ВТ0Р ДЕЛ - Part 17
Кои пушки, бре? Зарем заборавија дека на самоти граница албанските офицери ни наредуваа да ги фрламе во купот. Така, штом стапивме на нивна земја – пушките, целото оружје што го носевме – го фрлавме во купови те пиштоли, пушки, автомати, митралези, минофрлачи... Заедно со нив и нашите солзи и пцости и болка за изгубеното и срамот за поразот... Ни велеа да не губиме надеж, состојбата штом се среди, штом се смири, тогаш одново ќе и сме биле потребни на партијата... Таа знае што треба и како да се прави и кога... Вербата велеа, да не се губи. Три години не переа со таа верба, три години никој од нас како да немаше мозок во главата, туку вода што ја матеа како ќе им текне.. Само разбирам. И пикнати таму далеку, на северот, во гнилите бараки-касарни во Бурели, клеветејќи НОФ и АФЖ за предавство, всушност сите нас не наклеветија за такви, а КОЕМ76 ниту го спомнаа. Тоа лудо чедо сами си го родија и тивко го оставија само да се уништи. Ја сокрија и големата измама. Едногласно на тој нивен Петти пленум што го одржаа во селото Нивици, едногласно прифатија и запишаа запишаа во таа резолуција, а претходната ја знаете, нели, а само по еден месец бргу се откажаа, ја премпишаа на друга хартија и со друг молив, а ние пак им поверувавме. Сега, кога на таа измама помислувам, кога се обидувам да се олеснам од тоа ветување, ми се чини дека се уште некој ми се потсмева и ме плука... Мене, а не лајното. А знаете ли зошто го премолчаа КОЕМ? Затоа што сами го создадоа и сами го заборавија. Се истопери човекот и без срам ни рече дека Демократската армија не е победена, дека не претрпевме пораз и дека пушката само ја ставивме до нога. За мене, бре, тоа постојано лигавење дека не претрпевме пораз, туку само пушката ја ставивме крај нога, е жива рана, отворена и загноена. Таа е крик на нашиот пораз. Таа е рана во срцето, во душата и сега таа рана ја носиме во душите... Поразот и ова битисување во калта, е рана на животот... Чисто. Во главата – чисто. Ни бараа да веруваме. Во што?... Ноќе кога се будам, се ми се чини дека ги слушам врисоците и лелеците на осакатените момчиња и моми, во ушите ми удираат трештењата на топовските гранати и гласовите на очајот... Викаат, молат, а јас да помогнам не можам.
Сонувам... Слушам гласови и се плашам очи да отворам. Отворив ли, тогаш гледам осакатени моми, лица без очи,тела без нозе и раце, крв врз камењата и карпите, распарчени стебла на буки и пламен и оган. Во мене се се корни. Ме боли таа голема лага, дека ние ќе победиме... Кого бре ќе победиш? Кого? Па ние бре со боревме со Америка!!! Па нели ни велеа дека се бориме против англо-американскиот империјализам? А знаеја ли што е тоа американски империјализам? Кој бре досега ја победил Америка? Зарем ние парталковците, босите и гладните, со старите италијански и германски автомати и чешките топови од пред првата светска војна, ние, кои 76 КОЕМ – Комунистичка Организација на Егејска Македонија – формирана од КПГ во март 1949 година во преспанското село Нивици.
умиравме и од глад и од студ? Ние ли ќе сме ја победиле Америка? Ние селанчињата што не хранеа повеќе со лаги и со трошки од бајат леб? И не престанаа да ја сејат лагата дека не не победија, бидејќи пушката сме ја ставиле крај нога таму некаде скришно во албанската земја. Море не кутнаа, бре, не столчија, не сомлеа. Само што уште не ни послаа смртна постела... Кога, бре ќе научиме да мислиме?! И сега што? Во долго кованата парола за братство и единство, плетена со нашата крв, нашите рани, нашето жртвување и нашата послушност и глупост, сега врз сето тоа легна острата секира на недовербата, омразата, кодошлукот, поделбите... Време е за будење, време е да се тргне велот од лицето на заспаната нација...
- Со што, бре, ќе ја разбудиш оваа нација?
- Со образование. Со сплотеност. Со една мисла. Со труд...
- Тоа, братко, се само пароли.
- Нам ни треба обнова на мозокот и душите. Мора од нас да се откорне ропската душа, во жилите да се приточе нова крв, од главите да се избриши долго натрупуваната прашина, која на мозокот ќе му даде моќ на самостојно мислење. Сакам да кажам – нам ни треба преродба. Таа ни треба. Од корен. Дружење, пријателтво, соработка со сите, ама без услови. Да си бидеме свои на своето. Дозволивме со валкани прсти да ни чепкаат во се. Не Македонци, туку славомакедонци, измисени сте и јазикот ви е измислен и нацијата ви е вештачки создадена од Тито, кој им стана коска во грло... Само крвта е ваша, тоа се бараше од нас и со таа резолција. Крв, крв, уште многу крв. Колку повеќе крв, толку поголема измамата. Крв, многу крв му требаше на водачот. Во самопрегорот, во таа сепаленица горевме...
Во долгите ноќи, далеку од дома, во дрвените украински хати, очајнички ја бараа вистината.
А меѓу нив имаше такви кои во секој миг, по наредба, директива или одлука безмилосно го сечеа конецот на надежта, верата, стремежот и копнежот. Тие беа најверните изгубени ангели на партијата...
Скршен глас замре во одајата што тонеше во мувлата, влагата и гнилотијата на подот. Во таа замрачена одаја, му се чинеше дека два гласови тивко лелекаа – неговиот и гласот на душите што допираше од ридовите на Вичо и Грамос... Во секоја нова ноќ одново ја почнуваа расправата и не само во таа ноќ, туку и во сите наредни, остануваа заложници на гневот, презирот и омразата.
-Сега – се огласи – сега сме далеку од огновите и пламењето и од дома... не делат држави, граници, забрани над кои виси нашата нескротена желба – да се вратиме, ама со маслиново гранче во рацете...
Долг молк.
- Сакал не сакал мое е да признам дека многупати умирав. Умирав од страв кога паѓаше наредба да одиме во напад; умирав од истоштеност од долгите ноќни маршеви; умирав од глад; умирав од студ, умирав од жед, умирав во болниците лекувајќи ги раните, умирав од болка кога гледам како ми умираат другарите од ровот и бункерот и сега умирам од разочараност... Умирам, мајката. Ама се уште сум жив...
Оф! – се откина издишка и одекна како скршена сува гранка. – Во нашата куќа не паметам дали некогаш згасна огнот во оџакот. Тлееше спузата покриена со пепел. Дедо ми велеше дека огнот , па дури и најмалата искра е знак на животот... Дали сега таму во нашите куќи има искри?... Во долгите зимски вечери, мајка ми кога ткаеше, кога влачеше, кога предеше, кога плетеше, секогаш тоа го правеше покрај распалениот оган во огништето. Беше ситна женичка, а на ѕидот нејзината сенка беше голема, огромна за нас децата. Така покрај огнот и пламенот растевме во нејзиниот скут и покрај нејзината сенка. Пораснати не одделија од нејзината сенка од нејзиниот топол скут во кој не галеше. Не собраа, едни во планина, други во државите и мајка остана сама... Остана сама. Во таа самотија упорно и грижливо го чуваше огнот, ја jакнеше вербата и надежта во себе дека ќе и се вратиме. И неа и нас не мелеше времето. Доволно е само за миг да затворам очи, па да се видам мал во скутот на мајка ми во кој никогаш не бев гладен и жеден... Затворам очи, ете вака, и сега што гледам? Ја гледам влажната земјанка и ровот и бункерот на 103 бригада во кој секој ден со многу зборови од кои ниту половината неразбирливи, политичкиот комесар ми внушуваше и ми ја полнеше главата со некоја вера во која најмногу ги повторуваше зборовите – се бориме против англоамериканскиот империјализам. Ме фаќаше дремка, ама ме држеше свесен и буден. Ме обземаше, ме голташе и ме давеше. А во таа полу дремка најчесто и најмногу сонував како седам во скутот на мајка и тоа ми беше најголемата вера што ја блазосував со искрени и длабоки молитви во душата и умот. Никогаш не ја заборавив топлината што зрачеше од скутот на мајка. А сега кога ме фаќа дремка, очите ми се полни со огнови од Чарно, Голио Каменик и од овие вошки кои ми се потсмеваат, нарекувајќи ме титовец... Останаа нашите мајки со празни скутови и прегратки. Само очите и подадените раце им беа полни со чекање... Чекаа. Чекањето им стана надеж... Кога сум сам тогаш ако само за миг затворам очи, тогаш ги гледам моите другари соборци, момчињата и момите – осакатени – кој без рака или нога, кој со столчена глава, кој со растурен мев... Слушам болни и молежливи гласови за помош... Слушам и дека сме ја изгубиле војната затоа што Тито ја затворил границата. Точно е дека така рекол... И тогаш му се нафрливме и сега го клеветиме... Знаете како поминавме во Воден, Саботско и Лерин, нели? Мене со голем број ранети ме однесоа во Јасеново.... Од таму во Катланово. Болницата преполна. Во еден кревет по двајца. Немаше место за новите ранети. Со воз од Скопје, во товарни вагони – во Берковица, во Бугарија. И тука немаше место.
Пак во воз и не растоварија во Синаја, во Романија. Таму кралските палати – болници за нашите ранети. Со уште добро не затворени рани, во воз до Бугарија. Од таму во воз преку Ниш и Скопје до Битола. Таму не чекаа камиони. Југословенски воени камиони. Не товарија и ноќе стигнавме и се растоваривме во преспанското село Раби. Бевме се на се седумстотини души. Колкупати ја пресековме југос-ловенската граница? Како стигнавме во Преспа? Кој не хранеше по пат? Чии лекари и медицински сестри се грижеа за нас? Седумстотини души бевме... И на сите, наредните денови ни велеа дека границата е затворена. Кој тогаш лажеше? Кој и денес лаже?
Нашите водачи во тие денови и во деновите на целата граѓанска војна упорно ни наметнуваа масовно слепило...
Така беше или не беше така?... Војната заврши? Мајка ми загина од парче авионска бомба при носење ранети.
Татко ми се уште е во логорот во Макронисос... и јас, тука, во овој рај наречен Неа Зои – Нов живот... Војната заврши и убеден сум дека Грците никогаш порано не убиле и не измачиле и не осакатиле во логори и затвори илјадници Грци, а посебно се нафрлиле со невидена омраза и злоба кон тие, кои не беа од нивен род... Велам заврши војната, но за кого? Само за миг да затворам очи и тогаш не гледам ништо друго, туку гледам само војна и слушам само викотници, молења. А јас не можам да помогнам... Војна... војна... војна... И кога го возам тракторот, тоа негово тракање ми личи само на долг, многу долг митралески рафал и тогаш посилно притиснувам со ногата на гасот, се зголемува бучавата и викам – НАПРЕД!!! А тој, лижигазлето, неранимајкото, претседателот на колхозот, оној Гркот, некадарникот од Румели, кога еднаш слушна дека така викам, ми пријде, ме погали по рамо, па речовито ме пофали, велејќи ми – така Трајце, со радост орај... Браво...
Викај... Викај гласно... Така ќе градиме социјализам... – Како да не, во оваа пустелија со нашето будалесто викање тој ќе го градел социјализмот... Ебаго, будалата од Румели... Таков денес е светот. Полн со будали. Со сејачи на лудило... Ретки се итрите и умните... Самовљубени викачи и подлизурници – со лопати да ринеш.
Колку и да чистиш, никогаш нема да исчистиш толку, колку што тие ќе извалкаат... Таков денес е светот. А кој го води? ...
-А вие да не мислите дека тука не пратија затоа што сме некои големи мајстори за орање со трактори...
Пред некој ден, ме викнаа да им кажам колку фативме од нормата. Во канцеларијата немаше никој. Додека чекав да дојдат другарите, случајно, од љубопитство ја отворив фиоката од бирото, а таму дебел коверт. Го отворив и, што мислите, што видов? Нашите имиња и презимиња. До секое презиме напишано: Τιτικος πρακτορας... Титов агент... Што ви е? Презеленавте, а?! Очите ви се ококорија?! Дишете... дишете... подлабоко...
соземете се, овни низаедни... И да ве израдувам. Во ковертот не сме само ние. Таму има некои кои се членови на ЦК. Тука, како што пишува ги испратија да го проучуваат аграрното прашање... згрешиле, кутрите, не мислеле исто како Захарјадис и неговите послушници, па за тоа на превоспитување во колхозот НОВ ЖИВОТ...
Како нас, будалите... Добро ни велеше Полјакот, а бре, нели ни велеше тој, што туку се пикате по фабриките, по занаетчиските задруги, одете, одете бре, да учите во гимназии и потоа на факултети... Државата плаќа... Ние, пак, тоа и тоа, од селани да станеме работници, демек пролетери, па ете, стигнавме до трактористи... И тоа е добро за неуки, како ние.... Слушнав дека Киро и Мичо веќе учат на универзитет... Металурзи ќе бидат... во челичарници челик ќе прават, со тие огромни фабрики ќе раководат, а ние – трактористи... ушите ми потекоа од тоа тракање на тракторот, калта од чизмите не можеме да ја истресеме, раце извалкани од црно масло одвај бришеме и чекаме ред за да се избањаме во шепи вода што се загрева во ова рѓосано котле или ќе чекаме да дојде пролет, токму пред Велигден, за да се избањаме во реката... Е, море будали... овни низаедни... Не го послушавме Полјакот таму на курсот за трактористи... Добро ни велеше тој – дечки на учење на универзитети...
Учете, дечки, ни велеше. Учењето државата ќе ви го плаќа, а ние, будалите, на тоа му велевме – пријателе ти добро ни велиш, ама нашата партија ни вели и не тера да одиме да работиме во фабриките каде од селани ќе станеме пролетери... Тие, децата, што ги собраа и ги сместија во домови, веќе учат во гимназии и технички школи, некои се при крајот на студирањето. Целиот трошок е на државата, а плаќаат Полјаците, од кои најмногу се работници и некои, како нас, трактористи. Сум слушнал дека само мал број од дечињата, кога им дојдоа родителите од другите држави или отидоа во другите држави, се прибраа кај нив и без ука си останаа, ама работат во фабриките, значи и тие станаа пролетери... Денес или утре ќе им напишам на Киро и Мичо за да ги прашам како им оди уката таму каде учат за да бидат металурзи... за да прават челик во некои големи челичарници...
Долга беше и ноќта и наредните ноќи уште подолги. Вревливи беа ноќите. Ноќи на излевање, како нескротена бура, на матнините, на измамите, подлостите. Ноќи на излевање на горчините... ноќи на истресување и прочистување од сите лаги, клевети и подлости...
Неми да бидат за да не им протечува од устата мислата, глуви - за да не го слушаат гласот на разумот, ама не и слепи - за да гледаат како други ги водат во слепило...
-Такви беа и тие наши, демек раководителите. Седеа на две столчиња. Сити, обуени, топло облечени, зборливи и секогаш победници во битките во кои не учествуваа... В недела, како и секоја недела, пак ќе има игранка во таверната. Составот на инструментите – мандолина, виолина, тапанче. Да ја послушаме барем музиката – а таа можеби ќе не потсети на костурските громогласни тапани и пискливите зурли...
Здравјето на Трајче од ден на ден попушташе. Му го зедоа тракторот. Му дадоа тетратка и молив со задача да запишува кој колку изора, колку посеа, колку покоси и кој колку процент фати од одредената норма. Трајче сесрдно запишуваше и секој одминат ден му ја одземаше силата. Снеможен – легна.
Повикаа лекар, кој откако го прегледа, нешто запиша и отсечно рече:
-Во болница.
Другарите трактористи го посетуваа, го бодреа, а Трајче целиот во оган. Оган во очите, оган на челото, образите, оган го гореше Трајче. По две недели, на тракторска приколка, покриен со ќебе, го вратија Трајче во Крошченко.
Колхозниот претседател повика плех музика од гратчето и во тактот на Лениновиот марш, Трајче го испратија на новите гробишта...
Матно и тешко течеа времињата во Полска. Крошченко и Лисковате не останаа надвор од тоа што се случуваше во целата држава. И таму, во тоа матно време, законот не беше закон, туку закон беа партиските директиви, судија - лагата, а клеветите – начело за унапредување. Крошченко на политичката сцена стана табло на многу клевети, измами, понижувања, тепања во мракот на ноќта заради внесување страв, потчинетост и послушност, имаше и по некој редок обид за давање во некој од напуштените бунари до горе полни со матна и смрдлива вода. А на тоа табло најголема клевета беше некој кој поинаку мислеше, а пред се поради своето национално потекло носеше печат – титов агент. Тоа беше доволно за да му бидат затворени сите патишта за поплатена работа, за пофалба за постигнување повисока норма во работата, за унапредување и учење... Така беше. Здружението на политичките бегалци, за жал, оценката потврдена на свој начин ја праќаше до надлежните полски служби во Варшава каде најчесто не беше одобрувана.
А таквите, кои одбиваа тапа наредба, најчесто скришум, под превезот на мракот го напуштаа колхозот НОВ ЖИВОТ и нов живот бараа во градовите. Таму не се ослободуваа само од окото и прстот на клеветникот, туку и од мувлата и влагата на одамна напуштените украински хати, од калта, од смрдеата на со месеци непраните алишта, од долгите ноќни перења на умот и недоволно платениот вложен труд. Успешно, ама со голем напор, се вклопуваа во полската локална средина со која заеднички ја делеа делничната судбина.
Тука, во Крошченко, имаше и случаи на некои им се губеше трагата и виделината. Најчести беа тие, кои имаа некое поинакво мислење од високо поставените кадри, што беше причина да се отстранат заради тоа што имаа подруго мислење, па како простување на греовите ги праќаа на терен за практично усовршување на партиската работа како можност за пошироко запознавање со проблемите на аграрната политика, а за тоа најсоодветно место беше Крошченко. Некои од нив завршуваа висејќи на некоја таванска греда или во некој матен бунар. Во тоа време во Крошченко имаше повеќе лаги и клевети и уништување на човечкиот дух, отколку компир и вотка.
По еден од затворените партиски состаноци, претседателот на колхозот, Караникас, го зеде настрана Захарјадис и, шепотејќи, му рече:
-Другар Захарјадис тука во колхозот се повеќе ни се појавува проблемот со Славомакедонците. Не е добро што најголемиот број колхозници се Славомакедонци. Тие се почесто се собираат, пеат на свој јазик, слават семејни и црковни слави и според некои информации што ги имаме имаат купено радиоапарати и скришно го слушаат радио Скопје. Такво радио има купено и Аргирис Ковацис, за кого се сомневам дека ги поддржува титовите агенти...
Захарјадис тивко се насмевна и уште потивко рече:
-Ковацис јас добро го познавам. Добар и храбар борец. Мајор на ДАГ. Заедно со него издејствувавме кај полските власти да се формира овој колхоз. Тврд комунист, со право бара правда, ама имајте го на око...
Луѓето се менуваат... А што се однесува до титовите агенти во колхозот, широко отворете очи.
Славомакедонците сега се, така да речам обезглавени, без своја организација. Ние во Политбирото веќе размислуваме да им формираме една нова оранизација за разлика од оние титовите, НОФ и АФЖ. Во неа ќе ги собереме сите здрави елементи и ќе ги спротивставиме на оние во Скопје и полека ќе им потпуштаме по некоја мушичка која ќе ги поттикнува на меѓусебни караници... Тие, Славомакедонците, се добри, мирни и кротки... а најдобри се кога се раскарани и разделени и кога им попува некој друг. Никогаш не сум ги почитувал зашто сами не се почитуваат... Имајте го ова на ум и очи од него не спуштајте...
Притиснат од сознанието дека задругата или како што популарно ја викаа колхозот НОВ ЖИВОТ ја раководат луѓе, кои исклучиво се водат со моќта на партиските директиви и личната алчност, применувајќи прекумерна партиска дисциплина и во многу случаи и физичка сила, постојаното навредување и омаловажување на Македонците со општо прифатеното сомневање дека беа или се титови агенти, при што не изостануваше и личниот интерес за богатење, Аргир се одлучи својата загриженост исполнета со горчината на отворено видливата неправда и самоволие да ја преточи во писмо до генералниот секретар на партијата.
Таму го гледаше решението за сите злоупотреби.
Заслепен од неограничена доверба и верба кон него дека ако биде информиран за се што се случува во колхозот, беше сигурен дека лично ќе се заземе за промена на состојбите и по партиска линија соодветно ќе бидат казнети виновниците. Ноќе, скришум од другарите во заедничката спална во интернатот на партиската школа, ги бележеше своите размислувања. Своите мисли ги бележеше на ливчиња, кои скоро по цел месец ги преточи во писмо.
Јасно му беше дека секој збор носи одговорност и убеден дека изнесените факти ќе го убедат генералниот соодветно да ги казни одговорните во колхозот, содржината ја пречука на машина за пишување во два примероци и едниот во затворен коверт адресиран лично до генералниот секретар ѝ го даде на секретарката замолувајќи ја да се погрижи што побрзо лично да му биде врачен.
Дали од невнимание или од заборавеност, доцна сфати дека во таквата школа писмата секогаш се цензурирани. Сакаше да се врати, да си го прибере ковертот, ама беше доцна. Секретарката сигурно го предала на личност која беше задолжена да прегледува се што влегува и излегува од партиската школа...
По пат, враќајќи се во интернатот кој не беше далеку од седиштето на ЦК на КПГ во Букурешт, во себе ја повторуваше содржината на писмото:
“Другар Захаријадис, Долго писмо му напишав на ЦК на КПГ во врска со состојбата што владее во колхозот. Бидејќи вие од било кој друг во партијата сте нај овластениот и уште повеќе нај одговорниот за колхозот, ви пишувам лично вам, затоа што многу добро ме познавате од ДАГ, моето учество и мојот карактер и дотолку повеќе што вие лично ме пративте во колхозот заедно со првите. Во ДАГ вие лично неколкупати ме поканивте во кризните состојби на борбата и ме задолживте да дејствувам во позадината на непријателот ( Сињачко)
против напад во Мали-Мади во септември 1948, утврдување и командување со Одред на смртта на Бела Вода и на крај со ваша наредба бев поставен за командант на секторот Бигла-Лунѕер во реонот на Вичо во
1949. ’’ Најстратешка точка на фронтот,, како што лично ми рековте. Во последната битка на Вичо, во август 1949, единствената точка на фронтот која не само што издржа туку го одби непријателот и ги задржа утврдените позиции што е единствен случај во ДАГ, беа единиците во секторот Бигла-Лунѕер.
Многу беа честитките, пофалбите и личните подароци што ми ги испративте на фронтот, ги чувам за спомен на мојата самопожртвуваност. Од Вичо каде ме запознавте, не сте ме заборавиле и во странство ме повикавте, ме најдовте, лично вие, другар Захаријадис, и заедно со вашиот придружник Тимјос Брацос, дојдовте во градот Легница во Полска и ме зедовте со вас во колата само со облеката што ја имав на мене, велејќи ми: “Аргире, друга тешка задача те чека, потешка од таа во почетокот на 1946 во Грамос...” тоа се ваши зборови, другар Захаријадис.
Поверував дека ќе ме пратите во Грција на специјална задача. Со радост и гордост прифатив, бидејќи партијата пак ме одбра за нови жртвувања и борби. Кога стигнавме во Згожелец ми рековте дека ќе се формира колхоз во една запустена област близу полско – советската граница.
Иако бев 90% инвалид, со ортопедски чевли, со железни шини, а во колхозот се бара трчање, пешачење, како во партизани, не ви реков, каде ли ќе одам со такви чевли. Исто така не ви реков дека бев подготвен да студирам на техничкиот факултет во Варшава, не ви реков дека жена ми е пред раѓање и дека во скутот чува тригодишно дете и дека лежи в кревет поради тоа што плодот е паднат ниско...
Ми ја дадовте задача и отидов во таа пустелија за да го организирам колхозот. Не помислив на инвалидноста, на студиите, ниту на жена ми која лежеше в кревет и го чекаше второто дете. Во колхозот поминав низ поголеми тешкотии за разлика од почетокот на 1946 година.
И покрај жртвувањето и тешкотиите се чувствував горд, бидејќи извршував задачи на партијата, на КПГ. Но кога колхозот почна да се средува, тогаш на готово беа пратени други за да раководат, иако немаа врска со земјоделство, сточарство и слични активности на колхоз. Тимјос Брацос за претседател на колхозот го испративте, по самоубиството на Алекос Ексархос, првиот претседател на колхозот, Теохарис Аристидис, близок на Брацос од Румели, позадинец во ДАГ, кој не знаеше да направи разлика меѓу пченицата и овесот што во колхозот се сееја на многу хектари.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/on-the-road-of-no-return-mk/23 на 29 октомври 2026