Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

America's Role in Macedonia's Troubled Journey to International Recognition (1991-2013), Second Edition

Ѓ. ЗАМЕНАТА НА РЕФЕРЕНЦИЈАТА, СО ИМЕ ЗА НАДВОРЕШНА УПОТРЕБА, Е ПОГУБНО РЕШЕНИЕ - Part 01

Од Ристо Никовски · Дел 22 од 27 · Околу 20 минути

Читај на English

Ѓ. ЗАМЕНАТА НА РЕФЕРЕНЦИЈАТА, СО ИМЕ ЗА НАДВОРЕШНА УПОТРЕБА, Е ПОГУБНО РЕШЕНИЕ ЗА МАКЕДОНИЈА

32. Обидите референцијата да се замени со трајно име, за надворешно користење, ама со наша согласност, се дел од опциите како Македонија жедна да се пренесе преку вода, и да и` се подметнат кукавички јајца за да направи непоправлива грешка.

32. 1. Според телеграма на американскиот амбасадор во Атина, упатена до Стејт департментот, објавена на Викиликс, што е потврдено и од Рикер, и од други, тоа е решението за кое се залагаат САД. Поради ваквата политика на Вашингтон, најверојатно, и дел од македонските политички субјекти, новинари, аналитичари, експерти... се спремни на такво – самоубиство! Не им е јасно дека прифаќаат умирање на рати, а не решение поволно за Македонија.

33. Дека во прашање е тешка измама, најдобар доказ е грчката „црвена линија” која е чист блеф, тешка и бескрупулозна манипулација. И најекстремните, било во Атина, уште помалку во Вашингтон, не ни помислуваат дека нивната ерга омнес може да помине. Зар може некој да се надева дека дома ќе нè прекрстат? Дека во Уставот самите ќе се впишеме како ‘Горна Македонија’ или како

‘Северномакедонци’?... Дури и да нè окупираат, тоа не можат да го постигнат. И Србите, 30-ина години нè прекрстуваа – за џабе.

33. 1. Инсистирањето на невозможното, крие опасна замка – да се отвори простор за подметнување некаков „компромис”, што пак ќе ги урниса Македонците, но на „покултурен” начин. А тоа, единствено, можат да го постигнат со замена на референцијата, со ново име на државата, значи, само за надворешна употреба! Ем ние (среќни!) ќе се ослободиме од неа, ем тие ќе ја завршат работата. Итро, но и многу опасно бидејќи резултатот ќе биде апсолутно ист: курбан ќе оди идентитетот на народот, но не веднаш, туку во етапи. Друга варијанта за да ги обезличат Македонците – немаат. Нема ништо друго што ќе нè залаже дека профитираме, а ќе нè дотолчи. Грција (не сама!) користи максималистички и нереален приод, само за да отвори простор да прифатиме погубно решение, демек, подобро од црвената линија!

34. Замена на референцијата со ново, трајно име за државата, за какво било користење, недвосмислено ќе значи бришење на македонскиот национален идентитет. Од тој момент, за светот ние нема повеќе да бидеме Македонци, туку дериват на новото име. Со други зборови, ќе станеме – виртуелни. А Грција ќе има целосен меѓународен монопол на името, поимот, брендот... „Македонија”, со сите придавки, именки, глаголи... Од народ, јазик, историја, култура... сè до производи. Измислените тамошни 2,5 милиони, ќе бидат единствени „Македонци” во светот. „Македонски” ќе бидат вината, доматите, лимоните... произведени во Грција. Ништо наше нема да може да се понуди во светот под тој бренд.

Дури и да биде сосема поинаку напишано во пакетчето што ќе ни го стокми Нимиц. Во него, и сè да биде во наша корист, практиката ќе го надмине тоа за помалку од година дена. А гаранции за името, идентитетот – нема, ниту може да има. Само најнаивните и најглупавите можат да бараат такво нешто.

34. 1. Од тој момент, сите наши документи наменети за странство, ќе мораат да го носат новото име. Од пасошите, па сè до царинските декларации, дипломи, матични изводи...

Сите тие се за надворешна употреба, нели, а ние сме се сложиле под кое име таму да нè третираат. Поинаку, веќе, нема да може. Практично, ќе имаме две имиња и два идентитета – различни за светот, и за по дома. Дома – Македонци, македонски... а надвор – нешто друго. Тоа ќе значи и дека нашите репрезентации и дома ќе мораат да играат под новото име бидејќи така ќе бидеме регистрирани во спортските федерации. Таму и сега нè водат под референцијата, но по автоматизам, поради ООН, без наша согласност. Во нив, ние прием баравме како Република Македонија... Новото име ќе нè обврзува и ситуацијата ќе биде целосно различна. Со наша согласност.

34. 2. Да не забораваме дека референцијата не е никакво име или деноминација на земјата, туку (привремен!) код за обраќање! По нејзината промена, на сите конференции, самити..., на дефилеата на олимпијадите..., та и на сите меѓународни манифестации организирани не само надвор туку и во земјата... ќе мора пред нас да стои новото име. И дома, во салите во Скопје, Охрид..., пред другите странци, ќе бидеме претставени со новото име. Надвор од конференциите, пак, ќе си бидеме тоа што (веќе не) сме!

И така, од апсурд во апсурд...

35. Ако некој морално и политички незрел или купен, сепак, прифати ваква небулоза – користење поинакво име за земјата од тоа што е во Уставот, за каде било, мора да биде свесен дека е тоа тешко кривично дело. По тој чин, неизбежна ќе биде промена на Уставот што ќе нè доведе во срамна ситуација – сами да се прекрстуваме.

36. И за Вашингтон, и за Брисел, и за Атина клучен проблем за да ја постигнат оваа цел е фактот дека референцијата никој не може да ја менува, за трајно да нè прекрсти – без наша согласност. Поточно, наша – капитулација. И затоа се сите тековни жестоки притисоци, блокади, уцени (прво името, потоа членство)...

36. 1. Мора да ни биде кристално јасно дека – нашата согласност – ни е главниот адут кој не смееме да го прокоцкаме. Ако, сепак, се согласиме за промена на референцијата, во ново име, ние, всушност, ќе ги лега-лизираме и неа и нерегуларниот прием на земјата во ООН.

(Тоа е на некој начин веќе направено со Привремената спогодба, но, сепак, не доволно и не целосно). Ќе се согласиме со флагрантното прекршување на Повелбата (Уставот) на светската организација. Со тоа би се откажале и од можноста, еден ден, таа процедура правно да ја оспориме, за да ги реализираме своите универзално признати права.

Според сегашните состојби, токму тоа може да ни биде последниот адут за спас и на народот и на државата.

Впрочем, зошто ние сега, по толку години и огромна претрпена штета би ја прифаќале и менувале референцијата, која ни беше нелегално и со сила наметната? Со која цел?

Или, како можеме да менуваме нешто што не е наше и е против нашите интереси, за нешто уште полошо?

36. 2. Стратегиска, фундаментална и историска грешка ќе биде менување на референцијата за трајно име на државата.

Таа за нас не постоеше и не треба да постои. Нејзината промена во трајно име ќе значи само почеток на нови голготи и за државата и за народот. Тоа ќе биде само првиот исчекор во финалното истребување на Македонците. Ќе отвориме простор да прават со нас што сакаат бидејќи ќе покажеме дека ништо не ни е свето. И тоа, во ситуација кога веќе на сите им е недвосмислено јасно дека пречат Македонците, а не името на државата. Ако не беше така, оваа опција можеше да има дури и некаква основа. Но, намерата е да се прекрстат Македонците и ова се само меѓупотези. Со прифаќање на трајно име, местото им го отстапуваме на грчките „Македонци”.

36. 3. Наша цел треба да биде референцијата што поскоро да замине во учебниците по дипломатија, како крунски доказ за злоупотребите и нелегалните политики со кои меѓународните фактори, долги години, си играа со Македонија и и` нанесоа огромни штети.

37. А ние, место да се залетуваме, треба само да си го поставиме најпростото прашање – за каде ни е името, ако не за препознавање на меѓународната сцена?

Ако некој, сепак, прифати прекрстување, макар за надвор, историјата жестоко ќе го осуди како најголем предавник, виновен за истребувањето на вековниот македонски народ, што неизбежно ќе следи.

38. За среќа (!), сè додека трае кризата, и разнебитувањето на Македонците на рати, преку замена на референцијата – за Грција не доаѓа предвид. Жестокиот притисок на Вашингтон врз нас (2013), со потпора на Брисел, треба да овозможи НАТО и ЕУ и понатаму да нè држат пред порти, за да добијат време. Не дека е излезот на дофат. Додека нема решение, за нив виновна е – Македонија. А дали, за да нè држат под мраз, ќе се „вадат” и на слободата на медиумите во земјата, и на немање политички дијалог, и на проблемите во судството... е само прашање на дипломатска техника. Во кој било момент и во каква било ситуација, Вашингтон и Брисел можат да активираат едно чудо слични „аргументи”.

Е. САД И: БУКУРЕШТ 2008, ХАГ 2011...

39. Како и секогаш, сите овие потези на Вашингтон поаѓаат од, и завршуваат со американските интереси. Туѓите, вклучувајќи ги и грчките – играат мала, поточно никаква улога, освен ако не се комплементарни со нивните. Сите чекори кои САД ги презедоа во врска со Македонија и нејзиното име, сите овие 20-ина години, се резултат само на нивните потреби и планови и ничии други. Политиките на САД никогаш не се случајни, туку се добро осмислени и долгорочни. Единствено, тие можат да бидат – погрешни.

Нашиов случај е еклатантен пример за тоа. И нема да биде ниту прв, ниту последен.

Медлин Олбрајт, како државна секретарка, изјави дека американската политика кон Латинска Америка долги години била – погрешна. Нема да ни биде никаква утеха ако некој нејзин наследник, по 20-ина години, исто така ја оцени и сегашната нивна политика кон Македонија.

40. Настаните во Букурешт 2008-та, секако се резултат и на незадоволството на Вашингтон за неуспехот на американската надворешна политика во однос на Македонија. Поминаа преку 15 години без да го постигнат зацртаното. Ниту Македонија се распадна, ниту Нимиц нешто реши, а, во Скопје, нема знаци за капитулација.

Опозицијата, која покажува спремност за виткање на ‘рбетот, нема изгледи бргу да дојде на власт. Главно – поради сопствената политика! Тоа предизвика промени и во односот на Вашингтон кон Владата на Груевски. Додека порано не го есапеа, го оставаа на улица во Вашингтон да импровизира прес-конференција, сега, во сериозната парламентарна и политичка криза, предизвикана од опозицијата на почетокот од 2013 година, тие застанаа на негова страна. Пред неколку години, САД го поддржаа и бојкотот на СДСМ на Собранието, иако е тоа незамисливо за западната демократија. Ама, не се офајдија и сега играат на другата карта. Се обидуваат да ги одоброволат премиерот и ВМРО- ДПМНЕ, веројатно надевајќи се дека ќе попуштат околу прекрстувањето на државата и народот. Со голема сигурност може да се тврди дека тоа ќе им донесе – нов неуспех.

41. Врз основа на сите овие неспорни факти, констатации и согледувања, се наметнува следната појдовна, основна, клучна... дилема – зар разнебитувањето на Македонија и Македонците е толку важна задача за САД, што се спремни да го доведат во прашање и својот углед и своето реноме и меѓународниот правен поредок, и дигнитетот на Судот во Хаг...? Секој мора да биде вчудовиден: како е можно?

Зошто? Од кои причини? – САД, поддржани од НАТО и следени од ЕУ, се спремни на сè, само за да се прекрстат Македонија и Македонците?!? Што е тоа што тие ќе го добијат за возврат? Која е толку важната цел што сакаат да ја постигнат? До кога така лесно ќе го валкаат сопствениот образ и ќе се однесуваат како некакви терористи во однос на една мала Македонија, која никого не загрозува? И, на крајот

– зошто толку пречиме? Зар Хашката пресуда не е одлична основа да се прифатат универзалните аспирации на Македонците да останат тоа што се?

Целосни одговори на овие, и многу други прашања, за сега – нема.

41. 1. Американските амбиции, Албанците да ги направат главен фактор на Балканот, макар во неговиот јужен дел, лесно можат да (им) се покажат крајно контрапродуктивни.

Начинот на кој до сега САД го водеа големоалбанскиот проект ќе им носи постојани и трајни главоболки. И внатре, меѓу Албанците, и надвор во однос на трите општини во јужна Србија, четирите општини во Црна Гора, во однос на Чамирија... На меѓуалбански план, нема никаква шанса да се постигне некаков консензус за кое било прашање, освен за националното. Кога тоа ќе биде привршено, а на пат е, тогаш ќе започнат жестоки пресметки меѓу нивните политички лидери, значително посериозни отколку што е тоа веќе сега случај меѓу нив. На внатрешнополитички план, во борбата за власт, сите тие меѓусебно се гледаат преку нишан: во Албанија (Бериша-Рама), во Македонија (Ахмети-М. Тачи), на Косово (Х. Тачи-Харадинај)... А тогаш, и колачот ќе биде многу поголем, така што и апетитите ќе бидат несразмерно – мултиплицирани. Ќе биде невозможно да се спречи експлозијата на нивната меѓусебна конфронтираност, со сите последици и за регионот.

41. 1. 1. Покрај тоа, не треба да се заборава дека и мафијата е сè повеќе во рацете на Албанци, не само во Европа. Тоа генерира огромни пари, кои тие знаат да ги канализираат каде треба. Ако на тоа се додадат и нивните амбиции, вклучувајќи и политички, кои нормално ќе растат, се поставува прашањето – ќе може ли Вашингтон сето тоа да го контролира? Ќе умее ли постојано да го насочува албанскиот фактор во реализација на сопствените интереси?

Тоа ќе биде невозможна мисија.

Да не ќе се повторува минатото, кога Југославија, СССР и Кина, од најдобри албански пријатели, стануваа најголеми – душмани?

Балканот беше и останува европско минско поле. Мора да се внимава на секој чекор.

41. 2. Големоалбанскиот проект мора да заврши со Косово бидејќи, со максимална сигурност, може да се тврди дека разнебитувањето на Македонија и Македонците во никој случај не може да помине без војна. Не треба да се дозволи никој, крајно непотребно, да си игра со огнот.

42. Вашингтон постојано нè учи дека треба да владее правото

(што е сосема во ред) и нè критикува за состојбите во нашето судство (што е исто така добро). Сепак, не ни кажува дека за нив правото владее само кога им одговара. Кога пресудите им се по волја. Дека пресудите што не ги респектираат нивните интереси, едноставно – како да не постојат.

Впрочем, тоа не е ништо ново. Ист однос тие имаат и кон терористите. Тие што се со нив, се добри. Тие од спротива, лоши. И за диктаторите важи истата логика...

Ж. КОЈ ЈА ПОПРЕЧУВА МАКЕДОНИЈА ДА ВЛЕЗЕ ВО НАТО? САД ИЛИ ГРЦИЈА?

43. Како резиме на овој дел, мора да се констатира дека, во земјава, се прави голем превид со тврдењето дека Грција го блокира нашиот прием во НАТО, следствено и во ЕУ.

Неспорно е дека Атина игра одредена улога, меѓутоа, вртењето на прстот кон Грција само го прикрива вистинскиот носител на проектот. Блокадите и уцените за влез на Македонија во НАТО (и ЕУ) кои, по Букурешт 2008, доаѓаат од Брисел, а не од Атина, потврдуваат дека заднината е сосема поинаква.

43. 1. Грција никогаш немала позиција да (може да)

поставува блокади и уцени во Брисел. Ниту една членка во овие две интеграции нема сила да наметнува политики кои нејзе и` одговараат, а при тоа другите да имаат посериозни резерви или да се против. Тоа е теоретски невозможно. Ниту имало, ниту ќе има такви случаи.

44. Одреден исклучок е улогата на САД во НАТО. Таа е единствена членка која може нешто да наметне. Никој друг.

Улогата на САД во НАТО е спрецифична бидејќи е главен финансиер, а има значајна улога и во гарантирањето на безбедноста на Европа. Главните партнери од Европа, обично, немаат сили да се спротивстават на американските политики, иако такви случаи имаше (во случајот со Ирак – „Стара” и „Нова” Европа). На некој начин, сите зависат од Вашингтон. Се разбира, САД води сметка и за основните интереси на другите членки, и не дозволува да дојде до некаква конфронтираност. Имаат извонредна дипломатија која не дозволува да дојде до дисбаланс во односите, дури и во случаите кога бескомпромисно го наметнуваат својот избор.

45. Практиката прво да се влегува во НАТО, а потоа во ЕУ е наш хендикеп. Вака, мораме прво да поминеме низ ситото кое ни го поставува Вашингтон. Да беше обратно или да го немаше НАТО како предворје на Унијата, нашата голгота ќе беше макар за нијанса полесна. Кога, под силен притисок и доминација на САД, НАТО ќе изгради одредена политика, како во случајов со нас, важните земји, кои се истовремено членки и на ЕУ, не можат да се однесуваат поинаку. Обврзна практика е обврската преземена во НАТО да се спроведува во ЕУ. И тоа е вид на солидарност.

46. За да нема дилеми кој ја кочи Македонија, да нагласиме уште еднаш дека – ако САД не го споделуваа(т) (или се против) грчкиот интерес да ги снема Македонија и Македонците, таквата политика не може никако да помине.

Според стандардите под кои функционира Алијансата, нема шанса такво нешто да се случи. Значи, во најмала рака, во прашање е коинциденција на интересите на САД и Грција.

Ако Вашингтон не стоеше зад целиот проект, апсолутно ќе беше невозможно мирот и стабилноста на регионот, кои сè уште се крајно ранливи, да бидат заложници само на една мала и корумпирана држава, која сака да си поигрува со Македонија.

46. 1. Поставено „наопаку”, прашањето би било – доколку САД цврсто сметаа и работеа на тоа Македонија да влезе во НАТО, во Букурешт 2008-та, дали Грција (или кој било друг)

можеше тоа да го спречи? Одговорот е едноставен – апсолутно никој. Тоа потврдува дека, во најмала рака, САД не беа заинтересирани Македонија да стане членка. Доколку навистина беа, ќе проработеше нивниот познат систем на булдожер-политика, кој секогаш ја постигнува целта.

З. ДАЛИ ЧЛЕНСТВОТО ВО НАТО НИ НОСИ НОВИ БЕЗБЕДНОСНИ КВАЛИТЕТИ?

47. На крајот од овој сегмент, да се обидеме да прецизираме дали и какви погодности носи НАТО за Македонија?

Неспорно е дека од формална и церемонијална гледна точка, да се биде дел од НАТО значи сериозен плус. Стануваш дел од угледно и респектабилно друштво. Членството се јавува како референција и непишана препорака за земјата и на економски, и на политички, и на безбедносен план. Меѓутоа, за нас, со оглед на непремостливите пречки кои ни се поставуваат, клучното прашање е – дали членството значи постигнување некакви нови безбедносни квалитети или не?

Познато е дека НАТО ја гарантира надворешната безбедност на земјите членки (нападот врз една се смета како напад на сите), а не внатрешната, која е, пак, од клучно значење за Македонија. Таа останува одговорност на земјите членки.

Ако е така, а така е, логично е прашањето – дали на Македонија и` се заканува надворешна опасност од агресија?

Или, попрецизно, од кој од соседите?

47. 1. Со оглед дека Бугарија, Грција и Албанија се членки на НАТО, треба да се претпостави дека тие не би можеле да ја нападнат Македонија без согласност на Алијансата. Со други зборови, од таму не е замислива закана, освен врз основа на договор во Брисел. Нешто слично како што и` се случи на Србија, во 1999 година.

47. 2. Остануваат уште Косово и Србија.

47. 2. 1. Од поранешниот протекторат еднаш веќе доживеавме агресија која, сепак, беше иницирана и организирана од челникот на НАТО, САД. Ако веќе еднаш нè нападнаа, нема причини тоа и да не го повторат, ако така им диктираат интересите. И што мислите, ако Македонија стане членка на НАТО, истото сценарио не може да се повтори? Можеме да бидеме цврсто уверени дека нема да има никаков проблем, во име на тајна и висока политика, како и сите овие 20-ина години, посебно во 2001-та, Македонија одново да биде загрозена, и како дел од Алијансата. А дали тоа би било од Косово, како минатиот пат, или директно од „домашниот албански фактор”, не е воопшто важно. Можеме и да потсетиме дека сегашниот главен „домашен албански фактор”’ се истите тие што ја спроведоа 2001-та, менаџирани од Вашингтон. Не треба да негуваме надежи дека нивните врски не се и понатаму – тесни. Се разбира, сето тоа би било во име на „човековите права”, исто како и минатиот пат, откако не успеаја првичните намери за „ослободување на албанските територии” во земјава.

47. 2. 2. Во основата, опасноста за Македонија е повторување на српското сценарио, кога го отцепуваа Косово. Меѓутоа, за наша среќа, разликите меѓу Македонија и Косово се огромни. Таму постоеше можност, и се успеа, конфликтот да се задржи во првичните граници. Во Македонија, таква можност – нема. Ако некој започне конфликт за (поделба или распарчување на) Македонија, војна од регионален калибар е неизбежна. Тоа ја чуваше и продолжува да ја чува Македонија, по распадот на Југославија. Од таа гледна точка и отворените аспирации на Бугарија и Грција се, дури – позитивни! Ги лимитираат големоалбанските замисли.

Токму поради тоа и намерата на САД е Македонија да се руши однатре, без многу кревање непотребна врева. За таа цел, во процес е албанизирање на нејзини делови кои треба, под жито, да ја завршат работата. И тоа нема да им успее бидејќи Македонците се толерантни, трпеливи, но и жестоки кога ќе им пукне филмот. А тој момент, како изгледа, не е далеку.

Од изнесеното е јасно дека состојбите во и околу Македонија нема бргу да се стабилизираат и затоа, за нас, е клучно сите релевантни настани длабински да се следат и анализираат за да не се најдеме некој ден изненадени од тоа што логично ќе следи.

47. 2. 3. Другиот сосед, Србија, нема за сега намера да влегува во Алијансата. Како што се уверивме на крајот од 1992-та, кога во Македонија дојде УНПРЕДЕП, вклучувајќи и неколку стотини американски војници, САД не се спремни да му ја „отстапат” Македонија на северниот сосед. Не за да ги заштитат Македонците. Причината беше, и останува, дека е тоа спротивно на интересите на Албанците.

За сега, САД продолжуваат да играат на таа карта што, само по себе, ја отфрла опасноста од север. До кога тоа ќе трае, е сосема друго прашање.

Аспирациите на Српската православна црква кон Македонската православна црква – ОА остануваат актуелни.

Тие, објективно, оставаат простор за (српски) понатамошни (политички) комбинаторики, во зависност со ситуацијата во и околу Македонија.

47. 2. 4. Албанизирањето на делови од земјата е проект очевидно поддржан од САД. Тоа е сериозен исчекор во финализирање на големоалбанскиот проект. Ако Вашингтон утре реши дека треба да се формализира постоењето на „ослободени албански територии”, тоа секако ќе оди преку федерализација. Потоа, ако следи распарчување на Македонија, покрај Бугарија и Грција, нема да биде можно да се избегне дел од „колачот” да добие и Србија. Дали со однапред договорена поделба – и не е многу важно.

Да, сето тоа звучи убаво, но не може да се заврши без – војна. Да не забораваме дека сојузниците од Првата балканска војна, токму поради Македонија, во Втората војуваа меѓу себе. Таквата конфронтираност на соседите, по истиот повод, се повторуваше и во Првата, и во Втората светска војна. Историјата е поучна.

47. 3. Ова се, секако, екстремни хипотези, но, да не забораваме дека високата геополитика е полна со такви. Кој очекуваше да се распаднат СССР, Југославија, да се отцепи Косово...? А дека тоа некој го планираше, нека нема сомневања.

47. 4. Значи, може да се заклучи дека, за сега, непосредна и реална надворешна опасност за безбедноста на Македонија, објективно – нема. Тоа, на свој начин, зборува и дека Македонија нема да има поголеми безбедносни придобивки со самото зачленување во НАТО. Од изложеното, јасно се гледа дека територијалниот интегритет на земјата не е под директна надворешна опасност. Или, поточно, неговото загрозување, било однадвор, било однатре, не е можно без директно учество на главниот столб на НАТО – САД.

Американската доминација во регионот, реализирана преку партнерството со Албанците, може да ги генерира, но и да ги контролира опасностите за Македонија. Се разбира, во согласност со сопствените интереси. За сега, работи само генераторот.

47. 4. 1. Факт е дека сегашните тенденции се негативни за Македонија. Вашингтон (сè уште!) се обидува да ги ефектуира своите максималистички планови, кои се погубни за земјата. За среќа, тие се нереални и опасни за регионот и прашање е само на време кога тие ќе мораат да ги ревидираат. Наша клучна задача е да ги „убедиме” САД што побргу да дојдат до такви сознанија.

47. 4. 2. Ако се согласиме дека територијалниот интегритет на земјата, за сега, не е загрозен однадвор, клучните безбедносни елементи на македонската држава се уставниот поредок и, како суштински дел од тоа, унитарниот карактер на државата. Нивни гарант, преку Охридскиот договор, се – САД.

Ако тие си го „одржат” зборот, иднината на државата е загарантирана. Ако не...

Досегашното искуство, базирано пред сè на Привремената спогодба, не ветува многу.

47. 5. Од друга страна, латентните опасности за безбедноста на Македонија се – реалност. Сведоци сме на многу индиректни чекори, кои недвосмислено го доведуваат во прашање опстанокот на Македонија, ваква каква што е денес, со мнозински македонски народ. Сите тие активности се поддржани или, поточно, предводени од САД. Некои од нив дури и отворено. Така е бидејќи унитарниот карактер на државата, кој е главен гарант и на територијалниот интегритет, веќе неспорно и сериозно се подјадува, а тој процес непречено, непрекинато и систематски – продолжува.