Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

On the Road of No Return

ВТ0Р ДЕЛ - Part 09

Од Петре Наковски · Дел 15 од 26 · Околу 22 минути

Читај на English

Плачи мајко, изнаплачи се за сите болки и патила и за сите времиња на чекање... изнаплачи се иако со плачење нема да си ја олесниш судбината... Во црната шамија – белегот на твојата не исцелена рана и непреболена болка, повиј го плачот... Изнаплачи се, можеби плачот ќе ти ја олесни тежината што врз твојот грб, врз твоите измачени рамена, врз твојата глава, срце и душа е фрлена не само од туѓа, туку и од своја поданичка и алајџиска рака... Плачи, лелекај, изнаплачи се, мајко, твојот плач и лелек нека направи полесна да им биде земјата на тие, кои се уште ги чекаш со душа и мисла да се вратат, а знаеш дека нивен поврат нема, изнаплачи се за тие, кои веќе ги нема и веќе никогаш нема да седнат во твојот скут и да се стопат во твојата прегратка...

плачи, изнаплачи се и крепи ја и стегај ја болката во твојот празен скут, прегратка и пазува и со неа ќе живееш додека ќе бидеш жива...

Лелекај, лелекај, мајко... и срцето и душата пушти ги да лелекаат се дотогаш, до кога во нив ќе стивне и последната издишка...

Лелекаа мајките и во лелекот никоја немаше сила да ја потсмири болката што неисцелено крвавеше од настраданите души...

Првата ноќ и двете наредни Кунув не спиеше. Бдееше, редеше, ревеше, лелекаше...

Три денови мајките, вдовиците и роднините бдееја, плачеа и лелекаа. Истурија многу солзи и претрпеа непреболени душевни болки...

Кој го стори тоа за да има толку голема болка?

Таа пролет писма стигнуваа и во домовите во кои беа сместени децата. И кај нив стигна болката и безутешното жалосно плачење и лелекање. Многу од нив, таа пролет, од писмата дознаваа кои останаа сирачиња, кои изгубија брат или сестра, роднини, блиски, незаборавени лица. Голема беше болката и таа секој ден ја носеа во себе и во писмата скриени во тетратките не еднаш скришум ги отвораа под клупите за да си ги спомнат нивните ликови и имиња и сето тоа што заедно го имале доживеано дома.

Болеше таа болка.

Болеше и споменот.

Како од себе да ја отфрлат насобраната жолч, за душите примиреност да најдат и да се издигнат над болката? На кој ќе му успее да го сотрие и да го здроби прегорот што ги совлада сите?

Ќе прегори ли болката за загубата што засекогаш ќе остане непрежалена?

Ќе има ли заборав?

А надвор пролет.

Зорите дишеа со мирисот на расцутениот јоргован и појот на славеите..

Расцутена, миризлива пролет, распеана во грлата на птиците. Прва пролет далеку од дома. Прва пролет во туѓа земја, под туѓ покрив, во туѓа постела и леб од туѓа фурна. Пролет бујна, час ведра, па дождлива, расцутена, топла и полна со црцорења на ластовичките кои во сенките на стреите лепеа гнезда. Набабрени пупки на ружите и дренот. Ливадите накитени со расцутено ливадско цвеќе. На високите оџаци штрковите поправаа гнезда.

Воздухот поплавен со мирис на млада матерка...

Таа пролет, првата пролет во туѓо кај многу имаше многу солзи и голема болка...

Таа прва пролет кај многу немаше солзи на радост...

А тие, кои им ги даваа писмата, им велеа:

-Вашата загуба не е само голема болка, ами и голема гордост...

Која мајка се гордее со смртта на чедото?

Која жена се гордее со смртта на мажот?

Која сестра се горедее со смртаа на братот?

Кој брат се гордее со смртта на сестрата?

Кое дете се гордее со смртта на мајката или таткото, братото или сестрата?

Кој може да го заборави злото и лошото што му се случи?

Ноќите од мрак до зори им станаа ноќи на бдеење и редење, час на лелек тивок, час толку гласен што раскинуваше срца. Лелек и плач на мајката, лелек и плач на мајките и жените... Лелекаа и плачеа и бдееја ноќе, бдееја дење и редеа. Така, во Македонија, со векови, три дена бдеење над гробот и раздавање за душа, па девет дена и потоа цел живот живи за да останат во споменот кој никогаш нема да им даде утеха и умир. Црната шамија за навек на глава. Така во тие туѓи одаи по цели ноќи и денови бдееја и редеа. Редеа за тие што ги нема, редеа и за себе, својата судбина ја редеа...

Бдеењето и редењето дома го гласеа тажните одѕвонувања на камбаните и сите знаеја чија куќа се зави во црнина. Тука, во Кунув, немаше камбани. Злогласните писма што стигнуваа во сочувани закрвавени комесарски чанти, мајките ги завија во црно.

Беше април.

Беше пролет.

Прва пролет во туѓо. Беше пролет на голем плач, плач голем за болка голема ...

Пролет на очајот, чемерот, горчината, тагата и безнадежноста – пролет, која како клопче беше собрана врз и под црната шамија на мајките...

На нашите мајки...

Пролет - болка на нашите мајки, вдовиците и сираците...

Мара им се придружуваше и на жените кои редеа и на жените кои се радуваа. Со нив и редеше и се радуваше. Болката на едните ја болеше, радоста на другите ја радуваше.

Заедно со неа, секогаш неразделна, како сенка, беше и одеше Донка. Ситничка, болникава женичка. И таа беше една од многуте, која во тоа заедничко редење и бдеење ја одболуваше и својата болка и чекаше макотрпно и со неизмерна надеж да ја дочека и својата радост или...

- Господ да чува и да брани... – си велеше во себе и мака мачеше да ја оттргне од себе таа лоша помисла.

И чекаше. Стрпливо и надежно. Времето и беше исполнето со чекање. Чекањето исполнето со надеж...

Ноќите најчесто и завршуваа со измачувачки соништа, а деновите со чекање. И тука, во Кунув, исто како дома, деновите и ноќите и беа чекање. Каде и да одеше, што и да правеше, секогаш на ум и беше големата желба да ги види своите најсакани. Донка без престан, како во сон, го одмотуваше клопчето на спомените, треперејќи од страв да не се скине конецот што ја врзуваше со најсаканите.

Во рацете на Донка, откако се омажи и на свет ги донесе синот и ќерката, легнаа ралото, српот, бавчата, лозјето, стоката. Ја чуваше и куќата од ветриштата, дождовите и снежните намети.. Стопанот дома не беше стопан. Беше на печалба. Кога во долгите зимски ноќи, откако на скут и заспиваа синчето и ќеркичката, Донка тогаш безмерно ја чувствуваше осаменоста и без жалење многу ја колнеше печалбата и напати и стопанот, кого го имаше во мислите, ама не и дома, во нивата, бавчата, лозјето и во постелата. Откако децата ги легнуваше, го засилуваше пламенчето од кандилцето и долго се молеше пред старата исчадена икона на Богородица. Молеше, тој, таму каде што е оден да печали, да е жив и здрав и што побрзо дома да се врати. Неизмерно долго и се влечеше тоа пусто време откако ја остави со ќерката и синот – ќерката во лулка, синот на скутот. Растеа милите под окото на Донка. Малечката ја лулаше на колена, синчето во пазувите. Растеа ластарите и пораснаа. И таа растеше без него... и тој таму во Америка, растеше без неа... Нива не изорана не остави, не остави и зрно од клас на стрниште да се изрони, лозјето порежано, тревка под копачка не никнуваше, амбарите полни и бочката полна.

И дворот и шталите полни. Капка од покривот не прокапи. Си течеше селската живеачка со потта на Донка и на веќе порасниот Крсте се до деновите кога заврши големата војна и почнаа некои лоши денови. Многу се зборуваше дека по градовите се караат, се тепаат, дека властите ги отворија затворите, дека Маџири пљачкосуваат нашински села и дека во шумите се пеат некои нови песни, дека веќе во планините се бијат и дека бојовите беа се поголеми, пострашни, покрвави. И така за тие бојови, една ноќ, Крсте и многу други како Крсте, ги собраа и ги однесоа во партизани, така тогаш се велеше. По жетвата, ги собраа и девојките – здравите и високите. Здрава и висока беше Софка на Донка, ама со годините мала. И рекоа да си оди дома и таму да расте.

По година ги собраа и малите деца. Рекоа дека ќе ги пратат по државите и од таму бргу ќе ги вратат. Софка не ја собраа со децата. На Донка и рекоа дека ќе ја пратат да учи за болничарка. Ја пратија ама не и облекоа бел селото остана празно од младини и деца и празни останаа скутовите и прегратките на мајките...

А потоа?

Потоа стигнуваа црни вести и мајки и вдовици лелекаа...

Донка и денот и ноќта ги чекаше со страв.

А тие, кои гласеа дека за правдина се води борбата, на Донка и на многу како неа, без правдина пченицата и ја зедоа, и од овците и козите и зедоа, и јунчето и го зедоа, а коњот – сивчо, на кој ја товарија пченицата и пченката, не и го вратија. Ливче - потврда и дадоа, велејќи и дека народната власт, кога ќе дојде, се, до последно зрно ќе и врати. И пак доаѓаа и бараа за борбата народот да даде покривачи, перници, чинии, лажици, чевли, чорапи, кошули, фанели, ракавици, лопати, копачи и силата на рацете, нозете, рамената и плеќите за пренесување ранети, сандаци со оружје, копање ровови, носење дебели и долги трупци за градење бункери таму високо, во планините за да не помине непријателот на планинските ридови околу Вичо.

Во келарот не влегоа. Виното остана. Зрееше во дабовите бочки и чекаше... веридби, свадби, крштевки, денови на празници... чекаше...

И таа, Донка, седната на прагот – чекаше. Крсте и Менка ги чекаше и него, печалбарот, го чекаше. Со мислата ги изодуваше сите раздруми на патиштата и се прашуваше – по кој пат ќе ми дојдат, по горниот или по долниот? На свечерување го запалуваше кандилото пред зачадената икона на Богородица и, клечејќи, се молеше. Се молеше и кога ноќе сон не ја фаќаше, се молеше и кога белата зора ја будеше, фрлајќи сноп светлина во мрачната одаја. Во молитвите ја повиваше надежта - него – домаќинот сакаше да го има дома, да навали глава на неговото рамо, очи да сподави во неговите очи, да се стопи во неговата прегратка... И уште молеше синот и ќерката што побрзо на колена да и седнат... Во нејзиното чекање, како мал блесок во мракот, како искра во спуза и како малендаво пламенче на кандилцето тлееше и кружеше не скротената надеж... Ќе дојдат, си шепотеше, ќе дојдат, си велеше гласно. И кога ја местеше софрата за обед или вечера, секогаш ставаше уште три чинии – за него и за ќерката и синот... Ама, ете... Без него и без нив – софрата празна, куќата празна, празно и срцето и душата, празни и прегратките и скутот празен...

Празни останаа мајчините прегратки и празни останаа топлите скутови... Кого да погали, кому милно да шепоти, кому приспивни песни да запее...

Пустовина...

Студенина...

Молк...

Во самотијата броеше денови, месеци, години изброја.

Редеше спомени и чекаше.

И денот и ноќта и беа чекање. Рано стануваше, пред да обдени зора. Шепа студена вода на образите за да истера ноќна мора и неколку голтки колку за да исплакни грло и за да ја исплука горчината. Во студените или врнежливи денови чекаше со лицето залепено на замагленото прозорско стакло... Приз-рачната надеж не ја оставаше угул сама. Ја хранеше со мислата дека во некое делче од денот или ноќта ќе дојде домаќинот и тогаш на неговото рамо ќе ја истури целата болка на срцето, горчината на осаменичкиот живот и чемерното чекање и од прекор ли или од радост ќе плаче, ќе лелека се додека не ја исплаче целата мака насобрана во длабочината на душата.

Чекањето и беше живот. И секоја пролет, кога цутеа овошките и цвеќето, тогаш венеше нејзината младост...

И тука во Кунув - чекаше. Секој ден. Секоја ноќ. Будна. Чекаше, како што чекаше во Пегин, скраја од патот и чепкаше во бурјанот, во сувата, веќе изгазена трева. Чекаше, како што чекаше дома каде портата од дворот беше ширум отворена. Вратата од дома одлостена. Час стоеше, час седеше на прагот од надворешната порта, час на прагот од куќата. Чекаше. Лицето собрано во дланките, вудвосана и налактена на колената. Со насолзен поглед ги мереше должините на патиштата и траењето на времето. До онаму се селските патишта и таму, на крајот од видикот, легнуваше погледот и чекаше, а отаде ридот и планините течеше времето... Кога поминуваше војска, која не носеше владини белези, таа и многу други мајки стоеја пред порти, со ненаситена и надежна желба ги гледаа момчињата и момите и со трепетлив и молежлив збор прашуваа:

- Дали го знаете, дали го видовте...

- Дали ја знаете, дали ја видовте...

- Не... – одговараше молкот...

Поминуваа и заминуваа занемените усти и широко отворените очи загледани и вковани во лицата на мајките... Некои за миг намалуваа чекор, подзастануваа, се загледуваа, надевајќи се дека ќе си ја видат својата мајка.

-Не... не сум ја видел мајка ми... - си кажуваа момчињата и момите...

Поминуваа и заминуваа момчињата и момите пред мајките, а тие како вковани стоеја пред портите и се надеваа. Така стоеја и чекаа и во тоа долго надежно чекање опојно се занесуваа во тивко шепотените молитви, кои како мониста на копри-нен конец се нижеа нај присакуваните желби. Стоеја. Чекаа. Се молеа. Се надеваа.

Со црната шамија ги бришеа солзите на болката, горчината, чемерот и тагата.

На прагот, пред отворената порта чекаше Донка.

Чекаа и сите други мајки од селото.

Чекаа тие, нашите мајки...

Чекаа мајките и во тоа долго и мачно чекање на лицата им легнуваше неискажлив грч на болка, молкот им беше неумоливо кобен, во очите неизмерно вриеше безутешната тага. Со сподавен крик на душата и со долги воздишки на срцето, надежно чекаа мајките исправени пред куќите, кога крај нив поминуваа и заминуваа момчињата и момите. И ним на патот кон боиштата не им се исполни желбата да си ги видат мајките, кои со нивното заминување останаа со празни пазуви и скутови..

Одеа тие по некои други патишта кон планините и ридовите, а од таму некои други патишта ги водеа кон боиштата...

Ката ден долго и стрпливо чекаа.

Чекаа мајките исправени на прагот да им се вратат чедата...

Чекаа и во тоа чекање нивните празни скутови и прегратки ги полнеа роеви неизмерливи надежни желби неискажлива со збор...

Чекаа и во молкот, поднесувајќи ја болката, се прекрстуваа, молејќи ги сите светци и небесата живи и здрави да им се вратат чедата...

Дење и ноќе упорно се надеваа и траеја без прекин во молбите и молитвите, а тие, кои загубија некое од најмилите длабоко во себе го чуваа болниот спомен на не исцелената рана и никогаш од глава не ја тргнаа црната шамија...

И тука, во Кунув, како дома и како на прав-ливиот пат во Пегин, без престан чекаше Донка. Чекаа на тој пат сите мајки и жени...

На секоја средба, на секое дури и најкратко видување, и познати и блиски и велеа:

-Жива, здрава ти е чупата... – ја тешеа жените со кои ја делеше одајата.

Гореше во надежта и верувањето. Животот и се стори чекање и надевање.

Донка чекаше. Писма за неа не стигнуваа.

За Крсте, синот, знаеше дека е жив и ливчето што го најдоа луѓето во бурјанот крај патот, го чуваше во пазувите и немаше ден да не го отвори за да се увери дека тие три-четири зборови со кои тој ја известуваше дека е жив, се уште се во ливчето. Со растреперени прсти го одвиваше само за да се увери дали тие три-четири зборови се уше се таму... Тоа ливче беше иљач кој ја одржуваше во живот и и ја грееше надежта. Со целата топлина на својата душа го бакнуваше, милно го галеше, го топлеше со образите и издишката и така разгалено, го враќаше во пазувата, токму таму каде отчукуваше нејзиното срце.

За ќерката – молк...

Така беше во април, во првата пролет на изгнанството.

Беше април.

Беше пролет.

И денови беа на голем плач за голема болка...

А минувачите кои поминуваа, миг два застануваа, наслушуваа и вчудовидени прашуваа:

- Dlaczego płaczą Macedońki?52...

Беше април.

Беше пролет.

Во Кунув, многу далеку од дома, пладнето почина Киро. Во малата замрачена одаја, на железен војнички кревет го легнаа и по заодот на сонцето, го покрија со бел чаршав. На малата масичка покриена со бело платно, поставена чинија со брашно и во него свеќа до свеќа набо-дени лоеви свеќи, чии растреперени пламенчиња ширеа светлина за душата на Киро. Три жени бдееја, тивко лелекаа и чуваа да не згасне светлината и на местото на догорените запалуваа нови свеќи и така до белата зора го тераа мракот.

52 Зошто плачат Македонките?

Каква ли болка го легна на тврдиот железен кревет и во него го исцеди и го истолчи? Разно се зборуваше и претпоставуваше. Едни велеа дека саклет неизлечиво му ја рани душата и му го истопи срцето, други дека самотијата го изгоре, а некои, крстејќи се го повторуваа вечното - дека така му било пишано.

Пладнето го погребаа Киро скраја од германските гробишта, од другата страна на високата камена ограда.

-Бог да го прости и туѓата земја нека му е лесна... – за Киро само толку беше желбата од живите.

Во малото одајче, на масичката покрај креветот остана едно купче писма, кои додека самуваше, тие му беа единственото друштво и најголемата радост. Во едно од писмата, со поштенски печат од Букурешт, беше напишано дека жена му е во Крнов, во Чехословачка. Таму ја однесе возот во кој ја сместија неа и многу други тогаш, кога ги симнуваа од бродот и ги качуваа во вагоните. До тоа писмо уште еден коверт на кој со големи кирилични букви беше напишано СССР – ТАШКЕНТ. Киро знаеше каде е СССР, а ретко кој можеше да му каже каде се наоѓа Ташкент. За шега некои му велеа – сигурно е некаде на земјата и некаде под небото.

Така, де, таму некаде на земјата и под небото беше Ташкент, каде син му, заедно со поразената војска до Одеса, го однесе брод и потоа, возот, возејќи по пустињите, го растовари на крајот од светот – на многу топла земја и под многу жешко сонце – во градот што од памтивек го викаа Ташкент. Во купчето имаше и коверти со поштенски печати на поштата во Дебрецен. Му рекоа дека тој град е во Унгарија. Прво чудно му беше тоа име, ама кога му објаснија дека тоа е име на град во Унгарија, каде од писмата веќе знаеше дека во тамошните детски домови се наоѓаат и неговите две деца, тогаш го засака. Киро честопати ги оддиплуваше и ги постелуваше писмата на масичката, ги пеглаше со топлата дланка и често ги читаше, ги здиплуваше и оддиплуваше и на секое беа останати белези од потта, таа голема мака, а толку многу пати беа читани и препрочитувани, што ги знаеше на памет. Со писмата добиваше и слики. Ликовите беа исти како пред година или две, како дома. Со малечки шајчиња ги имаше заковано на ѕидовите и редум одеше од една до друга, зборуваше со нив, се смееше, ги подучуваше, прекоруваше, со лесен допир на прстите им ги галеше образите, очите, косите, нежно и топло ги бакнуваше...

И така расчереченото семејство на Киро во писма и слики беше собрано во тоа малечко одајче во кое и покрај големата радост, најчесто со неискажливо голема тежина налегнуваше и долго царуваше болното чувство на осаменоста...

Беше април.

Беше пролет.

Беше Велигден.

Христос Воскресе!

За многу Години!

Во наредните два месеци уште четири могили се наредија покрај могилата на Киро. Зад високата камена ограда на напуштените германски гробишта, обраснати со висока трева и бурјан, без поп и тажното биење на камбана, се редеа нови. Старите испуштаа душа под туѓо поднебје и почиваа во туѓа земја. Надвор од оградата на германските гробишта, пораснуваа нови купчиња, нови катчиња, некаква нова населба на дојденци кои засекогаш ќе останат надвор од ѕиданата и железната ограда. Тоа малечко катче го нарекоа-cmentarz macedoński - македонски гробишта.

Жените облечени во црнина, така како и дома, на задушница, други верски празници и по домашни адети, како што беше роднокрајскиот ред и адет, одеа таму и раздаваа за помен, молејќи се за спокој и умир на душите.

Во нивните долги молитви траеше животот и во нив живи беа мртвите.

И такви ќе останат се до тогаш, до кога за нив не згасне паметењето.

Така беше во април и наредните денови и недели, во таа прва пролет на изгнанството.

И потоа многу од нив во годините што течеа нова пролет не дочекаа. Во нивните очи времето ја замаглуваше животодајната светлина и ја скратуваше патеката на одот.

Молкома, заедно со големата желба и не згаснатата надеж длабоко вкоренета во душите што поскоро да се вратат дома, многу од нив, во годините што неминовно течеа, нова пролет не дочекаа.

Со болката на саклетот во срцата заминуваа во темнините под туѓите поднебја...

-Бог да ги прости и нека им е лена земјата - од се срце и со болка им пожелуваа живите...

Сите патеки и премини од претходната година ги знаевме. Знаевме каде лани оставивме бункери од камења, а ровови немаше, бидејќи ров на камен не ископавме. Фрлавме тогаш камен над камен и тоа беа нашите бункери. Тие што беа градени со трупци, камен и земја, од базуките, новото оружје што го донесоа Американците и авионските бомби беа пеплосани. И тргнавме ноќе, докторе, ноќе кога сенка не се гледа. Во бела зора – јуриш. Не пречека дожд од куршуми. Беа на готово. Само чекаа со прстот на орозот. Одевме право пред цевките на митралезите и автоматите. Не чекаа зад секоја карпа, зад секој камен, зад секое легнато или исправено стебло. Каде да сокриеш глава. Бевме на нишан. Гиневме. Грамос нема земја. Има сако карпа и камен, крв и коски. Како град, како надојденa пламена бура од град – само куршуми и светлина на смртта.

Тукуречи не погодуваа право в чело, меѓу очи. Така беа поставени. Тие илјадници, ние неколку стотици. Тие легнати, ние простум, на јуриш. Скокавме преку нашите паднати соборци и без наведнување – во напад.

Простум – никој не свртуваше глава за да види што остана зад него. Деца, докторе, деца бевме. Деца гиневме, деца се осакатувавме. Зарем моите години беа за тие рафали, за тие рачни гранати, за тие бомби во кои гореше и каменот и земјата и луѓето испаруваа? Моите години и нивните бомби. Јас и многу други како мене, девојчиња, против мажи. Деца против мажи. Јас и многу други девојчиња против мажи. Не заковаа за земја.

Повлекување – беше наредбата. И при повлекувањето бевме пак на нишан. Пред мене падна маж. Легнав до него, дишеше. Беше жив, осакатен, легнав под него, полека го префрлив врз мене, , тежок, како олово, заколеничив и грабејќи ја земјата со рацете, тргнав без да гледам каде. Стигнав до една карпа. Го легнав, се подигнав и ми се потсекоа нозете. Цел рафал куршуми се забодеа во моите нозе. Покрај мене некои претрчуваа, некои се влеча, молеа за помош, а јас не бев во состојба да се движам. Легнав на плеќи и гледав облаци, магла, чад. Немаше сонце. Немаше планини, немаше ридови. Се беше потонато во чад. И јас почнав да тонам во некој благ сон. До тука памтам... Што потоа? Потоа почувствував тресење. Сфатив дека ме носеа на носилка, час горе час долу. Се будев, ама немав сила да сфатам кој и каде ме носи. Не знам колку време траеше тоа тресење. Кога одново се пробудив видов дека бев легната покрај други во еден камион, слушав гласови, лелекања, офкања, пцуења и пак мрачно под клепките, и тресење на камионот и тие гласни лелекања и таа голема болка која ме гореше и ми ги гризеше нозете. Големата болка во нозете како да ми кажуваше дека сум жива. И што потоа?

Потоа на некоја рамна штица ме легнаа, ме врзуваа, од двете страни на нозете ми врзаа штици и така врзана лежев исправена, ама никако да мрднам. Не бев сама. Покрај мене и малку по натака – сакат до сакат. И што потоа? Потоа нишање, лево, па десно. Лежев стегната во тие штици, ама не знаев каде сум. Не слушав лелеци, не слушав истрели, не мирисав чад од барут... Потоа... потоа сфатив дека не сум на земја, дека лежам во мек кревет и знам дека сум во болница во која слушам некој друг јазик од кој успевам за уловам по некој збор што е сличен на мојот мајчин јазик – исти се зборовите што ги изговараат лекарите и сестрите - боли, рана, очи, нос, глас, нога... Исто како тоа да ми го вели некој со кој го зборуваме истиот јазик. Осознав дека сум во добри раце – и овој збор добри - е како нашиот збор – дека сум во добри раце и дека се радувам секогаш кога ве гледам како влегувате во оваа болничка соба, докторе, секогаш насмеан... и се прашувам: Господе, Боже, од каде ли кај овој човек е насобрана толку многу блага насмевка, од каде ли е собрана толку многу топлина во неговиот глас, толку благ поглед во неговите очи, како ли се најде толку многу нежност и толку благ допир во неговите раце и плачам, кога во неговите очи гледам одраз на мојата болка. Ама, докторе, каков човек сте вие?

Софка денот го поминуваше со закован поглед во таванот. Таму висеа сите нејзини прашања, сомнежи и надежи. Таму го бараше одговорот како натаму ќе и тече животот. Левата нога ја немаше над коленото, десната, се уште доктор Барчиковски и лекарите околу него размислуваа, се советуваа. Најпосле падна одлуката – да се отстрани стапалото кое почна да добива некаква синкава боја, а по неколку денови се појавија дамки на црна боја...

Гледаше во таванот и тивко зборуваше со себе:

-Сега сакам да се изнаплачам... Сега сакам да се изнаплачам онака тивко, и долго. Да се изнаплачам за себе и за сите што ги запознав, а не се со мене, туку останаа таму меѓу карпите, зад карпите. И за сите кои останаа живи, ама осакатени. Дали ќе имам доволно солзи за сите несреќи, доволно солзи и возишки за сите кои останаа таму во тие диви планини што ги нарекоа Грамос, таму каде под секоја трага има засушена крв?

Таму каде и да стапнеш, ќе стапнеш на крв, ќе се сопнеш од коска... Сега ми се плаче, многу ми се плаче.