкусо време да го воспостават единството во селата, коешто углавно е расклатено од лични причини и од липсата на нив внатрешноорганизационска демократски дисциплински живот и функционирање. Во денешните условија е неприемвливо да продолжува това расклатено положение меѓу органите и се покануваат сите кадрови да ја воспостават нормалноста и внатрешното единство на органите.” Ајде, Лазо, објасни ми, ти што разбра од ова?
-Па како да ти кажам, мислам дека тоа не е напишано за нас, бидејќи нас таму не нема. Нас веќе десет месеци таму во Костурско не нема… Нели?
Кузе не одговори. Вкрсти раце на градите, се загледа во ќошот, мрда со главата и почна да се ниша де напред, де назад.
-Кузе, што мислиш? праша Лазо.
Пламенчето на свеќата се намали. Согорува фитилот. По неколку издишки двајцата потонаа во мракот.
Два месеца по овој разговор, Кузе и Лазо, молчаливи седеа на гредата поставена пред бараката. Остриот чад од дебело дробениот тутун свиткан во парче хартија скинато од весниците што неодамна ги читаа, им истиснува солзи и им ги спржува усните.
-Да, да… Кој би можел да помисли, а? – развлечено рече Лазо.
-А?
-Не акај туку кажи ми кој би можел да помисли дека.
-Што?
Лазо ја исплука горчината и во мигот кога сакаше да му објасни на Кузе што му значат прашањата, пред нив застана едноногиот инвалид Нумо. Им фрли под нозе весник и со потсмев ги праша:
-Е, браќа, дочекавте? Прочитавте ли што им рекол другарот Захаријадис на македонските кадри? Не прочитавте? Е, браќа занесенковци, чујте и запаметете! Захаријадис ја променил песната.
- Што! – зачудено праша Лазо. – Каква песна, бре! Која песна, бре?!
-Таа што, ти другар Лазо заедно со овој подлизурко ја пеете за независна македонска држава…
-Па нели така беше решено на пленумот? Зарем не си слушнал? - одврати Лазо и праша: - А тоа со песната што велиш, што се случи?
- Ами се случи, браќа, тоа што тој, големецот, ги викнал македонските кадри, прво ги испокарал, та им рекол дека одлуката на Петтиот пленум на ЦК за македонското прашање, значи за самоопределување и за, како што ви ги наполнија мозговниците, за независна македонска држава е погрешна, бидејќи беше донесена под притисок на некои расцепувачки и предавнички елементи и во време несоодветно за потребите на револуцијата, па поради тоа веднаш треба да се заборави паролата за самоопределување и да се извикува паролата за рамноправност…
И што? Ти Лазо што ќе речеш?
- Ами, ако така рече партијата, така нека биде - одговори Лазо.
– Каква и да е паролата, штом ја исфрли партијата, значи е правилна. А ти, Нумо или како ти е името, најдобро е да молчиш и на луѓето да не им го матиш умот… Срамота е еден борец, поранешен борец, така да зборува. Ме разбра? И уште ова да го запаметиш – во рацете на партијата е нашето постоење… Така да знаеш… И да не мислиш дека за ова што ни го рече нема да бидеш обележан…
Нумо без збор се оддалечи и го снема зад аголот на бараката.
До ушите на Лазо и Кузе допираше крцкањето на дрвената нога.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/golemata-izmama/15 on October 29, 2026