Vistinata za Egejska Makedonija
ГЛАВА ПЕТТА - СНОФ во Леринско и Костурско и Македонскиот Реонски Комитет во В - Part 02
Со расформирањето на СНОФ во исто време се ликвидираа и воените групи на оваа организација и се слеваа во единиците на ЕЛАС. Но, сето тоа имаше лоши последици. Од една страна, предизвика расцеп во самиот антифашистички фронт, а од друга, создаде благопријатни услови автономистичката фашистичка пропаганда да заведе приличен број Македонци и одново да ги вооружи.
Негативните последици од ваквата политичка тактика на КПГ по македонското прашање уште во јануари 1944 година му беа уочени на Покраинскиот комитет на КПГ за Македонија од секретарот на Окружниот одбор на СНОФ во Костурско - Лазо Дамовски. Tој на 24 јануари 1944 година пишува до Западномакедонското биро (оддел на Покраинскиот комитет)
меѓу другото:
“Во условите на Втората светска војна, народноослободителното движење во сите окупирани земји на Европа и на Балканот отвори еден нов пат, тоа е самоопределувањето на народите. Сосем е оправдано и Македонците, кои толку крв пролеаја во Илинденското востание 1903 година и кои денеска се борат против фашистичките напаѓачи давајќи нови жртви, да ја бараат својата слобода. Во Вардарска Македонија другарите направо одат кон тој правец...”
“Македонците во територијата на Леринскиот и Костурскиот округ претставуваат мнозинство од населението (70 отсто). Тие денес се борат рамо до рамо со грчкиот народ. Дали по истерувањето на окупаторот врз основа на Атлантската повелба и тие ќе го имаат правото на самоопределување? Дали тие заедно со своите браќа од српскиот и бугарскиот дел на Македонија ќе може да создадат една македонска Народна Република, бидејќи и економски, и географски, и етнички претставуваат една целина?” “КПГ им вети на Македонците рамноправност во рамките на една Народна Република во Грција, додека за Додеканезите и Кипар, поставува прашање на самоопределување врз база на принципот за самоопределување. Оправдано Македонците се прашуваат: Зошто тогаш нас не не оставаат слободно да ја создаваме својата национална култура и да се бориме за нашите идеали, кога и ние составуваме нешто одделно, кога не сме Грци, туку Македонци? Да не би Партијата се плаши од реагирањето на шовинистите? Или го нема доволно проучено тоа прашање поради немање на документи? Ако се случува првото, како тогаш Партијата ќе ни обезбеди рамноправност?
Не ќе реагираат ли пак шовинистичките елементи? Но, Партијата се бори против шовинизмот и “големата идеја”.
Значи, се случува второто, за кое треба Партијата во најскоро време да направи анализа на денешната стварност и да го даде правилното решение по македонското прашање...” Меѓутоа, опортунистичкиот и крајно попустлив став на КПГ и ЕАМ пред владата во емиграција и спрема Англичаните доведе до ликвидирање на македонските политички организации СНОФ во Костурско и Леринско и одделниот македонски реон во Воденско. Тоа предизвика голем револт кај македонските комунисти, нешто што го најде својот израз во отцепувањето на група од околу 40 македонски партизани од редовите на ЕЛАС во Костурско. Тие на чело со Наум Пејов образуваа одделна група, која поради притисок од ЕЛАС премина на југословенска територија на Караорман. Слично нешто беше направено и од група македонски борци во Леринско, кои со Ѓорги Турунџов преку Преспа заминаа и тие за Караорман, а во Воден Вангел Ајанов, еден од оние македонски кадрови, кои настојуваа да се формираат македонски одреди, беше уапсен и одведен на Пајак Планина.
Од Костурско беа уапсени од ЕЛАС раководителите на СНОФ Лазо Дамовски, Паскал Митревски и Лазо Поплазов. На Кајмакчалан на нечесен начин беа убиени македонските реонски раководители од Островска околија Пандо Џиков, Димитар Лесков и 10-мина други од село Чеган и тројца од Русилово.
За создадената положба КПГ не се потруди да ги пронајде причините во сопствената немарксистичка политика по македонското прашање и на место таа самата да се подложи на една искрена, смела и подробна анализа и критика за своите сопствени грешки по ова прашање, го избра најлесниот пат: се обиде вината за расцепот да ја префрли на македонските единици од Вардарска Македонија, кои наводно ширеле автономистички идеи среде Македонците во Грција.
ГЛАВА ШЕСТА - Формирање на Македонски баталјони Со пребегнувањето на групата борци од Костурско во Караорман, кои и беа вклучени во македонските единици на НОВ во Вардарска Македонија, се судираа две тактики на две комунистички партии. КПГ настојува да и бидат вратени “дезертерите” за да бидат “примерно” казнети и никако не се потруди да ги проанализира подлабоките причини за оваа ситуација.
КПЈ од друга страна, отцепувањето на групата го сметаше како природна последица и одговор на една опортунистичка тактика, која не му дозволуваше на македонскиот народ да се бори од свое име против фашистичките окупатори. Мораше да се дојде до преговарање, кога и беше решено пребегнатите борци да се вратат во ЕЛАС и КПГ да го дозволи формирањето на одделни македонски единици во Воденско и Леринско - Костурско. Во тој дух беше напишано и испратено до македонските единици од Вардарска Македонија и познатото писмо од делегатот на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ на Југославија, Орце -Добривоје Радосавлевиќ, кое беше прочитано на партиските конференции на околиските организации на КПГ во Воденско, Леринско и Костурско.
Времето, меѓутоа, минуваше во дискусии, дали да се формираат македонски единици, до какви формации ќе се развијат, какви значки ќе носат. Во тоа време непријателот кој ги знаеше тежненијата на македонскиот народ, преку Калчев (бугарски офицер за врска кај Германците во Воден, Лерин и Костур) се обиде да го искористи незадоволството и недовербата на Македонците спрема движењето на АЕМ и ја протури паролата за “Независна Македонија”.
Лозунгот “Независна Македонија” беше лансиран од окупаторот и неговите помагачи, кој истовремено и на романо-власите од Пинд им ветуваше влашка држава и на Шиптарите Велика Албанија. Решенијата од Второто заседание на АВНОЈ, каде на дело веќе се признаваше правото на македонскиот народ на одделна нација, која има право на формирање своја држава, и Хитлерова Германија за да реагира на историските решенија од АВНОЈ и да створи конфузија на Балканот, помисли за формирањето на една “независна” македонска држава со престолнина во Солун, од типот на НДХ и Словакија се разбира, како германски сателит.
Во врска со горното, Валтер Хаген меѓу другото пишува:
“Во 1941 година Хитлер малку беше заинтересиран за Македонија. Дури кон 1943 година тајната служба со еден свој меморандум успеа да го обрне вниманието на Хитлер за предностите што би ги имала Германија од формирањето на независна македонска држава со престолнина во Солун, пријателски расположена спрема Германија и преку оваа држава Германија би се добрала до Егејско Море. Тоа би могло лесно да се оствари во 1943 година. Но беше сосема доцна во 1944 година, кога Германија дојде во контакт со Ванчо Михајлов, кого го доведе со авион во Македонија да го запознае народот со своите врски со Германија и со нејзиното решение да создаде независна македонска држава. Tој сметаше дека е веќе доцна и изјави дека не може да преземе такви чекори кои сега многу мачно можат да се реализираат”.
И Ванчо Михајлов во својата книга “Македонија Швајцарија на Балканите” пишува дека биле воспоставени врски меѓу бугарската влада и Дража Михајловиќ преку Германците за создавање на автономна македонска држава.
Од пропагандата на Калчев и Димчев, (овој последниот специјално испратен од Софија со задача за формирање на автономистички банди), кон средината на јуни заврбувани се извесен број Македонци и во Воден е формирана автономистичката формација “Охрана”, додека во Костур -Леринско одново е засилено вооружувањето на оние села што во март 1943 година беа наоружани од Италијанците по иницијатива на шефот на италијанската известувачка служба, Равали.
“Охраната” беше воена формација со седиште во Воден, која оперираше заедно со германските единици. Во текот на еден месец бројот на вооружените контрачетници во Воден се качи на околу 700 души, повеќето дојдени од Гуменџанско и други места. Поедини припадници на “Охраната” охрабрени од своите организатори се истакнаа како големи злочинци. Го тероризираа населението во градот и по селата каде што обиколуваа. Петтото училиште во Воден беше претворено во вистинско мачилиште за комунистите и патриотите - Грци и Македонци. Првите жртви на Охраната во Воден беа пензионираниот мајор Атанасоглу, Сиганидис, Георгиос, Ипократис, Аспалидис, учителот Лазарос Вафијадис, Каравасилис, Василиос, Наско Печинаров, Георгиос Акритидис, Ставридис Кариофилис и други. Сите основни организации на отпорот во градот беа разбиени. Македонската група од смелите диверзанти во градот: Христо Кардалов, Алеко Црвенката, Туши Керамитчиев, браќата Ѓашареви, Христо Почепов, Леонида Пројов и други и задаваат успешни удари на реакцијата и Охраната, ликвидирајќи некои од поактивните соработници на Охраната.
ЕЛАС за да го спречи стапувањето на Македонците во Охраната по селата ги гори куќите на наоружените. На неколку пати го напаѓа вооруженото село Јаворјани, но без успех. КПГ пред настанатата ситуација не може да го избегне она што и беше најповеќе непожелно - формирањето на одделни македонски единици во рамките на ЕЛАС. Но, ако најпосле Покраинскиот комитет на КПГ за Македонија нареди да се формираат македонски единици во Воденско и Леринско -Костурско, тоа го направи под притисок на настаните и повеќе како маневар за привлекување на македонскиот народ дури да биде ликвидирано контрачетништвото. Дека на раководството од Покраинскиот комитет не му беше до формирање на одделна македонска народно-ослободителна војска особено по преземените обврски од Либанската конференција, сведочи острата критика направена од П. К. на човекот од Деветтата дивизија на ЕЛАС, Ренос, кој божем по своја иницијатива допушти да се формираат батаљони во Костурско и во Воденско. Карактеристичен е следниот дијалог на претставникот од П. К. со Ренос:
Претставникот од П. К. (Стрингос): зошто си формирал баталјони кога наредбата беше да се формираат само по една чета во Костурско и Караџова.
Ренос: - А која ќе беше штетата ако беа формирани дивизии?
Претставникот од П. К.: Tи си наивен. Ако Македонците имаат дивизии, тогаш ние немаше да се наоѓаме во Македонија... (Од едно писмо на Ренос до Добривое Радосавлевиќ - Орце. Текстот се наоѓа во воениот историски архив на ЈНА).
На 16 јули 1944 година на Кајмакчалан е формиран македонскиот батаљон од Павле Раковски - Гоце и Ѓорги Атанасов - Блаже, а подоцна од Окружниот комитет во Воден, беше испратен и организациониот секретар на Окружниот комитет на КПГ за Воденско Ѓорги Урдов - Џоџо, како комесар на батаљонот. Овој настан во Воденско од македонскиот народ беше поздравен со масовно стапување на македонската младина во македонскиот батаљон. Батаљонот логоруваше над селото Горно Родиво на Кајмакчалан и секој ден десетина младинци тргнуваа од своите далечни села со единствена желба - да бидат борци во македонската војска. Историјата не памети таква масовност, како што беше случајот со селата во Мегленско, Баово и Пожарцко, од кои излегоа веднаш преку стотина борци, а многу од нив и со свое оружје што старите го криеја како нешто свето по куќните скривалишта.
Кај населението во Мегленско и Воденско на голем одѕив наиде првиот повик на македонскиот батаљон, напишан на македонски јазик и во кој се изнесуваа целите на антифашистичката борба. Содржината на прогласот гласеше:
“Братја, Свестете се и разберете: оваа голема борба не е борба на Грците против Бугарите, не е борба на Бугарите против Србите тука на Балканот, туку е борба општа на народите против проклетите фашисти. Иста работа се прави по целиот свет. Здружени со Црвената армија сите народи водат борба на живот и смрт против тираните фашисти. Додека беше силен германскиот фашизам и беше жив италијанскиот фашизам, народните сили тука на Балканот само против нив се бореа. А откако фашиските орди се строшија по фронтовите и италијанскиот фашизам псојса, германскиот фашизам ги наоружи Грците фашисти и за да тргне наши деца Македончиња испушти едни фашисти кучишта измеќари на фашизмот Калчев, Димчев и др.
како нив. Они излажаа и собраа, неколку деца, му дадоа оружје ги правија измеќари на германските фашисти.
Така нашата македонска народна војска здружена со грчката народна војска се бори сега тука против Германци и Грци фашисти и против нашите деца!
Грците фашисти и нашите излажани деца од с’штиот магазин зеја оружје...!
Грците фашисти, Грците џандари знајме зашто се борат... А и нашите излажани од Калчев, Димчев и др. здружени со Грците џандари под германскиот фашизам се борат не за Македонија, а за фашизмот против македонската народна војска, против македонскиот народ!
Македонски народе!
Нашиот пат не е со фашистите. Само здружно со грчкиот народ тука и со другите народи ќе си ќариме човечки живот и вечна слобода.
Фашизмот ќе умре... Италијанскиот народ стана против него.
Руманскиот народ с’што. Чехословачкиот, францускиот, филанцкиот и б’лгарскиот народ с’што...
Деца на Македонија!
Напред во редовите на народната македонска војска против фашизмот. Здружено со народната војска на грчкиот народ, против проклетите тирани, против Грците фашисти, против сите фашисти!” Само во рок од неколку дена беше екипирана првата чета од македонскиот баталјон на Кајмакчалан со командир Петар Тануров и комесар Парикли Јовчев и веднаш заминува на акции против окупаторот. Оваа чета зема учество во огорчените борби со Германците и грчките фашистички банди што им служеа на Германците, во Ениџе Вардар, Крија Вриси (Пласничево) во Солунско и во борбите во Кукуш, покажувајќи насекаде примерен хероизам и самопожртвуваност.
Длабок беше одјекот од формирањето на македонски единици и во редовите на “Охраната”. Командантот на “Охраната” во Воден, Димчев, побара да дојде во врска со штабот на македонскиот баталјон на Кајмакчалан со цел неговата единица да премине на страната на партизаните, извлекувајќи го истовремено од градот лесното и тешко оружје. Во август 1944 година беше организиран состанок во с. Теово, Воденско, каде се сретнаа Димчев - и Џоџо - комесарот на македонскиот баталјон, за преговарање. Условите на Џоџо беа: Сите Македонци да ја напуштат “Охраната” и да се приклучат кон народната војска. Во борбата против окупаторот тие ќе можат да го измијат срамот од своите лица и да им се прости грешката што беа заведени од непријателската пропаганда. Беше подвлечено дека на оние лица што ги извалкале своите раце во народната крв ќе им се суди спрема нивните дела. Со прифаќањето на овие предлози ќе се разоружеше “Охраната” а македонскиот баталјон ќе се снабдеше со неопходното тешко оружје и муниција од кое имаше огромна нужда; ќе ослабеше силата на окупаторот и на тој начин ќе се создадеа благопријатни услови за ослободувањето на градот.
Димчев се јави со предлог, целата негова сила да премине на страната на партизаните, но да си го задржи правото на одделна формација со заеднички штаб. Овој предлог не беше прифатен од Џоџо од сосем разбирливи причини; македоскиот баталјон на ЕЛАС располагаше со оружје одвај за една чета и тоа во поголемиот дел од стари дефектни пушки. Во случај на некаква несогласност македонскиот баталјон би се нашол во незавидна положба, додека “Охраната” располагаше со сосем ново модерно оружје. Освен тоа, во случај “Охраната” да се придружеше како одделна формација во редовите на ЕЛАС, тоа ќе беше погоден материјал за реакцијата против Народноослободителна борба. Овие преговори беа забележани од некои луѓе во “Охраната” вистински злочинци, кои го претчувствуваа својот крај и јавија на Гестапо, кој презема строги мерки за оневозможување секаков контакт и атитација за ликвидирање на “Охраната”. Сепак со агитацијата на македонскиот баталјон голем дел контрачетници од “Охраната”, кои не извршија некој злочин против народот, го фрлија своето оружје, други со оружје се приклучија кон партизаните и скоро сите се бореа и повеќе од нив загинаа чесно, борејќи се против окупаторот.
На 20 јули 1944 година, на состанокот во с. Поздивишта -Костурско, беше формиран и костурско-леринскиот македонски баталјон на ЕЛАС со командант Аминдас и комесар Илија Димовски - Гоче од Лерин. Јатката на овој баталјон беше составена од македонските борци кои по спогодбата меѓу Главниот штаб на НОВ за Вардарска Македонија и ЕЛАС се вратија од Караорман во Костурско. И во Леринско и Костурско како во Воденско стапувањето на македонската мдадина во редовите на македонскиот баталјон беше масовно. Дури реакционерниот историчар Полис Јоанидис признава: “Одењето на Славофоните во војската беше масовно и 300 од нив беа упатени во Ланга, седиште на 28 бригада на ЕЛАС, за да бидат наоружени. Но, командантот на бригадата Лазаридис Хр. по своја иницијатива наоружува само 50, кои ги растурува во единиците на 28 пешадиска бригада, а на другите им дава привремен отпуст...” (“Мистеријата на Гоче”, одломка 169 во в.
“Елиникос Вордас” од 4.VII.1955).
Веднаш по своето формирање баталјонот заминал на акција за разоружување на наоружените од Комитетот села.
Само за 15 дена беа обезоружани селата Прекопана, Черешница и други села; запленети преку 200 пушки, неколку тешки митралези и муниција.
Нападот од македонскиот баталјон на градот Лерин имал голем успех. Беше запален германски склад со бензин, еден склад со муниција уништен како и целата даночна администрација. Во огорчените улични борби во градот, каде борците дојдоа гради в гради со непријателот, беа убиени 80 германски војници. Од заседа на баталјонот во август 1944 година беа изгорени 10 германски камиони, заробени 15 германски војници и ослободени од германски раце 110 пленици Црвеноармејци (Арменци). Во овие неколку акции во август 1944 година беа исфрлени од строј и убиени 220 Германци. Баталјонот водеше против окупаторот постојани борби во подрачјето на Бигла Планина, уништувајќи ги неговите комуникации. При една битка во с. Каменик по патот Лерин - Битола беа убиени други 60 германски војници.
Одвојување на македонските баталјони Уште во почетокот на формирањето на македонските баталјони на Кајмакчалан и Вич Планина изникнаа некои прашања, што беа лоши предзнаци за исходот на борбата а уште повеќе ги натераа македонските раководители да се сомневаат во добронамерноста на Компартијата и раководството на ЕЛАС.
Масовното пристапување на македонската младина во овие македонски единици не само што не го одушеви раководството на КПГ и ЕЛАС, туку напротив длабоко го вознемири и не помина многу време кога дојде до израз првото реагирање.
За Кајмакчаланскиот баталјон лекарската комисија што ги прегледуваше доброволците беше сместена на растојание од 8 часа од штабот на баталјонот во с. Манастир. Младинците кои идеа за во баталјонот минуваа од лекарската комисија, која голем број од нив ги одбиваше да стапат во партизани, бидејќи се констатирало дека “не биле способни” и дека требало да се вратат по своите домови. Оние македонски младинци што покрај “советите” од лекарите упорно настојувале да стапат во партизани, ги праќаа не во македонскиот баталјон на Кајмакчалан за каде беше нивната желба, туку во многу далечни единици во XVI бригада во Негушгко итн.
Исто се случуваше и при мобилизацијата на македонски партизани во Леринско - Костурско. Кога 200 македонски младинци се јавиле во с. Д’мбени за партизани, лекарската комисија категорички им забранила да стапат во македонскиот баталјон. По неколку дена на овој како и на Кајмакчаланскиот баталјон му е наредено да држи под оружје само една чета, а другите две чети да седат без оружје во моментот кога во село Поздивишта постоел организиран склад, кој располагаше не само со голем број пушки, туку и со минофрлачи и митралези.
Тоа за македонските раководители од баталјоните и за сите македонски борци беше сосем несфатливо, во момент кога сите сили на народот требаше да бидат мобилизирани против окупаторот за неговото уништување дури и надвор од земјата.
По неколку дена пристигнало од 28-та бригада писмо до македонскиот баталјон во Костурско сите офицери и борци, кои имаат пиштоли да ги предадат, бидејќи биле потребни за “ОПЛА” (диверзантите) во Солун. Потоа штабот на дивизијата барал да му бидат испратени 5 пушкомитралези, колку што ги имаше баталјонот, знаци кои јасно говореа дека се оди кон обезоружување на баталјонот. Со друга една наредба се бараше од баталјонот да испрати една екипирана чета во с. Флабуро
(Негован).
Подозирањата во намерите на раководството на КПГ - ЕЛАС се зголемија по дознавањето на содржината на едно поверливо писмо наменето за комесарот на 28-та бригада на ЕЛАС, Захаријас, во кое се подвлечувало следното: “По секоја цена ќе треба баталјонот на Гоце да се премести на југ, во краен случај да се нападне и обезоружи, бидејќи тој претставува опасност”.
Пред да се дознае содржината на ова строго поверливо писмо, Гоце беше примил и друго писмо од дивизијата, баталјонот да биде преместен во гр. Сјатиста. Зошто сето ова? Не постоеше веќе никакво сомневање дека се одеше кон ликвидирање на македонските единици. Сега не постоеше Комитет, и контрачетници, и следователно на КПГ и ЕЛАС му “сметаше” постоењето на македонските единици, бидејќи за некој ден пристигаше во Грција и владата на “националното единство” на Папандреу и КПГ би требало да му удоволи на министер-претседателот на владата на “националното единство”, кој по радиото изјави дека “за Грција не постои македонско прашање”.
Македонскиот баталјон од Леринско - Костурско пред ваквата ситуација презема мерки за своето обезбедување. Ги запоседнува стратегиските височини на Бигла Планина и без да ги прекине борбите со Германците, подозира и напад од единиците на ЕЛАС. Во тоа не се излагаа македонските борци.
По неколку денови баталјонот беше нападнат од 28-та бригада на ЕЛАС на чело со Јанулис. Баталјонот не беше изненаден и во судрувањето 28-та бригада ќе беше поразена, но раководството на македонскиот баталјон се надеваше се уште дека ќе се пронајде заеднички јазик да се разберат како луѓе со иста идеологија и стремежи. Пред големата концентрација на сили од ЕЛАС и за да би се избегнало пролевањето на братска крв, баталјонот, на 13.Х.1944 година се повлекува во територијата на Вардарска Македонија и од таму ја продолжува борбата против германските сили, кои од Лерин се повлекуваа кон Битола - Прилеп.
И Воденскиот баталјон пред опасноста да биде расформиран, преку Кожуф Планина се повлекува во Кавадарско на 16 октомври 1944 година.
На 17 ноември 1944 година од Леринско-костурскиот и воденскиот баталјон во веќе ослободената Битола е формирана Првата македонска ударна бригада на Македонците под Грција со командант Илија Димовски - Гоче и комесар Михаил Керамитчиев, а по неколку дена бригадата замина на теренот на Шар Планина во борба против балистите.
Отцепувањето на македонските баталјони се должи првенствено на погрешната тактика на КПГ и ЕЛАС по македонското прашање; се должи на шовинистичкото слепило и опортунизмот од кои беа нагризени поголемиот дел од раководителите на КПГ. Од друга страна, тоа отцепување беше израз на негодување и протест на македонскиот народ, на кој не само му се оспоруваше правото за самоопределување, туку дури и формалната рамноправност, да се бори заедно со грчкиот народ за слобода во рамките на самата Грција.
Покраинскиот комитет на КПГ за Македонија наместо да го ревидира својот став, или барем да направи совесна анализа на настаните, издава директива од окружните комитети за Воденско, Леринско и Костурско да го квалифицираат отцепувањето како антиреволуционерен акт на издајници.
Преку целиот партиски печат раководителите од македонскиот баталјон се наречувани комитаџии, автономисти, продадени на Интелиџенс-Сервис и што најувредлив збор постои во грчкиот речник, беше употребен во нечуената клеветничка кампања.
Во позивот на окружниот комитет на КПГ за Костурско од 13.XI.1944 година еве меѓу другото што се вели:
“Многу Славомакедонци од баталјонот на Гоце свесно или несвесно продолжуваат со расцепувачката тактика, која е осудена од нашата Партија. Ја одделуваат борбата на Славомакедонците од борбата на Грците и така стануваат органи и поткрепувачи на туѓиот и домашниот фашизам. Со тоа им штетат на Грците, но ги упропастуваат и Славомакедонците.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/the-truth-about-greek-occupied-macedonian-vistinata-za-egejska-makedonija-e-book-macedonian/10 на 29 октомври 2026