Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

America's Role in Macedonia's Troubled Journey to International Recognition (1991-2013), Second Edition

В. ВО ЊУЈОРК НЕ СЕ ПРЕГОВАРА

Од Ристо Никовски · Дел 7 од 27 · Околу 4 минути

Читај на English

В. ВО ЊУЈОРК НЕ СЕ ПРЕГОВАРА

11. Во нашите срамни скитања околу овој клучен проблем за иднината и опстојот на државата, спаѓа и терминологијата која ја користиме. Речникот кој го употребуваме зборува за недостаток на минимална координација околу ова исклучително важно прашање. На почетокот, сите политичари, а сега само повеќето новинари и по некој „експерт”, процесот на медијација во Њујорк го нарекуваа(т)

– преговори. А преговори нема, ниту може да има. Кој може, впрочем, и со каков мандат да „преговара” за името на државата кое е овековечено и во Уставот?

11. 1. Без да одиме во премногу детали, само да нагласиме дека – а) во документите на СБ на ООН, нормално, никаде не се спомнува терминот – „преговори”. Кој би можел од една суверена држава да бара и/или да и` пропишува да преговара со кого било за своето уставно и, во нашиот случај, историско име? Во речникот, употребен во нив – „се поттикнуваат страните да продолжат да соработуваат” за „да се дојде до брзо надминување на нивната разлика”. И, толку;

б) во прашање е класична медијација, со чија помош, на мултилатерален план се решава проблемот. Така беше отворен, така мора и да се затвори. Тоа не имплицира никаков билатерален договор меѓу инволвираните; в) двете страни делегираат свои претставници кај медијаторот, кои во дипломатијата се нарекуваат „офицери за врска”. Како задолжен да предложи решение, со нивна помош, медијаторот комуницира со двете влади; г) преку нив, тој ги филтрира своите идеи и се обидува да дојде до предлог што би бил прифатлив и за двете страни; д) „офицерите за врска” (кај нас, тие добиваат решение од претседателот на државата да бидат негов – претставник), неговите замисли ги пренесуваат во сопствените министерства за надворешни работи и чекаат реакции. Кога ќе ги добијат, му ги ставаат на маса на медијаторот. И тука завршува нивната улога; ѓ) тој продолжува да ги крчка добиените реакции, сè додека не се појави нешто што може да го претвори во конкретен предлог... И, така, еве веќе 20 години.

Токму тоа се случува во Њујорк, што значи дека од преговори нема ниту „п”.

11. 2. Тие што упорно зборуваат за „преговори” и

„преговарачи”, би требало да објаснат – а) кој со кого преговара? б) дали офицерите за врска со Нимиц, или меѓу себе? Ако е и едното и другото, тоа е веќе некаква трилатерала, а не медијација; в) ако „преговарачите” веќе „преговараат”, што до сега „договориле”? г) ако тие „преговараат”, зошто тогаш Нимиц излегува со предлози кои се, обично, неприфатливи и за двете влади? Кој е одговорен за тоа? „Преговарачите”? Нимиц...? По логиката на нештата, ако некој за нешто преговара и дома донесе решение кое не соодветствува на интересите на земјата, тој мора веднаш да биде отповикан, а, ако треба, и казнет; д) ако „преговараат”, како е можно „преговарачите” да не знаат што ќе понуди Нимиц? Та, нели, тие „преговарале” и, се претпоставува дека нешто „договориле”? Како е можно да не знаат што „договориле”? Што мајка бара Нимиц да ги дезавуира, како „преговарачи”, со несоодветни предлози? ѓ) чии се тие предлози? Негови или нивни? Ако тие „преговарале”, мора да се нивни, а не се; е) за да се преговара на меѓународен план за што било, и најмалку важно, мора да се има претходно подготвена платформа за преговорите. Тоа е стара и ненадмината практика и обврска на секоја сериозна земја која влегува во таков процес. Инаку сè би било – неодговорно, непрофесионално и, во крајна линија – нелегално и штетно за земјата. Има ли такво нешто кај нас?...

Има уште прашања, но и овие се доволни да покажат дека корисниците на термините „преговори” и „преговарачи”, за процесот во Њујорк, само го покажуваат своето незнаење и ниско политичко и професионално ниво.

11. 2. 1. А дека сето тоа е токму така, еве ја и изјавата на Нимиц („Дневник”, 22 ноември 2012), дадена по средба во Њујорк: „Двете страни ја изразија својата подготвеност да се надмине спорот, верувам дека тоа не е само реторика.

Состојбата во регионот бара да се реши овој проблем.

Посредниците ќе ги пренесат овие идеи до своите влади, да видат дали можат да бидат корисни за да одиме напред”.

Зар не е сè јасно?

11. 3. И, да не забораваме, на Атина максимално и одговара користењето на овие термини бидејќи ја ставаат Македонија во подредена положба – дека преговара за сопственото име.

Повеќе околу ова во делот за Привремената спогодба.

11. 4. Евентуалните преговори, од друга страна, се разбира, доколку се успешни, на крајот од процесот имплицираат и потпишување договор меѓу двете страни, што, повторно, е спротивно на македонските интереси. За нас, случајот има мултилатерален карактер и третман, и таков треба да остане до крај. На Атина и` одговара спротивното – решението да се бара на меѓународен план, каде е таа неспоредливо појака, ама финалето да биде нејзино – да се потпише билатерален договор кој ќе ги валоризира нејзините интереси.