ВТ0Р ДЕЛ - Part 04
Θεµα¨Επιβουλη τατα της Μακεδονιας, ΑΠΟΡΡΗΤΟΣ, Αθηνα 16 Φεβρουαрιου 1982. ( Грчка Република, Министерство за јавен, Министерство за национална безбедност, Дирекција В, Бр. На протокол 6502/7-50428. Предмет: Заговор против Македонија.
Тајно. Атина 16 февруари 1982,,)
На шеста страница под точка 9, пишува: ,, Η ενθαρρυνση εκ µ ερους της ηγεσιας του Στρατευµατος συναψης γνωριµιων και γαµων στρατιωτικων, που υπηρετουν εκει και καταγονται εκτος Ελλαδος, µ ε γυναικες των χωριων που οµιλουν το ιδιωµα,, ( Од страна на командата на војската да има бодрење на воените лица за запознавање и склучување бракови меѓу воени лица кои таму служат и потекнуваат од Грција со жени од селата кои го зборуваат идиомот,, (значи македонскиот јазик)
Упатството е доставено до сите полициски станици, одделенија за безбедност и разузнавање, воените гарнизони и други специјални служби.
каците, бочвите се прибираше летнината, ете ти ги зетовците. Со себе ги носеа и внучињата за да се израдуваат баба и дедо. Ама, баба и дедо неми и внучињата и зетот неми. Само невестата со два јазика. Домашниот, тукуречи подзаборавен, ама затоа со зетовскиот јазик, најдобро мелеше. Не остануваа долго. Не го поднесуваа селскиот двор и селските сокаци не беа како градските. Кокошките, овците, козите, говедата, свињите – не водеа грижа дали зад нив или под нив е чисто. Си ја вршеа нуждата секаде кадешто врвеа. Затоа и гостите не остануваа долго. Ден-два, најмногу три-четири дена. Си одеа со торбите полни граф, ореви, костени, компири, внучињата со некоја пара и освен зборот – сполајти – научен од мајка им, со друг збор не знаеја да се збогуваат со баба и дедо... А во селото се чувствуваа многу осамени. Немаа со кого да играат. Селанчињата не им го разбираа нивниот јазик и макар што знаеја дека јазикот на баба и дедо беше забранет, си тераа по свое – со јазикот на баба и дедо ги викаа градските братучеди заедно да си играат и со јазикот на баба и дедо ги пцуеја...
Коле со длабок издив го скина конецот на раскажувањето.
Пан Вишњевски фрлајќи го догорчето во каминот, длабоко воздивна и рече:
- Да... така е тоа. Така семејствата се топат и се претопуваат... и нацијата така се претопува, ако нема кој пред очи да и свети со писмо и ука... А тие, пан Коле, тие туѓоземските зетовци, мислам дека немаат само брачни обврски, туку и други обврски... А јас мислам дека се една од одличните алатки во воденицата на однародувањето...
- Е, мој, пан Вишњевски, пан Вишњевски, денес цела Македонија е полна со такви зетовски алатки за мелење... и тука, во Полска, имаме такви зетовци...
Завладеа молк. Сал пламенот бучеше во каминот и поголем немир бучеше во главите на двајцата соговорници.
-А ние, пан Коле – го скрши молкот пан Вишњевски, влечејќи ја прекината нишка на приказната -тврдоглаво траевме свесни дека со тоа траење ја јакневме вербата во Полска и со нашата чест и саможртва го браневме полското име кое во нас, Полјаците, непокорени и не легнати на грб во трите поробени делови на земјата и кај растурените по светот, во нашите умови и духови непрестајно не загреваше и одржуваше незгасливата надеж дека Полска ќе воскресне. Му пркосевме на секое зло и, минувајќи низ злото, секогаш си останувавме Полјаци... Полска, Полјаци, тоа име, пан Коле, така во дамнешните времиња, како и сега е наша судбина. Би рекол, со тоа име воскреснавме, бидејќи упорно го чувавме во минатото кое е наше достоинство и гордост иако во него имавме повеќе порази отколку победи. Од нив се роди и нашата химна, која првично беше обична воена песна на полските легиони во Италија. Си ја слушнал? Не? Еве вака е:
Jeszcze Polska nie zginęła Póki my żyjemy Co nam obca przemoc wzięła Szablą odbierzemy...34 -Така е. Додека ние Полјаците ќе бидеме живи, никогаш Полска нема да загине...- со триумфален тон на гласот се пофали пан Вишњевски и откако малку почека за да види како кај Коле одекнаа неговите зборови, праша: - Да не ве заморив, пан Коле, со моето раскажување? А дали сум ти кажал, пан Коле, од каде ми е коренот?
- Не, не ми кажавте...
- Мојот корен е таму, на Исток. Kresy – ги викаме тие драги места што сега се на исток од сегашната полска граница. Туку, ете, за тоа, сега, не се зборува... Во полското битие моите корени таму имаат одбележано
400 години постоење.
34 Уште Полска не е изгубена Додека ние сме живи Туѓата сила што ни зеде Ќе си го вратиме со сабја (слободен превод)
- Значи вие, Полјаците, таму сте отишле и останавте 400 години?
- Така, некако...
- А ние, пан Вишњевски, не сме пуштале корени на друго место. Кај нас други пуштале корени и затоа не искоренија... Во мојата земја, пан Вишњевски, каде и да удриш со казмата, дали плитко или длабоко, ќе најдеш траги од Филип и син му Александар, ќе најдеш штитови и ножеви од Римските легии, а во Новиот Завет и писмото на Светиот Павле до Македонците, темели и крстови од првите манастири на Христијанството, папируси од Богомилите и можеби и некое гускино перо на Светите Кирил и Методиј со кое ја напишале азбуката... коски на воини од големата Византија, сабји и мечеви од Крстоносците, ќе најдеш турски јатагани и српски, бугарски и грчки черепи... Кај нас доаѓале само туѓинци... Ние, робови, си траевме... со векови... И во сите тие времиња, а и сега, ние ти сме како будалиот, кој од ист камен двапати се сопнува. Ум во глава други ни береа. Така. Мојата земја, пан Вишњевски, е многу сакана земја. Најмногу е сакана од туѓинците. Од оние малите околу неа и од тие големите кои се подалеку од неа. А во срцата и душите ја имаат само домашните селани, градските и паланечките занаетчии, неписмените, полуписмените и грстот од писмените... и печалбарите, искорнатите и испадените... Многу, многу е сакана мојата земја, пан Вишњевски...
Коле прекина. Во него гореше, како што гореа во каминот кусо сечените цепеници. Со машата преврти едно шкорче и рече:
-Ние сега, пан Вишњевски, сме ти како некоја напуштена шума, во која не никнуваат нови ластари.
Старите стебла исечени и соковите, се цедат в земја. Како старите, кои си одат в земја и зад себе нема кому да го остават своето паметење. Нивното паметење е родот, долгата жица на родот, паметењето за тоа кој што направил добро или лошо, кој што изградил, кој што доизградил, кој што донел, кој до што придонел, кој што оставил, кој што врз тоа доставил, кој умно рекол и кој врз тоа умно поумно додаде. Сега така растурени, врз што ќе градиме ние, врз што ќе доградуваат тие кои ќе дојдат после нас и тие кои ќе дојдат после нив. Кој знае, а јас од тоа се плашам, дека можеби полека ќе не грицка средината, ќе не разјадува ако не си го сочуваме нашето, ако безумно ќе ги прифатиме нејзините вредности кои се различни од нашите, кои не го вшмукуваат сокот на нашите корени. Ете, старите си одат, нема кому да го остават тоа што ним им го оставија нивните стари. Знаете, пан Вишњевски, нашето минато не е запишано во пергаменти, во дебели книги, туку во паметењето кое се пренесувало од уста во уста. Кога ги собраа децата и ги испратија по државите, старите си останаа со затворени усти. Кому да кажат што им се случувало на постарите и што им се случило ним, кому да му го раскажат тоа што ним им го раскажале нивните дедовци? Од кажано до кажано, а не од напишано до напишано е бележено нашето постоење. Какви ќе бидеме? Пак ќе речам, од кажано до кажано, од паметење до паметење, а не од напишано до напишано се состои нашето постоење. Кому дедовците, сега сместени во разни земјоделски стопанства и старски домови, ќе му раскажуваат за земјата што им ја оставија нивните дедовци, а туѓинци им ја зедоа и испоганија? На внуците им следи земјата нивна, а тие веќе ја немаат. Што ќе им остане на внуците? Некој добро ја смислил. Нека си одат внуците, а по нив и дедовците. Земјата која ги хранеше да не ја наследат тие кои се нивна крв. Во ова време на годината, пан Вишњевски, ние таму си имавме две школи.
Едната – принудна, со книги, тетратки, моливи, седнати на школска клупа и со даскал кој за време на часовите секогаш в рака држеше прачка со која со силни удари им ги распаруваше дланките на тие кои покажуваа незнаење, а најмногу за тоа ако ќе им се случеше збор да им протече што се зборуваше само дома. Второто школо, пан Вишњевски, беше дома, во полумрачната одаја осветлена од боринка или кандилце или со растреперениот пламен во оџакот. Мајките и бабите влачеа, предеа, плетеа, ткаеја, шиеја, крпеа, а дедовците, раседнати покрај оџакот, раскажуваа. Внучињата в круг седнати околу нив, слушаа. А дедовците секогаш почнуваа вака: - Си беше еднаш... - Никој не бележеше на хартија со молив. Кажаното и слушнатото се втемелуваше во умот и таму остануваше како тежок камен во длабоко ископан темел, се запишуваше во паметењето така, како што со орлов пердув било запишано божјото слово во една дебела книга заштитена со дрвени корици опшиени со бела јагнешка кожа, која не знам дали се уште се чува во еден наш манастир одамна изграден на тешко достапна планинска карпа... како деца одевме таму само за да ја видиме и да се помолиме... – за миг прекина, па продолжи:
-Сега, пан Вишњевски, тие старци, тука, во земјоделското стопанство Кунув, седат во тие убаво наместени одаи, осветлени со електрика, затоплени со калиевите печки и молчат. Потиштен, тежок, кобен, упорен им е молкот ама се уште не им е засушен на усните; потопени во себе го чуваат заедно со надежта дека еден ден тие и внучињата ќе се приберат и тогаш ќе се скрши печатот на молкот. Сето тоа што беше вчера и тоа што го имаат собрано од некни и од поодамна, како клопче од свилено предено е сместено во нивните глави и паметењето. Молчат. Пред кого да отворат уста и молкот да го издуваат? Молчат. Ги нема внучињата. А бабите и мајките не влачат, не предат, не ткаат, не плетат, не крпат, не тријат очи во полумракот, над кандилцето или боринката. Над нив секогаш кога ќе посакаат засветува нешто обесено на таванот и се уште не можат да се изначудат од каде во тоа затворено стаклено шишенце што личи на крушка, од каде и како е собрана толку многу светлина. И тие молчат. Под црната шамија рој од мисли. Празни им се рацете и со празните дланки ги галат празните скутови од кои одамна им е одземена топлината и љубовта. И во нивниот молк - роеви од спомени, од желби и болки непреболени. И во тие стокмени и топли одаи, ме слушате ли пан Вишњевски – секој ден чекаат да дојде некој и да им каже – луѓе, доста е, станувајте, собирајте што имате, си одиме, се враќаме дома... – се засркна гласот на Коле.
Молк... А реката на мислите течеше. Непресушна беше таа рака и никој не можеше да ја врати на нејзините ивори. Течеше и попат се дополнуваше со мали рекички. А тие мали рекички беа мислите и спомените на Коле, кој го прекина молкот и продолжи:
-А приказните дедо ги почнуваше вака:
- Си беше еднаш еден цар кој имаше големо царство, кое име немаше зашто од крај до крај беше послано по целата дуња... Тие, постарите од мене и од нив многу, многу постарите, со жаловит глас велеше дедо, се покажаа недостојни и дали во виното му ставија некој отров или му сторија нешто полошо, го умреа царот и му го растурија тоа големо царство. Долга беше приказната за тој голем цар и за тоа големо царство, а ама ние со сонот во очите – трпеливо ја слушавме приказната и жал ни беше и за царот и за неговото царство. Во наредните долги зимски ноќи, после едно две чаши загреано црвено вино, дедо ни кажуваше други приказни. А приказните беа за самовили, за ламјите со многу глави и за храбрите момци кои главите им ги сечеле со еден удар на сабјата. Знаеше дедо многу приказни и многу ни раскажуваше за едни Турци и бегови кои ги грабеа најубавите девојки, за едни качаци кои на скриени места ги чекаа пазарџиите кога од пазар се враќале дома, за едни муцки со бели фустанчиња и бели гаќи подврзани под колена и со опинци со пуфки кои одеа по нашинските села, пљачкаа, купуваа шпиони, колеа и велеа дека земјата по која одат беше и треба да биде нивна... Со тивок глас раскажуваше дедо и секоја приказна ја завршуваше вака: - Тие добро си живееле, а ние уште подобро... Последната приказна што почна да ни ја раскажува, ја почна вака:
- Си беше една земја и во неа си беа едни луѓе...
Не ја доврши. Не ја доискажа. Го нема сега, тука во Кунув, каде во овие долги зимски вечери, старците раседнати во топлите одаи, си спомнуваат и си прикажуваат за земјата што беше и за луѓето кои таму беа... Јас, пан, Вишњевски, седнат во ќошот, не пропуштав збор за земјата што беше и за луѓето кои таму биле. Не еднаш и не само една вечер тие старци собрани во топлите одаи си ја раскажуваат приказната за земјата што беше и за луѓето што биле во неа.
– Си беше една земја – ја почнуваше приказната еден, а друг на разбојот на паметењето ја доткајуваше со предено од постари преданија – и во неа, во таа земја, си биле таму едни луѓе. Сега ја нема таа земја и таму ги нема тие луѓе Дојдоа некои други луѓе во таа земја кога била и кога таму имало луѓе и тие дојденци на домородните им рекоа - оваа не е ваша земја и вие не сте тоа што мислите дека сте, туку вие ќе бидете тоа што ние сакаме вие да сте. А тоа што мислите дека сте, не сте, зашто вас ве создаде некој друг, еден наш голем душман, а ние за ваше добро ќе ве направиме такви, какви што ние сакаме да сте и ново име ќе ви клајме... Така, пан Вишњевски... тука во Кунув, во тие топли одаи старците си раскажуваат приказни за една земја што беше и за едни луѓе кои беа... Што бидна со таа земја и со тие луѓе? Некои велат дека некои други луѓе ги испадиле луѓето кои со векови биле на таа земја, дека веќе им ги нема куќите и камењата од темелите, дека им ги нема и гробиштата и гробовите на нивните предци им ги нема... Сега им ја нема земјата и тие кои дојдоа заедно со тие кои од надвор ги учат и приучуваат, не сакаат да се тоа што тие, дојденците, им велат кои треба да се, а тие веќе се поделија : едни сакаат да се такви, какви како што други сакаат да се, а другите си останаа на старото и не сакаат да се тие и такви како што другите од нив бараат да се. И така, пан Вишњевски, ќе продолжи да се раскажува приказната за земјата што беше и за луѓето со долга родова жица и многу стари корени. Така, пан Вишњевски, си беше едно време многу, многу колнато време во една земја со многу делби, и кавги, со омраза и клевети во која едни својата судбина во туѓи раце си ја ставија, а други со голи раце си ја бранеа...
Си беше еднаш една земја и на таа земја си беа едни луѓе кои ораа, сееја, жнееја, се радуваа, се плодеа.
Беа еднаш едни луѓе...
Беше еднаш една земја ...
Останаа ли само во приказните?...
Коле со насолзени очи прекина и настана молк...
Во молкот вриеја замолкнатите мисли.
Молчеа тие загледани во далечното време - невреме. Таму ги носеше мислата... Длабоката и распарувачка издишка на пан Вишњевски го скина конецот на долгиот молк.
- И да ти кажам, пан Коле, иако сме дошле на, како што се вели и пишува Ziemie Odzyskane, јас не ги чувствувам како свои. Барем засега. Моето родословие кажува дека сите мои предци, вклучувајќи ме и мене, се родени таму, во Kresy. Од таму сум иселен и тука сум доселен. Кога? Пред пет години. Војната уште дивееше, а таму нас веќе не внесуваа во списоците за иселување. Кога германската војска беше потисната далеку на Запад, тогаш се отворија тефтерите и почна пописот на луѓето, би рекол пописот само на тоа што се движеше, а тоа што не се движеше и не се спомнуваше. И тогаш, кога големите го ставија мртовечкиот крст врз поразената Германија, ни рекоа – ајде, тргнуваме на Ziemie Odzyskane, нашите прадедови земји, рекоа.
Така ни велеа и така гласеа весниците... И тргнавме... Патувавме со денови во товарни вагони и стока и луѓе - заедно. Јавно сега не се зборува за тоа. Размена на земји. Тука даваме, ваму земаме. Тоа беше законот на големите. Бевме големо семејство. Благородничко. Сопственици на илјадници хектари ораници, шуми, рибници, ловишта, пиварници, палати, па и села со се селани. И со своја гарда. Дававме војници и војсководци. Гласот на моето семејство имаше значење дури и во изборот на кралевите. Кога не беше задоволно од состојбите во кралството, тогаш некој мој чукун дедо во Сејмот ќе викнеше Liberum veto 35.
Повеќе не требаше. Значи беше и кавгаџиско. Да, во полското кралство имаше големи кавги, неслога и делби кои доведоа до неговото слабеење што го искористија соседите и не поделија. Моите потпаднаа под Русија и некои верно и служеа, а некои за казна беа пратени во Сибир. И сега таму имам роднини. Ама за тоа што им се случуваше во Сибир, сега, пан Коле, не се зборува. Изгубивме се кога дојдоа болшевиците. Од тоа големо благородничко семејство останавме малкумина. Сите со завршени универзитети во Лавов, градот каде со векови цутеше полската наука и култура... Сега е забрането да се зборува за тоа. А таму бев универзитетски професор. Сега на Ziemie Odzyskane 36 сум управник на ова Pa ństwowe Gospodarstwo Rolne 37 и од властите задолжен да ви сум добар домаќин... Да... така дојдоа времињата или така ги стокмија некои други, пан Коле...
Слушни го и ова. Откако ни згасна полската кралска лоза повеќе немавме наш полски крал, туку носевме од туѓи родови и држави. Имавме од унгарската, шведската, француската кралска лоза и еден наш по избор, Поњатовски се викаше, за кого велеа дека и беше љубовник на руската царица Екатерина Велика и, кутриот, бегајќи од налетот на руските војски кои го гонеа Наполеон, се удави, кутриот, во една река близу 35 Liberum veto ( лат) – дословно – слободно не дозволувам или популарно – ништо без мене. Во XVII – XVIII век во Полска принцип на едногласно донесување закони во Сејмот ( парламентот) кој овозможуваше гласот на еден пратеник да го раскине Сејмот и да ги отстрани веќе донесените закони.
36Ziemie Odzyskane - пол. Вратени Земји 37 Państwowe Gospodartwo Rolne – Државно Земјоделско Стопанство.
германскиот град Лајпсиг. За жал, се покажа дека беше неспособен и за крал и за пливач... ама затоа беше добар љубовџија...
Пан Вишњевски прекина и продорно се загледа во лицето на Коле небаре таму бараше потврда и поткрепа за своите зборови и изрази на восхит за полското минато. Откако запали нова цигара, рече:
- Уште да ти кажам, пан Коле, не оти денес ние Полјаците сме обединети... Тука имаме влада и претседател на Народна Република Полска, а таму во Лондон имаме влада и претседател на Полјаците во изгнанство. И едните и другите преку својот печат и радиото немилосрдно се клеветат и се пцујат со цел да докажат дека само тие се вистинските спасители, а јас длабоко сум убеден дека услуга им прават на други.
Жалосно, ама вистинито, па останува да се очекува дека белки ќе се роди некој, како оној, кој пред триесетина години ја воскресна Полска. Како и порано, така и сега да не губиме надеж и таа нека ни биде силна поткрепа... А да не ја заборавиме и големата вистина дека тој, кој ќе го заборави родното место, секогаш ќе биде туѓинец...
Длабок воздив се истури од устата на пан Вишњевски и завладеа молк. Во големата одаја тишината ја дробеше завивањето на северњакот.
Коле со големо внимание го слушаше кажувањето на пан Вишњевски, ама кога забележа дека во тонот на неговиот глас се појавуваат ноти на немир, за да го смири, дофрли дрвце во каминот и со некаква длабоко скриена љубопитност праша:
- А тие книгите, таа голема библиотека, за која ми зборувавте, што бидна со неа? Што бидна со книгите?
-Не им ја оставивме на болшевиците. Целата библиотека Осолински и многу други приватни библиотеки, ги спакувавме и во вагони ги пренесовме во Бреслау, сега во Вроцлав. Сите книги и стари ракописи што поколенијата на големото семејство Осолински со векови ги собираа, сега се сместени во една голема зграда во Вроцлав. Во Вроцлав го пренесовме и целокупниот библиотечен фонд на Лвовската политехника и Лвовскиот универзитет. Тие и сега се извор на знаења, а и голем споменик на полската култура. Како и порано, така и сега ги користат учените за да бидат поучени и студентите за да бидат учени. И јас, кога одам во Вроцлав, ако ми останува малку слободно време, одам таму и во тишината на големата читална си ги обновувам знаењата, а понекогаш и позајмувам книги...
-А јас, пан Вишњевски, одамна не сум имал книга в раце. Порано многу читав... ја сакам книгата..
-Ако си толку желен, пан Коле, јас можам од вроцлавските библиотеки, дали сакаш од библиотеката Осолински или од универзитетската, можам да ти носам книги. Само кажи од кои области... Сакаш ли да ти носам книги? Те прашувам, пан Коле, сакаш ли?... А уште да те прашам, ама многу ми е незгодно...
-Не се стеснувај, прашај слободно...
- Како ти, ти образован, интелигентен човек се одлучи да дојдеш тука во ова земјоделско стопанство и да работиш како... – пан Вишњевски за да не го навреди гостинот, не го доврши прашањето.
Коле во неговиот глас почувствува колебливост и во тој миг тивко воздивна и рече:
- Јас, пан Вишњевски, тука не дојдов по моја желба... мене тука ме пратија... ме пратија за... – прекина и долго размислуваше како и од каде да го почне со одговорот.
Во каминот догоруваа кратко сечените цепеници, жарта полека ја покриваше пепел. Надвор завиваше северњакот и грстови снег се напластуваа на прозорците.
Двајцата соговорници вкопани во своето минато, во кристалните чашки ја давеа својата неизлечива болка...
По долгиот молк, Коле прозбори:
-Неколку месеци по нашето прифаќање во Полска, некако ние, неколкуте другари од гимназиските клупи во Битола и Велес и од боиштата на граѓанската војна, успеавме да се прибереме. Не се најдовме сите на куп.
Четворица засекогаш останаа на боиштето. За еден знаеме дека е жив и без нозе. Купчето ни е намалено и броиме само петмина. Одлучивме да учиме и во врска со тоа отидовме во градскиот совет за образование да се распрашаме дали полските власти ќе ни дозволат да се запишеме во некоја од тамошните гимназии. Таму не испрашаа какво образование имаме и ни рекоа дека тие, кои немаат матура ќе можат да се запишат на двегодишен подготвителен семинар, а мене, бидејќи имав завршено филолошки факултет во Солун, ме посоветуваа да се јавам во ректоратот на вроцлавскиот универзитет. Таму ме примија многу љубезно и по недела дена, откако еден стар господин, кој се претстави како професор по старогрчки јазик на лвовскиот универзитет, ги провери моите знаења. По негова препорака ми предложија да предавам старогрчки. Јас прифатив и замолив да ги довршам прекинатите студии по славистика. Господата професори се согласија и си подадовме рака. Така за мене широко се отвори големата порта на вроцлавскиот универзитет. Од просветните власти моите другари добија писмо со кое беа известени дека им е обезбедено сместување во интернатот и стипендија. Каде подобро? Сите стрпливо чекавме да почне учебната година, а чекањето го дополнувавме со работа во фабриката за вагони. Што работевме таму? Преместувавме железа од едно на друго место. Не оти имавме некоја професија! Дење работевме, а вечерите до доцна во ноќта учевме полски јазик. Секој од нас на учителот му плаќаше по две стотки... Аха, каде живеевме? На улица Хубска... Да, таму, на улица Хубска... нема број... Каде се наоѓа? Отаде централната железничка станица, зад една голема сива зграда. Околу во руина сите згради од тешкото советско бомбардирање. Некои велеа дека овој дел на градот го биеја со катјуши. Во тој голем куп од камења, тули и керамиди, само таа зграда беше жива. Велам жива зашто првиот кат, приземјето и подрумите беа прилагодливи за живеење иако немаше ниту вода, ниту струја. Важно таму корисниците беа заштитени од ветер и дожд. Најнаселени беа подрумите и приземјето. Што ли немаше таму и кој ли не живееше во тоа дувло. Градските арамии, подведувачите и уличните проститутки беа најбројните жители во подрумите.
Заедно со нив - прислужници, помагачи, поткажувачи, курири на градското вроцлавско подземје и по некој бездомник – сите таму беа сложни се дотогаш, до кога не беше испиена и последната капка вотка. Спиеја на подот, се олеснуваа зад зградата. Имаа и газди, ама тие не беа со нив во подрумот. Нивните газди имаа апартмани во хотелите, а некои во луксузните вили каде не помина воениот бран на советската офанзива. Така се зборуваше, а ние немавме причина да не веруваме зашто бевме и сведоци на пропаднатите и сведоци на издигнатите...
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/on-the-road-of-no-return-mk/10 на 29 октомври 2026