Vistinata za Egejska Makedonija
Front Matter - Part 02
Прв ја спровел нагледната настава и училишната екскурзија.
“Детската природа – учеше Динката - има потреба од напатствија, а не од насилби.” Но, истовремено Динката истакнувал уште дека “секој човек има право да се учи на својот мајчин јазик. Македонците треба да имаат еднакви права како и другите поданици на Падишахот”. Затоа во прво време кришум, а подоцна јавно, Динката ги учел децата на словенски јазик и наскоро Загоричани постанало просветен центар за цела Западна и Централна Македонија. Во Загоричани кај Динката доаѓале да се учат деца дури од Прилепско, а во меѓувреме неговото училиште прераснало во гимназија. Со помош на својата жена Динката во сопствената куќа во Загоричани отворил и училиште за девојчиња.
Слично и на други македонски општественици и револуционери од 19 век и Динката се носи со убедувањето дека преку посветата постепено ќе се смени деспотизмот и феудализмот како општествена форма. Ги вложува сите свои сили да ги просветува не само децата во училиштето туку држи и јавни беседи за возрасните селани низ целото Костурско и ги крева на отпор против владиците, спроводниците на великогрчката политика во Македонија. Како резултат на тоа во Костурско, особено во Корештата, во сите цркви по селата во кои дотогаш се служело на неразбирлив грчки јазик, сега се воведувала словенската богослужба. Меѓутоа, не задоцнил и одговорот на богатата просветно-револуционерна дејност на преродбеникот Динката. Tој бил наклеветен пред турските власти од костурскиот владика Никифорос и бил фрлен во костурскиот затвор.
По долго мачење, излегувајќи од затворот Динката отишол во Атина како соработник на весникот “Еон” (век), кој во тоа време бил трибуна за напредните идеи, за една балканска федерација. Тоа било уште едно сведоштво дека Ѓорѓи Динката, борејќи се за културните права и национална слобода за својот народ, не ги мразел соседните народи, напротив, и тој мечтаел за една братска соработка на сите народи од Балканот. По две години престојување во Атина, во 1878 година во неопишана беда и маки згаснал животот на човекот, кој како топол сончев зрак ги затоплил душите на македонската, раја во нејзините тешки денови под отоманското ропство.
3. Кукуш - знаменосец на просветната борба Кукуш меѓу другите јужномакедонски градови бил знаменосецот на движењето не само за училиште на мајчин јазик, туку и за словенска црква. Кукушани, први во Македонија, кога не нашле разбирање кај цариградската Патријаршија не се поколебале да се обратат и до Папата, со што на дело покажале една политичка зрелост и дипломатска вештина. Градот Кукуш на 55 километри североисточно од Солун, до крајот на XVIII век бил едно незначајно село.
Меѓутоа, во почетокот на XIX век, со навлегувањето на капитализмот во Македонија и тука се појавила македонска трговска група, која се занимавала со трговија на жито, кожи, кожурци, сусам, памук и друго. Особено градот напреднал во платнарството, така што кон средината од минатиот век тука работат веќе околу 300 разбои. Изработените бели платна и шарените басми (алаџа) кукушките трговци ги продавале по сите македонски градови, а на запад оделе дури и во Албанија.
Македонскиот виден преродбеник Кузман Шапкарев пишувал дека еден од кукушките трговци, Нако Станишев, ја посетувал цела Западна Македонија и Албанија и ги познавал сите места од оваа област и луѓето како да бил роден и пораснат тука.
Нако Стојмен Станишев не бил само вешт и авторитетен трговец. Огорчената борба, што подоцна ја започнал Кукуш за ослободување од духовниот јарем на Патријаршијата го истакнува Нако Станишев како еден од првоборците на тоа движење. Од Кузман Шапкарев дознаваме дека Нако Станишев станал голем пријател со Димитар Миладинов, кого го наговорил во учебната 1840/41 година да дојде како учител во Кукуш. Tука Димитар Миладинов првиот пат престојувал само две години како грчки учител, но бидејќи на децата предавањата им ги објаснувал на мајчин јазик, тоа предизвикало жолчна реакција кај грчкиот, владика Мелетие, по чие настојување овој македонски просветител морал да го напушти Кукуш.
Димитар Миладинов заедно со Рајко Жинзифов први отвориле сдовенско училиште во Кукуш - кое според пишувањата на современиците, станало пример за целата околија. Владиката Мелетие одново почнал да интригува за да го затвори македонското училиште, што ги натерало кукушани на чело со Нако Станишев први да преземат борба за отстранување на грчкиот јазик и од црквите. Расправиите добиле голема острина во 1858 година, кога поради непопустливоста на солунскиот митрополит Неофит, немајќи друг излез кукушани се обратиле до католичката црква. Една лазаристичка мисија од Солун (и порано) кога дознала за разидувањата помеѓу граѓаните од Кукуш и владиката се обидувала да отпочне преговори со кукушаните, меѓутоа, општината, на чело со Нако Станишев, одбивала секаква спогодба со нив. Кукушани се уште сметале дека не се исцрпени сите средства за постигнување на спогодба со Патријаршијата. Кон средината од 1858 година во Русија се дознало за движењето на кукушаните за спогодба со католичката црква и оттаму на брзина била испратена комисија со цел да ги отклони кукушани од нивната намера за поврзување со католичката црква, на што, изгледа, се противел и Димитар Миладинов. Кога руската мисија заминала од Кукуш, кукушани испратиле за последен пат една делегација на чело со Нако Станишев и Димитар Миладинов до солунскиот митрополит Неофит, кому му ги изнеле барањата на кукушкото население. Бидејќи и овојпат не бил постигнат никаков успех и кога Димитар Миладинов со еден дел од делегацијата се вратиле во Кукуш, Нако Станишев со другите се појавил кај францускиот конзул во Солун и почнале преговори со лазаристите. При враќањето во Кукуш делегацијата свикала
“собрание” на кое народот еднодушно ја одобрило постапката на делегацијата.
На 23 јули 1859 година преку лазариската мисија во Солун била испратена молбата на кукушани до Папата Пие IХ. Во оваа молба, потпишана од 79 жители на Кукуш, меѓу кои и 4 свештеници, откако се опишувало непријателското држење на грчкото духовенство, се предложило признавањето на Папата како духовен водач под услов да не се воведат никакви промени во нивните обреди. “Ние го заколнуваме Светиот Пие IX да не се прави никаква измена во црковните служби, во извршувањето на светите тајни, во облеката на нашите свештеници и во јазикот на кој се извршуваат црковните служби, кој е стар бугарски, со други зборови старословенски јазик”. (Славко Димевски “Кукушката унија од 1859 година”, “Гласник на Институтот за национална историја” Скопје 1959 година, број 2, стр. 132.)
По испраќањето на молбата, во Кукуш пристигнал лазаристички претставник од Солун, Тирок, кој заедно со градските првенци го посетиле турскиот мудир, пред кого Тирок објаснил дека кукушаните ќе бидат под закрилата на францускиот конзул во Солун, за што бил известен и солунскиот паша. Треба да се истакне дека турската управа во прво време со благонаклоност гледала на ширењето на католицизмот и унијатството во Европска Турција, бидејќи на овој начин слабееле-позициите на Царска Русија на Балканот.
По Тирок Кукуш го посетил и католичкиот мисионер од Цариград Боре кој ги известил кукушани дека нивната молба била усвоена од Папата.
Подоцна Нако Станишев бил повикан во Цариград да даде објаснение за постапката на кукушаните да “ја изменат верата”.
Дедо Нако Станишев на своите критичари им одговорил: “Кога хирурзите видат дека некој дел од телото е гангреносан ќе го пресечат за да го спасат телото. Така и ние, видовме дека управата на верата ни е гангреносана, за да си ја избавиме народноста, бидејќи никако не можевме да ја пресечеме самата управа, ја пресековме заедно со верата, за да си ја спасиме народноста! Како може да суштествува вера ако нема народ!
Народ без вера - бива. Tој ќе си најде една која и да е вера, но вера без да има народ не може никогаш да суштествува”.
(Кузман Шапкарев, “Материјали за животоописанието на братја Х. Миладинови и Димитрија и Константин, и прибавление нешто и за животот на Нака С. Станишев, стр. 54. Блаже Ристевски “Унијатството во Македонија”, II дел во списанието “Разгледи” од јуни 1960 година стр. 1025).
Пред Патријаршијата и за да се отргне Кукуш од унијатството, на 29 октомври 1859 година бил ракоположен и испратен за кукушки владика Партенија Зографски.
Партенија е роден во село Галичник, Дебарско, во 1820 година.
Во Охрид учел кај Димитар Миладинов, кој го задоил со патриотски дух. Своето школување го продолжил во Атина и најпосле завршил духовна академија во Москва. По вракаќето од Москва Партенија Зографски се поврзал со Димитар Миладинов, со кого активно соработувал за националното осознавање на македонскиот народ.
Како литератор Партенија бил познат со неговите учебници на македонски јазик, во чие што издавање му помагале познатите солунски преродбеници Кирјак Држиловиќ и браќата Паунчеви.
Негови познати дела се: “Кратка свештена историја” и
“Началное учение”. Слично на браќата Миладиновци и Партенија издал една збирка на македонски народни песни. Tој работел на култивирањето на македонскиот литературен јазик.
“Партенија сакаше да се даде предимство на дијалектите од Западна Македонија, што тој ги наоѓаше за похармонични...” (Симеон Радев, “Македония и Българското възраждане”, стр.
239).
Учебниците на Партенија биле многу сакани од учениците и во врска со ова Рајко Жинзифов го пишува следново: “Родителите не можеа да се нарадуваат кога ги слушаа своите деца да им читаат од “Свјаштената историја” на Отец Партенија, кој попосле стана владика на кукушани, а ним не им требаше да прашаат што е напишано во книгата, зашто сами го разбираа тоа што се читаше” (Ѓорѓи Абаџиев, “Егејска Македонија во нашата историја”, стр. 119).
Константин Дуров од Дојран, инаку серски учител, во една дописка во “Цариградски весник” ги изнесува своите впечатоци од првата средба со Партенија во Дојран, со овие зборови: “Не можев да се наслушам од радост на неговите проповеди во црквата што ги кажуваше на два јазика. Прво говореше на грчки. Но, кога виде дека никој не го разбира, истата дидахија ја прикажа па македонски јазик. (подвлекол Х. А.). Тогаш моето срце не можеше да издржи и солзи од очите ми потекоа”.
(“Цариградски весник” од 13.II.1860 година). Партенија по селата од својата епархија на секаде отворал македонски училишта. “Неговото богољубие отвора на секаде по селата училишта и букварите што ги беше напечатил се изарчија, и сега повторно прави во Цариград за да се напечатат”. (* “Цариградски весник” бр. 475 од 19.III.1860 година.)
Кукушкиот владика Партенија Зографски со помошта на населението од својата кукушко-полјанска епархија застанал на чело на барањето за одделна македонска митрополија, независна од солунската митрополија како продолжение на Охридската архиепископија, како прва институција за самостојна македонска црква. Меѓутоа, неуспехот на ова барање, главно поради жестокото реагирање на цариградската Патријаршија, довело и до разидувања меѓу Партенија и кукушкиот првенец Нако Станишев, кој сметал дека владиката недоволно се ангажирал околу самостојната кукушка Митрополија. Партенија на крајот ја напуштил кукушко- полјанската епархија и повторно на негово место се вратил грчкиот владика Мелетие. Тоа придонело еден дел од кукушани да преминат дефинитивно кон Унијата. На католичкото влијание се должи и културното издигање на Кукуш. Тука француските лазаристички мисионери отвориле црква, сиропиталиште, болница, аптека и школа, што служеле како пример во градот.
Со помошта на унијата македонското национално движење си отворило пат и во Ениџе-Вардар. На чело на движењето за училиште на мајчин јазик и црква тука застанал седумдесетгодишниот белобрадец Поп Димо. Овој стар свештеник следејќи го примерот на Хаџипавел Божигропски, на Димитар Миладинов и други преродбеници кои поминувале низ Ениџе-Вардар, развил широка преродбенска дејност, што не го избегнала будното око на грчкиот владика од Воден, Никодин.
Овој, последниот, за да ја спречи дејноста на Поп Димо издејствувал кај турските власти да се издаде заповед за заточение на овој македонски преродбеник. Но, Поп Димо со одобрение на народот побарал заштита од унијатите. Tој лично заминал за Цариград и му ја предал молбата за стапување во унијатство на администраторот Дон Петар Арабаџиски, кој радосно го примил и го снабдил со потребните документи за да може непречено да ја врши својата служба. Дело на Поп Димо било и отворањето на првото училиште во Ениџе-Вардар, кое прераснало во прогимназија и работело се до балканските војни од 1912-1913 година.
Македонски училишта (општински и егзархиски) во Ениџе-Вардарско во 1913 година имало во селата Бабакој, Бајалци, Тушилево, Дамјан, Либјахово и во самиот град.
Во текот на 1863 година во Воден се воделе најрешителните борби за македонско училиште и црква. Во ова време се забележани и зачетоците на младата македонска индустрија во овој град - свиларството и кожарството, масларството итн. На чело на движењето за национална просвета се наоѓаа: Ѓорѓи Аџигогов, Христо Либарчев, Д. Занешев, Христо Камчев, Калима, Димитар Фотев, Њ. Љушката, Иван Бизовецот, Ташко Константинов, Иван Сребров, Н. Иванов и некои други.
Ако македонските првенци со Нако Станишев во Кукуш во преродбенското дело наидувале на потешкотии единствено од владиката Мелетие, во Воден, освен владиката Никодин, отпор на македонското движење даваа и малата група воденчани собрана околу владиката. Тоа биле: Григор Карахаџиев, Анастас Биличот, Димо Крцолев, Христо Нојче, Христо Николов, Пандо Мутавчија, Xристо Пешо и Јован Димов.
Поводот на делењето на граѓаните на “грчка” и “бугарска” партија бил самиот владика, кого народот го мразел главно поради фактот, што тој бил олицетворение на експлоатацијата и главен спроводник на големогрчката асимилаторска политика во Македонија: тој станал огорчен противник на секој потфат што водел кон национално разбудување и еманципација на македонскиот народ. Во тоа се разбира му помогнал и фактот што духовната и просветната борба на Македонците ја експлоатирала за свои цели бугарската пропаганда.
Во цариградскиот весник “Македонија” број 54 од 30 мај 1877 година била објавена и петиција од воденските граѓани со која бараат да престане над нив јуриздикцијата на грчките владици и да се воведе мајчин јазик во училиштето и црквата. Во овој документ стои: “Во училишата ние сакаме прво да се изучува мајчиниот јазик и на него прво да се воспитува нашата челад, а после на турски и најпосле ако има време и на други јазици. Во своите цркви сакаме да ги слушаме молитвите, словото божје на нашиот јазик”.
Првото македонско училиште во Воден било отворено во 1865 година во куќата на родољубецот Ѓорѓи Аџигогов со 117 ученички. Истата година од Цариград во Воден пристигнал видниот културен деец Димитар Македонски, родум од село Емборе, Калјарско, кој пак во куќата на Аџигогов отворил машко училиште со 90 ученици. Но, на седмиот ден од отворањето на училиштето, Димитар Македонски бил уапсен и испратен од турските власти на заточение.
Ѓорѓи Аџигогов бил еден од познатите трговци во Воден. Tој во градот прв отворил фабрика за точење на свила заедно со еден Швајцарец. Бил многу интелигентен и со големи познавања.
Учел во Атина и Виена. Со лични средства на Ѓорѓи Аџигогов се издржувало училиштето и црквата во Воден. Самиот одел по селата и го будел народот да се бори за родно училиште и словенска црква. Опаѓањето на трговијата во Македонија, во еден период од втората половина на XIX век, го засегнала и Гоговиот имот. Но и покрај своето економско запаѓање Гого не се откажал од борбата на која целосно и бил посветен. Кога еден ден се обратил за помош до Егзархијата, му било одговорено: “Да не очекува никаква помош за трошоците на движението и дека би требало да се повлече од општествената работа, бидејќи им пречел...” (Из спомените на две учителки во Македонија”, стр. 140, Македонски преглед, година I, кн. 5 и 6).
Егзархијата не му простила на Ѓорѓи Аџигогов што тој на чело на делегацијата од Водечско се наоѓал во групата на оние македонски делегати, кои на Цариградскиот собор од 1870 година дошле во Цариград со намера да побараат обновување на Охридската архиепископија.
До приквечерината на Балканските војни во Воденско биле отворени македонски училишта во селата: Владово, Волкојаново, Вечиста, Жерви, Кронцелово, Луковиц, Месимер, Острово, а во градот Воден, освен основното училиште имало и гимназија.
4. Движењето во Меглен Кон средината на минатиот век малите мегленски трговци на пипер, кожурци и мануфактура, кираџиите и занаетчиите ги воспоставувале првите врски со Битола, Воден и Солун и во Меглен први го пренесувале новиот национален дух кој имал завладеано и во другите краишта на Македонија. Не е за потценување и улогата на одделни Македонци од овој крај, кои по неколку години престојувале во светогорските манастири Хилендар и Зограф и оттаму ја пренесувале во своите села словенската писменост.
Во движењето за училиште на мајчин јазик во Меглен челното место му паѓа на селото Саракиново. Уште во 1856 година во ова село децата започнале да учат на мајчин јазик, поучувани скришум од грчкиот учител Грпљо но од македонско потекло, родум од Струмица. Во прво време неговите ученици се учеле на ракописни букви, бидејќи уште немало македонски буквари и читанки. Оваа работа на учителот Грпљо (прекар заради издупченото лице од сипаница) им се допаднала на саракинските првенци, на прво место на браќата Петар и Христо Попови. Во 1859 година умрел Грпљо и на негово место дошол учителот Пандо, родум исто од Струмица. Во 1863 година во Саракиново дошол и друг учител на име Ѓорѓи Малеников, којшто дал уште поголем полет на просветата.
Малеников донел во Саракиново за првпат печатени буквари за учениците. Во 1868 година Малеников бил наклеветен од припадниците на грчката струја и бил фрлен в затвор. За тоа време децата бесплатно ги учел Поп Иван Јанев. Со затворањето на нивниот учител селаните уште повеќе биле предизвикани од постапката на грчките црквени власти и затоа го испратиле селскиот првенец Христо Попов во Битола кај тамошните македонски дејци и кај рускиот конзул. Од Битола Христо Попов заминал за Велес, каде што го пронашол учителот Андреја Богданов, кој во Саракиново учителствувал 5 години.
Свештеникот Иван Атанасов од Саракиново во својата хроника за преродбата во неговото родно село споменува, дека браќата Петар и Христо Попови биле меѓу оние родољупци, кои заедно со Ѓорѓи Аџигогов и браќата Занешеви од Воден воделе борба и за воведување на словенски јазик и во црквите.
Речиси, истовремено кога во Саракиново било отворено првото училиште (1858 година) и во село Тушим на источната страна од областа Меглен, децата почнале да се учат на македонски јазик. Иницијатори за отворање на училиштето во Тушим биле родољупците Tрајо Праматаров и Иван Стојков. Во 1883 година било отворено училиште во големото село Пожарцко, каде учеле четири учители. Во 1885 година македонско училиште има и во Долно Родиво, во 1886 во Струпино, во Цакони, а во 1890 година и во гратчето С’ботско, кое подоцна, во 1906 година, станало и административен центар на Мегленската нахија. Во 1890 година во селото Лесково прв отворил домашно македонско училиште Гошо Танов.
Во 1893 година било отворено училиште во село Зборцко, а малку подоцна во 1904 година во селата Почеп и Горно Родиво.
Во 1906 година во гратчето С’ботско била отворена и прогимназија со интернат за децата од другите места.
Во учебната 1909-1910 година во Меглен имало веќе македонски училишта во следните села: Саракиново, Бизово, Тушим, Пожарцко, Долно Родиво, Струпино, Цакони, С’ботско, Зборцко, Лесково, Почеп, Горно Родиво, Тудурче, Црнешево, Волчишта, Тресино, Полјани и Капињани.
Кон средината на XIX век и Боемиската област, со центар градот Гуменџе, била опфатена од националното движење. Во тоа време гуменџанските првенци биле познати во Македонија и понатаму, особено, по доброкачествените вина и коприната.
“Куќата на црковниот и народниот деец дедо Тано Захаринов била позната и надвор од Гуменџе и во Солун како прва трговска куќа на вина од гуменџанскиот крај”. (Владимир Караманов “Од Кукуш до Гуменџе” стр. 93, во Македонски преглед, год. Х кн. III и IV).
И во Гуменџе, како и во другите македонски градови, децата на трговците, првата писменост ја добивале на грчки јазик при неписмени патријаршиски попови. Ваквото учење не можело да ги задоволи потребите на трговијата. Се барало учење на жив и разбирлив јазик. Затоа гуменџанските замошни родољупци своите деца често ги испраќале на учење дури и во Пловдив и Загреб. Првото македонско училиште во Гуменџе го отворил монахот Харалампиј Ајдаринов, во кое првата година биле запишани 30 ученици. Меѓу првите учители биле Ѓорѓи Пејков од Гуменџе и Захарија Ѓорев од Куманово. Гуменџиските трговци Христо Севинов и Димо Румалиев во Солун го пазариле Никола Манов за 3.500 гроша годишно да им ги учи децата. Никола Манов бил првиот македонски учител што тука ја вовел “звучната настава”.
Националното бранување од Гуменџе се пренело и во околните села, Крива, Тумба, Горгопик, Кониково, Литовој и други села.
Учителите во прво време се издржувале од парите што се собирале во црквите од богомолците. Имало граѓани кои што давале по еден грош неделно за издржување на учителот. Во периодот меѓу осумдесеттите години од минатиот век отворањето на македонски училишта зело најголем замав.
Серскиот и неврокопскиот панаѓур од средината на минатиот век одиграле важна улога во културно-просветното собудување и националното издигање на Македонците од Источна Македонија. Тука доаѓале трговци од Тракија, од Прилеп и Велес, од Централна Македонија и заедно со размената на стока се разменувале и мисли околу националното движење.
Во Серско широка преродбенска дејност развил Стефан Верковиќ, по народност Србин од Босна, кој во тоа време се бавел со собирање на стари монети и македонски народни песни. Верковиќ одржувал врски со повеќе македонски првенци, од цела Македонија и Цариград. Во Серско првите негови соработници околу македонското просветно дело биле монасите Теодосија и Дионисија, трговецот Говедаров, дедо Ижо, Градинар, Илија Касаров, учител од Серез и други.
Првото македонско училиште во Неврокоп било отворено 1840 година од Даскалот Константин, мутавџија по занает. Бидејќи по враќањето од своето школување во Ниш, Видин и Галац мутавџијата Костантин во своите беседи прв го употребил називот “господин” населението му го дало прекарот Господин.
Во прво време учителот Господин децата ги учел во својата мутавџилница, на грчки јазик за кој се служел од црковните книги Октаих, Псалтирот и Чаславот, а за словенски јазик го користел Неофитовото евангелие, како и бугарскиот буквар (веројатно букварот на Петар Верон излезен уште 1825 година).
Секој ученик му плаќал на учителот по два гроша месечно, како и разни подароци во продукти.
Друг учител во Неврокоп бил Маниди Куциот од Мелник, кој во 1850 година како учебен предмет во училиштето го вовел словенскиот јазик по два часа неделно, граматика и краснопис.
Таа реформа на Маниди му донела многу перипетии и на крајот отпуштање од службата во 1852 година од драмскиот владика Мелетие.
Меѓутоа, неврокопчани правото да отворат свое македонско училиште и црква го извојувале одвај во 1865 година на чело со првенецот Никола Мандушев.
Грчко училиште во селото Трлис имало уште во 1815 година.
Тука учителствувал и Македонецот од истото село Иван Симеонов Балабанов, кој се занимавал и со публицистика.
Брошурата “Одигос Тис евсевијас” (Водич на благочестието)
била негова и книгата “Кипос полиантис” (Многуцветна градина), издадена во Пешта 1840 година. Во оваа книга Иван Симеонов му се заблагодарил на грчкиот јазик што него го просветил. Меѓутоа, Иван Симеонов истовремено признава дека тој самиот не е Грк, туку дека му припаѓа на словенското племе. Изгледа дека Иван Симеонов од грчки станал подоцна македонски учител, што не тера да веруваме следниот документ: Во Хрулевото издание на Софронието од 1856 година се вели: “Господин учителот Иван Симеонов, Македонец од село Трлис, што е бил најпрвин учител елински во Големо Трново...” (* Јордан Иванов “Б’лгарите во Македонија” стр. 117, во документот број 114.)
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/the-truth-about-greek-occupied-macedonian-vistinata-za-egejska-makedonija-e-book-macedonian/2 на 29 октомври 2026