Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Vistinata za Egejska Makedonija

ВО ВИОРОТ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА - Part 05

Од Христо Андоновски · Дел 16 од 19 · Околу 19 минути

Во почетокот на февруари 1947 година Специjалната анкетна комисиjа, составена од делегати на Австралиjа, Бразил, Кина, Франциjа, Мексико, Холандиjа, Пакистан и на Советскиот Соjуз, Велика Британиjа и САД и од наблудувачи на Jyгославиjа, Бугариjа, Грциjа и Албаниjа (четирите заинтересирани земjи), пристигна во Атина. За седиште на Комисиjата, додека таа ги вршеше своите работи во Грциjа, беше одреден Солун, а потоа, Комисиjата краjниот извештај да го состави во Женева, што подоцна ќе го поднесе пред Советот за безбедност и пред Генералното собрание на ООН.

Во главниот град на Грциjа, Атина, специjалната комисиjа на ОН беше пречекана со истакнување од страна на антифашистичката организациja ЕАМ на една огромна осветлена парола со следниот текст: “ДА СИ ОТИДАТ АНГЛИЧАНИТЕ ОД ГРЦИJА!”. Тие исти денови со пристигањето во Грциjа на Анкетната комисиjа се случи друг еден настан, со кoj се разобличуваа сите тврдења на владата во Атина за наводно мешање однадвор во грчките работи. А тоа беше една успешна акциjа на ДАГ во градот Спарта, на Пелопонез, при што беа ослободени од Централниот затвор 300 политички затвореници.

Комисиjата, за побрзо изведување на анкетата формира 4 екипи, кои се ангажираа на по еден ceктоp во Егеjска Македониjа, каде ги испитаа станатите инциденти. За непристрасниот наблудувач не постоеше сомневање дека Комисиjата со едно мнозинство на членови, послушни на САД, следствено благонаклонети и спрема американскиот штитеник - Грција, немаше да се обиде да ги открие вистинските причини и вистинските виновници за граѓанската војна. Претставуваше вистинска трагикомедија начинот на кој екипите ги “испитуваа” инцидентите на лице место. Пред поаѓањето за означеното место ројалистичката војска, полицијата и џандармеријата го подготвуваа “теренот”, а потоа пристигнуваше групата на ООН за да ги ислуша веќе инструираните од луѓето на режимот лажесведоци и провокатори, кои декламираа однапред приготвени обвинувања против Југославија, Бугарија или Албанија. Доколку некој член од Комисијата имаше и најелементарно чувство на одговорност спрема својата мисија, требаше да си го постави прашањето: кој демократски граѓанин ќе се осмели пред таква оxрана од војска и полиција да излезе пред екипата на ООН и ја изнесе вистината без да помислува,на последиците по својот живот уште на другиот ден од заминувањето на претставниците на ООН? Меѓутоа, и под таквите услови се најдоа и решени на смрт Македонци и Грци, потполно свесни за она што утре ги очекува. Излегоа пред Анкетната комисија и ги изнесоа условите на терор, убиства и погроми, што ги организираше официјалниот режим преку провладините фашистички воени формации против демократските граѓани, а пред се против Македонците. Такви беа лицата Манавис, Панакидис, Цереос, Михаилидис и многу други, осудени од режимот на смрт.

Тука заслужува да се спомене и подвигот на групата од 161 Македонец од Леринско, затворени во логорот “Павлос Мелас”, во Солун, кои до Специјалната анкетна комисија испратија протестно писмо, по повод клеветите на сведокот Валтадорос, кого грчката влада го помилува за да сведочи против организацијата НОФ.

“Одвратна клевета – се вели во писмото на затворениците од Леринско, е тврдењето дека НОФ и воопшто дека Словеномакедонците бараат автономна Македонија. Во сите војни се боревме заедно со грчкиот народ. Се боревме и во Албанија, сите ние сме, а и нашите деца на првата линија во одбрана на интегритетот и независноста на Грција, зашто верувавме во една Грција слободна и демократска во која и ние Македонците ќе ја добиеме својата рамноправност.” “Во времето на тројната окупација - продолжува писмото, се боревме во редовите на ЕАМ - ЕЛАС за ослободување на Грција од тројниот окупатор. Немилосрдно ги удривме охранитите и ги ликвидиравме, а денес се бориме заедно со грчкиот народ за слободата и независноста на Грција и демократијата и за нашата рамноправност во рамките на грчката држава...” На крајот од писмото 161 македонски затвореници од Леринско во логорот “Павлос Мелас” во Солун, апелираат до Анкетната комисија да ги посети во логорот “Павлос Мелас” за да види таа од близу за што се борат и гинат денес Македонците, а не таа да се опира исклучиво на инструираните лажесведоци. (В. “Зора” од 15. 4. 1947 годипа, орган на Окружниот одбор на НОФ за Леринско).

Во времето на престојот на Анкетната комисија во Солун, организацијата НОФ преку окружните комитети испрати до оваа Комисија повеќе меморандуми и друг документационен материјал, во кој подробно се изнесуваа податоците за теророт над демократското население. Окружниот одбор на НОФ од Воденско освен меморандумот кој успеа да го предаде на Анектната комисија, по повод престојот на комисијата во Македонија издаде и посебен број на весникот “Победа” (февруарски број) со отворено писмо до ООН и на 10 страници објави списоци со имиња и презимиња на убиени, затворени, интернирани демократски граѓани, како и за злосторствата што против демократското население во Округот го вршеа наоружените банди колаборационисти на полицијата и војската.

Владата на Максимос, која во меѓувреме го наследи кабинетот на Цалдарис, направи се за да прикаже пријатна фасада за обминување на Анкетната комисија. Голем број затвореници беа пуштени врз основа на декретот за “растеретување” на затворите. Некои логори на интернирци беа разместени.

Британскиот вицеконсулат што специјално беше отворен во Лерин за организирање на автономистичко движење, и уфрлување на агенти во Југославија, наемници од воените злосторници што пребегнаа во Грција, уште пред доаѓањето на Анкетната комисија беше затворен, како и логорите на пребегнатите бандити од Југославија и Албанија во Грција и тие беа затворени.

Какви размери имаше лакрдијата што ја организира грчката влада со лажесведоците, кои ги доведе пред Анкетната комисија под застрашување на смртна казна, ни сведочи следниот дијалог меѓу албанскиот претставник, полковникот Керенези, и владиниот сведок Валтадорос, регистриран во протоколот од 36-та седница на Комисијата.

Прашање: Дали вие бевте единствениот осуденик или постоеше група на луѓе на кои истовремено им е судено?

Одговор: Заедно со мене беа изведени пред суд уште четворица.

Прашање: На каква казна беа осудени тие?

Одговор: Сите беа осудени на смрт.

Прашање: Каде се другите лица што беа осудени на смрт?

Одговор: Веќе се стрелани.

Прашање: Можете ли да објасните, зошто тие четворица -вашите другари се погубени, а вие уште сте жив?

Одговор: Не можам да објаснам, но мислам дека сум уште жив за да можам да дојдам тука за да сведочам за вината на нашите соседи...

Иако задача на Специјалната анкетна комисија беше да се сретне и со генерал Маркос, белгискиот делегат, чија екипа требаше тоа да го реализира, тоа систематски го оневозможуваше. Tој направи неколку екскурзии во Западна Македонија секогаш со предходница од една бригада војска, што фактички оневозможуваше секаков контакт. Единствено делегатите на Советскиот сојуз и Полска со претставниците на Југославија, Бугарија и Албанија изразуваа желба да се реализира тој контакт и една иивна екипа се состана со генерал Маркос на планината Хасија. Тука претставниците на светската организација од прв извор ги дознаа причините за граѓанската војна во Грција и се запознаа со условите што ги поставуваше демократското движење на Грција за нормализирање политичката ситуација во земјата.

Во специјалното интервју што го имаше генерал Маркос со претставниците на споменатите земји, покрај објаснувањата што ги даде шефот на ДАГ за целите на борбата, се осврна и на клеветите на реакцијата против македонската организација НОФ: “НОФ - истакна генерал Маркос - е ЕАМ на Словеномакедонците. А Словеномакедонците себе се наречуваат припадници на словеномакедонското малцинство, што живее во Егејска Македонија. Програмата на НОФ е идентична на програмата на ЕАМ. Нивните цели се исти, методите на борбата еднакви. Но, Словеномакедонците отсекогаш крвареа и патеа повеќе одошто Грците. На нив отсекогаш им било потешко отколку на нас и тоа како во текот и после оваа војна...” (Оскар Давичо “Са Маркосовим партизанима”, стр. 96).

Кон крајот на април 1947 година, по два безплодни месеци престојување во Грција, Комисијата, по барање на грчката влада, изврши испитување на сведоци во Југославија и Бугарија. Грчките обвинувања против Југославија се состоеја во наводното постоење на организациона мрежа на НОФ во Скопје и Битола, која наводно раководела со партизанските групи во Егејска Македонија. Сведоците предложени од грчката влада:

Пататукас, Менсуракис и Бопчис при своето сведочење правеа такви збрки во однос на појмовите за НОФ и одборите за згрижување на бегалците од Егејска Македонија, што принудија повеќе членови на Комисијата да изјават дека таквите изјави се лишени од секаква вредност.

Во протоколот од 57-та седница, на страна 12, се наоѓа изјавата на колумбискиот делегат, Орутиа, кој рече: “Сосем е бескорисно да се ислушува Бопчис. Отпрвин сведокот ни дава еден исказ, а потоа сосема друг исказ. Некои делегати сметаа дека тој си допушта лажно сведочење. А други делегати говорат дека тие воопште не се заинтересирани, бидејќи неговите искази немаат никаква вредност”. (А. Вишински “О такозвавом грчком питању, ратној пропаганди и ратним хушкачима”, стр.

62.)

Специјалната анкетна комисија уште еднаш ја манифестираше својата пристрасност при составувањето на конечниот текст од својот извештај во Женева. Покрај непобитните факти до кои дојде во сама Грција за вистинските причини на грачката драма, таа ги огласи за виновни северните соседи на Грција, Југославија, Бугарија и Албанија. Меѓутоа, не можеше и да премолчи еден факт, имено, дека во Грција се спроведува еден режим на терор и прогонувања на малцинствата.

По грчкото прашање и врз извештајот на Специјалната анкетна комисија се занимаваше Генералното собрание на ООН во јули 1947 година. На седницата на Советот за безбедност од 8 јули истата година советскиот делегат Андреј Громико остро го нападна извештајот на Анкетната Комисија, кој беше поднесен на одобрување. Громико ја обвини грчката влада и нејзините заштитници - САД и Велика Британија за смислено организирање на инциденти на северните граници на Грција:

“Внатрешната ситуација во Грција - истакна Громико - како што може да се види од извештајот, со засилувањето на борбата меѓу грчкиот народ и антидемократските сили, групирани околу денешната влада, е главниот фактор што ја создаде затегнатата ситуација во северните погранични области”.

Во предложената советска противрезолуција спрема англоамериканската, се бараше: 1) грчката влада да преземе мерки да ги спречи инцидентите на границата спрема Југославија, Бугарија и Албанија; 2) да се воспостават нормални дипломатски односи меѓу Грција, од една страна, Југославија, Бугарија и Албанија од друга страна; 3) Владите на Грција, Југославија, Бугарија и Албанија да го решат прашањето на бегалците во дух на разбирање; 4) Грчката влада ќе треба да ги преземе неопходните мерки за отстранување на секаква дискриминација кон граѓаните од македонската и албанската националност, кои живеат во границите на Грција и да им се даде можност да го говорат својот мајчин јазик, и ја развиваат својата национална култура.

На крајот од советската предлог-резолуција се бара повлекување на странските војски од Грција. Но, надмоќната гласачка машина на англоамериканскиот табор во ООН (Советот за безбедност) ја изгласа американската резолуција, со која се предлага формирање на постојана Балканска комисија за регистрирање на пограничните инциденти. Оваа комисија која беше наметната со споменатата гласачка машина, се до крајот на граѓанската војна во Грција, ниту еднаш не регистрира инцидент што го предизвикаа грчките оружени сили против северните соседи на Грција и се експонирра како орудие на САД на Балканот.

Самото усвојување на американската резолуција во Советот за безбедност, меѓутоа, не значеше дека делегатите дури и оние наклонети кон САД, беа убедени во тврдењето дека причините за граѓанската војна во Грција се наоѓаат надвор од границите на Грција. Норвешкиот делегат, на пример, карактеристично изјави, дека според негово мислење, доказите што и беа претставени на Анкетната комисија не беа достатни за да дозволат да се констатира без сомневање дека владите на Југославија, Бугарија и Албанија им пружиле директна помош на грчките партизани и оти ја повредиле Повелбата на ООН...” Францускиот делегат Делбос, истакна: “Не можам да кажам дека југословенската, бугарската и албанската влада им дадоа помош на грчките партизани, што според нашето мислење, тоа не се докажа, а сомневањата не се докази, додека причините за безредијата треба да се бараат во самата Грција...” (Пак таму)

Дури и белгискиот делегат Спак, кој речиси, најмногу им угодуваше на Американците, изјави: “Не можам да речам дека може да се потврди оти северните соседи на Грција се потстрекнувачи на граѓанската војна во Грција...” (Кони Зилјакус “Интервенции во Грција” во в. “Махи” од 20.5.1950 година, одломка 10 и 11).

ГЛАВА ДЕВЕТА - Пролетна офанзива Гледајќи ја безизлезната ситуација во Грција и сведувањето на нула на двегодишните усилби за стабилизирање на реставрираниот десничарски режим во Грција преку една брутална интервенција во внатрешните работи на Грција од страна на Велика Британија, во почетокот на март 1947 година, британската лабуристичка влада и јавно се откажа од понатамошното финансирање на грчкиот режим. Mеѓутоа, владата на САД во никој случај не беше решена да ја испушти од свои раце Грција, која без надворешната интервенција ќе се помиреше со победата на демократските сили во земјата, што ќе ја воведеше во фамилијата на балканските народни републики.

Конкретно, на 12 март 1947 година, со својот говор во Конгресот претседателот на САД, Труман, ги изнесе плановите на својата влада за интервенција и ангажирање во Грција и со говорот на Труман, познат во политичките и дипломатските анали како “Труманова доктрина”, се правеше првиот американски чекор на отворена интервенција во Грција.

Американската влада веднаш и изгласа помош на Грција од 350 милиони долари, што, всушност, претставуваше апсолутно презирање на Организацијата на ООН и игнорирање на сопствените задолженија пред и во рамките на светската организација, како нејзина членка. На реагирањата во круговите на светската организација и надвор од неа, американската влада се обиде да го оправда својот став со следната изјава: “Владата на САД ја почитува ООН и ако мнозинството во Генералното собрание или во Советот за безбедност реши за промена на политиката, САД би го прифатиле тоа решение...” Ваквата изјава на американската влада, меѓутоа, беше базирана на голиот факт дека Генералното собрание ќе се помири со свршениот чин и дека благодарение на потчинетоста на Велика Британија, Франција и другите земји што зависеа од САД поради обилната економска помош од нив, долго ќе го држат мнозинството на гласовите во оваа светска организација.

Колку, впрочем, вистина и искреност имаше во зборовите на претседателот Труман, кога на заседанието на Конгресот од 12 март 1947 година велеше: “Имаме за цел да ги помогнеме слободните народи кои се спротивставуваат на оружените малцинства, или на надворешен притисок”, говорат следните факти:

Од планот за интервенција што беше подготвен oд американски експерти како програма за економска помош - воената помош сметана како второстепен фактор, уште од првиот чекор на неговото спроведување излегоа на видело вистинските намери на САД. Со американската помош на Грција се екипираше пред се една грчка армија од 200.000 војници со, исто така, цела една армија од штедро платени агенти и “советници” Американци.

Војската во операциите ја водеа фактички американски офицери, такашто еден американски воен дописник карактеристично беше напишал: “Всушност САД раководат со граѓанската војна во Грција, што порано ја финансираа...” Дека САД се наоѓаа во Грција не заради грчкиот народ, туку исклучиво за своите интереси, Томас Рејнолдс во една телеграма до “П. М.” во Њујорк, со дата од 15 декември 1947 година, пишуваше од Атина: “Американскиот експеримент во Грција предизвика многу поголема интервенција од каква и да било интервенција во друга земја во Европа. Основната цел на САД е секако да спречат Грција да падне во руската орбита што би му отворила на Советскиот. Сојуз еден прозорец кон Медитеранот”.

Како што може, значи, да се види не беше во прашање благосостојбата на грчкиот народ, туку Медитеранот и Средниот Исток со богатите нафтоносни извори, што ги сакаа сега како свој забран, американските трустови и магнати.

Американската интервенција во Грција доаѓаше како продолжување на старата англиска политика од времето на Кримската војна, имено, да се спречи Советскиот Сојуз да го прошири своето, влијание кон Блискиот и Средниот Исток, со што би се загрозиле економските и стратешките интереси на Велика Британија и сега на САД.

1. Пролетната офанзива Со обезбедувањето на штедрата американска економска помош и со паралелната американска интервенција, грчката влада во почетокот на април 1947 година можеше да ја започне долго рекламираната пролетна офанзива, со цел да постигне едно конечно пресметнување со Демократската армија на Грција.

Претходните месеци на подрачјето на Егејска Македонија, каде се наоѓаа постојаните бази на ДАГ, грчката регуларна војска со изненадни напади по селата, го принудува населението да ги напушти своите села и ги концентрира во градовите или во поголеми села во непосредна близина на своите воени гарнизони. Во тој дух беше издадена и наредбата на министерот за внатрешни работи Наполеон Зервас, која уште од февруари 1947 година беше растурена по селата и ја навестуваше безмилосната евакуација на селата во внатрешноста, со што се осудуваа на пропаѓање имотите на селаните.

Целите на генералштабот на регуларната војска во квечерината на пролетната офанзива беа: а) со насилното испразнување на селата ДАГ да се лиши од нови резерви на борци, што понатаму ќе биде најболна точка на ДАГ и од фатално значење, б) да ја лиши од природните извори на снабдувањето со храна, бидејќи селата беа главните и единствени снабдувачи на ДАГ со храна и в) да ги пресече врските за известување и да се ликвидира известувачката мрежа на ДАГ, која главно е изведувана пак од селаните.

Како што ќе видиме и понатаму, горната Зервасова мерка, навистина и за режимот го создаде тешкиот проблем на евакуираните селани и бегалци, меѓутоа, за ДАГ последиците од тоа беа повеќе од катастрофални. Во иднина ДАГ ќе биде принудена да води борби често со пролевање на обилна крв за своето снабдување со храна, многу операции ќе ги изведува без неопходните информации за непријателот, а необезбедувањето на потребните резерви со нови борци, ќе биде и една од главните причини за нејзиниот пораз.

Од друга страна, во градовите и селата контролирани од владините сили, започнува еден нов бран на терор, убиства и депортации на демократското население, со цел да се искорени секаква база на демократското движење во тилот на војската, која како што рековме, се подготвуваше за големата пролетна офанзива против ДАГ. Припадниците на провладините националистички организации, комплетирани од бивши соработници на окупаторите, апсат и убиваат, или го малтретираат мирното население. “МАИ-тите - пишува дотогашниот премиер на 5 јуни 1947 година бившиот министер Бурдарас - секој ден убиваат граѓани кои немаат никаква врска со партизаните, тие ги кршат главите на жените и на сегде сеат пустош и страв во такви размери што мнозина од луѓето се принудени да пребегнат во планините”. (La verité sur la Grece. – “Livre bleu” стр. 38).

Од полициски агенти во Солун уште додека тука престојуваше Анкетната комисија на ООН, на сред бел ден е убиен членот на ПБ на ЦК КПГ и претставник на ЕАМ при Анкетната комисија Јакис Зевгос. Постојат сериозни факти според кои во ова политичко убиство беа замешани прстите на министерот за јавниот ред, Зервас. (Писмо на еден од учесниците во атентатот на име Сидиропулос, објавено во “ Livre bleu” стр. 32). Во Ениџевардарското село Крушари преку предавство се убиени двајца раководители на НОФ – Тодор Дојчинов - Морава, секретар на Окружниот одбор на НОФ за Ениџевардарско и реонскиот раководител Павле. (Подробности за убиството на Морава читај во списанието “Иднина” од август 1950 година под наслов “Смртта на капетан Морава” и во в. “Глас на Егејците” од април 1953 година. Извештај на раководството на НОФ за Ениџе-Вардарско).

Долната таблица, поднесена на првата земска конференција на НОФ на 20 мај 1947 година, дава подробни податоци и една рељефна слика за теророт и вистинскиот геноцид против македонското население во Егејска Македонија, како и билансот за неговите жртви од денот на склучувањето договорот на Варкиза (12. 2. 1945 година) до крајот на април

1947 година:

Жртви: Костурско Леринско Воденско Гуменџе вкупно

1. убиени 56 90 74 48 268

2. изнасилени жени, девојки 42 96 150 9 297

3. затворени 596 3083 2057 814 6550

4. минале по судови 320 1507 1952 436 4215

5. осудени 285 1214 1305 436 3240

6. интернирани 122 509 552 115 1298

7. малтретирани 1396 10280 1085 1082 13816

8. полуделе од тепање 5 5 2 1 13

9. изгорени куќи 110 (нема подат.) 813 968 1891

(Забелешка: таблицата не е комплетна, бидејќи ги нема податоците за Негушкиот сектор и за Егејска Македонија од левата страна на реката Вардар. Исто така во анкетата не се внесени податоците за ограбените имоти во овој период, на чеизи, скапоцености, за грабнување на стада овци, кози и крупен добиток, како и уништувањето на 45 села, чии жители беа насила одведени од нивните домови).

Под вакви услови, впрочем, услови на масовни погроми, Врховниот штаб на грчката регуларна армија на 9 април 1947 година ја започнуваше пролетната офанзива. Во тој период ДАГ од одделните одреди и чети израснуваше во баталјони, кои како и одредите се раководат од окружните штабови на ДАГ, именувани по името на планината каде се отседнати. Врховен раководен орган е Главниот штаб на ДАГ, формиран на 28 октомври 1946 година. Вкупната сила во борци на ДАГ во квечерината на непријателската офанзива е околу 25.000 борци, вооружени главно со лесно оружје.

Главниот штаб на ДАГ благовремено ја сфати целта на пролетната офанзива, која предвидуваше: партизаните да се притиснат кон северните граници на земјата и да се префрлат во соседните земји со народна демократија. До колку владата преку војската го постигне тоа макар и делумно, ќе има аргументи да се оправда пред светската јавност и грчката, дека е невозможно да се ликвидира партизанското движење, штом партизаните пребегнуваат во соседните земји, каде освен азилот се реорганизираат, наоружуваат и пак се враќаат на грчка територија. Меѓутоа, Главниот штаб на ДАГ ги насетува тие намери на владата и Генералштабот на регуларната армија и за да ги лиши од прижелкуваните аргументи уште во февруари истата година го наредува продирањето на баталјоните на ДАГ од подрачјата Пајак - Кајмакчалан, Каракамен и од Вич Планина кон Тесалија и Јужна Грција. Овој продор кон југ, по тврдењето на компетентните фактори од ДАГ имаше за цел да се омасови партизанското движење и во Јужна Грција, кое во тој поглед многу заостануваше од Македонија. Меѓутоа сите овие операции беа изведени без посебна подготовка на духовите кај македонските борци и населението од овие области, па сето тоа дозволи да се направат негативни заклучоци во однос на намерите на ДАГ и раководството на КПГ во однос на Македонците. Конкретно: продорот на ДАГ од Македонија кон Грција доаѓа непосредно по обединувањето на македонските и грчките партизански единици. Освен тоа, штом овие единици стигнаа на чисто грчки терен веднаш македонскиот кадар е заменет со грчки, што предизвика огорчување кај македонските борци. Некои од борците што отворено го манифестираа своето негодување дури беа и стрелани (каков што беше случајот со Ѓорѓи Милев од село Цакони, Мегленско), а некои борци и офицери на ДАГ не можејќи да го поднесат тоа понижување дури се решија и на дезертерство како што беше случајот со мајорот Адраманов од село Пателе, кој беше мајор на ДАГ на Кајмакчалан и во април 1947 година дезертира во Тесалија и се предаде на регуларните единици.