ВТ0Р ДЕЛ - Part 07
- Што по натаму? Понатаму, луѓе од партијата рекоа дека не може една таква важна работа да им се довери на Бугари. И во затворските келии, не само во затворот Акронавплија, туку и во другите затвори, бура од негодувања, кои се пренесоа на терен. Зарем Бугари ќе застанат на чело на грчкиот отпор? Зарем мислите дека по победата тие автономисти нема да поставуваат барања? А ние, да ти кажам, сакале или не, по налог на партијата се изјаснивме дека сме Бугари. Партијата рече да сме Бугари... Како она во детската игра – лета магарето? И кој рече дека лета, тогаш рикаше како магаре. Или нешто како оваа шега: - Се раскажуваше дека еден сликар пред еден дуќан во Костур го сликал Исус Христос. Еден Влав на поминување застанал, се загледал во сликата и кога видел дека на сликата Исус е бос, му рекол на сликарот – не смееш Исус да го сликаш бос. Веднаш насликај му опинци и тоа црвени. Ама, господине, се противел сликарот, Исус секаде е претставуван бос? Не се противи, туку насликај му црвени опинци, упорно настојуваше Влавот. Сликарот на Исус му насликал црвени опинци и кога завршил, се тргнал настрана, длабоко воздивнал и гласно рекол: - Е мој Исусе, не сакајќи сликарот и настојувајќи Влавот, си ми обу сирота црвени опинци. Некако така и ние...
По наше не сакање, а по сакање на партијата станавме Бугари. Партиската дисциплина, знаеш, тогаш, а и сега, беше и е закон... А надвор, на терен почнаа да не ловат. Одново апсења. Ги стрелаа Лазо Трповски, Ташко Караџа и други. Некој избега во Бугарија, друг во Југославија, малку останавме во планините. Ете, така јас останав жив и верен на партијата. А по ослободувањето, кога на чело на партијата пак застана драгиот Захарјадис, јас одново активен во партијата и верно ги вршам задачите што ми ги доверува. А ти, рече, дека Коле те викаат, не си во партијата?
- Не...
-Не ти треба... Тоа е голема обврска. Понекогаш мора да се прават работи кои се против сопствената совест... А вечер да дојдеш на собирот. Таму јас ќе зборувам, а треба да зборува и некој пописмен од мене, како тебе...
Повикани по име и презиме луѓето се собираа во колхозната менза, како што ја нарекоа големата сала на месната крчма. Испарувања на машка пот, непрана долна облека и валкани гумени чизми и чорапи. На челниот ѕид - портрети на Сталин, Бјерут и Захарјадис. Маса покриена со црвено платно и четири столови.
-Сега другари – Лабро го почна говорот пред собраните – сега, кога прибравме душа од лошото благодарение на партијата и на народната власт, другари – сега отвораме нов фронт на борбата. Пред нас е една голема битка која, мораме да ја добиеме. А тоа е битката со титоизмот, разбирате, нели. На титоистите ќе им објавиме отворена и беспоштедна војна, значи да ги истребиме титовите агенти и шпиони. Ќе ги истребиме тие кои се меѓу нас и тие кои се во домовите и школите со децата наши. Таа борба ја бара од нас партијата. И ја почнавме борбата. Пред некој ден од домовите и школите партијата ги тргна даскалите и даскалиците. Тие не ги учеа децата така како што вели партијата, туку им влеваа во главите некоја таканаречена македонска, а не славoмакедонска азбука и некој си македонски, а не славомакедонски јазик. Партијата ги тргна и жените кои до некое време ги водеа децата. Тие жени, наместо да ги тераат децата да мислат и да прават како што вели партијаа, тие им раскажуваа приказни, ги тераа да зборуваат на тој измислен јазик, да кажуваат како на тој јазик се викаат врапците, реките, планините, ридовите, нивите, за бабите и дедовците, а со баби и дедовци не се оди во комунизмот, другари. И затоа партијата и нив, како штетни елементи, ги отстрани. Сега не се пеат песни какви што се пееја во селата, туку се пеат борбени песни, песни за светлата иднина што допрва ќе дојди, а таа ја носи партијата. Сега, другарки и другари, на тој фронт, значи, како прва задача во таа прва битката ќе му ја објавиме на тој јазик и на тие даскали. Значи битка против јазикот. Прво од тука ќе почнеме. Ако го скинеме тој јазик,тогаш ке го скинеме и коренот. Така вели партијата и така ние во таа битка ќе прајме. Сега таму партијата стави партиски свесни другари пред се од тие кои излегоа од болниците... значи сега здрави борци. И уште да ви ја кажам радосната вест дека веќе сега таму во Букурешт се пишува граматиката на новиот, славомакедонскиот јазик за кој целосна поддршка даде другарот Захарјадис. Ја пишува еден мој многу добар и учен другар со кого заедно робувавме во затворот во Акронавплија. Добар и чесен комунист. А штом се работи за учени даскали, и тоа партијата ќе го реши. Една група од поголемките деца ќе ги испрати во Бугарија таму за да го научат учителскиот занает. Овие даскали што сега ги има по домовите не се по учителскиот занает, ама со помош на грчките и полските учители нешто ќе научат. Кликата на Тито – продолжи Москов – секаде ни се пикна со свои агенти. Така значи партијата вели дека тој секаде има свои луѓе. Партиската будност не спие. Полека, еден по еден партијата ги открива и на свој начин ќе ги казни. Така, на пример, покрај големата штета што ни ја стори Тито со затворањето на границата, направи уште една голема штета. Во домовите што ги имаме во народните демократски држави каде живеат децата што ги спасивме од војната, направи исто така голема штета. Во училиштата кладе учители кои децата ги учат со титова азбука и титов јазик. Така реши и по тоа решение ќе постапува партијата.
- Чекај, другар Лабро! – викна некој од задните редови. – Па тие учители ние, родителите, ги испративме заедно со нашите деца. Тие беа наши учители, наши деца па сега од каде – титови?
- Точно е тоа, ама партијата оцени дека тие беа кладени од титови агенти. Значи тој таму, тој угурсуз, тој Колишевски и другарите му, кладоа титови даскали да ни ги учат децата. Ама будното око на партијата не спие. Одлучно и будно, дење и ноќе ја разбива таа титова клика. За една ноќ, онака борбено, би рекол болшевички, направи чистка. Надвор од школите и домовите, заедно со нивната азбука и јазик ги истера тие агенти. На местото на тие титови даскали, кладе свесни партиски верни даскали. А мојот, оној акронавпли- отскиот другар од ќелијата, чекај, како ли се викаше... Добро, сега не ми текнува, кога ќе ми текне, ќе ви кажам...Тој е учен човек и многу добар комунист, од Бапчор е. Сега тој седи во Букурешт и по партиска задача пишува нова граматика и прави вистински славомакедонски јазик.45 Јас лично, по партиска линија, му најдов 45 Издавачката куќа Издателство ,, Неа Елада”, македонски отдел, со седиште во Букурешт и под целосна контрола на КПГ, во 1952 година издаде ,,Граматика по македонски език”. Авторот на граматиката Т.Пејков во уводникот напиша:
,,Составящиот на тази граматика за славя номакедонците од Егей е законен резултат и плот на той бурен напредок на нашио народ. Во неа се прават опити да се формяват поглавните граматически правила на македомскио език, како той се оформява денес во Егей ска Македония особено след воведението на радиоемисията по македонски език во радиостаницата ,, Слободна Грция”. Македонскио отдел на издателството ,,Неа Елада” е уверен оти таа прва македонска граматика за славяномакедонците од Егей кье поможи многу нашата младина и преподавателите по македонски език за правилното изучаване на новио, литературнио език и за оформяването на општонароден македонски език од Егей . Како една руска, една украинска и две бугарски граматики, му ги однесов таму во Букурешт и кога му ги давав му реков дење и ноќе да ја пишува новата граматика и да го прави новиот јазик, му реков да е, славомакедонски, таков, каков што сака партијата... И така другари благодарение на нашиот водач, ние многу брзо ќе си имаме нова славомакедонска азбука и нов славомакедонски јазик што сега во Букурешт го пишува и го твори...тој, како ли му беше името?... Аха, ете, ми текна – Атанас Пејков се вика. Тој таму во Букурешт го прави славомакедонскиот јазик така, како што му е речено од партијата, а додека тој таму дење и ноќе работи, ние тука, другари, со едно писмо да им се заблагодариме на Полјаците за тоа што го прават за нас политемигрантите... За да не губиме време за пишување, писмото веќе е напишано, го одобри партијата и вака вели:
,, До Централниот комитет на Полската обединета работничка партија Драги Другари, Од името на бегалците згрижени во Мјенѕигуже, им ја изразуваме нашата најтопла благодарност на Полската обединета работничка партија и на целиот полски народ за помошта и братската нежност што ни ја укажуваат.
Длабоко сме трогнати од солидарноста, од братските чувства и исклучителната грижа што ја покажуваа и продолжуваат да ја манифестираат нашите полски другари како во текот на нашето патување, така и за време на нашето сместување во Мјенѕигуже.
главни библиографски источници при составя- нето на граматиката послужи: Българска граматика от Д-р Любомир Андрейчин, Ник Костов, Еньо Николов – София 1947 год. и Грамматика русскго языка, А.С. Матийченко, у. 1952’’.
Целото напредно човештво знае дека ние, бегалците од Вичо во Македонија, сме директни жртви на отвореното предавство на фашистичката банда на Тито, Ранковиќ, Кардељ, Ѓилас, која бесрамно помина во служба на американско-англиските империјалисти, поттикнувачи на една нова војна против Советскиот Сојуз и земјите на народната демократија и која, заедно со грчкиот монархофашизам, и зададе и продолжува да и задава удари во грбот на борбената демократска Грција.
Без отвореното предавство и ударите што ги зададе предавничката клика на Тито, монархо-фашизмот не би можел привремено да го окупира нашиот слободен регион, како што не можеше да го освои во текот на трите години, и покрај огромната и повеќекратна помош на американскиот и на англискиот империјализам.
Така во народната демократија на Полска, која е водена и инспирирана од нејзината авангардна партија, Полската обединета работничка партија, во еден гигантски и мирољубив труд на обнова за подобар живот, ние со сопствени очи видовме дека нејзиниот врховен закон е меѓуна-родната солидарност.
Ние тука ги видовме нашите деца, на кои им е укажана татковска, мајчинска гостољубивост, па дури и не ги препознавме, толку голема беше разликата во насока на подобрување.
Благодарноста за се што направивте за нашите деца, за нас и за народот на Грција секогаш ќе живее во нашите срца. Благодарение на непоколебливата решеност на нејзиниот народ да даде се за слободата и независноста, благодарение на ефикасната помош на целокупното напредно човештво, праведното дело на демократска Грција, која се бори, конечно ќе триумфира, независно од тоа колкави ќе бидат жртвите што треба да ги дадеме.
Да живее ПОРП Да живее херојскиот полски народ Да живее Народна Република Полска Да живее борбената демократска Грција Да живее светскиот фронт на демократијата и мирот на чело со непобедливиот бедем Советскиот Сојуз под светлото раководство на великиот Сталин.
За Комитетот Стериос Дацос Николаос Сербеѕис Марика Елкова Фотиос Урумов Аспарухов Петре Махи Пилаева Герман Петров Јанис Наумис”.46 Лабро прекина со читањето и откако се искашла и плукна под масата, удирајќи со дланката на хартијата така, како да сакаше од неа да истресе прашина, рече:
-Толку е, другари, напишаното со кое ние тука бегалците на полската партија му ја изразуваме нашата благодарност и големата верба во идните триумфални борби. Сака ли некој нешто да додаде? Што мислите?
Добро е, нели?
Молк. Устите како да беа закрпени.
Од задните редови се слушна гласно крцкање на стол. Сите свртија поглед таму.
Митре полека стана и подигна рака.
-Јас, другари, сакам да речам, дека добро е напишано. Се е речено, мислам напишано. Учено е напишано, така, како што сака партијата и тоа со големи и звучни зборови, кои, јас, со проштевање, не ги разбирам, посебно зборовите од крајот на писмото. Дали нешто му фали? По навика, велам добро е, ништо не му фали, 46Оригиналот на цитираното писмо се наоѓа во Државните архиви на Полска под сигнатура 237/ХХII – 425. Писмото е на грчки јазик, рачно напишано, преведено на француски јазик и пречукано на машина. Во грчкиот текст Герман Петров е потпишан со кирилско писмо, додека во францускиот е наведен со латинско писмо. Другите потписи се со грчко писмо. Копија од писмото - во арх.
збирка на авторот.
бидејќи досега не еднаш се изнаслушавме и без збор прифаќавме секакви пишувања и повици и тоа ни стана навика. Не знам, како мислат другите, ама јас мислам, дека на напишаното му фали тоа што не е напишано на наш јазик. Некои од нас, кои го знаат или го разбираат грчкиот јазик, разбравме во што е работата, а што да речат тие, кои не знаат ниту еден грчки збор? Мислам дека ние, кои тука во земјоделското стопанство во Кунув сите сме Македонци, личи на Полјаците да им се заблагодариме на наш, македонски јазик. Па штом си имаме наш јазик, зошто на наш јазик да не им изразиме благодарност, а? Ние веќе со тукашните Полјаци, работејќи во ова земјоделско стопанство, добро се разбираме, а некои од нас и добро зборуваат полски. Ако овие Полјаци со кои тука во стопанството заедно работиме ни го разбираат нашиот јазик, а и ние им го разбираме нивниот, белки и тие таму горе, кои се поучени, напишаното на наш јазик, белки, ќе го разберат, нели? Па, зарем, таму, горе, не чини да се чуе нашиот збор? Зарем ние сме неми, та на друг јазик на Полјаците да им речеме – сполај ви? Така јас мислам и така ми сечи умот и штом беше поставено прашањето што мислиме ние тука собраните, јас мислам дека поблагородно е да им се заблагодариме на наш јазик, отколку на грчки и на тој другиот, што го прочита другарот кој седи до тебе, другар Лабро... на француски ми се чини и никој од нас ништо не разбра... И сега, другар Лабро, ми текнува, а тоа до неодамна беше, мислам на времето, таму, во нашите места, на селските собири, многу писма, весници, повици и други хартии, напишани со големи и умни зборови ни беа читани, кои ние простите селани иако најчесто не ги разбиравме, ги одобрувавме кршејќи си ги дланките од ракоплескање.
Така ли беше или не беше така? И на крај да кажам, дека на напишаното нема што да му се додаде... а ако има што да се рече тоа е на кој јазик е напишано, а јазикот кажува кои се и што се тие, кои го напишаа... Толку...
Лабро изненаден од тоа што пред малку го слушна, стана, со двете раце се потпре на масата, со целото тело се зададе напред и подвикна:
- Ти, ти, таму од последните редови да не матиш! – подигна рака и луто и заканувачки тресејќи го прстот, викна.– Ние ги знаеме таквите!!!
Неговите последни зборови прозвучија како лошо и заканувачко ехо и лошо предупредување и сите сфатија дека строго подигнатиот прст не му се закани само на Митре, туку и на сите кои го видоа.
Собирот заврши. Во тишина, со погледите вкрстени во студенилото на сомнежот, без збор и поздрав, со тромави чекори се празнеше салата, во која провеа призракот на заканата и стравот прошуми како во доживеаното време...
Лабро набрзина ги собираше хартиите што му беа растурени на масата и во мигот кога сакаше да си оди, застана, се загледа во грбот на толпата и неговиот рапав, но моќен глас се разлеа во салата:
-Почекајте! Другарот кој зборуваш после мене, да остане.
Митре, сфати дека повиканиот другар е тој, се сврте и со бавен чекор тргна на кај Лабро. Застана на чекор пред масата и колку што можеше најмирно, ама не и молежливо, праша:
- Мене ме бараш?
- Како се викаш! – подвикна Лабро без да погледне кој стои пред него.
- Митре, Митре ме викаат... А во што е работата, другар Лабро?
- Каква работа, бре! – се развика Лабро. – Тука се работи за анти работа, разбираш ли ти? Какви зборови ли беа тоа што си ги изнаплукал, бре? Што се замислуваш? Кој си, бре, ти, па така да зборуваш? Знаеш ли ти дека се што си рекол не е во духот на партијата, а? Види го ти него – Лабро не престануваше да вика и со тупаницата удираше на масата така, како да сакаше секој изречен збор трајно да го закови на не ренданите штици над кои со секое удирање во куп се собираше црвеното платно.
Митре помести чекор напред и со истиот белег на гласот, како пред малку, праша:
-Во тоа ли ти е маката, другар Лабро?
-А во што друго, другар Митре? Јас по партиска линија терам работа, се мачам, се трудам, се жртвувам, а ти ми удираш контра...
- А јас мислев дека ме викаш за да те однесам меѓу луѓето. Дојди, другар Лабро со мене и остани некој ден и заедно со мене да ги слушаш редењата и лелеците на жените, да слушнеш мајките и вдовиците како плачат, да ги слушаш тешките и болни воздиви на татковците... Дојди, другар Лабро, таму на жените, мајките, татковците, чии мажи и деца изгинаа за да го добијат тоа, што им беше забрането, ајде, дојди да им кажеш дека со партиска одлука твојот пријател во Букурешт не како, туку зошто им прави нов јазик... за разлика од тој што го научиле од своите стари, а старите од своите стари и само на тој јазик ти ќе можеш да ги разбереш, зашто друг и не знаат... дојди да слушнеш на кој јазик ги оплакуваат своите најблиски, дојди, ајде, дојди заедно со нив да ги оплакуваме и да ги жалиме нашите најмили на нашиот јазик... дојди заедно да ги бараме живите зашто се уште не знаеме колку останавме и каде не развеа и не запусти лошото...
Митре прекина за миг и откако ја голтна горчливата плунка, продолжи:
-Дојди, другар Лабро, дојди со мене да одиме меѓу луѓето и заедно со нив и ти да засучиш ракави и по цел ден да тераш работа во овие бескрајни ниви и таа голема болка што непрестајно не боли заедно да ја болиме.
Доста не труевте... – тивко, ама тврдо прозвучија последните зборови на Митре, кој без да се поздрави, се сврте и со бодар и сигурен чекор тргна кон излезот. Пред да го пречекори прагот, застана, како да се потсети на нешто, се сврте и полека тргна на кај Лабро. Со левата рака се потпре на масата и мавтајќи му со прстот пред очите, полека, небаре издишката му го прекинуваше гласот, го праша:
-Кажи ми, Лабро, за тоа јазикот што ни зборуваше...
- Кој јазик? – изненадено праша Лабро.
-Тој, што некој таму во Букурешт го прави...
-А тоа ли те мачи? Значи вистинскиот, што ќе биде подруг од тој што ни го измисли Тито?
- А овој на кој сега зборуваме, кој ни го измисли? И кажи ми, за да знам, ти како дете на кој јазик си зборувал со мајка ти и татко ти? А мајка ти и татко ти, со мајка им и татко им, на кој јазик зборувале? А нивните мајки и татковци и баби и дедовци на кој јазик зборувале? Ќе ми кажеш?
Лабро се исправи и вџашено гледајќи го в очи, рече:
-На наш, другар Митре... Тие не знаеја друг јазик освен нашиот...
-Па тогаш зошто нашиот го менувате со некој друг?
- Затоа што така одлучи партијата, која тврди дека тој јазик го измислил Тито, а на партијата треба да и се верува, за што таа не греши...
- Па така велат и тие во Атина, дека Тито е крив. Нели? Која е разликата меѓу нив? Е, море Лабро, море Лабро, не е до Тито, туку до коренот. До коренот што го влечеме од на нашите баби и дедовци и нивните предци. Да не беше така, сега дома ќе си ги оравме нивите... И уште да ти кажам, другар Лабро, работата е и до нашето искоренување...
Митре настрана ја исплука насобраната горчина и без збор повеќе, тргна на кај излезот.
Зад него остана Лабро и горлчинатра на искажаните зборови.
Десетина дена по овој разговор од градот дојдоа двајца непознати. Рекоа дека бараат некој си Митре на кој треба нешто под итно да му пренесат. Не чекаа долго.
Митре го најдоа и по краткиот разговор, сите тројца го фатија патот кон градот.
Митре веднаш го однесоа во седиштето на градскиот партиски комитет. Во задимена и кој знае од кога не изветрена сала, партискиот секретар седнат во длабока кожана фотелја, без поздрав, го почна разговорот, што повеќе личеше на сослушување.
- Имаме сознанија дека вие, другар, како ви беше името?
- Митре...
- Така, другар Митре, ние од тие сознанија извлековме заклучок дека вие таму во колхозот, во Кунув, меѓу колхозниците, ширите непријателска пропаганда, која се растури и во другите колхози каде работат Славомакедонци. За тоа што и како си зборувал имаме и писмена изјава. Тоа е казниво и ние тука во комитетот размислуваме да не ве пријавиме кај полските власти, под услов дека ќе се покаете и ќе дадете чесен збор дека нема да се однесувате и да зборувате така, како што зборувавте на собирот пред една недела и јавно ќе кажете на некој собир дека многу згрешивте...
Секретарот без да стане му подаде на Митре хартија и пенкало.
- Поптиши дека се каеш и дека ...
Митре направи чекор напред, тукуречи нависна над секретарот и полека, развлечено рече:
- Каење ми бараа и во затворите и логорите во Грција. Таму не се покајав, а и тука нема да се покајам. И ова да го знаете – тука не е Булкес, а ако во случај да направам нешто што е против полскиот закон, тогаш самите Полјаци ќе ме повикаат. Вие тука не сте власт и не заборавајте дека сте исто што сум и јас, а со оваа хартија избриши си го носот...
Митре беше готов целата горчина да му ја плукне в лице, ама се воздржа, се сврте и без збор излезе.
Доцна ноќе пред прагот од стравот се ослободи Мара.
Во меѓувреме во градскиот комитет го викнаа Лабро на кој накратко му објаснија дека од партиската централа во Букурешт стигна радио-телеграма во која пишува дека партијата донесе решение да го прати на партиска работа во Бугарија, каде на Македонците треба да им ги разјаснува новите состојби.
Другарот Лабро не одрече, само тивко изусти – штом партијата така одлучи, тогаш јас сум готов. Збогум другари!
Возот го однесе Лабро во Софија од каде по не цели два месеци во комитетот стигна вест од која добро не разбраа дали од напорна партиска работа, дали од болест или од пиење, другарот Лабро остави здравје. Во партискиот извештај немаше објаснување дали тој успеа да ги убеди Македонците од Пиринска Македонија, дека азбуката и јазикот што го учеле во ново отворените македонски училишта во пиринските села не бил македонски туку некој јазик што го измислил Тито...
И додека во големата сала на градскиот комитет во чест и спомен на другарот Лабро насобраните го пееја лениновиот марш, по вторпат го викнаа Митре во градскиот комитет. Од таму го однесоа право во Управата за државна безбедност, каде распитот траеше само половина час. Началникот откако го слушна исказот, го отвори сивиот коверт од каде ја извади изјавата за непријателската дејност на Митре и полека, одмерено почна да ја кине. Парчињата ги фрли во кошот и рече:
- Слободен си. Оди си. Ние тука имаме поважни работи... Кога ќе згрешиш против Полска, мислам против полските закони, тогаш јас лично ќе те донесам тука, а потоа ќе те однесам на едно друго место... Збогум...
А во тоа време во Полска и не само во Полска, партиските војници на комунистичката партија на Грција почнаа да ги ловат тие, кои не мислеа така како што гласеше партиската одлука и писмените директиви. На јавни собири, до доцна во ноќта ги покажуваа со прст, ги срамотеа, ги понижуваа, им се закануваа на тие, кои до вчера им веруваа, ама сега не мислеа како нив. А тие, замолчани, се затворија во себе. Сега кому да веруваат?
Никој никому не веруваше, секој во секого се сомневаше. Токму тоа и требаше на партијата. Да молчат, па дури и од својата сенка да се плашат. Голем страв посеаја, отворија меѓу нив широк јаз во кој ја пуштија да тече бурната и матна река не само на стравот, туку и на меѓусебната омраза и сомневањето. Над нив непрестајно кружеше сеништето на стравот. Токму тоа – стравот мора да прави ред кај тие, кои сакаат поинаку да мислат.
Стравот да е остра секира која на гнил конец виси над нивните глави. Да молчат и без приговор да ги прифаќаат туѓите вини како вистина. Да молчат и со молк и натаму да ги попримаат блудните ветувања и измами. Тоа и такви и требаа на поразената партија. Како таму – дома, каде државата го правеше истото, така и тука, истото го правеше и партијата.
Таму, мета пред цевката на државата беа тие, тука - пред цевкта на партијата се тие. Таму – професори, академици, министри, владици, судии, офицери, џандари, попови, учители, новинари се вдадоа да си докажуваат себе си, да се убедуваат дека тие во државата не постојат со свое име, а ако некој тврдеше поинаку, широк беше патот кон логорите и сувите острови. Тука – ширеа учење дека тие не се тие за кои мислат дека се, туку секаде ги прозиваа со измисленото име Славомакедонци, и луѓе и народ вештачки создадени, па ако некој поинаку мисли, партијата за него има свои закони, судови, судии и пресуди.
Тие таму и овие тука на вратот го носеа истиот јарем, но со таа разлика што во левиот жегол беше впрегната комунистичката партија, а во десниот целата грчка држава. Се мразеа до смрт, ама не се откажуваа од јаремот под кој беа впрегнати...
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/on-the-road-of-no-return-mk/13 на 29 октомври 2026