Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

On the Road of No Return

ВТ0Р ДЕЛ - Part 19

Од Петре Наковски · Дел 25 од 26 · Околу 21 минути

Читај на English

Но со времето ѕвездата на Гомулка ја губеше сјајноста. Поради направените грешки во водењето на стопанството, а можеби и поради нешто друго, што најверојатно дуваше од надвор, Полјаците го замразија.

Гневот пукна денот кога во Полска се зголеми цената на месото и компирот. Градот Гдањск и целото приморје го зафати дотогаш невиден работнички штрајк. Барикади, специјалци, тенкови ги наполнија улиците и плоштадите. Против работничкото незадоволство падна наредба да се употреби сила. Наредбата беше спроведена и од истрелите на специјалците паднаа седумдесет животи и од гневот на народот - падна и Гомулка.

Седумдесетте убиени демонстранти, најмногу работници, ги погребуваа ноќе без присуство на свештеник...

Настана привиден мир што го донесе рудар од Шлезија. И неговата ѕвезда долго не сјаеше на полското небо. Не потраа долго. Подувнаа некои нови ветрови и наближуваше голема бура.

Полска пак зовре.

Во тоа време и ѕвездата на Захаријадис почна да го губи сјајот, ама едно три горини пред тоа, додека се уште партијата ја држеше за врат, побрза да им организира револуционерна организација. Веројтно чувствуваше дека одново ќе му треба лојалноста на Македонците. Му требаше нивната приврзаност, бидејќи неговите високо поставени Маџири и Власи и по некој образовен Грк посебно на политички партиски и воени позициии му ја откажуваа послушноста, а тој веќе чувствуваше дека ќе го седнат на партиското судско столче каде ќе му ги избројат сите направени грешки. Додека имаше моќ партискиот кадар од највисок ранг го подели на провокатори, агенти и успеа да ги натера меѓусебно да се клеветат. Така му појде од рака одредено време да ја држи в раце острата секира под која паѓаа главите на неистомислениците. Ѕвездата што го водеше во Москва, Белград, Софија, Букурешт, Будимпешта, Тирана, Прага и Варшава ја снема со неговото исфрлување од партијата. Остана сам и сам си го врза јажето на вратот во далечниот сибирски Сургут.

Во долгите доцни есенски и во зимските студени ноќи тоа менување на состојбите во Полска, кај македонските бегалци, ги отвори незацелените рани. Секој имаше свое објаснување и оцена за поразот и причина да го осуди злото. Тоа зло што остана злосторство без казна. Секој беше обвинител и судија; секој в раце држеше свој клуч со кој беше убеден дека со него ќе ја отвори вистината и ќе ја разоткрие лагата. И колку повеќе се разгоруваа и вжештуваа разговорите за недамнешното минато, кои честопати преминуваа во заемни караници, пцуења и понижувања, толку повеќе се ширеше меѓусебната нетрпеливост и јакнеа делбите и неединството. Грицкаше зајадливиот црвец на сомнежот за се и сешто во сите и во секој одделно. Меѓу нив катадневно завладуваше срамното и нечесно политичко слепило, кое како опасна болест најмногу ги имаше заразено поранешните активисти, а тоа слепило некој црвливо го поттикнуваше и потхрануваше. Така би и наназад со години. Колку попрости, толку поподатливи на туѓи игри, ветувања и измами. Во таа нивна неслога имаше добри играчи, ветувачи и измамници. Нивен беше ќарот. Секој со свој метар мереше, со свој ум умуваше и само на свој начин ги делкаше тие неделкани трупци. Никој никого не ценеше и никој никого не почитувше. Загрозени од политичкото слепило, немирно и без никакво почитување на личното достоинство, се препираа, се караа, се обвинуваа, се плукаа, делбата се ширеше, омразата ги разјари и некаде проработеа тупаниците.

А конците за таа сиромашна неразумност и слепило ги држеше некој друг и ќарот беше негов и однапред смислен. Не од сега, туку и од подамна. Партијата. Староновите во неа и над неа. Таа го потхрани црвецот кој безмислосно грицкаше, ги испокара луѓето, ги подели на такви, овакви и онакви, а кај некои болеста на идеолошката заслепеност ја засени друга болест - делбите. Таа уште повеќе го продлабочи и го рашири јазот, внесе нова нетрпеливост и неслога. Отвори рани. И тогаш некои грижливо и со умисла мислеа и размислуваа меѓу бегалците да нема делби, туку разнебидување. Грижливо се зафатија за таа игра и работа за која им требаше добар играч. Бара и најдоа. За таа работа го најдоа Аргир Аргиров, поранешен војник на грчката владина војска, заробен од партизаните на ДАГ и заточен во Бугарија во еден логор за заробеници. Таму, тој, Аргир Аргиров, на командата им се претставил како бугарски Македонец од Беломорјето и откако добро бил обработен, службите го пикнале во управата на грчкото здружение во Софија. Од таму му одредиле задачи на друго место и патот го однесе во Полска, каде Македоците одбегнувале да примаат услуги од бугарската амбасада во Варшава и отворено се залагале за поголеми врски со Народна Република Македонија и голем број имале поднесено барања за преселување таму. Од оваа ЦК на КПГ на чело со генсекот Колијанис не беше задоволен, па во договор со колегата од Софија, другарот Тодор Живков, се одлучиле македонските бегалци во источно-евроските земји и во Ташкент да ги преселат во Бугарија, каде тие таму би биле само Бугари, а не Македонци. Им беше потребен човек, добро поткован, за да може да ја врши таа работа. Подобар од Аргир Аргиров80 не најдоа. Место за живеење му одредија во Вроцлав, каде успеа да се пикне во главната управа на Здружението на политичките бегалци од Грција во Полска. Полека, како што грицка црвецот под кората на дабот, така Аргир Аргиров, трпеливо, како што го имале научено, грицкаше во душите на Македонците.

Силно се придржуваше и на пословицата - трпеливоста е владеделка на работите... Не губеше време. Ги посетуваше местата каде имаше поголеми групи. Не ги собираше на едно место. Зборуваше само со поединци и тоа во четири очи. Најчесто дома, на прошетка или во некоја кафеана. Секогаш од околу – како е со здравје, колку заработува, какви му се желбите, каде би сакал да живее. Кога оценуваше дека се податливи, тогаш им носеше бугарски весници и книги, на некои подароци, убедливо им велеше дека тие кои ќе се одлучат да одат во Бугарија, трошиците за пакување на сето тоа што успеале да го спечалат, товарувањето во вагоните и билетите за возот - се на товар на бугарската влада. Покрај ова на соговорниците многу им одговараа ветувањата за работа со добра заработувачка, не станови, туку апартмани, бесплатно лекување во болници и месечни престои во бањски лекувалишта, стипендии за децата и високи пензии за прензионерите. И сонце, топлина, ведрина – се бесплатно, а не дождови, магли, студ и чекање пред продавниците за леб, млеко, месо и парче сувомеснато. А на секој учесник во војните, другарија Тодор Живков ќе им даде двојно поголеми пензии и ордени на борец против капитализма и фашизма.

- И уште нешто ќе ви кажам – Аргиров навалуваше уста до увото на соговорникот - сигурно имате заштедено некоја пара. Ако имате заштеди во полските банки, тие ќе ви бидат сменети преку бугарската банка во однос еден со еден. Значи една злота еден лев. А тие кои веќе отидоа во Југославија, си ги изгубија заштедите. Банките немаат договор. Сакате да одите во Југославија, во Македонија? Одете. И да не мислите дека со отворени прегратки ќе ве пречекаат. Бев јас таму. И знаете што слушнав за тие кои досега таму отидоа? Слушнав најпогрдни зборови од страна на Вардарците. Уплав имаат посеано кај децата. Им велат:

биди мирен и послушен ако не сакаш да те дадам на Егејците. А знаете каде ги сместуваат? Во гета, во колиби, 80 Аргир Аргиров – тоа му бешевистинското име и презиме во турски анови во чии дворови се врзани волови, магариња и коњи... А за станови или работа да не ви зборувам. Ако некој таму не е сакан, ако некој таму е понижуван со најпогрдни зборови, тоа се тие кои таму отидоа. Одете, па ќе се уверите. Таму нема да сте Македонци, туку Егејци. Добро седечките Егејци ќе ве викаат Егејци, поделени, испокарани, накодошени, омразени, замразени... А во Бугарија, како што ви кажав.

Семето што го посеа, почна да `рти...

Најде такви.

Прв се запиша Лазо, ама пред тоа цели петнаесет денови престојуваше во Бугарија. Покрај Софија, ја посети Варна, Велико Трново, Благоевград и најдолго се задржа во Пловдив каде имаше некои свои далечни роднини доселени тука во 1925 година по силата на договорот Молоф-Кафандарис според кој двете држави, се уште со не зацелени рани од војните се вдадоа во размена на население со цел создавање етнички чисти држави по примерот на Турција и Грција по мало азиската воена катастрофа на Грција во 1922 година. Се преселија во Бугарија каде по две или три семејства ги растурија низ целата држава. Не сакаа да потпишат изјава дека со срце и душа се Бугари...Со месеци се бараа. Некои зажалија и се вдадоа во нови преселби - едни во Југославија, во градовите на Македонија, а други во Грција... Таму коренот ги влечеше, местото ги врзуваше и на лице беа Грци, а во душите и срцата – Македонци... надвор Грци, дома Македонци...

.

Се будеа и навираа спомените нанижани во долгата врвца на животот, животот што беше тогаш, таму, дома. Сега животот им течеше во надежи како трошки растурени под софра. Низа од болка, воздиви и тага налегнуваше врз возглавието и се се собираше во еден изгор.

Мара галежно навалуваше глава на перницата. На неа нежно постелуваше лице, подзамижуваше очи и со долг издив полека ја совладуваше сонот. Отсега, сал привидно и се чинеше дека сонот и спиењето и беа полесни. И полесно и беше да се држи за мислата и споменот што постојано ја влечеа на патот за дома и во тие мигови на нејзините образи се поретко се појавуваше сенка на радост. Секогаш образите и беа стегнати во болка. Неброените брчки беа неброени болки. Со насолзени очи ги гледаше околните замаглени ридови над кои бавно се движеа на југ сиви облаци. Ридови беа, голи од шума и затревени, а не планини како тие околу селото што секогаш и ги полнеа очите. Ниви, бавчи, борови, дабови, карпи, меѓу нив бистар поток, над нив бели, волнести облаци кои час неподвижни дремеа, мируваа, час се раскинуваа и одново се прибираа и квечерум на зајди сонце гореа во пламен и согоруваа со последните зрачни издишки на сонцето. Седејќи на прагот од главната врата, можеше со часови да ги гледа облаците како одминуваа и се разлеваа на југ и многу, многу и се присакуваше со себе таму да ја однесат и нејзината душа. Така честопати мислеше и мислите, крстејќи се, со топол и молбен глас ги праќаше до Бога...

Митре честопати седнуваше покрај неа и гледајќи ја умилно, и велеше:

-Маре моја, многу тага гледам во твоите очи... многу ти се тажни очите... моја Маре... Како да не се тоа тие твои очи кои секогаш беа полни со некаква чудна, невообичаено привлечна насмевка, која секогаш ме исполнуваше со радост... И таа твоја блага насмевка, а сега некако е полна со горчина, секогаш насмевката ти се гледаше во очите, усните, лицето, со насмевката секаде отвораше ведрина, насмевката ти болскаше во очите, фаќаше за срце, ти, Маре, секогаш имаше расцутена насмевка и секогаш ми се чинеше дека со таа мила насмевка сите болештини ги олеснуваше, ведрина внесуваше, лошите ветрови во мојата душа ги смируваше, горките мисли ми ги спитомуваше, болките ми ги олеснуваше, твојата насмевка ме грееше, ме топлеше, кога те гледав насмеана... Насмевни се, Маре, насмевни се, мила...

Очите на Мара со секој изминат ден се повеќе тонеа во болка... Нешто од внатре ја разјадуваше. Ја гореше голема треска и ја цедеше и сушеше некоја мачнина и болештина. Се топеше пред очите на Митре, кој не се делеше од неа ниту за миг. Со својата топла дланка и ја бришеше студената пот од заладеното чело и бледите образи, ја поеше со чаеви од шумски и ливадски билки, и ја галеше веќе посивената и разретчена коса, ја топлеше во својата прегратка...

Неколку дена траеше големата треска кај Мара и остави видливо бледило на нејзиното лице. Кога топло грееше сонцето, тогаш Митре ја изнесуваше пред куќата, нозете и ги завиткуваше со топло ќебе, ја дохрануваше со топла супа. Секој ден на Мара полека и се враќаше насмевката.

Навалени еден до друг, Митре и Мара, седнати на дрвениот, подгниен праг и со поглед истурен во спротивниот рид, молчеа, воздивнуваа.

Молкот го скрши Мара.

-Знаеш, Митре, многу би сакала, така си мислам, како некогаш, да ти донесам вода од чешмата во Петковец и од Клета Фора, во тоа малечкото стомне од кое најслатко си пиел навален врз дебелото стебло на стариот даб. И тогаш и сега си велам, дека под таа дебела сенка секоја голтка ти беше најслатка. Паметам како полека и со каква наслада ја пиеше таа студена вода од стомнето и како воздивнуваше. Слатка ти беше водата, нели? А сега знаеш што би сакала? – Мара длабоко воздивна и рече засркнато: - Би сакала, Митре, да ти ги донесам сите мириси од нашите ливади и бавчи, така би сакала, Митре, да ти донесам и малку птичјо пеење од нашите славеи... Паметиш ли, како наутро и вечерта, кацнат на врв од највисоката гранка на црешата, во пеење се занесуваше славејот? А ти, ми даваше знак со раката, да не се движам, море да не дишам додека славејот пееше. Пееше, милиот, пееше, за миг прекинуваше и чекаше, чекаше, кутриот, да му се одгласи неговата најмила...

Мара навали глава на рамото на Митре и подзатвори очи. Се занесе во младешките изливи и воздиви за времето кога него го немаше дома, кога целата љубов кон него ја внесе во грижата за децата и земјата ја ораше така, куќата за да е полна со бериќет... Течеше времето без него, ама приврзаноста кон него никогаш не истече... И сега, така навалена на неговото рамо, тивко му шепотеше за себе и за него и за болештините на луѓето кои тука, во украинските хати во молк и чекање со долги воздиви и молитви ги лекуваа не исцелените рани на душите и ги оплакуваа своите најблиски...

Спомените се постелуваа и налегнуваа врз топлото и тврдо рамо на Митре... Тивко, кротко, како со молитва пред Богородица, Мара го одмотуваше клопчето на времето од заедничкото живеење, а и на времињата од тие пусти и долги разделби во кои деновите и ноќите како на црна бројаница беа нанижани болките, воздивите и тагите на долгите и надежните чекања. Само за миг прекинуваше и, набирајќи воздух, посилно се пригушнуваше и целата топла издишка ја разлеваше врз Митре и молежливо шепотеше:

- Паметиш Митре...

Митре без да чека да го заврши прашањето, загледан далеку пред себе, во неизмерната и од тука невидлива далнина, што се ширеше на југ, одговараше:

-Аха...

- А денес рано си излегол... Каде си бил?

- Горе...

- Каде горе?

- На врв - ридот...

- Ами што си барал таму?

- Отидов, Маре, да видам како изгрева сонцето. И останав таму долго за да видам како заоѓа сонцето.

Откако сме дојдени тука, никогаш не сум видел изгрев, па ниту заод на сонцето. Високите ридови му стојат на пат. Тука сме како во котел. Зарем не си забележала дека одеднаш сонцето од високо ни паѓа во дворот?

Одамна не сум видел како изгрева сонцето. Не сум видел и како заоѓа. Виси тоа над нас меѓу овие два ридови и одеднаш го снемува зад ридот...

Со прекини и кажуваше како брзаше, како одењето пругоре му го спречуваа големите тревишта, како утринската запурнина му го пресечуваше дишењето.

Се уште траеше мракот кога стигна на врвот. Свртен на исток стоеше и не чекаше долго. Далечното бледило мрзеливо преминуваше во руменило и само по неколку мигови таму, далеку, небото се зарумени и кратко потоа, го облеа распалена црвена позлата која полека преминуваше во руменина. Над далечните ширни полиња и ниви се распостелуваше утринската светлина. Зениците на Митре се наполнија со сонце. Првпат, откако заседнал во Лисковате, опколено со високите ридови, денот го пречека со изгревот на сонцето, кој ја немаше истата топлина и радоста што секогаш ја носи почетокот на новиот ден. Изгревот не му заличи на оној таму... дома... И небото, иако денес ведро и сино, ја немаше таа ведрина и синило како небото во родното место... Испушти Митре длабок и тажен воздив, се сврти и прудолу по стрмната удолница пушти долг чекор.

Големата сенка на ридот се намалуваше и замаглената котлина се полнеше со сонце.

Двајцата, Митре и Мара, како некогаш загледани во полната месечина и млечниот пат на ѕвездите, во молк и топли воздишки ја спомнуваа својата младост. Гушнати како некогаш, заедно стареат во туѓо седнати на прагот на старата дрвена украинска хата.

-Паметиш – прошепоти Мара.

-Аха- тивко воздивна Митре...

Изблик на тага, болка, тешко воздржливи издишки и таа, Мара, од младини до сега, целата потонета во неговите очи, целата стегната во неговата топла прегратка.

Тишина. Во бурјанот и понатака стружеа штурците. Мара малку се оддели од прегратката на Митре и тивко, со болка во гласот, рече:

-Павлеви и уште некои други од Романија и Унгарија си ги прибраа децата. А што мислиш ти, Митре, да си ги прибереме и ние?

- Добро би било да сме сите заедно. Ама да ги прашаме дали ќе сакаат да дојдат тука. Доне во Букурешт учи за инженер, а Славка во Прага за лекарка. Што велиш да им го скратиме учењето?

- Ами и тука можат да учат.

- Како тие на Павлеви и на другите? И тие таму во Унгарија и во Романија учеа, ама штом дојдоа тука, престанаа да учат. Таму јазик научија, тука неми ќе бидат. Со кој јазик, бре, Маре, тие тука ќе учат? Отидоа таму во големите градови на Полска, ги запишаа на истите школи и универзитети, ама сами се отпишаа. Не им оди уката. Јазикот е пречката, разбираш?

- Разбирам, ама јас многу сакам да сум со децата, Митре. Многу време помина без нив. Пораснаа без нас и ние старееме без нив... нека дојдат...

- Ќе им напишам да дојдат тогаш, кога ќе имаат прекин во учењето. Нека поседат тука со нас и кога ќе им дојде времето за учење, тогаш да одат таму да учат каде што почнаа. Тие, Маре, бројат нагоре, а ние надолу...

Разбра?

- Доста, бре, со тоа разбра та разбра - подвикна Мара – та не сум ти јас некоја заостаната, па да не разбирам. Добро. Ај, нека е така. Нека учат, а ти утре да им напишеш да дојдат на гости... Така, на гости да ни дојдат и по некоја година, да дај Господ мил, со внучиња на гости да ни доаѓаат...

Наближуваше крајот на годината. За Бадник и за Нова Година на Митре и Мара на гости им дојдоа Доне и Славка.

Мара, оптоварена со големата радост и возбуда, секаде ја имаше. Сите празнини во хатата беа исполнети со неа и со нејзината радост и среќа. Насмевката не и се симнуваше од лицето и очите и болскаа со среќа невидена во овие години на тешките и долги разделби.

Митре, во дворот ја ковеше софрата со штиците што пред некој ден ги купи и цели денови ги рендаше и ги ковеше. Мазна да е софрата. Така му рече Мара чија голема желба беше се дотогаш, до кога децата ќе бидат заедно со нив, да обедуваат и вечераат на софра. Сите заедно да седат скрснозе околу софрата.. Како дома...

Бадник.

Околу софрата седнати сите – Мара, Митре, Доне, Славка. Во куп родители и рожби. Со нив ги нема бројните роднини. Некои загинаа и тукуречи сите се растурени во незнаните земји.

Молк.

Мислите се подалеку од украинската хата.

Од софрата Мара ја подигна тепсијата со попар-никот и излезе во дворот. Полнеше шепа и фрлаше и зборуваше така, како дома, кога од балконот фрлаше полна шепа попарник за Господ, за домаќинот, за децата, здравје, за стоката, за нивите, ливадите, лозјата, за бериќет...

Седнати околу софрата, така, како пред години кога и на делници и на празници седнуваа, молкум јадеа со мислите потонати во времето кое сега го пробудија...

Од соседната одаја Мара го донесе ѓумот и го наполни бокалот со вино направено од црна рибизла. Митре редум ги наполни чашите, ја подигна својата и со растреперен глас и насолзени очи, рече:

-На здравје и за многу години...и... – сакаше уште нешто да рече, ама гласот му секна во грлото.

Мара му ја погали растреперената рака, закану-вачки подигна прст и го искара:

-Немој сега, плачко низаеден, тука пред децата... Ајде, напиј се уште една, ќе ти помине....

Доне, за да го смени расположението, праша:

-А ѓумот, мајко, гледам до тука си го донела?

Од дете го паметеше. Не еднаш го полнеше со вода од изворчето. Не еднаш пиејќи од него, ја гасеше жедта.

Мара се загледа во ѓумот, од грлото до долу почна да го гали и тивко прошепоти:

-Го чувам... синко... - не дорече. Одврза црна шамија и во неа ги сокри очите. Тивкото липање и ги растресе рамената.

Од сите, кои седеа околу софрата, ѓумот беше најстар. Митре го гледаше со нажалени очи и без престан во главата му се вртеше мислата:

-Дали овој стар ѓум, на кој не му се знае староста и клучот што на свилена врвца виси на вратот на Мара, ќе бидат единственото наследство од многуте работи што тој ги наследи од старите колена што ќе им го остави на децата???... Што ќе остави зад себе освен овој ѓум и клучот од дома???

Дента, Митре седна меѓу Доне и Славка и врза разговор:

-Кога ќе завршите со учењето, деца, што мислите да правите?

-Да се прибереме некаде, татко.

-Каде?

-Многу наши размислуваат да се преселат во Македонија, во Скопје, Битола, Кумано, Тетово. Таму каде што имаат роднини или каде што ќе им одреди државата. Така јас мислам. Само таму можеме да се прибереме, татко.

-А што мислиш за дома, во нашето место?

-Нашето место, татко, веќе не е наше место. Таму населија Власи. Таму од нашето ништо не остана. И камењата не само од урнатите ѕидови, туку и од темелите ги превртија и ги вградија во своите куќи... Грција нас не не сака... нас не не сака... Можеби ќе не посака ако во неволја и притребаме, како некогаш...

-Ами, бре чендо, кој нас не сака? – праша Мара. - Има ли некој што не сака?

- Засега нека остане така, татко, како што реков. По година дена јас и Славка завршуваме со учењето и тогаш ќе се видиме и ќе решиме. Дотогаш вие тука чувајте се...

- А ти, ќерко, што велиш?

- Тоа што вели Доне, татко...

На испраќање Мара ги предупреди:

-И немојте да брзате со свадбите. Ќе ги правиме, како нашата... Два тапани да бијат и девет свирки да свират. Како на нашата...

На Митре и Мара, како и на сите други како нив, во срцата не им легна оваа земја иако во напуштените и ограбени украински хати по години со нивен труд и пот болсна светлина, над сламените покриви чад задачи, во големата зелена котлина, опкружена со зелени ридови и борови шуми тие донесоа човечки глас, плачење и смеа на деца, школско ѕвонче. Во се што правеа, беше придружувано со многу болка, тага и копнеж кон своето, оставено таму, далеку, многу далеку од тука... А молитвите до Бога ги праќаа од малите икони кои беа расфрлени во бурјанот и од таму собрани, очистени и внесени во хатите, а камбаните и натаму лежеа во трапот покриени со трња... Ораници, ниви посеани со пченица, посадени со компир, зелка и репка. Во слабо ветровитите денови неоженаната пченица со бранови го радуваше окото. И овци на ридовите растураа звуци на клопотарци и крави во рамниците и во куќите мирис на виткан бурек и пита со сирење, кромид и праз печени под сач и топла погача и во лутите студени денови – мирис на џимиринки, слично, ама не исто како дома...

*** Доне и Славка, како и стотици други Костурски, Лерински и Воденски селанчиња во Полска, Чехословачка, Унгарија, Романија, Југославија и Советскиот Сојуз завршија средно и високо образование. Со дипломите в рака се впуштија во бурните води на животот со широко развиени едра.. Тие, инженерите, лекарите, архитектите, економистите, историчарите, наставниците, професорите, писателите, од кои голем број со одбранети магистратури и докторати, како и нивните родители на патот кон родното место наидоа на спуштена гранична рампа.

Засекогаш останаа на патот на невратот, барајќи нови татковини...

ТАКА БЕШЕ...

Скопје-Долно Дупени-Скопје март 2017 – октомври 2020 petre.nakovski@gmail.com БЕЛЕШКА ЗА АВТОРОТ Петре Наковски, романсиер и преведувач, е роден на 17.07. 1937 ( точен датум на раѓање според црковните книги - 15.06.1936) во с. Крчишта, Костурско, Егејска Македонија. Педагошки Лицеј завршил во Полска, а Филолошки факултет во Скопје. Докторирал на Институтот за политички науки на Вроцлавскиот универзитет во Полска на тема Македонски деца во Полска 1948-1968, објавен во Скопје 1987 година.

Бил новинар во Вечер и Нова Македонија. Работел во Министерството за надворешни работи.

Прв амбасадор на Република Македонија во Република Полска (1995-1999).

Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година.

Автор е на повеќе раскази објавени во македонската периодика, како и на книгте: Постела за чемерните (1985), Македонски деца во Полска 1948-1968 (докторски труд), И каменот е земја (1988), Големата удолница

(2003), Големата измама (2007), Македонските бегалци во Полска 1948-1975 (избор документи (2008), На пат со времето (2010), Калина (2016).

Сите наведени романи се преведени на англиски јазик од познатиот и многу заслужен преведувач на македонската литература на англиски јазик, Ристо Стефов.