Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Vistinata za Egejska Makedonija

Front Matter - Part 04

Од Христо Андоновски · Дел 4 од 19 · Околу 18 минути

Западната дипломатија на Берлинскиот конгрес најде едно соломонско решение за македонското прашање. Европските големи сили не сакаа да ги изгубат симпаттите на “Болниот од Босфор” со тоа што Македонија и понатаму остануваше под Отоманската империја, но и Македонците ги залажуваа со фамозниот член 23 од Берлинскиот договор. За реализирање на член 23 од Берлинскиот договор во текот на 1880 година во Цариград заседавала таканаречената “Европска комисија” под претседателството на отoманскиот министер за внатрешни работи Асим Паша, која изработила закон за управување во румелискиот вилает. Законот со кој би требало да се обезбеди самоуправа во Македонија содржел 17 глави. На крајот од истата 1880 година Комисијата го предала предлогот на Високата порта, која меѓутоа, останала глува на барањата од христијанското население за самоуправа и на сугестиите од големите сили за реализирање на член 23 од Берлинскиот договор.

Идејата за самоуправност и автономија во рамките на Отоманската империја, онака како што Големите Сили ја предвидувале со чл. 23 од Берлинскиот договор, била широко распространета во Македонија и интересно е да се истакне дека под влијанието на таа идеја во Македонија се развива едно заедничко прогресивно движење, без разлика на народност и јазична припадност на населението. Во низа документи ќе видиме дека провејува оној општомакедонски дух, според кој населението на Македонија, без разлика на фактот дека некои фактори однадвор се обидуваат да го разделат на Грци, Бугари, Албанци, Цигани итн. - тоа претставува одделен народ, македонски народ и дека некои од носителите на тој нов дух, минатото на македонскиот народ го поврзуваат дури и со славните имиња на Филип и Александар Македонски, развивајќи ја идејата за еден македонски илиризам.

Во прилог и во потврда на горново се Записникот од Уставотворното собрание, свикано од “Централниот комитет за ослободување на Македонија” од 21 мај 1880 година, како и Прогласот на силогосот “Македонија на Македонците” од 15 април 1881 година.

“Бидејќи во Македонија повеќе од кое било место, поради политичките цели, луѓето се разделени на Словени, Грци, Албанци, Власи, Отоманци, нашите окупатори со ваквата вешта политика се обидуваат да ја растројат некогаш славната Македонија, за да го уништат нашето национално постоење, сеејќи раздор, за да останеме вечно во ситуација каква што ја изложивме погоре” – се вели во Записникот на Централниот комитет за ослободување на Македонија.

Интересен е оној дел од Записникот во кој се изнесуваат решенијата на Уставотворното собрание (Национално собрание), кадешто, “од името на Македонскиот народ барањата на тој народ се доставаат, најпрвин, до Високата Порта, преку генералниот гувернер во Солун, потоа - до европските конзули”, чии влади се молат да интервенираат пред Високата Порта да се исполнат одредбите од чл. 23 на Берлинскиот договор со кој на Македонија и се обезбедува статус сличен на оној за островот Крит од 1868 година.

Чл. 4 од Резолуцијата зборува за формирање, од страна на Уставотворното (Национално собрание), привремена влада на Македонија од тројца членови - од Васили Симу, Анастас Димитровиќ и Али-ефенди (Албанец), која ќе биде натоварена со задачата да ги реализира решенијата на Собранието.

Во Резолуцијата станува збор и за формирање воен штаб, кој, во случај да пропаднат сите обиди за мирољубиво решение на прашањево, ќе преземе воени акции” за да се реализираат желбите на македонскиот народ”.

Задолженијата на владата, конкретно, изгледаат вака:

а) Во полна тајност Привремената македонска влада ќе се заложи да ја обезбеди наклоноста на големите сили за да се остварат решенијата што тие самите ги донеле за Македонија со Берлинскиот договор.

б) Таа ќе назначи воени раководители кои, во случај да не успеат преговорите, ќе преземат мерки за остварување на желбите на македонскиот народ.

в) Ќе води сметка дали Високата Пората ја продолжува политиката на одлагање. Тогаш, со нејзин решителен позив, ќе се покани македонскиот народ на оружје, кој - само преку националниот позив Македонија преку Македонија - ќе ја преземе борбата и со сите расположиви средства ќе се бори за обезбедување на својата егзистенција”. (Централен комитет за ослободување на Македонија, Записник бр. 3 од 21 мај 1880 година.)

Привремената влада уште се нагрбувала со задачата да се залага за организирање политички и воени власти, за пронаоѓање средства за исполнување на горнава обврска, за изработување печати, за македонското знаме и други симболи.

Привремената влада на Македонија уште на истото собрание од 21 мај 1880 година испратила писмо до рускиот император Александар II преку рускиот конзул (не означува кој конзул и во кој град) со прилог - Записник од Уставотворното собрание на македонскиот народ. Интересно е да се одбележи дека на полето од округлиот печат со називот “Привремена влада на Македонија” стои и зборот “Равенство”, што треба да бил лозунг на Привремената македонска влада на Централниот комитет за ослободување на Македонија.

Македонското население од Гуменџанско - како што пишува Христо Шалдев, со своето упорно настојување преку Мешовитата комисија во Солун, издејствувало да бидат назначени двајца мудири Македонци (еден во градот Гуменџе и еден во селото Грубевци) и да се формира нарона милиција, која во овој крај постоела две и пол години. За толку кусо време народните милиционери наречени сердани успеале да ги разбијат арамиските банди. Во битолскиот вилает по иницијатива на битолскиот валија Рифат паша била организирана една слична институција позната под името фарии. Таа самобитна институција ги организирала селаните од овој крај во милиционерски групи за борба против разбојниците. Таа идеја за самоорганизирање на селски милиционерски дружини подоцна многу помогнала за македонското оружено востание од 1903 година.

3. Илинденско востание Јужниот дел на Македонија зазема видно место во национално-ослободителните борби на македонскиот народ и во самото Илинденско востание. Од Кукуш се истакнатите основачи на ВМРО Гоце Делчев и Никола Делииванов, од Гуменџе, Христо Батанџиев. Во Солун е земено решението за дигање на Востанието. Од овој дел на Македонија произлегуваат и истакнатите војводи како Лазо Поптрајков, Пандо Кљашев, Чакаларов, Алексо Турунџов, Sоле и други.

Во деновите на разгорот на Илинденското востание, во кое најактивно учество има Костурско и Преспанско, изразит пример за формирање на народна власт бил случајот со гратчето Влахоклисура, во Западна Македонија. По ослободувањето на Влахоклисура од костурските чети, требало да се организира редот во градот. Револуционерниот востанички штаб одредил за претседател на општината еден од видните граѓани. Истовремено, била формирана станбена и финансиска комисија, што се грижела за сместување на четите и за собирање на доброволните прилози. Во комисиите била претставена и востаничката војска преку својот делегат, војводата Кузо Блацки. Со собраните пари биле решени многу од проблемите на востаниците. Од нив бил формиран и таков орган еден вид правосудство што разгледувало и решавало од секаков вид спорови меѓу граѓаните и издавало решенија.

Финансиската комисија и комисијата за снабдување за сето време во Влахоклисура што било во рацете на востаниците, го снабдувала населението со зеленчук, брашно, месо, тутун, опинци и алишта.

Она што беше речено и содржано во Крушевскиот манифест за карактерот на востанието, за рамноправност на народностите во Македонија итн. во Влахоклисура било кажано во поздравните говори при ослободувањето на гратчето, од војводите Пандо Кљашев, Чакаларов, Попов и Кузо Блацки, имено дека борбата се води за ослободување на сите угнетувани народности во Македонија за национална и социјална правда, вклучувајќи ги тука и самите Турци. Оваа декларација имала голем ефект кај влашкото население во Влахоклисура, па дури и кај Турците од некои околни села, кои со свои делегации иделе во Влахоклисура и ги канеле востаниците да ги посетат во нивните села.

Австрискиот конзул во Битола, Август Крал, во својот извештај до министерот за надворешни работи на Австроунгарија, грофот Агенор Фон Голуховски, од 6 септември 1903 година, формирањето на народна револуционерна власт во Влахоклисура го оценува како револуционерен акт еднаков со тој на крушевските востаници. “На 9 август - пишува Крал -востаниците го освоија градот Влахоклисура и сите тамошни планински позиции со упориштата во Мокрени и Бобишта, откако ја совладаа, односно изгонија џандармериската стража.

Во Влахоклисура тие организираа револуционерна општинска управа по примерот од Крушево...” Борби биле водени во Леринско, каде е ослободено гратчето Невеска, во Воденско, на Кајмакчалан, а на Пајак планина (Гандач) обединетите чети на Апостол Војвода и Ванчо Карасулски на 12 септември 1903 година извојувале една вистинска победа, предизвикувајќи му на аскерот загуби од 180 мртви и многу повеќе ранети. Билансот во жртви, разорени села во Егејска Македонија во текот на востанието бил следниот:

Во Леринско: 207 убиени, изгорени 631 куќи 3 цркви и 2 училишта. Во Костурско: 438 убиени, 2533 куќи изгорени, 10 цркви и 9 училишта. Тука не се опфатени 6 села од Преспанско, кои пострадале а спаѓаат на територијата на СР Македонија.

Голем е и бројот на обесчестени жени и девојки и ограбени многу имоти.

Во мрачниот период што настапи за македонскиот народ по Илинденското востание со прогоните од турскиот аскер, од една страна и од подлите напади на грчките андарти и врховистичките банди против македонските централистички чети и села, областа па Ениџе Вардарското блато од 1904 се до 1907 година станала симбол на жилавиот отпор од Македонските востаници против тиранијата и против заграбувачките планови на соседна Грција и Бугарија, чии директни извршители биле андартските и врховистичките чети.

По неуспешното Илинденско востание и крвавите судрувања меѓу централистичките и врховистички чети, меѓу македонските и грчките андартски чети, кога слободна и независна Македонија останала во свеста на луѓето само како неостварен идеал, дошла Младотурската револуција од јули 1908 година. Серските револуционери на чело со Сандански и струмичани се изјасниле за решително поддржување на младотурската револуција и конституциониот режим кој бил реставриран, убедени, дека преку една демократска преродба на Турција ќе може да се реализира и автономијата на Македонија во рамките на една Источна федерација.

Народната федеративна партија со својот орган “Народна волја”, на чело со Сандански, учителскиот сојуз во Солун со својот весник “Учителски глас”, како и учителското друштво со левичарски тенденции во градот Лерин, доследно работеле на остварувањето идејата за Источна федерација, во која би се зачувала Македонија како географска, економска и етничка целина. Но, за жал недоследноста на Младотурците во исполнувањето принципите на својата револуција, од една страна, и прекумерната и безобѕирна провокаторска активност на агентите на агресивната буржоазија од трите соседни земји -Бугарија, Грција, Србија, го подготвиле теренот за објавувањето на балканските војни и за дефинитивното распарчување на македонската целина. Во иднина Македонците ќе ја продолжат својата борба за остварување на своите максимални барања, обединувањето на македонскиот народ во една независна македонска држава, или своите минимални национални права, значи за една културна, економска и политичка рамноправност во рамките на државата во која се најдоа, вклучувајќи се во напредните движења на односната држава - Грција, Југославија илп Бугарија. (Повеќе за Егејска Македонија во балканските војни читај во “Дипломатска антимакедонска игра”.)

4. Македонците под Грција по Балканските и Првата светска војна По Балканските војни (1912-1913) и по дележот на Македонија меѓу партнерите во тие војни - Грција, Србија и Бугарија, процесот на националното будење на македонскиот народ во Егејска Македонија како и неговите оружени борби за национално ослободување, бил наполно прекинат. Нему му биле одземени сите оние придобивки што ги извојувал пред и во времето на Младотурскиот режим во Отоманската држава.

На најбрутален начин биле затворени сите македонски училишта (општински и егзархиски) укинати библиотеките, весниците и книжарниците; од црквите биле протерани сите оние свештеници кои што вршеле богослужба на словенски јазик, па дури и иконите напишани на словенски јазик биле изгорени или подмачкани со нов слој масна боја. Бил организиран вистински поход за уништување на словенските споменици и натписи по црквите, училиштата, гробиштата и по другите значајни места. Грчката администрација најсурово се пресметнала со сите оние македонски родољупци што се обидувале на некаков начин да го демонстрираат своето негодување против новиот режим, кој сега ги лишувал Македонците дури и од оние основни права што ги имал под отоманското владеење. Во Егејска Македонија до 1912 година постоеле само егзархиски 229 словенски училишта, со 14.892 ученици и 396 учители. Покрај овие постоеле и општински училишта во 200 македонски села што ги издржувале самите села. Впрочем, сите овие училишта веднаш биле затворени од грчката власт како и сите словенски цркви во кои се вршело богослужба на црковнословенски јазик. Биле разрушени секакви паметници со словенски натписи.

Цели четири години во текот на Првата светска војна Егејска Македонија како окупирана земја била театар на крвавите битки меѓу централните сили и сојузниците, бидејќи тука минувал фамозниот “Солунски фронт”. И цели четири години Македонците иако тие самите не биле во војна, го плаќале скапиот данок на војната. Нивната земја била окупирана од Англофранцузите и од српската војска, нивен сојузник. Сите оние Македонци кои биле активни во ВМРО, во Илинденското востание и по него се малтретирани, апсени, некои убивани на свиреп начин, а повеќе стотини испратени в затвор дури во Франција. Многу Македонци ги оставија своите коски на Кајмакчалан, Пајак или Вич вршејќи тешки ангарии - патишта, пренос на топови и муниција дури во најнепроодните планински врвови, без да им биде признато никакво право на учесници во војната. И на крајот од Првата светска војна наместо формирање на одделна македонска држава, па дури и на автономија во една или во секоја од балканските држави меѓу кои во иднина ќе бидат поделени Македонците, тие останале објект за најсуров терор, асимилација и денационализација.

На крајот од Првата светска војна, кога Македонија дефинитивно била разделена, големите држави, сакајќи на некаков начин или да му обезбедат извесни гаранции за опстанок на македонскиот народ во соседните држави, или за негово залажување, сепак во Севрскиот договор потпишан 1920 година меѓу сојузниците од Првата светска војна и победените држави на Балканот - Бугарија и Турција, се предвидени три члена (7, 8 и 9) со кои им се гарантирало правото на малцинствата - меѓу кои и на македонското - да се ползуваат со своите национални права на исповедување своја вера, правото на школување на својот јазик итн.

Во времето од 1928 година до 1934 година, која на Балканот се забележувало едно движење за поголемо зближување на балканските земји и биле организирани разни балкански конгреси, од грчките влади се пројавувала извесна еластичност во ставот на грчките влади спрема македонскиот јазик, се давале дури и свечени изјави во полза на македонското малцинство. Но, за да се види колкава разлика постоела помеѓу зборовите и делата на грчките политичари по македонското прашање, треба да се истакне и фактот, дека уште во 1926 година бил донесен закон од грчката влада (објавен во грчкиот службен весник бр. 332 од 21. XI. 1926 година) со кој се наложувало промена на топонимијата на селата, градовите, реките и планините од македонски на грчки јазик. Истата 1926 година на територијата од Егејска Македонија се појавуваат разни националистички организации, како што беа “Елино – македоники пигми” (грчко-македонска тупаница)”, “ЕЕЕ” (национална oрганизација на младите), кои отворено го покренувале прашањето за забрана на македонскиот јазик.

Организацијата “Елино Македоники пигми” во градот Лерин на 27 јануари 1926 година растурила леток со следната содржина:

“Од денеска ја забрануваме употребата на бугарското јазично наречие во сите општествени центри, установи, во трговските односи, ,состаноците и собранијата, на веселбите и ручеците, на свадбите итн. Наложуваме во сите горенаведени случаи да се говори само на грчки јазик. Им препорачуваме на сите политички и воени власти, на сите јавни и приватни службеници да не примаат и даваат податоци на друг јазик освен грчкиот. Родители, учители, свештеници, настојници и малолетници, ве покануваме да си го исполните вашиот патриотски долг, инаку ќе ве сметаме одговорни за престапите и на вашите потчинети. Нарушувачите на оваа наредба се сметаат за предавници на татковината и ќе потпаднат под страшните удари на нашата организација, создадена по долго проучување на положбата. Паролата “Татковината над се”, значи казнување на секој што не ќе ги исполнува нашите наредби.

Паролите на оваа терористичка организација, која многу потсетува на злогласната Кју клукс клан од американскиот Југ, од горецитираниот леток говорат многу красноречиво каков притисок се вршел врз македонскиот народ да се откаже од својот мајчин јазик. Тоа говори за апсолутното игнорирање на оние длабоки физиолошки и општествено-историски законитости кои придонесувале за појавата, развитокот, или исчезнувањето на еден јазик. Мерките за насилно искоренување на македонскиот јазик можеле да посеат само омраза, нетрпеливост меѓу македонското и грчкото население и омраза спрема режимот што ги храбрел вековните нечовечки акции.

Притисокот и паролите принудувал голем дел од Македонците и да се иселуваат за Бугарија, напуштајќи ги своите родни огништа. Нивниот број стигнал до 100.000 и тие несреќници подоцна ќе служат како монета за поткусурување во меѓудржавните односи и зделки на Грција и Бугарија. Меѓутоа, поголемиот дел од Македонците ќе останат на својата родна земја и ќе бараат нови форми на борба за својот опстанок па и за реализирање на своите национални идеали.

ГЛАВА ТРЕТА - ВМРО (Обединета) во Егејска Македонија Стагнација во земјоделското производство, на тутунопроизводството за 40 отсто, хиперпродукција во некои индустриски гранки поради особено евтина работна рака, главно од придојдените над милион бегалци од Мала Азија во Грција, постојано задолжување на странскиот капитал - тоа во главни црти е сликата што се гледала во цела Грција во годините по Првата светска војна, особено по катастрофата што во Мала Азија ја претрпела грчката војска во војната против Tурција 1922 година.

Честите воени удари во земјата по сугестиите на двете главни, но раслоени граѓански партии: Крупно-капиталистичката либерална на чело со Елефтериос Венизелос и Монархо-феудалната истовремено го надополнуваа стопанското и политичкото банкарство на земјата и го зголемуваа уште повеќе незадоволството на масите.

Од друга страна, ни ситуацијата на Балканот воопшто не беше подобра поради аспирациите и империјалистичките тенденции на национадистичката буржоазија на балканските земји спрема Македонија. Самиот македонски народ се наоѓаше на директен удар на таквите тенденции на заграбување што поголем дел од Македонија.

Во Грција, како што видовме дотука, режимот по Првата светска војна за да ја зацврсти својата власт и за да го оствари својот план за промена на етничкиот лик на Македонија во полза на грчкиот елемент, во приграбените области од Македонија ти поттикнува националистичките и шовинистичките елементи против македонското и еврејското население, со цел да ги протера од земјата. Весниците “Еко д’Булгари”, “Зора” и “Камбана”, “Дневник” и други од мај и октомври 1919 година обилуваат со податоци за теророт спроведуван врз македонското население во Воденска, Мегленска, Ениџевардарска, Леринска и Костурска околија;

илјадници луѓе се интернирани во јужните подрачја на Грција.

Од друга страна, грчките власти ја користеа фамозната конвенција за размена на населенијата меѓу Грција и Бугарија и преку иселување на Македонците сакале да ја постигнат целта за изменување на етничката карта на Егејска Македонија. (* Забелешките на овој наслов се наоѓаат на крајот од главата.)

При таква положба на територијална распарченост на Македонија и насилно делење на македонскиот народ во три и четири различни земји (ако се земе предвид дека еден мал дел од Југозападна Македонија со околу 40.000 Македонци влезе во државните граници на Албанија), во услови на терор и систематска асимилација, македонскиот народ од Егејска Македонија за да ја зачува својата егзистенција и својата национална индивидуалност, морал да се приспособи кон новите условии да се определи на страната од онаа политичка партија на Грција, која му ветуваше национална рамноправност и право на самоопределување.

Еден дел од Македонците на Егејска Македонија застана на страната од грчката Популистичка партија, од една страна, поради опозиција спрема Либералната партија на Елефтериос Венизелос, кој беше инспиратор за доведување во Грција и Македонија на стотици илјади малоазиски бегалци кои ги населија на имотите на протераните македонски мохамедани и на другите Македонци, а од друга страна и поради демагогијата на популистичките политичари, кои обилно го користеле незадоволството на староседелското население.

Меѓутоа, македонскиот прогресивен пролетаријат и другите прогресивни Македонци масовно застанаа на страната на Комунистичката партија на Грција, која од 1924 година и натаму по Шестата и Седмата конференција на Балканската комунистичка федерација го усвои ставот за создавање обединета и независна Македонија. Во февруари 1924 година на вонредниот конгрес на КП па Грција беше донесена вистински револуционерна резолуција во однос на македонското прашање.

Во неа, меѓу другото, беше констатирано следното:

“Последните империјалистички војни на Балканот и повоените услови не само што не го решија, туку уште повеќе го усложниле националното прашање на Македонија и Тракија.

Народите од обете земји откако долги години трпеа од агресивните напади во соседните земји, биле истребувани во долгогодишните војни, така што и економски пропаднале и на крајот ги разделија меѓу Србија, Бугарија, Турција и Грција”.

“Меѓутоа, поделбата на Македонија меѓу Србија и Грција и Бугарија уште повеќе ја засили желбата на Македонците да ја обединат својата татковина, и да создадат една обединета и независна Македонија. Конгресот признал дека паролите што ги издигна Шестата и Седмата конференција на Балканската комунистичка федерација “За обединета и независна Македонија” и “За обединета и независна Тракија” се наполно исправни и револуционерни”. (2)

Во истата резолуција натаму се подвлекува дека револуционерната борба на македонскиот и тракискиот народ за неговата економска и национална еманципација, не би можела да биде ефикасна освен ако заеднички се води со работниците - револуционери и селани од секоја балканска земја.

На четвртиот пленум на ЦК КП на Грција ставот за обединета и независна Македонија и Тракија е модифициран без битни разлики п прашањето дека Македонците претставуваат одделна нација, која се стреми кон своето национално ослободување.

Конкретно, на Четвртиот пленум во март 1932 година е констатирано дека Грција е империјалистичка земја што со насилства окупира цели области населени со други националности (Македонија и Тракија) и ги подложува на колонијална експлоатација, прогонувања и уништувања.

“Комунистичката партија на Грција во името на основните болшевички принципи го издигнува лозунгот за правото на самоопределување на Македонија и Тракија до целосно отцепување од грчката држава, за правото на независна Македонија и Тракија и смело ја поддржува револуционерната на населението од овие области за нивното национално ослободување...” (3)