Г. ХАШКАТА ПРЕСУДА - Part 02
31. 4. Во разговор со висок американски дипломат од амбасадата во Скопје, некаде во 2011 година, одговарајќи на неговиот крајно негативен однос кон референдумот од кој, со право, се плашат, му беше аргументирано дека не смеат да ја доведат земјата до такво дереџе нивниот непристоен и неприфатлив предлог да биде одбиен на – референдум. Дури, и без оглед дали резултатот ќе биде позитивен или негативен бидејќи се работи за клучно прашање за народот. Со самиот чин, Македонија ќе биде доведена во исклучително тешка ситуација, од секој аспект. Поточно, по еден таков потег, нема да има назад. Многу шевови ќе попукаат, вклучувајќи ги и меѓуетничките. Земјата ќе врие. Поделбите меѓу разните политички субјекти неизмерно и неповратно ќе се продлабочат. Неизбежно ќе се генерира екстремно однесување што нема да биде добро ниту за земјата, ниту за регионот. Лесно ќе се вратат војводите, комитите, нивните чети...
Ќе се најдеме на почетокот на 20-от век...
Соговорникот внимателно слушаше. Да се надеваме дека тој ја пренесе пораката, а неговите претпоставени ја сфатија.
Скраја да е ако играат токму на таков развој на настаните.
31. 5. Интересен е податокот дека, во 2003 година, во Грција е објавена книгата „Атина-Скопје, седумгодишната спогодба (1995-2002)” од издавачот Папазисис, во соработка со група научници од Северна Грција и менторство на професорите Евангелос Кофос и Власис Власидис. Весникот „То Вима”, на 24 декември 2003, објави делови од книгата во кои се вели:
- во овие седум години, регулирањето на проблемот со името не беше меѓу стратегиските приоритети на грчката страна;
- грчката дипломатија се потврдува со фактот дека седум години успеа да го одржи „де јуре” името FYROM во главните меѓународни организации;
- по седумгодишна јалова практика, потполно е разбирливо Грција да цели да ја искористи постапката за пристапување (на Македонија н. з.) во ЕУ за да се доведе прашањето до трајно решение.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/ulogata-na-sad-2/21 на 29 октомври 2026