Vistinata za Egejska Makedonija
ВО ВИОРОТ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА - Part 06
2. Почеток на офанзивата Во првите денови на офанзивата, главнината на ДАГ е затечена на теренот: Козјак – Аграфа во Западна Тесалија. Цел на владината војска беше во првата фаза на операциите да се заобиколат што поголеми единици на ДАГ на означениот терен.
Тука уште на 9 март 1947 година Првиот корпус на регуларната војска започнува операции за чистење од двете страни на патот Ламија - Карпениси. Борците на ДАГ од овој терен го осуетуваат опколувањето и се префрлуваат во позадината на непријателот на теренот Навпактија и Дорида, така што Првиот корпус голем дел од своите сили мораше да ги ангажира за обезбедување на своите комуникации во позадината.
Главните операции се започнати на 22 април и во нив учествуваат околу 12.000 војници од пешадијата, одделно од артилеријата и авијацијата. Операциите се водат на терен чиј периметар изнесува околу 300 км. А според владините соопштенија на истиот терен се затекнале околу 3000 до 3500 борци на ДАГ. Ако Врховниот штаб на регуларната војска не ги реализира со успех своите цели, имено, опколувањето и уништувањето на единиците на ДАГ на ова подрачје, тоа се должи пред се на следните околности:
а) Главниот штаб на ДАГ не дозволи да биде изненаден и имаше достатно време да го изготви својот контраплан.
б) Во тоа време ДАГ имаше одлична известителна служба по селата на целата територија.
в) Малите формации и лесното оружје и дозволуваа на ДАГ послободно да маневрира, да ги избегнува концентричните удари на противникот и г) Планинскиот терен со различните висини како и лошото време кое владееше додека траеше првата фаза од офанзивата не и дозволуваа на авијацијата да изврши успешни летови.
Така, загубите на ДАГ според владиното соопштение од 25 април 1947 година, изнесуваа: 651 убиени, 84 заробени, 414 исчезнати и 117 предадени, или вкупно 1266. Од владината страна освен џандармеријата имаше убиени 31, фатени и ранети 80 или вкупно 111. Меѓутоа, според соопштението на штабот на ДАГ за Тесалија, на чиј терен се водеа операциите, за загубите од двете страни се дадени следните бројки, кои изгледаат и поверодостојни: од ДАГ убиени 130, ранети 42, пленици 39, вкупно 211. Од владината војска: убиени 219, ранети 294, пленици 19, онеспособени од замрзнување 130, или вкупно 662.
Во исто време беа уништени камиони 22, тенкови 3 и мобилизирани 300 нови борци. (1 Весник “Ризоспастис”, орган на ЦК КПГ, од 13.V.1947 год.)
Втората фаза од пролетната офанзива започнува на 11 мај 1947 година и се води на еден хоризонтален фронт од околу 250 км.
Од Мечово, на запад се до Еласона на исток. Во оваа фаза на операциите интимна цел на владините сили не е повеќе заобиколувањето на ДАГ и нејзиното уништување, туку едно чешлање на теренот и истиснување на единиците на ДАГ кон север. Во овие операции учествуваа околу 30 баталјони, потпомогнати и од други единици.
а) Со потиснувањето на единиците на ДАГ кон север ќе се обезбедат нови бази, што подоцна ќе се користат како отскочна даска за идната трета фаза на операциите; б) партизаните ќе се лишат од важните стратешки пунктови и резервоари за храна и нови борци; в) ќе се прекине врската меѓу штабовите на Западна Македонија и Тесалија. Операциите според предвидениот план завршија на 19 мај. А кон средината на јуни владината војска го проширува секторот на операциите и на планината Олимп. Резултатот: владината војска, благодарејќи на големиот број и обилните средства ја реализира својата цел да ги заземе одбележените терени, но не успева и да ја ликвидира ДАГ, која се појавува на нови терени. Не е впрочем, постината главната цел - да се истисне ДАГ во северните соседни земји, што би и дало на грчката влада и нејзините патрони аргументи, со што би се олеснила положбата на грчката влала при разгледувањето на грчкото прашање во Советот на безбедност.
Кога се дава оценка на Пролетната офанзива на владината војска, треба да се има предвид дека не беше и многу лесен потфат и не помина и без осетни реперкусии и за ДАГ. При маневрирањето на ДАГ на планинскиот масив Нјала, голем број борци настрадаа од замрзнување, додека цел еден одред под команда на Карцјотис беше десеткуван од владините трупи при обидот повторно да се врати на теренот од планината Козјак.
Слични загуби претрпе ДАГ и при нападот на градот Гребена, замислен како обид да се изврши притисок на непријатедот во текот на третата фаза од пролетната офанзива. Бившиот член на ЦК КПГ и министер по земјоделство во Привремената демократска влада, Д. Вландас во својот преглед за дејноста на ДАГ на генерал Маркос, како на врховен командант на ДАГ во врска со пролетната офанзива од 1947 година му ги припишува следните пропусти:
а) дека Маркос во почетокот на 1947 година им даде наредба на единиците на ДАГ на масивот Хасија и Антихасија да заземаат позиции надвор од периметарот на слободната територија во оваа област и на тој начин овие единици се најдоа заковани во своите места и тоа не им дозволи да развијат активност.
б) додека спротивно на линијата на Партијата, Маркос наместо да заседен во Северна Грција и таму да ги концентрира силите на ДАГ, од каде на непријателот би му се задал првиот стратешки удар, тој ги дигна елитните единици на ДАГ од Северна Грција и ги упати на југ со намера во близината на Атина да се сретне со Анкетната комисија на ООН.
в) дека Маркос е директно виновен за разбивањето на одредот на Карцјотис, бидејќи од Генерал Маркос му беше заповедано по секоја цена да се заземе масивот на Козјак.
г) дека тогаш Главниот штаб со генерал Маркос не ја разбра главната цел на непријателската офанзива, која според Вландас, не беше концентрирана за уништувањето на ДАГ, туку за искоренување на селското население од планинските подрачја, за да ја отсечат ДАГ од народот, од изворот на нејзината сила и д) дека во август 1947 година Главнитот штаб со маневрирањето кон Загоријата, во Епир, наместо да се врати со главнината на силите на ДАГ пак кон Западна Македонија и Западна Тесалија, требаше да го нападне градот Јанина, кој во моментот не располагаше со неопходните монархофатшистички сили за одбрана и ефектот од тој успех на ДАГ ќе беше неоценлив.
Не можеме да не признаеме дека во оваа критика има повеќе правилни оценки како што е, на пример, погрешното маневрирање кон Загоријата и повторното враќање кон Западна Македонија и Тесалија, или распоредувањето на тесалиските единици на постојани неподвижни позиции пред пролетната офанзива. Меѓутоа, сметаме дека и ставот на раководството на КПГ што го зема под заштита Вландас за концентрирањето на силите на ДАГ во Северна Грција беше од основа погрешен. Не може да се одрекне позитивното значење на зафатот на Главниот штаб на чело со генерал Маркос во пролетта од 1947 година поголемиот дел од единиците на ДАГ да се упатат кон Тесалија - Румели, каде во тоа време движењето беше се уште многу слабо, а и ДАГ имаше поголем простор за маневрирање во текот на пролетната офанзива. Исто така Вдандас го потценува ефектот што го имаше потфатот на Маркос да се сретне со членовите на Анкетната комисија не на северните граници на Грција, туку напротив во близината на грчкиот главен град. Звучи, исто така, многу необјективно кога се тврди дека главна цел на противникот беше во времето на офанзивата да го истреби селското население од планинските подрачја. Таа злосторничка акција на министерот за внатрешни работи, Зервас, што ја спроведе регуларната војска уште еден месец пред започнувањето на операциите претставуваше дел и тактички потег на Врховната команда во врска со офанзивата, но не и крајна цел. А што се однесува до критиката за непослушноста на Маркос Вафијадис да ги концентрира силите во Северна Грција кон границата, подоцнежните настани од 1948 година, сметаме дека наполно го оправдаа генерал Маркос, како што го оправдаа и неговото гледиште дека на ДАГ не и се потребни гломазни, големи формации, туку мали подвижни единици што ќе можат лесно да се движат и да дејствуваат на теренот што тие ќе го сметаат за најпогоден за нив.
Во секој случај, покрај сопствените субјективни или објестивни слабости во времето од 31 март 1946 година се до 15 септември 1947 година, ДАГ регистрира активност со која на противникот му нанесе загуби кои ни најмалку не се за потценување. Тоа, впрочем, е и периодот кога при постоењето на една правилна марксистичка политика на раководството на КПГ, тој ќе беше најблагопријатен период за развојот на оруженото востание и што ќе можеше да и даде сосем подруг тек и крај на граѓанската војна во Грција.
Според една статистика од освртот “Три и пол години дејност на ДАГ” (во списанието “Неос космос”, септември 1950 година, стр. 601-602) во времето од 31 март 1946 година до 15 септември 1947 година, ДАГ ги регистрира следните поважни акции: борби и судрувања со непријателските формации -војската и џандармеријата и МАИ-те - 593, убиени непријатели:
4.874, ранети: 2.061, пленици: 1.329, предадени 92, или вкупно 8.356. Нанесени штети на непријателот: уништени тенкови 17, авиони 6, топови 1, локомотиви 14, вагони 11, минирана железничка линија 6.248 метри, мостови 68, уништена телефонска линија 1.640 метри. Запленети: големи минофрлачи од 81 мм. 38, со 1.268 зрна, а мали минофрлачи 57, митралези 10, пушкомитралези 342, пушки 2.741, полуавтомати 323, револвери 36, рачни бомби 1.757, радиостаници 44, телефонски апарати 6, коњи 571 и друг плен.
Со успешните операции на партизанските одреди, меѓу другото е постигнато и ликвидирањето на монархофашистичките банди и џандармериските станици - мачилишта за демократските граѓани, додека самите банди беа составени од крволочни соработници на окупаторот, кои останаа живи и го избегнаа народниот суд единствено со заштитата на британските интервенти и реставрираната влада од избеглиштво, која и самата дојде на власт благодарејќи на англиските тенкови.
Периодот од 31 март 1946 година до септември 1947 година се смета дека беше најпогоден за развојот на оруженото движење дури и за преземањето на власта, меѓутоа, тоа повеќе од субјективни причини не беше реализирано. Врз тие причини фрла извесна светлина дискусијата на VII пленум на ЦК КПГ од април 1957 година.
Во текот на речиси, целата 1946 година високото раководство на КПГ го карактеризира една апатија спрема драмата што ја преживуваа обичните членови и бивши борци на ЕЛАС. Дури и во првите месеци од 1947 година, кога кадровите од позадинските комитети го поставија прашањето дали треба да се оди кон заземање на власта, ставот на Захаријадис е: “сега засега не одиме кон земање на власта. Ќе видиме можеби во 1948 година”. За сето тоа време раководството на Партијата зборува дека примарните задачи на КПГ се економските проблеми, помирувањето. Им се забрануваше на борците од ЕЛАС да излезат партизани и оние од нив што на тоа настојуваа поради неподносливиот терор од монархистите, се наречувани малодушници, сомнителни провокатори. Токму во тој период, меѓутоа, на лице место беа сите услови ДАГ да прерасне во војска од преку 60.000 борци. (Од дискусијата на Маркос Вафијадис на VII пленум на ЦК КПГ од април 1957). (Списание “Неос космос” април-мај 1957 година).
Горното го потврдува во својата дискусија Леонидас Стрингос на истиот пленум на ЦК КПГ.
“Во тоа време - истакна Стрингос - противникот располагаше само со пет дивизии од по 2.000 војници со по 32 митралези секоја, што значи вкупно околу 10.000 војници со 150 митралези. Ако нашата Партија - продолжува Стрингос - во текот на 1946-47 година со едно вешто манипулирање со работите се определеше за оружена борба, со една цврста политика за мобилизација за зголемување на воените ефективи, прашањето на резервите - едно од најважните прашања, ќе беше правилно и навреме решено... Но, тогаш Захаријадис ни изјави дека нашите сили во Македонија не ќе треба да се повеќе од 2.000 борци. И колку минуваше времето, прашањето за резерви стануваше се потешко...” (пак таму стр. 86.).
Значи во услови на разидување во самото раководство на КПГ во врска со курсот на Партијата во однос на вооружената борба, а и покрај субјективните слабости на раководниот кадар на ДАГ во поглед на воената вештина и тактика при водењето на вооружената борба против владината војска, џандармеријата, МАИ-те итн. неоспорен е растежот на ДАГ. Летото од 1947 година, особено по стразбуршкиот состанок на комунистичките партии од јули истата година, кога грчкиот делегат Милтијадис Порфирогенис ја фрли паролата за формирање на слободната територија на привремената влада, Главниот штаб на ДАГ на чело со генерал Маркос веќе донесува неколку историски одлуки што го означуваа почетокот на формирање народна власт на слободната територија.
На 10 август 1947 година се донесени првите акти на Главниот штаб на ДАГ кои се однесуваат на народната власт под заглавие: “Πράξεις καί άποάσεις του Γενικου άρχείείού του ∆ΣΕ” јули-август 1947 и свеска II од “Πράξεις καί άποάσεις...” септември-октомври 1947 година. Тука заслужува да се подвлече следниот факт. Она што раководството на движењето на отпорот во Грција во времето од 1941-1944 година не го опфати во однос на националните малцинства и не го загарантира со актите и резолуциите на највисоките тела на Националниот совет и ПЕЕА (Политички комитет на националното ослободување) во однос на малцинствата, што негативно се одрази врз борбената расположба, особено на македонскиот народ во Егејска Македонија и доведе и до отцепување на македонските оружени единици во есента 1944 година, Главниот штаб на ДАГ со своите први уставни акти исправуваше една погрешна политика и неправда спрема доследните сојузници на грчкиот пролетаријат и грчкиот демократски народ во борбата за ослободување на Грција од окупаторите и за народна власт.
Во чл. 4 од законодавните одредби на Главниот штаб за територијата на слободна Грција дословно се вели: “Сите Грци, мажи и жени се рамноправни и имаат еднакви политички и граѓански права”.
“Националните малцинства имаат еднакви граѓански и политички права да ја зачуваат и развиваат својата национална култура, јазикот, вероисповеста, националната просвета итн.
(подвлекол Х. А.)
Исто така, значаен е и чл. 5 од истиот кодекс во кој изрично се подвлекува дека ќе се смета за злосторство против народот и како такво ќе се казнува секој обид за дискриминација спрема лица поради нивната национална припадност, вера и раса или поради нивните демократски убедувања. Одредбата на сличен начин предвидува санкции и против секоја фашистичка теорија, организација или фашистичка дејност. (Акти и решенија на Главниот штаб на ДАГ од 10 август 1947 година).
Во истите документи станува збор и за организирањето на народната власт на слободната територија, односно за избирање народни месни и околиски одбори за народната одбрана и народното правосудство. Вака, впрочем, формулирани и осигурени правата на македонскиот народ во Грција -признание на тоталното учество на Македонците во Народно-ослободителното движење на Грција, дадоа голем полет во организирањето на народната власт, за подигање просветни и други институции, за поставување на нови основи на синдикалното движење итн. Со донесувањето на првите акти и решенија на Главниот штаб на ДАГ, кој во тоа време вршеше и должност на народна револуционерна влада, се обезбедуваа предусловите на слободната територија да бидат отворени и првите македонски училишта. Во село Герман Преспанско во декември 1947 година беше отворен и првиот курс за македонски учители. Во селата на слободната територија на подрачјето на Вич и Кајмакчалан само за неколку месеци беа отворени 87 македонски училишта со 10.000 ученици. На слободната територија народните одбори беа составени главно од Македонци, а и повеќето од околиските одбори во Леринско и Костурско во својот состав имаа предимно Македонци.
3. Третиот пленум на ЦК КПГ На 15 октомври 1947 година на слободната територија на Грција се одржа Третиот пленум на ЦК КПГ непосредно по завршувањето на пролетната непријателска офанзива под следните околности:
Атинската влада на чие чело сега стоеше стариот либерал Темистоклес Софулис, со извршената широка мобилизација, со огромниот полициски апарат и цивилните оружени формации не успеа да ја ликвидира ДАГ. Напротив, како што видовме погоре таа излезе и бројчано и морално појака и со поголемо искуство во водењето на воените операции и акции. Меѓутоа, погрешно ќе е ако се игнорира целата вистина, конкретно, дека непријателот успеа сепак да постигне една релативна рамнотежа на силите во своја корист. Со ригорозни мерки постигна да ја изолира ДАГ од народот, со што ги сведе на минимум можностите за снабдување на ДАГ, сериозно го отежна обезбедувањето на нови резерви во борци, а толку важната за ДАГ мрежа на известителна служба, изведувана главно од селаните, сосем беше откорната. Од овој период веќе за објективниот набљудувач стануваше јасно дека шансите за победа на ДАГ и демократското движење во земјата стануваа минимални, зашто беше испуштен од раце поради колебањето на раководството на КПГ да се одлучи за оружена борба најблагопријатниот период каков што беше периодот од 1946 година до првата половина на 1947 година.
Заради сите горенаведени неповолни услови решенијата на Третиот пленум на ЦК КПГ за создавање на компактна слободна територија на Кожанското висорамниште (оградено од планините Пинд, Пиерија, Каракамен, Кајмакчалан и Вич)
која би се бранела по секоја цена и за нараснување до пролетта од идната година на ДАГ на 65.000 борци, се покажаа потполно нереални. “Тие решенија - како што вели и генерал Маркос (сп.
“Неос космос”, август 1950, стр. 476-477) ги изразува нашите желби, но не ја одразува и стварноста”. На нереалното оценување на ситуацијата од страна на ПБ на ЦК КПГ и Главниот штаб на ДАГ, од една страна, и на слабостите на самото раководство на ДАГ се должат и низа порази на ДАГ при нападите на градовите Гребена, Мечово и Коница, а перспективата за нараснување на ДАГ во армија од 50.000-60.000, што се бараше во решенијата на Третиот пленум, до крајот на борбата останаа само желба.
Неуспехот во Коница, каде паднаа 650 борци (не беа помалку жртвите и во борбите за Гребена и Мечово) ја покажаа неоснованоста на решенијата на Пленумот за способноста за заземање и држење на градски центри, во кои перспективно би се сместила новата Привремена демократска влада, за чие формирање сигналот беше даден уште во јули 1947 година. И самото формирање на владата на 23 декември 1947 година се покажа пребрзано, прерано без претходно обезбедување на неопходните предуслови - слободната територија со градски центри и вистинска регуларна војска, способна да ја брани престолнината на таа влада. После сето тоа залудни беа и очекувањата за признавање на ПДВ од земјите со народна демократија.
Бившиот генерален секретар на КПГ Ник. Захаријадис сите овие неуспеси му ги припиша на генерал Маркос, кој според него, поднесе на Третиот пленум нереални и надуени податоци во однос на силите и способностите на ДАГ, за ситуацијата во Северна Грција, за која ПБ немало точни податоци. Од ова време датираат и длабоките разијдувања меѓу Захаријадис и генерал Маркос, во однос на тактиката и стратегијата на ДАГ и КПГ, што ќе ја достигнат својата кулминација по борбите на Грамос во ноември 1948 година со отстранувањето на Маркос и на луѓето кои го подржуваа.
Белешки Паралелно со обемните операции против единиците на ДАГ, режимот сурово се пресметнува со населението во градовите и селата. На стотици и илјади се испраќани во злогласните острови на смртта, во логорите Макронисос, Ѓура, Ајстратис, а воените судови се претворени во касапници кои секојдневно испраќаат за егзекутивните одреди стотини луѓе со обвинение дека биле јатаци на партизаните, снабдувачи итн. Ваквите мерки предизвикуваат огорчување дури и кај граѓаните и фактори, кои ни најмалку не им се наклонети на комунистите како што беше и атинскиот независен пратеник Христакос кој во својот весник “О димократикос” (Демократски) од 4 јануари 1951 година под наслов “Грчката Бастилија”, меѓу другото истакнува: “...Почестен како народен пратеник за Атина ветив дека ќе се борам против “подароците” што ги има натрупано врз земјата и народот тиранската олигархија и како такви “подароци” ги наброивме: вонредните мерки на притисокот, фашистичките одредби на тиранијата, интернациите, затворите, прогонувањата, концентрационите логори со врв “превоспитувачкиот” логор Микронисос, ова место на мачења...”.
Леринскиот локален весник “Еленики фони” во текот на 1948 и 1949 год. е постојано полн со декларации “за покајување” на несреќните војници што се испратени во логорот на Макронисос, кои под неиздржлив притисок се терани да го молат селскиот поп да “интервенира” кај властите за неговото ослободување и дека “доброволно” бара оружје за да се бори против “еамославите”, “комунистобандитите” итн.
Стереотипните декларации кои ги пишуваа платени од самите жртви писари изгледаа како оваа:
Декларација за покајување Долу потпишаните: Грозданис Наум, Парос Василиос, родени во Дендрохори (Д’мбени) (н. б.) Марос Павлос, Тријандафилис Јоанис, Стамболидис Ставрос, Бјекарис Илијас, жители на селото Арменохори, Георгијадис Констатинос, Стасинис Василис, роден во селото Атрапос и жител на Арменохори, Терпинис Сотириос, Tрајкос Христос, Зајкос Костинос, Наум Лазарос, Зајкос Георгиос, жители на Атрапос, Уткарис Николас жител на Св. Петка, Јоанидис Јоанис роден во Ајтос, Минкос Евангелос роден во Аминтеон (Сорович - н. б.), Папарусис Павлос жител на Веви (Баница) итн. (следат уште имињата на дваесетина други лица од Леринско и Костурско) (н.б.) уапсени сите превентивно од 5 до 10 мај 1949 година како лица кои не вливаат доверба на националните сили за борбата што се води против комунистобандитите, ја чувствуваме потребата да ве запознаеме дека воопшто порано не сме се замешале во антинационалните организации КПГ, ЕАМ и кои ги обвинуваме со индигнација, најдени денес во превоспитувачкиот центар на Макронисос, ги разбравме поарно предавничките цели на словенокомунистите и сме готови да докажеме на дело дека сме надахнати од чисти национални чувства и дека ги мразиме словенокомунистите, кои толку несреќи и нанесоа на нашата сакана татковина...”.
(В. “Еленики фони” од 3 септември 1949 година).
Во истиот весник со дата 27 август 1949 година е објавена пресудата од воениот суд во Лерин, со која се осудени на смрт 49 мина, 9 на доживотна робија. Осудените на смрт се:
Келимбарис, Кл. Букцис, Кл. Кацикис, Ст. Дискос, Илијас Бутис, Гр. Франгоцис, Ил. Џоџос, Ил. Гатопулос, Тр. Гркос, Вас. Георгопулос, Пан. Маткари, Тома Николаидис, Теодор Џоџо, И. Илијадис, Ник. Хаџиконстантину, Кон. Цигос, Ил.
Папанастасиу, Ил. Розос, Х. Хаџис, Евст. Ганустав, Спиропулос, Ст. Киндос, Теодор. Романци, И. Димкос, Ап.
Мбацос, И. Суперис, Г. Хаџитрифун, П. Хаџидимитри, Ев.
Манангунидис, Ап. Петракис, П. Скордас, Ан. Скордас, В.
Керпалидис, Х. Цоди, Ј. Кацорас, Сот. Стајос, М. Пацулис, Ст.
Колицис, Пас. Минтули, Махи Лазаридис, Пан. Бошкос, Тр.
Белјаскас, Павл. Хрисостомидис, Ир. Георгијадис, Сп.
Павлидис, Ис. Вафдис, Г. Хтистидис, Ст. Хаџиконстатину, Ис.
Ајтас, Тр. Велјаскас, сите од Сровичка околија.
Режимот стигна до таа степен да го ликвидира и американскиот журналист Жорж Полк од компанијата Колумбија во мај 1948 година, бидејќи истиот се обиде преку Солун да дојде во контакт со Главниот штаб на ДАГ. Неговото тело врзано на нозете и рацете беше исфрлено од морето во Солунскиот Залив и предизвика големо огорчување кај американската прогресивна јавност.
ГЛАВА ДЕСЕТА - Прв Конгрес на НОФ – Епопејата на Грамос Првиот конгрес на НОФ, одржан на 13 јануари 1948 година на слободната територија на Грција, во Западна Македонија, и на кој требаше да се сумираат тригодишните резултати од постоењето на оваа македонска организација, се одржуваше под следните околности:
Од една стана, се забележува разузден терор од страна на владата и режимот, уште повеќе одрзостен од американската интервенција во Грција против демократското население, а особено против македонскиот народ. А од друга страна, наполно парализирање на народното стопанство поради насилното евакуирање на селското население во градовите, глад и мизерија кај сиромашните слоеви во градовите што ја експлоатира режимот за да го мобилизира народот против демократското движење во земјата и против ДАГ.
За мала илустрација ќе изнесеме дека само во Костурскиот округ во времето меѓу месеците мај и декември 1947 година, се извршени следните злосторства:
Стрелани селани - 37, умреле во затворите - 4, од бомбардирања
- 5, од артилеријата - 13, или вкупно: убиени - 59, интернирани -
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/the-truth-about-greek-occupied-macedonian-vistinata-za-egejska-makedonija-e-book-macedonian/17 на 29 октомври 2026