Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

America's Role in Macedonia's Troubled Journey to International Recognition (1991-2013), Second Edition

VI - АНАЛИЗИТЕ НА ЧОСУДОВСКИ

Од Ристо Никовски · Дел 17 од 27 · Околу 11 минути

Читај на English

VI - АНАЛИЗИТЕ НА ЧОСУДОВСКИ

1. Драгоцени податоци за војната од 2001-та, дава и Мишел Чосудовски (Michel Chossudovsky), во повеќе свои текстови објавени, главно, во текот на 2001-та. Сите се достапни на интернет. Во нив, без исклучок, тој аргументирано тврди и докажува дека војната ја водеа САД, а Македонија беше класична нивна жртва. Еден од најинтересните текстови е – „Macedonia: Washigton’s military-inteligence ploy”;

„Македонија: воено-разузнавачки потфат на Вашингтон”), објавен на 17 јуни 2001.

Чосудовски, кој е инаку познат аналитичар, во него се осврнува на чисто пропагандните навестувања за можна интервенција на НАТО за да ја „спаси” Македонија (негови се наводниците), од ОНА, за да констатира: „јасно е документирано дека терористите на ОНА, кои се директно поврзани со УЧК, се наоружани и тренирани од Вашингтон.

Значи, зошто би интервенирале САД, под капата на НАТО, против армијата која ги застапува нивните интереси”? Тој оценува дека „САД ја користат УЧК да се бори против АРМ”. Тврди дека „американските трупи во КФОР не се директно инволвирани, туку дека МПРИ (за која зборувавме претходно и која има договор со Пентагон) ги саветува УЧК и нивните застапници во Македонија – ОНА”.

Според него, „воениот персонал на Косовскиот заштитен корпус (КЗК) се приклучил кон ОНА, а Г’зим Острени, кој бил начелник на Генералштабот на КЗК и платен од ООН, бил назначен за ‘втор командант’ на ОНА”. Платата од ООН не му ја прекинале веднаш, иако ја напуштил работата!

Чосудовски го опишува и долгото пријателство меѓу генералот Ричард Грифитс и командантот на УЧК, Агим Чеку.

Грифитс, кој е директор на програмата на МПРИ во Македонија, според Чосудовски, бил „‘мостот меѓу двете армии’, кој собира разузнавачки информации од АРМ кои потоа му ги пренесува на Агим Чеку и колегите од МПРИ кои ја советувaат УЧК на Косово. Ја известува и централата на МПРИ во Вирџинија, која е во тесна врска со Пентагон”.

Авторот потврдува дека во 2001-та, потфатот на МПРИ во Македонија бил координиран со уште една операција спонзорирана од ЦИА. За шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје бил поставен Роберт Фровик. Вели: „По инструкции од Вашингтон, Фровик успеа... да ја вклучи ОНА директно на македонската политичка сцена”.

2. Улогата на Фровик во Македонија Чосудовски ја поврзува со идентичната улога која агентот на ЦИА, Вилијам Вокер, ја одиграл на Косово, исто така како шеф на Мисијата на ОБСЕ, во Приштина. Познато е дека тој инсценираше апсолутно измислен мотив (оружен судир меѓу УЧК и српската војска претстави како масакр врз цивилно население) за да го овозможи бомбардирањето на Југославија.

Авторот заклучува дека „јавното мислење во Македонија сега знае дека и владата и АРМ соработуваат со неприjателот, наречен – САД”.

3. Чосудовски потврдува дека Фровик бил задолжен да воспостави врска меѓу политичките партии на Албанците во Македонија и терористите на ОНА бидејќи ПДП и ДПА не беа во тек со настаните. Тоа е една од клучните потврди дека војната во 2001 е американски проект.

Во својот текст од 29 август 2001-та, Чосудовски напишал – „рамковниот договор... нема врска со ‘мирот’, тоа е документ на капитулација на суверена држава на непријателот...”. За Џ.

Пердју, кого странските медиуми го претставувале како „странски олеснувач”,Чосудовски вели дека „неговиот воено-разузнавачки мандат е да обезбеди (преку притисок, застрашување и политички манипулации) потпишување на рамковниот договор”.

Во другите текстови тој напишал:

- „сега е веќе целосно документирано дека Вашингтон е зад терористичките напади на Македонија. Додека државниот секртар, Колин Пауел, ја реафирмира американската одлучност за борба против тероризмот, американските воени советници се борат заедно со терористите на ОНА”;

- „меѓу побунетите кои се повлекуваа (од Арачиново) имаше

17 ‘инструктори’ на МПРИ”;

- „кога терористите без победени (во Арачиново) и истакнаа бели знамиња, ОБСЕ и НАТО беа во паника и на македонските сили им наредија веднаш да ги запрат воените дејства”;

- „ОБСЕ и КФОР влегоа во Арачиново и ‘спасија’ 500 терористи и заедно со нивното оружје ги однесоа во селото Радуша од каде тие сега повторно напаѓаат, убиваат цивили и вршат етничко чистење во неколку македонски села...”;

- „македонските безбедносни сили тврдат дека 70% од опремата кои герилските борци ги земаа со себе (од Арачиново) се од американско производство, вклучувајќи и од софистицираната трета генерација апарати за ноќно користење”;

- „НАТО ги транспортира терористите од едно место во друго и повторно ги наоружува, место да им го одзема оружјето”;

- „во средината на март 2001-та, Пентагон дозволи испраќање на неколку беспилотни летала за да ја следат македонско-косовската граница. Има индикации дека информациите им ги испраќаат на американските советници на бунтовниците”;

- „во селата населени со Македонци, во тетовскиот крај, етничкото чистење се вршело во присуство на американски воени лица, кои ги советувале командантите на терористите”;

- „овој стравичен воено-разузнавачки потфат е возможен бидејќи претседателот на Македонија и дел од неговите соработници се американски марионети”;

- „британските специјални сили, кои ја тренираа УЧК во

1999, се одредени да го организираат предавањето на оружјето (на ОНА)”;

- „меѓу припадниците на ОНА има Албанци, доброволци од САД, со премолчена согласност на владата”;

- Меѓународната кризна група како и Хјуман рајтс воч

(Human Rights Watch) работаат затскриено за НАТО и „се интегрален дел од воено-разузнавачкиот потфат” во Македонија. „Нивната задача е јавното мислење во земјата да се сврти против владата, а не против САД, НАТО или ММФ”...

Само десет проценти од ова што го пишува Чосудовски да е точно, веќе е доволно за да се сфати сè. Нам ни е добро познато дека сè што тој тврди е (скоро) апсолутна вистина.

Сите негови текстови можат да се најдат на интернет под – „Chossudovsky on Macedonia”.

VII - ЗОШТО САД ГО ПРИФАТИЈА НАШЕТО УСТАВНО ИМЕ ВО 2004?

1. Малкумина кај нас, вклучувајќи ги и политичарите, знаат што, всушност, се случи во ноември 2004-та. Да потсетиме.

Беше распишан референдум за да се спречи новата административна поделба, со која крајно непотребно се албанизираа Струга и Кичево и се воведуваше двојазичност на Скопје. А, со главниот град, во голем дел, двојазичноста (ќе) важи и за целата држава. Така, албанскиот јазик влезе во сите државни органи кои во огромен дел се сместени во Скопје, потоа преку јавните институции, клиники, агенции...

кои тука функционираат, сè до големите фирми од услужните дејности, како што се телекомите...

1. 2. За да се постигне потребниот квантум од 20 насто припадници на албанскиот етникум во Скопје, на сосема неприроден начин, во градот без вклучени рурални општини, со повеќе села, со доминантно албанско население. Исто како што беше правено и со Струга и со Кичево... Место Скопје што повеќе да се „стегне”, за да може забрзано да се урбанизира, за да стане вистинска метропола на независната држава, градот се провинцијализира на најлош можен начин.

2. Македонците, по лоша традиција, не чувствуваат поголема одговорност за референдуми и слични манифестации. Така, и најавениот, за да се спречи новата административна поделба, сè заедно, тешко ќе успееше. Особено што владејачката СДСМ го бојкотираше. САД, меѓутоа, беа загрижени дека тоа може да се случи и, така, да не успее планираната албанизација на делови од земјата. Со јасна намера да го минираат евентуалниот успех, во предвечерјето на референдумот, САД објавија дека го прифаќаат уставното име на државата! Следеше голема еуфорија, организирана од власта. Значи, еве, не грижете се, Америка е со нас! На сите, без исклучок, ни изгледаше дека тоа ќе биде силен импулс за земјата во спорот со името. Во првите моменти, никој не знаеше зошто САД го сторија тоа ниту дека признавањето е делумно – само за билатерална, меѓусебна комуникација. Со текот на времето, сè излезе на виделина.

2. 1. Неочекуваното, делумно американско прифаќање на историското и уставно име на државата веднаш доби третман на значаен исчекор во односите меѓу двете земји. За жал, тоа беше само првиот впечаток кој испадна целосно погрешен.

Набргу се покажа дека овој потег нема никакво посебно значење за нас бидејќи, во основата, е добро искалкулиран.

Се покажа дури и штетен за долгорчните македонски интереси. Шаховски речено, тоа беше привремена жртва на фигура, за конечна победа. Во прашање беше потег кој е дел од прецизна, добро осмислена, долгорочна американска политика, која упорно и одлучно се спроведува кон Македонија. Политика која ги игнорира фундаменталните интереси на македонскиот народ. Неповратно беа албанизирани Струга и Кичево, се воведе несоодветно широко користење на албанскиот јазик, а за возврат ништо суштинско не се доби.

3. Со прифаќањето на уставното име на државата само за билатерална комуникација, што САД го направија така гламурозно, тие само им се приклучија на скоро сите западни земји кај кои тоа веќе подолго време беше практика. Велика Британија (уште од 1999 година), Германија, Италија, Шведска, Австрија... па дури и Франција, веќе го користеа нашето уставно име за билатерални потреби. Сите тоа го направија премолчено, без никаква врева, веројатно свесни дека на земјата и` е направена голема неправда. Така, впрочем, ги избегнуваа и приговорите од Грција.

4. Атина реагираше жестоко, што само го зголемуваше задоволството во Скопје. Според информациите кои доаѓаа, таму имаше тежок шок. Денес, меѓутоа, со право можеме да претпоставиме, според фактите изложени и во текстов, дека сето тоа, во голем дел, беше – добра глума! Тешко е да се верува дека Вашингтон го презеде тој чекор без претходно да ја информира Атина? А сè заедно, тој потег на САД не и` нанесе никаква суштинска штета на Грција, освен краткотрајна, пропагандна. Ниту имаше, ниту има какви било сериозни последици врз понатамошната разврска на случајот, кои би биле неповолни за Атина. Напротив, тоа доведе до пресврт во политиката на САД, а, преку нив, и на НАТО (и на ЕУ), во нејзина корист.

5. Референдумот пропадна, но планираната, неповратна и трајна албанизација – успеа. САД ги реализираа своите визии. Новата административна поделба на земјата е една од најголемите стратегиски грешки на современата македонска држава. Од друга страна, делумното прифаќање на името на земјата од страна на САД, не ни донесе никаква конкретна корист. Токму спротивното. По овој чин, всушност, Вашингтон го заостри односот кон Македонија. По три и нешто години, тоа особено дојде до израз на самитот на НАТО во Букурешт, во 2008-та, каде е направен комплетен пресврт во третманот на земјата. Целосно во корист на Грција. Таму, Македонија се соочи со блокада на патот кон НАТО и ЕУ и со уцена – прво да го промени сопственото име, а со тоа и идентитетот на сопствениот народ, па дури потоа да стане членка. Носител на таа политика се недвосмислено – САД. Во понатамошниот текст, тоа ќе биде детално аргументирано. Впрочем, Вашингтон е тој што од нас постојано бара да се прекрстиме.

6. По Букурешт, САД не само што отворено заговараат туку и жестоко притискаат да се промени името на државата.

Нивниот амбасадор во Скопје, Рикер, тоа го бараше дури и преку медиумите! Во неговото интервју за „Дневник” („За идентитетот не се преговара”, 8 јуни 2009), тој отворено ни порача: „Земјата треба да најде име за да почне да се движи кон натамошна целосна интеграција”! Ако не си најдеме име, според Рикер – нема интеграција! Дали во тоа има и уцена, нека ценат читателите.

Кога неговиот колега во Атина би се обидел слично да се однесува во интерес на Македонија, како тој во корист на Грција, веднаш би бил протеран, а односите со САД, ако веќе не би биле прекинати, сигурно би биле – замрзнати. Кај нас не е така. Македонија – и сè е можно.

7. Важен момент на американската политика кон Македонија е фактот што инсистираат да се договориме со Грција со нагласка дека тие ќе го почитуваат постигнатото. Отворено ставаат на знаење дека ќе го користат новото име, доколку успеат да нè прекрстат. Ефектното (делумно) прифаќање на името, од 2004 година, ќе отиде во историјата додека албанизираните делови на Македонија ќе ни останат за спомен. Ќе нè потсеќаат на американската реалполитика кон Македонија и нашето слепило тоа да го согледаме.

Народот вели фрли рипче за да фатиш крапче.

8. Врвен американски дипломат, од амбасадата во Скопје (во

2010 година), откако му беше нагласено дека името на Македонија го прифатија за да не успее референдумот и да се албанизираат делови од земјата, реагираше потврдно, без никакво двоумење. Одговорот беше неочекувано директен и искрен. Рече – да, тогаш имавме аргумент во рака и ја постигнавме целта. И праша – што сега да сториме, што да ви понудиме, за да прифатите ново име!?!

Нивниот прагматизам, навистина, нема граници. Се перчат кога ни се обраќаат со Македонија и Македонци, а паралелно прават сè за да нè прекрстат и го чекаат новото име за целосно да го користат.

Дали мислел на нив Григор Прличев, кога напишал – лицем светци, срцем волци?