ГЛАВА 6 - Part 03
-Со тешки повреди?
-Да. Најмногу прострелни рани од пешадиско оружје во пределот на градите, мевот и нозете… и тоа од блиско растојание.
-Сега колку имате?
-Двесте и шеесет во сите одделенија. Некои утре или задутре ќе ги префрлиме во Белград. Тешки операции тука не вршиме.
-Докторе, кажете ми, ве молам колку наши ранети досега сте примиле?
-Мислите колку сме излекувале?
-Да.
Главниот ја отвори фиоката. Извади дебел тефтер, прелиста неколку страници.
-Вкупно примени шест илјади.
-Смртноста колку изнесува?
-Голема е. Десет до петнаесет отсто. Ранетите тука пристигнуваат со големо задоцнување. Имаме ранети кои се примени десет, па дури и дваесет дена по ранувањето. Раните најчесто се инфицирани, екстремитетите зафатени од гангрена, првата помош во најголем број случаи нестручна… Ние тука правиме напори некои од ранетите девојки да ги научиме да даваат стручна медицинска права помош. Тие брзо учат, но…
-Да, наместо медицинска торба, тие одново ќе добијат автомат…
Завладеа молк. Го прекина главниот.
-Може ли уште по една?
-Нема да наштите, ако биде само уште по една. Туку, докторе, да преминеме на суштината на нашето доаѓање.
-Па, јас претпоставувам. Вршете си ја должноста. Кога сакате да почнете?
-Денес малку да одмориме и би почнале утре по лекарската визита.
-Име, презиме, година на раѓање, чин, единица? – се редат прашањата.
-Ранет – кога и каде?
-Соблечи се … Клекни трипати!
-Способен!
-Следниот!
-Затвори очи! Со прстот фати го носот!
-Способен!
-Следниот!
-Претрчај до вратата и обратно!
-Способен!
-Следниот!
-Легни ничкум! Трипати преврти се!
-Способен!
-Следниот!
-Клекни! Левата нога напред! Сега десната!
-Способен!
-Следниот!
-Наведни се напред! Рацете пред себе! Крени ја левата! Сега десната!
-Способен!
-Следниот!
-Неспособен! Врати се в кревет!
-Следниот!
-Способен!
-Има ли уште?
-Има.
-Нека влезат, само еден по еден!
Прегледот заврши доцна попладнето. Наредниот ден на способните им ги вратија испраните и закрпени униформи и ранците полни со сува храна за два дена. Со зборови на поздрав и зборување, се качуваа во петте стари “џемсови” паркирани во болничкиот двор. Сестра Севда им пријде на Циљка и Мита, силно ги прегрна, им бакна образи и очи, од под престилката извади две пешничиња ‘ржен леб и, подавајќи им ги, рече:
-За таму, да ви се најдат и… мили, чувајте се… девојчиња…
чувајте се…
На стемнување, камионите со вклучени сирени и долги светла, ја напуштија болницата.
* * * Џадето на Бабуна под снег. На острата кривина пред високиот намет, заглави челниот “џемс”. Возачот слезе и, гласно пцуејќи, викна:
-Слегувај! Чисти!
Има само една лопата.
-Што стоиш! Ајде, чисти, фрлај со раце, со муцка! Брзо, ако не сакаш тука да ноќеваш! – се дереше возачот небаре тие триесетина луѓе нему му скривиле. Во долгите светла на камионот тие со раце го исфрлуваат снегот, го гнетат со нозе, го рамнат патот.
-Добро! Качувај се! – зарипнат е гласот на возачот.
Завива моторот, камионот се тресе и, јачејќи, полека се откинува од местото и влече. Ја превалија планината Бабуна и во очите им болснаа светлата на Прилеп. Возејќи прудолу, возачот не откинува нога од сопирачката. Лево, високо над планината виси полна месечина. Синкаво одблеснува тесното, калдрмисано џаде покриено со дебел слој снег, натегнат и излижан од камионски гуми. Пред влезот во градот – маж со автомат в раце. Покрај него високо подигнатата батериска светилка наредува – стоп!
-Милиција! Документите!
Шифрата им е позната. Имаат наредба таквите да ги пропуштаат без проверка. Знаат каде одат, што и кого носат во камионите.
-Добар пат и со среќа… - рекоа милиционерите и поздравија стоејќи во став мирно.
-Сполајти – рече возачот.
В зори, пред влезот во Битола, ги преспетна воена патрола. Од џипот излезе офицер и откако ги погледа документите, му рече на возачот:
-Низ градот, се до излезот ќе возите зад нас со соборени светла.
Со намалена брзина возат низ празните градски улици. На излез од градот џипот пушти долги светла и зголеми брзина. Пред селото Кажани, сврти лево и застана во разретчената шумичка.
Снегот избришан од силниот и студен ветер. Истиот офицер, слезе и, криејќи го лицето во широката јака на шинелот, ги повика возачите. Остечно, кратко, војнички, со тон како да го броеше секој збор, им отчука:
- Тука ќе останете цел ден. Од камионите можете да излегувате само поединечно по потреба. Забрането е да запалите оган. Во текот на денот ќе ви донесеме топло јадење.
Војнички отпоздрави, влезе во џипот и, фаќајќи го патот за Битола, се изгуби во снежната виулица. Цел ден снегот не престана да паѓа. Силен ветер налудничаво и во бранови косо дуваше од кај полето и со секој навев, снегот во облаци го носеше и префрлуваше, ту го одвеваше и постелуваше. Во снежните облаци се изгуби небото.
На смени, по пет, по шестмина, слегуваа од камионите и влегуваа во топлите кабини. Таму ги топлеа вкочанетите нозе и раце, со стоплените дланки ги триеја образите, носовите и пребледените уши. Трчаница се враќаа под студените церади и на нивно место седнуваа други. Така цел ден и до првиот мрак.
* * * По смрзнатиот слег, камионите тешко ја фатија угорнината на Ѓавото. Повремено застануваа, гумите вртеа и се лизгаа на стаклениот снег. Тогаш сите слегуваа. Напнато туркаа, а потоа трчаа и задишани и испотени се пикаа под церадата и таму одново ги фаќаше остро студенило. Лицата, грбот и половината им ги поплатуваа студени морници, а по стапалата и прстите им лазеа безбројни мравки.
Ресенското Поле ги дочека со ведро небо и полна месечина. И низ секое село низ кое поминуваа, сурии одврзани кучиња, растрчани лево и десно од камионите, со лаеж ги придружуваа се до излез од селото. И тогаш, разбудените селани знаеја какви камиони поминуваат, каде одат, што и кога носат.
Пред полноќ камионите застанаа пред караулата на Маркова Нога. Чекаа само толку колку што беше потребно да се подигни граничната рампа. Отаде сите слегоа. Во стројот се преброија и во колона тргнаа во мракот. Пеш до Медово каде на конакување ги распоредија во селските куќи. Таму го преспаа делот од ноќта и ги разбудија во рана зора.
* * * Не ги пратија во матичните единици. Од нив и други, кои пристигнаа од болниците во Албанија, формираа нова единица – саботерска. Три дена трчаа, клечеа, паѓаа и се криеја по калливите и тесни сокачиња на преспанските села Медово и Штрково.
Вежбаа улични борби. Потоа им дадоа германски панцерфаусти и со нив нишанеа на замислени бункери. Една недела беше доволна за да ги совладаат вештините на уличните борби и да уништуваат силно утврдени пунктови на непријателската одбрана.
Осми февруари осамна под дебела покривка од снег. Утрото ги построија и од говорниците што се редеа на тесното балконче, дознаа дека сега, денес, ќе тргнат на долг марш. Цел – напад, заземање и ослободување на Лерин.
-Во Лерин – на сет глас викаше говорникот-жена – со еден силен удар на нескршливата и моќна тупаница на нашата армија ќе го здробиме непријателот и потоа ослободениот град ќе го прогласиме за престолнина на слободна Грција во која своето достојно место ќе го заземе привремена демократска влада. Штом тоа ќе се стори, тогаш веднаш многу влади и држави ќе не признаат и ќе ни пратат голема помош. Тенкови, авиони, големи топови. Во Лерин и леринските рамничарски села ќе ни се придружат петнаесет илјади нови борци и заедно со нив ќе одиме на Солун. Заедно со вас денес на Лерин ќе тргнат шест илјади борци на Демократската армија на Грција. Вие, саботерите, ќе ја имате честа да им го отворите патот, уништувајќи ги непријателските бункери и пречките од бодликава жица.
Циљка го истресе снегот што се насобра на нејзините рамена и со шепот ја праша Мита:
-Не ти се чини дека е таа – покажа со глава на балконот – која не собра и не одведе на Грамос, велејќи ни дека таму ќе влачиме волна, ќе предиме и ќе плетиме фанели и ракавици?
Мита смурти веѓи и впери поглед на балконот.
-Да, таа е… таа е, ама не ми текнува како се викаше…
-Вера, зарем не?! - рече Циљка.
-Така е, Вера… Вера е, да дај Господ повеќе да не ѝ се чуе името… -проколна Мита.
Митингот заврши и со извикување пароли и со борбени песни и извици “На Лерин”, “На Лерин”. Колоната загази во длабокиот снег и тргна. Накиснати и папсани од умор попладнето стигнаа во Желево. Меѓу нив ја немаше Вера.
-Многу аскер врви по патот и нагоре, кон Псодери појде – рече баба Јана, откинувајќи лице од тесното прозорче.
-Кој дојде? – праша дедо Киро со поспан глас.
-Никој - подвикна Јана и се наведна над увото на Киро – никој не дојде, туку појде, појде, реков.
-Е, добро… А каде тоа?
-Нагоре, кон Псодери.
-Зарем по ваков снег и студ! – зачудено рече Киро и откако се искашла и плукна во огништето, ги прибра нозете и ги покри со дебелото велеше. – Одат, велиш?
-Одат…
-А каде по овој голем снег и студ?
-Од некни се слуша дека одат Лерин да го удрат… Лерин, велам Лерин, одат да го удрат!
-Што да му прават?
- Да го удрат, бре, Лерин велам одат да го удрат!
-Е, добро… - промрмори Киро, повлече од чибукот и, нишајќи глава, загрижено промрмори: - Е… така ќе да е. Ми оглуве старана… Штета… - Велиш дека по овој студ и снег одат во Лерин? А што ќе прават таму, не рекоа?
-Цела недела велат дека го ослободуваат!
-Што ќе му прават?
-Ќе го ослободуваат! Тоа ќе му прават!
-Господ да чува и да брани! Зарем по овој студ и снег!?... – трипати се прекрсти Киро и подвикна: - Тие нека го ослободуваат, ама ти не ми се дери. Не сум глув, ебате…
* * * Цела ноќ, со песни и извици на одушевеност низ Желево врвеше војска, мазги и коњи товарени со муниција. Зад нив и 380 жени од корештанските и преспанските села – мобилизирани за да носат ранети. Тие се последни во стројот.
Деветти сечко ги осамна во Псодери и во околните ливади и шуми. Ведрина се спушти и широк видик отвори и Лерин небаре им легна на дланка. Отаде, под чистото небо бел Кајмакчалан се виши. Под нозете крцка замрзнатиот снег, штипи остриот зимски ветар.
-Појадок! Командантите на чети на собир! – пренесуваат куририте.
Стегнати во шинелите, со главите прибрани во рамениците, се редат пред казанот. Удираат нога од нога и вдишуваат вкусен мирис на тарана. Готвачот до горе им ги полни порциите. Топлејќи си ги рацете од жешката лимена порција, бараат место да седнат, да се потпрат на стебло. Од ранците вадат сув леб, го дробат, прават попара. Скраат, си ги горат усните, во грлата и градите чувствуваат топлина. Се враќаат командантите. Кај борците внесуваат сигурност. Тие пренесуваат дека во повисоката команда велат оти борбата за Лерин ќе трае само неколку часови, но не рекоа кога ќе почне нападот. Убедени во победата, ноќта ја дочекаа вкочанети од студ.
Осамна десетти февруари и во исчекување расте напнатоста.
Никој не верува дека дење ќе тргнат во напад. Остануваат собрани и стегнати околу стеблата на буките и гушнати во клопче, се топлат со сопствената издишка. Пред стемнување падна команда единиците да се подготват за тргнување, но се уште нема команда за напад. Во долгото чекање, расте немирот. Паѓа команда – нападот се одложува за дваесет и четири часови. Сите подготовки, надежта, борбениот дух, сигурноста во победата и вербата во успехот, почнаа да се оладуваат во студениот снег. Некои рекоа дека единиците кои треба да го нападнат градот од север и југ, се уште не стигнале на своето одредиште. Разочараност, недоверба и пцости. Помина уште една ноќ и уште еден и неколку часови од ноќта што дојде и стигна наредба: на јуриш!
Први саботерите. Тие со панцерфаусти треба да ги отворат портите на градот. Пред нив осветлен е Лерин. Во мракот слегуваат прудолу по заснежените патеки, долови и трапови, газејќи во високиот снег. И одеднаш светлосни ракети го обелија небото, долги митралески рафали, страшен и заглушувачки грмеж и мрак…
Циљка и Мита не ја послушаа сестра Севда…
* * * Осамена жена, облечена во црно, со расплетена коса прашува:
-Мили, мили мои, да не сте ја виделе ќерка ми Зоја? Ми рекоа дека ја донесоа ранета. Ја видовте ли?
Жената моли, трча, подзастанува и одново вјасаница, оди од носилка до носилка. Чекори скраја од патот, се сопнува и паѓа во снегот и не престанува да прашува:
- Ќерка ми Зоја, ја видовте? Има долга плетенка – со долга плетенка ја испрати тогаш, кога ги собираа девојките и така секогаш и се чини дека Зоја и натаму ја има долгата црна плетенка. Не знае дека лани, таму на Горуша, кога авионите фрлаа буриња што гореа над дрвјата и запалуваат се на земјата, дека тогаш изгоре и плетенката на Зоја.
Некој ѝ викна:
-Дојди, дојди, помогни. Рамото ми капна. Фати оттука, фати ја носилката.
На разден стигнаа во Желево. На мостот чека камион, го полнат со ранети. Маж во одминати години, тој е лекар, кратко фрла поглед и кажува кој да биде внесен во камионот. Стигна на ред и носилката што ја носи жената во црно. Лекарот го тргна ќебето и рече:
-Оваа не. Ставете ја настрана.
Во тој миг се јави распарлив глас на очај.
- Зоја, чедо! - ѝ се потсекоа колената. Таа клекна, ја прегрна, навали образ врз нејзиниот образ и нишајќи се, тивко го лулее згаснатото чедо… Липа тивко и тоа нејзино одвај чујно липање е исполнето со болка и жал и неизмерлив, неутешлив очај…
Скршена од болка сака да викне, да колни. Место глас, од нејзината уста се откинува само плачливо, молежливо и сподавено липање… Тука, покрај попатното поточе, над кое висат скршени мразулци, обесени за ниските гранки на врбатаплачка – се скрши нејзиниот живот, се растури во ништожноста, се што беше мило го снема… истече од овој веќе не еднаш скршен живот исполнет со безнадеж и празнина…
Лутиот и студен приквечерен ветар ги одвеа по трапот прудолу нејзините надежи и чувствува како се празни нејзиното срце и дека се што досега во неа живееше – ја напушта, дека се за што си мислеше и сонуваше – отиде и се истури и разлеа во длабока и глува празнина… Се што имаме – денес и го снема.
Синкаво-бледа светлина фрла полната месечина врз смирените и бледи образи на Зоја. Тивките шепотења на мајка и се само повторување на молежите кои врз неа се дробат како звуци без одглас и заедно со нив сите значења се губат во ништожноста.
Врват, врват, врват носилките, шлапаат жените во калта измешана со снег, а скраја од патот – седната таа – жената во црно, за чие име никој не прашува и во чиј скут лежи смиреното лице на Зоја. Дури пред зајдинсонце отаде патот, на рамнинката ископаа гроб и врз него легна жалта, очајот, мракот, мртвилото, несреќата, скршениот живот и целата празнина – се што врз своите плеќи, мисли, душа и срце го понесе таа, жената во црно.
Врват, врват покрај неа носилките, шлапаат жените во калта и во снегот измешан со кал и крв. Врви, врви врволицата и на жените кои носат носилки им се присторува дека жената што клечи покрај патот, приседна само за миг, колку за да фати издишка…
Поддувна ветер, растресе снег од гранките и замолкна меѓу стеблата отаде друмот… Се зајде и се отиде џенем… И што ли ќе ја смири болката и утеха ќе и влее во неискажливата, изгорна и неизмерлива болка? Што ли ќе ги задржи солзите, што ли ќе смири срце што крвави и се кине и со што ќе го замени неизмерниот очај со надеж, кога болката е толку многу голема?
Молчаливо, глуво, тивко липа… Чемерот и болката треперат во нејзиниот глас и болката се сподави во дното на нејзиното срце…
Крај неа бездна и во неа бездна…
Крцка замрзнатиот снег. Под тешкиот удар на казмите, офнува замрзнатата земја. Две лопати ја исфрлуваат во куп. Редум еден до друг – пет момчиња и две моми заедно кротко ги легнаа на дното.
Ѓорѓи и другите пет мажи се прекрстија, плукнаа на смрзнатите дланки и, длабоко дишејќи и испотени од напор, фрлаат врз нив земја измешана со снег. Местото го израмнија, го изгнетија со валканите цокули и појдоа и собираа, симнуваа од носилките и скраја од друмот, лево и десно копаа и закопуваа…
Над планините покриени со снег, високо виси полната месечина и ја издолжува сенката на жената во црно. Покрај неа врват, врват, врват носилки со осакатени и разофкани момчиња и моми…
* * * Во Псодери камионите тешко наоѓаат место за да свртат. Одат до горе, над селото, до пред ширинката од која се гледа Лерин.
Оттаму допираат истрели и до тука ги довлекуваат ранетите.
Главниот лекар седна до возачот, ја извади тетратката и во неа запиша гласно изговарајќи ја бројката:
-Илјада и петстотини ранети…
-Колку?! – вчудовидено праша возачот. – Зарем толку многу, докторе?
-Толку прифатиме… Сите добија прва помош. Потешко ранетите ги испративме со камиони, а тие за кои немаше место во нов, прудолу, по друмот на носилки ги носат жени, товарени на коњи и мазги. Белки ќе издржат и на овој студ…
Друмот од Псодери до Смрдеш – синџир во кој се нанижани камиони, жени кои носат ранети на носилки, коњи имазги и многу, многу лесно ранети. Од куќите во Желево, Ошчима, Трнаа, Руља, Брезница, Смрдеш и од куќите во цела Преспа се истура река мажи и жени. Плач и лелекање. Громогласни, силни, гневни и разбунети се пцостите, колнењата и анатемите… Голем плач се растури и лелеци се дигнаа до небо…
-Леле, децата, децата ни погинаа во Лерин!
А во Лерин мртвите воини во делба. Попови викнаа за владините и секој во свој гроб и со војнички почести го погребаа со напишано име и презиме на крстот.
Другите, бандитите, така ги нарекоа, осумстотини на број, со булдожери, на нива напуштена, јама голема ископаа и велеа леринчани дека во неа заедно со мртвите и живи ранети закопаа.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/golemata-izmama/10 on October 29, 2026