ГЛАВА 10 Во полуосветлената одаја, седнат покрај масата поставена до прозорчет
ГЛАВА 10 Во полуосветлената одаја, седнат покрај масата поставена до прозорчето со поглед на Бела Вода, Захаријадис пишуваше.
Направи мал прекин колку за да испие две-три голтки чај и во тој миг се слушна тивко тропање на вратата. Ја стави чашата настрана, испишаните хартии ги присобра и врз нив фрли весник.
Го отвори бележникот и провери дали во дневниот распоред некој е најавен. По повторното чукање, тој стана, се упати кон вратата и го повлече резето. Дежурниот офицер од водот за обезбедување на генералниот секретар, застана во став мирно и рапортира:
-Другарот Барѕотас бара да влезе! – Тој стои и чека одговор. – Како ќе наредите, другар Захаријадис?
-Нека влезе… - незадоволен рече генералниот и се упати кон масата.
Во широко отворената врата се појави Барѕотас и, пречекорувајќи го прагот, снемирено рече:
-Прости, Никос, што толку рано те вознемирувам… - и гледајќи со крајчето од окото на масата на која лежи недопишана хартија, праша: - Не те прекинав во работата?
-Не, воопшто не. Весникот – тој покажа на весникот фрлен врз купот хартии и книги – од немајкаде го прелистував, пиејќи чај – рече развлечено и се проѕевна.
-Чај, ќе се напиеш чај? Грузиски е. Наутро и другарот Сталин пие чај. Ќе се напиеш?
Сите свои посетители, соговорници и најблиски соработници наутро и навечер Захаријадис ги гостеше со грузиски чај. Тие пиеја се додека тој не престануваше да пие. Тоа го сметаа за посебна чест и, пиејќи, иако притоа си ги гореа бузите, гласно шмркаа само за да докажат дека тоа им прави големо задоволство.
Потоа честопати во својот круг патем ќе речеа:
-Знаете, јас вчера со другарот Захаријадис пиев чај… - небаре сакаа да предупредат: - Внимавајте со кого си имате работа!
Кога го немаше грузискиот чај, тогаш во големиот чајник задолжително мораше да врие планински чај од Грамос, од Одрето или од В’мбелската планина – Врба. Луѓето од водот за обезбедување ја знаеја таа негова слабост и секогаш во ранците носеа планински чај.
-Грузиски чај?! Со неизразлива и занеслива наслада во гласот праша Барѕотас. – Голем грев е да не се напијам чај од татковината на великиот Сталин. Се разбира, ќе се напијам… молам… - Тој знае дека ако одбие, тогаш ќе го навреди Сталин и него - Захаријадис. - Ќе се напијам како да не, дури и две чаши! Утрото е студеникаво и добро ќе ми дојде… - со молежлива насмевка рече Барѕотас.
И додека Захаријадис ги полнеше чашите и ги впушташе во дршките од чисто сребро, Барѕотас го оправдуваше своето ненајавено доаѓање:
-А јас, Никос, рано дојдов кај тебе, бидејќи добив многу интересно писмо од Паскали.
Барѕотас го извади пликот од кожената офицерска чанта, го отвори и, ставајќи го на масата праша:
-Ќе го прочиташ или јас да ти го читам?
Захаријадис му ја подаде чашата, погледна на писмото и со рамнодушен глас, рече:
-Читај!
Во тонот на неговиот глас Барѕотас почувствува незадоволство, но, повеќе му заличи на нетрпеливост. Посегна по писмото, со надворешната страна на дланката удри на испишаниот лист хартија, небаре од него истресува прашина и почна да чита:
Драги Василис, Размислуваме за конгресот. Сметаме дека треба да има и свечен дел, со некоја празнична манифестација, едно обојување и свеченост што ќе го зголеми интересот и ќе ја зајакне борбеноста.
За тоа многу ќе помогне подготовката и нашата појава со пароли, слики, симболични приредби итн.
За таа цел сметаме дека е потребно да направиме и да изнесеме неколку илустрирани прикази.
Прво. Една публикација со илустрации, која ќе го симболизира единството. Тоа да се претстави со еден Славомакедонец и една Славомакедонка со еден Грк и со една Гркина, борци на ДАГ, кои во едната рака ќе држат пушка, а другата братски ќе си ја подават, што ќе претставува борбен повик во заедничката борба. Зад нив ќе стојат други борци, мажи и жени.
На илустрацијата да биде напишана паролата:
БРАТСТВО ЕДИНСТВО НЕЗАВИСНОСТ НАРОДНА РЕПУБЛИКА Барѕотас за миг прекина да чита и, подавајќи му го писмото на Захаријадис, покажа со прст:
-Погледни, Никос, паролата Паскалис ја напиша на нивниот јазик.
-Со словенско писмо е напишана, а подолу, еве тука, гледаш?
Тука е напишана во превод на грчки јазик.
Захаријадис го прочита грчкиот текст и, мрдајќи со глава рече:
-Ова што е напишано на нивниот јазик ми изгледа како да е напишано на лош руски јазик. Продолжи, Василис.
Барѕотас пак ја истресе хартијата и продолжи:
Второ. Друг приказ да ги симболизира борбените народно- ослободителните и националните стремежи на македонскиот народ.
Захаријадис подигна рака, повторувајќи: борбените народно-ослободителните и националните стремежи на македонскиот народ… - многу зборови, многу зборови, Василис, нели? Многу…
Ако – промрмори тој и му даде знак да продолжи со читањето.
-Во продолжение Паскалис пишува:
Да се претстави со еден Македонец и со една Македонка…
Барѕотас прекина, кратко се загледа во лицето на Захаријадис, сакајќи да го слушни неговото мислење, ама самиот побрза да праша:
-Погоре Паскалис пишува за еден Славомакедонец и за една Славомакедонка, а тука, како да го менува ставот, па пишува за еден Македонец и за една Македонка! Забележа, Никос?
-Да, Василис, забележав и жалосно е ова. Човекот, туку не само тој, како да е изгубен или се прави дека е изгубен. Ту Славомакедонец, ту Македонец. Се уште не расчистил, кутриот…
со поимите. Читај!
-Продолжувам. Еве што пишува тој натаму:
… во народни носии и со синцири на нозете, фрлени и скршени. Во средината и малку понапред еден партизан со шмајзер што ќе ја претставува борбената авангарда…
-Што?! – налутено викна Захаријадис.
-Што, што?
-Што му е тоа партизан со шмајзер кој ќе ја претставува борбената авангарда? Зарем нему не му влезе в глава нашиот петти пленум на кој дефинитивно е решено дека веќе сме армија?
Ние постојано зборуваме за армија, за народна, револуционерна, демократска армија, а тука тој пишува за некои партизани! Добро што не напиша комити! Лично да му ги објасниш решенијата на пленумот. Читај! – рече налутено и почна да шета по одајата.
-Добро. Продолжувам… Ете како тој пишува подолу:
…а зад него други партизани и други лица, како доказ за масовното учество на нашиот народ во борбата и неговата обединетост во борбениот сојуз на работниците и селаните, како и на прогресивната интелигенција…
-Пак се испомешал, кутриот – потсмешливо дофрли Захаријадис. - Па тој навистина се испомешал. Вистинска бучкуруш салата. На едно пано, замисли, Василис, Славомакедонци, Македонци, борци на ДАГ, партизани, селани, работници, прогресивни интелигенти и заборавил за тоа што е најважно! Партијата, Василис, тој партијата ја заборавил!
Заборавил дека на чело на таа маса стои партијата! Партијата, ја заборавил партијата која е срцето и мозокот! Тоа да му го објасниш кога ќе го видиш! Читај!
-Добро. Ќе му објаснам. Читам подолу:
Најнапред и горе, на едната страна да има оган, што ќе покажува воена тревога и на другата страна сонце кое ќе изгрева, како израз на народното и националното ослободување што доаѓа.
-Фантазер изобразителъного исскуства – рече на руски Захаријадис и тивко се потсмевна. Читај!
-Читам:
На предната страна на илустрацијата да се напише паролата:
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/golemata-izmama/12 on October 29, 2026