Vistinata za Egejska Makedonija
МАКЕДОНЦИТЕ ПОД ГРЦИЈА ВО АНТИФАШИСТИЧКАТА БОРБА (1941-1944) - Part 02
Во декември 1941 година од ЦК КПГ и ЕАМ е решено да се формира ЕЛАС (Грчка народно-ослободителна војска), а во јануари 1942 година со решение на ЦК на ЕАМ е формиран ЦК на ЕЛАС, кој во февруари истата година го издава првиот проглас до народот и бившите офицери, во кој ги изнесува и целите на своето формирање.
Првите акции на ЕЛАС се изведуваат против даночните служби, против некои разбојнички банди, се обезоружуваат џандармериските станици и горат архивите на бившата диктаторска власт. Со овие први акции против квислиншката власт, ЕЛАС набргу ги спечали симпатиите на народот и неговата доверба како народна војска.
Во Централна Егејска Македонија во текот на летото од 1942 година е забележана активноста на првиот одред на ЕЛАС на планината Пајак. Во тоа време на теренот на Пајак Планина по селата вршеше разбојништва една банда по некој си Јованика, чии злосторства џандармеријата и реакцијата им ги припишуваше на комунистите од овој крај. И под изговор дека треба да се уништи разбојништвото, џандармеријата откај Гуменџе организира акција против партиските организации од источната страна на Пајак. Но намерите на полицијата и реакцијата пропаднаа, а партизанското движење уште повеќе се развиваше.
На 3 декември 1942 година во Гуменџанско е изведена првата партизанска акција против окупаторот. Беше решено да се нападне германската стража и грчкиот џандармериски пост на Боемички мост. Во оваа акција учествуваа 120 редовни партизани и повеќе доброволци од околните села на градот Гуменџе, на број околу 250 души. Мостот беше уништен и сите џандари заробени. При нападот на мостот минуваше еден германски воз, кој исто така беше нападнат. Беше убиен машиновозачот и еден гемански мајор.
Оваа прва значајна акција на борците од пајачкиот одред не можеше да ја игнорира нити буржоаската историографија и за неа Атанасиос Хрисохоу, бележи: “На планината Кожув во Меглен една вооружена група на ЕАМ ја пројави својата ослободитлна активност вечерта спрема 3 декември 1942 година со нападот на железничката станица во Гуменџе, кога беше разоружена џандармериската станица, составена од еден подофицер на полицијата и пет џандари и беше отепан еден германски машиновозач. Исто така, беше стрелана од далеку германската караула на мостот, кога беше ранет еден германски војник и пет работници Чеси. Истата партизанска група на 7 декември вечерта го нападна и рудникот “Мавродендро” (Црно дрво) близу до селото Фанос, кога беше пленета голема количина намирници и динамит”. (А. Хрисохоу “Окупацијата на Македонија” кн. I стр. 40, Солун 1950 година.)
На 9 декември Германците преземаа акција за чистење на Пајак и Кожув Планина против партизанските групи. Уапсени беа голем број селани од околните села и повеќето од нив испратени во концентрациониот логор “Павлос Мелас” во Солун. Само од село Љумница беа испратени 12 души, од кои еден, на име Фринц, веднаш беше застрелан. Од Германците беше пронајден партизанскиот логор врз село Н’те, на Кожув и изгорен заедно со складираната храна и муниција. По познатиот окупаторски начин, во Солун како противмерка заради нападот против германската композиција и караулата на мостот на Вардар, на 31.XII.1942 година беа стрелани 25 заложници, претежно комунисти”. (В. “Македонија” од 20.II.1959 година од записникот од процесот на Макс Метрен.)
Партизанската група од Пајак и Кожув Планина водеше николку борби со германската војска, но пред надмоќноста на непријателот партизаните се повлекоа од Кајмакчалан и на Каракамен (Вермион) Планина. Есента од 1942 година веќе партизанското движење вивнува во целиот воденски округ. Од Воден на Кајмакчалан излегуваат првите Македонци партизани:
Коста Симади, Гито Салахоров, Коста Циронков, Алеко Црвенката, Вангел Кордалов, Христо Почепов, Колокотронот, Атанас Провата и други. На Пајак Планина во 1943 година се формирани одредите на капитан Герафис и Никитарас, а во нив учествуваа и истакнатите борци од градот Гуменџе Алеко Зеленков, Алеко Пишута, Атанас Попстојанов, Томо Садразанов, Вангел Караѓорѓев, Иван Ковачев, Клеархос Димчевски од Љумница, Апостол Симовски од Извор, повеќе момчиња од селата Црна Река, Баровица, Крива и други. Голема група партизани есента од 1942 година се наоѓаа и на планината Вермион (Каракамен).
5. Во Леринско формиран одредот “Вич” На 28 февруари 1943 година во село Лаген беше формиран првиот лерински одред “Вич”, од постојните мали илегални групи. Меѓу првите борци на одредот беа: Илија Димовски - Гоче, Кочо Калинов, Ламбе Поповски, Милтијади Попниколов, Ѓорѓи Калинов, Ѓорѓи Русов, Јани Чочев, Христо Сахидис -Панделис Масиотис, Ѓоргос Гавриилидис, Пасхалис Пападопулос - Спартакос, Атанас Фуртунас, Стојан од Лерин.
Неколку дена подоцна во одредот стапија и други борци како Ристо Коленцев од Лерин и други, така што одредот порасна на
35 души.
Меѓу првите акции на одредот “Вич” е обезоружувањето на џандарите во село Воштарени, Леринско. Беа обезоружени 20 џандари. Осем оружјето, муницијата и храната одземена од овој участок, моралниот ефект од акцијата беше неоценлив.
Окупаторот и неговите домашни слуги во градот Лерин беа обеспокоени во голема мера. Уште на другиот ден по акцијата, беше пренесен глас, дека 5.000 партизани дејствуваат во околината на градот, а германската команда се забарикадира во Лерин и заведе строги контролни мерки.
На 20.V.1943 година организиран е напад на возот на линијата Лерин - Воден, за ослободување на политичкиот затвореник Хараламбос Хараламбидис - Атанатос. Акцијата беше изведена со успех, при што беа убиени 4 Германци, тешко ранет германскиот шпион Папатанасиу, запленето доста оружје и опрема, а самиот затвореник ослободен.
Одредот “Вич” заедно со одредот “Даме Груев” од Битолско изведоа заеднички акции за обезоружување на Македонските села од Костурско, наоружени од итилијанскиот окупатор и заведени од бугарската фашистичка пропаганда. По четири месеци од своето формирање одредот броеше повеќе од 80 борци. На 20 јули 1943 година беше донесено решение од овој одред да се формираат 4 помали одреди и тоа: одредот “Вич” одредот “Кајмакчалан” со командант Гоче, “Бигла” со командир Мичо Топурков - Титан и “Даули” крстени по имињата на планините, каде би дејствувал секој од нив.
6. Одредот “Лазо Трповски” од Костурско Покрај негаторскиот однос на партизанското раководство од Покраинскиот комитет на КПГ за Македонија спрема тежненијата на македонскиот народ од Егејска Македонија за формирање на сопствени политички и воени организации, во септември 1943 година сепак беше дозволено во Костурско да дојде до формирање на одредот “Лазо Трповски”. Одредот го доби името на заслужениот борец и политички раководител од овој крај Лазо Трповски, кој во меѓувреме загина во селото Имера, Кожанско, од банда на колаборационистичката организација ПАО.
Формирањето на одредот го диктираа следните причини:
Населението од оваа околија чисто македонско, со недоверба гледаше на КПГ, ЕАМ и ЕЛАС, кои Народноослободителната борба ја водеа врз пренагласена национална платформа. Тоа подозирање кон се грчко, кое одамна беше фатило корени кај македонското население, сега беше уште повеќе зголемено и од нетактичните шовинистички истапи на повеќе раководители на ЕЛАС по македонските села. И токму ваквите екстремности на ЕЛАС беа искористени од окупаторот и бугарската пропаганда за вооружување на дел од населението на страната на окупаторот. Овој најнов елемент впрочем, беше и судбоносен, раководството на Партијата да пристане на формирањето на одделен македонски одред. Во случај тука на овој терен да завладеаја наоружените контраши, Корешчата, територија што ги поврзува планините Вич со Грамос, која од друга страна служеше и како неисцрпен извор за храна и нови борци за Движењето на отпорот, ќе беше изгубена за ЕЛАС. Пред ваквата опасност беше дозволено формирањето на одредот, кој за кусо време придонесе повеќето од македонските села да бидат вклучени одново во НОБ.
Одредот “Лазо Трповски” одигра голема мобилизаторска улога во Корешчата и поради фактот што борците носеа на капата петокрака ѕвезда наместо значката на ЕЛАС и агитацијата ја развиваа врз македонската национална основа. Меѓутоа, како што ќе видиме понатаму, животот и на оваа македонска оружена формација траеше многу кусо време, зашто пролетта од 1944 година и овој одред беше расформиран.
Во меѓувреме, и некои надворешни фактори, како разбивањето на германската армија под фон Паулус кај Сталинград, напредувањето на сојузниците во Северна Африка итн.
придонесуваат уште повеќе да се прошири движењето на отпорот во цела Грција. ЕЛАС веќе како масовна воена организација прераснува во силна народна војска, која забележува во својата актива борби како тие во Бугази, кај Сјатиста, Каица, Доменико, Цанкарадес и други, каде непријателот имаше големи загуби. Според податоците објавени во “КОМЕП” (орган на ЦК КПГ) од декември 1944 година во споменатите битки од 1943 година Италијанците имаа 235 убиени, 880 ранети, еден генерал и 20 офицери исто така убиени. Во исто време Германците имаа околу 1.000 убиени и ранети и 1.200 заробени.
Бидејќи курсот на раководството на движењето на отпорот за цело време на окупацијата е организирање и концентрирање на силите во градовите за политичка борба, во текот на 1943 година во градовите од Егејска Македонија од ЕАМ се организирани повеќе штрајкови и други манифестации против скапотијата, непласирањето на извесни индустриски производи, како свилени кожурци, тутун итн; против црната берза и мерките на грабеж на селското производство од органите на квислиншката власт. Во Воден на неколкуте организирани митинзи учествуваа повеќе од 10.000 работници и граѓани, во Ениџе-Вардар преку 8.000 граѓани и селани од околијата, во Гуменџе преку 5.000 души. Во Лерин беше организиран масовен митинг во август 1943 година, на кој учествуваа преку 15.000 демонстранти. Слични штрајкови и демонстрации беа приредени и во градовите Костур и Рупишта. Незаборавен ќе остане митингот во градот Субоцко од ноември 1943 година каде преку 20.000 жители од целата околија со црни знамиња и транспаренти демонстрираа на градскиот плоштад.
Најмасовен карактер земаа демонстрациите против влегувањето на бугарската окупаторска војска и западно од реката Струма во градот Нигрита, на кои учествуваа околу 30.000 души. Во Солун, Негуш и Бер, беа организирани уште почести демонстрации и штрајкови со учество на голем број граѓани, а пред се работници. Окупаторот знаеше дека зад сите овие манифестации стои ЕАМ и КПГ и неговиот одговор беше засилување на репресивните мерки, егзекутирање на повеќе родољупци и масовното испраќање на луѓе во концентрационите логори. Германскиот окупатор беше повеќе оѕверен особено по капитулацијата на Италија на 8 септември
1943 година.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/the-truth-about-greek-occupied-macedonian-vistinata-za-egejska-makedonija-e-book-macedonian/8 на 29 октомври 2026