XI - ЗАКЛУЧНИ СОГЛЕДБИ - Part 01
XI - ЗАКЛУЧНИ СОГЛЕДБИ
1. Непростиво е што и по 20 години немаме одговор кои се причините за оваа, со ништо непредизвикана, неприфатлива политика на САД кон Македонија. Зошто, повторно го отворија „македонското прашање”? Зошто не презедоа ништо да се прекине илегалната грчка блокада на границата, која ја уништуваше Македонија, а траеше скоро две години?
Зошто молчеа? Како беше можно Вашингтон да не реагира на неприфатливиот однос на тогашна ЕЗ која го игнорираше предлогот на т.н. „Бадентерова комисија” за Македонија, а целосно застанаа на страна на БиХ, која не исполнуваше ни-какви услови за признавање? Или, зошто ја толерираа бесмислената декларација на ЕЗ од Лисабон, од 1992 година, со која ни се забрануваше да го користиме зборот/името
„Македонија”?...
Квалификувано може да се заклучи дека, сите овие години, објективно, на стратегиски план, САД нема ништо направено во корист на Македонија. Освен, можеби, на почетокот од 1990-те, кога со испраќањето на војници, со УНПРЕДЕП, демонстрираа некаков интерес за нашата земја. Но, и тоа, повторно и пред сè, беше поради нивни (и албански!)
интереси. Целта беше да ги спречат намерите на Милошевиќ да влезе во Македонија, а не за да ја зајакнат безбедноста на земјата. Друго, позитивно – нема.
1. 1. Истражувањето на американската политика кон Македонија мораше одамна да се направи бидејќи не беше логично, единствената југорепублика која се однесуваше мирољубиво во распадот, да ја остават на цедило, место да ја наградат и да и` помогнат политички и економски да се стабилизира. Како беше можно, впрочем, да го дозволат, ако веќе не го раководеа пресвртот во Букурешт, во 2008, кој донесе блокада, ултиматум и уцена за Македонија?...
1. 2. Прашањето може да биде и обратно: дали и каде згреши Македонија за да предизвика такви политики кон неа?
Случајот со Србија и Милошевиќ е неспорен: по многу нешта, тие самите си го бараа тоа што се случи. Но, Македонија...? Одговорот е едноставен – што и да направеше земјата, ништо немаше да биде поинаку. Пак ќе беше во иста или многу слична позиција бидејќи намерите на единствената светска суперсила се покажаа цврсти, одлучни и спремни сè да газат за да ја постигнат целта. Поинаку можеше да биде единствено ако земјата рано прифатеше прекрстување, понижување и откажување од идентитетот на сопствениот народ. Во прашање се американските геополитички регионални интереси, на кои и многу поголеми и посилни држави од Македонија – не би можеле да влијаат. Се работи за висока политика која не есапи мали држави, како Македонија, во која тие немаат никаква улога.
2. Сепак, никогаш не е доцна. Иако со големо задоцнување, ова е само едно од првите настојувања да се стават на увид вистинските политики кои САД ги водат кон Македонија, по распадот на федерацијата. Намерата е да се провоцираат уште бројни, продлабочени анализи сè со цел да им се посочат грешките на креаторите на американската балканска политика. Биле тие во Стејт департментот, биле во други релевантни институции. Тие треба да се соочат со вистинските состојби во Македонија и регионот, гледани од објективен, локален, а не глобален аспект. Големите, како САД, имаат доблест на вистината да и` погледаат во очи. Тоа е, впрочем, и во нивни интерес. Прагматизмот, кој беше и останува нивна јака страна, треба да реагира и во оваа ситуација.
3. Генерално, согледувањата, констатациите и оценките дадени во текстот се изведени врз цврсти факти, но се потребни понатамошни истражувања и конечни заклучоци.
Само така може да се состави сеопфатен мозаик на американската стратегија и политика кон земјата и регионот.
Во политиката, можни се погрешни проценки бидејќи не секогаш можат до крај да се согледаат вистинските намери.
Често, има скриени цели, кои лесно не се детектираат и можат да наметнат погрешни заклучоци. И во конкретниов случај тоа не е исклучено, но, за жал, судејќи според сите елементи, можни се само благи нијанси – без поголемо влијание врз овде констатираното.
4. Веќе елабориравме дека американската политика спрема Македонија e дел од нивните интереси на Балканот, кои ги реализираат преку албанскиот фактор. Tоа, неизбежно, го доведува во прашање територијалниот интегритет на Македонија. Исто како и во случајот со Србија, само со потешки последици (во прашање се доведува многу поголем процент од територијата на државата). Апетитите на Албанците, зад кои отворено стојат САД, не можат да се задоволат, а Македонија да остане непипната. А процесот на остварување на албанските аспирации, е започнат и – напреднат. По многу нешта, тој е иреверзибилен.
4. 1. Покрај недовербата во Словените, партнерството кое САД го градат со Албанците е веројатно резултат и на фактот дека тие не ги сметаат Македонците за партнер кој гарантира стабилност и просперитет на земјата и регионот бидејќи се традиционално раскарани и поделени. Плус, кај нас е и албанскиот фактор, дел од кој има сопствени намери.
Истовремено, неспорно е дека сите Албанци покажуваат нагласена лојалност кон САД, спремност да ги удоволат сите нивни барања и максимално се единствени во одлучноста да го решат националното прашање. Тоа е основата врз која е извршен американскиот избор.
4. 1. 1. Од друга страна, и сите соседи имаат проблеми со Македонија и Македонците! Не обратно. Вината е кај нив, не е кај нас. Освен, можеби фактот што – постоиме како народ, што сме тука, на оваа територија, и што сме тоа што сме!
Резултатот е поразителен: иако со ништо не придонесуваме, туку се браниме од туѓите аспирации и агресии, мнозина нè сметаат како директна пречка за средување на состојбите во регионот и решавање на поголем дел од отворените прашања. Тоа е историско наследство со кое мораме да живееме, со сите последици кои од тоа произлегуваат.
Македонија апсолутно нема свој придонес во недобрососедските односи кои владеат во нејзината околина или е тој минимален и е резултат на одбранбениот инстинкт, кој никој не може да го оспори. Таа е само обична жртва, а не придизвикувач на споровите кои објективно постојат.
Причината за овие состојби можеби ја дефинирал дамнешниот српски премиер Никола Пашиќ кој, според Јамбаев Михаил Леонидович („Вооружениот конфликт 2001 во Македонија и развој на политичката ситуација во земјата”), рекол: „Историјата покажува дека тој што ја има Македонија, секогаш бил прв на Балканот”.
4. 2. Според бројни индикатори, во реализација на американската политика на Балканот, сериозна улога имаат и лидерите на Албанците во Македонија. Сè започна со војната во 2001-та, кога, преку силата на оружјето, во Македонија беа донесени нови, радикални албански лидери. Ако Ахмети и неговите тогаш беа американски пулени, ангажирани за реализација на нивните регионални интереси, а факт е дека беа, зошто денеска тие би се однесувале поинаку? Зошто тие денес би ги игнорирале американските аспирации, и во земјата, и во регионот? Можат ли Ахмети и другите команданти да бидат неблагодарни за сè што добија од своите американски партнери, кои и ги доведоа на власт?
Можат ли тие да ги заборават своите мецени, кои ја осмислија и реализираа војната во 2001-та, и поради своите интереси, но и во корист на албанската кауза, во која токму тие најмногу ќарија? Нема никаква објективна причина за такво нешто. Напротив.
4. 3. Не треба да има никакви дилеми дека и во новите услови, соработката и координацијата од 2001-та, продолжуваат со полн капацитет. Така, отворено мораме да се запрашаме – дали е воопшто можно, евидентниот недостаток на лојалност кон Македонија, кој така често се манифестира од страна на одредени албански лидери во земјава, дури и неприкриено во последно време, да е без американски благослов? Или, дали се тие стимулирани да играат улога на тројански коњ, на сметка на Македонците?
Одговорите се јасни.
4. 4. Тоа е така бидејќи природен противник и на едните, и на другите, за финализирање на нивните големоалбански планови е – Македонија. Само преку неа можат да го завршат тоа што го започнаа во 1999 на Косово, и го продолжија во 2001-та, прецизирано во првите пет соопштенија на ОНА.
Ќе наведеме само најсвежи примери кои го потврдуваат горното:
- министерот за одбрана, Фатмир Бесими, надвор од сите пропишани процедури, самоволно и неовластено, во придружба од неколку униформирани лица од неговиот кабинет, потпретседател на Владата и други државни фукнционери и партиски лица на ДУИ, сите Албанци, им одаде официјална почит, во име на државата, на загинатите од ОНА, пред споменик во село Слупчане, тврдејќи дека е тоа чин на помирување. Американскиот амбасадор, Пол Волерс, веднаш јавно го поддржа министерот и ги користеше истите зборови како и тој, во своето оправдување за инцидентот. Истото тоа го повтори и Рикер кој „ги поздрави пораките на Бесими за помирување кое никогаш не е лесно”;
- на почетокот на школската година, во неколку основни училишта, но и на Тетовскиот универзитет, се свиреше албанската место македонската химна („Обвинителот се заканува, химната си ечи”, „Дневник”, 21 септември 2012).
Волерс не реагираше, и покрај големото незадоволство во медиумите;
- на конференција на универзитетот „Џон Хопкинс” во САД, Муса Џафери зборувал дека иднината на Македонија е во федерализација („Интеграцијата во сенка на федерализацијата”, „Граѓански”, 13 октомври 2012). Од САД
– молк, а тој беше таму поканет токму од нив. А, преку Охридскиот договор, САД го гарантираа унитарниот карактер на државата. Дали тоа значи дека САД и оваа гаранција ќе ја третираат исто како и обврската на Грција да не нè попречува на патот кон НАТО и ЕУ? Исто како и Охридскиот договор, тие ја подготвија и Привремената спогодба. Нејзиниот третман покажува дека САД ја есапат сè додека е таа во корист на другата страна. Штом станува поволна за Македонија, ја игнорираат. Зошто треба да веруваме дека поинаку ќе се однесуваат кон договорот од Охрид?
- истиот Џафери иницираше „одржување на национален конгрес на градоначалниците – Албанци, од Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора”!?! („Муса Џафери ќе ги собира балканските градоначалници – Албанци”, „Нова Македонија”, 30 јануари 2012);
- општината Чаир нелегално ги прекрсти училиштата во Чаир. Волерс, се разбира, не се меша. Уште со новата административна поделба на Македонија, и спречувањето успешен референдум против неа (со делумно признавање на името), покажаа и докажаа дека албанизацијата на земјава е нивниот план Б. Дека тоа се вклучува во нивните намери и планови;
- на националистичко дивеење на албанските навивачи, на кошаркарски натпревар, присутен бил претходниот амбасадор, Рикер, заедно со највисоки албански политичари.
Не реагирал(е). Си гледал(е) сеир;
- на свеченост во Воената академија министерот за одбрана, Бесими, на питомците им се обратил и на албански, иако началникот на ГШ, Котески, го предупредувал дека службен јазик на Македонија е македонскиот јазик. („Бесими на питомците им се обрати на албански јазик”, „Нова Македонија”, 2 октомври 2012);
- Беким Фазлиу, кандидат за градоначалник на Скопје од ДПА, изјавил: „По нашата победа нема да дозволиме во албанските населби да се слуша ‘Македонско девојче’”!
(„Република”, 7 декември 2012);
- Зијадин Зела, кандидат на ДПА за градоначалник на Струга: „Гласајте масовно за да го бетонираме фактот дека Струга е албанска” („Република”, 12 април 2013);
- еве и неколку изјави на лидерот на ДПА, Мендух Тачи:
„Македонија е вештачка земја, ‘држава експеримент’ и добро би било Албанците да живеат во една држава” („Нашиот и косовскиот Тачи на иста линија за Голема Албанија”, „Дневник”, 19 март 2012); тој ги повика „Албанија и Косово да ги сопрат насилствата врз Албанците во Македонија” („Тачи бара меѓународна интервенција”, „Дневник”, 10 март 2012); во интервју за „Дневник” („Предавници се тетовските Албанци што гласаа за Ахмети”, од 17 мај 2013) тој вели:
„Да бидам искрен. Не сакаме да живееме во Македонија, сакаме во друга држава. Но отворено ни имаат кажано дека нема шанси за таков сон”! (Ова може да изгледа контрадикторно, но не е. Прво, што мислите, кој им го кажал тоа? Исланд? Или Норвешка?... Второ, и од оваа анализа е јасно дека целта на Вашингтон е рушење на Македонија однатре. Значи, сонот останува, но реализацијата ќе биде нешто подолга и целта ќе се постигне на поинаков начин отколку што се замислуваше со планирањето на 2001-та.
Насилното менување на границите веќе е преризично.
Посебно кога е Македонија во прашање);
- во рамките на прославата на 100-годишнината на Албанија, во Радуша беше откриен споменик на Адем Јашари, припадник на ОВК од Косово, кој нема никаква врска со Македонија („Адем Јашари се крена во Радуша”, „Дневник”,
19 ноември 2012);
- Бериша иницираше формирање фудбалска лига на албански клубови од балканските земји, која ја поткрепи „граѓанското” движење „Разбуди се” („Албанската фудбалска лига е само маркетинг на Бериша”, „Дневник”, 8 јануари 2013)...
Овие и многу други примери го покажуваат правиот лик на американската политика и врската со домашните политичари. Ги поддржуваат сите чекори на Албанците кои ја поткопуваат и рушат земјата... За возврат, потпишуваат документи во кои македонскиот јазик станува „државен”...
Премногу „случајности” и „коинциденции” за да останеме наивни и слепи.
4. 5. Светски познатиот албански писател, Исмаил Кадаре, кога бил обвинет во печатот дека бил антивлашки расположен, дури и расист, реагирал во весникот „Шекули”, на 10 ноември 2003. Оценил дека е тоа „вулгарна провокација” и потсетил дека почитувањето на етничките малцинства е еден од основните европски принципи. Ама, и нагласил дека „лојалноста на малцинствата кон земјата каде живеат е неопходна и, доколку истата отсуствува, треба да чукне камбаната на алармот”.
Кај нас, не се читаат „препораките” на Кадаре.
5. Од друга страна, покрај нагласениот и клучен проалбански сегмент во американската политика, Вашингтон агресивно бара да се договориме со Грција, без да каже какво решение е прифатливо за нив? Впрочем, во Вашингтон подобро од нас знаат дека на Грција и` пречи народот македонски, а името е само покритие за вистинските цели. Ако тоа веќе го знаат, а го знаат, зошто се однесуваат како да се работи за нешто формално и неважно, а не за опстојот на еден народ?
Никогаш не стана до крај јасно ни кој е ставот на САД кон ваквата грчка политика и нивната црвена линија, која нема никаква врска со реалноста? Според сите нивни потези, тие целосно и беспоговорно ја поддржуваат Грција, без критички оценки за поставениот ултиматум. Досега, не се случи Вашингтон да и` постави некакви услови на Атина, за да се реши проблемот. Не дај боже да се обиде да ја вразуми за да не го бара невозможното. А сега, во услови на севкупна, длабока, непремостлива, долгорочна... криза во Грција, можноста за некакво влијание врз неа, дури и како обид – е целосно исклучена.
Кај нас – јавно бараат да се прекрстиме.
5. 1. Впрочем, американското агресивно инсистирање да се договориме со Грција, особено нагласено последниве години, е клучен момент кој целосно ја демаскира американската политика кон Македонија. Вашингтон е неспорно свесен дека, поради длабоката тамошна криза, каков било балансиран договор едноставно е невозможен.
Тоа го призна и амбасадорот во Скопје, Волерс, кој оцени дека „Грција сега поминува низ големи политички и економски промени и сè додека е во тој процес, тоа го комплицира напредокот на секој друг процес, а не само прашањето за името” („Волерс: Кризата ги комплицира преговорите за името”, „Дневник”, 9 ноември 2011).
Ако веќе нема никаков простор за решение кое би било минимално прифатливо за Македонија, а нема, тогаш целта на САД може да биде само една: Македонија да се – ничкоса.
Ако некој те тера да земеш отров, сигурно не ти посакува добро здравје.
5. 2. Вашингтон добро знае дека проблемот е потполно асиметричен. Во основата, тој е – грчки (и – американски!), но последиците се исклучиво македонски. Тука, можеби, лежи и нашиот најголем хендикеп. Што и да се прави, случува... сметката ја плаќа само Македонија. Сè се струполува на нејзиниот грб. Затоа никој нема разбирање за проблемот и целата вина се фрла врз Македонија.
Сепак, на крајот, ако на светот има макар уште малку правдина, ако има политичка одговорност и коректност, ако има трошка принципи и демократија... (а, ги нема баш многу!) и решението на овој проблем мора да биде на иста, асиметрична основа. Такво решение, единствено може да биде трајно, без да предизвика нови земјотреси. Само така може да се спаси Македонија.
Абрахам Линколн рекол дека ништо не е до крај завршено, ако не е праведно решено!
5. 2. 1. Отворањето на проблемот не донесе никакви негативни рефлексии врз Грција или за кој било друг. Тој беше максимално искористен против фундаменталните интереси на македонскиот народ и неговата држава (ООН, НАТО, ЕУ...). Благодарение на оспореното име, државата е оставена без целосен меѓународен правен идентитет;
блокирани се нејзините евроатлантски интеграции... со најшироко можни последици врз севкупниот економски, политички и социјален развој на земјата; дополнително се разнишани меѓуетничките односи, кои и без тоа се доволно ранливи...
Истовремено, Македонија и да остане со своето историско и уставно име, тоа нема да има никакви последици врз Грција.
Атина нема ништо да загуби. Како вели народот – влакно нема да и` фали. Освен фактот дека непотребно се загубени 20 и повеќе години, многу енергија, пари... за нешто што не заслужува поголемо внимание.
5. 2. 2. Првичните грчки обвинувања (1991/1992/1993) дека името „Македонија” носи иредентизам и го загрозува територијалниот интегритет на Грција, се покажаа како целосно погрешни и неодржливи. Еве, поминаа веќе преку 20 години и – ништо не се случи. И тоа години во кои Македонија беше жртва на психолошка, студена, блокадна и каква сè не војна од страна на Грција, при што земјата има непроценливи штети. Ако во овој период Македонија не покажа агресивност кон Грција, а не покажа, кога тогаш може да се очекува било иредентизам, било реваншизам од нејзина страна? Кога, ако не во овие 20 и повеќе години на истрпени тешки провокации и направди?
Да не повторуваме дека и веќе споменатата „Бадентерова комисија” на ЕЗ (ЕУ), прецизно дефинира дека името, на никој начин, не ја загрозува Грција.
6. За да немаме никакви забуни, мораме да бидеме свесни дека американската поткрепа за наше членство во НАТО (и Унијата), која толку масовно и силно се нагласува во јавноста, е само вербална, празна и безвредна бидејќи е условена. Факт е дека САД сакаат да нè видат во НАТО, но – прекрстени! Тие тоа не го кријат. Нашиот одговор треба да биде јасен и гласен – не, благодариме! Ве молиме, на таа основа – не нè поддржувајте. Самоубиство не прифаќаме, тоа не е наша опција. Поставената цена никој нормален во Македонија нема да ја прифати. Крајно време е да го разберете тоа!
Хилари Клинтон, според магазинот „Република”, од 9 ноември 2012, ни порачала: „Сите сакаат да ве видат во НАТО што поскоро и искрено се надевам ќе биде отстранета единствената пречка (за нив е – дека сме Македонци!) и дека ќе се најде достоинствено и практично решение (веројатно мисли – според црвената грчка линија!?!) за проблемот со името. Подготвени сме да помогнеме” (сигурно имаат листа на можни нови имиња!)!
Според еден пријател, Клинтонка ни вели – ако баба ми беше британска кралица, јас ќе бев принцеза. Но, заклучува, излегува дека таа, за белја – не била!
7. САД инсистираат земјата да се прекрсти, тврдејќи дека тоа не го доведува во прашање националниот идентитет на народот. Меѓутоа, нивниот нов амбасадор, Волерс, пред да дојде на служба во Скопје, во Комитетот за надворешна политика на Сенатот (стручно тоа се нарекува „преслушување” пред да се потврди мандатот) изјавил: „Ова е нешто повеќе од име. Ова е прашање на идентитет”!
(„Волерс: спорот е прашање на идентитет”, „Нова Македонија”, 15 јули 2011).
Волерс е апсолутно во право: идентитет без име – нема!
7. 1. На оваа американска дволичност пошироко се осврнува извонредниот американски аналитичар Џејсон Мико, во својата колумна „Езотерични концепти на идентитетот” („Дневник”, 25 октомври 2012). Тој го цитира амбасадорот Филип Рикер кој, на прашање, поставено во Стејт департментот, на 19 октомври 2012, одговорил: „...
компромис – тоа не е лош збор – кој не вклучува езотерични концепти како што е идентитетот или нешто друго”. Мико тврди и докажува дека изразот „езотеричен” е бесмислен и „кога некој ќе ви рече дека вашиот идентитет е таков, тоа е – навреда”.
Мико ја коментира и изјавата на американскиот помошник-државен секретар, Филип Гордон, за „Ал Џезира”, во јули 2012, кога рекол дека откако ќе се реши проблемот со името:
„луѓето ќе престанат да се опседнуваат себеси со тоа...”.
Вели дека со силниот збор ‘опседнати’ „Гордон се обидува да ги омаловажи Македонците, на кои нивното име и идентитет им се свети”.
8. Од презентираното неспорно може да се заклучи дека САД водат долгорочна политика на прецизно, упорно и одлучно регионално позиционирање кое е спротивно на и ги загрозува фундаменталните интереси на Македонија и македонскиот народ. Нема никаква реална основа да се смета дека во американската политика, на крајот, ќе се појави некакво позитивно изненадување за Македонија. Таквите очекувања можат да бидат резултат само на голема наивност и политичка неписменост. Ако некој, во 2001-та, започна оружена војна, со агресија врз Македонија, за остварување на своите цели, тешко може да се пишмани, како ништо да не се случувало цели 20 и повеќе години. Значи, барем за сега, во прашање е трајна политика на фази и етапи, на чекање и тактизирање, на примена на бројни комбинаторики, приспособени на променливите состојби низ кои врват земјата и регионот, сè со единствена цел да се прекрстат државата и народот.
Тоа е составен дел од нивната регионална политика која се потпира на реализација на големоалбанскиот проект кој, евидентно, се спроведува.
9. Посочениот однос на САД кон Македонија, во најтешките години од нејзината историја, елабориран преку конкретни примери, во никој случај не може да се нарече – пријателски.
Квалификувањето, пак, кај нас, на односите со САД како – „партнерски”, за некои дури и како „стратегиско партнерство”, е апсолутно погрешно, несоодветно, далеку од вистината и, што е клучно – штетно за земјата. Тоа е погубно самозалажување и класично пикање на главите во песок.
Несогледување на елементарната суштина бидејќи сите факти зборуваат за директна и целосна спротивставеност на американските, со клучните македонски интереси. Во целина, Македонија е долгогодишна жртва на нивните балкански политики.
10. САД се неспорен доминантен фактор во светската политика и таков ќе останат уште догледно време. Тие се и главен арбитер на Балканот. Истовремено, без никаква дилема и со целосна одговорност, може да се заклучи дека Вашингтон цврсто ги држи сите конци за иднината на Македонија. Таму е и клучот кој може да отвори поинаква перспектива за земјата бидејќи досегашните нивни концепции, за нас не нудат ништо добро. Проблемот со името само го симболизира севкупниот однос на Вашингтон кон Македонија.
11. Тоа недвосмислено покажува дека без, макар, минимален американски респект за македонските природни аспирации, ќе биде многу тешко да се успее. Ние мораме да направиме сè, за (што полесно) да успееме, а патот на успехот апсолутно води преку Вашингтон. Паралелно мора многу интензивно да се работи со Москва и со Пекинг, но и со Лондон, Берлин, Рим и Париз, во барањето поддршка за опстој на Македонија и Македонците. Евентуалната позитивна реакција од (некој од) овие центри, силно ќе влијае врз флексибилноста и на Вашингтон. Атина игра споредна улога во тој круг.
Многу време е загубено, сериозни грешки се направени и се прават, но можности за спас сè уште постојат. Тие зависат од нашата мудрост и спремност да се одбраниме. Ако продолжиме како досега, црно ни се пишува.
12. Сè уште има простор за барање можности и начини кои би воделе кон промена на досегашната американска политика кон Македонија. Барем во делот кој се однесува на опстанокот на македонскиот народ и неговата држава. Ние мора постојано да се обидуваме, било преку директен дијалог, било преку други канали, да ги отвораме сите нивни карти. Да се соочиме со вистинските нивни претензии. Тоа е првенствена и основна задача на нашата Амбасада во Вашингтон. Сепак, прашање е колку е таа за тоа кадровски екипирана и – задолжена тоа да го прави?
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/ulogata-na-sad-2/26 на 29 октомври 2026