ВТ0Р ДЕЛ - Part 08
Така впрегнати заеднички го влечеа ралото на обезличувањето и разнебитувањето на тие кои беа поразлични од нив и не мислеа како нив...
Учебната година 1949-1950 веќе беше во тек. Децата од претшколска и школска возраст кои беа со мајките или со двата родители беше решено да се соберат во Државниот воспитен центар во Згожелец.
На вратата од трпезаријата залепена голема афиша која ги повикуваше сите кои имаат деца, вечерта да дојдат на собир.
-Јас дум дојден од партискиот комитет со задача да ви кажам дека сите деца кои тука се со вас ќе ги собереме и ќе ги однесеме во централниот дом во Згожелец... Таму ќе живеат и ќе учат заедно со децата што лани беа заминале...
Велеа:
-Пред две години ни ги собравте децата и од поголемките направивте војници – се уште не беше заборавена глетката кога во Преспа некои мајки си ги видоа децата облечени во воени униформи и со оружје на рамо- не знаеме дали се живи или изгинаа во боиштата. Сега сакате и малите да ни ги земете.
Убедувањето беше долго.
Во салата џагор.
-Јас не го давам моето дете. Пред две години ми собравте три и уште не знам каде се наоѓаат и дали се живи... Одете таму од каде што дојдовте. Доста е со давање и собирање...
- Не! Не ги даваме! Прво да ни ги вратите тие, кои ни ги зедовте! Каде ги однесовте? Каде се?
- Луѓе, смирете се, полека, не викајте. Не се далеку. Блиску се. Во градот. Некои можеби не се тука, ама тие се во Чехословачка, Унгарија, Романија, Југославија. Сите се живи и здрави. Од овие деца кои се со вас, некои таму ќе си ги најдат братчињата и сестричките... Од соседните колхози децата веќе таму се однесени и се сретнаа со свои роднини, а некои и со своите браќа и сестри. Таму, во домовите, ќе имаат се. Јадење, облека и учење... секое во свое топло креветче... А тие кои се од школска возраст, ќе учат.
-Да, ама тоа е училиште за полските деца, а таму, во домовите...
Не беше лесно да ги убедат родителите… Немаа доверба дека ќе можат да ги гледаат секоја недела, откако од партискиот комитет ќе добијат пропусница. Тие се уште со себе ја носеа огромната болка и тага по своите деца што порано беа собрани и испратени по државите.
Децата беа преземени и префрлени во двата централни детски домови – оние повозрасните над 15 години во касарните во Згожелец-Ујазд, подоцна наречен ТРПОВСКИ, каде учеа занаети, а останатите во централниот дом во касарните наречени Бјале Кошари, а подоцна Захарјадис. Малите, бебињата - во јасни, поголемките – во градинки.
Кај многу од мајките, растурени по земјоделските стопанства, по вторпат пазувите, прегратките, скутовите и постелите им останаа празни... Деновите и ноќите пак онемени и глуви.
Лина, мајката на двете деца што ги криееше во плевната, во влажните земјанки и во дувлата ископани меѓу карпите, празната одаја беше сама. Сакаше да се моли, ама иконата на Богородица остана сама во куќата што ја остави под клуч. Колку е далеку?
-Каде ми е Богородица – шепотеше Лина - која секогаш ја молев да ми ги чува децата и од тие што ми останаа никогаш да не ме раздели? Зошто Богородице дозволи така да сум оставена со празни пазуви и празен скут и постелата да им е празна? Зарем толку многу згрешив?...
Рана и животот. Голема рана и без престан боли и крвави. Таа не зацелена рана вторпат и е отворена и двапати повеќе боли... Но во тие осамени денови и ноќи, во мракот на долгата зимска ноќ, нешто како да и шепотеше – издржи, не се предавај, надевај се... Тоа тивко шепотење на привидот го слушаа и другите жени и мајки и неа и самите се себе се потхрануваа со молитвите кои им вдахнуваа надеж, кои заеднички ја одболуваа болката.
Ум, срце, душа, тело, мисла, надеж, верување, трпение, чекање... - се како да беше фрлено на крстопат, на ширум отворениот раздрум. И заедно со нив многу не одговорени прашања и ова: кој и зошто ли тоа нам ни го стори?
Здробени мајкини срца и души – во црно...
Веќе течеше декември. Денот краток, сув студ, снег ситен како песок наврна над полено. Ноќите долги.
Суво студенило. Плукна ли - мразулци залепени за усните. Отвори уста – воздишката во мраз. Студенилото влегуваше во коските, во градите.
Се беше туѓо. И небото и денот и ноќта и снегот и студот и маглата што утрото во кое замрзнатата магла се облекува во бело иње.
Во Државниот воспитен центар покрај полскиот директор, грчкиот партиски комитет одлучи да постави и директор Грк и го донесе од Романија. Ригас го викаа. Откако ја презеде должноста, правеше се што беше спротивно на веќе воспоставениот ред од страна на Полјаците. При вршењето на работата најголем приврзаник на Ригас секогаш и за сите прашања, беше стариот учител Баколас. Не ги трпеше Полјаците и Полјаците не го трпеа него. Меѓу себе тие не го викаа по презиме и име и сите го знаеја по прекарот што му го залепија – грдиот Грк. Грд затоа ли што главата му беше ќелава и издолжена како диња или затоа што ќелавоста ја криеше, префрлувајќи ја ретката коса од над левото уво над десното и обратно или затоа што во долната вилица имаше само три црни заби или затоа што гласот му личеше на гавраново грачење, а здивот на селско але... Која и да беше причината Полјаците не само што не го сакаа, туку и не го трпеа. Тој за нив не беше συντροφος Βακολας - другарот Баколас, туку – грдиот Грк. А најблизок пријател му беше другарот Зогас и тој учител, кого исто така не го трпеа Полјаците. Дали затоа што еднаш му избега зборот дека неговите учители го учеле да не ги трпи Словените или затоа што секогаш се чешаше под папокот и однапред и одзади, па поради тоа го избегнуваа, велејќи дека е полн со некакви мушички..
Ригас имаше повеќе барања во врска воспитувањето и образованието на децата, а едно од тие беше групите во домовите и парαлелките во училиштата национално да се мешани. Побара и од тоа барање не отстапуваше. На долгите состаноци секогаш тврдеше дека така мешаните паралелки ќе им помогнат на славомакедонските деца помалку да го зборуваат тој од Тито вештачки создаден јазик, а општејќи со своите грчки другарчиња побргу ќе го научат грчкиот.
Ригас одлучи и настојуваше така да се постапи. Резултатите беа спротивни од очекувањата.
На отворениот состанок на педашкиот колетив се отвори остра расправа за таквите барања.
РИГАС: вие воопшто не работите според педагошките правила на големиот советски педагог Макаренко – им велеше на полските воспитувачи и учители.
БЕАТА: Знаеме кој е тој, во домовите воспитувал беспризорние. Знаете какви беа тие деца. Зарем децата што ни ги доверивте се од типот на Макаренковите воспитаници? Такви ли ги зедовте од родителите?
Ние, другар Ригас, немаме потреба да превоспитуваме. Ние воспитуваме, ама не како Макаренко. Ние, пак, ќе речам, воспитуваме, а не превоспитуваме...
Ригас не обрнуваше внимание на тоа што велеше Беата. Навали уво до главата на Баколас и со шепот го праша:
- А тој, таму, келавиот, кој е? – праша Ригас.
- Високиот?
- Да, ќелавиот.
- Главниот директор. Копчињски го викаат. Тој е тој, кој не дозволи да бидат мобилизирани повозрасните деца, учителите и воспитувачките...
- Аха... Да видиме што ќе ни каже...
- По молба на вашето високо раководство – го почна своето излагање Копчињски - се обративме до државната филмска институција да сними филм за животот на вашите деца во нашите домови. Ангажирани беа врвни стручњаци од областа на филмска документаристика. Снимањето траеше скоро цела година. Беа опфатени сите дневни, школски, спортски и други активности од живеењето, воспитувањето и образованието на децата. Снимениот филм во Варшава беше подложен на комисиска оценка со учество на истакнати полски педагози, психолози, професори, меѓу кои и министерот за образование на Полска, Скшешевски. Кога заврши прикажувањето на филмот, во салата се запалија светлата. На лицата на присутните не видов воодушевување, задоволство, туку длабока замисленост, што ми заличи на разочарување. Министерот нешто пишуваше и при тоа му се скрши моливот. Листот и скршениот молив ги турна настрана, избриша испотено чело и откако не изнагледа сите, стана и рече:
- Видовме многу деца, ама на нивните детски лица не видовме насмевка... Видовме многу стежната тага и голема болка во нивните очи... Во филмот тие не личат на среќни деца...Не, никако, господо, во никој случај овој филм не смее да се прикажува.
- А каде е филмот? – праша Ригас.
- Не знам - одговори Копчињски.
- Да дознаете и веднаш да ни го дадете... - во тонот на Ригас сите присутни почувствуваа наредба.
Копчињски се преправи дека не слушна што му беше речено и продолжи:
- Формиравме нова комисија со цел да оцениме каде згрешивме и дали згрешивме во процесот на прифаќањето и воспитувањето на децата. Оценивме дека не згрешивме... Знаете какви деца примивме? Децата кои ги примивме од Романија личеа на група затвореници испратени на заточение. Добивме хаотична збирштина од деца кои со сомневање гледаа на полските лекари, медицинските сестри воспитувачите.
Затворени во себе. Размислуваа слично и имаа нервозни, некоординирани реакции, беа слични на автомати.Траеја во психичка вкочанетост, од која ги оттргнуваше само бучавата на трактор, брмче-њето на авион или некоја друга појава. Граѓанската војна остави свои траги кај нашите воспитаници. Кога се слушаше брмчење на авион, реакцијата на децата беше стереотипна. Ги собираа своите бовчи и, плачејќи, пискајќи и леле-кајќи, се криеја под креветите. Кога забележуваа трактор, најпрвин беа вчудовидени, а потоа бегаа плачејќи. Ноќе, додека спиеја, децата беа прогонувани од халуцинации. Содржината на тие халуцинации беа фашистите со автомати и со ножеви в заби, кои се качуваат по скали и низ прозорците влегуваат во нивните спални, ги газат нивните бовчи и нив самите. По цели групи децата бегаа од спалните, ноќе ги напуштаа своите кревети, се подготвуваа за бегање и чекаа наредба – кога да заминат. Целата група воспитаници, заедно со постариот македонски персонал, психички беше оштетена. Фобиите, колек-тивните халуцинации, општата недоверба, сомневањата и сличните ни зборуваа дека таа група многу претрпела, била откината од рацете на смртта, била спасена, но се плаши од новото, не е сигурна за утрешниот ден, страшното минато ја наведува на уште пострашна иднинана. Не ни веруваа, се сомневаа, но постепено, нивната недоверба и сомневање преминуваа во отворена искреност, во искажување на разни начини на своето задоволство и благодарност кон нас. Се отворија нивните срца. Цело време, дење и ноќе, целиот полски персонал беше во нивна придружба. Заеднички беа игрите, песните, ората, прошетките во градот, во шумите и ливадите, покрај рекичките и потоците, во парковите. На тој начин успеавме да им ја вратиме насмевката, да ги смириме, мирно да спијат, да не сонуваат авиони... Одеа слободно, весели, разиграни, распеани. Лушпата на повоените остатоци кај децата постепено почна да пука. Но, за жал, морам да подвлечам и да укажам на фактот дека откако вие дојдовте и во Државниот воспитен центар донесовте ваши учители и воспитувачи,од кои најмногу беа воени пилоти, ние не можеме да ги препознаеме наши воспитаници. Тие веќе на лицата немаат детска насмевка, не знаат да чекорат со детски чекор, туку одејќи на училиште, во менза или било на некое друго место, одат построени, чекорат со војнички чекор и пеат војнички, борбени песни. На часовите по ликовно воспитание цртаат само авиони, пушки, топови, ножеви, запалени куќи, чад и дим. Не сум видел некое дете да црта дрвја, цвеќе, поток, ливада, кокошка, пилиња, деца во оро, балони, топки. Не сум видел некое да нацрта сонце... По вечерата, до доцна, дури и по полноќ, грчките воспитувачи децата ги собираа во една сала во која им држеа предавања за партијата, водачот, пееја борбени песни, извикуваат пароли кои повикуваа на нови борби. Сето тоа ги потсетуваше на трагичното детско минато... Доцна легнуваа и честопати се случуваше на часови да спијат... Оценивме дека тоа се методи на еднонасочно идеолошко воспитување. Другарите од вашето високо раководство ги прашувавме кого треба да воспитуваме, дали идни градители на уништената татковина или да подготвуваме нови одреди партизани. Каков став да заземеме кон продолжителните тенденции за милита-ризирање на воспитаниците.
Честопати се прашувавме дали вашите воспитувачи и учители заборавија дека работат со деца... Сето тоа, според заклучокот на комисијата доведе до апатија, разочараност, безна-дежност, безмерна тага кон своите родители...Би сакал збор два да кажам за уште една многу непријатна работа. Македонските деца останаа без своите учители. Македонски учители немаме. Тие кои беа, за мене од непознати причини, се отстранети од детскиот воспитен центар. Зошто?47
- Јас – се огласи Ригас – веднаш јасно ќе ви одговорам. Почетниот период на воспитната работа беше многу тежок поради немање надзор од страна на комунистичката партија на слободна Грција врз грчко-македонскиот персонал. Во почетниот период многу позиции беа заземени од титовци кои по наредба на фашистите специјално беа испратени со цел да вршат диверзантски акции. Нив ги отстранивме поради ширење туѓа идеологија... Сега партијата располага со точни персонални податоци што е и главната 47Копија од документот во арх. збирка на авторот.
причина за сериозните промени во македонскиот персонал. Македонците кои се вработени во одделни реони ќе бидат избрани и контролирани од доверливи луѓе за да се одбегнат во иднина грешките што беа направени во минатото...
- Како? – праша Џубан. – Каква идеологија?
- Титова. Тие луѓе се под влијание на титоизмот. На децата им го учеа таканаречениот македонски јазик што вештачки го измислил Тито... Се разбира наскоро ќе донесеме нови учители и воспитувачи и нови учебници што ќе бидат изготвени и печатени во нашата печатница во Букурешт... Од нив славомакедонските деца ќе го учат вистинскиот славомакедонски јазик за што многу труд и знаење вложува нашата партија...
- Простете, другар, како ви е името?
- Ригас.
- Другар Ригас, ние имаме примено македонски деца. Македончиња. А вие ми зборувате за некои славомакедонски деца. Што значи тоа? Да не погрешивме?
- Точно така. Погрешивте. Ве заведоа титоистите, другарке...
- Зарем? А во што ви погрешија жените, кои децата ги викаат мајки? И нив ги отстранивте од центарот... Велите дека тие – не се писмени, велите носат црно со што кај децата шират чувства на жалење и затоа се отстранети. Точно е дека некои не се писмени, а некои имаат само неколку одделенија од основното образование. Точно е. Ама точно е и тоа дека тие секојдневно општејќи со децата, можеби повеќе од учителите, беа единствената најсилна алка во синџирот: родители – јазик – родно место. Тие беа живите пренесувачи на изворниот мајчин јазик и потсетувачи на незаборавот... да ги паметат имињата на своите најблиски и имињата на своите села, имињата на ливадите, ридовите, планините, нивите, лозјата, шумите, изворите и на сите места каде си играа... Задоволни беа со малата плата, а ако нешто многу бараа, тоа беше нивната желба да бидат што поблиску до децата кои со неограничена доверба им ги доверија родителите. Сакаа да ги имаат што поблиску до себе, да ги погалат и развеселат натажените, да ги смират растревожените и да им бришат солзи и да им бакнуваат очи на расплаканите... Ги бодреа за да не згасне во нив искрата на надежта, да ја преболат загубата на таткото, братот или сестрата кои останаа на боиштата... Ги тргнаа и сега нема кој тие, најмалите, да ги залули на колено, да ги подгрее со топлината на својата прегратка и пазува, да ги придржи на скут... Кој ќе им потшепни како се викаат баба и дедо, мама и тато, како се вика селото и каде се наоѓа?... А можете ли да сфатите дека со таквата постапка им ја одземате татковината?... И уште нешто. Им ги собравте златните обетки, прстените, синџирчињата со крстот и со ликот на Богородица што на испраќање им ги дадоа мајките...
- Точно е – ја прекина Ригас. – Сето тоа, како и многу други работи одат во прилог на акцијата за собирање помош за за затворените комунисти во Грција...
- За децата тие беа свети белези за спомен. Вие во душите на децата го убивте Бога... – Само миг Беата прекина и доврши - Сакам да ве уверам дека ние нема да дозволиме децата да се претопат. Грчките деца ќе си останат грчки, македонските – македонски...
- Проштевајте, другарке, не македонски, туку славомакедонски - саркастично дофрли Ригас.
Состанокот заврши доцна. На излегување од салата Копчињски и рече на Пташевска:
- Децата ќе ги воспитаме и ќе ги образуваме, ама овие што излегоа пред нас никој нема да ги воспита и да ги образува...
- Мил мој – тивко прозбори Џубан – тие веќе се воспитани и образовани. Повеќе ништо не им треба освен...
- Изненаден и вчудовиден сум од нивното размислување и убедување – рече Копчињски.
- Само си го уништувате расположението.
- Каква дрскост – се инаетеше Копчињски – да ми тврди дека јазикот, писмото на Македонците им ги создал Тито... А мене моите професори на универзитетот ме учеле дека...
- Мил мој, Вацлаве, нашиот другар Ригас е плод на лошо изртено семе и нека ми е простено, израснат во погано време... Неговото место не го гледам во воспитниот центар... И не само тука. И воопшто не ја гледам потребата во Полска да постои партиска организација на Комунистичката партија на Грција. Во сите средини каде живеат бегалци од Грција се формирани партиски келии во кои дејствуваат и посебни служби, како на пример еден вид полиција, па и служби кои одредуваат кој каде ќе живее и што ќе работи, до нашите специјални служби поднесуваат клеветнички изјави против лица кои не се нивни истомисленици и други бројни дејствија спротивни на нашето законодавство. Поради ова јас размислувам да изготвам материјал со кој ќе го запознаам нашето државно и партиско раководство и ќе предложам таквата организација во Полска да се забрани. Кој сака да е член на партијата, тоа може да го направи со зачленување во нашата партија. Бегалците не мора да се оргнизирани партиски. Најдобар начин за нивна организација се разните здруженија, клубови, хорови, драмски секции. А преку ваквиот начин на организирање можат успешно да ја чуваат и негуваат својата духовна национална култура – песните, ората, литературата и домашните обичаи и адети.
Во извештајот што Џубан го изготви и го прати до Министерството со назнака да биде доставено до ЦК на ПОРП48, меѓу другото, како краен заклучок, напиша:
Ригас е отворен непријател на децата. Веднаш да се отстрани од Државниот воспитен центар и да се укине грчката дирекција.49 На наредниот состанок на Советот на Државниот воспитен центар и дирекцијата, Ригас го немаше.
Отиде на нова партиска задача во Букурешт.50 48ЦК на ПОРП – Централен Комитет на Полската Обединета Работничка Партија 49 Текстот во курзив е цитат од документи.
50 Информации за натамошната судбина на македонските деца во Полска, како и за македонските бегалци во Полска, читателот го упатувам на книгата МАКЕДОНСКИ ДЕЦА ВО ПОЛСКА (1948-1968), Млад Борец, Скопје,1987 и Македонските бегалци во Полска 1948-1975,,Документи ,Скопје 2008.
Беше април.
Беше пролет.
Во ливадите и лединките расцути и дивo и питомо билје.
Беше април, беше пролет, прва пролет дочекана од бегалците во туѓо.
Бујна и топла, ведра, расцутена и миризлива надојде пролетта. Се раздвижи времето. Се истурија потоците. Зорите се будеа со појот на птиците. Се уште утрата беа студеникави, ама со секој одминат ден се повеќе се чувствуваше здивот на пролетта. Во Кунув и целата околина и отаде ширните рамнини веќе легнати под младото и кревко зеленило, рано расцути и багремот.
Таа пролет за бегалците беше првата пролет во туѓо, кои потајно во мислите не го криеја верувањето цврсто врежано во големата и неизмерлива надеж дека заедно со неа доаѓа и времето да си се приберат дома.
Така веруваа, мислеа, се надеваа и стрпливо чекаа да пукне пролетта и еден ден од неа да го фатат патот на повратот. Се надеваа и во таа надеж им течеше и времето во кое досега не ја изгубија вербата и љубовта кон тоа што остана зад нив многу далеку од Кунув. Беа здрави во духот иако срцата им беа скршени од болка. А во тоа време, времето на чекањето и надежта им се даде можноста да се ослободат од колективниот дух и од вербата во големите ветувања што во името на водачот и партијата истите луѓе кои и таму, во родното место и тука не престанаа да го стегаат обрачот кој веќе беше многу напукнат. Се повеќе се оддалечуваа од таквите кои и тука не престанаа да сеат пароли за некаква победа врз тој, кој ги победи и порази. Злосреќата не ја преболеа.
Болката кај нив се уште траеше, не мируваше, тлееше и потсетуваше...
Оваа прва пролет дочекана во туѓо дали ќе биде само сонувана пролет на повратот или само недолетан, скршен лет на надежта?...
Се надеваа и чекаа со длабока воздишка загледани во клучевите од штркови кои се враќаа во своите гнезда. Некои пресечуваа небо, некои се спуштаа на ланските гнезда што како кошеви лежеа на оџаците и телефонските стебла и стоејќи на едната нога, го мереа времето и просторот што се ширеше околу нив. Се вгледуваа жените во нив и длабоко во себе мислеа, како во старите народни верувања, дека тие, штрковите, ќе го очистат злото и ќе донесат нов живот. Јата ластовички, во низок лет прелетуваа дворови и во ќошевите на стреите лепеа нови гнезда. Рано се распеаја славеите. Во чашките на расцутените ливадски цвеќиња зуеја пчелите... На свежо изораните ниви од леа во леа прескокнуваа и колвеа во ораницата црни гаврани, за миг подигнуваа остри клунови, грачеа и грачењето одекнуваше како глас на коба... Жените се прекрстуваа и, плукајќи настрана, гласно велеа:
- Скраја и далеку да е од нас.
Пладнето, кога бегалците се прибираа од нивите и во редица влегуваа во заедничката менза, во Кунув, стигнаа двајца од комитетот. Откако сите се прибраа во мензата и испоседнаа покрај долгите маси, дојденците застанаа на челното место, одрамија стари кожни офицерски чанти и едниот од нив рече:
-Од Букурешт дојдовме и ја донесовме поштата, значи ви донесовме писма. Задоцнето е, ама беше потребно многу време и повеќе луѓе за да се направат списоците и во нив да се средат имињата и презимињата на политичките бегалци и местата на нивното живеење.
И почна делењето. Од рака в рака преминуваа белите пликови. Давајќи им ги, им велеа да се горди за тоа што е запишано во нив. Само толку за утеха и по некој збор на сочувство.
Малку беа писмата кои донесоа радост.
Многу беа писмата кои донесоа болка.
Заплакаа мајките.
Залек се разлеа, лелек неутешлив и занеслив плач на мајките се слушаше.
И многу беа прашањата за тоа:
Која мајка се гордее со смртта на чедото?
Која жена се гордее со смртта на мажот?
Која сестра се гордее со смртаа на братот.
Кој брат се гордее со смртта на сестрата?
Кое дете се гордее со смртта на мајката или таткото, братот и сестрата?
Кој може да го заборави злото и лошото што му се случи?
Бидете горди! – им велеа.
Жалосното, ревливо и тажно плачење се разнесе и се растури на улица. Полјаците вчудовидени за миг застануваа, вознемирено слушаа и со стивнат глас, прашуваа:
-Co tam si ę dzieje?51– и чувствувајќи ја болката на плачот и лелекот, некои се прекрстуваа и со стежната солза во очите и растреперените усни, со тивок и бавежен чекор, заминуваа со симнати капи.
Жените се собираа и заедно жалеа, заедно лелекаа, редеа и тагуваа. Заедно ја боледуваа болката, за која збор за тешење немаа, заедно ја споделуваа радоста со тие, кои добиваа радосни вести. Едни ги тешеа тие, на кои писмата им носеа болка, други им се радуваа на тие, на кои писмата им носеа радост...
И наредните денови, недели и месеци стигнуваа писма и преку писма мажите си ги наоѓаа жените, жените се радуваа затоа што им се живи и здрави мажите некаде таму далеку, во непознато, мајките дознаваа во кои непознати земји и градови им се децата. Писмата кажуваа која остана вдовица, кој остана вдовец, а децата, кои 51 Што се случува таму?
пред две години ја изгубија топлината на мајчиниот скут и прегратка од писмата дознаваа кое од мајка или татко остана сирак...
Расплакани, не доплакани. Во која дома да се изнаплачат, на чие рамо да се доплакаат... да се изнаплачат, да се доисплачат?...
Плачи, мајко, плачи, изнаплачи се иако со плачот нема да си ја олесниш болката за раната не исцелена...
Плачи... Крепи... Стегни срце... Трпи...
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/on-the-road-of-no-return-mk/14 на 29 октомври 2026