Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Vistinata za Egejska Makedonija

ГЛАВА ПЕТТА - СНОФ во Леринско и Костурско и Македонскиот Реонски Комитет во В - Part 01

Од Христо Андоновски · Дел 9 од 19 · Околу 19 минути

ГЛАВА ПЕТТА - СНОФ во Леринско и Костурско и Македонскиот Реонски Комитет во Воденско СНОФ (Словеномакедонски народноослободителен фронт)

како одделна антифашистичка организација на македонското население од Леринска и Костурска околија се појавува во есента 1943 година, во еден решавачки период за развојот на Движењето на отпорот, кога во исто време и окупаторот преку разни колаборационистички организации и воени формации се подготвуваа за ликвидирање на отпорот. СНОФ дојде како плод на тригодишната борба на Македонците од овој крај против окупаторот и претставуваше израз на вековната желба на македонскиот народ да ги оствари своите национални идеали во заедничката борба со грчкиот народ и преку победата на сојузниците и целата антифашистичка алијанса.

Во последната војна грчкиот националистички печат и историографијата вложија големи напори СНОФ да го претставуваат пред домашната и светската јавност како автономистичка организација. Целта на ваквото тенденциозно пишување беше само една: да се претстават КПГ и ЕАМ како предавници на грчкиот народ, бидејќи тие го покровителствуваа СНОФ. Таквото клеветење на организациите од Движењето на отпорот им беше потребно на националистите за да го оправдаат и своето отсуство од антифашистичкиот фронт, па дури да измислат и причини за својата соработка со окупаторот. (Грчкиот универзитетски професор во Виенскиот универзитет П. Енепекидис во трудот “Тајните архиви на Вермахтот” објавуван во весникот “Вима” од 1963 година, изнесе низа автентични документи кои сведочат за колаборирањето со окупаторот.) Треба да се истакне дека и раководството на КПГ, било заради притисокот од буржоаските партии и владата во емиграција, било од шовинистички побуди на одделни раководители, не толку радо го дозволи формирањето на СНОФ. Во секој случај македонската организација, СНОФ се појави како неминовно и праведно барање на македонското население и како најнужно решение во еден одреден период, судбоносен за целото народноослободително движење во Северна Грција.

Во текот на 1943 година, паралелно со развојот на Народноослободителното движење и на теренот на Егејска Македонија се појавија некои националистички и колаборационистички организации како ИВЕ (Заштита на Северна Грција), ПАО (Сегрчка ослободителна организација) и ЕКА (Национална и социјална преродба) и други, кои претставуваа отворена опасност за антифашистичкото движење.

Од друга страна, кај дел од македонското население не беше уште изживеана илузијата за “ослободителна мисија” на Бугарија во Македонија, факт што и овозможи на бугарската пропаганда тука да создаде гнездо на едно антиреволуционерно и реакционерно движење под паролата за “Автономија на Македонија”. Под вакви, впрочем, околности Покраинскиот комитет за Македонија немаше друга алтернатива, освен таа да му излезе во пресрет на македонскиот народ и да го задоволи неговото барање да учествува во заедничката борба со своја организација.

1. Формирање на СНОФ во Леринско Формирањето на СНОФ во Леринско има извесна предисторија.

Тука до 1936 година, кога во Егејска Македонија од КПГ беше прифатена линијата за формирање на ВМРО (Об.) постоеше силна организација. Само во селото Екши – Су имало 110 члена на оваа организација, некои од кои и подарија дури и по десетина златни фунти (една фунта тогаш околу 250 драхми) за купување на литература од областа на ослободителните борби на македонскиот народ, за која тие многу беа заинтересирани.

На првиот состанок од Покраинскиот комитет на КПГ за Македонија - според тврдењата на Ѓорѓи Турунџов, еден од ослободените затвореници летото 1941 година, тогаш член на привремениот Комитет, беше поставено прашањето за обновување на ВМРО (Об.). На овој состанок беа присутни:

Леонидас, Стрингос, Апостолос, Џанис, Лазо Трповски, Андреас, Џимас, Русалим, Харизани, Коста Пердуши и Керасидис. Џимас кој во тоа време вршеше должност на привремен секретар на ЦК, рече дека “сега не е најпогодно времето за покренување на вакво прашање, зашто може да доведе до расцеп помеѓу Грци и Македонци”. Требаше, меѓутоа, да поминат цели две и пол драгоцени години и ПК најпосле да увиди дека само од полза на Народноослободителното движење ќе биде да му се дозволи на македонскиот народ да има свои политички антифашистички организации, па и своја војска.

Во септември 1943 година по иницијатива на политичкиот секретар на Окружниот комитет на КПГ за Леринско, Танос, беше свикан состанок со македонските кадрови од овој округ, Киро Пилјаев, Ѓорѓи Турунџов, Ставро Кочевски, Трифко Поповски и Вангел Којчев во селото Баница. Киро Пилјаев беше определен за политички секретар на новата македонска организација СНОФ, Ѓорѓи Турунџов за организационен секретар, а Ставре Кочевски за одговорен на АГИТ-ПРОП. Тие тројцата го претставува првото раководство на СНОФ за целиот Лерински округ, но под заеднички Окружен комитет со ЕАМ.

Прва задача пред раководството на СНОФ се постави организирањето на илегална техника, што ќе издава македонски весник. Интересна е потрагата по словенска машина, на што се потсетува преживеаниот борец Ѓорѓи Турунџов. Машина за пишување со словенска азбука немаше. Ѓорѓи со својот брат Илија и Ѓорѓи Букчев одлучија да отпатуваат илегално до Битола и да се поврзат со тамошната партиска организација, која ќе можеше да ги снабди со пишувачка машина. Тие успеаја да се поврзат со еден член од раководството на битолската организација на КПМ, Крум Хололчев, кој ги упати до партиската организација во село Новаци, Битолско, каде ќе им била дадена машина, бидејќи кметот од ова село беше Македонец од Охрид и организиран. Mеѓутоа, откако тука не успеаја да се снабдат со машина, идната вечер, со помош пак на битолската организација дигнаа една машина и материјал за пишување од Популарната банка во градот.

Бугарските власти, кога на другиот ден дознаа за провалата во банката и бидејќи лесно можеше да се констатира дека не се работи за земање на пари туку на машина и материјали за пропаганда, заклучија дека тоа е акција на комунисти и 7 души службеници од оваа банка беа затворени.

Како што раскажува истиот Ѓорѓи Турунџов, бидејќи во АГИТ-ПРОП немаа циклостил, тие сами направија таков од стакло и платно. Наскоро излезе првиот број на органот на СНОФ за Леринско, “Слобода”, и тоа на македонски јазик.

Организацијата СНОФ во Леринско за кусо време проникна во сите македонски села од овој округ, така што бројот на членовите на организацијата од 4 реони изнесуваше преку 10.000. Окружната конференција на СНОФ, одржана во февруари 1944 година во село Бапчор, на Вич Планина, беше најсилната манифестација за љубовта на македонското население од Леринско кон својата национална ослободителна организација и на неговата желба да се бори до крајната победа рамо до рамо со демократскиот грчки народ.

2. Одделен македонски реон на КПГ во Воден СНОФ во Воденоко не се јавува како одделна македонска народноослободителна организација, како што тоа беше во Леринско и Костурско, но како одделна македонска реонска, организација на КПГ. Во прво време во таа организација, која влегуваше во рамките на Градскиот комитет на КПГ, беа опфатени организираните Македонци од градот Воден и постепено се прошируваше и во други македонски села од Воденска и Мегленска околија, каде беше водена агитација за целите на антифашистичката борба на македонски јазик и преку весникот “Црвена Sвезда” пишуван на македонски јазик со грчка азбука.

Македонската реонска партиска организација посебно издаваше и билтен со вести за антифашистичкото движење во земјата и за воените операции по сојузничките фронтови. Но, според тврдењето на раководителот на македонската реонска партиска организација во Воден, Вангел Алјанов, уште во почетокот при формирањето на реонската организација, таа наидуваше на многу потешкотии, причинувани од разни раководители на КПГ и ЕАМ од Окружниот комитет. Особено кога преку весникот “Црвена Sвезда” беа објавени некои многу важни статии со македонска национална содржина, Окружниот комитет го забрани понатамошното излегување на весникот, поради наводно “националистичко скршнување”.

Есента од 1943 година и во Мегленско е забележана слична иницијатива за вршење агитација на македонски јазик среде македонското население. За таа цел беше покренат месниот весник “Искра”, како македонско издание на весникот “Флога”, орган на Окружниот комитет на КПГ. Но, по третиот број од своето излегување “Искра” престана да излегува, бидејќи Околискиот комитет на КПГ сметаше дека излишно е излегувањето и на друг весник, штом постоеше весникот

“Флога”.

Слична недоследност и незрело мислење е изразено и при водењето на долгите разговори за формирање на одделен македонски одред во Воденско уште во месец април 1944 година. Меѓутоа, се предлагаше од страна на Окружниот комитет овој одред да носи значка од срп и чекан и да го носи името “комунистичка војска”, додека предлогот на македонските кадрови беше војската да се наречува македонска војска и како амблем да го има македонското знаме. Предлогот на Окружниот комитет беше уште посомнителен заради тоа што со него се предвидуваше иницијаторите за формирање на одредот откако ќе привлечат извесен број борци на планината, да се вратат во градот, што значи дека тие ќе послужат само како мамец за привлекување на борци од македонското население. Од сето ова произлегуваше дека Окружниот комитет не мислеше сериозно за задоволување на една историска потреба. Така предлогот беше осуден на пропаѓање.

3. СНОФ во Костурско Органот на Окружниот комитет на КПГ за Костурско “Лаикон вима” од 10. I. 1944 година по повод формирањето на СНОФ во овој округ пишуваше: “Зрелата политичка мисла го наложи како неопходно создавањето на СНОФ - Македонски народноослободителен фронт, кој за Словено-македонецот е исто што и ЕАМ за Гркот. СНОФ како инструмент за борба ќе ги води Словено-македонците со поголем фанатизам и поголема љубов заедно со братскиот грчки народ за реализирање на заедничките цели”.

Слична оценка за значењето и улогата на СНОФ малку подоцна даваше и весникот “Ефедрикос Елас”, орган на Дивизиската команда на резервниот ЕЛАС за Западна Македонија, кој на 2 април 1944 година истакнуваше: “ЕАМ и СНОФ се организациите кои се борат за истата цел, истите желби и стремежи. Грци и Македонци цврсто обединети решително ќе чекорат за реализирање на барањата на народот...” Весникот “Ефедрикос ЕЛАС” истакнувајќи ја понатаму активноста и широкото учество на Македонците од Леринско и Костурско во заедничката борба против окупаторот, пишуваше:

“Учеството на Македонците на првата конференција на резервниот ЕЛАС за цела Западна Македонија, покрај тешките услови, невремето и теророт, беше масовно. Словено-македонците од Леринскиот и Костурскиот округ беа претставени од значителен број делегати. Ова покажува сосем јасно до колкава мера Словено-македонците се убедија во праведноста на целите и стремежите на денешната сенационална борба”.

Оценувајќи го значењето и улогата што СНОФ ја одигра во шесте месеци на своето постоење и дејноста како мобилизатор, водач и просветител и како верен толкувач на идеалите на македонскиот народ, весникот “Славјаномакедонски глас” -орган на Окружниот одбор на СНОФ во Костурско, во бројот од 3 април 1944 година меѓу другото пишуваше:

“СНОФ е единствената народноослободителна организација, што ќе ги исполни националните и социјалните барања на македонскиот народ. СНОФ е новата ВМРО на Македонците што ќе го доведе до крај делото на илинденците...” Разбивајќи ги клеветите на непријателот за наводната врска на СНОФ со автономистичкото движење на контрачетничкиот комитет во Костурско, “Славјаномакедонски глас” продолжува:

“Автономистите се фашисти кои сакаат да му го подјармат на фашизмот нашиот народ. СНОФ како наследник на вистинската ВМРО, роден од стремежите на народот за слобода, ќе ја продолжи борбата за истерување на окупаторот и ќе истреби секој предавник, кој има намера да го одржи во живот фашистичкото тиранство, извикувајќи на крајот: “Смрт на фашистите и искоренување на предавниците Калчев и компанија”.

Во својот краток живот (само 6 месеци) СНОФ се истакна како вистински раководител на македонскиот народ и уште од првите денови од неговата појава во Костурско ги оживе деновите од легендарното минато на Илинденското востание.

Целиот народ од селата во Корештата и во другите околии од овој округ беше организиран во СНОФ, а тие села што беа вооружени од окупаторот започнаа едно по друго да го предаваат оружјето и преминуваа на страната на СНОФ. За постигнување на таа цел - мирното приоѓање на заведените од автономистичката пропаганда во редовите на СНОФ и на ЕЛАС, многу придонесе СНОФ со својата агитација преку печатот на македонски мајчин јазик и со својата тактика на убедување. Во еден повик, на пример, од Окружниот одбор на СНОФ до вооружените контрачетници се вели:

“Фашизмот се наоѓа во своите последни минути. Црвената армија се наоѓа веќе во Романија и Чехословачка и бргу ќе почне новата офанзива за ослободување на Балканот. Имено, затоа и се дава последната шанса; сега е време како што се вели и во повикот на Деветата дивизија на ЕЛАС - да го предадете оружјето на политичките организации, или на воените единици од ЕЛАС. Организацијата СНОФ ви гарантира за вашот живот и вашиот имот. Ви дава збор дека никој нема да пати ништо од оние што ќе го предадат оружјето, или што ќе дојдат со нас.

Инаку подоцна кога ЕЛАС ќе почне со чистењето, не ќе може со ништо да ви помогне, зашто тогаш ќе се сметате како непријатели на народот. Ние сме ваши браќа, се грижиме за последиците и за доброто на словено-македонскиот народ, кој треба да го доврши делото на Илинден, да не ја изгаснеме нашата славна историја, туку да напишеме други уште пославни страници. Не ги слушајте оние што сакаат да ви попречат да тргнете по правиот пат...” Уште во првиот месец од создавањето на СНОФ, неговото членство се покачи на 6.000 организирани припадници, од кои 1834 жени. Не само мажите, туку и жените членки на резервниот ЕЛАС ги оживуваа херојските традиции од времето на Сирма, Ирина, Ѓурѓа и други храбри Илинденки и со пушка в раце стражареа по селата, земаа учество во заседи и преземаа акции во пренесување на оружје и храна преку окупаторската територија.

Дело на СНОФ, преку вооружените групи на ЕЛАС беше обезоружувањето на голем број наоружани од контрачетничкиот Комитет или осуетувањето плановите на бугарскиот фашизам преку Калчев и другите Ванчомихајловистички агенти, кои се обидоа да создадат свое жариште во Костурско. Со својот печат, повици и усмена агитација СНОФ придонесе да се разбуди националното сознание и кај оние Македонци кои под влијание на грчката или бугарската асимилаторска пропаганда ја затемнија својата национална свест.

Широко преродбенска и плодоносна беше дејноста на СНОФ и во културно-просветното издигнување на масите со предавањата, уметничките програми и забави по селата и на прославите на Илинден и други национални манифестации.

СНОФ покрај водење на борбата на политичко поле, застана на чело на народот и во борбата за подбрување животните услови на селаните. Со масовното слегување на селаните во градот Костур, беа извојувани дажби на шеќер, масло, сапун и други продукти. Во врска со сестраната политичка дејност на СНОФ многу убедлив беше извештајот од 29 март 1944 година на Поптрајков - реонски раководител на СНОФ, испратен до Окружниот одбор на СНОФ, во кој се вели:

“Со својот масовен протест селаните од Брештени (Фтеља) -стои во извештајот - тие успеаја да добијат 700 оки грашок и 27 оки шеќер. Дреновчани земаа 560 оки грашок и си ги вратија личните карти што им ги задржаа во градот. Селаните од Добролишта и тие зедоа извесна количина грашок. Тоа беше резултат од масовниот протест на селаните до окружниот гувернер и до владиката на Костур. На овие протести во градот беше направена постапка и манифестација против теророт од окупаторот и колаборационистите”.

“Духот и борбеноста на населението се наоѓаат на висина.

Младината настојува да се образува угледна младинска група во ЕЛАС, додека резервниот ЕЛАС бара оружје. Реакцијата е ограничена само во две села и тоа во Четирок и Тиквени. Од првото село 40 комити отидоа во градот Костур и со поткрепа од Германците дојдоа во селото и преку застрашување наоружаа околу 180-200 души. Оружје разделија и во Тиквени...” (Цитираниот документ се наоѓа во личната архива на Лазо Дамовски.)

Во продолжение на истиот извештај се зборува и за ситуацијата во Костур во врска со тешкотиите причинувани на македонската организација СНОФ од некои фанатизирани грчки раководители:

“Во Чука и Стена се обидов да формирам СНОФ, но во работата ме спречи Јоанис Пападопулос - се вели во извештајот

- заради тоа што му побарав објаснение, ми запрети дека ќе бидам казнет и дека треба писмено да се објаснам пред Окружниот комитет на КПГ”.

СНОФ се грижеше за обработување на нивите на партизанските фамилии, даваше помош намирници на бедните фамилии, лекови за болните по селата. Не беше редок случај раководителите на СНОФ да решаваат спорови меѓу селаните многу подобро и поправедливо од професионалци судии.

Треба да се смета како заслуга на СНОФ што само од селата каде постоеше оваа организација, преку 500 Македонци стапија во редовите на ЕЛАС, а повеќе во резервниот ЕЛАС, многу придонесе и во разоружувањето на комитските села и со оружената помош на редовните единици.

Учеството на македонското население од Костурско во СНОФ и во другите антифашистички организации е масовно, додека непријателот покрај бесниот терор и обилната пропаганда не можеше да продре кај македонскиот народ, со исклучок само на неколку села, од кои повеќето беа наоружани од непријателот со терор или со лажната парола за независна Македонија и слично, експлоатирајќи ги патриотските чувства и длабоката желба на нашиот народ за слобода.

Горниот факт го потврдува со својот извештај од 17 јануари 1944 година и реонскиот раководител на СНОФ, Колчо, кој изнесува: “Во мојот реон од 9 села во 7-те имаме свои основни организации на СНОФ. Само во Блаца и Сетома немаме, зашто таму реакцијата е голема. Тука имаме организирани членови

200. СНОФ го сметаат за своја организација, меѓутоа, кај нив постои и извесен страв да не би биле пак измамени од грчката пропаганда. Бугарофилството е во помала мерка, освен во споменатите села Блаца, Сетома и Черешница, зашто тука се фрли паролата за “независна Македонија”. (Оригиналот од овој извештај се наоѓа во необјавената архива на Лазо Дамовски).

4. Околиската конференција на СНОФ Една од големите, но и последни масовни манифестации на СНОФ во Костурско беше одржаната окружна конференција на СНОФ, на 12 април 1944 година во селото Д’мбени што ја покажа силата на Организацијата, нејзината масовност и популарноста кај македонското население од Костурско.

Конференцијата остана како светол датум и како важен документ на народноослободителното движење на грчкиот и македонскиот народ од Егејска Македонија. Тука беа разобличени сите махинации и интриги на реакцијата и окупаторот да создаде расцеп меѓу македонскиот и грчкиот народ поради македонското прашање, сузбиени сите клевети за наводно автономистичко движење, што тогаш и подоцна му се импутираше на СНОФ и македонските раководители.

На околиската конференција, одржана во село Д’мбени присуствуваа преку 500 делегати од месните и реонските организации на СНОФ, гости од братските организации ЕАМ, КПГ, ЕЛАС, од Западно-македонското биро на КПГ дури и делегати од британската воена мисија во слободна Грција.

Политичкиот секретар на СНОФ Лазо Дамовски поднесе реферат за организационите прашања и нивното решавање.

Организациониот секретар Паскал Митровски говореше за организационата положба во округот, а претставникот на Западно-македонскиот одбор на ЕАМ, Ригас (Костас Сидиропулос) говореше за меѓународната воено-политичка ситуација и конкретните задачи на движењето на отпорот во Грција.

Дел од работата на конференцијата беше посветен на односите меѓу ЕЛАС и СНОФ и народот, на улогата на ПЕЕА (Политички комитет за национално ослободување) итн.

Од записникот од конференцијата (кој е зачуван во архивата на Лазо Дамовски) се дознава составот на новоизбраниот Окружен одбор на СНОФ, во кој влегуваа 21 член: Лазо Дамовски, Паскал Митревски, Андон Калчо, Благој Пандули, Кокинос Пеев Наум, Бошко Хаџиев, Евдокија Балева, Шишков, Гулев, Москов, Поптрајков, Василка Галева, Хрисанта Чочева, Ристо Димитриев, Караџов,Калиманов, Пандели и Љуба Балсамова.

(Имињата ги даваме како што стојат во оригиналот на документот, кој се наоѓа во спомената необјавена архива на СНОФ).

Во телеграмите испратени од конференцијата до големите сојузници, до ПЕЕА, до Одборот на ЕАМ за Западна Македонија и IX дивизија на ЕЛАС, македонското население преку СНОФ ја изразуваше својата цврста вера во победата на антифашистичките сили, во која тој би нашол задоволување на своето право за самоопределување. Во телеграмата до ПЕЕА се побиени сите оние клевети од реакцијата со кои се целеше да се претстави СНОФ како автономистичка агентура, кој наводно бара автономија на Македонија и сл. Во споменатата телеграма стои:

“Ние петстотини делегати на СНОФ од Костурско на првата наша историска конференција, преполнети со ентусијазам, доверба и решеност за крајната победа на народот, од се срце го поздравуваме Политичкиот комитет на националното ослободување. Се ставаме рамо до рамо со него и ќе му помогнеме со сите наши сили во неговото дело и за формирањето на влада на национално единство, убедени дека во една народно-демократска Грција и ние Македонците ќе најдеме апсолутна социјално-политичка и економска рамноправност заедно со Грците”.

5. Расформирање на СНОФ Раководството на КПГ, кое за цело време на СНОБ правеше најневеројатни отстапки пред грчките буржоаски партии и настојуваме по секоја цена да се оствари националното единство за да ја благонаклони кон себе реакционерната буржоазија, по примерот на буржоаските националисти и раководството на КПГ не се поколеба да му го одземе на македонскиот народ правото на посебни организации, народноослободителни одбори, народна војска, македонски училишта итн. Првата жртва на таквата капитулантска, опуртунистичка политика, политика, што подоцна од самите луѓе на КПГ беше окарактеризирана како многу штетна, беше СНОФ.

На претставниците на КПГ и ЕАМ, кои на 12 април на окружната конференција на СНОФ, се восхитуваа со успесите на македонската организација, ништо не им пречеше само по неколку дена да изјавуваат, дека СНОФ треба да се слее во ЕАМ, бидејќи не се “потребни две организации со едни исти цели”, а од друга страна “не можело да се постигне национално единство, бидејќи реакцијата се сомневала во патриотизмот на КПГ, при постоењето на СНОФ”.

На партиската конференција во село Могила - Костурско” во почетокот на мај 1944 година беше донесено конечно решение за расформирање на СНОФ. Слично решение беше донесено и на конференцијата во село Лаген и за СНОФ во Леринско, како и за македонскиот реон во Воден.

Но, ваквиот антиреволуционерен акт не би можел ни така лесно да се спроведе. Македонскиот народ не можеше да се откаже од извојуваното право за своја организација, која во тоа време дури и не ги задоволуваше наполно желбите и стремежите на Македонците. Тие знаеја дека нивните браќа од Вардарска Македонија не само што можеа да формираат свои единици со Главен штаб и други антифашистички општествено-политички организации, туку дека и Второто заседание на АВНОЈ им го призна правото на самоопределување, третирајќи ги Македонците како одделна нација, која како рамноправен член влегуваше во федерацијата со другите југословенски народи.

Освен тоа, за македонските кадрови (не се мисли на оние што не се чувствуваа и мислеа како Македонци) беше сосем несфатливо тоа: како за Северен Епир и Додеканезите можеше да се почитува правото на самоопределување, додека за Македонците КПГ ветуваше само една неодредена рамноправност, која ја признаваа порано и некои буржоаско-демократски партии, а сега со расформирањето на СНОФ, КПГ и од неа ги лишуваше.