ВТ0Р ДЕЛ - Part 06
Измамени од некои свои, застанаа на страната на комунистите, а комунисти не беа... А колку што знам, пан Вишњевски, и вам, Полјаците, ви ветуваа многу, ама вие, писмен и учен народ, сами се изборивте за вашата полштина. Ние, пан Вишњевски, нашата судбина ја ставивме во рацете на грчките комунисти кои ни ветија дека ќе сме биле слободни. И им поверувавме до идолопоклонштво. Многу им поверувавме и таа наша верба не донесе тука. И јас им поверував и ете сега сум тука во вашето земјоделско стопанство...
- Што работевте вие, пан Коле, во деновите додека траеше војната?
- Говорите, одлуките, паролите што ги пишуваа грчките комунисти со кои со ветувања ги повикуваа Македонците да се борат против англоамери-канскиот империјализам, а подоцна и против Тито, ги преведував на македонски и верните неуки македонски комунисти ги објавуваа во весниците... Сами ги читаа, малку ги разбираа и погрешно му ги пренесуваа на тој неписмен македонски селанец... Таму бев потребен... Тука обвинет...
- А за што те обвинија?
- За што ли не... За титоист, за македонски националист... Знаете, пан Вишњевски... Ние една мала група нашинци, Македонци, мислам, кога поминавме низ карантинот, одлучивме да одиме во градот Вроцлав... Да работиме во некоја фабрика и да учиме. Некои веќе имаа матура, некои беа пред матура, некои штотуку запишани во гимназии во Битола и Велес и неколку на универзитетот во Скопје. Јас бев при крајот на студиите иако во џебот ја имав дипломата за завршени филолошки студии на универзитетот во Солун. За тогашно време, во делот на Македонија што потпадна под грчко владеење бев еден од ретките образовани Македонци... Туку да се вратам на времето кога учевме во школите на Народна Република Македонија, федералниот дел на Југославија, пан Вишњевски. Грчките комунисти ги бојкотираа изборите, десницата потпомогната од Англичаните ја презеде власта и ги почна прогоните. Завладеа лудилото на белиот терор, властите на список ги имаа сите кои бојкотираа и со нив ги наполнија затворите и логорите. Партиските активисти, секретарите на партиските организации, комесарите и командантите на ЕЛАС43 по наредба на партијата по тајни канали пребегнуваа во Југославија. Место за нивен престој беше одреден Булкес. А во тоа време, во Грција се разгоруваше граѓанската војна. За Булкес, пан Вишњевски, ќе ви раскажам во некоја друга пригода, ако даде Господ, зашто и сега времето е такво, што за помош и надеж мораме да се повикуваме на Господ... Сите момчиња кои учеа во битолската и велешката гимназија и мене заедно со тројца студенти на скопскиот универзитет, сите од костурските и леринските села, не собраа и неколку дена во Битола не држеа во еден подрум, близу офицерскиот дом. Морално и политички, така да речам, не подготвуваа за борци. Нам не ни требаше некое големо убедување. И ние бевме жртви на тоа што се случуваше во нашите места и искрено речено потврдивме дека сакаме да се приклучиме во борбата против новите власти во Грција, а најмногу, како што ни зборуваа некои од нашите професори во битолската гимназија, да се бориме за Македонија. Да се бориме поделената Македонија да биде обединета. Патем, тие наши професори, како што дознавме подоцна, идејата за ослободување на Македонија ја платија со затворски и логорски казни. Им судеа тогаш, кога ние крвавевме низ македонските планини… Им пресудија долги затворски и логорски казни... И кога не донесоа во Полска, ние од неколкуте што останавме живи, не заборавивме дека сме Македонци кои ја сакаат Македонија. Ние така мислевме, ама партијата не мислеше така.
- Не прогласија за националисти и титови агенти. Мене моливот и книгата ми ги одзедоа и ми го дадоа коњскиот огламник и сега со колата префрлувам се што ќе товарат на неа и така тие од комитетот мислат дека брзо ќе ме превоспитаат. Во списокот јас сум Никос Симиѕис, а слушаш како ме викаат луѓето?
43 ΕΛΑΣ – ЕЛАС – Елиникос Лаикос Аперелефтеротикос Стратос – Грчка Народна Ослободителна Армија
- Коле Симиџиевски тебе те викаат, а сите други ги викаат Јаневски, Петровски, Ристовски... А во списоците што ми ги дадоа тие се Јанопулос, Петропулос, Христопулос...
- Така не прекрсти грчката држава и со такви имиња и презимиња вам, пан Вишњевски, ви ги дадоа списоците и ви рекоа дека сме Грци.
- Да, така ми рекоа. Кога се сретнав со вашите луѓе од нивните разговори доловував зборови слични на полските, па ги прашував какви ли се овие Грци кои кога зборуваат употребуваат зборови слични на полскиот јазик. Е, рекоа, тие не се Грци, ами Славомакедонци. Тој од комитетот неколкупати ми рече – ние сме Грци, а тие се Славомакедонци. За разлика од нас Грците ги нарековме Славо-македонци, бидејќи тие по раса се Словени. Како вие, рече, кои сте Словени.. Па ако е така, му велам, тогаш и нас, Полјаците, треба да не викате Славополјаци. Можеби рече, ако би живееле во Грција. Па вие, му вратив, сте расисти! Не, не сте во право, ми подвикна. Ние сме само комунисти. И види, пан Коле, тој ми се закани дека моето мислење ќе го проценеле во партискиот комитет во Згожелец...
Коле гласно се насмеа и, удирајќи го Вишњевски по рамото, рече:
- Биди сигурен дека оценката нема да е – одличен.
- Пред некој ден на пат сретнав еден постар и по краткиот разговор, го прашав како се вика. Ми рече:
- Моето старо презиме е Петровски...
Од чантата го извадив списокот, ама тоа презиме го немаше. Му реков:
- Такво презиме во овој список нема.
- А Петропулос го има? - ме праша.
- Да, го има.
- Бриши го Петропулос и запиши го Петровски. Такво ми е наследеното презиме. Бриши го тоа Петропулос и запиши Петровски. Ајде – ми подвикна – бриши го тоа Петропулос зашто и тука во слободата ме потсетува на рицинусот и ренката... Што му значи тоа рицинус и ренка, пан Коле?
- Рицинус е масло кое предизвикува силен пролив, а ренка е многу солена риба. Грчките власти со рицинус и ренка ги казнувале, поправо ги посрамотувале и понижувале Македонците заради зборувањето на македонски јазик... Кога ќе ти забрант јазик, кога ќе ти сменат име, што значи тоа?
- Пан Коле, нас, секогаш и дома и на училиште и во црква, на детски и младешки логорувања секогаш ни велеа сакајте си го јазикот и татковината... А тие деца, пан Коле, тие онаму, ги гледаш, зошто ги испратија тука?
- За казна, пан Вишњевски. За казна. Затоа што си го сакаат јазикот и татковината. Дента кога партискиот комитет објави дека вештачката македонска кирилица која на Македонците им ја создаде Тито ја заменуваат со руска или бугарска, а учителите, воспитувачите и жените кои ги придружуваа децата, ги отстранија од Државниот воспитен центар, тие, неколку младинци се побунија, ноќе на сидовите испишаа пароли за Македонија. Со помош на нивни школски другари, партиските активисти, да не речам партиската полиција на градскиот комитет, ги откри и тука партијата ги прати на превоспитување...
На една од следните зимски вечери, по втората чашка испиена вотка, пан Вишњевски му рече на Коле:
-А ти, пан Коле, гледам не знаеш да пиеш вотка и ти се чудам како ја цедиш. Гледај и запамети: вотката се пие ете вака – наназад подигнуваш глава, широко отвораш уста и одеднаш, со замав вотката ја истураш право во грлото. Не мораш да ја голташ, таа сама си оди во стомак... Гледај – ете вака...
- А кај нас, пан Вишњевски, не само за време на прaзници, ами и кога вообичаено навечер доаѓаат гости на масата не се става шише со ракија, туку домаќинката на послужавник носи наполнети чашки и, почнувајќи од најстариот, ги послужува гостите, велејќи им на здравје и се повлекува во друга одаја. Мажите си велат еден на друг – ај за здравје и бериќет и полека муснуваат капка – две од ракијата, ја разлеваат во устата и меѓу забите, ја пренесуваат на непцето и дури потоа откако со носот ќе приберат воздух, со замижани очи, ја голтаат полека, полека за да ја почувствува грлото. Така, да ја почувствува непцето, грлото и желудникот. А кај тие кои пијат во крчми, ако потпивнат повеќе, тогаш ракијата или виното ги чувствува и главата и нозете... Така...
Откако ќе ги испразнат чашките, се реди ред на фалење на ракијата. Домаќинката го прибира послужавникот со празните чашки и на секој му вели на здравје, а тие, гостите де, враќаат – сполај ти, да ти е жив стопанот, децата, внуците, стоката, куќата да ти е полна и многу други благи молитви и желби. Потоа продолжува муабетот ...
- А вино, пиете ли вино, пан Коле?
- Пиеме на празници, на крштевки, на весели и тажни денови и тоа не се носи во шишиња, туку во бокали.
Од бокалот домаќинката ги полни чашите и не се пие како вода, туку полека, со наслада се разлева во целата уста и се пие голтка по голтка... за да се спои со грлото, стомакот и со душата.
- Значи не се пие многу, нели?
- Се пие, ама со мера, пан Вишњевски... А некои пијат и без мера...
- И пијаници, значи нема?
- Има и пијаници и песни за пијаници. Кај нас, пан Вишњевски и виното и ракијата ги има опеано народот затоа што тие се дел од неговата пот, од неговиот делничен живот. Кога се бере и се тапчи грозјето и кога се пече ракијата, денот е празник...
- А кога најмногу се пие вино? – праша пан Вишњевски.
- Најмногу виното се пие есента и зимата, a ракијата цела година...
Коле прекина, се загледа некаде далеку пред себе и тивко промрмори:
Вино пијам, ем ракија, Коња јавам, аџамија.
Коњ ме шета горе- долу Горе-долу низ тоа поле...
Ме однесе в ладна меана, Во меана до три моми.
Прва точи, друга носи, А трета мене ме гледа.
Па ја качив на коњчето, Ја однесов право дома...
Тивкото мрморење го врати дома.
- Пееш, пан Коле?
- Во разговорот ми се вмеша една песна за пиењето вино и ракија... народна е... Нашиот народ, пан Вишњевски, за се има испеано песни. И за виното и за ракијата, и за болката и тагата, за денот и ноќта, за сонцето и месечината, за лозјата и нивите, за љубовта и прељубата, за животот и смртта, за доброто и злото... за арамиите, качаците, предавниците и туѓинците... За се, пан Вишњевски што е содржина на неговиот живот...
Песните ги создавале обични луѓе, а најмногу селаните. Весели, тажни, ги има за сите годишни времиња, за сите работи и за сите човекови среќи и несреќи... Можеби нашинчето ќе испее и некоја песна за нас... тука...
или нешто во некоја тетратка ќе запише како сме ние тука. Би требало да е запишано за да не се заборави до каде не однесе лудилото... Нашиот човек, пан Вишњевски, својата радост, тага и болка незаборавно ги смести во народната песна со обични, прости, секојдневни зборови и целото свое битие во времињата на злото го сочува опеано со песната. Во неа ја стави не само својата мака и радост, тага и надеж туку и својата душа. Ние го немаме Реј и Кохановски, Мицкјевич и Словацки... Ги имаме народните песни. Во нив е нашата душа, срцето, желбите, страдањата, чемерот и надежите. Нашиот народ во народната песна ја стави и својата мудрост.
Во долгата низа народни песни има и една која е недостижна метафора. Слушајте, пан Вишњевски, вака звучи:
Терзии, браќа, терзии, Ај, сошијте ми бел фустан, Без ножици да го скроите, Без конец да го наберете...
Девојче, врсшко, девојче, Ај, да ни месиш кравајче, Без сито да го отсеееш, Без вода да го замесеш, Без оган да го испечеш.
Терзии, браќа терзии, Јас ќе ви месам кравјаче Низ трепки ќе го отсеам, Со солзи ќе гпо замесам, На гради ќе го испечам...
-Ете, пан Вишњевски, така пее нашиот народ за невозможното и можното. Така пее само народниот гениј... И да ви кажам уште, пан Вишњевски, дека ние долгите векови на робување ги издржавме благодарение на верата православна, на песната, адетите и обичаите. Тие ни беа и се уште ни се големото школо... Така се чуваме себе си и така го сочувавме и јазикот и духот...
Коле прекина за миг колку да за да врзи друга мисла и рече:
-Писмо, ме слушате ли пан Вишњевски, писмо на други им дадовме, а сами си останавме неписмени...
Неуки, пан Вишњевски, неуки... А неуките секој може да ги меси како тесто и да прави од тоа тесто се што ќе му затреба... Вистина е, пан Вишњевски, дадовме писмо и останавме не само неписмени ами и неуки и слепи...
Вчера, пан Вишњевски, ме прашавте што е најзабележливо кај нас... Неслогата, разединетоста, љубомората, политичкото слепило, верувањето во туѓи ветувања. Сето тоа заедно е изворот на нашите македонски несреќи...
Секогаш измамени... Никако со наши очи да ја видиме светлината, виделината... Воспитувани во три држави, кои секогаш водеа сметка ние постојано да сме зајадени меѓу себе, ја примавме и нивната зајадливост и омраза.
Слично како нив се јадевме меѓу себе и се мразевме така, како што се мразеа тие во минатото и се мразат и денес. Во сметките на соседите и на оние подалечните душегрижници секогаш жртвата бевме ние... и сега сме...
Гласот на Коле затрепери што не остана незабележано од пан Вишњевски.
- Овие наши луѓе, кои работат на овие големи ниви одвај го издржуваат стравот кога слушаат како штракаат тракторите. Се им се чини дека слушаат митралеско пукање. Видовте ли вчера како се разбегаа кога прелета авионот? Кај нив стравот има свиено гнездо. Доживеавме страшен пораз. Би сакал поразот да не освести. Можеби тогаш ќе почне нашето зреење. Можеби ќе разбереме дека е време да пораснеме и да заодиме по други ама наши патишта кои ќе не водат само кон нашето дома каде ние ќе бидеме домаќини. Нашата вечна лекомисленост, нашата неслога, делбите и недостатокот на мислење со наш ум, не доведе до страшниот пораз...
Пан Вишњевски, не е срамота да признае човек дека скитници по светот ни ја кроеја судбината... и меѓу нив, за жал, и од наш род... Многу голема е болката кога доаѓаш до сознание дека токму од таквите душегрижници си изневерен и понижен... Да... тоа изневерување и сите понижувања се платени со животи и со судбината на овие наши луѓе... Над нив се уште натежнуваат не исцелените рани што ги остави и ги отвора тој наш неразумен дележ, за жал, најмногу поттикнуван и од надвор...
- Пан Коле, го спомнавте Миколај Реј. Тој живеел во шеснаесеттиот век, времето кога во полските цркви богослужбите и проповедите, па и во богатите средини се зборувало на латински јазик. Соседните народи изгледа поради тоа на Полјаците им се смееле, па умниот Реј, кој добро знаел на кој јазик зборува мноштвото Полјаци, вака пресекол:
A niechaj narodowie wżdy postronni znają iż POLACY nie gęsi, iż swój język mają44 44 Нека соседните народи секогаш знаат дека Полјаците не се гуски туку свој јазик имаат Така рекол и така во вековите што одминаа до сега истраја таа негова умна мисла и ние Полјаците достоинствено и љубоморно ја чуваме. И во делбите што ни ги правеле соседите, па дури и во тие делби што сами си ги правевме, нас, јазикот и големата литература во минатото не сочувале и сега не чуваат... И во минатото, а и сега ни велат за да може Полска да опстане, мора да се сврти и да се врзи за силните. Пред делбите на Полска, едни велеа дека Полска треба да се сврти кон Русија, бидејќи таа држава станува се посилна, а други кон Прусија или Австроунгарија. И таквото врзување донесе до територијална делба на Полска. Полјаците се поделија на патриоти и предавници... првите дигаа востанија , крвавеа и губеа, вторите - привилегии. Ама долги години по последната делба, се најде човек кој ја исфрли мислата дека Полска треба да се потпира на Полјаците. Рече, ја опаша сабјата, на појас го стави кубурот и ги поведе Полјаците и против Исток и против Запад. И пак поклоници и кон Запад и кон Исток. И едните другите извршија нова делба, а потоа меѓусебно се толчеа и требеа. Сега сме, велат под добра заштита на Истокот. А што мислат тие на Запад? Ние, пан Коле, сме делницата меѓу Истокот и Западот. Сакаш на Запад – преку Полска, сакаш на Исток
– преку Полска. Ако нее се добро, а добро тука нема, тогаш со измама или војна. Нешто слични на нас сте и вие. Сака некој по копно да оди на Блискиот Исток, мора низ Македонија или од Блискиот Исток на Запад, пак мора низ Македонија. Не мора да ти објават војна. Знаат тие како се прави тоа. Ги наоѓаат и ги проучуваат слабите и лакомите за чинови, за власт и за пари. Ги проучуваат не со денови, ами со месеци и години. Е, тие, им се најголемите помошници при минувањето и менувањето на страните. Ќе речеш – предавници. Баш им е гајле. Заштитени се толку долго, колку долго им се потребни и тоа не за повеќе потреби, туку за една. Штом си ја постигнат целта, тогаш и најверните ги тргнуваат на страна и за натамошните цели бараат други.
Големите знаат како се прави тоа, а малите слепо го прават тоа што го сакаат големите... Така вели минатото и така прави сегашното време...
Лабро, кој во земјоделското стопанство во Кунув, по партиска линија доаѓаше повремено, најчесто се дружеше и разговараше со Коле. При последното доаѓање се испречи на патот каде Коле ги тераше коњите кои мачно ја влечеа претоварената кола. Со рака му даде знак да застане и му рече:
- Остај, бре Коле, нека здивнат коњите. Дојди. Седни тука до мене и да запалиме по една.
- Сполај, стрико Лабро, јас не пушам.
-Знам... Ти не пушиш, не пиеш, а јас и од порано гледам дека е така, а луѓето ми велат дека до доцна во ноќта читаш, па дури и наутро и дење, крадеш од работното време и читаш. А бре, Коле, ти, случајно да не си некој учен човек, а? Многу добро и чисто лафиш македонцки, а грцкиот го лафиш како некој многу учен Грк.
Во затворот во Акронавплија имавме едно двајца или тројца учени, кои така учено лафеа, како ти што лафиш... Што школо имаш?
- Учев во Солун... на универзитет – тивко рече Коле и стана за да продолжи да ги тера коњите.
- Седи, коњите не се зајаци, нема да избегаат. Седни, реков, седи и кажи ми дали тука те прати партијата по работа?
Воздржано и тивко изусти Коле:
- Токму така...
- А зошто, да те прашам, ти тука работиш како коњоводец, а не си во раководството или во домовите да ги учиш децата?? Денес кога сме во емиграција, ни требаат учени, а не коњоводци, нели?
- Така реши партијата, стрико Лабро...
- Пред тоа што си работел?
- Па ти реков дека учев...
- А во борбата си бил?
- Сум бил...
-А што си бил? Како учен да не си бил високо...
- Не сум бил високо... ниско сум бил...
- Зошто така? Писмен, учен, па ниско...
- Такво било времето. Тогаш, како и сега, високите места не беа за писмените и учените...
Лабро го згмечи догорчето од цигарата во земјата, отстрана и накриво се загледа во лицето на Коле и влечејќи ги зборовите, праша:
- Ами, бре Коле, гледам и слушам дека и полски многу добро дробиш? А и без навреда да е... ти, значи случајно тука да не си пратен по некоја специјална работа, ако не е по некоја казна?
- Партијата знае...
- Така ести... партијата знае и не греши... Партијата, Коле, е се. И обвинител, и судија и суд и џелат.
Казнува, не простува. Кривото не го исправува, го пресекува или така го тера да расти, за да расти само така како што сака партијата. Партијата е Бог и затоа не признава друг бог. Разбираш, нели?
Коле климна со главата Во него вриеше. Чувствуваше дека кај него нема сила за да му докаже на старецот дека не е така, бидејќи длабоко беше убеден дека тој човек од млади години беше кален во огнот на комунизмот, беше свиткуван и исправуван и виткан и оформуван на наковалната на тие кои со тешки чекани удираа по свеста. Самите порано наковалени од некој кој светот сакаше да го делка само со својот нож. А ножот беше остар. Прости, ама упорни, скоро болни за да фатат и најмалечко место покрај масата, задоволни од трошките што успеваа да ги соберат од богатата маса. Својата вистинска сиромаштија ја ситеа со месо од туѓите мисли дека таму во некое идно време, и тие, простите, богато и сито ќе јадат и пијат како овие.
Самоизмамата ги тераше нивното лудило по владеење да се зголемува секој ден. И веруваа. Не сакаше Коле да спори со тој самобендисан старец чие убедување дојде од надвор, а не од неговиот мозок, некој друг му го обработи мозокот, некој друг го толчеше на идеолошката наковална. И кога Лабро му рече дека во партијата не треба да се мисли, бидејќи ако секој мисли, тогаш нема да има партија, туку мора само еден да мисли и сите да трчаат по неговата мислата, да тапчат само по неговите траги и сите да се тој, а тој да е над сите. Нема друг бог...
Коле не дочека Лабро да ја доврши мислата за богот, стана, ја истресе прашината од старите, излитени војнички панталони и рече:
- Јас, стрико Лабро, да одам да си ја завршам мојата работа, а ти оди, и терај си ја твојата..
Лабро ја згмечи цигарата од чевелот, плукна настрана и рече:
- Вечер во мензата ќе имаме собир. Сакам да дојдеш и да држиш говор пред сите, а пред тоа јас малку ќе те подучам... Сторено, нели?
Коле не вети дека ќе оди на собирот. Пред да ги спотера коњите, се сврти кон Лабро и праша:
- Вистина ли е, стрико Лабро, дека си бил во затворот во Акронавплија? Така зборуваат луѓето...
- Бев, синко. И тоа долги години... Дојди, седни, па ќе ти раскажам. Седни тука, поблизу. Лош затвор, еден од најлошите во кој ги затвораа најистакнатите и најверните комунисти на кои партијата најмногу им веруваше и затоа ги ставаше на високи места... Иако беше затвор, ама за нас беше големо училиште. Таму се калевме.
- А како ти се најде таму?
- Јас ли? Долго треба да се раскажува, ама на кратко ќе ти раскажам не како се најдов таму, туку како излегов од таму. Кога генералот Метаксас ја воспостави фашистичката диктатура, таму ги собра нај истакнатите комунисти кои ги сметаше за најопасни. Меѓу нив и мене. Како што сигурно знаеш, Грција ја окупираа Италијанците, Германците и Бугарите и во Атина формираа влада која соработуваше со нив. Нас, затворениците, владата не предаде на Германците. И тогаш во Грција немаше кој да организира отпор и борба против окупаторите. Јанис Иоанидис, член на политбирото на КПГ, тајно, не собра нас, македонските комунисти и ни рече дека, во Грција нема сили кои би можеле да организираат отпор против окупаторите.
Сите поранешни активни комунисти се во затворите. Грчката десница соработува со окупаторот. Само комунистите, рече Јанис, се способни да го организираат отпорот против окупаторите. Во продолжение тој истакна дека постои можност еден доста голем број храбри и верни комунисти да бидат ослободени од затворот и по излегувањето да почнат да го организираат антифашистичкиот отпор, со што ќе му помогнеме и на Советскиот Сојуз кој водеше тешки битки со Германците. Го прашавме како ќе го сториме тоа? Јанис ни објасни дека нашиот другар, Делјо Попнеделков, жена му која беше Германка ќе се заложи кај германската команда нејзиниот маж да биде пуштен од затвор. Таа ќе му каже на германскиот командант дека нејзиниот маж е затворен поради тоа што е Македонец, а не како грчки комунист и дека такви како него во затворот има неколку десетици. Германката зборуваше со командантот, а тој се јави во бугарската амбасада и им кажа дека во затворот има Македонци. Бугарите на свој начин ја смислија работата. Демек ослободените Македонци за противуслуга ќе работат за бугарските цели во Грција. И така со помош на бугарската амбасада во Атина бевме ослободени 27 затвореници, врвни активисти од кои беше и еден Влав, Андреас Ѕимас се викаше, адвокат од Рупишта, кој подоцна беше и претставник на ЕЛАС при Врховниот штаб на Тито, двајца Маџири, кои се претставија како Македонци, бидејќи го зборуваа нашиот јазик, и ние – 24 Македонци, пред војната некои високи функционери, како Андреа Чипов, кој беше член на ЦК на КПГ, па секретари на регионални, околиски, градски партиски комитети. Условот за ослободување, рече Јанис, е да кажеме дека сме Бугари.
Некои, меѓу нив и јас, рековме дека не можеме да си го менуваме името, а тој рече дека ова е партиска директива, а партиските директиви се закон. И така, ние, 27 комунисти, излеговме од Акронаплија како Бугари. Добивме партиска задача во градовите што ни ги одреди партијата да организираме отпор против окупаторите...
Лабро прекина со раскажувањето. Клечката со која ја копаше земјата пред нозете, се скрши. Едниот дел го подигна и рече:
-Кога си спомнувам за ова што ти кажувам, во мене нешто се крши, како оваа клечка...
- И што понатаму, стрико Лабро?- праша Коле.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/on-the-road-of-no-return-mk/12 на 29 октомври 2026