ВТ0Р ДЕЛ - Part 01
ВТ0Р ДЕЛ
1 Доцна ноќе бродот со мала брзина се врза за брегот на пристаништето. Големи светла го осветлуваа бреот и околните згради. Во внатрешноста на бродот, наситеместа се светнаа големи сијалици. Светлина – голем и јасна. Патниците ги будат и одново на глава, под кошула, панталони – белиот прашак. По истите скали еден зад друг со бовчите, вреќите, дисагите и торбите на грб и под мишка. Старите и жените со деца, во истите мрежи ги спуштаат на земја. Не стојат, не чекаат. На само неколку чекори чекаат веќе поставените железнички долги вагони. Во нив ги тераат да влезат и кога сите таму се прибраа и се раседнаа по клупите во купеата, жени во бели мантили, во кошеви разнесуваат леб со путер и џем, топло млеко и чај. Појадок, што дпсега го нмаа.
Свиреж. Под нив седиштата или земјата мрдна? Тресок, згрчен удар на вагоните, долг свиреж на локомотивата и возотргна. Прво тивко отчукуваа тркалата на спојнците на шините, а потоа се посилни и побрзи. Ниту отчукувњата, ниту свирежот на локомотивата на возбудените и изненаени патници не им кажуваше каде ги води.
Мара навалена до рамото на Митре дреме, ама сон не ја совладува. Под неа непрестајно чукање.
Повремено отвора очи и гледа само рамница, недогледна и лево и десно шума, понекогаш се отвора просторот и до негодлед се простира рамница и тоа непрекинато чукање : еднаш так, двапати так-так и така цело време, понекогаш побрзо, понемогаш полека, пополека, свиреж и одново низ шумите и рамницата брзо пред прозорците поминуваат столбови, ниски куќи. Чука под неа и е прашува во духот дли ќе има ли крај на тоа чукање, на тие шуми, на тие големи зелени рамници? Ниту рид, ниту тумба, само рамница и шума и зеленило и тоа непрестано чукање.
Далеку пребледе небото. Полека го снемуваше мракот. Бледата светлина стануваше се појасна. Меѓу ретките шумски празнини болснуваше сонцето. Светлината ииспрекинато и удираше право во очите. Ден, прв ден на земјата што се губи под неа и тоа чукање тук-тук, туку-тук... и долг свитеж.
Бeгалците, истоштени од дванаесет дневното пловење, претрпениот страв од големите морски бранови, а најмногу измачувани од ројот прашања за тоа каде ги носат и по целото ноќното патување со воз, ги сместија во големата банска зграда, во гратчето Мјенѕигуже, во Долна Шлезија, Југо-Западна Полска. Гратчето, во кое порано живееле со години Германци, беше познато банско и климатско лекувалиште и еден од многубројните летни и зимски туристички центри. За време на војната не настрада. По тука не помина бранот на Црвената Армија. Германците, во духот на договорот во Јалта, до еден беа иселени. Куќите, пансионатите, хотелите, многубројните меани, пивници и кафеани – празни.
Сместени во испразнетите куќи и хотели, се чудеа што водата течеше од цевки, од една студена од другата топла, се чудеа што и со притиснување на едно копче на таванот се запалуваше стаклена топка, која најчесто им личеше на крушка, па старите велеа, угасни ја крушката и ја гаснеа плашејќи се од копчето. Се што ги опкружуваше беше за нив досега невидено, се чудеа на големите и широки кревети послани со бела постелнина, и на печките ѕидани од плочки во кои гореше јаглен, а не дрва и на чудните железни ребра од кои зрачеше пријатна топлина. Се беше чудно...
Се гледаа во големите огледала и се прашуваа дали се тие. Тука седум дена ги мачкаа и ги премачкуваа со разни масти и кремови, ги хранеа петпаи на ден и ги тераа да пијат кисела вода од шишиња што во дрвени сандачиња беа поставени на секој агол. Седум дена траеше тоа чудење и вчудовидување. Седум дена лежење, јадење, пиење и неработење. Седум дена исполнети со мислите дека наскоро ќе се вратат и никој не им кажуваше како и кога.
Осмиот ден ги тргнаа од сламените легла и од валканите покривачи. Мажите на бричење и стрижење, а жените и децата во големи кади – на бањање. После нив и мажите. Срамежливо ја соблекуваа валканата облека. Од нивните тела, до црвенило триени со четки и сапун, тешко се растопуваше веќе со месеци засушената нечистотија. Измиени и исчистени ја облекуваа својата селска облека што цели денови и вечери во големи каци беше чистена од вошки и гниди. Наредниот ден - лекарски преглед.
-Bоli głowa?- прашуваше лекарот.
-Не боли глава...
-Boli gardło?
-Не боли грло...
-Boli ząb?
-Боли заб...
-Bolą uszy?
-Не болат уши...
И така од прашање до прашање се разбираа и се чудеа што јазиците им беа многу блиски.
И нахранети, исчистени, истрижени и избричени, во тие рано - есенски денови што течеа ден врнежливи, магливи, и влажни, а ден топли – се уште траеше циганското лето – исполнети со мислите дека наскоро ќе се вратат, чекаа да дојди некој и да им каже кога ќе тргнат на повратен пат.
Дедо Наќе се оддели од купот мажи и повика еден од помладите.
- Дојди, синко, да те прашам. Кажи ми далеку ли сме од дома?
-Далеку, дедо... многу далеку... така велат...
-Аха, значи пеш, не се оди... Штета, голема штета, синко, што е толку далеку... А колку далеку е, знаеш ли?
Не одговори. И кај него траеше недолетаниот лет на мечтата...
По карантинот ги распоредија по околните куќи со подрум, приземје и кат, со многу празни одаи, со вода и струја, ширни дворови во кои растеа разновидни овошки, многу зеленило, цвеќе и од страна - тремови за стоката. Наоколу расфрлени разни машини што првпат ги гледаа и се чудеа... Исчистени од вошките и нечистотијата, нахранети до наситка, првпат легнуваа во кревети послани со бели чаршави и чисти ќебиња кои не мирисаа на мувла и гнилотија. Имаа мирис на сапун во кој се чувствуваше миризбата на трендафил и багрем… Првпат под себе, по толку време поминато покрај патиштата каде чекаа да не помине непријателот на Вичо и на стрништето во Пегин и во други собиралишта, не ја чувствуваа под себе тврдината на испечената земја или влагата која по бурните и долги дождови што се впиваше во нивните коски, студенилото што ноќе им ги смрзнуваше телата и тврдите штици на бродското душеме. На меката бела перница им се врати сонот, душевниот мир и надежта. Веќе не ги будеа долгите митралески рафали, бучавата на авионите, глетките на ранетите и осакатените, веќе не ги слушаа секојдневните ветувања и барањата да даваат за борбата за која ги дадоа децата, куќите, имотите и дали беше доста?... Тие први денови од престојот во Мјенѕигуже првпат шетаа без страв, првпат над нив небото го гледаа чисто, првпат не беа повикувани и терани да копаат ровови и да носат долги трупци и камења за бункери. Тука во Мјенѕигуже првпат заспиваа со мирен сон и без страв. Тука ја живееја мирнотијата, питомината и зеленилото на полето и на околните ниски ритчиња, ама денот го поминуваа со мислите свртени кон дома која е таму далеку, далеку зад морето, од местото од каде ги донесе и ги растовари бродот, а возот ги довлече тука. Времето полека им ги смируваше болките, ама длабоко во душите болеше загубениот маж, ќерка, син, роднина. Деновите и ноќите им беа полни со таа болка што највидливо ја бележеше црната шамија и црното крпче на јаката. Изгледаа мирни, чиниш душите им беа посмирени од вчера, ама на таа нескротена тага, на тој чемер што разјадуваше душа и на таа нескротена болка не можеа да им стават крај. Таа тежина ја носеа и никој не беше во состојба да им даде или да им понуди некакво друго олеснување; ги правеше молчаливи, огорчени, очајни, безутешни и во тоа траеја...
Беа на возраст од неколку недели до 60-70, а некои на грб носеа и повеќе. Имаше по некој, главно од машките, кој можеше да се пофали дека има завршено четиригодишно основно грчко образование, а остатокот, најмногу жените, беа неписмени и не знаеја ниту збор од грчкиот јазик, за разлика од мажите кои имаа служено во грчката војска или за зборување на мајчиниот јазик и за лево расположение имаа отслужено казни во затворите или во островските логори. Таму го учеа, ама не го совладаа грчкиот јазик во кој честопати вмешуваа македонски зборови. Така кај нив беше создадена една јазична мешавина во која свој дел имаа и маџирите со својот јазик кој Атињаните не го разбираа. Оттука и многу недоразбирања меѓу тие, кои честопати завршуваа со крвни тепачки во градските служби, кафеаните и крчмите. Маџирите како нашите незнамитес беа секогаш предмет на најсмешни и најпогрдни шеги и понижувања. Секогаш ги викаа понтии што значи дека порано биле жители на јужните брегови на Црното Море, па од понтии ги прекрстиле во пондиќа, значи глувци, па штом така се викаат, значи дека таму живееле во дупки, како глувците. Со времето маџирите станаа мнозинство во некои делови на земјата и беа единствениот набој посебно во полицијата и специјалните служби, а во времето на граѓанската војна голем број од нив беа команданти на поголеми единици, а политбирото и централниот комитет на КПГ беше најголемата збирштина од маџири, едно фанатизирано комунистичко јадро, кое до влегувањето во врвот на грчкото комунистичко движење, беа гола сиромаштија во грчките предградија, мнозинството пристанишни работници и токму тие го донесоа од Русија поимот пролетер и посветеноста на комунистичката идеа. И не само тоа. Туку и затоа што поголемиот дел од таа гола сиромаштија беше населена во Егејска Македонија, само затоа што постојано со своето однесување ја поганеа оваа света земја наречена Македонија, самите се нарекоа Македонци или така им рекоа тие од Атина -да се викаат Македонци и единствени наследници на Александар Македонски. За чудо, во никое нивно семејство со тоа име не беше крстено ниту едно машко или жеско дете. Тоа име го одбегнуваа, ама не објаснуваа зошто. Сигурно имаше причина.
Во Мјенѕигуже еден ден донесоа десетина такви. Се држеа отмено. Не се мешаа со Македонците и ако некои беа познаници - од селата што им беа блиску, се сретнуваа на пазарите во Костур и Рупишта. Таму првите години беа тивки, исплашени, очите им беа полни молби и желудниците празни. Ја добија најдобрата, најбогатата земја што пред нив ја држеле Турците. Ама освен тутун, пченка и тикви ништо друго не знаеја да садат. Грчкиот слабо го разбираа, македонскиот почнаа да го учат. Сега некако, наситени, се држеа настрана.
Одбегнуваа да се дружат со некогаш своите први комшии, се држеа настрана, отмено и многу се колнеа во партијата и нејзиниот водач кој беше од нивен род. Тој им беше и бог и стап. И надеж и ум. Набрзо, се преселија во градовите. Велеа – ние не се боревме за да работиме. Се ослободија и од децата. Први, без жалење, ги дадоа во домовите, тврдејќи дека таму им е местото за учење, нека се грижи партијата, велеа.
Во меѓувреме одговорниот за целата акција на прифаќање на бегалците, до надлежните во Варшава, го испрати следниот извештај:
,, Во Мјенѕигуже за сите беше подготвено бањање, долна и горна облека, чевли. Лекарска екипа, санитари и медицински сестри од 6 наутро до 6 часот навечер ги бањаа бегалците, ги стрижеа, облекуваа и ги сместуваа по домовите. Лекарскиот преглед првиот ден беше површен, а вториот ден лекарите почнаа да ги прегледуваат сите по домовите каде што веќе беа сместени. Тешко болни немаше, имаше краста и пролив. Меѓу пристигнатите имаше новороденчиња родени пред некој ден и стогодишни старци и старици.
Сите, без исклучок, беа во скинати партали, наместо чевли имаа стари гумени чизми врзани со врвци или скинати опинци. Жените ги имаа покриено главите и половината од лицата со црни шамии, така што не се гледаше дали се стари или млади. Многу од нив телата ги имаа стегнато со ортоми и беше тешко да се ослободат од тоа. Општо земено, желно ги соблекуваа парталите и со задоволство се бањаа, но имаше неколку, пред се жени, кои не сакаа да се соблечат голи, тврдејќи дека никогаш голи не се бањале. По бањањето тие луѓе не можеа да се препознаат. Тогаш се покажа дека има доста млади и во средни години.
Сите тие се многу разорени и предвреме остарени. Се држеа достоинствено, не се жалеа, се трудеа да се насмевнуваат кога забележуваа возбуда на лицата на луѓето што ги прифаќаа. Со доверба и благодарност си дозволуваа да прават се што им велеше лекарот или медицинската сестра. Тие изразуваа голема радост поради тоа што се најдоа во словенска земја и подвлекуваа дека како Македонци дојдоа кај браќата Словени за да останат толку долго додека да победи Демократската армија и Грција да биде слободна, и тогаш ќе се вратат во татковината. Карактеристично е тоа што грижливо ги кријат клучевите од куќите оставени во Грција и грчевито ги стегаат за да не ги изгубат кога се соблекуваат. За создавање атмосфера на доверба и пријателство придонесе младината која веќе една година се наоѓа во Полска, а освен тоа целиот полски персонал работеше со самопрегор и пожртвувано, паѓаа од замор, но не бараа да бидат сменети.
На состанокот што се одржа со грчкиот актив вториот ден по нивното пристигнување се расправаше за прашањата на организацијата на живеењето и беше решено полскиот совет на Центарот целата работа постепено да му ја довери на грчкиот актив.”18 18 Копија од извештајот во арх,. збирка на авторот.
Беше одлука на Политбирото на ЦК на КПГ со седиште во Букурешт сите бегалци да се распоредат на разни работни места. И така во сите државни стопанства каде беа населени бегалците, челници беа поранешните активисти од најнискиот партиски кадар, кои и во текот на војната висеа на ниски гранки, собрани околу штабовите, магазините, кујните, фурните, работилниците за поправка чевли и чизми. Тоа беше време и на тие, кои на народните селски одбори по препорака и силна поддршка беа избирани за претседатели на селските народни одбори. И токму тие беа народната власт. Во основа полуписмени селани, ама послушни и невообичаено лакоми и само со збор во првите борбени редови. Нив, сега во туѓото, ги имаше секаде. И тука, во земјоделските стопанства, тие одлучуваа кој може да оди на работа во фабриките, па дури и одлучуваа кој може да се пресели во градот. Беа десната рака на партискиот комитет. Некои, иако некадарни, успеаја да се вгнездат во детските домови, некои како учители, други како воспитувачи, трети како чувари. Времето беше нивно. Со писмени ( најчесто) или устено пренесени укажувања ( најупотребуваниот збор беше – инструкција или директива) што со курири или најчесто по радиоврска стигнуваа во партискиот комитет од високото раководство, удобно сместено во Букурешт и без почитување на законите на гостинската земја, тие беа локална, извршна и казнена власт. Вообичаено ги викаа – другарите од комитетот. Тие, по свое видување и оценка уште првите денови по пристигнувањето на одлуката од највисокото партиско раководство одлучуваа кој во кое земјоделско стопанство ќе оди и дали ќе му биде дозволено по свое видување да се пресели на друго место, а подоцна, во паланките и градовите, кој на која улица и на кој кат ќе живее, во која фабрика ќе работи, да учи некој занает или да се запише на подготвителни курсеви за потоа да продолжи со учењето на некој универзитет, држеа списоци за тоа кој, колку заработува и на јавни собири кажуваа кој колку фатил или не фатил работна норма, за што следеше пофалба или јавно осрамотување и понижување што се сметаше за лесна казна... За тие, кои беа членови на партијата, најтешка казна беше – терање од партијата, а тоа зад себе повлекуваше исклучување од колективот, без можност казнетиот да се дружи со пријателите, па дури и да се гледа со роднини. Осуден на осаменост. Исклучувањето од партијата беше како црковната анатема. Беше најтешка казна, не слична, туку иста како црковната анатема која беше отфрлање од христијанството – чиниш со таквиот чин и едните и другите најстрого ја уништуваа душата, умот, телото и духот. Таквата казна врз чувствата на напатениот паѓаше како неподнослива тежина која водеше кон морално растројство со тешки последици за здравјето. За исклучениот целиот отворен свет веќе стануваше празен, пуст, затворен.
Исклучените и анатемисаните бегаа од средината на сонародниците. Ја напуштаа ноќе. Се преселуваа во најблиските гратчиња, а некои дури и подалеку, во големите градови, каде наоѓаа сместување и иако тешко се снаоѓаа, туѓи во туѓата мачно совладлива средина, но ослободени од стравот, свиваа нови гнезда. Делничниот леб го заработуваа најчесто вработени како општи работници. Не прифаќаа веќе некои од комитетот (тие им ја наоѓаа трагата) да им загледува во џебот. Сметките веќе си ги правеа сами. Во новите средини, меѓу Полјаците и со Полјаците се чувствуваа вистински слободни, безбедни и на сигурно.
Целта на таквото однесување беше да се создаде затворен круг во кој треба да бидат сместени сите бегалци. Тие не смеат себе си да си припаѓаат. Не смеат да имаат свое мислење за разлика од тоа што им го имаше наметнато партијата во текот на војната преку своите активисти. Така впрегнати во јаремот на принудната послушност и постојано зацврстувана зависност, во нивните души војната се уште траеше, таа не заврши, таа траеше во нивните мисли, во надежното чекање да се вратат во своите огништа. Престанаа да веруваат во ветувањата и во таа уште една голема измама дека не се поразени, туку само пушките се ставени до нога. Така велеше партијата и продолжи да ги убедува дека и тука, во земјоделските стопанства секогаш треба да се готови за идните борби, а престојот е само привремен и ќе трае се дотогаш, до кога не се создадат услови за враќање. А времето си течеше, се одолжуваше и крајот не му се гледаше.
Никој од бегалците не откажа работа.
Партиските челници им велеа:
-Другари и другарки во гостољубива Полска денес сите се впрегнати да го градат социјализмот. И ние треба да се вклучиме во тој напор за да им помогнеме на Полјаците што побрзо заедно со нас да го изградат социјализмот, а потоа и комунизмот.
Така беше и сите работеа како земјоделци. Работата на нива која таму во своето место им беше во крвта, тоа беше работа наследена од прадедовците и пренесувана на новите колена.
Металскиот звук од удирањето на парче од шина ја одредуваше саатницата за будење, појадок, одење на работа, ручање, вечерање и спиење. По тој звук го тераа и го влечеа денот во PGR – пегеерот, државното земјоделско стопанство, кое тие од комитетот во Згожелец го нарекоа колхоз, што кога Полјаците го слушаа тој збор, крвта им удираше в глава. На другарите од грчкиот партиски комитет им објаснуваа дека во Полска нема колхози, ама тие упорно настојуваа да тврдат дека другарите и другарките политички бегалци работат во колхози.
Така беше решено и одобрено. И од тогаш и во наредните денови, месеци и години, грчкиот актив не можеше ништо да прави против македонските бегалци без македонските послушници. Тие во партиската машина беа најтврдите и најострите запци.
Така беше и пред години во нивната татковина...
А бидејќи сите беа селани и добро знаеја што е селска работа и селски пот, наскоро стигна партиска директива сите да бидат распоредени по тие големи земјоделски стопанства, во кои немаше кој да работи, а тие селани беа најдобри за селска работа. Од село в село. Но различно. Таму најчесто ридско, планинско, а тука рамно како дланката, ветровито, многу влажно, магливо, изорано со машина, а не со впрегнати волови или коњ. Сите на работа во нивите кои се викаа државни земјоделски стопанства. Со работа в село да се помогне во изградбата на социјализмот, а потоа и на комунизмот. Така на вечерните собири мелеше партиската машина во која најгласни беа остатоците од поранешните македонски кадри.
И пак, по села, како што беа распоредени за влегување во бродовите или во возовите, ги распоредија по Państwowe Gospodarstwa Rolne, значи по Државните Земјоделски Стопанства, кои луѓето од партискиот комитет ги нарекоа колхози за што, кога Полјаците го слушаа овој збор, се муртеа и грдо пцуеја под нос.
Во текот на краткиот одмор, Мара избриша пот и рече:
-Е-е-е- сега во нашето место го беревме грозјето. Сега во нашето лозје на страк се суши грозјето, во нашиот овоштарник на земја гние јаболкото... Тука до колена во кал ги береме овие проклети компири и морковот. Што ќе им се толку многу компири. А таму, кај нас токму ова време го беревме лозјето. Кошниците со грозје до горе полни. При носење - на секој намерник - по грозд. Како да беше празник. И песни се пееја и шеги се раскажуваа. Денот сончев, топол, небото сино и ведро... Рацете ни имаа мирис на грозје. Бербата ни беше радост, а не умор. Да си бевме дома, сега ќе си го беревме грозјето, утредента ќе го стапневме и ќе го сместувавме во чистите бочви. Сега таму ќе ни вриеше виното...
Дождливи, влажни, магливи и студени денови носеше есента.. Oбуени во гумени чизми, од шест утрото до шест попладне со прекин за ручек, сите мажи и жени способни за работа беа распоредени по нивите. Во вреќи и кошеви собираа компири, морков, репка и ги истураа во тракторските приколки и коњски запрежни коли. Секому му беше одредена количина на вреќи или кошници да наполни, наречена норма, со натпревар кој повеќе ќе собере. Целата работа ја надгледуваше другарот од комитетот, кој одеше од група до група жени и мажи, во отворениот тефтер ги запишуваше куповите, кошевите, вреќите, имињата и сработената или надминатата норма. По вечерата, пред целиот собир, за едни со зборови на пофалба за надмината, за други со зборови на осрамотување за не дофатена норма, завршуваше работниот ден. И пофалените и осрамотените одеа на ноќна почивка огорчени и никого и ништо не мразеа и не колнеа толку многу, колку што го колнеа и пцуеја другарот од комитетот...
Работеа на овие големи ниви, а за извршената работа, плата не добиваа. Со презиме и име беа на список во кој беше внесена надницата и колку фатиле од дневната норма. Тие кои знаеја малку писмо, на платниот список се потпишуваа со цело име или презиме, а тие кои беа неписмени, а таквите беа најмногу, ставаа крст на местото што му го покажуваше другарот од комитетот. Тетратката со потписите и крстовите ја враќаше во кожната чанта, а од картонската кутија ваѓаше пакетчиња и, подавајќи им ги, со тон на високо признание, велеше:
-Ова ви е подарок од народната власт... и од партијата...
Се хранеа од заедничкиот казан. Секогаш во исто време.
Сите се преправаа дека беа задоволни, ама не само затоа што појадокот, ручекот и вечера им беа без пари, туку и затоа што секој ден кај нив се создаваше уверување дека некој за нив се грижи, мисли да им го олесни животот, па нека е и со секогаш полната чинија манџа од компир и со тоа пакетче подарено од народната власт и грижливата партија.
Послушни, молчаливи, задоволни...
Во меѓуверме протече краткотрајното топло циганско лето. Од кај северот се спуштаа црни облаци и носеа студени ветришта. Од дивите костени, што ги немаше во нивните краишта, се ронеа дивите костени и лисјето со боја на злато, постелуваа шумлива златна постела.
-Есен, луѓе, доаѓа - рече дедо Тоде, покажувајќи на замагленото и намуртено небо.
Дожд. Магла. Влага. Студен северен ветер. Небото огрдено од црни облаци. Големи, широки ниви. Долги леи. А во нив – се уште ваму многу компир, таму репка, морков, онаму зелка...
А, тие, така, како што беше наредено и под дожд, и на ветер и магла, тука, во државните стопанства, веќе цела година ги вршеа сите земјоделски работи, со тоа што не ораа со рала влечени од волови, коњи или магариња, не сееја црпејќи со рака зрна од торбата обесена на рамо. Широки и долги бразди отвораа машините во големите и некаде недогледни полиња. А тие, селаните костурски и лерински, одеа зад машините и собираа компири, шеќерна репка, моркови, зелка. Едни собираа во купови на гола земја, други полнеа вреќи, трети ги товареа на тракторските приколки и на коњските запрежни коли. Така по цели денови, со краток прекин за ручек донесен во канти, беа новите селани во долгата, дождлива, маглива, влажна, студена полска есен. Работеа на норма. Од поле се враќаа пред заодот. Право во мензата каде на долгата маса ги чекаше вечерата донесена од заедничкиот казан. Пред да почнат со јадење, одговорниот за групата, вообичаено некој поранешен партизански комесар, по име и презиме читаше кој колку сработи и колку фати од одредената норма. А нормата кажуваше кој колку купови компир, морков, репка собра, кој колку вреќи наполни, кој колку товари во приколката. Трудот, потта и маката не се сметаше. И таа, де, нормата, едни пофалуваше, други посрамотуваше и наредниот ден пофалените и посрамотените си ги наоѓаа имињата испишани на големата табла закована на вратата од трпезаријата. Тоа беше за едните награда, за другите казна...
-Ете, на пример Трајковски. Секогаш е под нормата. Не знам што му е. Ако си болен, кажи, ќе те носиме на лекар...
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/on-the-road-of-no-return-mk/7 на 29 октомври 2026