Б. ПРОЦЕС НА ПОСРЕДУВАЊЕ
Б. ПРОЦЕС НА ПОСРЕДУВАЊЕ
10. Со резолуцијата на СБ 817/93, со која Македонија беше примена во ООН, беше предвидено посредување преку кое требаше „да се надмине разликата околу името на државата и да се поттикнат мерките за градење доверба меѓу страните”.
Крајно индикативно е дека прво Венс, а по него и Нимиц беа поставени на функцијата според предлог и барање на САД.
Тоа максимално го илустрира нагласениот американски интерес за овој спор. Има бројни факти дека медијаторите само формално се под патронат на ООН, а, всушност, се продолжена рака на Стејт департментот, кој и преку овој канал ја спроведува сопствената политика кон Македонија.
Прво, и Венс и Нимиц беа луѓе на Стејт департментот. Таму беше нивната база и логистика и, по сè изгледа, таму и им остана.
Второ, од март 1994 до ноември 1997 година, додека Венс беше медијатор, Метју Нимиц беше специјален пратеник на претседателот на САД, Бил Клинтон, во посредувањето за „разликата” околу името помеѓу Македонија и Грција.
Трето, ако тоа навистина беше проблем меѓу Македонија и Грција: зошто? Врз која основа? За какви потреби? – претседателот на САД одреди свој специјален пратеник? Од каде таков интерес ако е во прашање спор меѓу две далечни земји? Спор, кој непосредно не ја доведува во прашање безбедноста ниту на инволвираните земји, ниту на поширокиот регион, камоли на САД? Ако Вашингтон немаше нагласени тајни стратегиски долгорочни интереси на Балканот во кои, за жал, е вплеткана и Македонија, дали американскиот претседател ќе имаше свој специјален пратеник за проблемот? Во светот, постојано, има макар десетина слични случаи во кои нема личен претставник на американскиот претседател. Значи...
Четврто, во ноември 1997 година, генсекот на ООН го постави Нимиц за заменик на Сајрус Венс, а кога тој даде оставка, во декември 1999 година, Нимиц стана негов специјален пратеник. Така, медијацијата меѓу Македонија и Грција, која се врши во име на ООН, цело време е во рацете на Вашингтон. Може ли тоа да биде случајно? Се мешаат ли САД некаде каде немаат поголеми сопствени интереси? Дали некаде и некогаш нивните кадровски решенија не се поврзани со сопствени потреби и планови? Впрочем, резултатите кои ги чувствуваме еве веќе дваесет и неколку години се најдобра потврда дека сето тоа е дел од исто сценарио, дека се тоа камчиња од мозаик кој веќе целосно се распознава.
Пред години, на самит на ОБСЕ во Виена, САД инсистираа Американец да биде одреден за БиХ. ЕУ, по секоја цена, сакаше да биде – Европеец. Договор не беше постигнат и средбата заврши неуспешно. По неколку месеци, се појави кратка агенциска вест: Американецот тој и тој е одреден за функцијата во БиХ! Кога САД имаат интерес за нешто и сакаат тоа да го добијат – демократијата, принципите, процедурите, практиката, та и правдата... паѓаат во вода.
Зошто би било поинаку во врска со нашето име?
Петто, Нимиц е адвокат, работи во адвокатска фирма и, како медијатор, тој е сам. Нема свој тим. На располагање му стојат услугите на надлежните служби (Правна и други) на ООН. Доколку тој навистина ги користи нив, дали би било можно експертите на ООН да го советуваат и насочуваат во нелегално проширување на неговиот мандат, што ни се случува сите овие години? Зошто тие би го стимулирале да навлегува во идентитетот на народот, неговиот јазик, кога такво нешто немаше во резолуциите на СБ на ООН? И зошто тој, ако е веќе независен експерт и медијатор, кој се обидува да најде праведно решение за спорот, ако тие веќе го тераат во забранети и недозволени зони – нив би ги слушал и следел? А ако експертите од ООН не му се логистика, од каде ја добива неа? Тој нема капацитет сам да ги подготвува предлозите, а и да го има – не би се осмелил. Свесен е дека одговорноста е огромна. Се работи за судбината и иднината на една земја, но и за мирот и стабилноста на цел регион.
Шесто, иако проблемот, формално, е во надлежност на ООН, за негово разрешување нема никаков буџет. Функцијата која Нимиц ја извршува во име на генералниот секретар, е практично волонтерска. Неговата плата е симболична – 1,00 долар годишно. Зошто е така направено, има неколку логични објаснувања. Целта е ООН – а) да не се меша многу во неговата работа, б) да не го доведува во прашање неговиот мандат и в) да не бара отчет. Доколку ООН секоја година одредуваше какви било финансиски средства, работата на Нимиц ќе беше постојано на дневен ред, макар сврзано со анализа на нивното трошење. Вака, никој не го пика носот. Вистинскиот менаџер на спорот, а тоа се неспорно САД, има одврзани раце да прави што сака.
Останува прашањето не дали, туку кој му го компензира ангажманот на Нимиц? Тој не е многу зафатен со оваа функција, но во САД ништо не е бесплатно.
Седмо, токму како резултат на овие констелации, изгледа, иако е на тоа обврзан, Нимиц веќе подолго време не му испраќа редовни извештаи на генсекот на ООН за процесот.
Нормално, кога се среќава со наши претставници, генсекот се информира за актуелните случувања и – толку. На крајот од денот, и нему лично, и на ООН, им одговара да не трошат пари, и некој друг да си ја крши главата со овој проблем. А не тие.
Осмо, горното би можело да го објасни и фактот дека сите досегашни предлози, кои ни ги испорача Нимиц, беа апсолутно неприфатливи за нас, водеа сметка само за интересите на САД, а, преку нив, и на тие на Грција. Тие беа целосно компатибилни на американската политика кон Македонија и регионот. Кој друг, освен САД, би можел да го насочува и охрабрува Нимиц да си го шири мандатот и да ги доведува во прашање националниот идентитет на македонскиот народ, неговиот јазик и слично?
Деветто, најпростата логика нè присилува да мислиме дека предлозите кои ни ги пласира Нимиц можат единствено да потекнуваат од – Стејт департментот?!? Или, евентуално, од некој институт или експерти одредени (и платени!) од него.
И, нормално, според американските интереси. Друго прифатливо објаснување, едноставно – нема!
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/ulogata-na-sad-2/6 на 29 октомври 2026