Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

America's Role in Macedonia's Troubled Journey to International Recognition (1991-2013), Second Edition

ВОВЕДНИ ЗАБЕЛЕШКИ

Од Ристо Никовски · Дел 2 од 27 · Околу 9 минути

Читај на English

ВОВЕДНИ ЗАБЕЛЕШКИ

1. Со голо око е видливо дека Албанците се главната целна група на американската политика на Балканот. Насилното разбивање на Србија и создавањето на втора албанска држава, Косово, тоа најдобро го потврдува и докажува.

Додека САД имаа потреба од лојален партнер, Албанците беа спремни да го решаваат своето национално прашање, околу кое, скоро неверојатно, тие имаат целосен консензус.

Распадот на Југославија го гледаа како можност сите да се обединат исправајќи ги, според нив, историските неправди, за што беа подготвени и да гинат. Така, големоалбанските аспирации одлично се вклопуваа во американските регионални планови, на почетокот за рушење на Милошевиќ, а потоа отвораа простор за промена на затекнатите (државни и политички) структури во нивна корист. Со учеството во создавањето на УЧК и нејзините тајни подготовки, САД отворија пат за директно влијание врз Албанците кои се во регионот по бројност повеќе од Црногорците, Македонците, Босанците и Хрватите, а помалку од Србите, Грците и Бугарите. Но – со највисок наталитет во Европа.

1. 1. Теоретски е невозможно американската политика кон Македонија и Косово да не биде интерактивна. Таа е детерминирана од високиот степен на комплементарност на нивните интереси во разните балкански земји. Македонија и Косово се дел од истата регионална политика која е така формулирана за да може максимално да ги искористи – а)

прекуграничната испреплетеност на народите; б)

историската недоверба и конфронтираност меѓу државите; в)

вековниот големоалбански сон; г) континуираните претензии спрема Македонија и Македонците и д) сето тоа комбинирано со длабоката поделеност меѓу Македонците...

2. Откако тоа ќе се апсолвира, станува неспорно и логично дека и УЧК и ОНА се дел од иста приказна. Откако Милошевиќ започна на најгруб начин да се справува со иредентизмот на Косово, Американците осетија дека имаат историска шанса за директен и длабок продор во регионот и услови за создавање нов стратегиски партнер и тоа го постигнаа. По распадот на Југославија, албанско- американските интереси максимално коинцидираа. Србите, традиционални албански противници, одеднаш станаа и современи – американски, благодарејќи на погрешните политики на Милошевиќ.

3. Американската одлучност, Косово да добие независност, што беше и реализирано, им донесе двојни поени – ем Милошевиќ (и Србија) беа казнети, ем Албанците ја постигнаа својата цел. Додека тој процес привршуваше, апетитите растеа. Се направи обид за отцепување и на Медвеѓе, Прешево и Бујановац од Србија. Тоа се три општини со претежно албанско население, кои за Албанците се источно Косово, а не јужна Србија. Тоа, сепак, не успеа.

Се покажа како преголем залак бидејќи навлегува во долината на Јужна Морава и од Србија одземаше дел од Коридорот 10, главната комуникациска врска на правецот Север-Југ.

4. По победата на Косово, природно и логично, следна дестинација на албанскиот експанзионизам, под американски патронат, беше Македонија. Така дојде до војната од 2001.

Процесот на решавање на „албанското национално прашање”, кој на Косово доживеа крајно неочекуван успех, не може ни теоретски да ја одмине Македонија. Всушност, сè започна со албанскиот бојкот на референдумот и Уставот, со „Илирида” и парaвојската... кои се случуваа во првите години на градењето на самостојна современа македонска држава. Тоа беа само најавите на сериозни политички земјотреси, кои набрзо ќе започнат.

4. 1. Оваа оценка воопшто не мора да се докажува бидејќи сме квалификувани сведоци на (секојдневни) настани кои тоа го потврдуваат. Зар некој не е свесен дека чекор по чекор, се кастрат корените на македонската држава? Теренот се освојува полека, макотрпно и неповратно. Исто како и на Косово. Врвот на овој процес беше војната од 2001-та година.

5. Според сите расположливи индикатори и факти, појавата на ОНА, и војната од 2001-та, се резултат на американските регионални комбинаторики. Тоа не значи дека и Албанците на Косово, по сопствената победа и врз основа на расположливите воени капацитети на УЧК, не развија такви сопствени апетити. Меѓутоа, во никој случај, тие ниту можеа, а уште помалку смееја сами да тргнат во македонска авантура во 2001-та, без јасна американска дозвола. Во конкретниов случај и – водство.

5. 1. За планерите во Вашингтон сигурно не било тешко да ги поврзат двете ексклузивни можности кои им се појавија – името на Македонија и големоалбанските стремежи – и, комбинирано, со напорите да се уништи Милошевиќ, да ги искористат нив за ширење на нивното влијание на Балканот.

По Втората светска војна, САД не беа тука нагласено присутни бидејќи: Албанија беше затворена и одбивна; СФРЈ балансираше меѓу Исток и Запад; Бугарија и Романија беа со СССР; Грција никогаш не им беше лојален сојузник...

5. 2. Ако отворањето на проблемот со името беше чиста иницијатива на Атина, без замешателство на Вашингтон, тогаш не е, ниту може да биде спорно дека САД веднаш ја зграпчија понудената шанса. Од самиот почеток, тие започнаа да го менаџираат процесот во согласност со сопствените регионални интереси. Заради максимализирање на можностите, на комплементарна основа, ги комбинираа секако и грчките интереси. Најдобар доказ дека го презедоа водењето на случајот многу рано е приемот на Македонија во ООН (1993) кој беше во режија на Вашингтон. Без активна улога на САД, никој друг од Советот за безбедност не можеше да ја игнорира Повелбата (Уставот) на светската организација; да наметне два нови, непредвидени услови за прием на Македонија; да и` го суспендира името и да и` наметне референција. Тоа е теоретски – невозможно.

6. Првиот американски амбасадор, Кристофер Хил, дојде во Скопје (на почетокот на јули, 1996), цели четири години по неговите колеги кои, уште во август 1992 година, беа испратени во Загреб, Љубљана и Сараево. Предолго Македонија беше заборавена, непризната и оставена на цедило од Вашингтон. Се разбира, не случајно. Тоа го диктираа нивните геополитички интереси на Балканот.

Хил дојде во периодот кога војните завршија, но се подготвуваше косовската епизода која ќе доведе до суштински геополитички промени во регионот. Неговото доаѓање, можеби, не треба директно да се поврзува со тој настан, меѓутоа, не треба ни да се отфрла таквата врска. Тоа треба да се истражува бидејќи е неспорен факт дека во клучните години – 1998/99, додека беше амбасадор во Скопје, тој беше и специјален пратеник за Косово! Тоа е времето кога централниот американски интерес, во овој дел од светот, беше фокусиран токму таму. Тогаш се веќе во полн ек регрутациите и тренинзите на УЧК, кои ќе доведат до војната во 1999-та. Таа ќе ја смени картата на јужниот дел од Балканот и ќе ја доведе Македонија во исклучително тешка позиција.

6. 1. „Дружењето” на Хил со Албанците датира, сепак, од порано. На почетокот на 1990-те, во најдраматичните години на распадот на енверизмот во Албанија, Хил бил втор човек во Амбасадата, во Тирана и – сива еминенција. Според кажувањата на врвни тамошни политичари, токму Хил бил мајсторот зад сцена кој го донел Бериша на власт.

Хил бил вклучен и во конференцијата во Рамбуе (заедно со Рикер!), кога беше направено сè Србија да не го потпише спремениот договор со Косово.

Легендарниот Хенри Кисинџер, за тој настан, вели: „Текстот на договорот од Рамбуе, кој бараше од Србија да дозволи трупите на НАТО да можат да се шетаат низ земјата, беше провокација, која требаше да го отвори патот за бомбардирањето. Тоа беше страшен дипломатски документ, каков не смее никогаш повеќе да биде презентиран во таква форма”!

6. 2. Хил е од кругот на американски амбасадори кои се испраќаат во кризни жаришта. По Македонија, прво беше амбасадор во Полска (на заслужен одмор!) а потоа во Јужна Кореја, да го решава тамошниот жежок проблем. Следното именување му беше амбасадор во нестабилниот Ирак, каде секојдневно гинат десетици лица.

Хил беше ангажиран и како заменик на познатиот американски булдожер, Холбрук, во подготовките и потпишувањето на Дејтонскиот договор за БиХ. Може да се заклучи дека тој беше врвно квалификуван за настаните во и околу Македонија, кои ќе следат.

7. Ова е само мал, почетен обид да се фрли светло врз вистинските политики кои САД ги спроведуваат кон Македонија, сите овие години на самостојност.

8. САД не се само единствена суперсила. Тоа е импресивно општество на врвни креации и иновации кое достигнува до вчера назамисливи дострели во развојот на информатичката и други технологии, и кое доминира во светот со својата филмска и музичка продукција, од каде доаѓаат врвни литерарни, ликовни и други дела...

Преку систем на конкуренција и натпревар, САД создадоа динамично општество кое врши извонредна селекција на квалитет и овозможува, во секоја област, најдобрите да дојдат до израз. Сето тоа се финализира со висока креативност. Тоа е навистина водечка држава во светот, во скоро сите сфери на живеење, која инспирира и заслужува исхрен восхит. Никој не им е ниту блиску. По многу нешта, САД се недостижен пример за сите други.

9. Неспорно е и дека во овие 20-ина години самостојност, по разни основи, САД и` доделија на Македонија голема помош која најверојатно значајно надминува милијарда долари. Таа практика продолжува и понатаму. Финансирани се бројни, исклучително значајни проекти за земјата. Тоа мора највисоко да го цениме и почитуваме.

10. Токму затоа, оваа анализа нема никаков антиамерикански карактер. Во прашање е само обид, на што пообјективен начин, да се расчлени односот на САД кон Македонија. Факт е дека во дипломатијата тие никогаш не биле безгрешни.

Напротив. Впрочем, во надворешната политика на земја како САД, такво нешто, веројатно, и не е возможно.

11. Директната помош која и` ја даваат на Македонија воопшто не ја менува суштината на нивниот политички однос кон неа, иако тоа може да звучи контроверзно.

Помошта има поширока цел. Прво, со неа се шири угледот на САД и се создава слика на „пријателски” однос. Второ, преку неа најдлабоко се продира во разни сегменти на општеството. Трето, дел од тие што имаат директна корист од помошта, стануваат и нивни силни поддржувачи. Четврто, голем дел од помошта ја „јадат” нивни експерти кои доаѓаат наменски за да ја реализираат. Петто, сè што е вложено, трајно останува и претставува основа за продолжено влијание, без оглед каква ќе биде судбината на земјата и што ќе остане од неа...

Значи, на некој начин, помошта е комплементарна и со политиката која САД ја водат кон Македонија бидејќи помага да се постигнат бројни погодности и – сериозно ги замаглува нивните вистински чекори.