Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

On the Road of No Return

ВТ0Р ДЕЛ - Part 05

Од Петре Наковски · Дел 11 од 26 · Околу 21 минути

Читај на English

Околу централната железничка станица, каде дење и ноќе татнеа возовите – урнати згради, купишта шут. Таму ми се случи нешто вакво. Тргнувам јас по патеките – велам патеки зашто улиците беа покриени со руини, кон нашето живеалиште на Хубска и одеднаш пред мене маскиран човек и со испружена рака во која држеше тула. Стој - ми викна и рече: - Kup, pan, ceg łę!!!38 Го познав по гласот и му велам на уличарски: -Te, Jacek, te skurwi synie, te świnio, to ty mnie, kurwa, mnie cegłę, kurwa, co!!!39 - и го китам јас со многу други вакви и слични уличарски и крчмарски изрази кои во тоа време беа нај употребливата китка зборови во речникот на подземјето. И му удирам една и пред да падни го дочекувам со клоцата меѓу нозе... Ноќта не ја поминав мирно и добро. Дојде еден непознат и со благ тон на гласот ме замоли да го послужам со цигара. Во ходникот ми фрлија вреќа на глава и одвај спасив глава. Така, во Вроцлав, пред и зад железничката станица најмногу тули се продаваа само ноќе. Кој беше тој храбар да не купи тула кога пред очи ќе му светнеше нож? Да. Тули се продаваа само ноќе. Жителите од Хубска уште во раните утрински часови излегуваа, како што велеа на работа, и се враќаа доцна. Носеа купови украдени работи од напуштените германски станови. Уште зора не зазорена, камиони пристигнуваа и во нив го товареа украденото, да не речам пљачкосаното и со потулени фарови ги фаќаа патиштата што водеа на пазарите во Варшава, каде тамошните жители, кои за време на војната, а 38 Kup, pan, cegłę (полски) – Господине, купи тула 39 Te, Jacek, te skurwi synie, te świnio, to ty mnie, kurwa, mnie, ceg łę, kurwa, co!!! ( полски) – Ти, Јацек, курвин сину, ти свињо, ти ли мене, курва, мене, тула, курва, што!!!

најмногу во времето на варшавското востание - се имаа изгубено. Ништо не остануваше. Се одеше под рака, се продаваше и препродаваше. Така ни кажуваа и не наговараа да им се придружиме, зашто во таквата работа лежеше голема пара...

Таму на улицата Хубска ни стигна вест дека од македонските училишта во Државниот Воспитен Центар во Згожелец ги истераа македонските учители и учителки, дека со партиска одлука ја сменија македонската кирилица со бугарска или како што рекоа со нова, егејска. Не се согласивме со таквата одлука и по кратко договарање, одлучивме да испратиме протесно писмо до грчкиот градски партиски комитет, чие седиште е во Згожелец. По некој ден дојдоа некои типови во цивил. Не испрашаа дали сме тие кои го напишавме писмото.

Потврдивме. Ни рекоа да одиме со нив. Со воз не однесоа во Згожелец. Таму не затворија во подрум. Наредија да седнеме и ни пуштија силна светлина во очите. Од тоа како беше уреден подрумот, сфатив дека ние не бевме првите посетители на тој мрак. Отворија тефтери, наострија моливи и почнаа да не испитуваат. Не нарекоа реакционери, шовинисти, националисти, анти партиски елементи и тоа, секојдневното, најактуелното и најопасното тогаш и сега – агенти на Тито. Дали не тепаа? Прво, по секој наш одговор од кој не беа задоволни, со гласно пцуење ни удираа толку силни шлаканици од кои ни се губеше светлината. Потоа на ред доаѓаа тупаниците и кога бевме соборени на влажниот и студен под, редот го преземаа стаповите. По неколку денови не предадоа на Полјаците, на околискиот Уред за државна безбедност. Им рекоа дека сме титови агенти и дека работиме против полската држава. Таму, во околиската удба, еден по еден од подрумот не спроведуваа на горниот кат и не сослушуваше еден мајор. Иако доста добро го владеев полскиот јазик, му реков дека не разбирам што ми зборува. Донесоа еден кој на лош полски јазик, наместо ш, ч, џ, изговараше с, ц, ѕ - им преведуваше. Направија записник, не натераа да се потпишеме и листот го пикнаа во дебел коверт.

Наредниот ден заедно со ковертот, со воз не пренесоа во Вроцлав, во тамошниот војводски уред за државна безбедност. Таму не сослушуваше цивил, кој ни се претстави како полковник. Јас бев првиот. Ме седна наспроти себе, во очите ми го впери рефлекторот со силна светлина, го отвори ковертот со моето име и презиме и, молчејќи, читаше, мрштеше веѓи, триеше чело, се потсмевнуваше, со црвен молив подвлекуваше некои зборови, ставаше прашалници, извичници, некаде помалку, некаде повеќе. Кога заврши со читањето, запали цигара и откако во лицето ми издува облак тутунски чад, удирајќи со црвениот молив на листот, рече:

-Тука, во извештајот што ни е доставен од партискиот комитет во Згожелец, пишува дека протерувањето од страна на грчката партиска организација на македонските учители и учителки од училиштата во Државниот Воспитен Центар40 во Згожелец и менувањето на македонската кирилица со руска или бугарска, рековте дека е непријателски антимакедонски чин. Признавате?

- Да.

- Правилно. И јас мислам дека е така... Азбука не се менува со партиска директива... Подолу пишува дека вака сте рекле: - Со партиска одлука е решено дека јазикот и азбуката се вештачки и дека се создадени... - да не читам повеќе... Кажи дали и натаму така тврдиш?

- Да...

- Да... и јас така тврдам...

Полковникот ги стави хартиите настрана и откако низ нос испушти неколку димови, полека, збор по збор, цедеше:

- Мене, момче, ме учеле дека јазикот од раѓање, со првото млеко од мајчината дојка се учи и е пренослив од колено на колено, а не е создаван со партиска одлука... Да тврдиш дека јазикот и азбуката ги создал некој поради политички причини и потреби е... – не рече што е. Ми го поттура листот од моето досие, ми го подаде црвениот молив и со заповеден глас, ми подвикна:

40 Државен Воспитан Центар – на Полски: Pa ństwowy O środek Wychowawczy. Во тој центар, сместен во поранешните германски касарни во Згожелец, беа сместени македонските и грчките деца. Се состоеше од два дела- Białe koszary- Бели касарни -во нив беа сместени децата од претшколска и школска возраст, а во вториот дел – Zgorzelec Ujazd - децата на возраст над петнаесет години, каде учеа занаети. Првиот дел, грчкиот комитет, без согласност на Полјаците, го имаше наречено Παιδουπολη Ζαχαριαδης – Детско гратче Захарјадис, а вториот дел – Παιδουπολη Τερποφσκι- Детско гратче Трповски.

- Потпиши се тука со цело име и презиме и седни таму во ќошот. Следниот! – згрми неговиот дебел и зарипнат глас.

Следниот беше Трајче. Непомирливиот Трајче, најдобриот ученик во битолската гимназија, бистар, начитан и умен, омилен од другарите, по него лудуваа битолчанките, колешките од гимназијата, прв се пријави да оди во партизани и стана борец на 18 бригада, во чиј командант, Пандо Војната, се колнеше. Од него знаевме дека дедо му го заклаа грчките андарти, тие критски арамии и злосторници, кои атињаните ги викаа македономахи – македоноборци, дека татко му долги години бил затвореник во нај озлогчласениот затвор – Акронавплија, дека помалиот брат, седумнаесетгодишниот борец на 103 григда на ДАГ, загина во битката за Лерин, дека мајка му, ја столчи минофрлачка граната заедно со ранетиот што го носеше на плеќи. Така, Трајче, од родот остана само тој. Не ја сакаше и партијата заедно со нејзиниот водач и сите Македонци кои се колнеа во него... Куршумот вкован во десната плешка и парчето железо му ги извадија полските лекари во болницата која тајно се викаше ,, Болница 250’’. И таму, во таа болница, брзо го совлада полскиот јазик и честопати ја молеше медицинската сестра, пани Тереска, која во долгите соништа, само неа ја гушкаше ноќе и дење, само по неа воздивнуваше, да му носи книги од болничката библио-тека.

Полковникот од ковертот извади лист хартија свиткан на четири, го отвори, внимателно и љубопитно читаше, прекинуваше, нешто подвлекуваше со црвениот милив, поглед фрлаше врз Трајче и откако заврши со читањето, рече:

- Тука пишува дека си рекол оти на Македонија не и требаат партии, туку силна водечка личност, дека на поделен народ му треба силен обединител... а не партии и дека партиите се алатка за делби. Со еден збор – само водач. Признаваш дека така си рекол?

- Да...

- Добро си рекол. Да видам што друго си рекол што е причина тука да те донесат. – Полковникот преврти неколку листови и удирајќи со црвениот молив на хартијата, рече: - Тука уште пишува дека си рекол оти пред да ја прогласат резолуцијата на тоа Информбиро, прво политичките комесари и партијата ве тераа да го славите Тито, а потоа да го пцуете. Признаваш дека така си рекол? Вистина е дека така сте правеле?

-Да... прво го славевме, а потоа го пцуевме... – потврдно одговори Трајче. – Така не учеа политичките комесари, а ние моравме да ги слушаме.

-Да видам што уште си рекол... Ете, пишува вака: - Нашиот народ живее во четири држави. Тоа се четири режими кои го однародуваат, го обезличуваат. Оттука Македонците имаат многу непријатели, а најголеми непријатели на Македонците се Македонците. И затоа секогаш ќе бидат само жртва. А за да не бидат од туѓинци и предавници искористувани и терани да се прекрстуваат, потребно е да се помакедончат. Значи името што им го оставија дедовците да го чуваат зашто тоа, името, е непорочно.

Тоа, името, ги обединува луѓето од еден род и вера и дека името е врвцата што ги врзува луѓето, па дури и од друг род и друга вера прави заедно да живеат...

-Признаваш дека така си рекол?

- Да...

- Добро си рекол... Имаш ли уште нешто да признаеш?

- Да... да кажам, а не да признаам...

- Повели...

-Ние не сме против партијата. Ние сакаме партијата да е со нас, како што ние бевме со неа во текот на целата граѓанска војна. И наместо таа да е со нас, секој ден шири лаги дека ние сме титови агенти, народни непријатели,па ни ги укинаа организациите НОВ и АФЖ, бидејќи, како што тврдат, му служеа на Тито и директно придонесоа за поразот. Не некој друг, туку токму тие од НОФ и АФЖ, кои беа најголемите поклоници на партијата и нејзиниот водач, цели три години го повикуваа народот на оружје и да даде се за победата. Народот даде и се изгуби. Соголени и искорнати од своите места се нашите луѓе... Растурени се семејствата, не се знае кој каде е. И не беше само тоа доволно, туку пуштиле и глас дека македонскиот јазик е вештачки создаден од Тито и дека и македонската азбука е вештачка и е титова и дека и македонскиот народ е вештачки создаден од Тито. Така тврдат и тие тука во Полска и тие таму во Грција. Го укинаа македонскиот јазик, па ќе правеле некој, егејски, ја укинале и кирилицата, па ја вовеле бугарската кирилица и за да може тоа да се спроведе, најдоа решение – да се протераат учителите и учителките кои на децата им го учеа македонскиот јазик. Велат дека тоа е партиска одлука... Не ја прифаќаме и партиската одлука со која од детските домови се протерани и жените кои ги придружуваа децата на нивниот незнаен пат по незнајните држави...

Трајче прекина само за миг, а потоа праша:

-Дали ова што ви го кажав, е запишано и внесено во овој жолт коверт?

- Не... не е запишано. Јас сега ќе го запишам... - рече полковникот и притисна на едно црно копче. Во канцеларијата влезе офицер со две ѕвезди на кој полковникот му нареди да не однесе во мензата. Таму ни дадоа леб и рибни конзерви. Не помина многу време и истиот офицер со двете ѕвезди не врати кај полковникот.

А тој веднаш го почна испитувањето.

- А таму, во станот, на Хубска, за што зборувавте?

- За тоа за што зборувавме таму на тие наши ноќни седенки – почнав јас – нема да криеме... Таму најмногу зборувавме за тоа, дека сега кога не сме во војна и слободно живееме во Полска, сакаме целото време да го искористиме за да учиме. Ние немаме некое големо учење, ама сакаме да учиме. Да работиме и да учиме...

Полковникот внимателно слушаше и бележеше. Во еден миг прекина, продорно ме погледна и ме праша:

- Зарем тие таму, во Згожелец, во тој, како рековте, партиски комитет, имаат ли во главите мозок или мувлосано сено? Ве пратија кај мене затоа што зборувавте за тоа дека сакате да учите и да работите, дека си ја сакате вашата татковина, Македонија, нели? Па јас, бре, се борев во две светски војни, во две граѓански војни, во Шпанија и во Кина и секогаш и секаде зборував за Полска и никој поради тоа, ама никој не ме прекорил и не ме сослушувал... Зарем затоа што си ја сакате Македонија ве пратија тука, кај мене да ми го губите времето што треба да го посветам на борбата со домашната и странската реакција? Дежурен!!! – влезе истиот офицер со двете ѕвезди. Нему му нареди лично да не однесе на железничката станица, да ни купи билети во прва класа.

Крајно одредиште – Згожелец, а нам ни нареди да се јавиме во грчкиот партиски комитет. Утредента постапивме како што ни беше речено. Во комитетот не примија со најпогрдни зборови и ни препорачаа за работа и сместување сами да се снајдеме, но еднаш неделно да се јавуваме. Наместо тоа, ние си се вративме во Вроцлав, на улица Хубска...

Другарите од партискиот комитет во Згожелец незадоволни од нашето ослободување, до градскиот Уред за државна безбедност испратија писмо во кое бараа сите нас да не притворат со образложение дека сме народни непријатели и да почне истрага со цел да ни биде судено од надлежен полски суд. Началникот на градскиот уред, барањето го препрати во војводскиот Уред за државна безбедност. И тркалото одново почна да се врти и не однесе кај истиот полковник. Тој откако ја прочита пријавата против нас, му се обрати на другарот од комитетот кој цело време не придружуваше:

- Ние немаме никакви законски основи за да покренеме судска постапка. Тие не ги повредија полските закони. Нивното мислење не е против полските закони. Ако вие сметате дека тоа не е во духот на вашата партија, немате право да се повикувате на полските судови... Повеќе не гледам потреба да ги водите кај мене...

Слободни сте ...

Другарот од комитетот видливо изнервиран, го прекина, велејќи му:

- Со вашето однесување, вие, другар, потврдувате дека стоите на нивна страна и немојте да заборавите дека и над попот има поп... така вели нашиот народ.

Полковникот повеќе во тонот отколку во зборовите на Парусис, така се викаше другарот од комитетот, сфати дека му се заканува. Собирајќи ги хартиите во ковертот и, враќајќи му го на Парусис, развлечено го праша:

- Така вели вашиот народ или вашата партија?

Не вратија во Згожелец. Таму два дена не држеа во подрумот на сув леб и вода и одлучија да не превоспитаат не со учење туку со работа. Работејќи, не убедуваа, нема да имате време да мислите за такви глупости, за какви што мислите. Од денес сте слободни, ама слободата ќе морате, не предупредија, да ја заслужите со работа. Ете, така, пан Вишњевски, многу скратено, лудо хаотично, ти го раскажав патот што недамна го изодив и со партиска одлука тука сум пратен на превоспитување...

Коле прекина. Неговиот поглед заскитано се изгуби таму, каде небото се врзуваше со ширната рамница.

-А тие, таму, тие младите – пан Вишњевски покажа со рака на тројцата младинци кои заедно со коњите ја извлекуваа запрежната кола од калта - и тие тука се пратени на превоспитување.

- А зошто?

- Кога дознаа за партиската одлука, ноќе, на ѕидовите од касарните во Згожелец - Ујазд, напишаа пароли против партиската одлука за укинување на македонската кирилица и потерувањето на учителите, а на еден од челните ѕидови, црвенееја големи букви: Да живее Македонија. Со помош на нивните школски другари, партиската полиција, во која имаше и Македонци, без кои партијата не можеше да прави валкани работи, ги откри. Поминаа и тие низ истото сито како и ние од Хубска и ете ги тука. Забрането им да се дружат со мене и со сите други. Така ти е тоа, пан Вишњевски, партијата секаде има свои луѓе... дури и во школските клупи...

Ете, пан Вишњевски, сега знаеш по кој пат поминав и стигнав тука, во Кунув, во ова земјоделско стопанство...

Долгите зимски вечери Коле и пан Вишњевски ги поминуваа заедно. Разговорите секогаш им беа врзани за минатото и тешко доживеаното време. На една од тие вечери Коле уште пошироко отвори душа:

-Ние, пан Вишњевски нашата судбина ја ставивме во туѓи раце и затоа ги фативме планините и потоа патот кој не не води кон враќање... И така, можеби, ќе сфатиме дека таква постапка и решение не е исплатливо за народот, ама за поединци, кои се претставуваат како негови водачи, е многу исплатливо…

-Гледам, пан Коле, во списоците што ми ги дадоа тие од комитетот, презимињата и имињата ви се грчки.

А кога зборувате меѓу себе слушам презимиња кои се исти како многу полски, завршуваат на – вски. На пример како моето – Вишњевски и доловувам многу зборови сосема слични или многу слични на полските.

- Така е, пан Вишњевски. Во списоците сме Грци и тоа од денот кога Грција не стави под своја управа.

Тогаш ни ги сменија не само имињата и презимињата, туку и имињата на селата, градовите, реките, планините.

Сменија се што носеше наш белег и не разликуваше од нив... Сите ние во нивните списоци сме Грци со тие нивни, а не наши имиња... Такви не сакаат тие и не обожуваат – обезимени од име и презиме, именувани со нивни имиња и презимиња. Тоа беше и е нивна голема болештина... Така е, пан Вишњевски... Во списоците сме Грци, а во срцата и душите и на средбите меѓу нас и дома, на нива, во лозје, кога никој од власта и од кодошите не не слушаат, ние си го зборуваме нашиот јазик и тогаш сме наши, Македонци. И тука на овие полиња, зад запрежните коли и тракторите, во домовите и мензата, ние сме Македонци. Овие луѓе за кои се грижиш, таму, во нашето место не го разбираа попот во црква, каде псалаше на грчки, не го разбираа ниту судијата кога им ја одредуваше казната затоа што зборуваа македонски. А тука, вам ви дадоа списоци во кои ние сме Грци. А кога ви зборуваме на нашиот јазик, вие доловувате слични зборови и се чудите колку сличен е нашиот јазик со вашиот. Кога вие, Полјаците, зборувате полски, ние ве разбираме. Не само јас, кој има нешто од образованието туку и жените и старците, кои не знаат грчки, вас, ве разбираат... Фаќаa некои слични зборови додека траеше патувањето до тука. Тогаш една од сестрите, ми пријде и вака ми се пожали. Јас, пан Коле, рече, пред војната, во гимназијата во Варшава, учев старогрчки и новогрчи. Кога ми рекоа дека ќе ме пратат на специјална и тајна мисија поврзана со Грци, во домашната библиотека ги најдов учебниците по старогрчки и новогрчки и заедно со другите најпотребни работи ги фрлив во ранецот. За време на целото патување до одредената цел, јас, со учебникот в раце, си ги повторував знаењата. Со тоа мое знаење, кога бегалците ги примавме во бродот, им се обраќав на грчки, а тие, посебно старите жени, недоверливо ме гледаа, во нивните очи гледав страв, некои дури и рака не ми подаваа кога сакав да ги придржам. Јас им зборував, а тие молчеа и ме гледаа со некаков подбив во очите. Καταλαβενις?41 – прашав една жена. Таа одречно климна со главата. Гласно реков: Mój, Boże, nic nie rozumiem!!! 42 Еден средовечен маж ми пријде и со многу смирен глас, ми рече: - Простете, сестро, јас разбирам... - Се вгледав во него и почнав во себе да ги џвакам тие четири зборови – простете, сестро, јас, разбирам... И во себе си думам: - тоа зборот простете ми личи како да е руски збор - простите, а пак зборот сестро, сосема сличен на нашиот - siostr о, jas – тоа е сосема нашето како нашето ја... Малку се поколебав кај зборот – разбирам... А тоj, човекот што ми рече дека разбира, полека, молежливо, пак ми вели - простете 41 Καταλαβενις - разбираш 42 Mój, Boże, nic nie rozumiem (na polski) – Боже, мој, ништо не разбирам.

сестро, не ве разбираат. Вие им зборувате на грчки јазик. – Зарем вие не сте Грци? – Прашај ги – ми вели. Се свртив кон жените и на грчки им велам и покажувам со прст, а тие, како некои ученички, на глас: око, нос, уста, заби, коса, нога... - Покажувам на себе и велам – Ja siostra, а една жена рече:– ти мила наша сестра... – вџашена, во себе веднаш ја преведов целата реченица: - ty miła nasza siostra... –Па тоа е на полски!... Mój Boże – викнав вчудовидена – а и тие – Мој Боже – рекоа. Пан Коле, па тие зборуваат полски! Какви Грци се овие луѓе, кога ми зборуваат полски? Да не се Руси?

- Не, pani siostro, не се Руси.. .

- Ама не се ниту Грци штом не ме разбираат кога им зборувам грчки? Што се?

- Така е, не се ниту Грци.

- Па тогаш што се, пан Коле?

- Македонци... pani siostro, Macedończycy...

- Милата сестра, пан Вишњевски, учебниците по старогрчки и новогрчки ги сокри длабоко во ранецот и за целото време на патувањето во една голема тетратка до полските зборови ги допишуваше македонските...

Подоцна, малиот полско-македонски речник од голема корист и беше во болницата, каде се грижеше за нашите ранети...

- Ќе кажам уште нешто што ќе ве натера да се смеете. Целото време додека со бродот пловевме до Гдањск, за нашинците се грижеа полски лекари и медицински сестри. При лекарските прегледи лекарите најчесто прашуваа: boli głowa, noga, oko, nos, rana, z ęby, gardło, а нашите одговараа - не боли глава, нога, око, нос, рана, заби, грло... А кога сестрите разнесуваа храна, велеа: chleb, mleko, mięso и така натаму - се разбираа и се чудеа, па ме прашуваа: види, бре, Коле, жити мајка, зошто ни се подбиваат така, туку не прашуваат со чисто наши зборови. Сигурно се преправаат дека се Полјаци? Не, сигурно не се Полјаци, туку наши. Се преправаат... наши се... жими Господ Бог, наши се...

Коле прекина. Долго траеше во молк. Загледан во околните ритчиња и во дрвјата што веќе есента ги имаше позлатено, без да сврти глава кон Вишњевски, прозбори развлечено:

- Овие луѓе, пан Вишњевски, за кои секојдневно се грижиш, имаат свое длабоко вкоренето чувство на посебност. По потекло се селани. Со генерации врзани за земјата, ралото, српот, мотиката... Сега се откинати од ралото, од српот, од овците и козите, од стоката... Откинати се ама умот им е со нив. Земјата и стоката ги хранеше. Живееја сиромашен живот. Некои од нив дури и заедно во една куќа со стоката. Тие на кат, стоката под нив и во дворот заедно. Светлина во куќата им беше боринката, на празници ламбадата или газиената ламба... Сега не можат да се изначудат што над нивните глави свети една стаклена топка. На село штом дете заоди веќе е зрело за работа. Уште недораснати, од деца најчесто боси или со опинци – тежок леб заработуваат. Нашиот народ, пан Вишњевски, е селски народ. Сиромашен, неписмен и неук. Имаа толку храна, колку што самиот ќе извлече од нивата, бавчата, стоката. Се додека ралото ораше, додека сејачот сееше, жетварот жнееше, дворот беше полн со стока, глад немаше. Светот за нив беше толку широк, колку што беше ширината на просторот од дома до селскиот синор. До градот беспаќа. Тука, пан Вишњевски, одат по чисти улици, кал не мешаат, во задружната менза јадат трипати на ден, а таму еднаш или двапати и тоа најчесто месено или само леб и сирење. Месо – за празник. Во моето село од сто и десет мажи, половината на печалба. Наука – до четврто основно: веронаука, земјоделство – за ова селанчињата повеќе знаеја од даскалите, аритметика со четирите дејствија - додавање, одземање, множење и делење до сто и митологија...

на прсти ги броеја грчките митолошки богови, а ако и тоа не го знаеше, тогаш дома се враќаа со натечени дланки на кои неброено удираше прачката. А даскалите не ги плаќаше државата, туку тој наш сиромашен народ, кого така го учеа за да биде не научен. Не наука, туку ноќ без месечина. Еве и тука. Оди и на која било жена прозбори и на грчки. Нема да те разбере. Нашите жени и мажи родени уште во турско, не го знаат грчкиот јазик. И беа влечени по судови и казнувани ако биле фатени или некој ги поткажал дека го зборуваат мајчиниот, нашиот, македонскиот јазик. И дојдоа некои и таа негова сиромаштија, неукоста и насилното погрчување го ставија во својата вера, што ја нарекоа комунизам. Им рекоа дека во комунизмот никој нема да ги казнува заради јазикот, дека за нив ќе нема сиромаштија, ќе има многу храна, нема да ораат со рало, туку со машини што ќе стигнат од Русија, нема да има печалбари и никој не ма да им го брани јазикот. Е, ова, за јазикот и судењата и затворите, им беше најважно. Поверуваа во тие ветувања што значеа заштита од злото.

Луѓето кои ветуваа беа комунисти и ним им поверуваа со целата своја неукост и ја прифатија таа вера. Беа неуки и сега се неуки. Таквите се најпотребни кога сакаш нешто да постигнеш. Не станаа комунисти, ама ја прифатија комунистичката партија затоа што само таа им ветуваше заштита. За овие луѓе, пан Вишњевски, во нивните домови, во таа нивна исконска земја властите немаа човечка љубов и сочувство. Овие луѓе во таа држава беа надвор од законот. А што значи тоа кога на човекот му го браниш јазикот и му го менуваш името?

Крајот на големата војна не им донесе добрини. И тие кои им ветуваа заштита ги вовлекоа во нова војна.