VIII - ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА, САМИТОТ НА НАТО ВО БУКУРЕШТ И ХАШКАТА ПРЕСУДА А
VIII - ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА, САМИТОТ НА НАТО ВО БУКУРЕШТ И ХАШКАТА ПРЕСУДА А. ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА
1. Привремената спогодба (ПС), која ја потпишаа Македонија и Грција, на 13 септември 1995 година, не е обврска произлезена од резолуцијата на Советот за безбедност (СБ), со која Македонија е условено примена во ООН. Меѓу нив нема никаква легална, туку само функционална врска. Со ПС, всушност, позицијата на Македонија во спорот значајно се девалвира. Речникот во неа излегува од рамките користени во документите на ООН и е многу полош за Македонија.
Ако се знае дека ПС е иницијатива на САД, не треба да нè изненадуваат сите формулации во неа кои се на наша долгорочна штета.
1.1. ПС е реализирана со активно учество на тогашниот медијатор, Сајрус Венс и е логичен сегмент од мозаикот на долгорочната политика на Вашингтон кон Македонија, којa овде се обидуваме да ја структурираме. Беше потпишана со директен ангажман на дипломатот булдожер – Холбрук. Што би барал тој таму, нели, ако зад целиот проблем со името, не стоеја – САД? Тој, сигурно не се вмешал на инсистирање на генсекот на ООН.
Спогодбата, и особено начинот на кој е постигната, е уште една кристална потврда дека токму Вашингтон ги менаџира и проблемот, и посредувањето. Не треба да има ниту дилеми дека спогодбата ја подготвиле и во координација со Атина.
2. ПС е документ сo широк дијапазон, смислен за реализација на прецизно одредени цели. Дел од важните намери, содржани во него, објаснети се под точките 12. 3. и 12.4, во делот III – „САД ни го оспорија името во ООН...”, под Г. – „Договор со Грција не само што не е можен...” Прво, таа е резултат на потребата односите меѓу Македонија и Грција да се средат и да се овозможи нивна нормална комуникација. Се наметна, веројатно, како резултат на покажаната „издржливост” на Македонија.
Второ, со неа се решени прашања од интерес на двете страни, иако е нагласено во корист на Грција. Не треба да биде спорно дека и Македонија, покрај штетите, имаше и одредена корист од неа (признавање на државата...)
Трето, сериозна негативна последица за Македонија беше фактот дека со ПС официјално се прифати дека името е проблем. Се потпиша документ во кој државата е безимена.
Таа се нарекува „втора страна”. Точно е дека и за Грција е користена истата формула – таа е „прва страна”, но за неа тоа нема никакво пошироко значење бидејќи името никој не и го оспорува.
Четврто, се создаде нов квалитет кој не беше постигнат, ниту беше можен, во ООН. Со потписот, иако имплицитно, ја легализиравме тамошната (нелегална) процедура и резолуција со кои се оспори името на државата.
Петто, ратификацијата на ПС во нашето Собранието е крајно непотребна грешка која носи дури и стратегиски карактер.
Таква обврска не беше предвидена во Спогодбата и Грција, сосема правилно, така не постапи. ПС стапуваше во сила месец дена по потпишувањето и со тоа процедурата завршуваше. Со ратификацијата, Македонија и` даде непотребно значење на ПС, а проблемот со името доби и државна димензија. Официјално, на највисоко ниво, прифативме документ кој ја влошува позицијата на земјата во спорот.
Шесто, во член 5 на ПС е наведено: „Страните се согласуваат да ги продолжат преговорите под покровителство...”. Тој дел е бесмислен бидејќи нешто што го немало не може да продолжи, а преговори немаше ниту можеше да има. Преку тоа, ПС директно ја деградира позицијата на Македонија во спорот. Се прифати дека името на државата е предмет на преговори, а таква обврска немаше, ниту можеше да има во резолуциите на СБ. Никој никому не може да му наложи да преговара за сопственото име. Најмалку на суверена држава.
По неколку години, во интервју, претседателот Глигоров ја информира јавноста дека терминот „преговори” во ПС бил прифатен на жестоко инсистирање на грчката страна и со уцена дека без тоа нема спогодба! Тоа, секако, не ја намалува нашата грешка, но дава повеќе светло врз „игрите” кои се воделе во таа пригода. Дека ние бевме далеку од нивото на кое тие се случуваа, постојат и лични сеќавања. А, на чија страна биле, и за кого навивале Холбрук и другите, не мора да се истражува.
Седмо, во ПС исто така се користи и терминот „разлики”, додека во документите на СБ се зборува за „разлика” околу името на државата. Нормално е дека множината подразбира и други нешта, а не само името (еднина).
Осмо, со член 21, Македонија се откажува дури и од можноста да оди на Суд! Таму да ја бара правдата. Нè обврзаа да не поднесуваме апликација во Хаг, за да не ја доведеме во прашање (не) легалноста на резолуциите на СБ на ООН, со кои земјата беше примена во светската организација, со флагрантно кршење не нејзината Повелба (Устав)! Затоа, сите залагања проблемот да го вратиме во ООН, прекинувајќи ја медијацијата на Нимиц, што подразбира и вклучување на Судот во Хаг, е можно само година дена откако ќе се повлечеме од ПС! Толку е отказниот рок.
Деветто, со член 23, Македонија прифати со Грција да потпише и „дефинитивен договор”, што нè става во крајно неповолна позиција. Најверојатно, тоа беше една од главните американски цели во подготовките на ПС – спорот да се врати во билатерални води бидејќи, така, максимално се намалува маневарскиот простор на Македонија. САД одлично знаат дека ние со Грција никогаш нема да се договориме. Со овој потег тие во голема мера и` ги врзаа рацете на Македонија, во барањето успешен расплет.
Впрочем, ако веќе треба да се потпишува „траен договор”, тој мора да ги опфати сите отворени прашања меѓу двете земји, а не само името. Без тоа би направиле нова стратегиска и тешка, непростива политичка грешка. Тоа значи дека со тој договор мора да се регулира и положбата на македонското малцинство во Грција; и враќањето на протераните Македонци (не Грци по род...); и нивните имоти...
Дали е такво нешто возможно, нека цени секој сам.
Десетто, проблемот со името е интернационализиран од самиот почеток и така треба и мора да се третира до крај.
Македонија беше осакатена од страна на СБ на ООН, не од Атина. Таму мора да се бара и поправањето на грешката или, барем, формула за излез која би била достоинствена за Македонија. Секоја друга финализација би била на сметка на македонските интереси.
Единаесетто, имајќи предвид дека решението треба да се бара во СБ на ООН, нашата дипломатија мора да води перманентна офанзива, прво кон Русија и Кина, а потоа и кон Велика Британија, како негови постојани членки и земји кои можат да имаат понагласено разбирање за нашите најлегални аспирации. Франција е тесно врзана со Грција и во Париз тешко дека може нешто да се постигне, меѓутоа и таа мора постојано да биде директно информирана за нашите ставови и потези. Без никаков сомнеж, САД се клучот за проблемот и негов менаџер. Затоа, кај нив мора да се бара прво разбирање за нашите политики, а потоа, со текот на времето, и евентуална поддршка. Тие се единствените кои можат да направат пресврт што, засега, изгледа – нереално.
Дванаесетто, новиот речник, кој се користи во ПС ја открива целта на САД да се стесни маневарскиот простор на Македонија. Тоа е конкретизација на политиката чекор по чекор, на постепено урнисување на сè македонско, која непрекинато се спроведува од почетокот на 1990-те години.
3. Околу мотивите за подготовка на самата ПС, и тајмингот, може да се развијат повеќе тези.
3. 1. Првата, многу реална претпоставка е дека ваква спогодба не беше подготвена порано бидејќи се чекаше грчката блокада на границата до крај да ја истошти македонската економија и земјата да колабира. Има јасни индикатори дека и САД, не само Самарас и Грција, очекуваа дека Македонија нема да опстои. Зошто, инаку, блокадите на нашите граници, и од север (поради санкциите врз Србија), и од југ, премолчено толку долго се толерираа, а дневните штети врз македонското стопанство без огромни, неизмерливи? Или, зошто признавањето на државата, без никаква јавна причина, Вашингтон го одолжуваше со години?... Времето минуваше и, по четири години од распадот на Југославија, издржливоста на Македонија не беше доведена во прашање. Тоа, веројатно, сигнализираше дека треба да се бараат други форми за нејзино урнисување.
Првиот чекор беше токму ПС.
3. 2. Втората евентуалност е дека доколку и понатаму немаше билатерална спогодба, односите меѓу двете земји постојано ќе беа затегнати, без минимален дијалог или соработка. Границата ќе останеше блокирана, Грција немаше да ја признае државата и спорот ќе ескалираше... До израз ќе дојдеше безбедносниот ризик, што ќе наметнеше потреба од итно решавање. Тоа, само по себе, ќе ја доведеше во опасност главната цел – затворање на „македонското прашање”, што не можеше набрзина да се постигне. Во таков случај, поради војните во соседството, кои штотуку привршуваа, немаше реални услови Македонија ниту веднаш да биде распарчена, ниту да биде прекрстена со сила. Така, веројатниот заклучок бил – Македонците се покажаа жилави и, за да се стигне до целта, потребни се преодни фази и етапи. Преку нив да се создаваат поволни услови за да успее прекрстувачкиот поход.
Чекорите кои следеа го потврдуваат тоа. Токму во тие рамки може да се гледаат: а) декларацијата за пријателство и соработка со Бугарија, од 1999 година (кога е со американско инволвирање, но и со наша согласност оспорена самобитноста на македонскиот јазик), б) војната од 2001-та (кога е направен обид за распарчување на државата и, кога во тоа не се успеа, таа е рекомпонирана на недозволив начин), в) прифаќање на името од страна на САД во 2004-та (за да се албанизираат делови од земјата), г) блокадата за членство во НАТО, во Букурешт (кога земјата е официјално уценета да го промени името ако сака членство)...
4. Нацртот на спогодбата – беше американски. Финалниот текст е, горе-долу, во однос 3:1 за Грција, иако додатните негативни импликации за Македонија, се повеќеслојни и немерливи. Членовите 5, 6, 7, 21 и 23 се целосно грчки интерес додека за Македонија се членовите 1 и 11. Сите други, помалку или повеќе, важни се и за двете страни, иако со видливи прогрчки погодности. Клучни придобивки за Македонија беа а) грчкото признавање на државата (член 1)
и б) нејзината обврска да не ја блокира земјата во интегративните меѓународни процеси (11), што Атина не го реализира до крај. Важно е и што ПС го овозможи прекинувањето на двегодишната илегална блокада на границата. Всушност, блокадата беше најсилниот американски аргумент, по секоја цена да се потпише спогодбата. Беше јасно дека, секојдневно, земјата трпеше огромни штети. Веројатно, затоа и толку траеше блокадата на границата: за максимално да се ослаби Македонија.
4. 1. Сепак, треба да се нагласи и дека, благодарение токму на ПС, денес ја имаме извонредната Хашка пресуда, како наш најсилен аргумент во спорот.
5. Наша голема придобивка е и фактот што по нејзиното потпишување, некако нè оставија на мир и времето неколку години работеше за Македонија. Следеа бројни признавања под уставното и историско име и меѓународната позиција на земјата постојано зајакнуваше. Скоро две третини од државите ја признаа Македонија како таква. Според населението, веројатно и цели четири петтини од светот.
Грција и нејзините партнери го губеа тлото под нозете.
5. 1. Времето си течеше и Македонија полека закрепнуваше.
Нејзиното стабилизирање и просперитет, колку и да беа тие релативни, очигледно, не им одговараа на некои меѓународни фактори. Кои, ценете сами. Така беше сè до
2001-та.
5. 2. Од денешен аспект (2013), слободно може да се оцени дека, покрај реализацијата на големоалбанскиот проект, војната од 2001-та стави крај и на позитивните процеси низ кои врвеше Македонија. Плановите, на главниот светски фактор, никако не се реализираа и нормално беше да се преземат соодветни мерки. Како изгледа, во Вашингтон заѕвонил алармот. Така, на почетокот на 2001-та, со вооружена агресија од Косово, започна целосниот пресврт во третирањето на Македонија. Тој ќе се финализира на самитот на НАТО, во Букурешт, во 2008. Целта беше земјата да добие по нос, за да сфати дека не може да ги игнорира интересите на главниот.
5. 3. САД не само што го стопираа прогресот на Македонија туку и ја вратија земјата назад. Без директна сопствена вина беа претрпени огромни штети во секој поглед. Од политички, преку економски, до меѓуетнички.
Судејќи по сè, стратегиските планери во САД сфатија дека со влез во НАТО позицијата на Македонија несразмерно ќе зајакне и, во тие рамки, практично ќе биде невозможно таа да се прекрстува, а народот да се обезличува. И таа ќе биде внатре, што би рекол поранешниот генсек на НАТО. Не надвор, како црнците некогаш во Америка.
5. 4. Со други зборови, тоа значеше дека обврската на Грција, за неблокирање на приемот на Македонија во НАТО станува сериозна пречка за реализација на американските планови за земјата и регионот. Единствен излез беше игнорирање на (тој дел од) ПС. И тоа се случи.
6. Дека такви биле анализите во Вашингтон, а не во Атина, директно потврдува интервјуто на посредникот Нимиц, дадено за радиото Гласот на Америка („Дневник”, 3 март
2008, „Спогодбата заврши, сега ни треба нов договор”).
Тогаш, тој рече: „Беа направени компромиси тоа време, но Спогодбата (привремена) заврши. Сега говориме за нов договор и луѓето треба да погледнат што може сега да се направи...”. Значи, месец дена пред самитот во Букурешт, Нимиц ни најави дека ПС веќе не важи, а со тоа и обврската на Грција за непопречување! Така, се отвори патот за блокада на приемот на Македонија во НАТО.
6. 1. Во тоа интервју, за прв пат јавно, Нимиц името го стави во историски контекст. Рече дека „’македонското прашање’ можеби е присутно стотина години”! Силен е впечатокот дека тој, или не сакајќи, а зошто да не и намерно, ги откри и суштината на проблемот и крајната цел. Поврзувајќи го името со „македонското прашање”, Нимиц, всушност, ни порача дека тој работи не негово – затворање! Дека во него е клучот.
6. 2. Има ли подобар доказ од овој дека целата оваа гунгула е за и околу Македонците, а не за името на државата? Зошто, инаку, би се спомнувало „македонското прашање”, кое е многу постаро од името на државата? Кога тоа беше актуелно, македонска држава – немаше. Функционалната врска меѓу „македонското прашање” и името на државата е – негирање на постоењето на Македонците како посебен народ.
6. 3. Од кого, ако не од Вашингтон, Нимиц бил задолжен да
(ни) ја упати горната порака? Оваа изјава е сериозна потврда дека тој работи исклучиво по инструкции на Стејт департментот, а не на ООН. Зошто, инаку, тој би излегувал со став дека ПС повеќе не важи? ООН немаат врска со Привремената спогодба, која е билатерален договор. Зошто Светската организација, а уште помалку процесот на медијација на Нимиц, би имале каков било интерес да престане нејзината важност? Нимиц, според неговиот мандат, нема врска со ПС, а тоа значи и никакво овластување за таква оценка...
(Впрочем, со „укинување” на ПС, без сомнение би се заостриле односите меѓу Македонија и Грција бидејќи нема никакви услови за нов договор. Така, барањето на решение би станало уште потешка, донкихотовска задача. Тоа би било на штета и на самиот Нимиц при извршувањето на неговата функција, во име на ООН).
6. 4. На Нимиц треба да му бидеме благодарни. Ни даде драгоцена изворна информација, иако малку шифрирана, за суштината и заднината на односот на САД кон Македонија.
Настаните кои ќе следат повеќекратно тоа го потврдија. Тој можел да ја даде изјавата само за нечии потреби. Чии? Јасно е. Друг кандидат, освен САД, едноставно – нема. Според мозаикот на нивната дотогашна политика, тие имаат конкретен интерес Македонија да не биде примена во НАТО, пред да се реши проблемот со името.
6. 5. Сè до оваа изјава на Нимиц, барем јавно, САД не се експонираа нагласено околу прекрстувањето на земјата и народот. Од Букурешт 2008-та тие се главни заговорници Македонија да го промени името. Тоа отворено го бараат и јасно порачуваат дека, штом двете страни ќе се договорат, тие веднаш ќе го користат – новото име!
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/ulogata-na-sad-2/18 на 29 октомври 2026