Г. ДОГОВОР СО ГРЦИЈА НЕ САМО ШТО НЕ Е МОЖЕН ТУКУ Е И АПСОЛУТНО – НЕПОТРЕБЕН - Part 02
4. Паралелно со проблемот со името, и во корелација со него, тече и процесот за решавање на „албанското национално прашање”. Тука веќе нема никакви дилеми дека менаџер е исто така – Вашингтон. Создавањето на втората албанска држава – Косово, со користење на оружена сила, диктирана и поттикната од САД, е неспорен, кристален и несоборлив доказ за тоа. Значи два, за Македонија клучни геостратегиски проблеми во регионот – името на државата, а преку него и идентитетот на народот, како и решавањето на т.н. „албанско национално прашање”, се водат паралелно од еден ист центар – Вашингтон. Тоа се два длабоко испреплетени процеси. Ги поврзува приоритетот кој ја детерминира американската балканска политика, а тоа е зајакнување на позицијата на Албанците во регионот. Се работи за многу значаен проект со долгорочни последици, кој длабоко навлегува во фундаменталните интереси не само на македонската држава и на македонскиот народ туку и на целиот регион. Иако прва жртва беше Србија, а сега на ред е Македонија, таа политика е спротивна и на долгорочните грчки стратегиски интереси. За сега, заслепена од историските антимакедонски емоции, Атина не ги согледува опасностите кои ја демнат.
4. 1. За одност на САД кон „албанското национално прашање” интересно е и едно лично искуство. За време на службувањето во Тирана, некаде во јуни 1998 година, беа добиени првите информации дека Албанската академија на науките, на барање на претседателот на државата, Реџеп Мејдани, подготвува „Платформа за решавање на албанското национално прашање”. Веднаш беше јасно за каков документ се работи и информацијата беше споделена со амбасадорите на Франција, Германија, Италија... и, се разбира, на САД. Им беше нагласено дека таков документ не може да биде во интерес на мирот и стабилноста на регионот и дека треба да се заинтересираат за случајот. Никој ништо не презеде и, во октомври истата година, „Платформата...” беше објавена. Во неа, на отворен или прикриен начин, во основата, се заговара големоалбанска држава.
4. 2. Запрашан кој е американскиот став по овој документ, амбасадорот Лимпрехт, кој тукушто ја презеде должноста, прво го игнорираше неговото значење. На инсистирање дека со него се промовира Голема Албанија, која опфаќа територии кои припаѓаат на три или четири соседни земји, тој малку се подзамисли и рече дека повторно ќе го прочита.
Неговиот конечен суд беше дека во неа нема ништо спорно бидејќи не се повикува на користење сила, за постигнување на националните цели?!? Тогаш, можеше да изгледа дека нему (и на САД!) екстремниот национализам не им пречи, бидејќи не се знаеше заднината. Дури подоцна се виде дека е во прашање нешто друго – американските интереси на Балканот! Тие веќе беа длабоко инволвирани во тајните подготовки на УЧК и „Платформата...” веќе беше нивна алатка во развивањето на целокупната стратегија.
Му беше реплицирано дека тоа е само делумно точно бидејќи во документот нема ни категорично отфрлање на употребата на сила, а народот се повикува на решавање на „националното прашање”. За да му се предочат сите неспорни факти од „Платформата...”, на Лимпрехт му беа извадени цитати од неа, на цели три густо испечатени страници, кои ги дефинираа нејзините главни аспекти. Нова реакција – немаше.
Оваа епизода недвосмислено ја открива реалната американска политика кон Албанија и Албанците и обѕирите, и разбирањето, кои Вашингтон објективно ги има за нивните национални аспирации. Оваа политика станува јавна следната, 1999 година, кога експлодираа состојбите на Косово. Во периодот кога се водени овие разговори, тајните американски служби беа веќе длабоко ангажирани во регрутирањето и подготовките на припадниците на УЧК, во тајните кампови во Албанија. Логично, употребата на сила следеше. Не само со широка американска поткрепа туку и со нивно софистицирано оружје. Така стана јасно зошто амбасадорот Лимпрехт застана (во име на САД) зад „Платформата...”. Таа воопшто не била случајна и во неа имало, како индиректно ни потврди Лимпрехт, и некаков американски благослов. Настаните апсолутно го потврдија тоа.
5. Вашингтон никогаш немаше голема доверба ниту во Словените на Балканот ниту во Грците. Распадот на Југославија и војните кои следеа ги исфрлија Албанците како главен американски партнер. Голема заслуга за тоа секако има и крајно неразумната политика на Милошевиќ, чиј заложник, десетина и повеќе години беше целиот регион.
Генезата е едноставна. При и по распадот на Југославија, главен противник на САД на Балканот беше Милошевиќ.
Албанците, од друга страна, беа традиционални непријатели на Србите и беа директно конфронтирани со него. Така, новото партнерство можеше да започне. Албанците, пак, беа спремни и да гинат за реализација на големоалбанскиот сон, со што меѓусебните интереси целосно се поклопија. САД добија „достоен” партнер за реализација на сопствените намери.
6. САД играат на картата на Албанците во регионот, не на Албанија како држава. На тој начин, Вашингтон директно ја поддржува и Тирана, која се однесува идентично. Таму постојано зборуваат во име на сите Албанци, каде и да живеат тие. Тамошните политичари забораваат дека немаат никаков мандат, уште помалку право да ги претставуваат другите Албанци. Биле тие од Косово, од Црна Гора, од Македонија, од Јужна Србија, од Грција... или од САД.
Истата практика ја користат и другите Албанци, вклучувајќи ги и македонските. Дури и албанските амбасадори во Скопје, не ретко, го користат истиот неприфатлив речник. Нашето МНР ништо не забележува.
6. 1. Во рамките на прославата на 100-та годишнина на Албанија, во кичевското село Грешница беше поставено шестметарско албанско знаме („Ахмети повикува на доверба, а провоцира со симболи”, „Нова Македонија”, 20 ноември 2012). Димензиите на знамето се целосно незаконски и целта може да биде само одбележување на албански територии.
Ништо друго. На чинот на неговото поставување, Ахмети рекол – „... ако било каква црна рака се обиде да посегне по него, да не се осмелува, оти тоа нема да го дозволат Албанците...”.
Албанскиот амбасадор во Скопје, кој бил присутен, рекол – „Димензиите на ова невообичаено знаме ВО АЛБАНСКИТЕ ЗЕМЈИ денес е израз на почит...”. Ако веќе на Ахмети не му можеме ништо, или многу малку, амбасадорот мораше веднаш да биде протеран. Вака...
6. 2. Бидејќи кај нас немаше реакции, или беа крајно благи и недоволни, се јави познатиот Џејсон Мико („Пропуст во Рамковниот договор”, „Дневник”, 29 ноември 2012). Тој ја коментира изјавата на Бујар Османи – „Како знак на меѓусебно почитување, сите граѓани на Македонија треба да ја споделат албанската радост и не треба да го отвораат прашањето дали е законски да се вее албанското знаме, бидејќи Албанците може да го сфатат тоа како провокација”!?! – констатирајќи: „Ти, Бујар, очигледно не го сфаќаш концептот на владеењето на правото”!
Високопочитуваниот Мико е апсолутно во право, но на Бујар сè му е јасно. Изјавата е реален израз на политиките на ДУИ, врв на хипокризија, тешка провокација, но и крајно потценување на Македонците, кои тој ги третира како да се, најмалку – недоветни.
И, никому ништо! Бујар е, значи, во право!
6. 3. Практиката што Тирана, како и сите други Албанци, го користи и терминот – „албански територии” за региони надвор од Албанија не е ништо друго, туку отворен и класичен иредентизам.
7. Веќе е докажано дека настаните на Косово, кои кулминираа во 1999 година, беа подготвувани од соодветните тајни служби на САД и Велика Британија.
Нивни воени инструктори, од приватни воени компании, како МПРИ, ги тренираа припадниците на УЧК, во тајните кампови во Албанија. Тие беа инструментални и во нивното вооружување, иако не треба да се потценат арсеналите кои на Косово дојдоа од ограбените воени депоа, по хаосот кој настана во Албанија, во 1996/7 година. Со овие активности се создаваа предуслови за исполнување на две, за САД основни цели – а) рушење на Милошевиќ и б) обединување на Албанците.
8. По успешната воена операција на Косово, во 1999 година, следеше кратката војна во Македонија. Таа беше смислена, планирана и започната на Косово, кое беше американски протекторат, иако, формално, под капата на ООН. ОНА ја создадоа и подготвија истите сили кои ја произведоа и УЧК.
По постигнатите резултати на Косово, сосема логично можеше да се очекува дека следна цел ќе биде – Македонија (и трите општини во Јужна Србија, кои сега ќе ги оставиме на страна). Првичната намера беше да се разбие државата и да се „ослободат” деловите кои тие ги сметаат за „албански територии”. Така, на најбрз начин, би се финализирал проектот „Голема Албанија”. Кога тоа не успеа, се активира планот „Б” каде централна цел беше Охридскиот договор, со кој македонската држава е рекомпонирана на начин кој е спротивен на сите светски искуства и практики.
Малцинството стана заедница, а општеството плурално и поподелено од кога било. Се создаде можност тоа дури и да го манипулира мнозинството, отворајќи процес на нефункционалност на државата и нејзино постепено уништување. Етницитетот се институционализира, а со тоа, место да се надминат, поделбите стануваат уставни категории. Консоцијацијата, која е постигната, отсекогаш била само привремено решение, и сега се поставува прашањето за следниот чекор, т.е. конечниот исход.
9. Независноста на Косово е главниот и одлучувачки исчекор во правец на создавањето на т.н. „Голема Албанија”. По одвојувањето на Косово од Србија, не е веќе прашањето дали, туку кога овој проект ќе биде целосно завршен? Со создавање на втора албанска држава, целта е веќе околу 70 проценти постигната. За да се заврши основниот проект, остануваат уште „албанските територии” во Македонија.
Трите општини во Јужна Србија и четирите во Црна Гора, се од третостепена важност. За сега, грчка Чамирија не е во планот за „ослободување”.
10. Големоалбанскиот концепт не е измислен, како што некои сакаат да манипулираат. Сонот – сите Албанци да живеат во една држава, кој е нотиран и во Премабулата на албанскиот Устав, е во напредна фаза на реализација.
Поранешниот премиер на Албанија, Пандели Мајко, во ТВ интервју во Тирана, уште на почетокот на новиот милениум јасно кажа дека „тој процес е започнат и е иреверзибилен”.
Во Албанија, и меѓу Албанците, особено во политичките, научните и интелектуалните елити, мнозина го делат тоа мислење. Од преку 100 врвни личности на Албанија, лично прашани во периодот 1998-2002, што за нив значи терминот „Голема Албанија”, само Грамос Пашко, потпретседател во првата влада на Бериша, по демократизацијата на земјата, сега покоен, рече дека е тоа бесмислена утопија. Ниту еден од другите не го отфрли концептот ниту како идеја, ниту како можност, ниту како перспектива. Дадените објаснувања, во принцип, не беа многу блескави, издржани и прецизни, но терминот не беше игнориран. Никој немаше јасна претстава што подразбира тоа, но никој не се дистанцираше.
11. Прославувањето на 100-годишнината на Албанија, на крајот од 2012 година, беше добар повод премиерот Бериша, од Валона, да потсети дека границите на (Голема) Албанија се од Превеза, во Грција, до Прешево во Србија, и од Скопје до Подгорица, во Црна Гора („Нова Македонија”, 28. 11.
2012). Никој не реагираше, иако беше доведен во прашање територијалниот интегритет на четири суверени држави.
11. 1. Во последно време, бројни се националистичките провокации од Тирана. Тие се, секако, резултат на оценки дека расплетот во регионот се приближува до својот крај и тие треба да ги постават своите барања. Одредена кулминација достигнаа при преместувањето на нелегалниот споменик поставен во центарот во Прешево. Бериша реагираше – „тоа покажа дека Србија е расистичка држава”;
дека „етничките Албанци на Балканот мораат еден ден да се обединат во една држава”; дека „тој акт покажал уште еднаш дека има само еден начин – обединување на албанскиот народ, за Албанците да ја уживаат слободата која со крв ја стекнале” („Дневник”, 21. 01. 2013).
12. Големоалбанскиот проект е маестрално воден од самиот почеток. Активностите интензивно започнаа да се реализираат некаде во 1960-те години, на Косово, и кулминираа (но не завршија) со неговата независност. До денес (2013), сè се одвива без никаква техничка или тактичка, камоли стратегиска грешка. Се напредуваше милиметар по милиметар и се стигна до главната цел. Дека Тирана имаше своја улога во сето тоа, не треба да има дилеми. Меѓутоа, иако Албанија беше етаблирана држава со долго државничко искуство и соодветни служби, во Тирана дефинитивно немаше капацитети за водење таков процес, а на Косово уште помалку. Кој и од каде ги влечел конците, треба да се утврдува. За сега, со голема сигурност може само да се оцени дека од периодот на распадот на Југославија, наваму, процесот го менаџираат – САД.
12. 1. Дека сите овие години Албанците не се сами на тој план, потврдува еден мал, но конкретен пример. Неспорно е дека познатиот американскиот аналитичар и активист, Јанош Бугајски, е голем албански лобист. Некаде на почетокот на 2000-те, и тој учествуваше на некаква регионална конференција во Тирана. Настапи со вокабулар кој, иако во завиена форма, во основата заговараше големоалбански расплет во регионот. Тоа беше поводот да се обидеме да утврдиме – кој го финансира? Ни беше потврдено дека американската амбасада во Тирана ги покрила неговите трошоци! Дали тие би платиле за некого, со чии ставови не се сложуваат, е друго прашање.
13. По ерата на српскиот вожд, кој ја осакати сопствената, но мора да му се признае дека создаде и втора српска држава, слободно може да се оцени дека добар дел од Балканот е жртва на американската политика на насилно решавање на „албанското национално прашање”. Грубо наметнувајќи ги своите интереси, САД ги блокира позитивните регионални процеси. За сега, нејзина колатерална штета се Србија и Македонија, меѓутоа, нејзините политики сигурно негативно се рефлектираат и на состојбите во БиХ, иако на индиректен начин. Во иднина, тие ќе се покажат исклучително штетни и за интересите на Грција.
13. 1. Во однос на Македонија, оваа американска политика започна со блокирањето на признавањето на македонската држава, на почетокот на 1990-те години, а својот врв го постигна за врема на косовската криза и во војната во 2001- та. Доколку не се случеше Косово во 1999-та, 2001-та во Македонија ќе беше незамислива. Всушност, таа беше продолжување на косовската војна, со единствена цел да се финализира проектот Голема Албанија.
14. Големоалбанската идеја не само што не е мртва туку таа се финализира. За завршување на тој процес, на албанските националисти апсолутно им одговара прекрстување на Македонија и Македонците. Така, дефинитивно би се решило „албанското национално прашање”. Би се отворил патот за обединување на (скоро) сите Албанци.
14. 1. До сега, по сè судејќи, од чисто тактички причини, Албанците во земјава не се експонираа нагласено околу решавањето на проблемот со името. Чекаа други да го развиваат случајот. Сега, меѓутоа, Али Ахмети започна меѓународна офанзива на тој план и реално е да се очекува, наскоро, и тие да ги испорачуваат своите сметки. Слично како Бугарија во декември 2012. Тоа значи дека нивниот вистински притисок ќе расте. Уште некое време, тоа ќе биде прикриено, преку заложбите за побрзо членство во НАТО и ЕУ. Со својот политички памфлет – „Време е за НАТО”
(„Дневник”, 13 април 2013), лидерот на ДУИ, Али Ахмети, веднаш по локалните избори, кога беше албанизирано и Кичево, тоа и го најави. Дека е сето тоа во координација со Вашингтон, не треба да се сомневаме. Таму е подготвено регионалното сценарио. Силен е впечатокот дека и објавениот текст, кој личи на политички манифест, веројатно не е ниту срочен во партијата.
14. 2. Дека горните претпоставки се точни, потврди портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, во интервју за „Утрински весник”, од 14. 07. 2013. Тој рече: „Ахмети најави уште пред два месеци, по враќањето од САД, дека во јуни треба да се отвори дебата со јавноста во Македонија и во регионот (за проблемот со името). Тоа и го направи. Тоа што е од Софија (каде беше во посета) е чиста случајност”! За да нема никаков сомнеж во координацијата на ДУИ со САД (од каде, нели, тој се врати со јасни инструкции), потврдува фактот што токму во средината на јуни, во Скопје дојде веќе препознатливиот Филип Рикер и отворено побара јавен дијалог околу името!?! („Дијалог за спорот за името”, „Нова Македонија”, 20/21. 06. 2013). Тој се повика и на преговорите меѓу Белград и Приштина (Дачиќ-Тачи) и побара да се следи нивниот пример. Тоа предизвика бура од несогласувања и негодувања од врвните македонски новинари, експерти, колумнисти... Прв пат во медиумите Рикер беше третиран негативно.
Во спомнатото интервју, и Османи ја верглаше истата песна како Рикер, на апсолутно исти ноти: „Бараме да почне дијалог, да се отвори дискусија во јавноста околу предлогот (на Нимиц) и неговите детали. Потоа, двете страни да седнат на заедничка маса, да почнат директен дијалог под покровителство на меѓународната заедница, слично на преговорите Србија-Косово”! – ни порача тој. Логично е, соочени со целосен неуспех околу ова прашање, Американците да го бараат од нас невозможното и – најглупавото, само уште повеќе да нè притиснат до ѕидот.
Но, што сакаат Албанците? Зар не им е јасно дека последниот предлог на Нимиц Атина веднаш го одби и веќе не го есапи? А ние, значи, јавно ќе дебатираме по него и... да не треба и да аплаудираме? Во секој случај, целта на Вашингтон е ние до крај да се откриеме, да ја урнисаме сопствената позиција и... да се подготвиме за капитулација.
Трето – нема.
15. На оваа тема, исклучително интересни и актуелни се сознанијата и размислувањата на Стојан Андов, во неговите колумни објавени во неделникот „Фокус” (15 и 22 март 2013). Андов потсетува дека и при продорот на фашизмот на Балканот, на почетокот на Втората светска војна, за да ги придобие Албанците, Мусолини играл на картата на големоалбанската авантура. Во август 1942, Италија го објави формирањето на Голема Албанија, во која влегоа Косово, делови од Црна Гора и Западна Македонија. Тоа беше фашистичка креација, исто како и окупацијата на Источна Македонија, од страна на Бугарија. Сличен случај беше и со Независна Хрватска на Павелиќ. Интересно е што и тогаш, како и сега, грчкиот дел од „албанските територии”,Чамирија, беше оставена надвор, иако и таа беше под италијанска окупација.
Андов, всушност, повлече паралела бидејќи и начинот на кој САД ги реализира своите балкански планови, е идентичен со тогашниот. Андов, се разбира, тоа не го елаборира, но асоцијацијата е кристална: и САД, сега, ја „купуваат” соработката на Албанците преку големоалбанскиот сон, со кој тие, факт е, живеат стотина години. Сега мораат да бидат пресреќни бидејќи, со независноста на Косово, благодарејќи токму на САД, главниот дел од проектот е завршен. Остана само уште делот во – Македонија.
15. 1. Андов потсетува дека и Австро-Унгарија се потпирала на проектот Голема Албанија, што дошло до израз и во разграничувањето, меѓу руската и австроунгарската сфера на интереси, договорено во 1876 година, кое води по средината на Македонија, по долината на реката Вардар. Во таа спогодба, потврдена во 1897 година, „Македонија и Македонците намерно не биле спомнати бидејќи двете империи во нив гледале главна пречка за остварување на своите империјални интереси на Балканот”, заклучува Андов.
Апсолутно истото се повторува и во 21 век. Македонија е повторно „главната пречка”, овој пат за реализација на американските интереси во регионот, перципирани преку големоалбански планови и затоа и го оспоруваат името и сакаат да го обезличат народот.
15. 2. Точно е тврдењето на Андов дека „денес ја нема Австро-Унгарија, ја нема Кајзеровата нацистичка Германија и Италија на Мусолини, што во свое време го поддржуваа проектот Голема Албанија”, но тој заборава, или не сака да види дека денес истите тие планови ги реализираат – САД. И тоа со голем успех. Да се одвои Косово од една Србија не е мала работа, без оглед на историските грешки на Милошевиќ. Косово беше далеку најголемиот залак во целиот големоалбански проект. Сега, сè друго е прашање на време.
15. 3. Од само за него познати причини, Андов извлекува заклучок дека големоалбанската идеја била „погубна и за самите Албанци”. Без никаков факт или аргумент, тој тврди
– „денес дојде ново време и свеста и совеста кај најголем број Албанци е променета и тие добро знаат дека проектот за Голема Албанија му донел многу страдања, патила и трагедии и на Албанците, но и на ним соседните народи”.
Оваа теза нема никаква врска со реалноста. Единствено е точно последното, за страдањата на соседите и ништо друго.
А, да се тврди дека големоалбанскиот сон е надминат, во момент кога тој крајно неочекувано се реализира, со независноста на Косово, постигнато со употреба на оружена сила од страна на единствената светска суперсила, значи дека се нема осет за тоа што се случува во регионот. Или, се калкулира со нешто друго? Кога на тоа ќе се додаде развојот на состојбите во и околу Македонија, макар од војната од 2001-та, па сè до денес, кога бескрупулозно се албанизираат делови на земјата, сè станува кристално јасно. Да не ја спомнуваме „Платформата за решавање на албанското национално прашање”, на Албанската академија на науките, од 1998 година, која е државен документ, и во која е елабориран токму големоалбанскиот концепт. Никој од „главните” не ја осуди, а како што веќе се уверивме, иако потајно, САД, всушност, ја поддржаа.
Андов мора да објасни од каде ги извлекува своите целосно погрешни заклучоци околу ова прашање?
15. 4. Оваа оценка на Андов имплицира дека тој ги игнорира и пораките што ни ги испраќаат Меџити, Дехари, Муса Џафери, Мендух Тачи, Фатмир Бесими, Али Ахмети... Било со албанските химни во македонски училишта; било со веењето насекаде само на албанско знаме, без македонско, на сите кампањи сврзани со локалните избори (март/април 2013); било со исти знамиња на 30-метарски јарболи; било со насилна промена на имиња на училишта и на улици; било во Слупчане; било со јавни изјави дека иднината на државата е во федерализација... Сè се тоа манифестации на (неповратна)
големоалбанизација на Македонија, која Андов и некои не (сакаат да) ја гледаат, а други, крајно недоветно, ја толерираат.
15. 5. И Андов, но и сите како него, да ги потсетиме само што изјавил Меџити во дијаспората, пред локалните избори.
Рекол: „Ние сакаме национално обединување, ние сакаме етничка Албанија на 24 март (на изборите!). Не ни треба ниту војна ниту кризи, мирно и спокојно, демократски и легитимно, со пенкало в рака заокружувајќи го бројот пред името на командантот Фатмир Дехари, вие Кичево го правите дел од етничка Албанија. Од вас и од нас зависи дали Кичево ќе остане надвор од картата на етничка Албанија, или ќе биде дел од неа...”!?! („Република”, 15. 03.
2013). Според истиот извор, Фатмир Дехари, кандидатот за градоначалник, сега веќе на таа фукција, изјавил: „Затоа ви кажувам дека ова обединување на Кичево ќе биде обединување на Албанците. Споено Кичево е сон не само на кичевци туку на сите Албанци. Тргнувајќи од Тирана со градоначалникот Баша, преку други албански општини, симнувајќи се во Струга каде што ве чека Албанец градоначалник, тргнувајќи кон Кичево каде што, исто, пречекува градоначалник Албанец, за да продолжите кон Гостивар и Тетово, стигнувајќи во главниот град на Изет Меџити, градот на Скендер-бег, Хасан Приштина и на други, продолжувајќи кон Куманово, сето ова е албанска администрација и е тоа што сите го посакуваме, сето ова е една Албанија, која ја сонуваме”!?!
И слеп да прогледа, и глув да послуша. Повеќе ништо не треба да се каже. Сè е јасно. Појасно дефинирана политика – здравје. А дали е тоа големоалбанскиот сон, пожив од кога било и веќе во најголем дел – реализиран, нека ценат Андов и неговите истомисленици.
15. 6. Да спомнеме и дека во најмалку три пригоди, при отворањето на новата школска година, есента 2012-та, вклучувајќи го и Тетовскиот универзитет, се свиреше албанската химна!?! („Обвинителот се заканува, химната си ечи”, „Дневник”, 21 септември 2012). На свеченостите учествуваше голем дел од врвното раководство на ДУИ, вклучувајќи го и Ахмети. Што уште треба да направат да ни покажат... за да ги разбереме?
За интонирањето на албанската химна при отворањето на новата зграда на гимназијата во Липково, обвинителот Шврговски, според истиот извор, рекол – „тоа е бенигна форма на прекршок бидејќи училиштето е изградено со странски донации”!?! Според расположливите сознанија, оваа изјава не е демантирана. Ако е точна...
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/ulogata-na-sad-2/9 на 29 октомври 2026