Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

On the Road of No Return

Front Matter - Part 03

Од Петре Наковски · Дел 3 од 26 · Околу 22 минути

Читај на English

Врз бегалците падна ноќта, покривајќи ги со црната черга на мракот. Прва долга, кобна и немирна ноќ во туѓа земја, која не донесе олеснување ниту за телата ниту за душите. Многу од нив будни ги најде задушливата и маглива зора.

Ноќта им ја снема стоката. Нечувана се растури по бавчите, ливадите и стрништата и се пушти збор дека си ја прибраа албанските селани. Не тргнаа да ја бараат.

Тие, кои ги водеа не застанаа за да видат што се стори со стоката, туку заповедаа одење.

Црнината продолжи да го гази правливиот пат...

Одеа.

На една од кратките почивки со раскашлан и придушен глас, подучуваше баба Петра:

- Изгубена среќа на туѓо не се бара... Јабана не тераат во празно... – толку и беше зборот, чиниш и секна во грлото. Долго молчеше. А ја паметеа во селото како најзборлеста и секогаш весела жена. На млади години прва на оро и песна. Сега е смаглена, ретко прозборува. Ја запаметија и по нејзината голема вчудовиденост и неискажливото неверување во настан за кој одамна се зборуваше и се чекаше со нетрпение.

А тоа беше вака:

Пред скоро две години, кога почнаа есенските дождови и планинските врвови легнаа под снегот, во селото дојде непозната девојка облечена во стара војничка униформа. Побара да се види со претседателот на селскиот народен одбор на кој му рече дека е учителка и е пратена да отвори училиште. Од рамо го одрами тешкиот ранец, го одврза и еден по еден ги вадеше наводенетите буквари и ги редеше покрај печката за да се исушат. Покажувајќи со прстот, рече:

-Не се грчки, туку македонски. Македонски се букварите и од нив децата македонски ќе учат.

Во една напуштена печалбарска куќа, од која лани во Канада се исели долги години осамената домаќинка без пород, во големата одаја ги ставија училишните клупи што одвај селаните ги извлекоа од училиштето на кое партизаните му го кладоа огнот за да нема каде да спијат владините војници и од тој ден се до почетокот на март 1948 година, во вечерните часови, во полумракот, во кој одблеснуваше малендавото светло на гасните ламби, децата од шест до петнаесет години, постари немаше, гласно ги изговараа кирилските букви кои ги сложуваа во зборови и реченици. Ноќе, првпат се учеше македонскиот збор во мракот, зашто при дневна светлина на небото кружеа авиони. Ноќе во еден глас една по една ечеа кириловите букви. А потоа, по часовите, децата трчајќи за дома, во мрачните селски сокачиња повеќе викаа и врескаа отколку што пееја:

Напред, напред Македонци За слобода и за живот - сите напред...

Така ноќе во селските училишта влезе букварот, а во селските куќи стигнаа и првите ластовички на македонскиот печат - ,, Нова Македонка’’ и ,, Билтен’’ и безбројните летоци и паролите испишувани на ѕидовите на куќите, училиштата, црквите и карпите. Се - и напишаното и изустеното на селските собири и конгреси, се повикуваше на бој... Во селата, планините, шумите, во партизанските земјанки и колиби, на борбените позиции и јуриши, громко ечеше мајчиниот слободарски збор. По долгите години на мракот во македонските куќи за првпат влезе пишаниот збор на светлината.

Многу не веруваа дека, иако од поодамна се ширеше глас дека ќе дошла учителка и ќе го отворела училиштето.

Најнедоверлива беше баба Петра.

-Уф, мори жени, зарем ви се верува дека таа даскалица ќе им зборува на дечките така, како што сега си зборуваме ние? Да видам и да слушнам и пак нема да ми се верува. Така, да знаете...

Знаеја селаните и паметеа како сред село баба Петра беше избиена затоа што зборуваше на тој забранет јазик, а по неколку денови беше повикана во Костур да плати петстотини драхми простимо5. Плати илјада за да не губи време да оди пак до Костур и продолжи да си го зборува јазикот дома и секаде надвор од дома.

Баба Петра за да се увери дека даскалицата не зборува грчки, дека не држи прачка в рака, како тие, поранешните даскали и даскалици кои со броени удари по дланките на децата, со влечење за коса и уши и со шлаканици им го учеа грчкиот збор на тие селски хондрокефали.6 Тивко, незабележана, баба Петра клекнуваше пред отворената врата на училницата и со раката на левото уво, на десното не дослушуваше, слушаше, се чудеше и се крстеше, а потоа на жените им велеше:

-Море вистина е... даскалицата на децата им зборува така, како што си зборуваме ние... Има Господ, жени...

5 Простимо - казна

6 Хондрокефали -( грчки) - дебелоглавци А Стефо, кој во селската меана, во вечерните часови на селаните им ги читше грчките весници, од кои дознаваа што се случува во земјата и во светот, откако од учителката ја доби македонската азбука со која ја замени αλφαβητα7, ги фрли на буниште грчките весници и ревносно, секој ден на малку бројните постари селани, некогашни турски поданици, кои не го знзеја грчиот јазик, им ги читаше вестите од македонските весници и летоци.

Прогрми 1947- та и наредната година во најубавото време на годината, кога цутеа ливадските цвеќиња, кога над селото во долг клуч на север прелетуваа јата бели гуски и штркови, под стреите ластовичките лепеа гнезда, се слушна глас што стигна од далеку – спасувајте ги нашите деца. Далеку од тука, во Белград, така повикаа балканските младинци собрани на конгрес, а не беше речено кој и каде тоа го стокми.

Во купови и во развлечени колони, деца од две до четиринаесет години, заедно со мајките пат фатија кон албанската и југословенската граница. На зајдисонце, при крајот на денот – испраќани со болка, плач и липање заврши ова патување и почнуваше ново и долго кое водеше кон незнајни земји.

Зад нив загледани во правливиот пат, останаа мајките со празни скутови и прегратки.

Се испразнија и се опустошија селата од младинската и детската радост. Од се што имаа им остана само големата болка и како подарок за тоа големите надежи сеени од страна на комунистите. Во селата веќе камбаните не повикуваа на богослужби, на венчавки и крштевки. Црквите затворени и празници верски не се славеа. И песни од душа и за душа не се пееја. Се пееја други песни со кои се славеше борбата која секој ден се губеше.

Потоа?

7 Αλφαβητα - азбука Потоа 72 денови и ноќи грмеше и гореше Грамос. Карпите и камењата трештеа, гореа шумите и луѓето заедно со нив...

Потоа?

Потоа се што таму остана живо, исправено и сакато, премина во реонот на Вичо. И почнаа тука подготовки за нови битки...

Најпрвин, а тоа беше на 15 септември, удрија на Мали Мади, ја разбија владината војска и стигнаа до пред Костур. Не го зазедоа.

А потоа?

Во најлошото годишно време, во големите снегови и студ, крваво завршија битките за Негуш, Воден и Саботско.

Потоа?

Потоа во најлошото зимско време, го нападнаа Лерин и голем плач, лелек, жал и колнења како поплава од црн облак се спуштија над селата.

Лерин легна во крв...

Потоа?

Потоа во пештерата над преспанското село Винени се донесе решение со кое извикаа: Непријателот на Вичо нема да помине.

И сите, мажи и жени, и криви и прави, способни да држат казма, лопата, секира и пила, повикани да копаат ровови и да градат бункери. Со ровови врзаа рид со рид, на секоја височинка – бункер до бункер од дебели букови и дабови, трупци, камења и земја влечени од впрегнати волови или носени на рамо...

А американскиот генерал Ван Флит на армиското советување во Кожани, просторот што го држеше ДАГ и каде на непријателот му беше навестено дека нема да помине, на воената карта го заокружи со црвениот молив. Теренскиот простор, заедно со сите планини ридови, рудини, карпи и трапови на воената карта беше голем колку неговата дланка.

За ова и за многу други настани и случувања што беа доживеани во изминатите седум осум години и за многу други случувања и сторенија од недамнешното изминато немирно и грозно време, баба Петра потсетуваше и колнеше...

Се менуваа предводниците. Доаѓаа некои нови и погромко од претходните, викаа:

- Луѓе, народе, одиме!

Стануваа, истресуваа од себе насобрана прав, ја исплукуваа насобраната горчина, прибираа бовчи, нагрбуваа вреќи и дисаги и тргнуваа по гласот кој сега веќе не викаше бегајте, туку - одиме.

А над нив како од распалена фурна пржеше огнена, тешка и задушувачка жега.

Одеа...

Ваму толпа, таму редици, онаму по некој заостанат во преполнетите патишта. Далеку, над високите планини црни облаци се збираа, го засенуваа сонцето. Гледаа и молеа да заврне.

-Ќе има дожд – рече некој загледан во намуртената далнина.

Подувна ветер. Малку ги олади испотените лица.

А редиците и толпите не се намалуваа. Зад нив доодуваа други. Имаа лице покриено со бела прашина, усните им беа напукнати и изгорени од жедта и жегата, здивоп прекинуван, чекорот разлулан. Се слушаше и плач на деца цицалчиња носени под мишка во лулки, во бовчи префрлени преку рамо и на грб. Редовите и толпите не се намалуваа. Беа многу и никој не ги броеше.

Одеа и тоа одење траеше до смрачувањето, кога сонцето се сокри зад планината. Мракот го голтна денот и ја посла ноќта. На гола земја, топла, зовриената од дневната жега, на трева испржена од дневната гореа, легнуваа папсани. Бришеа чела и рамена во кои беа врежани јажињата, триеја натечени и крвјоссани стапала.

Грмна. Еден, два грмежи и светкавица врза рид со рид, расече црно небо, бледа светлина ги осветлуваше луѓето собрани во купови и во тие де кратки, де долги светкавици можеа да се видат во разретчениот мрак. Под поројниот дожд со починок не ја преспијат ноќта. Наводенети до коска го дочекаа денот. И такви го продолжија патот.

Предводнците напред, зад нив црневицата во толпа, која со развлечениот од преминуваше во долга редица.

Одеа и никој не им кажуваше каде. Само пред себе - до таму и кога стигнуваа таму, таму седнуваа, одрамуваа бовчи, дисаги, торби, бришеа пот од образите, исплукуваа чемер и колнеа, небаре во колнењата со кои ги колнеа колнатиците наоѓаа олеснување. Со клетвите на усните стануваа и одеа. Зад нив остануваше прашината на стравот. Одеа и таму некаде на некое друго место застануваа за да приберат нова издишка, а потоа одново чекор в чекор до уште едно друго место за кратка почивка и потоа до таму и од таму до таму и одново натаму и натаму и потаму...

До каде ќе ги носи патот?

Колку долг е тој непознат пат? Има ли крај? Зад нив, на тој пат се влечеше и големата болка за изгубеното која неотстапно корнеше, која како загар ја душкаше нивната трага и со лаеж на бесен чакал разлеваше очај...

Кој ден е денес?

Кој месец?

Која година?

Кое време?

Какво време?

Од која во која земја ќе ги пречека сончевата заодба?

Одеа...

Ваму во купови, таму во долги редици, некои осамени. Од рамо на рамо ја префрлуваа тежината и маката.

Одеа...

Одеа по правливите патишта на кои сал за миг застануваа, колку за да преместат тежина од рамо на рамо и да приберат издишка.

Одеа по тие незнајни патишта на кои едни се губеа, други се наоѓаа...

Одеа и пред нив чекореа истите тие, кои до вчера со зборови накитени со големи ветувања им го покажуваа патот кон победата и светлата иднина, и сега, пак тие ги водеа, ама сега тукуречи се неми, во грлата и усните им секнаа излитените и лигави ветувања. Пак истите, пред нив беа на чело по тие тесни беспатици, на таа голема прашина, на таа суша, жега и горештина, ама не им кажуваа каде одат и до кога ќе одат...

Одеа...

Само за миг пристануваа за да видат дали тие и најблиските го чекорат одот, дали на некој му се прекина здивот или... не дај Боже да не останаа и не станаа... Истресуваа од себе насобрана прав, ја исплукуваа насобраната горчина, прибираа бовчи, нагрбуваа вреќи и дисаги и тргнуваа по гласот кој сега веќе не викаше бегајте, туку - одиме.

Одеа и во себе го носеа товарот на големото загрозување, болката на налудничавата змиска измама, горчината на изневерувањето, крвавата рана на поразот и траеја на патот кон невиделицата и непознатото...

Одеа...

Црната редица од бегалци молчаливо ја прегази калдрмата на патот што водеше по средината на Поградец и дојдоа до широк угар обраснат со шипови и трње.

А тие кои ги водеа, рекоа – тука почивка.

Живна угарот и се преполни со довикувања и викања, со лелеци и врисоци. Се бараа и се најдоа изгубените во долгите беспаќа и мрачните ноќи, се збираа, се распрашуваа, се броеја и ги броеја живите и мртвите, роднините и познајниците. Барањата и повиците на многу не им донесоа олеснување. За нив таа крајезерска рамница се претвори во смртна постела на која долго одекнуваа гласните, пискливите, жалосните и плачливите лелеци на плачот и очајот. На нивната голема болка не и се гледаше крајот...

А отаде крајбрежниот пат, на кој беа построени дваесетина камиони, голема вода. Езерска, бистра вода, мали бранови еден врз друг се прескокнуваа, кротко удираа и се кршеа на камениот брег. Откако одрамија тежина од грб, во неа налудничаво се втурнаа толпи од мажи, жени и деца. Гаснеа жед, ја миеја потта на уморот и стравот и од себе ја переа прашината насобрана на долгото патување во непознатото. На брегот излегуваа олеснети, свежината од водата ги живна, од долго непраните алишта ја цедеа водата и, стоејќи, облеката ја сушеа на се уште топлото сонце.

А неколку чекори понатака од луѓето, во крај-брежната трска прошуми ниско придушено слабо, јачливо стенкање и кратко потоа се слушна болежлив писклив и вресклив женски глас. Некој се сврти, рашири трски, од вчудовиденост занеме за миг и откако се созеде, викна:

-Луѓе! Луѓе! Тука жена се пораѓа!...

Гласот и повикот брзо се растури по должината на езерскиот брег и во рамницата. Од толпата се оддели Мара, со трчање стаса до трските. Некои љубопитни кои се збираа на брегот, ги растера и клекна пред родилката, ја разголи до папокот и со галежлив глас ја смируваше и советуваше. Кога се појави само дел од главата на роденчето, тогаш Мара, гласно викна:

- Митре!!! Наполни го ѓумот и донеси вода...

Мара, која клечеше пред родилката и полека, нежно држејќи ја главата на роденчето во своите дланки, тивко ја молеше родилката уште еднаш и уште еднаш да напне, од себе да ја исцеди и последната издишка на сила и крик на болка што носи живот.

- Напни, напни, ќерко, уште, уште еднаш, така, еве излегува, напани душо, уште, ајде мила.. Готово...

- Митре!!! – пак викна Мара, нежно влечејќи го роденчето.

Митре, целиот растревожен и уплашен дотрча, мислејќи дека нешто лошо и се случи на Мара. Се вџаши кога ја виде глетката, а Мара без да го погледне, му подвикна:

- Митре донеси го ѓумот, наполни го со вода и под него запали оган. Бргу! Не чакај... Трчај!...

Митре, откако трчаница го донесе ѓумот, откорна два камења, ги стави спроти себе и меѓу нив нафрли сува трева, накрши суварки, го распали огнот над кој го стави полниот ѓум. И додека се топлеше водата, во широко отворените дланки на Мара се превиткуваше крвавото тело на роденчето и во трските одекнуваше неговото плачење.

Мара се сврти кон Митре и со топол глас му рече:

- Турвај, Митре, да го измиеме...

- Водата се уште не е топла – исплашено пропелтечи Митре.

- Турвај, ти реков. Нека е и студена. На студено дојде, студено ќе истрпи. Турвај... уште... А сега распарај го плетениот појас и од него скини дебел конец за да ја врземе папочната врвца. Најде? Тука врзувај. Така.

Уште еднаш. Добро. А сега со сојката сечи тука. Сечи, не се плаши, сечи. Така... Чупче е. Да е живо и здраво...

Мара го крена малечкото кое живо се расплака во нејзините раце, го растресе за да вдиши повеќе воздух и откако ги блаженствува него и мајката со многу молитви за долг живот и крепко здравје, го стави врз градите на родилката, со сојката го исече долниот дел од нејзината кошула, исече дел и од својата и во нив го пови девојчето.

- А сега – на галено и рече на родилката – дај му ја градата, гушни го детето, диши му в лице и топли го во прегратката со целата милина...

Пред зајдисонце, во мигот кога над врвот на високата планина згаснуваше последниот зрак на сонцето, леунката и новороденчето на кебе ги пренесоа во расплаканата ледина каде во болното лелекање, се слушна уште едно плачење - детско и тивко како шумолењето на крајбрежните трски... Во широко отворените црни очки на бебето тонеше полната месечина и сите ѕвезди околу неа...

На патот кон непознатото, на свет дојдоа и на бегалската толпа и се придружија уште неколку малечки души. Сите прво легнуваа во дланките на Мара и дури потоа во пазувите и скутовите на мајките...

Мара не само во нејзиното, туку и во околните села од помош им се имаше најдено на многу родилки. Од баба и имаше научено како да им помага на родилките, кои се пораѓаа таму каде што ги фаќаа породилните болки – најчесто надвор од дома, па дури и на жнеење меѓу снопјата, на гроздобер меѓу зрелото грозје, па и во замрачените јасли, близу топлиот здив на стоката.

Над толпите полека се спушташе ноќта. На стемнување се прибираа, се довикуваа, се распрашуваа и дури потоа од себе растоваруваа бовчи, вреќи, торби, дисаги и легнуваа. Топлата земја на починок ги примаше папсаните тела.

Спиеја толпите, совладани од крепкиот, живнувачки сон. Тишина, која само понаретко беше прекинувана од тивкото, бебешко плачење. Мајките, леунките им подаваа града и лесно лулејќи ги, со сонот во очите тажно им потпевнуваа приспивни песни.

Од самоти утро дедо Тоде, накривувајќи на десната нога, чевелот му ја имаше разјадено петицата до гола коска, по должина и ширина ја пребара целата ледина. Прашуваше и се распрашуваше дали некој ја видел неговата Илина, ниска, слабичка женичка, облечена во црно, со црна шамија на глава и на рамо со шарена торба од платно ткаено на разбој.

Илина ја немаше меѓу луѓето во големата ледина. На дедо Тоде му остана верувањето дека сигурно сега неговата Илина е во некоја друга ледина во која и таа, кутрата, таму него го бара...

Привршуваше денот и толпите се раздвижија. Мракот полека налегнуваше на крајезерската рамница. Во доцните вечерни часови камионските фарови го осветлија просторот и патот и маж со голема инка свиткана од дебел картон пушти силен глас со кој повикуваше насобраните да се качуваат во камионите.

- Редно, без туркање – викаше – прво старите и децата, а потоа сите други со се бовчи, торби, вреќи и дисаги. Реков, луѓе, полека и без брзање. Во камионите за сите ќе има место. Никој нема да остане...

Дедо Тоде откако ги нарами дисагите и торбата, се сврти кон Борис и со сомничав глас тивко го праша:

- Борисе, бре, дал ќе не носат дома ил ќе не однесат подалеку од дома? А? Што велиш ти, о Борисе, а?

Гукни, бре, глас да ти слушнам... Сосема си ми онемел, бре, Борисе жален...

Борис се сврти кон Тоде и со потулен глас, рече:

- Прашај го него – Борис покажа со рака на човекот кој не ја одлепуваше инката од уста. - Ќе не носат, Тоде, таму каде што им е речено. Молчи и мижи... Одиме...

Се редеа толпи пред камионите, се качуваа со мака заедно со товарот што го носеа на грб и се довикуваа за да бидат заедно, да не се изгубат, како што досега многу пати се губеа по патиштата и во мракот. Откако во камионите се качи и последниот, човекот со инката нареди – напред!

Камионите тргнаа и без прекин возеа цела ноќ.

Ноќта се уште траеше кога првите камиони стигнаа и застанаа на патот пред влезот во паланката Пегин.

Човекот што ги водеше, качен на шофер-шајбната, држејќи ја големата инка стегната до усните, повикуваше:

-Соберете си ги работите и слегувајте од камионите. Сите слезете под патот и таму чекајте за да ви кажеме што натаму ќе правиме.

Пеѓин или Пеџин - така се вика гратчето во чија близина, во благо распослана удолница лежеше големо стрниште. Таму на бегалците им одредија прибежиште. Големо, широко, пространо беше стрништето, ама мало за да ги собере сите. Папсани, исплашени, расплакани, исполнети со сомнеж, жедни, гладни, валкани, тука се бараа, се довикуваа.

На лицата видлив немир, во очите страв и занемени прашања - што понатака? Каде сме? Ќе има ли враќање или ќе талкаме по незнајни патишта?

Во раздвижен мравјалник се претвори стрништето. Едни легнуваа на голата и тврда земја, да здивнат, да приберат душа, а други, се растрчаа за да се најдат, да се видат и да се избројат, да се распрашаат за живи и мртви, за осакатени и изгубени. Гласови на очај, на молба, на клетва, гласови раскинати од болка... Тука, на голото стрниште се бараа, се викаа, се довикуваа, силно и молчаливо се гушкаа и се радуваа за тоа дека се живи, дека се гледаат, се држеа за раце од страв пак да не се разделат, се допираа и потпираа еден до друг за да се сигурни дека се живи и одново заедно. Други занемено ги жалеа изгубените.

Се разени и почна денот. Од високо над стрништето паѓаше сончевата гореа. Изгор денот. На тврдата, од сонцето испечената земја седнуваа, легнуваа, здивнуваа, приберуваа кувет и вдишуваа некаков чуден воздух кој имаше вкус на млака солена вода што од запад ветерот го носеше и го растураше мешајќи го со тешката запурнина. Лежеа под отвореното небо, кое приквечерината го покрија облаци со боја на олово.

Дента донесоа големи и мали шатори. Војнички. Издупчени. Мувлосани. Засмрдени. Војници, Албанци, ги местеа. Во нив, тие непознати и валкани дојденци да се кријат од дождот и од жештината. Откако ги поставија, внесоа внатре душеци наполнети со сено и слама и со мирис на засушена пот и крв. Беа меки и под нив се чувствуваше тврдата земја.

-Лесен ќе ви биде сонот и почивката мирна... – рекоа и заминаа.

Така им велеа и тие од раководството, кои одеа од шатор до шатор, одредуваа колку да се вгнездат во нив, ама и не им рекоа колку долго под нив ќе ги јадат вошките и ќе гнијат заедно со молците... Им рекоа да имаат трпение и да веруваат, ама не им рекоа до кога да трпат и во што од сега па натаму да веруваат.

Молчаливо и папсани до последната издишка легнуваа на мувлосаните душеци. Тежок, задушлив, мувлосан, гнил воздух вдишуваа. Немаше место за сите.

Тој ден и деновите по тој ден и секој ден доаѓаа некои и со инката свиткана од дебела хартија притегната до усните, викаа и убедуваа:

- Луѓе имајте верба и трпение, сега одморете се, отпочинете, приберете се, само уште некој ден, а можеби само часови ќе останеме тука... На Грамос нашите храбри борци го толчат душманот и брзо ќе стигне веста дека е столчен во таа последна битка, па потоа ќе си тргнеме за дома по истиот пат по кој стигнавме тука...

Така де, треба да се почека, стрпливо и со вера и доверба, па кога се ќе биде готово, тогаш ќе грмне гласот, сигурно по грмежливо и посигурно од тука ќе викнеме - луѓе, подгответе се, станувајте, собирајте работи, душманот е скршен, се враќаме...

Некои ги слушнаа само последните зборови – собирајте работи, душманот е скршен, се враќаме ... - се растрчаа по стрништето и викаа, довикуваа:

-Брзајте, луѓе, се враќаме!...

-Народе, народе бре! Чуј, се враќаме!...

Самоизмамата и големата желба ги совлада и зароби.

Никој од тие, кои ги водеа, така не викна.

Чекаа и се надеваа дека некој така ќе викне. Но, никој не викна иако скоро секој ден меѓу нив се вртеа некои нови – се зборуваше дека се од раководството - и им велеа - само денес ќе преноќиме тука, а никој не им велеше каде утре...

А гласот, кој повикуваше со бегање да се спасуваат од злото, го немаше. Немаше и глас за да им влее во душите малку утеха, малку да ги охрабри, да се смират и да им каже што понатаму, никој не им велеше каде одат и кога ќе се вратат и никој не праша дали сите се тука, дали остана некој на пат? Папсани чекаа да го слушнат тој ист глас за да им рече гласно, така гласно, како што беше гласен кога пред денови викаше – бегајте

– и да им каже дека сега има кој да мисли и да се рижи за нив...

Таму, во стрништето, скраја од Пегин, ноќите не носеа ведра зора. Таму зората замаглена зазоруваше и гаснеше без надеж.

Забрането беше да се движат надвор од стрништето и влегување во гратчето. Не смееја да го напуштаат ширното стрниште и да влегуваат во бавчите на кои гниеја тикви, домати, пиперки, лубеници и дињи.

Големо јато гаврани секој ден утрото долетуваше, грачеше и вртеше кругови над стрништето, постелувајќи подвижна црна сенка, која над бегалците легнуваше како претчувство на лоша коба. Црнееше стрништето во кое најмногу црнееја црните шамии на мајките и вдовиците...

Така со лоши и болни претчувства се влечеа деновите и ноќите во кои се до последната издишка на ноќта се слушаа само лелеци, клетви и пцости. Со стегнато срце и душа во себе намнисуваа скаменети од болка...

На заод на сонцето, над ридовите налегнаа црни облаци. Светкавица болсна, расече мрак. Некој рече – таму сила се сече. И потоа грмна. Во воздухот се чувствуваше мирис на бура, која надоаѓаше и, бучејќи, налудничаво се истури над стрништето. Река матна и каллива вода се разлеа и до доцна во ноќта од северот не престана да лудува силниот ветер. Јадри, тешки капки, удираа на шаторите, чиј одглас се мешаше со тешките воздишки, тивкото и очајно липање го раскинуваше молкот во кој беа собрани сите болештини и лелеци. Будни ја истрајаа долгата и мачна ноќ. А да беше само таа.

-Трпение... трпение и ова зло ќе протече – пророкуваа некои...