Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Vistinata za Egejska Makedonija

МАКЕДОНЦИТЕ ПОД ГРЦИЈА ВО АНТИФАШИСТИЧКАТА БОРБА (1941-1944) - Part 01

Од Христо Андоновски · Дел 7 од 19 · Околу 18 минути

МАКЕДОНЦИТЕ ПОД ГРЦИЈА ВО АНТИФАШИСТИЧКАТА БОРБА (1941-1944)

ГЛАВА ЧЕТВРТА - Борбата на Македонците во Егејска Македонија против тројнаtа окупација и за национална слобода По волјата на хитлеровските окупатори, кон крајот од месец април 1941 година, Егејска Македонија е поделена на три окупациони зони: Источна Македонија од реката Струма на исток заедно со Западна Тракија и е доделена на фашистичка Бугарија, западниот дел со Костурско, Кожанскиот и дел од Леринскиот округ им се отстапени на Италијанците, додека Централна Егејска Македонија со Солун е окупирана од Германците. Меѓутоа, целата оваа територија од Централна и Западна Македонија, каде живееше и поголемиот дел од македонското население - преку 200.000 жители, е ставена под јурисдикција на грчката квислиншка влада на генерал Чолакоглу.

Безвласната ситуација, што завладеа во Егејска Македонија во првите два месеци од окупирањето на земјата, наскоро ја замени реставрацијата на стариот државен апарат. На окупаторот му беа потребни луѓе и апарат што ќе ги исполнуваат неговите наредби. И луѓето што до вчера и служеа на Метаксасовата диктатура, сега безрезервно се ставаа во служба на новите господари. На местото на жандармеријата, сега по напатствија на окупаторот се формираа таканаречените екатондархии, кои му беа неопходни на окупаторот за собирање на десетокот од селата, за шпионирање и апсење на родољуби, кои би се изјасниле против окупацијата и режимот, за вршење на реквизиции и сл.

Запоседнувањето на жанармериските станици од новите сили за безбедност - екатондархиите и првите мерки на рекверирање дел од реколтата на селаните, беше првото раскривање на она што и народот го очекуваше од окупацијата и од слугите на окупаторот. И првите стапки на спонтаниот отпор против окупаторот започнуваат со спротивставувањето на реставрацијата на државниот апарат и на првите насилнички мерки - одземањето на дел од реколтата уште есента од 1941 година.

1. Отпор против реставрацијата на стариот административен апарат Реставрацијата на стариот грчки државен апарат во Егејска Македонија (Централна и Западна, оти Источна Македонија беше окупирана од Бугарија) со негодување беше примена од македонскиот народ, особено од оние села што најмногу настрадаа во времето на Метаксасовата диктатура, кога околу 5.000 Македонци беа казнети со тешки глоби, други интернирани, заради тоа што говореа на својот мајчин јазик.

Тие луѓе во лицето на новите џандари, кои доаѓаа во селата за запоседување на бившите џандармериски станици, го гледаа воскреснувањето на стариот диктаторски и дискриминаторски режим и почетокот на нов терор и истезување.

Во село Саракиново, Мегленско, есента 1941 година три дена селаните ги држеа опкружени вооружените џандари и не ги оставија да се доближат до зградата на станицата, дури не им притекна на помош на опкружените цела една чета џандари од Субоцко. Во село Баница, Леринско, селаните отворија огин од оружје на џандармеријата, која се обиде да ја запоседне џандармериската станица и таа беше спасена од сигурното уништување само благодарение на интервенцијата од Германците. Својот револт против реставрацијата на бившата Метаксасова администрација жителите од Баница го платија со тоа што Германците уапсија 60 души од Баница, Цереово и Горничево и од трите села стрелаа по едно лице во град Лерин:

Дине Лјаков од Баница, Ставре (Кице) Станголев од Горничево и Мијале Ташонов од Церово. И случајот во Баница, впрочем, говори дека грчките националисти не можат да говорат за наклоност на германскиот окупатор кон Македонците, бидејќи окупаторот ги толерираше само оние што му служеа на неговите интереси.

Сличен отпор како во Баница и Саракиново на џандармеријата и беше организиран и во селата: Нерет, Герман и Зеленич, во Леринско, како и во Тресино пак Магленско во Кономлати, во Костурско и во други места. Овие неколку случаи ги споменуваме како најтипични примери за отпор и негодување на македонскиот народ против крвавиот режим на диктатурата.

Грчката шовинистичка реакција се обиде да го карактеризира овој отпор на македонскиот народ како бугарофилско движење, повикувајќи се на бугарската кампања, што во тоа време се ширеше и во Егејска Македонија, без да ги анализира подлабоките причини, што го тераа македонскиот народ на отпор. Но, што би имала да рече грчката реакција за настаните во село Крмско – Калјарско, што се случија во истото време на

1941 година?

Село Крмско, во Калјарско, (Грците во 1926 година го нарекоа Месовуно) после 1924 година беше населено од доселеници од Понт и Кавказ. Во времето на грчко-италијанската војна 1940-41, до Крмско, на западната страна од планината Каракамен, беше организирана втората одбранбена линија на гчката армија за албанскиот фронт, која се протегнуваше од Кајмакчалан до Каракамен (Вермион). Со повлекувањето на грчката војска, во близината на селото беа оставени складови со оружје и муниција. На селаните сега им се даде прилика да се снабдат со ново оружје. Во овие припреми на селаните од Крмско учествуваа учителот Алексо Хаџи Ташков од Катраница, Македонец и стар комунист, заедно со комунистите од селото Георгиос Петридис и Неофитос Антопулос. Овие, на своја иницијатива се зафатија околу организирањето на вооружените селани од Крмско во воени формации, кои изведуваа дури и воени вежби, со цел да бидат готови за денот на револуцијата.

Есента 1941 година беа формирани екипи од службеници при земјоделските банки и земјоделските кооперативни сојузи со задача да обиколуваат по селата и да реквирираат од селаните пченица, пченка и од други производи, што ги предаваа на окупаторските и квислиншките власти. Една таква екипа, поткрепена од група џандари отиде и во Крмско. Селаните ги разоружија џандарите и заедно со екипата за собирање жито ги истераа од селото, предупредувајќи ги дека во случај повторно да дојдат, ќе бидат убиени.

Антифашистите од Крмско уште повеќе ги предизвика акцијата на окружниот гувернер од Кожани, кој го замени стариот претседател на општината во Крмско, Јанис Мурена со Павлос Константининис, што изгледа, го сметал за свој човек.

(Окупаторот во целата окупирана територија за кметови поставуваше луѓе од своја апсолутна доверба.) Оваа мерка на окупаторот и на квислиншкиот гувернер од Кожани, уште повеќе ги предизвика селаните од Крмско, зашто новиот кмет за зафаќање на претседателско место побара помош од џандармеријата и германската војска. Со решение на партиската организација од селото новиот кмет беше ликвидиран како окупаторски агент. На утрото, 11 октомври 1941 година, група џандари од Катраница на чело со еден подофицер се појавија во Крмско со цел да ги уапсат сомнителните лица за убиството на кметот. Mеѓутоа, џандарите беа нападнати од наоружаните селани и обезоружени.

На 16 октомври во Крмско навлезе германска војска, која уште надвор од селото се судри со групата борци од ова село. По кратка престрелка Германците се вратија во Кожани. Неколку дена подоцна, на утрото од 23 октомври, изненадно Крмско се најде опколено од сите страни од германска војска. Целото машко население од 15-60 години, 146 лица на број беа стрелани во селските ливади.

Сличен колеж го очекуваше и големото македонско село Екши-Су, но од сосем подруги побуди. Закоравениот гркоман од ова село Јанис Папаперос, инаку грчки офицер, во октомври 1941 година се здоговори со други грчки офицери, и со џандарите од Лерин и околните села, да го нападнат ноќе Екши-Су; да ги ликвидираат македонските првенци, а потоа да им јават на Германците дека наводно вооружени Македонци и комунисти го извршија овој напад. Екши - Су беше нападнато, но селаните имаа свое оружје и добро се бранеа. При овој напад од селаните загинаа: Коле Маџов, Кирил Цицков, Романов и Кице Каров.

Покрај тоа што провокацијата излезе на бело видело, бидејќи тука беше пронајден трупот на еден грчки офицер, Германците три дена и три ноќи ги држеа селаните без храна и вода во црквата од селото. Триесет души беа одведени во затворот “Једи-Куле” во Солун, од кои Борис Каргов бил осуден на смрт и стрелан. Од Екши - Су при нападот на Германците повеќе од 300 души со оружје излегоа во планината Радуш. Откако поминала опасноста в планина останаа само 12 души: Ѓорѓи и Иљо Турунџеви, Киро Пиљаев, Тривко Попов, Мих. Каргов, Илија Попов, Минче Алипашов, Tрајко Лисичев, Круме Ашелов, Јордан Шапарданов и двајца други. Овие 12-мина екшисулии беа од организираните комунисти во селото. Тие во Радуш формираа мал одред, кој носеше срп и чекан како значка.

Од страна на Окружниот комитет на КПГ за Леринско нив им беше предложено да заминат на планината Хасија, во Тесалија, бидејќи во Леринско немаше уште услови за партизанска борба.

Борците го одбија овој предлог и останаа во Леринско како илегалци.

По горните спонтани настани во Крмско, Екши - Су и со драмските колежи во Егејска Македонија започна новиот четиригодишен крвав период на окупацијата, кога беспоштедно се лееше крвта на најдобрите синови на македонскиот и грчкиот народ.

2. Организирањето на НОБ во Егејска Македонија Разбивањето на диктаторскиот Метаксасов државен апарат со влегувањето на германскиот, италијанскиот и бугарскиот фашистички окупатор во Грција, го овозможи оживувањето на дотогаш парализираната од диктатурата Грчка комунистичка партија. Партијата го искористи краткиот интервал од безвластието од првите денови на окупацијата до воспоставувањето на нова власт во земјата и некои од затворените и интернирани комунисти Македонци и Грци се најдоа на слобода. Тие беа упатени секој на предозначеното место веднаш за обновување на партиските организации и подготвување на отпорот против окупаторите. Главна партиска сила во тоа време претставуваше групата од 24 ослободени комунисти од средновековниот затвор Акронавплион со постапките на Јулија Шнајдер, жена на еден од затворениците, Неделко Попнеделков од Солун, која искористувајќи го своето германско потекло, на окупаторската власт ги претстави затворениците како затворени поради нивното словенско потекло.

Меѓу ослободените од средновековниот затвор Акронавплион комунисти беа: Лазо Трповски, Андреа Чипов, Лазо Дамовски, Русалим Харизани, Ѓорѓи Пејков, Андреа Џима, Атанас Зјогас, Лазо Божинов, Лампро Москов Ставре Ставридис, Петрос Кендрос, Ѓамо Дамјанидис, Трпо Калиманов, Зисо Калиманов, Фоти Урумов, Димитар Лесков, Анастас Караџа, Киро Пилјаев, Неделко Попнеделков, Теодорос Ефтимијадис, Бахчеванов и други.

Овој случај подоцна го искористи грчкиот - шовинистички печат и некои историчари за да “докажат” дека КПГ се стави во служба на окупаторот и “ја продала” Македонија на Бугарите.

Јасно е дека грчките шовинисти на чело со министерот за јавна безбедност Мањадакис нарочно ги оставија комунистите во затворите и му ги предадоа на окупаторот за да ги ликвидира.

Ослободувањето на дел од нив, се разбира, не им одеше во сметка, па разбирливо е што со толку бес ја клеветеа КПГ за предавство. Колку одговараат на вистината тие клевети, што во голем дел се фабрикуваа во канцелариите на Гебелс и Гестапо, се гледа и само од фактот што комунистите беа првите заложници кои окупаторот ги фрли во концентрационите логори и ги стрела, одмаздувајќи си за извршените диверзантски и други партизански акции против него.

Особено по хитлеровскиот напад на Советекиот Сојуз на 22 јуни 1941 година, партиските организации во цела Грција и посебно во Македонија се наоѓаа во полн штрек. Во Солун, Воден, Негуш, Костур, Лерин и по сите други македонски градови се обновуваат партиските организации, се прибира старо и набавува ново оружје. Во Воден веќе на 1 јули 1941 година, благодарејќи на активирањето на постарите комунисти постои партиска организација.

Историјата на Воденската партиска организација започнува уште од 1924 година, кога на нејзино чело застанува истакнатиот организатор од овој град Трифун Хаџијанов. По иницијатива на оваа партиска организација, многу рано во Воден се формирани синдикални организации на текстилните работници, на безземјашите и други, кои забележуваат плодна дејност со организирање на штрајкови, демонстрации, првомајски манифестации, организирање фурни за бесплатно делење леб на безработни работвици во текот на економската криза од 1929 година, на политички затвореници и сл.

Од Воденската партиска организација израснаа доследните и верни пролетерски борци како Анастас Трајанов, Коста Думов, Трифун Каткаданката, Димитар Картов, Ѓорѓи Манчов, Јани Такев, Апостолаки и многу други, кои заедно со својот учител Трифун Хаџијанов ги дадоа и своите животи во борбата против окупаторот или против класниот непријател. (Повеќе податоци за револуционерната дејност на Трифун Хаџијанов читај во “Нова Македонија” од 5. V. 1961 година од Вангел Ајановски).

Во септември истата година, оваа градска партиска организација воспоставува и врска со Покраинскиот комитет на КПГ за Македонија во Солун преку Јанис Тифенгопулос -“Турчинот”, стар кадар ва КПГ пребегнат од затворот Акронавплион.

Учени и калени од првакот комунист од Воден и заслужен пролетерски борец, Трифун Хаџијанов, кој во тоа време се наоѓа интерниран далеку на островите, воденските комунисти ја зајакнуваат партиската работа во синдикатите на земјоделските работници, во фабриките, кооперациите и другите еснафски организации, што ги подготвуваат за масовна борба. Зад организираните демонстрации, штрајковите против скапотијата, високите цени и црната берза, што следеа, се наоѓаше Партијата.

Слична активност за прибирање на оружје, складирање муниција и друга воена опрема забележана е и во Леринско од старите комунисти. Во Костурско ваквите акции земаат толку масовен карактер што доаѓаат до ушите на италијанскиот окупатор.

Во подготвителните акции од летото и есента 1941 година во Костурско особена активност пројавува месната организација од родното село на македонскиот првоборец Лазо Трповски, Д’мбени. Од село Габреш, каде се наоѓаа, напуштени од војската складови, беа однесени за Д’мбени преку 300 сандаци со фишеци, бомби и друг материјал. Партиската организација од гратчето Рупишта, покрај лесното оружје беше сокрила дури и еден противавионски топ.

Летото 1941 година во Гуменџанско постои силна партиска организација во селото Извор. Уште во јули 1941 година на раководството од оваа организација му е дадена задача од Покраинскиот комитет за Македонија да преземе саботажни акции на железничката линија Солун - Гевгелија. За таа цел од комунистите се пренесени големи количини динамит и друг експлозивен материјал од рудникот во Извор и складиран на Кожув Планина.

По сеќавањето на Димитар Димчевски од село Љумлица (Шкра)

само во текот на 1941 година, три пати беше минирана линијата Солун - Гевгелија. Заплашен од овие први саботажни акции германскиот окупатор со помош на грчката полиција од градот Гуменџе ја спроведува првата акција за апсење на старите комунисти во септември 1941 година.

Во септември 1941 година еден џандармериски одред од Гуменџе го опколил селото Плагја со намера да ги уапси познатите комунисти Цангарас, Христо Козакис и Никос Вафијадис. Тројца џандари влегле во куќата на Козакис и го уапсиле. Но, пред излегување од дворската врата, Козакис успеал да се добере до својот пиштол и го убил едниот од џандарите. Вториот го ранил, а третиот толку многу се исплашил што го оставил оружјето и побегнал. Од тој ден тројцата комунисти од село Плагја Гуменџанско, преминале на левата страна од Вардар, во Кукушко како илегалци.

Поголемо омасовување на организационото движење е забележано во цела Егејска Македонија по 27 септември 1941 година по формирањето на ЕАМ, (Национален ослободителен фронт).

Програмата на ЕАМ: прогонување од земјата на германо-италијанскиот и бугарскиот окупатор, воспоставување интегритетот на Грција итн. со својата потенцирана национална платформа – го привлекува мнозинството од грчкото население во цела Грција. За Македонците меѓутоа, единствена утеха, иако минимална, се решенијата од Седмиот пленум на ЦК на КПГ од септември 1941 година и од Осмиот пленум (декември 1942 година), каде во однос на националните малцинства се вели: “Националните малцинства, посебно словеногласните Македонци треба да ја обединат својата борба со национално-ослободителната борба на грчкиот, српскиот и бугарскиот народ против бандитската фашистичка оска за победата на Советскиот Сојуз и подјармените народи, зашто само таа претставува гаранција и за нивното национално и социјално ослободување”. (“Десет години борба”, Атина 1935-1945, стр.

126-169.)

Во овој судбоносен момент за разгорот на Народно-ослободителната борба, меѓутоа, вака општиот и непрецизиран став на КПГ по македонското прашање, не можеше да претставува фактор за масовно мобилизирање на македонскиот народ, кај кое што антинародните режими во Грција со децении создаваа чувство на недоверба. И сега со отворањето ширум редовите на ЕАМ, подоцна и на ЕЛАС на довчера непријателските елементи од редовите на бившиот диктаторски апарат, беше природно таа вродена недоверба кај македонското население уште повеќе да се зголеми. Раководството на КПГ, самозадоволено од првите успеси на ЕАМ, го потцени тој факт, а тоа неминовно подоцна ги имаше своите негативни последици за целото народно-ослободително движење во Грција.

Од повеќето македонски стари комунисти индиректно се уочуваше недостатокот од револуционерен став на КПГ по македонското прашање и тие се повикуваа на линијата на КПГ до Шестиот конгрес на ЦК КПГ (јануари 1935) за самоопределување до отцепување на македонското национално малцинство. Оваа линија од споменатиот конгрес е заменета со ставот “полна рамноправност” на малцинствата. Израз на таа желба за формирање и на одделни македонски организации и раководства претставуваат подоцнежните поодделни иницијативи за формирање на МАО (Македонска ослободителна организација) и македонскиот реон во Воденско, на македонската партизанска група и СНОФ во Леринско и Костурско, што ќе видиме подоцна.

3. Први репресивни мерки на непријателот Преку реставрираниот државен апарат, новите одреди на џандармеријата, наречени екатондархии, преку стариот кадар од безбедноста и преку други лица, окупаторот е информиран за движењето на комунистите и другите патриоти. Во зоната окупирана од Германците отпочнуваат акции за наводно откривање на скриено оружје, при што се уапсени повеќе лица и егзекутирани без никаква судска постапка. Еве неколку вакви егзекуции: на 29 август 1941 година во Леринско се стрелани Кон. Лјаскос, Ставрос Стангулис и Мих. Тесијанос. На 24 септември во Солун се стрелани Стефанос Христифоридис и Костас Класидис. На 5 октомври во село Гостољуби, Мегленско, стрелани се Јеремијас Стефанидис, Кирјакос Чотилис и Костас заради поседување на оружје. На 30 октомври во Ениџе-Вардар е стрелан Панајотис Јаламас, на 4 ноември во Нигирита е обесен Михаил Војаџопулос, заради учество во движењето на отпорот. Со слични обвинувања во Солун стрелани се македонскиот студент Илија Капешев и Сократ Дјарирос на 13 ноември, а на 27 декември 1941 година само во окупираната од Германците Егејска Македонија (Солунско, Кукушко, Гуменџанско, Воденско и дел од Леринско) се стрелани 496 лица, обвинети за сокривање на оружје, или како учесници во саботажни акции и други напади против окупаторот, како што беа акциите во Нигритско на одредот “Андруцос”, во село Крмско, Калјарско и други.

Весникот “Македонија” во Солун од 19.II.1959 година во Записникот од процесот на воениот злочинец Mакс Мертен во Атина го објавува списокот на егзекутираните комунисти.

Истовремено од германскиот окупаторски апарат преку грчката полиција, која ги поседуваше списковите на старите комунисти, уапсени се многу Македонци комунисти и фрлани во логорот “Павлос Мелас” во Солун. Од Воден беа уапсени Јани Такев, Динко Делевски, Зиси Месимерчето, Ристо Петлев, од Русилово Фоти Типев, Ѓорѓи Димовски, Јани Шеретов, Христо Попов, Димитар Лесков, од Чеган.

Слични акции на разбивање на партискиот апарат во исто време се преземени и во Костурско, територија под италијанска окупација.

Еден специјален баталјон под командата на мајорот Де Прима се раздвижи низ Костурско во акција за скриено оружје. Како повод за започнување на оваа акција послужи ликвидирањето на шпионот Даилакис од месните комунисти од селото Жупаништа: Мичо Шишков, Вангел Танков, Зико Кољовски, Теохар Вуричков и Атанас Поплексов на 5 октомври 1941 година.

Блокадата на село Д’мбени е извршена на 28 октомври 1941 година, кога се уапсени голем број организирани комунисти и симпатизери на Партијата. И по другите села: Нострам, Дреновени, Рупишта итн. апсењата се вршени спрема списковите што на окупаторот му ги достави грчката полиција од Костур, а во повеќе села Италијанците ги придружуваа и одреди од самата џандармерија.

Од фамозните италијански “батаљони за претрес” од село Дреновени во декември 1941 година беа стрелани во градот Волос, Тесалија: Љондо Попвасилев, Андон Бита и Атанас Лазаров; од село Д’мбени беа уапсени и испратени во затворот “Аверов” во Атина 16 души. Оттаму во пролетта од 1942 година пренесени се во логорот во Кардица, Тесалија и стрелани:

Журков Наум, Москов Наум, Андриовски Христо, Кенков Живко, Скивинов Стасо и Чекров Никола. Во ноември 1942 година фатен е и секретарот на д’мбенската организација Коста Трповски и испратен во затворот “Аверов”, додека други осуммина беа одведени во злогласниот логор “Хајдари” надвор од Атина. Тука беа затворени и други комунисти: од Нестрам 19 души, а од нив беа стрелани: Паскал Луврадов, Нико Попјанов, Славе Тодоров, Јане Чакуровски и познатиот партиски првак од ова гратче, Верверис, кој под необјаснети околности беше најден мртов надвор од логорот. Во истиот логор беше стрелан и Бугев од Леринско, над кого долго време беше вршен притисок да направи декларација за покајување и тој секогаш одбиваше да го направи тоа.

Окупаторот преземаше жестоки мерки за да го ликвидира народноослободителното движење уште во стадиумот на неговото раѓање. Ударот што го претрпуваат партиските организации во цела Егејска Македонија ги доведува во безизлезност откриените кадрови. Tие се гонети од Германците, Италијаните и Бугарите и од грчката полиција, а самата КПГ до пролетта од 1942 година не беше определена дефинитивно за вооружена борба. Дел од патриотскиот кадар излегуваше во илегалност, во прво време на своја лична иницијатива, други пак преминуваа во бугарска окупациона зона со цел да ги сокријат своите траги.

4. Првите вооружени групи на НОБ Првата партизанска група во Костурско е образувана од илегалците на село Жупаништа, кои, како што рековме погоре, на 5 октомври 1941 година го ликвидираа шпионот Лаки. Кон средината на април 1942 година, во манастирот “Св. Тројца” покрај противењето на окружниот секретар на КПГ, Атанас Жјогас (Влав од Костур) беше формирана првата партизанска група во Костурско, која веќе доби и одредени задачи. На формирањето на групата присуствуваше лично и инструкторот на Покраинскиот комитет за Македонија, Лазо Трповски. (За револуционерниот лик на првоборецот од Костурско Лазо Трповски читај во Гласникот на Институтот за национална историја од Христо Андоновски, година IV. бр. 1-2 од 1960 година.) За командир на групата беше поставен Наум Пејов, а за комесар Коста Трповски, кој во ноември истата година е фатен од Италијаните и испратен на доживотна робија во затворот

“Авероф”.

При формирањето на групата - пишува Наум Пејов, искрсна прашањето, какви значки ќе носат борците. Лазо Трповски предложи борците да носат на левиот ракав лента со македонско знаме. Тоа го прифатија сите борци со воодушевување, а само секретарот Жјогас не беше согласен и упорно настојуваше на ставот борбата да се води под грчко знаме како грчка национално-ослободителна борба. Под услови на постојано интригување и клевети, ставена од една страна под ударите на окупаторот, а од друга под шовинистичкиот притисок на Зјогас, групата не можеше да опстане повеќе од два месеци. (Наум Пејов, “Прилози кон односот на КПГ по македонското прашање”.)

Во другите околии во ова време движењето за излегување в планина не покажува тенденции на македонска обоеност, туку се одвива заеднички од Македонци и Грци преку ЕЛАС.