ВТ0Р ДЕЛ - Part 02
- Јас не се жалам. Само си мислам вака со мојот селски ум. Цел ден собираме купишта компири, морков, репка... на приколка и во магазините. Доаѓаат камиони и се однесуваат... Ништо не останува тука. Не ми е јасно каде се носи? Таму во нашето место јас снопот го носев во моето гумно, со коњи или волови вршев, значи го истресував зрното и го носев во мојот амбар. И брашното ми остануваше дома. И млекото, и сирењето и маста и урдата во моите каци. Тука собирам, пренесувам, товарам и не знам тоа богатство каде оди. Прости, ама сакам да знам...
- Оди во градовите, за работничката класа, разбираш? За пролетерите...
- Да разбирам, разбирам и штом е така, тогаш морам да разбирам. Ама не разбирам и нешто друго. Пред недела дена бев во болница каде ми го извадија слепото црево. До поаѓањето на возот имаше едно три часа време. Тргнав по некои улици во градот и што видов? Долги редици од жени и мажи со торби и кошници.
Стоеја тие наредени пред продавниците. Некако се разбрав со еден кој ми рече вака:
-Стигнаа компири и брашно... - Слушнав и не поверував. Зарем ред да чекаат за да купат компири, кога ние секој ден собираме купишта компири? Ние тука во мензата компирот варен или пржен не го дојадуваме.
Многу ни е. А таму, во градот, чекаат во редица за компир. Чудно ми е... и тоа што во соседното земјоделско стопанство каде работат само Полјаци, мораат во ред да чекаат за да купат компир, леб, брашно, шеќер, па и кибрит...
Киро се чудеше и не најде некој да му објасни зошто во градовите и во соседното стопанство стојат луѓето пред продавниците и со часови чекаат да го купат можеби токму овој компир што го собира Киро без да ја фати одредената норма. Не му беше јасно и тоа што тука, во мензата на ова земјоделско стопанство останува толку недојаден леб, компири и многу други манџи кои ги собираа во буриња и некои ги изнесуваа.
Се зборуваше дека ги носат таму каде товат свињи...
Во случаен разговор Митре му рече:
-Киро, послушај ме што ќе ти речам. Прво многу да не прашуваш. Второ, помалку да зборуваш, тука тебе државата те храни. Трето тие кои во градовите во редици чекаат да купат храна, тие ја хранат државата, а тука тебе те храни државата... Сега разбра?
-Не ми е многу јасно, ама штом е така, како што велиш, тогаш нека е така... Јас колку што можам ќе собирам компири за пролетерите во градот, ама нема и кичма да свиткам од кревање и носење... Гледај таму, гледај ги жените...
На крајот од нивата, навалени на кошевите и вреќите, куп жени.
Мара го одрами кошот, седна до жените и откако избриша пот од чело, рече:
-Вчера отидов да ја видам црквата. И што? Студена ми е таа нивна црква. Само Ристос или Богородица над олтарот, а пред олтарот долга маса и ништо друго. Голи ѕидовите. Не е како нашата. Ќе влезеш и не си сама. Од тука те гледа Свети Димитрија, од таму Свети Никола, од ваму Свети Илија. Секаде, на секој ѕид до таму горе секаде светци и ангели. Сите во очи те гледаат. Те гледаат и само што не ти зборуваат. Сите те гледаат со добрина во очите, со кроткост и топлина. Тие така, те гледаат, како ти да си најважната и со очите како да ти велат – сите ние сме со тебе, дојди, влези, не се плаши...
И ветерот не е како кај нас. Тука кога ќе дувне, дува како да сака да те соблече, како да сака душа да ти издува.
А кај нас – нежно, галежно... Таму, кај нас, жени, кога ветер ќе завее во оџакот – милина да го слушаш, кога тоа сонце ќе засвети низ прозорчето, кога грмеж ќе ти загрми над глава, кога таа молскавица ќе ти болсне пред очи, кога... ех.. што да ти кажам, и страв, ама и милина, жими вас... а небото? Сино, ведро, ноќе нагиздено со ѕвезди… А мирисот и вкусот на јаболкото и на сеното тука не е како дома кај нас... Дома кај нас, жени... – не дорече, и снема глас...
3 Крајот на октомври нивите ги обели снег, а петнаесетина денови подоцна времето нафрли снег до колена. Ситен како песок, се ронеше низ прсти. Студениот северен ветер сечеше и студено вееше, така што ова студенило за овие луѓе од југот надвор од топлите куќи, беше тешко издржливо.
Наближуваше и денот на големиот празник – Христовото раѓање.
Два дена пред големото чествување во трпезаријата сите маси ги наредија во два реда и од двете страни поставија клупа до клупа. Ги покрија со бели чаршафи и цело попладне ја поставуваа храната што со два камиони ја донесоа од градот. Зад челниот ред од масите, во ќошот, голема борова елка накитена со многубројни и многу разнобојни топки и топчиња, во кои одблеснуваа ниско обесените сијалици. Меѓу чиниите трепереа пламенчињата на миризивите парафински дебели и високи свеќи.
Сево ова со будно и загрижено око го надгледуше пан Вишњевски, управник на Државното земјоделско стопанство Кунув, кој во сите денови што претходеа на овој ден и вечера, беше совладан од грижата и чувството не само да се плокаже како добар домаќин, туку и да го потврди големото и сесрдно старополско гостоприимство. И не само тоа. Од се срце, длабоко во себе, а најмногу во мислите ја негуваше желбата да приреди свечена вечера за тие, со кои тука, во Кунув, заедно се трудеше и сесрдно ја чувствуваше нивната голема болка.
Бадник.
Празник на семејството...
Свечена вечера со дванаесетте традиционални бадникови полски јадења приредуваше пан Вишњевски за тие кои го изгубија семејството, најблиските, куќите, имотите, татковината... Свечена вечера за тие изгнаници за кои на секој чекор и при секое видување и средба подаваше рака на добрина, имаше топла насмевка и ласкав збор; свечена празнична вечера за големата радост - раѓањето и доаѓањето на Спасителот кој тука, во трпезаријата на Кунув ќе донесе радост и надеж...
Молк. Се слушаше само звукот на лажиците одбиен од чиниите и по некоја гласно откината воздишка.
Збиени, еден до друг, во длабока размисла и со поглед вперед некаде далеку, седеа гостите... Со наведнати глави, стегнати во црните шамии и со рацете вкрстени на градите – наредени вдовици во чија црнина е завиена неумирената болка.
Збиени еден до друг, првпат, далеку од дома, празник празнуваат во туѓа земја.
Долга беше масата и ги потсетувае на манастирски ручеци. Чудна им беше масата и храната и елката во ќошот. Тишина. Молк. Замисленост во очите. Погледот заскитан. Збиени на дрвените клупи во молк и тишина се навраќаа дома и заедно со секој голтнат залак од богатата празнична маса, голтаа спомени обременети со тага. Виреа и болеа...
Тишина...
Молк...
Празнична вечера за голематa радост – раѓањето на Христос...
Дали во неа ќе стивне болката и ќе има малку надеж?
Полноќ...
Во градот биеја камбаните...
Христос се роди...
За многу години...
Од долгата маса Мара во прегачот собра шепа трошки и на излегување, рече:
- За душите...
Заедничката Бадникова вечера заврши доцна по полноќ. На крајот од долгата маса, близу распалениот камин, седнати спроти себе, со чашките наполнети со вотка, разговараа Коле и пан Вишњевски.
- Многу тажни и длабоко замислени, пан Коле, беа луѓето за време на Бадниковата вечера. Тукуречи ништо не јадеа, не пиеја... Да не беше нешто погрешно сторено од наша страна?
- Господ Бог да чува и да брани! Што се тие зборови, пан Вишњевски? Се беше најдобро сторено. Беше прекрасно. Неочекувано, невидено досега... Луѓето се собраа, се видоа, ама...
- Значи има нешто што не им беше по ќеф? -
- Не е до ќефот, туку, со проштевање, туку до спомените што во овие времиња како жарче тлеат во мислите и во срцата и во душите будат голема болка...
- Што значи тоа?
- Тоа значи дека нешто многу им недостасуваше. Празникот како да не беше празник за нив. За нив, пан Вишњевски, овој празник не донесе радост. Видовте ли радост во нивните очи, видовте ли некаква озареност на нивните лица? Вечерва за нив времето застана. Првпат во животот овој голем празник го чекаат под туѓ покрив и покрај тоа што многу направивте тие наши луѓе да се почувствуваат безбедни, згрижени, смирени, задоволни, благодарни. Бадник не е празник и сите други празници, па и делниците не се делници без домашната софра, која сите домашни и душите на тие кои се отсутни ги собира околу себе. Тие вечерва, мислам, многу болно го доживеаја овој голем празник затоа што скршен им е домашниот круг, а тој круг е семејството кое на ваква вечера целото се собраше околу софрата, која во еден круг, еден до друг, што поблизу околу себе, сложно го собираше целото семејство... Во нашите места, пан Вишњевси, семејството е столбот на постоењето. Сите околу нас правеа така тој столб да го урнат. Го урнаа тој столб, ја урнаа татковината. Затоа сме тука...
Коле засркнато прекина, во каминот фрли шкорче и сврти глава настрана за да не ги види пан Вишњески набабрените солзи. Откако се смири треперењето на згрчените усни, тивко рече:
-Проштевајте, пан Вишњевски, споменот ме возбуди... Да... си спомнав како на Бадник, како вечерва, ние, целото семејство собрани околу софрата, натежната со многу јадења и во средината како пирамида стрчеше попарникот накитен со јатки од ореви, лешници и суво грозје. Во голема чинија мајка ставаше дел од попарникот и според вечниот адет, скришно од нашите очи, од балкон фрлаше во дворот - редум за Господ, за домаќинот, за децата, за здравје и за среќа на сите домашни, за стоката да се плоди, за да раѓаат нивите бериќет и за новиот ден да носи радости... и додека ги хранеше добрите души и лошите демони, ние, со лажиците в раце, нетрпеливо ја чекавме да се врати и потоа ... потоа почнувавме натпревар кој побрзо ќе стигне до јаболкото што беше поставено на врвот на попарникот... Вечерва, пан Вишњевски и за мене и за нив ја немаше софрата и семејството околу софрата. Ја немаше софрата. Вечерва, пан Вишњевски, ниту една мајка не стана од масата да земе јастие и во дворот да го однесе за да ги нахрани добрите души и духови. Вечерва за нив ја немаше софрата, која на ваков празник околу себе ја собираше слогата и радоста и сите желби за утре и за сите утра што ќе дојдат. Таа, софрата, среде одајата, беше свето место, а во нејзината средина за празници беше и големата бела погача и во неа закачена светеше свеќата. Погачата рамномерно свртена кон сите усти и свеќата рамномерно делеше светлина во очите на сите седнати околу софрата... Софрата, велеа, е место за сплотено семејство, за заедничка молитва и благодарност за лебот, виното и солта што така дарежливо ги дава Бог заедно со семејната смиреност, среќата и одбраната од злите духови... Нашите стари, пан Вишњевски – продолжи Коле
- велеа, а тие, пак слушнале од своите најстари, дека софрата била создадена од Бога за да го собира околу себе семејството кое седнато во круг е како една душа. Во кругот, велеа, се собира слогата и дека тој чува од надворешно зло и неред, на секој му обезбедува блискост, топлина и сигурност, во која сите се исти. Пан Вишњевски, нам ни е скршен домашниот, семејниот круг - софрата. Од тој круг недостасуваат многу алки... и затоа вашите гости на денешната свечена Бадникова вечера беа многу тажни... Што да си честитаат? Кој кому што да пожели? Што остана од софрата и од тој стар обичај според кој заедно со храната од балкон во дворот мајките истураа шепи од попарникот кои беа молитви до Бога и желби за здравје, за радост, за род да се роди и за многу бериќет?... Што остана? Што да си честитаат? Кој кому што да пожели? Што остана од софрата и од желбите истурани од балкон? Што остана од софрата и од луѓето околу неа? Што остана од радоста?... Што остана од тој живот?...
Од очите на Коле капна стежната солза и ја разоткри безмерната и не умирена тага... Молк.. Во ушите на двајцата соговорници ѕвонеше тишината, а во срцата и душите – бура...
-Вечерва, пан Вишњевски, во мислите на вашите гости, беа собрани најблиските и нив низ солзите ги гледаа собрани околу семејната, домашната софра... Кај нас Бадниковата вечера, како и кај вас, е празник на семејството. Во свеста на нашиот човек длабоко е вкоренето верувањето дека на овој ден, оваа вечер, сите треба да бидат во своите домови и седнати во круг околу софрата... И е речено – кај да си, за бадник дома да си. Целото семејство да е дома и сите заедно седнати околу софрата со посни јадења будно ја чекаа радосната вест... А вечерва, се додека седеа крај долгата маса оптоварена со тие ваши полски богати дванаесет јадења, кои за нив беа невидено чудо, тие длабоко во себе, во мислите, срцата и душите, пан Вишњевски, го гледаа семејството што сега им го нема, ја гледаа полната софра, што сега им ја нема... Домот што им го нема, ливадите и планините без кои се чувствуваат како што се чувствуваат орлите без висини. Тие, мој пријателе, пање Вишњевски, во себе за време на вечерата со мислите не беа тука, туку таму, во својата дома... Тоа им недостасува... И уште им недостасува и пламенчето од кандилцето што мижуркаво светеше во ќошевите пред зачадените лица на светците. Тоа разлулано пламенче живо ја одржуваше верата во животот кај нив и кај сите колена што битисуваа во вековите на робувањето... Држава немавме, ама имавме народ и вера. Знаете, пан Вишњевски, ние тогаш, кога верувавме во туѓите ветувања, тогаш дури и не си замислувавме дека на тој начин станувавме уште поголеми робови.
Коле само за миг прекина, колку за да земе подлабока издишка, па продолжи:
-Им недостасува и црквата за да одат да се помолат за душите на мртвите и за здравје на живите и свеќа да запалат за да има помалку мрак и повеќе светлина и за мртвите и за живите и за целото семејство што сега им го нема. Разбиено семејство – разбиен народ. Така велеше дедо ми. Кај нас, пан Вишњевски, секое село си има свој светец – чувар – заштитник и тоа свето име го носи селската црква. Денот на Заштитникот е ден на селски празник. На панаѓур. И секоја куќа има свој светец – заштитник и тоа е семеен празник. Тој празник, тој заштитник им недостасува. И уште да ви кажам, дека кај нас, дома, таму, во нашето место, во костурскиот крај, Бадникот го викаме КРАЧУН... Зборот е дојден од прастарите времиња и е сочуван во адетите на нашиот народ... Тоа е една голема мудрост која означува завршување, значи крај на едно годишно време, во кое денот е краток и ноќта е долга, а тоа ќе рече дека кога настапува денот на празникот што го викаме КРАЧУН ќе има помалку мрак и повеќе светлина. Со КРАЧУН се совпаѓа и раѓањето на Христос... И КРАЧУН и раѓањето на ХРИСТОС го симболизираат доаѓањето на новиот живот и на големите надежи. КРАЧУН го обележува крајот на долгата ноќ, мракот и доаѓањето на долгиот ден, во кој подолго ќе свети сонцето што значи ќе има повеќе светлина. Верувањето во природните појави и во Христијанската вера ги спои луѓето во надежите за нов живот. Колку што знам зборот КРАЧУН наместо БОЖИК се изговара само во костурскиот крај на Македонија, во Романија и Словачка...
Коле прекина. Долго траеше тишината. Молчеше и пан Вишњевски. Молкома се гледаа и си разговараа само со мислите.
Долгиот, ноќен разговор им го прекина студениот здив на зимското пресно утро.
Денот го пречекаа со честитката:
Христос се роди...
Честит Божик...
За Многу Години...
Се случи Киро да се враќа дома заедно со управникот на земјоделското стопанство, господинот Вишњевски. По пат, пан Вишњевски му понуди на Киро да влезат во задружната крчма.
-Ајде, пан Киро, да одиме на по една. Да се загрееме. Денот е студен и влажен... Што велиш, може?
- Дека може, се може, ама јас, пан Вишњевски, како да речам, јас, знаете, некако не ми е згодно... Веќе трет, ако не е и четврти пат ме честите, а јас ниту еднаш... Не е згодно... Се разбира, на ова студенило, добро е да мавнете по една, ама... Знаете, како да кажам... – срамежливо се оправдуваше Киро. – Сакам да одиме, зошто да не, ама срамота е само вие да плаќате... Таа работа не оди така... не може само на ваша сметка...
- Ајде одиме... Денес и јас и вие добивме плата и добро е да го начнеме трошењето со по една... – настојуваше пан Вишњевски и, фаќајќи го под мишка, го повлече кон крчмата.
- Така е, пан Вишњевски, се разбира дека е добро, ама јас – продолжи Киро да се противи - јас, знаете, како да кажам, не е згодно, велам не е згодно зашто јас немам пари... – последните два зборови како тешка издишка му се откинаа на Киро.
- Како бре, немаш пари? Па нели денес сите добивте плата? Што ги стори парите?
- Плата? Кој ви кажа дека добивме плата?
- Па тој што доаѓа од градот, од вашиот комитет! Нему јас лично му го дадов платниот список и чантата со парите... Така е со месеци...
- Ние, пан Вишњевски на тој список само се потпишуваме или ставаме крстови. Пари не добиваме, туку пакетчиња со бонбони, по некое слатко, конци, игли, копчиња и некои други дребулии...
- А пари, бре, пари, те прашувам, не ви дава?
- Па ви реков, пан Вишњевски, дека само се потпишуваме и потоа ни дава пакетчиња како подарок од народната власт...
- А пари, бре, те прашувам, велиш дека не ви дава пари?
- Другарот ни вели дека дел од платата оди во заедничкиот казан, нели јадеме сите од еден казан, а другиот дел, оди како помош за затворените комунисти во Грција... Така ни вели...
- И пари, велиш, не ви дава?
- Не...
- А што друго ви вели тој од комитетот?
- Ни вели дека треба да сме задоволни и среќни затоа што сега имаме мир, храна, топла постела и дека сето тоа го имаме благодарение на партијата и на полската народна влада... Така ни вели...
Пан Вишњевски занеме. Молчаливо го фати киро под мишка и влегоа во крчмата од крчмата излегоа доцна. На пат ги сретна Лазо и без поздрав ги праша:
- Каде, бре браќа, така весело терате пат?
- Дома – одговори Киро.
Лазо застана пред нив, се загледа во нивните лица, сомнително мрдна со прст и замоли:
- Јас, другар Вишњевски, сакам искрено и отворено малку да позборувам со вас. Ќе најдете време?
- Зошто да не... Кога сакате?
-Па сега, ако не ви пречи, другар Вишњевски.
-Добро. А како ви беше името?
- Лазо...
-Кажи, пан Лазо.
-Јас, другар Вишњевски, сакам да ве замолам за една многу важна работа. А таа важна работа е, како да кажам, ама без навреда, значи таа работа е да знам колку пари треба да добијам за тоа што работам на нива.
Ете, другар Вишњевски, јас тоа сакам да ви го кажам, значи да ве прашам дали треба да имам плата или доволно е тоа, што без пари трипати на ден во заедничката менза јадеме без пари од заедничкиот казан. Слава на Бога, храната е доволна и вкусна, па дури и цела не можам да ја изедам. Не се жалам, слава на Бога сит сум и со леб и со мир. Мирно спијам, лошо не сонувам - лажеше Лазо - ама буден кога сум, тогаш во себе си велам -добро, бре човече, знаеш ли ти дека во соседното земјоделско стопанство Полјаците за работата на нива добиваат плата? А ти дали затоа што секој ден во тие големи ниви во купови собираш компири, репка, моркови и ги товараш и растовараш, треба да примиш плата? Не знам. А треба да знам, зашто ако не ми се каже, тогаш тоа е неправда, експлоатација, како што вели мојата партија. Сакам, другар Вишњевски, за тоа што го работам да си имам плата. Ете вака да си речеме: ти ми велиш од толку до толку часот ќе работиш, а јас ти велам за колку пари? И тогаш што правиме? Тогаш треба да се договориме. Ја ќе работам, а ти ќе ми платиш. Јас и сите што сме тука, чесно работиме, ама чесно не добиваме пари. Сакам да си имам свои пари со кои ќе си купам нешто што жена ми ќе зготви како дома. Да знаеш, таа многу добро готви. Тука, во мензата од заедничката кујна јадеме добро зготвена компир - манџа и други јадења со предјадења. Не се жалам, вкусни се јадењата, ама само едно не ми се бендисува. Кога ќе ја видам онаа црната каша, не ми текнува како се вика, тогаш цревата ми се превртуваат. Ич не ја сакам, ама, без навреда, нели. Пак ќе речам дека сме сити, најадени, спиеме во топло, ама сакам жена ми да ми зготви нешто од нашите јадења, сами, како дома, да си зготвиме, па и на жена ми нешто да и купам, кутрата веќе оди со скинати чорапи, што не личи, нели? Сакам сами да си зготвиме нешто наше, како дома. Добри се и тие пакетчињата што другарот од комитетот ни ги дава, зошто да не, ама жена ми веќе не знае што да прави со толку игли, конци, копчиња и бонбони што се собраа. Торбата е веќе полна. Што велиш, другар Вишњевски, може ли јас, мислам сите ние кои работиме, да си добиваме плата, сами да си купуваме, жените да ни готват наши јадења, како дома... не велам дека полските јадења не се добри, одлични се, слава на Бога, сите сме, најадени, не се жалиме, Бог да чува од тоа, нели? Јас повеќе не сакам да ти пречам, другар Вишњевски. Ти имај го на ум тоа за што те замолив и кажи некој збор таму по високо, нели? Повеќе не барам, другар Вишњевски. Ај со здравје и немој да заборавиш за што си правевме муабет, нели?
Лазо прекина и застана пред пан Вишњевски, кратко се загледа во неговите очи небаре таму го бараше потврдниот одговор на неговата молба. Со шепот се поздрави и тргна на кај нивата каде шеќерната репка што во купови веќе десетина денови лежеше на отворено, ја товараа на тракторска приколка и запрежна кола чии тркала до половина беа врежани во калта. Тракторот со мака ја извлече до горе товарената приколка, ја однесе на суво и се врати за да ја извлече запрежната кола. Откако колата ја довлекоа до патот, Коле назадечки ги сврти коњите и со помош на жените ги впрегна.
Лазо, кој задоцнето стигна во нивата, го запре Колета и го праша:
- Што тие тоа во колата, а бре Кољо?
- Репка, Лазо… – здишано одговори Коле.
- Како да не, репка зарем толку големи? Вчера полни приколки репка изнесовме од нивите, ама не беа вакви големи, како овие... – Лазо зеде една репка, ја измери тежината со двете раце и, враќајќи ја во колата, зачудено рече: - Не ќе да е репка, а бре Кољо, туку нешто друго... да не е некоја тиква, а?
- Репка е, Лазо, шеќерна репка.
- Каква, рече?
- Шеќерна репка, Лазо... Од такви репки, Лазо, шеќер се прави?
- Како рече?
- Реков дека од такви репки шеќер се прави, разбра? Таму во фабриките, во големи казани ја варат, ја варат, Лазо, потоа ја цедат, па ја сушат и во вреќи ја разнесуваат таму, каде што треба... Разбра!?
- Ами ако е шега, разбрав и немој повеќе да се подбиваш со мене... Види го ти него, од репка шеќер се правело...
- Така, бре Лазо. Ете, прашај го оној Полјак.
Лазо се сврти, се загледа во човекот што помина покрај нив и му викна:
-Еј, еј, ти, другар Полјак! Застани да те опитам...
Полјакот застана, а Коле му објасни што бара од него Лазо.
Полјакот потврдно рече дека од такви репки во фабриките прават шеќер и тргна по својот пат.
- Е, сега Лазо, ти фати умот? Од овие големи репки се прави шеќер и затоа ја викаат шеќерна репка...
- Ја, мајката, и ти веруваш. Ај таму и немој да се мајтапиш. Од овие репки што личат на тикви шеќер се правело... Да видиш и да не веруваш... – се прекрсти Лазо и без збор повеќе да прозбори, отиде таму каде на тракторска приколка товареа шеќерна репка и цело време додека со голи раце фрлаше во приколката големи репки, мислеше на шеќерот правен од шеќерна репка. Ако е така, си збореше Лазо со умот, како што рече Полјакот и овој шегаџија, Кољо, дека со варење на овие репки во големи казани се прави шеќер, тогаш е сигурно дека може да се направи шеќер и во мали казани, а можеби и во некое поголемо котле или тенџере.
Таа мисла му се всади на Лазо во умот и, враќајќи се дома, си замислуваше колку шеќер би изварил од таа голема шеќерна репка и, продавајќи го на црно, колку пари би фатил. И колку повеќе се вдлабочуваше во таа нескротена мисла со која цело време му се полнеше главата, толку повеќе пари гледаше скриени под перница....
На стемнување, кога веќе падна мракот и сите по заедничката вечера, се прибраа кај себе, Лазо скришум пријде до колата полна со шеќерна репка, ги наполни дисагите, неколку помали пикна во пазувите и во широките панталони и од никого невиден, се врати дома. Репките ги истури на подот.
Жена му, вчудовидена од глетката, праша:
- Зошто, бре Лазо, ги донесе тие црни тикви тука?
Лазо ја погледна со нескриено задоволство и, покажувајќи со ногата една голема репка, наместо да одговори, рече:
- Не се тикви, туку шеќерна репка. А знаеш ли ти, Лазовице, од оваа репка што се прави?
- На кравите им ја даваат – потврдно рече Лазовица. – Во краварникот носат многу од овие репки и со нив ги хранат кравите за да даваат повеќе млеко...
- Така е, тука на кравите им даваат по некоја, ама таму, во фабриките, жено, знаеш ли што прават со оваа репка во фабриките, а? Не знаеш. Јас ќе ти кажам. Таму, жено, во фабриките, во големи казани ја варат и со варењето прават шеќер. Ете, да знаеш, од оваа репка со варење се прави шеќер. И не чекај, туку види дали имаме некое казанче, а ако не, тогаш тоа големкото котленце донеси го... Што чекаш, па ти реков што да донесеш... Ај, не чекај... И оган запали...
- А што ќе правиш, бре кутар Лазо, а?
- Ќе видиш. Ти само гледај и ќе видиш чудо... – пофално извика Лазо.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/on-the-road-of-no-return-mk/8 на 29 октомври 2026