Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

On the Road of No Return

Front Matter - Part 04

Од Петре Наковски · Дел 4 од 26 · Околу 22 минути

Читај на English

Трпеа и чекаа стуткани под воденото шаторско платно врз кое глуво и маченички тапо удираа и безжалосно тропаа големи капки дожд одронети од лисјето. Стуткани една до друга, жените ги одмотуваа клопчињата на својата мака. Тешките воздишки ги голташе мракот.

Времето ги научи длабоко во душите да се безгласни, навидум на лице тивки и кротки, со лелекот залепен на испуканите и крвјосани усни, од кои не еднаш се откинуваа и најлоши клетви. Во маката и несреќата беа цврсти. Иако откорнати од родното огниште, не беа како откинати лисја одвеани од гранките во доцна есен. Собрани во круг си велеа за утеха, та шепотеа:

-И ова ќе помине...

Имаше ли некој да ги праша колку голема им е отворената рана на срцето и душата што не зацелува, колку голема им е болката и зошто воздишката им е толку многу тешка и зошто очите им се потопени во солзи?

Никој!

Дење и ноќе ги гнетеше и толчеше неизмерната тага, болката, пустошот во душата и неизвесноста за тоа што ќе донесе утрешниот ден....

И многу, многу прашања:

-Каде ли ќе ни биде сетнината???

Мара накрши суварки, ги прибра меѓу два камења и над нив го стави ѓумот. Пламенчето од шкорче кибрит, малендаво и разлулано, ја потфати сувата трева, порасна и ги залижа суварките. Растеше, часкум се смалуваше и поддувнато од ветерот, растеше и го лижеше ѓумот. Мара дофрли подебели суварки, кои набргу зажарија и водата почна да врие. Од торбето извади китка планински чај, ја испокрши во дланките и ја фрли во грлото на ѓумот. Подувна лесен ветер и на околу го разнесе чадот што печеше очи и сладуњавиот мирис на чајот.

Вриеше водата и во душите и срцата на жените кои седеа околу огнот, вриеше болката. Ѓумот се повеќе поцрнуваше, ама не беше поцрн од шамиите на мајките и вдовиците загледани во огнот. Гледаа во огнот и оган, жив оган се жареше во нив, ги гореше, ги спопелуваше... Остриот црн чад печеше очи.

-Од овој ѓум – тивко прозбори Мара - жед гаснеле во старо време нашите стари, па турски башибозуци, арнаутски качаци, илинденски комити, грчки андарти, нашинци впрегнати во српски, бугарски и грчки војски, француски и англиски солдиер и во нив Индијци и Црнци од азиските и африканските колонии и сите зад себе, кои на нашето парче земја, оставале урнатини, пепелишта и многу вдовици и сираци. И свои коски...

За миг прекина Мара, го засили оганот и продолжи:

-Со водата од Мраморчето го гаснеа огнот на челата и телата. Усните ги навлажнуваа кога ги гореа болештини... Така во селото го викаа изворот чија вода извираше од цепнатината на големата мермерна карпа.

Зиме - топла, лете – студена. Се веруваше дека водата од Мраморчето носи здравје и со неа на болните им ги ладеа челата и очите им ги миеја и им ги плакнеа грлата и устите.

-Пиеле вода од Мраморчето и од ѓумот – тивко зборуваше и повторуваше Мара - и качаци Арнаути, и Турци зулумќари и аскери, и комити, и грчки андарти, и француски и англиски војници од големата војна, и кодоши и џандари кои дење и ноќе, шетајќи по селските сокаци и ноќе клекнати под прозорците прислушуваа на кој јазик се зборува околу софрата, на кој јазик мајката го гали и му пее приспивни песни на чедото, и комунисти пиеја вода од Мраморчето и сите зад себе оставаа зло и многу вдовици и сираци...

Си одеа лошотилаците и само ѓумот остануваше секогаш полн со животодавната вода што извираше од Мраморчето која не гаснеше само жед, туку даваше и здравје...

Се зборуваше и зборот се ширеше и далеку се слушаше, дека некоја голема ламја го чуваше Мраморчето и можеби затоа дури и најголемите лошотилаци што врвеа покрај него никогаш не ја поматија водата што течеше од цепнатината на големата мраморна карпа.

Дали ламјата што го чуваше Мраморчето е жива?

Зовре водата во ѓумот. Тргна Мара и од шатор до шатор делеше планински чај, а кога планинскиот довршуваше, тогаш вареше чај од најразлични тревки и најмногу од коприва, жежок и со боја на варакосано злато... А чајот Мара најпрвин им го делеше на болните и старите, а потоа и на децата.

Една од жените се сврти кон Мара и тивко и рече:

-Маре, поцрна ѓумот... црн е, црнила го покрија...

- Ако – прошепоти Мара. Црното од ѓумот со песок и вода ќе се измие, ама црнилата од нас... – не ја искажа гласно мислата. Ја џвакаше горчината на мислата што и се залепи како лишај. Длабоко во неа, живнаа чемерни спомени и непрестајно и се вртеше во главата прашањето:

- Кој ќе ги испере црнилата од нашите црни шамии?

Мара се потсети на старите селани, кои седнати под сенката на стреата, раскажуваа како крваво протече востанието. Во пепел куќите и сите надежи. Под нив само ѓумот не изгоре. Беше поцрн од црните ѕидови, беше црн како црните шамии на мајките и востаничките вдовици.

Поцрни од ѓумот беа само црните шамии на мајките и вдовиците. Така беше во сите лоши времиња и сега.

Мара знаеше дека постар беше ѓумот од свекрвата на нејзината свекрва. Па дури и од неа постар.

Некаков ред беше сите, кога се враќаа од чешма, стомните и ѓумовите да ги носат на глава. Но најлично и прилегаше на Мара. Таа висока, ем тенка, одејќи по главниот сокак на селото, исправена, извишена, со долгата плетенка што заедно со одот се префрлуваше од колк на колк, зад себе ги влечеше очите на мажите.

Со тој ѓум Мара и многу, многу други пред неа, носеле вода и на орање, на косење, на жнеење, на вршење, на гроздобер, на свадби и венчавки и крштевки, на се што в село носеше радоста. Надживеа ѓумот цели колена.

Се раѓаа и умираа, а ѓумот остана. Некогаш поцрнат, некогаш калаисан. Се зборуваше дека мајсторите од јановенските села кога пред двесте и нешто години ја граделе селската црква, од тој ѓум гаснеле жед, ладеле образи и чела... Црн – беше ѓумот под пепелиштата, ама не беше поцрн од црните шамии на мајките...

Доцна Мара се враќаше на починот. Низ полуотвореното крило на шаторот, внатре влегуваше месечината и со бледата светлина го лижеше нејзиното насолзено лице. Во таа мижурлива светлина болснуваа јадри солзи кои течеа по лицето на Мара и тивко се излеваше долг воздив, како здушен глас на болката, чемерот и пониженоста...

Голем број од бегалците со себе имаа деца. Имаше доенчиња и мали од една до две и постари од три до пет години. Повеќето од доенчињата беа родени на бегалските патишта, во денските и ноќните времиња под голо небо, под дожд, на изгор земја или влага.

Тогаш, кога пролетта минатата година, ги собраа децата и ги одведоа по државите, поголемките, оние над две години, некои од мајките си ги сокрија. И Лина ги сокри, не ги даде децата – десетгодишната ќерка и осумгодишното синче. И таа, како и другите, кои не ги дадоа децата, дење ги криеја во мрачните керали, некои во плевните под слама, други надвор од селото во земјанки ископани во шумскиот густеж или во дувла доископани меѓу карпите. Таму длабоко, до болка, до загушување го вдишуваа гнилиот и влажен воздух и молчеа. Од таму, како исплашени врапчиња, гледаа како над планините, ридовите, нивите и селата кружеа авиони и, тресејќи се од страв, ги слушаа грмежите. Ноќе, мајките или бабите скришум ги прибираа и молчаливо ги пуштаа во дворовите бранети од високите авлии и залостените порти ковани од дебели штици.

Пред да им го дадат парчето леб и стомнето со вода, ги молеа и ги караа да не им слушнат глас и смеа соседите, да не слушнат и тие од селските одбори. Во дворовите и дома за нив немаше детски игри, туку само страв и молчење. Ноќе се прибираа во замрачените одаи и молкома го јадеа топлото парче леб штотуку извадено од фурна. Седнати на прагот што водеше до балкончето, од таму, од високо, ги гледаа патиштата по кои заминаа постарите братчиња и сестрички. Заедно со длабоката воздишка ја издишуваа желбата и со сонот во очите, во замрачениот двор или во мракот на одајата ги прашуваа мајките и бабите:

– Мамо, кога ќе си дојдат батето и дада?

Прашуваа...

Чекаа...

Се надеваа...

Лина во скутот и на едното колено ги држеше своите деца и околу неа се собираа мајки кои останаа без деца. Гледаа со ненаситено око и грутка во грлото им го замолкнуваше лелекот. Се собираа мајките и, гледајќи ги децата на Лина, пред очи ги имаа своите за кои не знаеја под чиј покрив ги поминуваат деновите и ноќите;

дали таму има некој, кој - си мислеа, а честопати се прашуваа – ќе им погали глава, ќе ги гушне, ќе им бакне образи. Околу Лина, се собираа мајките, на децата нежно им ги галеа рацете, нозете, главите и образите и ненаситени од галежот едни седеа покрај Лина со рацете скрстени во празните скутови, други стоеја со рацете подадени за прегратка.

Тие денови и деновите што доаѓаа и одминуваа многу воздишки, солзи, чекања и големи желби искапеа во празните скутови и прегратки на мајките. Во очите ликовите на чедата, во молкот вриеја спомените.

Донка, која шаторот и постелата од папрат ги делеше со Лина, тивко издишувајќи ја чемерната мака, го прекинуваше молкот и велеше:

-Чупата ми ја зедоа лани, а синот половина година пред тоа.8 Влегоа двајца и рекоа да оди со нив за да носи храна за ранетите. Висока, стројна, витка, со плетенка дебела како вожица и долга до колковите, ми беше чедото. Кога ги собираа децата за да ги однесат по државите, отидов да ја запишам за да оди и таа со другите од селото. Жената која децата ди запишуваше во тефтерот, ја погледна од долу до горе, мрдна со глава, намршти веѓи и рече:

- Голема си ти за да одиш со децата. Оди си дома...

Не ја запиша. А кога ги собраа девојките и им рекоа дека наближува зима, а на партизаните ќе им требаат топли фанели, чорапи, нараквици, капи, па затоа треба да одат таму во едно село каде е собрана многу волна, на мојата не и рекоа дека е мала. Ајде, и рекоа, оди заедно со другите таму да влачиш, да предеш и да плетеш.

Не и рекоа за таму дека е мала, не и рекоа оди си кај мајка ти... да пораснеш. Ја зедоа и таа и тие за кои мислеа дека се пораснати и од таму каде ги однесоа да влачат, да предат и да плетат, никоја дома не се врати, а тој ден чедото ми наполни шеснаесет години...

Донка скрсти раце на градите, чиниш ќерката ја гушка. Во стисокот на прекрстените раце молчаливо ја стегаше болката и стравот... И молчеше...

8 Насилната мобилизација на девојките со измама беше извршена кон крајот на август 1947 година со одлука на Главниот штаб на ДАГ. Наредните бранови на мобилизација се вршеа со одлука донесена на 2 февруари 1948 од привремената влада, која беше формирана на 22 декември 1947 во преспанското село Асамати .

Молк. И таа и жените околу неа чиниш во молкот го имаа собрано целото трпение, чекањето и надежта.

Повремено одврзуваа црни шамии, бришеа лица и во нив ги сушеа солзите. А кој сега, денес, вечерва или утре ќе ја искаже големата болка од крво отворената рана? На распаќе мајките ги губеа децата, ги снемуваше во голема толпа. Викаа и одговор немаше. На патиштата и распаќата многу глави се изгубија во мрачнините на ноќта. Се слушаа гласови, се слушаа пискотници и здушен лелек се слушаше и клетви и горчлив збор на презир се слушаше...

Трагите од болката не се бришат лесно...

Во големата мака најпрво што да прежалиш и што да преболиш?...

Дедо Тоде пак тргна Илина да ја бара. Од шатор до шатор, од земјанка до земјанка, од мажи до жени, од толпа до толпа одеше и прашуваше:

-Луѓе, о луѓе, да не ја виде некој Илина? Жена ми, велам, Илина се вика.

Мрдаа луѓето со главите, дигаа и спуштаа рамена што значеше дека никој не видел жена која се вика Илина. И не само дедо Тоде одеше и прашуваше. И други, како него, одеа и прашуваа за свои, за роднини, пријатели, соселани.

Молежливиот глас на дедо Тоде го растураше силниот ветер што дуваше од запад, го префрлуваше од едната до другата страна на големото стрниште, го растураше меѓу шаторите и од никаде не стигнуваше одговор за тоа каде е Илина.

Мара, слушајќи го молежливиот и жалосен глас на дедо Тоде, му се доближи и полека, умилно, тивко и кротко, му прошепоти:

- Не лелекај толку. Илина сигурно е во некое друго собиралиште. Не сме само ние... Кој знае на колку други места по овие пустелии не имаат растурено. Смири се, почекај, белки еден ден сите ќе се прибереме на едно место и таму ќе ја најдеш твојата Илина... Прибери се...

Толку од Мара за утеха.

А дедо Тоде продолжи да се пробива од една до друга толпа во која ја бараше својата Илина.

-Илино! - молежливо викаше Тоде и сите, како Мара ја боледуваа мачно и болно болката, и непресушната голема молба на дедо Тоде. Ден по ден, Тоде ја бараше Илина и секого што сретнуваше го прашуваше дали видел една ниска женичка облечена во црна малина, Илина се вика, дали си ја видел? Молк.

И продолжуваше дедо Тоде да ја бара Илина, а Илина меѓу луѓето, во шаторите и во земјанката ја немаше...

-Илино! Илино! Илино! - довикуваше Тоде – Илино, бре, зошто ли ме остави сам...

Во шаторот се прибираше тажен и жалосно воздивнувајќи, легнуваше на плеќи врз вреќите наполнети со папрат и со прстите сплетени под главата си ја спомнуваше патеката по која одеа заедно и местото каде седнуваа на кратка почивка. Пред нив врвеа плипот луѓе и тој врвеж како подивеан виор ги повлече и ги вовлече и во него од пред очи му ја снема Илина. Му се изгуби во долгата и црна река на бегалците... Ја бараше и цело време си мислеше дека ќе ја најде на некое друго место за почивка. Сигурно е со некои други луѓе кои и таа ги моли да и кажат дали го виделе нејзиниот Тоде. И таа – тој не престануваше да зборува со себе – ме бара, кутрата... - и таквата мисла му го полнеше срцето со надеж која полека во неговите изморени очи внесуваше блажена дремка, ама мачно го фаќаше сон во кој цело време ја сонуваше својата Илина... Во тешките ноќи на бессоница, кога му се случуваше малку да задреми, тогаш го споплатуваа соништа. Лоши соништа сонуваше дедо Тоде. Гледаше како му гори куќата, слушаше како во шталата облеана во пламен рикаше на цел глас волот Гајто, кој со години му ја ораше нивата и му го носеше снопот на гумно, слушаше како цвилеше куциот коњ, кој честопати заедно со Гајто ги ораше нивите и ги браносуваше рамно како што беше рамна неговата дланка, за зиме од шумата ги носеше на грб цепениците, ама за негова ли среќа, не го прибраа партизаните. Командантот не го сакаше да го јава од срам, дека ете, самиот не токму човек, јава на куц коњ и борци води во бој. Му беше срам... кутриот. Гледаше дедо Тоде како луѓето бегаа избезумени, трчаа на врат на нос кон шумата и кон дебелите и високи карпи во планините. Таму наоѓаа спас и само малку го смируваа стравот. Сонуваше дедо Тоде како земјата во купишта се дигаше на горе, како ја поганеа со некои страшни бомби и како многу куќи изгореа од тие страшно запалливи бомби што не ги гаснеше ниту вода ниту земја...

Страшните соништа го будеа и дедо Тоде стануваше заедно со сонот во очите, излегуваше од шаторот и со растреперените прсти се мачеше да го врзи учкурот од панталоните. Во долгите ноќи плачењата на бебињата и појот на штурците му го одземаа сонот на дедо Тоде. Седнуваше пред шаторот, чекаше на отворено под голо небо и го гризеше нескротената мисла која сосема го имаше заробено, се обидуваше да задреми, ама сон не го фаќаше.

Стануваше дедо Тоде и со ситен чекор, тргнуваше на кај џадето за да види и да провери дали таму стигнаа камионите. Зад него, до нога, одеше неразделното кученце Шарко, единствениот и најблизок другар и пријател, кој го придружуваше на тие незнајни патишта и знаеше тажно во очи да го гледа, образ да му лизне како благодарност за сувата корка леб што секогаш дедо Тоде ја чуваше во џебот за да не му биде Шарко гладен, иако честопати самиот гладуваше.

Колената му се потсечуваа кога пак во неговите очи празно беше џадето. Стоеше таму улуглав и чекаше.

Камионите за него секој ден и секоја ноќ само доцнеа. Беа некаде на пат. И оваа ноќ доцнеа.

Разочаран се враќаше дедо Тоде и одеше меѓу шаторите и слушаше тешки воздишки, липања, болни лелеци, плачење на доенчиња. Целиот немир на луѓето што дремеа или немирно спиеја, го носеше во своето срце, таа тешка болка му тежеше, го измачуваше, ама немаше мелем за да ја смири. Кругот околу шаторите го вртеше неколкупати и веќе сосема расонет се враќаше во шаторот и легнуваше на својата сламарница. До разденуваше сон немаше. И пак стануваше и полецка, тивко, за да не вознемири некого, излегуваше на патот.

Таму, седнуваше под старото стебло на сливата и чекаше. Чекаше се додека не изгреваше сонцето. Полека стануваше и болно, безгласно мрмореше:

- Пак доцнат, пустелиите..

Празен друмот. Дедо Тоде се враќаше во својата сламена постела и се додека не го фаќаше сон, во себе ги пцуеше тие кои уште не наредиле да тргнат камионите и се караше со штурците кои пееја та пееја и распеани таму во високите тревишта, му ја матеа дремката. Во себе се караше и со соседот, кој по цели денови не стануваше и не излегуваше надвор од шаторот, туку само долго и непрекинато кашлаше. Пред да згасне зората, дедо Тоде не слушна кашлање во соседниот шатор. Таму веќе во најдолгиот дел од ноќта завладеа тишината. Некоја голема болештина ја замолкна кашлицата, а надвор, во сувите треви штурците, пееја та пееја до пресна зора.

А Тоде не престануваше да се откаже од мислата дека камионите, каде и да се, сигурно ќе дојдат.

- Ако не дојдат денес, тогаш сигурно ќе дојдат утре. А најсигурно е дека ќе дојдат задутре. Така некако ми шепоти умот – си велеше дедо Тоде. – Ќе дојдат тие камиони, сигурно ќе дојдат – повторуваше и секој ден во таа несигурност му се губеше гласот. И дење излегуваше на патот, цели часови чекаше седнат под сенката на сливата-дивјачка. Денот го поминуваше крај патот. Таму чекаше и постојано си повторуваше – море ќе дојдат, мора да дојдат еден ден... Зарем така ќе не остават тука? Ќе дојдат и ќе не вратат, ќе не однесат дома...

А мислата, дека камионите сигурно се веќе на пат, не го напушташе. Таа мушичка на нескротената надеж како лишај беше залепена во неговата глава. Не го напушташе ниту за миг. Секој ден и миг беа дел од него, му беа врежани не само во умот, туку и во душата. Така веруваше и таа верба силно го држеше во својата прегратка, му дишеше в лице, секогаш беше само дел од него. И постојано го тераше да мисли и да верува дека камионите тукушто не тргнаа и каде и да се, ќе стигнат. Таа мисла му стана неоткинлива надеж, како вера, како делничен леб и вода...

Заносно одекнуваше во утринската запурнина неговиот шепот кој преминуваше во нескротена надеж.

По првите зракови на сонцето логорот живнуваше. Дедо Тоде загледан во бледото шаренило на утринското сонце, гледаше како небото го шареа првите јата гаврани, па му се чинеше дека личат на авионите кои му ја изгореа куќата со запалливите бомби кои не ги гаснеше ниту вода ниту земја.

Од честите повторувања на таа нескротена желба и надеж, луѓето почнаа да му се потсмеваат. Кога го гледаа како се враќа, му довикуваа:

- И што дедо Тоде, стигнаа ли камионите? Да не поминаа, па не си ги видел? Сигурно поминаа, а ти таму си дремел, та не си ги видел... Ех, море, дедо Тоде, Господ да ти ги умножи годините за да ги дочекаш тие пусти камиони...

- Ќе дојдат, сигурно ќе дојдат - им ветуваше на сите и со растресен чекор пак се враќаше на патот. Таму чекаше.

Дента, кога наближуваше пладнето, се појавија некои мажи со обесени чанти на рамо. Се расчу глас и се рече дека тоа се луѓето од раководството.

Дојдените од камионот растоварија штици и повикаа мажи да исковаат бина и до неа мала куќарка во која ставија маса и четири столови. Рекоа дека во неа ќе биде сместена управата. Секој ден, напладне, еден од нив се качуваше на дрвената бина, од која истресуваше вести за големите победи што ги трпи непријателот.

Говорот го завршуваше со громко извикани пароли за кои никој од собраните не отвораше уста. По извиканите ветувања и заканите упатени кон непријателите, тие, луѓето од раководството, од чантите извлекуваа тефтери и моливи.

Се расчу дека ќе прават списоци по име и презиме и по села за да се знае кои се, колку се и од каде се.

Еден од нив, качен на бината, со инката залепена на усните, повикуваше на собир. Се празнеа шаторите и се повеќе растеше толпата од која се погласно се истураа прашања до кога ќе останат под ова голо небо и кога ќе се вратат во своите села.

Глас врз глас во купишта се пластеа прашања:

-Што ќе биде? Каде ќе одиме? До кога тука ќе чекаме? Кога ќе се вратиме дома?

Нетрпеливо чекаа одговор, а тие од бината за таквите прашања трпеливо молчеа.

-Мирувајте – им велеа. - Се ќе биде добро. Сега - велеа - чекаме добри вести. Нашите удрија на Грамос и само прашање на еден или два дена е да го столчат непријателот и тогаш ќе се вратиме сите дома. Држете се заедно, не се делете... Немојте да се плашите. За се знае и се грижи партијата. Нас тука не испрати партијата за да бидеме со вас. И молиме полека, смирено и кротко, без викање, пцуење и колнење, да приоѓате еден по еден за да запишеме, како што беше речено, кои сме, колку сме и од каде сме и колку има болни, здрави и нездрави...

-Е, сеа ни олесни – извика некој и праша: - А каде бевте до сега?

- Во други собиралишта. Па не сте само вие. Има и други собиралишта и сите таму се живи и здрави... Се надеваме дека наскоро ...

Не дорекоа што наскоро ги чека овие распадени луѓе...

Другарите од бината сега многу се разликуваа и по глас и по држење за разлика од тие, кои беа пред некој месец. Тогаш самоуверени, сега скиснати. Гласот згаснат, жалослив... Во него ја немаше до пред некој ден гордата решителност, гневот, бурата, повикот, непокорот, нескршливоста. Сега нивниот глас слабо одекнуваше, ниско летаа и паѓаа зборовите на ветувањата.

А толпата на големите зборови на ветувања враќаше со зборови на презир. Сега никому веќе не веруваа.

Партиските луѓе одеа од група до група, се врткаа меѓу луѓето, ветуваа, смируваа и во тефтерите ги запишуваа луѓето со име, презиме и со името на селото и повторуваа:

-Списоците ги правиме – им велеа - за да знаеме колку сме, кои сме и од каде сме и за да знаеме по кој ред ќе се враќаме дома. Сега само мирувајте, имајте трпение и чекајте да ви пренесеме добри вести. А денес првата и најважна вест е дека нашите храбри борци кои непоразени се повлекоа од Вичо на јуриш тукуречи го зазедоа половината дел од реонот на Грамос и таму го толчат душманот.

*** А таму, на Грамос, каде рекоа дека го толчат непријателот, секое ритче, секоја карпа и премин и над нив и сите планини и ридови - беа на нишан на владината војска, која чекаше наредба да отвори оган...

Тој ден, во пет часот утрото, борците на ДАГ во јуриш тргнаа во бој. Генералот Цакалотос токму тоа го чекаше и нареди војската јуришот да го запред со оган. Стоилјадна војска, со 120 топови, многу тенкови и 90 борбени авиони, без прекини ги биеја борците на ДАГ кои во јуриш тргнаа против таа сила...

Грамос во пламен и чад. Јуришот слабееше и бројот на јуришниците стануваше се помал. Беа на нишан стокмен пред некој ден. Не беше доволна карпата и оние два тритру камења зад кои можеа да скријат глава. Беа биени и од земја и од небо.

Во свечено и празнично расположение од врвот на планината Амуда, во придружба на американскиот генерал Ван Флит и штабот на офанзивата, кралот Павлос, со артилериски двоглед го следеше развојот и текот на борбите. Честите и брзи вести кои пристигнуваа ја потврдуваа неочекуваната и цврста одбрана и јуришот на единиците на ДАГ кои навлегуваа од Албанија. Од сите делови на боиштето без престан пристигнуваа некодирани вести за борбените успеси на владината војска.

И тогаш, кога по радиоврска стигна веста дека падна стратешката планина Чарно, генералот Цакалотос, видливо радосен и среќен, со чаша полна со вино му наздрави на генералот Кецеас, началникот на армискиот штаб, извикувајќи ” Да живее нацијата” и потоа се сврти кон кралот и со победоносен тон рапортира:

- Величество борбата е решена. Всуштност Грамос падна9...

Тој ден и наредните два дена реонот наречен Грамос гореше. Врвот Грамос во пламен и се бранеше до девет часот претпладне на 28 август. На самоти врв и врз мртвите тела на бранителите, двајца војници на владината војска го развеаја грчкото знаме.

Тој ден, ноќта и наредниот ден и ноќ, под силните удари на владината војска паѓаа и другите планински ридови и врвови.

Гореше земјата, карпите гореа и осакатените дрвја, гореа ридовите, небото гореше и луѓето гореа.

9 Од тука и до крајот на книгата сите делови означени со курзив се цитати од сочувани документи.

Изгоре и послената надеж...

Утрото, на 30 август падна Голио Каменик, последното упориште на осакатените единици на ДАГ.

Истиот ден падна и Порта Осман единствениот пат за бегство во Албанија на последните живи припадници на ДАГ.

На планинските врвови на Грамос и долж целата гранична линија гореа огромни огнови. Владината војска ја славеше победата.