Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

America's Role in Macedonia's Troubled Journey to International Recognition (1991-2013), Second Edition

I - РАСПАДОТ НА ЈУГОСЛАВИЈА И СОСТОЈБИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Од Ристо Никовски · Дел 3 од 27 · Околу 14 минути

Читај на English

I - РАСПАДОТ НА ЈУГОСЛАВИЈА И СОСТОЈБИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА

1. Во рамките на југословенската федерација, Македонија беше на маргините. Вината за тоа беше кај нас самите, не во Белград. Толкави ни беа капацитетите. Бевме поголеми Jугословени од сите и (свесно) ја запоставувавме македонштината. Читавме „Политика”, гледавме ТВ Загреб...

Критикувавме и се срамевме од сè наше. Впрочем, и денес купуваме главно увозни производи. Домашните не ни се доволно добри. Значи, заслужуваме подобро и поквалитетно од тоа што самите можеме да го направиме!

2. Немавме искуство во водење држава бидејќи во федерацијата многу не се мешавме. Дома немавме ниту институти кои посериозно и продлабочено би се занимавале со геостратегиски прашања од политиката, економијата, дипломатијата, безбедноста... Другите имаа. Во нив се градат експерти. Специјалисти не се создаваа веројатно според македонската практика на небранување, љубомора и пизма.

Никој не сакаше попаметни од себе. Кадровската политика беше партиска, а не државна, а клучен критериум беше лојалноста, не квалитетот... Слично беше и кај другите, но ние бевме – „најдисциплинирани”.

3. Распадот на СФРЈ нè затекна целосно неподготвени и изненадени, дури и кога беше јасно дека процесот е иреверзибилен. Словенците, на пример, веќе подолго време имаа разработени планови за постјугословенскиот период.

Заедно со Хрватска предлагаа конфедеративно уредување...

Последни во сè, според традицијата, во Македонија никој не беше свесен што (ни) се случува. Не се согледуваше дека дезинтеграцијата на федерацијата е започната и напредната, та дури и кога веќе беше јасно дека е – неизбежна.

4. Тогашното раководство немаше капацитети да сфати дека иднината лежи во целосно независна македонска држава. За разлика од другите републики, ништо не се преземаше за по распадот. Навикнати да не се мешаат и во суштински работи на заедничката држава, политичките првенци на Македонија не ни помислуваа дека треба да го менаџираат процесот.

Институциите, кои мораа да преземаат бројни чекори за што побезболно одвојување од заедничката држава – не беа за такво нешто ни информирани, камоли подготвени. Граѓаните уште помалку. Огромниот дел не ни претпоставуваше што нè чека. За официјалната пропаганда, Југославија предолго беше нешто неприкосновено.

5. Расплетот се одвиваше пребрзо за да може кај нас да се разбере, камоли да се следи. Поранешниот систем не изгради ниту повеќе искусни политичари, камоли државници, веројатно како резултат на зависта. Среќна околност беше што од Белград се врати Киро Глигоров, кој долги години помина блиску до Тито, еден од политичките гении на 20-от век. Ако не беше тој, кој друг можеше да го земе кормилото и да го води македонскиот брод низ бурите кои започнуваа?

Или, попрецизно – секое друго решение ќе беше поризично за иднината на земјата. Не дека тој беше безгрешен.

Денес му се префрла дека предолго работел на зачувување на Југославија и дека со Изетбеговиќ останале последните мускетари на таа линија. Во тоа има одредена вистина. Точно е и дека референдумското прашање, на 8 септември 1991, беше двосмислено. Меѓутоа, дека Глигоров бил за независна македонска држава не мора да се докажува. Како таков тој бил жигосан уште за време на Втората светска војна кога, преку АНОК, се залагал за самостојна Македонија.

5. 1. Во прашање беше мудра тактика. Свесен за опасностите кои се надвиснуваа над македонската држава, Глигоров беше максимално внимателен при распаѓањето на Југославија.

Покрај целосната неподготвеност на политичарите и народот за крајот на федерацијата, кои ги затекна тука, тој се соочи и со значајните воени капацитети на ЈНА (која веќе беше српска војска) стационирани во земјата. На сигнал од Белград, за само неколку часа, војската можеше да ја земе власта во свои раце и да диктира што понатаму.

Меѓународната заедница ќе кренеше малку врева, ќе го осудеше чинот и, главно – толку. Глигоров ги знаеше намерите на Милошевиќ. Денес се општо познати неговите разговори со Мицотакис и Самарас за поделба на Македонија. Сето тоа потврдува дека стравот и воздржаноста на Глигоров беа основани. Реагираа и САД, кои точно поради опасноста која доаѓаше од Србија испратија неколку стотини свои војници во УНПРЕДЕП, во декември 1992 година. Целта на таа интервенција не беше да и се помогне на Македонија, туку таа да не падне во српски раце. Тоа би го довело во прашање големоалбанскиот проект.

5. 2. Има мислења на добри познавачи на тогашните состојби според кои идејата за повикување на овие трупи била на – Глигоров. Тие тврдат дека Изетбеговиќ прв ги барал, но во ООН ја игнорирале иницијативата. И, откако таму започнала војната, за да не се повтори грешката, Глигоров го послушале. Сепак, тешко е да се верува дека САД (ООН е само капа на операцијата која е целосно американска) чекале ние да се јавиме за тие веднаш да испратат свои војници во Македонија? Од каде, впрочем, Глигоров можел да има тајни информации за непосредна опасност од Србија, а Вашингтон да ги нема? Неспорно е дека трупите беа испратени на барање на Глигоров бидејќи без тоа мисијата би била невозможна. Меѓутоа, многу е поверојатно дека Глигоров постапил врз основа на американски инструкции. Мисијата беше секако корисна за земјата.

Од друга страна, какви трупи можел да бара Изетбеговиќ, и каде би ги распоредил? Околу Сараево? Што би постигнал со тоа? Војната таму се водеше на целата територија. Впрочем, и евентуалното доаѓање на вакви сили, повикани без согласност на Србите, само би биле уште една нова, додатна искра за заострување на непријателствата.

5. 3. Кога подлабоко ќе се анализираат потезите на Глигоров, во периодот 1991-1995, лесно ќе се увиди дека клучот на неговата политика беше изјавата која ја дал во Крањ, на 11 април 1991, по средбата на претседателите на југословенските републики („Нова Македонија”, 16 јули 2012, „Претседателот Глигоров и потпретседателот Георгиевски”). Рекол: „Македонија е заинтересирана за живот во југословенската заедница, но ако некоја република се отцепи, ние нема да останеме во остатокот на Федерацијата”. Можеби некои од неговата близина не го делеа тоа мислење и сметаа дека Македонија мора да остане со Србија, но Глигоров беше прецизен – или цела федерација или без нас.

5. 4. Голема мудрост и државништво се крие во неговата мисла. Значи, ние не сме носители на распадот на федерацијата, ама, еден ли замине, ние сме вториот. Така, Србија немаше аргумент да преземе што било против Македонија, која, да не забораваме, ја доби со Букурешкиот договор во 1913 година. Да се потсетиме и дека Србија никогаш немаше да се откаже од својот букурешки „плен”, и да дозволи создавање на современа македонска држава, ако на власт во 1944 година не беа комунистите. Тоа единствено беше можно поради нивната идеологија базирана на пролетерскиот интернационализам. Тој чин мора високо да се почитува бидејќи Србија прифати делумна ревизија на Букурешкиот договор, во корист на Македонија.

Случајот со Србија покажува и потврдува дека согласност на другата заинтересирана страна е единствен начин за промена на Букурешкиот договор. Колку е тоа можно во случај кога отспротива на Македонија се Бугарија и Грција, не треба да се објаснува.

5. 5. Секако е важно дека и Тито беше приврзаник на федерација од шест републики, значи и со македонска држава. Таа политика е формулирана на Второто заседание на АВНОЈ, на 29 ноември 1943 година и е зародишот на современата македонска држава. Тој датум мора да се одбележува на соодветен начин.

Мотивот на Тито да поддржува создавање македонска држава не е познат. Веројатно, тој произлегувал од стравот дека Србија и како најголема во идната федерација, и како главен носител на партизанското војување, би била прејака, и предоминантна, што би можело да го доведува во прашање нејзиното нормално функционирање. За нас, причините воопшто не се важни. Клучна е спремноста, вековните заложби на македонскиот народ да бидат финализирани во сопствена држава. Откако ќе поминат овие невремиња на игнорирање на македонскиот народ, и ќе се фрлат на буниште „тезите” дека сме „Титова измислица”, македонскиот народ ќе мора да му се оддолжи на маршалот со соодветен споменик или нешто слично.

5. 6. Поаѓајќи од горните факти, мораме да се прашаме – во случај Македонија да се појавеше како носител на распадот на Југославија, рамо до рамо со Словенија и Хрватска, дали Србија немаше да интервенира и да се повикува дури и на Букурешт, и на Версај, и да си го бара назад ова парче земја?

Тоа, можеби, и не би било до крај легално, ама, откако војската би ја земала контролата и би формирала квислиншка влада во Скопје, со соодветна политика... Кај би ни бил тогаш крајот?

5. 7. Истото значење го имаше и контроверзното референдумско прашање, кое не можеше да го поттикнува Белград за каква било акција. Глигоров беше доследен.

Пораката беше иста – остануваме заинтересирани за Југославија, но, нели, цела. А тогаш беше сосема јасно дека таква – веќе нема да ја има. Главната порака на Глигоров беше дека Македонија не го води орото и не е против Србија.

5. 8. Толкувањата дека преку соработката со Изетбеговиќ и со референдумското прашање, Глигоров на прво место ја ставал Југославија, а (дури!) на второ независна Македонија се чиста манипулација. Овие два клучни потега на Глигоров, во драматичниот период на распадот на федерацијата, во никој случај не ги симболизираат неговите и државните приоритети. Во прашање е класичен и врвен прагматизам. Да се избегне конфронтација и војна и да се постигне целта, а цената да не биде превисока. Глигоров тоа и го постигна.

5. 9. Во тој критичен период, Милошевиќ направи се Словенија да си отиде од Југославија. Но сама, без Хрватска.

По кратката војна ја повлече ЈНА од таму и на Љубљана и` даде одврзани раце за отцепување. За разлика од Хрватска, БиХ, Црна Гора, па и Македонија – таму немаше Срби на кои можеше да смета. Преземените чекори на Глигоров добиваат вистинска димензија кога се знае дека Словенија и Хрватска беа решени да му се спротивстават на Милошевиќ, да не ја прифатат Србославија и да се одвојат. Така, без непотребно експонирање и ризик, Македонија ќе ја постигне целта.

Можеби Глигоров не знаеше да блефира. Можеби никогаш не играл покер, но имаше истенчен, државнички нерв за политиката и, во огромен процент, потезите кои ги влечеше на надворешнополитички план, во критичниот период од 1991 до 1995 година, беа апсолутно во корист на Македонија.

6. Од денешен аспект, можеме да оценуваме дека македонската надворешна политика, во периодот 1991-1993, сепак, предолго играше на картата на Југославија и премногу се грижеше за војните во поранешните ју-републики.

Меѓутоа, во дадените услови, воопшто не беше возможно, камоли лесно, да се оцени до кога и колку да се тактизира.

Кога да се заостри политиката, а кога да се проголта по некоја кнедла. Одредено оправдување за таквото однесување е фактот дека беше реална опасноста од прелевање на судирите и кај нас, а, покрај тоа, и свеста дека и Албанците настојуваат да го искористат хаосот „интегрално” да го решат националното прашање. Сето тоа налагаше максимална воздржаност и внимателност при секој политички потег.

Додатна причина за таквото однесување, во голема мера, беше и неспремноста на меѓународниот фактор да ја признае земјата. Место целосна поддршка за мирољубивата политика, светот долго ја држеше Македонија во одредена изолација и без вистински маневарски простор. Фактите и аргументите кои се овде наброени недвосмислено покажуваат дека носител на таа политика беа и остануваат – САД.

6. 1. Ние можеме и денес да спориме дали поенергичен пристап околу распадот на федерацијата ќе ја зајакнеше позицијата на земјата, а некакво тропање на маса ќе го забрзаше процесот на нејзино признавање. Со тоа, само ќе го продлабочуваме јазот кој постојано, меѓусебно, нè дели.

Единствено што со сигурност може да се заклучи е дека преголемата кооперативност, демонстрирана кон меѓународната заедница, во менаџирањето на постјугословенската криза, во периодот 1991-1993, не ни донесе никакви резултати. Се покажа крајно непродуктивна.

6. 2. Во целина, сепак, мора да се признае дека тактизирањето на Глигоров во водењето на надворешната политика, која тие години целосно беше во негови раце, сигурно многу придонесе Македонија да не се дестабилизира, ниту од надвор, ниту од внатре, и да не стане нечиј плен. Ги избегна сите Сцили и Харибди на патот кон независноста и го зачува мирот во куќата, што беше, сепак, најважно. Тој негов придонес историјата сигурно високо ќе го вреднува.

7. На надворешен план, како единствена тогашна сериозна грешка може да се оцени толерирањето на долгата грчка блокада на јужната граница, без да се возврати на ист начин.

Додека тие не пропуштаа никаква македонска стока, грчките слободно транзитираа низ Македонија. Беа побарани податоци од МВР кои, според сеќавањата, покажуваа дека преку 100 шлепери и преку 200 вагони (можеби беше и обратно, што не ја менува поентата), секој ден возеа кон и од Грција преку нашата земја. Во прашање беа сериозни количини стока. Ако ги запревме, ќе настанеше скандал и, многу веројатно, забрзано ќе се бараше решение. Така, ќе се избегнеа огромни штети на стопанството. Дали така и ќе се случеше, со сигурност не може да се тврди. Сепак, држи логиката – ако покажевме заби, поинаку ќе нè третираа.

Поточно, ако и другата страна имаше загуби, ќе имаше интерес побргу да се најде излез.

Неспорно е дека нашето нереципроцитетно однесување им овозможи комотност која максимално ја искористија. Тоа нас прескапо нè чинеше. Меѓутоа, тоа целосно се вклопуваше во стилот на политиката на нагласена толеранција, која ја спроведуваше Глигоров и која, мора да се признае, се покажа како успешна бидејќи државата опстана, а очекувањата таа да се распадне не беа воопшто за потценување.

Таквото однесување на Македонија не беше валоризирано од меѓународниот фактор поради други, геополитички интереси, пред сè на САД (името, народот...)

8. На почетокот на критичните 1990. години, од водечката македонска гарнитура, единствено уште Стојан Андов имаше некакво политичко педигре. Долги години тој беше министер во Белград и имаше можности да учи. Имаше и други политичари од „старата школа”, кои можеа да помогнат, но некои не беа во игра, а други си останаа во Белград. Сè друго беше неискусно. На првите двајца премиери (освен Никола Кљусев, кој водеше техничка влада), кои беа под или на 30-годишна возраст, тоа им беше речиси и прво вработување! Место приправници, што би биле во секое нормално општество, тие се зафатија да водат државата! И тоа земја која беше соочена со широк спектар нерешливи проблеми. Резултатите се видливи...

9. Федерацијата ја снемуваше, а Македонија мораше да тактизира. Референдумот за независност даде одличен резултат, иако се одржа во услови на недоволна информираност на луѓето. Крајно негативно беше што Албанците го бојкотираа и него, како и гласањето за новиот Устав во Собранието, кој, треба да се признае, имаше и недостатоци. Дел од населението не ги преземаше своите обврски кон државата и задржуваше други опции за својата иднина. Тоа беа првите силни индикатори дека нема да биде лесно градењето на независноста. Намерите и плановите на меѓународните фактори, ниту за земјата, а уште помалку за регионот, не ни беа познати, а тоа не дозволуваше да се согледуваат опасностите на кои неподготвено се налетуваше.

За жал, на тој план, и денес ситуацијата не е многу подобра.

9. 1. Анализирајќи го овој период од најновата македонска историја, особено внимание заслужува фактот дека Албанците ги бојкотираа и референдумот за независност и донесувањето на Уставот. Таквиот однос не можеше да биде ниту случаен, ниту наивен, а најмалку автохтон. Особено кога се знае дека следеа и референдумот за некаква „Илирида”, обидите да се формира албанска паравојска...

Сите тие настани мора да се дел од исто сценарио.

Стратегиските планери во западните метрополи, особено кај главната светска сила, реализирајќи ги своите редовни задачи, сигурно цело време разработувале и опции за посакуваниот расплет во Македонија. И, логично, со сите капацитети настојувале да влијаат на процесите кои беа во тек, во согласност со сопствените долгорочни интереси.

Тајните служби, и не само тие, беа максимално ангажирани во земјата. За да се постигне целта, пари сигурно не се штеделе. Денес (2013), многу работи се веќе неспорни.

Добар дел од мозаикот е познат.

Објективно, македонските Албанци немаа(т) ниту аналитика, ниту планирање од геостратегиски калибар кои, последователно, би продуцирале такви, очигледно, координирани чекори. Не треба да има никакви дилеми дека ваквиот нивни однос кон македонската држава беше дел од поширока, меѓународна логистика, која тие подолго време ја користат. Разбивањето на Србија и независноста на Косово тоа доволно го потврдуваат.

9. 2. Сега, на крајот на 2013, се појавуваат информации дека САД, се разбира супертајно, на Косово биле присутнии и за време на Југославија. Според расположливите извори, поводот бил да се следи и, по можност, да се влијае врз ситуацијата во Албанија. Ако е тоа точно, дека веќе биле на Косово, тогаш останува отворено и прашањето за американското учество во настаните кои започнаа да се одвиваат таму во 1960-те години. Сите случувања, кои финализираа со неговата независност, преку демонстрации и измислени труења на ученици, кои имаа неверојатен пропаганден ефект низ целиот свет, објективно, не беа можни без странска „помош”. Дали САД беа инволвирани во „Косовскиот проект” уште од самиот почеток, пред 50-ина години, допрва треба да се истражува.

Читајте понатаму.